Елизабет Терзакис

Маркс и природата

Зошто сега ни треба Маркс повеќе од кога и да било


Првпат објавено: Elizabeth Terzakis, "Marx and nature: Why we need Marx now more than ever", International Socialist Review, Issue #109, Summer 2018.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Јазична редакција: Живко Грозданоски
Онлајн верзија: мај 2020


Содржина

Маркс – сериозно
Марксовата дефиниција на трудот
Метаболичкиот расцеп
Зошто капитализмот инхерентно ја злоупотребува природата? Вредноста и акумулацијата
Обвинението за прометејство
Човечкото ослободување како наше комплетирање како човечки суштества
Може ли капитализмот да го подобри својот однос со природата?


Трамповото претседателство, кое во многу нешта наликува на возење со луда железница, кон крајот на јануари 2018 година влезе во уште еден остар свиок: лидерот на слободниот свет тврдеше дека САД би можеле повторно да се вклучат во Парискиот договор за климата од 2015 година – ако на САД им се даде „целосно поразличен дил“. Како што му рече Трамп на водителот од Ај-ти-ви Пирс Морган: „Јас верувам во чистиот воздух. Верувам во кристално чистиот, убав... Верувам во имањето добра чистота во сѐ. Па, откако сето тоа е кажано, ако некој кажал да се вратиме во Парискиот договор, тоа би било целосно различен дил, бидејќи имавме ужасен дил.“ Трамп исто така го искажа и своето (фактографски погрешно) мислење дека поларните ледени покривки се на „рекордно ниво.“[1]

Ако тоа да се има врвен игнорант за претседател не е доволно, Парискиот договор, кој во моментов има двесте земји потписнички и кој беше поздравен како „победа за сите на планетата“ кога беше потпишан во 2015 година – тоне. (Доброволните и неспроведливи) заложби искажани од потписничките на договорот „покриваат не повеќе од третина од намалувањето на емисиите што е потребно“ за да се спречи глобалните температури да пораснат преку 2 Целзиусови степени. Наместо тоа, Следачот на климатска акција предвидува „скок од 3,2 степени пред крајот на векот“ – со или без американската соработка.[2]

Во меѓувреме, последиците од климатските промени стануваат секојдневна реалност за обичните луѓе ширум светот, во облик на наизглед бесконечни циклуси на екстремни временски настани што се протегаат од рекорден снег до тотална суша, од бури до циклони, од катастрофални поплави до замрзнати канали.[3]

Зошто е толку тешко за владите и нивните претставници да се справат со ова прашање? Одговорот е едноставен: додека владејачката класа може да замисли крај на светот, ниту тие ниту многу екологисти не можат да замислат крај на капитализмот. Поради оваа причина, сите нивни решенија паѓаат во рамките на ограничувањата на пазарниот систем. Но, пазарниот систем, со својата потреба за постојат раст и неговата неспособност да го види природниот свет како нешто поразлично од ресурс за експлоатирање, е во директен и инхерентен антагонизам со зачувувањето на природата. Следствено на тоа, нема решение на проблемот со климатските промени без ставањето крај на капитализмот, факт што станува многу јасен кога ги проучуваме пишувањата на Карл Маркс за природата.

Маркс – сериозно

Марксовата анализа избегнува некои од замките кои им се инхерентни на другите приоди на екологијата, на пример, во основа малтузијанското верување дека луѓето секогаш имале и секогаш ќе имаат деструктивен однос кон природата, дека „вистинската“ природа постоела во одредена точка во чиста форма настрана од интеракцијата со луѓето и дека целта на екологијата е природата да се врати до таа состојба на идеалистичка чистота преку отстранувањето на што е можно повеќе луѓе.[4] Марксовата анализа на капитализмот исто така може да нѐ заштити од верувањето дека пазарните механизми можат некогаш да промовираат здрав однос помеѓу луѓето и животната средина.[5] Дури и само поради овие причини, Маркс го заслужува сериозното внимание на екологистите.

Сепак, како што забележуваат Џон Белами Фостер во „Марксовата екологија“ и Пол Баркет во „Маркс и природата“, екологистите често го отфрлаат Маркс поради една или поради сите овие причини: 1) „Марксовите еколошки искази се ‘просветлувачки попатни белешки’ кои немаат системски однос кон главната целина на неговото дело“; 2) овие искази „диспропорционално се појавуваат во неговата рана критика на отуѓувањето и се многу помалку видливи во неговите подоцнежни дела“; 3) „Маркс... во крајна линија не успеал да ја адресира експлоатацијата на природата [преку запоставувањето] да ја вклучи неа во својата теорија на вредноста, наместо тоа [прифаќајќи] ‘прометејско’ (про-технолошко, анти-еколошко) гледиште“; 4) „според Марксовото гледиште, капиталистичката технологија и економскиот развој ги решиле сите проблеми на еколошките граници“, правејќи да не биде нужно „’да се сфати сериозно проблемот на алокација на ограничените ресурси’ или да се развие ‘еколошки свесен’ социјализам“; 5) Маркс „малку се интересирал за прашањата на науката или за ефектите на технологијата врз животната средина и оттука немал вистинска научна основа за анализа на еколошките прашања“; и конечно, 6) Маркс бил „’видист’, радикално раздвојувајќи ги човечките суштества од животните и зафаќајќи ја страната на првите во однос на вторите.“[6]

Овие карактеризации на Маркс се едноставно неточни, а фактот што луѓе можат да изнесуваат такви тврдења без да бидат остро осудени поради погрешното претставување на работите е јасен знак за тоа колку малку всушност се чита Маркс од страна на луѓето што имаат потреба најмногу да го читаат. Всушност, Марксовата концепција за „метаболички расцеп“,[7] кој го наметнал капитализмот помеѓу луѓето и природата, е централна за неговата критика на капитализмот, а еколошките увиди што ги овозможува неговата критика се клучни како за тековните борби за реформи така и за осмислувањето иднина во која ќе можеме да воспоставиме здрав однос со природата, кој може да послужи за спас на планетата.

Марксовата дефиниција на трудот

Првите две погрешни карактеризации наведени погоре – идејата дека спомнувањето на природата од страна на Маркс е повремено, површно и ограничено на неговите рани трудови – се очигледно погрешни. Како што објаснува Фостер, „за Маркс, сета човечка активност има основа во природата... Трудот и производството ја претставуваат активната човечка преобразба на природата, но и на човечката природа, на човечкиот однос кон природата и на самите човечки суштества.“[8]

Тоа значи дека кога остваруваме интеракција со природата, ние ја менуваме, но ние исто така, истовремено, се менуваме и себеси. За Маркс, нашиот однос со природата, кога тој не е изопачен од капитализмот, е тесно испреплетен. Маркс напишал: „Природата е неорганско тело на човекот,[9] а имено – природата, во онолкава мера во колкава што самата не е човечко тело. Човекот живее од природата... и тој мора да остане во процес на постојано општење, за да не умре. Дека физичкиот и духовниот живот на човекот се нераскинливо сврзани со природата не означува ништо друго, туку дека природата е нераскинливо поврзана со себе, бидејќи човекот е дел од природата.“[10] Оваа концепција на луѓето и природата како делови од еден единствен тоталитет, покрај во ракописите од 1844 година, може да се најде насекаде во делата на Маркс и Енгелс. На пример, Маркс пишува во „Капиталот“ за трудот како процес „преку кој човекот со својата сопствена дејност го условува, регулира и контролира метаболизмот меѓу себеси и природата. Спроти природната материја тој сам истапува како природна сила.“[11]

Маркс така го дефинира човечкиот труд како метаболичка размена помеѓу човечките суштества како природа и природата воопшто, помеѓу нашите органски тела – односно, она што е припоено на нас – и нашите неоргански тела – односно, природата како што таа постои одвоена од нашите тела. Природата ги снабдува нашите потреби: храна, облека и засолниште, но исто така и воздух, вода и сончева светлина. Ние не може да живееме без овие работи, а сепак тие ни се екстерни, и според Маркс, начинот на кој ние ги снабдуваме нашите тела со овие неопходности земени од нашето неорганско тело, природата, е основата на нашиот труд.

Односите на предкапиталистичките општества (како заедничарските така и феудалните) кон природата биле обликувани од потребите за обезбедување егзистенција. Повеќето човечки односи со природата биле директни, вклучувајќи или собирање дополнето со ловење, или ловење и собирање дополнето со земјоделство или земјоделство за сопствена егзистенција и за изнајмување на феудалниот господар дополнето со ловење и собирање. Во оваа смисла, пред капитализмот, селаните од Европа и домородните народи од Америките и другите континенти имале односи со природата што биле слични на важен начин и многу помалку отуѓени од она што ќе станат потоа.

Метаболичкиот расцеп

Капитализмот го уништил овој релативно неотуѓен метаболички однос помеѓу човечките суштества и природата преку она што Маркс го нарекол примитивна акумулација. Поради присвојувањето на земјата преку нејзино заградување и претворање во приватна сопственост, повеќето луѓе повеќе немале директен однос со средствата за егзистенција, а како резултат од тоа ние доживуваме четирикратно отуѓување: 1) отуѓени сме од производите на нашиот труд – односно, тие не придонесуваат директно кон задоволувањето на нашите потреби; 2) отуѓени сме од самиот процес на труд, а бидејќи трудот е една од работите што нѐ прави јасно луѓе, ние така сме отуѓени од самите нас, од она што Маркс го нарекол наше човечко генеричко суштество; 3) отуѓени сме едни од други, зашто наместо да се ангажираме во заеднички проект за задоволување на нашите потреби како човечки суштества, принудени сме на натпревар едни со други за да обезбедиме пристап до средствата за производство на капиталистите и да работиме за нивен профит, а бидејќи по природа сме општествени битија, на таков начин сме уште еднаш отуѓени од себеси; и 4) отуѓени сме од природата – нашето неорганско тело.[12] Така, отуѓувањето на луѓето од нивниот труд е, според Маркс, неодвојливо од отуѓувањето на човечките суштества од природата – она што Маркс го нарекол метаболички расцеп.

Под феудализмот во Европа, земјоделското производство се вршело од селаните во служба на феудалните господари, кои го поседувале најголемиот дел од земјата. Со текот на времето, феудалните лојалности биле заменети со систем на ренти, а заедничката земја сѐ повеќе се заградувала, што на одредена точка довело до ставање крај на директниот однос со земјата за мнозинството од луѓето. Можете да го видите ова во Европа преку разгледување на правните документи. Интелектуална пресвртна точка за Маркс била кога дознал дека пет шестини од обвиненијата во Прусија во раните 1840-ти се однесувале на дрвата – на земањето дрва за лична употреба од шумите кои неодамна биле приватизирани. Во предвечерјето на капитализмот, иако поголемиот дел од земјата ја поседувале феудалните господари и на неа работеле селаните за сопствена егзистенција и за давачки, пасиштата и шумите биле отворени за заедничко користење; селаните можеле да го напасуваат својот добиток или да собираат дрва или да ловат зајаци или да прават нешто друго што им било потребно како дополнение на нивното земјоделство. Со подемот на капитализмот, ова се променило. Дури и собирањето боровинки, традиционална активност на децата, било прогласено за незаконско. „На таков начин на сиромашните им бил оневозможен секој однос со природата – дури и за нивни сопствен опстанок – ако не бил посредуван од институциите на приватната сопственост.“[13]

Фактот што имало толку многу обвиненија за „крадење“ дрва, собирање боровинки и ловокрадство на зајаци покажува дека обичните луѓе од Европа пружале отпор на овие промени – исто како што тоа го правеле и домородните народи на Америките – понекогаш како поединци, а понекогаш на организиран начин:

„Во селото Бакден… каде што бискупот на Линколн имал заградено земја, ‘стотици жени и момчиња, вооружени со бодежи и копја, на многу жесток и бунтарски начин, влегоа на земјиштето, ги отворија портите и ги искршија живите огради на тоа заградено земјиште и донесоа големи стада добиток.’“[14]

На крајот, сепак, овој отпор бил сурово задушен.[15]

Со заградувањето на заедничката земја и нејзината преобразба од колективен ресурс во локација за ловечките забави на владејачката класа,[16] за нејзиното напасување овци и другите експериментирања во луксузирање и произведување на суровини за богатите, селаните кои не можеле да се издржуваат себеси биле принудени да ја напуштат земјата.[17] Иако расцепот помеѓу мнозинството и земјата започнал под феудализмот, тој не бил комплетиран до настапувањето на капитализмот. Ова отуѓување на луѓето од земјата натерало многумина да се концентрираат во градовите, додека оние што останале на село станале работници во системот на комерцијално земјоделство. И во градовите и во селата, работниците биле отуѓени на четирите погореспомнати начини. Како што тоа Маркс со подбив го рекол, тие биле „ослободени“.[18]

За земјоделските работници, оваа слобода значела дека тие биле општествено и интелектуално лишени. Под „идиотизмот на селскиот живот“ Маркс и Енгелс ја имале на ум изолацијата што доаѓа од ограничените општествени контакти како и недостигот на можности за интелектуален развој – при што широките и разновидни општествени контакти и интелектуалната стимулација биле две од работите што Маркс ги сметал за клучни за потполниот развиток на човечките суштества.

За работниците во градовите, оваа слобода значела „слобода“ од она што претходно се сметало за основни човечки потреби. Како што кажал Маркс, во таквите големи градови:

„Дури и потребата од чист воздух престанува да биде потреба кај работникот. Човекот одново се заселува во пештери, коишто меѓутоа сега се отруени од задушливиот заразен здив на цивилизацијата, во однос на кои тој се чувствува несигурно, како спрема туѓа сила што може секој ден да му се истргне, и од кои можат секој ден да го исфрлат, ако не плати... Светлоста, воздухот итн., најпростата, дури на животните својствена чистота на снагата престануваат да бидат потреба на човекот. Нечистотијата, тој знак на запуштен, загниен човек, клоаката (во буквална смисла на зборот) на цивилизацијата стануваат за него животен елемент. Целосната неприродна запуштеност, трулата природа, станува негов животен елемент.“[19]

Марксовата концепција за човечките потреби – оние што се природно произведени и оние што се општествено произведени – е сложена и ќе биде дискутирана поподробно подолу, но доволно е да се каже дека од зачетоците на капитализмот, во градовите и селата, на комерцијалните фарми и во механизираните фабрики, потребите на големото мнозинство од луѓето не биле задоволени на начини што би им дозволиле да го остварат својот целосен потенцијал како човечки суштества.

Поделбата помеѓу градот и селото, уште еден аспект на метаболичкиот расцеп, е главно прашање за Маркс и Енгелс. Во претходните општествени организации, хранливите материи земени од почвата директно се надоместувале или од животинско гноиво или од човечки екскремент. Тоа ја одржувало почвата плодна и овозможувало добро место за отпадот. Раздвојувањето на градот и селото ја нарушило оваа фаза на метаболизмот на луѓето и природата. Наместо да се враќа во почвата како хранлива материја, отпадот што се создавал во градовите или се оставал да ги загадува животните области на луѓето од работничката класа (додека владејачката класа зафаќала внимателно одгледувани паркови на одредена дистанца) или се фрлал врз некој друг елемент од природата. Како што тоа го кажал Маркс:

„Екскрементите на потрошувачката се природни материи на човечкото лачење... Екскрементите на потрошувачката се од најголема важност за земјоделството. Што се однесува до нивната употреба, во капиталистичката економија владее колосално расфрлање; во Лондон, на пример, таа не знае ништо подобро да направи со ѓубрето што потекнува од 4 и пол милиони луѓе одошто, со чудовишно големи трошоци, да го употреби на загадување на Темза.“[20]

Ова загадување на реката Темза може да се види како пример за она што еуфемистички се нарекува „екстернализација на трошоците“. Отпадот, што е придружна појава на концентрацијата на работниците во градовите за да работат за профит на капиталистите, се одлага на начин што е бесплатен за капиталистот, но многу скап за општеството и за природата – како во поглед на фактичките трошоци за собирање и транспорт на отпадот или за изградба на канализационен систем (до што дошло со текот на времето), така и во поглед на опортунитетните трошоци од загадената вода, убиениот растителен и животински живот и човечкото осиромашување.

Во меѓувреме, чудовишно скапиот процес што ја загадувал Темза бил одговорен и за осиромашување на почвата. Маркс го осудил приоретизирањето од страна на капиталистичкото земјоделство на краткорочната плодност пред долгорочната одржливост:

„Секој напредок во капиталистичкото земјоделство не е само напредок во искуството да се пљачкаат работниците, туку едновремено и во искуството да се пљачка земјата; секој напредок во зголемувањето на нејзината плодност за еден даден временски рок едновремено е и напредок во разрушувањето на трајниот извор на оваа плодност... Капиталистичкото производство, значи, ја развива техниката и комбинацијата на општествениот процес на производството на тој начин што тоа едновремено ги поткопува изворите на секое богатство: земјата и работникот.“[21]

Овој особен аспект на метаболичкиот расцеп, одвојувањето на градот и селото и нарушувањето на ѓубрењето на почвата, предизвикал многу последици – последици кои Маркс ги сфатил како резултат на неговата фасцинација од делото на германскиот земјоделски хемичар Јустус фон Либиг. Истражувањата на фон Либиг го потврдиле она што Маркс насетувал дека се случува во врска со осиромашувањето на почвата. Во текот на она што некои земјоделски историчари го нарекоа „втора земјоделска револуција“ од средината до крајот на 1800-тите, новото разбирање на одгледувањето на растенијата овозможило вештачко воведување на состојки кои претходно се враќале во почвата како дел од метаболизмот на луѓето и природата. Според Фостер, тоа го довело Маркс до „сѐ поголемо сфаќање на степенот до кој новите методи... само служеле да се рационализира процес на еколошко уништување.“[22]

Следниот чекор во овој процес на уништување бил откривањето на улогата што ја играат нитратите и фосфатите во обновувањето на осиромашената почва, како и откривањето на гуаното како изобилен извор за нив. Овие откритија помогнале да се создаде уште еден расцеп, помеѓу империјалистичките и колонизираните земји – глобална екстензија на поделбата на град и село. Гуаното, или екскрементот од морски птици, бил достапен во енормни количини, кои со векови се натрупувале на некои острови близу брегот на Перу. Европските капиталисти набрзо сфатиле дека можат да го употребат гуаното наместо слободно достапниот човечки екскремент за да ја обноват плодноста на осиромашената почва и да го претворат тоа во индустрија што создава профит. Кинеските работници, осиромашени и фрлени во очај од Опиумските војни, биле транспортирани, поробени и натерани да работат до смрт собирајќи гуано. Природните ресурси на повеќе јужноамерикански земји биле уништени, а нивните економии биле доведени до погубен однос со европските држави, убиени биле милиони морски птици и се воделе војни преку посредници, а сето тоа во служба на обновувањето на продуктивноста на европското обработливо земјиште преку индустријата за вештачки ѓубрива.[23]

После сето ова уништување, понатамошниот научен напредок довел до вештачко производство на нитрати, исфрлајќи ги од бизнис собирачите на гуано. Тоа ја зголемило и можноста од понатамошни непредвидливи последици. Воведувањето на индустриски произведени хемиски ѓубрива создало истекување на азот и фосфор, што довело до загадување на водата во почвата и езерата со прекумерни хранливи материи, создавајќи процут на алги и хипоксидни зони на смртта.[24]

Како и Маркс, Енгелс бил доста свесен за непредвидливите, еколошки уништувачки последици од „производството и размената“ во кои „само најблиските, најнепосредните резултати мора прво да бидат земени предвид“:

„Да не си ласкаме премногу со нашите човечки победи над природата. За секоја таква победа таа ни се одмаздува. Навистина, секоја од нив во прв ред има последици на кои сме сметале, но во втор и трет ред таа има сосема други, непредвидени последици, кои многу често ги поништуваат оние првите... Кога алпските Италијанци на јужните падини на планините ги расчистија боровите шуми, така грижливо чувани на северните падини, не ни насетуваа дека со тоа го пресекоа коренот на планинското сточарство на своето подрачје; уште помалку насетуваа дека со тоа им ја одзедоа водата на своите планински извори во најголемиот дел од годината, а во дождовните периоди овозможија тие да излеваат во рамниците уште побесни порои... На секој чекор потсетувани сме дека под никакви услови не владееме со природата како освојувачот со странските народи, како да стоиме надвор од природата – но дека ние, со тело, крв и разум, припаѓаме на природата, и постоиме во нејзина средина, и дека целото наше господарење над неа се состои во тоа што ние ја имаме предноста во однос на другите суштества да бидеме способни да ги научиме нејзините закони и да ги примениме точно.“[25]

Зошто капитализмот инхерентно ја злоупотребува природата? Вредноста и акумулацијата

Досега видовме дека природата е клучна за Марксовата дефиниција на трудот и дека нарушувањето на човечкиот однос со природата е интегрална карактеристика на капитализмот. Сега сакам да се осврнам на прашањето на теоријата на вредноста и да покажам дека наместо да ја запоставува природата, како што тврдат некои екологисти, Марксовата теорија на вредноста ни помага да разбереме зошто капитализмот инхерентно ја злоупотребува природата. Како што уверливо објаснува Пол Баркет,[26] не Маркс, туку капитализмот е оној што ја потценува и го исклучува придонесот на природата кон производството. Маркс напишал:

„Употребните вредности … [на] стоковните тела, се соединение од два елемента, од природната материја и трудот. Ако ја одземеме вкупната сума од сите различни полезни видови труд, ... секогаш ќе ни преостане еден материјален остаток, што постои од самата природа без содејство на човекот... Значи, трудот не е единствениот извор на употребните вредности, на материјалните богатства, што ги произведува.“[27]

Сепак, во неговата трудова теорија на вредноста Маркс не го прикажува начинот како тој мисли дека треба да биде светот или што тој мисли дека е вредно од гледна точка на човечките потреби. Тој го објаснува економското однесување какво што е тоа под капитализмот. Не Маркс, туку капитализмот го изедначува само апстрактното општествено потребно работно време со вредноста – односно, вредноста под капитализмот е одредена од експлоатираниот труд (трудот што е продолжен преку и над своите трошоци), зашто експлоатираниот труд е изворот на профитот.

Употребните вредности – оние работи кои ни се обезбедени од природата за да ги исполнат нашите природни потреби – не се вреднувани од капитализмот: употребните вредности се ирелевантни за капитализмот, освен во онаа мера во која се „продажливи“; односно, само ако имаат разменска вредност, што овозможува реализација на вишок на вредноста или на оној дел од општествено потребното работно време што се врши при производството на стоки преку и над потребите на работникот за репродукција на нејзиниот/неговиот труд, а што, кога ќе се реализира преку размената, станува профит.

Марксовата расправа околу рентите е клучна за разбирањето на неговиот став кон природата, како и за разбирање на она што мислел Маркс кога напишал за употребните вредности дека се „бесплатни податоци“ од природата за капитализмот. Бидејќи нема експлоатиран труд при производството, да речеме, на некоја природно создадена шума, кога капиталистот ја монополизира таа шума и наплаќа рента за нејзиното користење, нема зголемување на капиталот во системот како целина. Односно, бидејќи за производството на шумата не е потрошен труд, од тоа не може да се екстрактира вишок на вредност. Ниту, пак, за тоа е потребно какво било вложување на капитал. Уште повеќе, сите услови што го прават трудот можен – земјата, воздухот, водата – се, барем на почетокот, бесплатни подароци од природата. Можеби затоа и тие се мети на „екстернализацијата“ на трошоците на капитализмот.[28]

Фактот дека вредноста под капитализмот е нераскинливо поврзана со експлоатацијата е една од пречките за капитализмот да има неексплоатирачки однос со природата. Друга пречка е компетитивниот поттик за акумулација. Под феудализмот, имало практична граница на експлоатацијата: „Кога потребите на феудалниот господар ќе биле задоволени, а неговата исклучителна потрошувачка платена, немало реална причина за понатамошна експлоатација.“[29] Но, капитализмот е поразличен. Исто како што неговите динамики се независни од потребите на работниците, тие се независни и од потребите на капиталистите. Капитализмот има свои сопствени потреби. Бидејќи производството е организирано врз основа на конкуренција, на вложувањето капитал од страна на една фирма мора да му се парира од страна на конкурентските фирми што го прават истиот производ или тие ризикуваат да банкнотираат.

Овој систем на компетитивно вложување, постојаниот поттик да се акумулира богатство или вредност, е централен за капитализмот. Според Мартин Емпсон, „централноста на акумулацијата на богатството на ваков начин е она што е од најголема важност за да се разбере еколошкиот однос помеѓу капиталистичкото општество и природниот свет. Поради оваа динамика капитализмот се однесува кон природата целосно поразлично од претходните човечки општества.“[30]

Да се вратиме накратко на дискусијата околу вештачките ѓубрива. Пред капитализмот, фармерите ја одржувале плодноста на земјата преку природни ѓубрива (човечки и животински екскремент), ротација на културите и поликултура (садење различни култури на исто поле), оставајќи ги полињата необработени, сечење и горење и „сечење и јагленисување“.[31] Но под капитализмот ова се променило. Бидејќи не само што постои научно знаење за да се употребува нешто друго освен човечки екскремент или животинско гноиво за да се наѓубрат полињата, туку цела индустрија може да се создаде од тоа – всушност, две индустрии: индустријата за отстранување на отпадот и индустријата за хемиски ѓубрива, а од нив едната, барем првично, нуди можност за меѓународна експанзија. И двете овие индустрии овозможуваат широк простор за експлоатација на трудот – многу повеќе отколку да им дозволите на кравите со денови да се шетаат по полињата или да дозволите добро испланираниот и контролиран оган да редистрибуира одредено количество јаглен. А бидејќи мотивирачката сила на капитализмот е поттикот за акумулација, одлуките за тоа како полињата треба да се наѓубруваат и како отпадот треба да се отстранува се прават имајќи го на ум профитот, а не зачувувањето и одржливоста.

Капиталистичката конкуренција исто така води до „тенденцијата на капиталот да ја забрзува стапката на производство преку неговите природни граници,“ што „не е само извор на кризи поради недостаток на материјали и акумулација; тоа исто така е интегрален елемент во процесот на еколошка деградација произведена од капиталистичката поделба на градот и селото.“[32] Овој поттик за забрзано произведување има многу аспекти: зголемената продуктивност на трудот ја забрзува потрошувачката на суровините, вложувањето на повеќе капитал во машини бара сѐ поголема употреба на горива за функционирање на тие машини, а „конкуренцијата ја наложува замената на старите средства за труд со нови пред истекот на нивниот природен живот.“[33] Додека, пак, фактот дека целото ова вложување продолжува без да им се посвети внимание на човечките потреби значи дека секогаш постои можноста стоките кои се произведуваат да не бидат потрошени.

Крајниот резултат е дека капиталистичката конкурентска акумулација е мотор на бесконечна експанзија и дека таа нужно доаѓа во судир со природата, која има граници. Тоа исто така води до краткорочноста спомната погоре – односно, донесувањето одлуки за тоа како да се алоцираат ресурсите и да се врши интеракција со природата втемелена на обезбедувањето профити наместо на запазувањето на човечките животи, животната средина или ко-еволуцијата на двете. Не станува збор за тоа дека капиталистите не можат да планираат однапред. Тие не се неспособни да ги утврдуваат идните профити. Но, планирањето за заштита на животната средина или на луѓето што мора да живеат во неа не е на врвот на нивната агенда. Тоа е искажано доста јасно од Енгелс:

„Ако поединечниот фабрикант или трговец ја продаде изработената или купената стока само со вообичаениот профит, тој е задоволен и не се грижи што ќе биде потоа со стоката и со нејзиниот купувач. Истото е така и со природните последици од тие исти дејствија. Шпанските плантажери на Куба, кои ги изгореа шумите по падините и на кои пепелот им даде доволно ѓубриво за една генерација високо профитабилно дрво на кафе – што им било гајле на тие плантажери што подоцна тропските дождови ја испраа сега незаштитената земја и што оставија само голи камења? При денешниот начин на производство, како во односот кон природата, така и кон општеството, претежно доаѓа во обѕир само првиот опиплив успех; и тогаш луѓето уште се чудат што подалечните последици од дејствијата кои одат за постигнување на тој успех се сосема поинакви.“[34]

Обвинението за прометејство

Оние што го обвинуваат Маркс за прометејство или „продуктивизам“ инсистираат дека Маркс бил толку вљубен во способноста на капитализмот да ги зголеми производните сили преку технологијата и да ја неутрализира заканата од оскудица што мислел 1) дека социјализмот, а потоа и комунизмот ќе го остави недопрен капиталистичкиот систем на производство и 2) дека социјализмот и комунизмот нема да имаат потреба да го земаат предвид проблемот на ограничените ресурси. Една типична изјава за ова обвинување доаѓа од Џон П. Кларк:

„Марксовиот прометејски и едиповски ‘човек’ е суштество кое не се чувствува дома во природата, кое не ја гледа земјата како ‘домаќинство’ на екологијата. Наместо тоа, тој е нескротлив дух што мора да ја потчини природата во својата потрага по себеостварувањето... За таквото суштество, силите на природата, без разлика дали во облик на неговата сопствена несовладана внатрешна природа или заканувачките сили на надворешната природа, мора да се потчинат.“[35]

Ова тврдење е втемелено врз низа селективни цитати, а особеностите на изборот што го направи Кларк кажува многу; тој забележува дека Маркс го славел „господарењето“ над природата преку науката:

„Маркс е доста искрен во својот опис на она што преостанува од природата откако ќе се отстранат сите ‘мистични превези’ [митологии што ја објаснуваат природата] – и неговата визија е далеку од еколошка. ‘Природата дури сега станува чист предмет за човекот, чиста ствар на корисноста; таа престанува да биде признавана како моќ за себе; а теориското познание на нејзините самостојни закони и самото се појавува како итрост за таа да им се потчини на човечките потреби, било како предмет на потрошувачката, било како средство за производство.’“

Кларк во фуснота тврди дека „е неубедливо и недијалектички да се толкува овој пасус само како негативна критика на капитализмот. Марксовата поента е дека и покрај капиталистичките злоупотреби присутно е вистинско Aufhebung,[36] во кое одвојувањето и објективизацијата ќе се зачуваат и развијат во повисоките општествени формации наместо да бидат укинати.“[37] Иако секако е разумно да се сугерира дека Маркс ја ценел науката во однос на „мистичните превези“ на митологијата, да се третира овој пасус како нацрт за „повисоките општествени формации“ се чини целосно неоправдано – особено ако се земе предвид дека Кларк ја изостава реченицата што му претходи на пасусот: „Капиталот го создава буржоаското општество и општото присвојување на природата,“ како и оние што следат по него:

„Капиталот натиска според оваа своја тенденција исто така преку националните граници... Капиталот е деструктивен спрема сето тоа и постојано се револуционизира, уривајќи ги сите пречки што го попречуваат развитокот на производните сили, проширувањето на потребите, разновидноста на производството и експлоатацијата и размената на природните и општествените сили.“[38]

Земајќи го предвид погорниот пасус, кој Кларк сметаше за соодветно да го изостави, исто како и многу други пасуси што ја покажуваат Марксовата загриженост околу осиромашувањето на почвата, загадувањето на водата и другите облици на уништување на животната средина цитирани во оваа статија, не е само „неубедливо и недијалектички“, туку и неискрено да се прави обид да се сведе Марксовиот став кон природата на неговиот опис на нејзиниот третман под капитализмот. Дури и ако останеме во рамките на изборот на Кларк, тешко е да се види било што славеничко во Марксовата изјава дека „теориското познание на самостојните закони [на природата] и самото се појавува како итрост за таа да им се потчини на човечките потреби.“ За мене, ова сугерира, спротивно на тоа, далеку попрогресивна цел: познанието на „самостојните закони“ на природата – кое повеќе не е итрост – води кон ослободување наместо кон потчинување. Односно, така науката би изгледала ако не беше манипулирана во интересот на капиталот.

Толкувањето на Кларк се чини дека произлегува од неговото мешање на Марксовите идеи со искривувањата на марксизмот што го придружуваа подемот на Сталин и поразот на Руската револуција, пропуст што станува очигледен во следниот пасус:

„Повеќето марксисти [не успеваат] да се осврнат на прашањето на продукционистичката идеологија. Секој политички режим што се легитимира себеси врз основа на исполнувањето на ‘човечките потреби’ преку ‘развиток на производните сили’ има енормен потстрек да ги проширува и да ги манипулира материјалните консумеристички потреби како средства за општествена контрола.[39] Нема причина да се мисли дека системот на централизиран државен социјализам (или државен капитализам, кој, фактички, е она што го застапува ортодоксниот марксизам) ќе ги задоволи ‘вистинските’ потреби наместо да создава вештачки потреби,[40] или дека ќе ја разреши противречноста помеѓу индустрискиот и технолошкиот систем и ‘системот на природата.’“[41]

Ако Маркс беше денес жив, концепцијата на Кларк за „ортодоксниот марксизам“ што се „застапува“ за „државен капитализам“ веројатно ќе го натераше да ја повтори својата позната изјава: „Она што е сигурно е дека јас не сум марксист.“[42] Далеку од државниот капитализам, Маркс се застапуваше за општество во кое „здружените производители“ – мнозинството од општеството – доброволно и демократски ќе одлучуваат за насоката на економијата во интерес на човечките потреби наместо на профитот, со бездржавноста како крајна цел. Сталиновата антимарксистичка концепција на „социјализам во една земја“, консеквентната брза индустријализација на Советскиот Сојуз, еколошката деструкција која беше извршена во децениите државно-капиталистички натпревар со САД,[43] немаат ништо со Марксовата визија за прогресивната иднина на човештвото. Како што аргументира Крис Вилијамс, во таканаречените социјалистички општества во светот:

„Интересите на владејачката советска елита станаа поврзани со интересите на државата во економски и воен натпревар со Западот... Со други зборови, истите фактори што го придвижуваат капиталистичкото производство – потребата од конкурирање и потиснување на конкуренцијата – владееја во рамките на овие режими. Произлегувајќи директно од ова дојде потребата на секоја од овие еднопартиски држави постојано да ја подигаат продуктивноста и да раскрстуваат со сите еколошки, демократски и работнички заложби во манијакалниот стремеж за економско и технолошко парирање на западните сили. Остриот недостиг на моќ на работничката класа во ‘социјалистичките’ земји, а не нивната непопречувана слобода, беше она што ги создаде условите за екстремниот еколошки вандализам што го имаше таму. Како што коментирал Сталин, она што на Западот му требаа сто години да го постигне, Советскиот Сојуз ќе го постигне за десет.“[44]

Критиката на Маркс од страна на Кларк покажува зошто е важно човек самиот да го прочита Маркс. Една причина за ова е специфичната природа на Марксовата перспектива – не само или дури не првенствено неговата перспектива како исклучителен човек, туку исто така и особено ерата во која тој пишувал: совршена бура од интелектуален вриеж, релативна свежина на преминот од феудализам кон капитализам и честотата на постојаните револуционерни бунтови. Таквите критики исто така посочуваат на потребата поблиску да се испитаат перспективите на оние што се обидуваат да го толкуваат Маркс.[45] Сите можеме селективно да го цитираме Маркс до недоглед, при што Кларк, Ендрју Меклафлин, Вејд Сикорски и други ќе инсистираат дека тежиштето на Марксовото дело натежнува кон обезвреднување на природата, додека Фостер, Баркет, Вилијамс и други, вклучувајќи ме и мене, ќе инсистираат дека тоа е потполно неточно.

Она што е важно е дека Маркс нуди објаснување и решение за еколошката криза: капитализмот навестува еколошка катастрофа и мора да биде укинат. Критиката на Кларк не успева да ја земе предвид Марксовата средишна премиса и не нуди поинакво решение, што нѐ потсетува на „11-та теза“ од Марксовите „Тези за Фоербах“: „Филозофите само на различни начини го толкуваа светот, а работата е во тоа тој да се промени“[46] и сугерира една ревизија: „Некои екологисти само на различни начини го толкуваа Маркс, а работата е во тоа да се промени светот.“ Дали гледаме на Марксовите дела од гледна точка на идентификување на оние идеи кои најдобро ќе нѐ водат до планирањето прогресивна промена во светот, во овој случај, до еколошко здравје? Или се обидуваме да утврдиме догма, „вистинско“ толкување кое ќе ги фрли во сенка сите други и, доколку тоа е случајот, со која цел? Дали е тоа во одбрана на природата или на капитализмот?

Како што би можела расправата за капиталистичката вредност и конкурентската акумулација од претходниот оддел некого да го води да го очекува тоа, Марксовата визија за социјалистичкото човештво нема ништо заедничко со потчинувањето ниту на луѓето ниту на природата. Кога Маркс напишал дека развојот на производните сили од страна на капитализмот го направи можен социјализмот, тој не напишал дека тие го создале социјализмот. Тој всушност кажал дека целиот систем – не само системот на распределба, туку и системот на производство – треба да се револуционизира кога ќе биде преземен од здружените производители.

Според Маркс, не само развојот на технологијата, туку и социјализацијата на производството, постигнато од капитализмот, ја поставува сцената за социјализмот преку отстранување на „претходните класно втемелени ограничувања на човечкиот развиток.“[47] Односно, пред капитализмот средствата за производство можеле да пружаат доволно средства за егзистенција за да му се овозможи на малцинство да се развива себеси интелектуално, додека најголемиот дел од населението било зафатено со производството за нивните основни потреби. Поради тоа, капитализмот бил прогресивен – привремено – во тоа што му овозможил на човештвото да биде ослободено од потребите: „развитокот на производните сили... претставува апсолутно нужна практична претпоставка [на комунизмот] веќе и поради тоа што без него настанува само сеопшто распространување на сиромаштијата, немаштија, а со појавата на немаштијата повторно започнува борбата за она што е нужно и воскреснува целата стара нечистотија.“[48] Но, не е само овој пораст на средствата за производство она што е важно. Она што е исто така клучно околу социјализацијата на трудот е што тоа го преобразило трудот од индивидуализиран процес во колективен процес. Овој колективен процес на производството сѐ повеќе доаѓа во судир со приватното присвојување на профитите. А противречноста која му е инхерентна на капитализмот, помеѓу неговата способност да произведува за да ги задоволи човечките потреби и неговиот истовремен неуспех да го направи тоа, зашто барањата за конкурентска акумулација што го спречуваат капитализмот да биде прогресивен систем доста брзо стапуваат на сцена, е причината зошто тој треба да биде не само соборен политички, туку и реорганизиран економски.

Марксовата идеја за тоа што претставува целосен развиток на човечката природа е клучна за разбирањето како тој мислел дека ќе изгледа човечкиот метаболизам со природата кога тој ќе биде во рацете на здружените производители. Таа е исто така важна за да се разбере што Маркс сфаќал под човечки потреби; тој не бил само критичар на капиталистичкото производство, туку и на капиталистичката потрошувачка. Тој не мислел дека по револуцијата луѓето ќе се тепаат да учествуваат во баханалиите на неограничениот консумеризам – односно, во општиот пораст на создавање потреби и средства за производство за тие да се задоволат сѐ додека природата не биде уништена. Сосема спротивно на тоа. Маркс верувал дека една од човечките потреби што не е задоволена од капитализмот е потребата за директен и почитувачки однос со природата и за далеку повеќе слободно време преку кое тој ќе се развие.

Човечкото ослободување како наше комплетирање како човечки суштества

Едно од нештата за кои Маркс често не е обвинуван дека го кажал е дека треба сите ние да се вратиме кон природата. Но, јас сакам да тврдам дека тоа, всушност, било токму она што го имал Маркс на ум – но не на начинот на кој враќањето кон природата обично се сфаќа; односно, не мислам дека можеме да заклучиме од Маркс дека решението на нашето отуѓување е да се избегнува технологијата, да се откажеме од тоалетите и да јадеме сирова храна. Маркс и Енгелс не зборувале за тоа да се отстрани поделбата помеѓу градот и селото преку порамномерно распределување на луѓето на земјата. Но, многу основно, постреволуционерното „враќање“ кон природата би се состоело од колективно, демократско и информирано вклучување на работниците во рационалното планирање на нашиот труд и на нашиот однос кон природата. Тоа би значело демократско реорганизирање на производството за да се задоволат човечките потреби и да се врати назад нашето место во природата, при што природата би била заедничка „сопственост“ на луѓето наместо приватна сопственост на мало малцинство. Маркс бил јасен околу ова и околу фактот дека неговата концепција за „заедничка сопственост“ нема ништо со тоа како сопственоста и поседувањето се сфаќаат моментално:

„Од гледна точка на една повисока општествено-економска формација, приватната сопственост на поедини индивидуи на Земјината топка ќе изгледа исто толку апсурдна како приватната сопственост на некој човек на некој друг човек. Дури ниту цело општество, нација, па дури ниту сите општества што истовремено постојат земени заедно не се сопственици на Земјата. Тие се само нејзини корисници, плодоуживатели и треба како boni patres familias [добри глави на семејствата] да им ја остават подобрена на следните генерации.“[49]

Како и многу други нешта од неговата мисла, Марксовата концепција за човечките потреби често се искривува, било од буржоаската идеологија за човечката природа или од реалноста на таканаречените социјалистички општества кои постоеле досега. Но, ако навистина го прочитате она што го напишал Маркс, ќе утврдите дека неговата визија за комунизмот нема ништо заедничко со оргијата на консумеризмот, како што некои ја замислуваат врз основа на капитализмот, или со сивата едноличност на лишувањето, врз основа на постоечките таканаречени социјалистички земји. Марксовите критериуми за потполн развиток на човечката природа се доста високи, опфаќајќи ја не само слободата од физичката потреба, пристапот до физичкото здравје и способноста директно да се ко-еволуира со природата, туку и повисокиот развиток на чувствените, интелектуалните и креативните способности – односно, најполн развиток на нашата човечка природа. Како што тој пишува во „Комунистичкиот манифест“, во комунизмот „на местото на старото буржоаско општество со неговите класи и класни спротивности стапува здружувањето, во кое слободниот развиток на секој поединец е услов за слободниот развиток на сите.“[50]

Точно е дека ние, како човечки суштества, искусуваме потреби на кои им е неопходен или кои го креираат нашиот метаболички однос со природата. Сепак, а Маркс бил јасен околу ова на првата страница од првото поглавје на првиот том од „Капиталот“, со текот на времето овие потреби општествено се преобразуваат како што развитокот на производните сили ни овозможува поцелосно да се развиваме себеси како човечки суштества. На пример, огладнуваме, сакаме да јадеме, а природата нѐ снабдува со одредени работи, како оние боровинки кои ги береле германските селски деца пред да ги приватизираат шумите. Но, како човечки суштества сме способни, при јадењето на тие боровинки, да си кажеме себеси: „Знаеш што, може да им се додаде уште нешто на овие боровинки. Мислам дека доколку ги вариме 25 минути на 350 степени во сад со вода и шеќер, доколку им додадеме прелив од брашно и путер и на тоа додадеме крем од ванила, овие боровинки би биле навистина прекрасни.“

Исто како што е дел од човечката природа да јаде, дел од неа е и имагинативно да обмислува како да ги направи работите подобри и потоа да може потполно да ги цени кога ќе го направи тоа. Тоа не важи само за храната, туку и за музиката, визуелните уметности, поезијата, историјата, науката и природата. Имаме капацитет да ја разбираме, цениме и трансформираме природата на начин на кој другите животни не можат – дали некогаш се чудите зошто вашето куче среќно го јаде она што ќе го поврати? Неговите сетила за вкус се различни од нашите. И е наша должност кон нас и кон нашето неорганско тело, природата, да ги развиеме нашите човечки способности до максимум. „’Затоа не само во мислењето, ни и со сите сетила човекот се потврдува себе во предметниот свет... Создавањето на петте сетила е работа на сета досегашна историја.’ Еманципацијата од отуѓувањето на приватната сопственост за Маркс исто така е ‘полна еманципација на сите човечки осети и својства.’“[51]

Со цел да се постигне ова, Маркс мислел дека е најнужно не да се зголемува производството, туку да се зголемува слободното време. Всушност, Маркс отишол толку далеку што верувал дека во комунизмот вредноста не треба да биде одредена од таканаречениот општествено потребен експлоатиран труд, туку од слободното време. Помислете на ефектот од зголеменото слободно време врз нашите органски тела, колку подобро ќе можеме да се развиваме себеси ако го имаме повеќе. Помислете на ефектот од зголеменото слободно време и врз нашето неорганско тело, врз природата. Ако не произведуваме, ние не го експлоатираме нашиот однос со природата. Веднаш, притисокот почнува да се намалува.

Марксовото разбирање на човековиот однос со природата и неговата концепција за потполн развиток на човечката природа одат далеку понатаму од трудот и тие се, според мене, највозбудливите и најинспиративните позитивни аспекти од неговата теорија, зашто моќта што ја имаат да ги надминат многуте расцепи создадени како резултат или барем истовремено со метаболичкиот расцеп на примитивната акумулација: поделбата помеѓу луѓето и природата, помеѓу умот и телото, помеѓу природните и хуманистичките науки, помеѓу природната и човечката историја.[52]

Односно, наместо да ја гледа човечката природа како спротивна и спротивставена на природата, Маркс сфатил дека уште од почетоците на нашата историја, човечките суштества ко-еволуирале со природата и ја трансформирале, исто како што природата нѐ трансформирала нас. Исто така е важно да се забележи дека пред и за време на капитализмот, трансформациите што луѓето ги извршиле врз природата не секогаш биле негативни, како што тоа го разјаснија Чарлс Ман во „1491-та“ и многуте автори на „Општествените животи на шумите.“[53] Всушност, омаловажувањето на здравите ефекти кои го зголемувале биодиверзитетот преку огнот при зачувувањето на шумите од страна на домородните народи на Америките е еден од начините како капиталистичкото општество продолжува да го промовира расизмот и да ги потиснува домородните американски култури. Освен во случај на изумирање на човечката раса, а што за жал не е невозможност, ќе има понатамошна општествена трансформација на природата и природна трансформација на општеството. Прашањето е: каков вид однос тоа ќе биде?

Оние што тврдат дека Маркс бил ентузијаст во врска со зголемувањето на продуктивниот капацитет овозможен од технолошките напредоци под капитализмот се во право – тој тоа бил. Но, Маркс не бил приврзаник на технологијата заради технологија. Тој разбирал дека вложувањето во технологијата е услов за капиталистичката конкуренција. Без овој услов, ние сме значително неограничени. Можеме да избереме да ја користиме технологијата кога тоа ја помага нашата хармонична ко-еволуција со природата и да ја отфрлиме кога тоа не е случај. Исто така можеме да се навратиме на традиционалното еколошко знаење (TEЗ) што го има во рацете и умовите на домородните општества. Во моментов, TEЗ првенствено се гледа како закана на капитализмот, како што јасно се гледа од статијата на Крис Вилијамс околу користењето на водата во Кенија:

„Пасторализмот на неплодна и полуплодна почва е најеколошкиот одржлив метод за опстанок во животна средина во која има недостиг на вода. Поради оваа причина толку многу луѓе во Источна Африка се пасторалисти и се успешни во тоа толку долго време. И покрај официјалната реторика што го кажува спротивното, пасторализмот игра мала улога во размислувањето на кениската влада околу иднината на Кенија – освен како нешто што треба да се искорени, зашто одредени моќни сили го сметаат за ‘заостанат’. Никоја влада не сака 18 проценти од нејзиниот народ да скита наоколу независно одржувајќи се себеси, при што самиот нивни начин на живот нуди сублиминален предизвик на капиталистичките стандарди за користењето на земјата и на нормите на приватната сопственост, при релативна автономија од централната државна контрола, често со опсег на напасување што се протега преку границите на другите држави.“[54]

Маркс, според Фостер, исто така ја сфаќал важноста на TEЗ:

„Најважниот проблем со кој би се соочувало општеството на здружени производители, Маркс нагласувал одново и одново во своите дела, би бил осврнувањето кон проблемот на метаболичкиот однос помеѓу човечките суштества и природата, под понапреднатите индустриски услови во предвечерието на конечната револуционерна криза на капиталистичкото општество. За таа цел, јасно било дека е неопходно да се научи повеќе за човечкиот однос кон природата и обезбедувањето средства за живеење, преку развивањето на облици на сопственост, при големиот опсег на етнолошкото време. Така, Маркс бил поттикнат да се врати назад, од материјалистичкото начело на неговата анализа, кон разгледувањето на потеклото на човечкото општество и на човечкиот однос кон природата – како средства за осмислување на потенцијалот за поцелосно трансцедентирање на отуѓеното постоење.“[55]

Забележете дека во оваа визија нема отфрлање на технологијата, туку заложба технологијата да се користи на начин кој повеќе одржува здрав однос со природата преку разбирање на тоа како односот бил посредуван пред капитализмот. Има такви кои го отпишуваат традиционалното знаење од секаков вид, зашто тврдат дека тоа е ненаучно. Не се согласувам со тоа. Мислам дека таквите отпишувања се втемелени на прекумерното привилегирање на пишаната историја и на разбирањето на науката што е омеѓено од капиталистичките приоритети. Во секој случај, ние исто така не мора да го отфрлиме Маркс за да ги проучуваме и да се застапуваме за зачувување на одредени домородни или традиционални пристапи кон природата, зашто токму тоа Маркс го правел кон крајот на својот живот.

Покрај организирањето на производството и, следствено на тоа, изградбата на нашиот однос кон природата врз основа на човечките потреби, а не на профитот и акумулацијата, во социјалистичкото општество нашите одлуки мора исто така да бидат, според Маркс, навистина демократски. Демократското донесување одлуки на здружените производители, зголемената достапност на научни информации и прогресивниот развиток на човечките интелектуални способности овозможени преку зголемувањето на слободното време – а сето тоа Маркс го гледал како некои од одредувачките карактеристики на социјализмот – би значело дека повеќе луѓе би учествувале на поинформиран начин во одлуките во врска со нашиот однос со природата.

Обвинувајќи го Маркс за прометејство и антропоцентризам, критичарите често посочуваат на изјавите на Маркс и Енгелс околу „потчинувањето на природните сили на човештвото“ и на нивниот позитивен одговор на идеите за „претворање на цели делови од светот во ораници“, зашто биле повеќе загрижени за спречувањето на гладот отколку за зачувувањето на дивината.[56] Иако се надевам дека дадов јасно до знаење дека таквите навидум анти-еколошки изјави треба да се контекстуализираат, исто така сакам да нагласам дека вистинската демократија е централна за Марксовата концепција за идното општество и дека марксизмот е жива теорија – односно, дека е метод, а не догма. Како негувачи на таа теорија, како еко-социјалисти, ние треба да одлучиме кои од Марксовите третмани на природата мислиме дека треба да се унапредат, а кои треба да се тргнат настрана.

Може ли капитализмот да го подобри својот однос со природата?

Сакам да завршам со тоа што ќе се навратам на почетокот. На почетокот од оваа статија спомнав дека Марксовата анализа на капитализмот може да помогне да се спасиме од две замки во кои паднаа еколошките мислители и еколошкото движење во минатото – вербата во и посветеноста на позеленувањето на капитализмот и проектирањето на прочистена, апстрактна природа која нема односи со човечките суштества и за која е подобро така да биде. Сакам да истакнам дека овие гледишта не се ниту некомпатибилни, ниту се прогресивни.

Дали деградацијата на животната средина може успешно да се избегне, а уништувањето на биосферата поради човечките активности реалистично да се спречи под капитализмот? Како што го кажува тоа Џон Белами Фостер, емпириските докази не се добри. И покрај ужасните предвидувања на големото мнозинство од светските научници дека климатските промени создадени од човекот го загрозуваат нашето понатамошно опстојување на планетата, капитализмот не е ниту блиску до преземањето чекори што би можеле да направат значителна разлика. Според некои енвиронменталисти, ова е поради тоа што пазарот има сѐ под контрола. Како што истакнува Фостер:

„Теоретичарите на еколошката модернизација, како Артур Мол, не ја гледаат деградацијата на животната средина како инхерентна карактеристика на капиталистичкиот развој. Тие остануваат ревносни социо-техно-оптимисти, верувајќи дека силите на модернизацијата ќе доведат до дематеријализација на општеството и одвојување на економијата од енергијата и материјалната потрошувачка, овозможувајќи му на човечкото општество, под капитализмот, да ја трансцедентира еколошката криза. Некои приврзаници на оваа позиција, како Чарлс Лидбитер, тврдат дека со развојот на економијата, таа создава бестежинско општество што е повеќе втемелено врз знаењето и кое помалку се потпира врз природните ресурси.“[57]

Лидбитер и Мол се тие што треба да бидат критикувани поради нивниот продуктивизам, а не Маркс – особено бидејќи бестежинското, дематеријализирано општество што тие го „опишуваат“ е целосен мит. Како што истакнува Сара Вол во нејзиниот осврт кон „Теориите за информациското општество“ на Френк Вебстер:

„Всушност сѐ уште е невозможно да се живее од воздух. А сепак токму тоа ‘информациското’ или постиндустриското општество (ПИО) симулира дека го прави. Стварноста, се разбира, е далеку помалку педантно уредена – свет незгодно преплавен од експлоатирачки труд, загадени реки, свопови за неисплаќање на кредитот, поларни ледени покривки кои се топат итн. итн. – тие познати, но често санитизирани жртви на етосот на ‘повеќе за помалку’ на ‘постиндустриското“ општество.“[58]

Споредено со ова, Марксовата визија на општество на здружени производители со изобилие од слободно време и со здрав однос како кон природата така и кон технологијата, развивајќи ги нашите способности да допираме, вкусуваме, мирисаме, гледаме, чувствуваме, слушаме, мислиме, сакаме и сонуваме до максимум – изгледа бескрајно попривлечна и, уште поважно, можна. Оваа визија – заедно со разбирањето зошто деградацијата на животната средина е вградена во капитализмот – е она што Марксовите идеи можат да придонесат кон движењето против еколошкото уништување.


Забелешки

[1] Graham Ruddick, “Donald Trump Says US Could Re-Enter Paris Climate Deal,Guardian (US), January 29, 2018.

[2] Eoghan Macguire, “Paris Agreement Two Years On: Who is Taking the Lead on Climate Change?” CNN, December 19, 2017.

[3] Tamsin Green, “World Weatherwatch: From Drifts in Paris to Drought in Cape Town,Guardian, February 14, 2018.

[4] За критика на овие позиции, видете Ian Angus and Simon Butler, Too Many People: Population, Immigration, and the Environmental Crisis (Chicago: Haymarket Books, 2011).

[5] John Bellamy Foster, Brett Clark, and Richard York, The Ecological Rift: Capitalism’s War on the Earth (New York: Monthly Review Press, 2010), 19-20. Видете и Chris Williams, Ecology and Socialism (Chicago: Haymarket Books, 2010), 117–124.

[6] John Bellamy Foster, Marx’s Ecology: Materialism and Nature (New York: Monthly Review Press, 2000), 9–10 и Paul Burkett, Marx and Nature: A Red and Green Perspective (Chicago: Haymarket Books, 2014), xxix.

[7] Видете го објаснувањето за метаболичкиот расцеп [metabolic rift] подолу во овој есеј.

[8] Foster et al., Ecological Rift, 228.

[9] Маркс и Енгелс го следеле антропологот од 19 век Луис Морган во употребата на термините „дивјаштво“, „варварство“ и „цивилизација“ како описни термини за различните моменти од развитокот на човечкиот однос кон природата. Тие исто така го спомнуваат „идиотизмот на селскиот живот“, а за човештвото го користат терминот „човек“ [на англиски: man, што исто така значи маж]. Јас не ги користам овие термини како дел од мојот наратив, но бидејќи тие ќе се појавуваат во цитати, сакам да забележам дека иако ги сметам за проблематични, онака како што се сфаќаат денес, овие термини го немале она значење за Маркс и Енгелс кое го имаат денес. Во некои случаи, тие се производ на неточно преведување: „изолацијата“ подобро го опфаќа она што обично се преведува како „идиотизам“, а германскиот збор што се преведува како “man” во најголемиот дел од англиските изданија, “mensch”, всушност е родово неутрален.

[10] Karl Marx, Economic and Philosophical Manuscripts of 1844, во Marx and Engels Collected Works (понатаму MECW), vol. 3 (New York: International Publishers, 1975), 276. [„Отуѓениот труд“ во Карл Маркс, Фридрих Енгелс „Од раната мисла“, „Нова Македонија“, Скопје, 1974, 359 стр.]

[11] Karl Marx, Capital, vol. 1 (New York: Vintage Books, 1977), 283. [Карл Маркс, „Капиталот“, Том први, глава 5.]

[12] Foster, Marx’s Ecology, 72.

[13] Foster, 66–67.

[14] Martin Empson, Land and Labour: Marxism, Ecology, and Human History (London: Bookmarks, 2014) 104.

[15] Empson, Land and Labour, 108.

[16] Empson, 105.

[17] На почетокот ова значело усвојување на поинакви облици на обезбедување егзистенција: Маркс наведува дека во раниот 19 век, војводката од Садерленд насилно го заменила целото население од грофовијата Садерленд во Шкотска со 131.000 овци. „Од 1814 до 1820 година ова 15-илјадно население... систематски се истерува и истребува. Сите нивни села беа разрушени и запалени, сите нивни ниви претворени во пасишта... Така оваа мадам си присвои 794.000 акри земја што од памтивек му припаѓаа на кланот.“ На крајот од овој процес, „делот од домородците фрлен на морскиот брег се обиде да живее од риболов.“ Видете Marx, Capital, vol. 1, 891–92. [Карл Маркс, „Капиталот“, Том први, „Мисла“, Скопје, 1975, 639 стр.]

[18] Видете Marx, Capital, 874.

[19] Marx, Economic and Philosophical Manuscripts of 1844, 308. [„Значењето на потребите на човекот итн.“ во Маркс, Енгелс „Од раната мисла“, 401-402 стр.]

[20] Karl Marx, Capital, vol. 3 (London: Penguin, 1991), 195. [Karl Marx, “Kapital”, trеći tom, “Prosvеta”, Bеograd, 1970, 89 str.]

[21] Marx, Capital, vol. 1, 638. [Маркс, „Капиталот“, Том први, 441-442 стр.]

[22] Foster, Marx’s Ecology, 149, 249.

[23] Empson, Land and Labour, 150–151; Foster et al., Ecological Rift, 352–371.

[24] Foster, Marx’s Ecology, 253.

[25] Frederick Engels, “The Part Played by Labor in the Transition from Ape to Man,” во MECW, vol. 25 (New York: International Publishers, 1987), 460–61, 463. [Фридрих Енгелс, Улога рада при претварању мајмуна у човека] Со оглед на обвинувањето дека интересот на Маркс и Енгелс за екологијата бил ограничен на нивната рана соработка, вреди да се забележи дека овој пасус е напишан во 1876 година.

[26] Burkett, Marx and Nature, 79–80.

[27] Marx, Capital, vol. 1, in MECW vol. 35 (New York: International Publishers, 1996), 53. [Маркс „Капиталот“, Том први, глава 1.]

[28] Burkett, 74–75.

[29] Empson, 209.

[30] Empson, 210.

[31] Charles C. Mann, 1491: New Revelations of the Americas Before Columbus, 2nd ed. (New York: Vintage Books, 2011), 356.

[32] Burkett, 108.

[33] Karl Marx, Capital, vol. 2 in MECW, vol. 36 (New York: International Publishers, 1997), 173.

[34] Engels, “The Part Played By Labor in the Transition from Ape to Man,” 463. [Енгелс, Улога рада при претварању мајмуна у човека]

[35] John P. Clark, “Marx’s Inorganic Body.Environmental Ethics 11 (Fall 1989): 243-258. Обвинувањето дека Маркс е „едиповски“ исто како и прометејски изгледа како реторичка бравура која отишла наопаку, побркувајќи ги дејствијата од трагедијата на Есхил (Едип го убил својот татко, а не својата мајка) за да ја објасни Марксовата наводна омраза кон Природата како проблем со мамичката. Кларк ја цитира и раната поезија на Маркс, а што се чини доста евтино.

[36] Дефиницијата на Oxford English Dictionary за Aufehebung: „Во Хегеловата филозофија: процес во кој судирот помеѓу две спротивставени или спротивни работи или идеи се разрешува преку појава на нова идеја, која истовремено ги зачувува и ги надминува двете.“

[37] Clark, “Marx’s Inorganic Body,” footnote 48.

[38] Karl Marx, Grundrisse (New York: Penguin Books, 1993), 409–410. [Карл Маркс, „Основи на критиката на политичката економија“, „Комунист“, Скопје, 1989, 146-147 стр.]

[39] Кларк изгледа дека тука објаснува што прави капитализмот во интерес на профитот наместо она што социјализмот би можел да го направи во служба на човековите потреби. Види Chris Williams, Ecology and Socialism, 124-127.

[40] Повторно, Кларк се чини дека го опишува пазарниот капитализам.

[41] Clark, “Marx’s Inorganic Body.”

[42] Оваа забелешка, цитирана од Енгелс, во писмо до Едуард Бернштајн, може да се најде во MECW, vol. 35, 388. [Engels to Eduard Bernstein, 2-3 November 1882.]

[43] Ankit Panda, “How the Soviet Union Created Central Asia’s Worst Environmental Disaster,The Diplomat, October 3, 2014; Armine Sahakyan, “The Grim Pollution Picture in the Former Soviet Union,Huffington Post/World Post.

[44] Chris Williams, “Marxism and the Environment,International Socialist Review 72 (July 2010).

[45] Foster et al., The Ecological Rift, 215.

[46] Karl Marx, Theses on Feuerbach, Thesis 11, in MECW, vol. 5 (New York: International Publishers, 1976), 5. [Карл Маркс, Тези за Фојербах]

[47] Burkett, 199.

[48] Marx and Engels, The German Ideology, in MECW, vol. 5, 49. [Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Германската идеологија, глава 1А.]

[49] Karl Marx, Capital, vol. 3 (London: Penguin Books, 1991), 911. [Marx, “Kapital”, trеći tom, 646-647 str.]

[50] The Communist Manifesto, 71. [Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Mанифест на Комунистичката партија, глава 2.]

[51] Маркс, цитиран и протолкуван во Foster et al., The Ecological Rift, 231. [Маркс, Енгелс „Од раната мисла“, 392 и 393 стр.]

[52] Foster, Marx’s Ecology, 210, 229.

[53] Susanna B. Hecht, Kathleen D. Morrison, and Christine Padoch, The Social Lives of Forests: Past, Present, and Future of Woodland Resurgence (Chicago: University of Chicago Press, 2013).

[54] Chris Williams, “Damming the Future: The Struggle to Protect Kenya’s Ewaso Ngiro River,Truthout, June 17, 2015.

[55] Foster, Marx’s Ecology, 221; нагласувањето е додадено.

[56] The Communist Manifesto, 46. [Mанифест на Комунистичката партија, глава 1.]

[57] Foster et al., The Ecological Rift, 254.

[58] Sara Volle, “The Heaviness of a Weightless Society,The Politics of Information, September 25, 2012.