7) Видовме какво значење има во социјализмот богатството на човечките потреби, а оттаму и некој нов вид на производство и некој нов предмет на производството: нова пројава на човечката суштинска сила и ново обогатување на човечкото суштество. Во рамките на приватната сопственост сето тоа има спротивно значење. Секој човек се труди да побуди во друг некаква нова потреба, за да го присили да принесе нова жртва, да го постави во нова зависност и да го наведе кон нов вид насладување, а со самото тоа и кон економско пропаѓање. Секој се труди да оживее некаква туѓа суштинска сила, што госпотствува над друг човек, да најде во тоа задоволување на својата сопствена себична потреба. Затоа заедно со порастот на масата предмети расте царството на туѓи сушности, под чиј јарем се наоѓа човекот, и секој нов производ претставува нова можност за меѓусебна измама и меѓусебно ограбување. Наедно со тоа човекот станува сѐ посиромашен како човек, тој во сѐ поголема мера има нужда од пари, за да овладее со таа непријателска сушност, и моќта на неговите пари опаѓа токму во обратна пропорција спрема масата на продукцијата, т.е. неговата скудност расте пропорционално со порастот на моќта на парите. — На тој начин потребата од пари е вистинска потреба, породувана од политичката економија, и единствена потреба што таа ја породува. — Количеството пари станува во сѐ поголема и поголема мерка нивно единствено моќно својство; како што тие ја сведуваат секоја сушност на нејзината апстракција, така тие се сведуваат и самите себе во своето сопствено движење во количествена сушност. Прекумерноста и неумереноста стануваат нивната вистинска мерка.
Дури и од субјективна страна тоа се изразува делум во тоа што проширувањето на кругот на производите и потребите станува снаодлив и секогаш пресметлив роб на нечовечни, рафинирани, неприродни и измислени желби и копнежи. Приватната сопственост не умее да ја претвора грубата потреба во човечка потреба. Нејзиниот идеализам се сведува на фантазии, своеволства и каприци, и нема ниеден евнух којшто толку му се подлижува на низок начин на својот господар и се труди со најниски средства да ја разбуди неговата затупена способност за насладување, за да се здобие со негова наклоност, колку што го прави тоа евнухот на индустријата, производителот, што со итроштина се труди да ги извлече за себе сребрените грошови, да ја привлече златната птица од џебот на својот христијански сакан ближен — (секој производ е примамка, со чија помош сакаат да ја примамат кон себе сушноста на другиот човек — неговите пари; секоја стварна или можна потреба се покажува како слабост, што ќе ја привлече мувата кон лепилото; општа експлоатација на општествената човечка сушност, како што секое несовршенство на човекот — е некаква врска со небото — таа страна од каде што неговото срце му е достапно на свештеникот; секоја нужда е повод да му се пријде со најљубезен изглед на својот ближен и да му се рече: мили пријателе, јас ќе ти дадам што ти треба, но ти го знаеш conditio sine qua non,[услов без кој не се може] = ти знаеш со какво мастило ќе треба да ја потпишеш нашата спогодба; јас те изигрувам тебе доставајќи ти задоволства) — за таа цел индустрискиот евнух се приспособува кон извратените помисли на потрошувачот, ја игра улогата на сводник меѓу него и неговата потреба, побудува кај него болни ламтежи, ја демне секоја негова слабост, за да побара од него капар за таа пријателска услуга.
Ова отуѓување делумно се покажува во тоа што на една страна рафинираноста на потребите и средствата за нивното задоволување породува на друга страна животинско подивување, најполно, грубо, апстрактно упростување на потребите, или поточно речено, само се препроизведува во своето спротивно значење. Дури потребата од свеж воздух престанува да биде потреба кај работникот. Човекот одново се заселува во пештери, коишто меѓутоа сега се отруени од задушливиот заразен здив на цивилизацијата, во однос на кои тој се чувствува несигурно, како спрема туѓа сила што може секој ден да му се истргне, и од кои можат секој ден да го исфрлат, ако не плати. Работникот мора да ги плаќа тие куќи на смртта. Светлото живеалиште, наречено од Прометеј кај Есхила како еден од оние големи дарови со помошта на кои тој го претворил дивјакот во човек, престанува да постои за работникот. Светлоста, воздухот итн., најпростата, дури на животните својствена чистота на снагата престануваат да бидат потреба на човекот. Нечистотијата, тој знак на запуштен, загниен човек, клоаката (во буквална смисла на зборот) на цивилизацијата стануваат за него животен елемент. Целосната неприродна запуштеност, трулата природа, станува негов животен елемент. Ниедно од неговите сетива не постои веќе, не само во неговиот човечки вид, туку и нечовечки, значи не постои дури ни во животински вид. Настанува враќање кон најгрубите начини (и орудија) на човечкиот труд: така, на пример, долапот на римските робови стана орудие за производство и средство за постоење за многу англиски работници. Човекот се лишува не само од човечките потреби — тој ги губи дури животинските потреби. Ирецот знае уште само за една потреба — потребата од јадење, притоа уште само јадење составено од компири, и освен тоа само од компири од најлоша сорта. Но во секој индустриски град на Англија и Франција постои веќе своја малечка Ирска. Дивјакот, животното сепак уште имаат потреба од лов, движење итн., од општување со себе слични. — Упростувањето на машината, упростувањето на трудот се користи за од сосем уште неразвиениот човек, којшто допрва се формира — од дете да се направи — работник, како што работникот стана зафрлено од сите дете. Машината се приспособува кон слабоста на човекот, за да го претвори слабиот човек во машина.
На кој начин порастот на потребите и средствата за нивното задоволување породува отсуство на потреби и отсуство на средства за нивното задоволување, тоа политичкиот економист (и капиталистот, — воопшто ние секогаш ги имаме предвид емпириските деловни луѓе, кога се обраќаме кон политичките економисти, што претставуваат нивна научна совест и нивно научно битие) го покажува на следниов начин: 1) тој ја сведува потребата на работникот на најнужното и најбедно одржување на неговиот физички живот, а неговата дејност — на најапстрактно механичко движење; — значи, вели тој, човекот нема никаква друга потреба ни од дејност ни од насладување; зашто дури таквиот живот политичкиот економист го прогласува за човечки живот и човечко постоење; 2) тој го зема најскудниот живот (егзистенција) во своите пресметки како мерило и при тоа општо мерило — општо, зашто има сила за маса луѓе. Политичкиот економист го претвора работникот во суштество бесчувствено и лишено од потреби, исто онака како што неговата дејност ја претвора во чиста апстракција на секаква дејност. Затоа тој не допушта никаков раскош кај работникот, а сето она што излегува од рамките на најапстрактната потреба — па било тоа пасивно насладување или активна пројава на дејност — нему му се чини раскош. Поради тоа политичката економија, таа наука за богатството, е истовремено наука за самоодречувањето, за лишувањата, за штедењето, и таа навистина стасува дотаму, што го поучува човекот да ја штеди дури потребата од чист воздух или физичко движење. Таа наука за чудесната индустрија е истовремено наука за аскетизмот, и нејзиниот вистински идеал е аскетски, но лихварски скржавец и аскетски роб, но производител. Нејзиниот морален идеал е работникот, што вложува во штедилница еден дел од својата заработка, и таа дури нашла за тој свој сакан идеал нужна ропска уметност. На сцените од театрите поставуваат сентиментални пиеси со таа смисла. Затоа политичката економија, без оглед на сиот свој световен и разблуден изглед, е навистина морална наука, најморална наука. Нејзината основна теза е самоодречување, откажување од животот и од сите човечки потреби. Колку помалку јадеш, пиеш, колку помалку купуваш книги, колку поретко одиш на театар, на танц, во кафеана, колку помалку мислиш, сакаш, теоретизираш, пееш, сликаш, чувствуваш итн., толку повеќе ти штедиш, толку поголемо станува твоето богатство, негибано ни од молци ни од црви, толку поголем станува твојот капитал. Колку е поништожно твоето битие, колку помалку го пројавуваш својот живот, толку си поимашлив, толку е поголем твојот отуѓен живот, толку повеќе натрупуваш своја отуѓена сушност. Сиот оној дел од животот и човечноста, што ти го одзема политичкиот економист, тој ти го надоместува во вид на пари и богатство, и сето она што не можеш да го сториш ти, можат да го направат твоите пари: тие можат да јадат, да пијат, да одат на танц, на театар, можат да патуваат, умеат да усвојат уметност, ученост, историски реткости, политичка власт — сето тоа тие можат да ти присвојат; сето тоа тие можат да купат; тие се вистинска сила. Но што и да е сето тоа, парите не можат да создадат ништо освен самите себе, не можат да купат ништо освен самите себе, затоа што сето друго е нивни слуга, а кога јас имам господар, имам и слуга и немам потреба да трчам по неговиот слуга. На тој начин сите страсти и секоја дејност мораат да потонат во алчноста за печалба. Работникот има право да поседува само онолку колку што е нужно за него, за да сака да живее, и тој е прав, да сака да живее само за тоа да го има [тој минимум].
Навистина, во политичката економија се појавува своевиден спор. Едната страна (Лодердел, Малтус и др.) препорачуваат раскош и го проколнуваат штедењето; другата страна (Сеј, Рикардо и др.) препорачуваат штедење и го проколнуваат раскошот. Но првата страна признава дека таа сака раскош за да произведува труд (т.е. апсолутно штедење); а втората признава дека препорачува штедење за да произведува богатство, т.е. раскош. Првата страна им се предава на романтични фантазии, барајќи не само алчноста за печалба да ја определува потрошувачката на богатите, и таа им противречи на законите издигнати од самата неа, претставувајќи го растурништвото непосредно за средство за обогатување. Затоа спротивната страна сосем сериозно и основано ѝ докажува дека со растурништвото го намалувам својот имот а не го зголемувам. Другата страна лицемерно се откажува да признае дека токму своеволничењата и каприците го определуваат производството; таа заборава за „префинетите потреби“, заборава дека без потрошувачка не би имало ни производство; заборава дека поради конкуренцијата производството нужно станува само посестрано, полуксузно; таа заборава дека според нејзината теорија вредноста на нешто се определува од употребата, и дека модата ја определува употребата, таа сака да види да се произведува само „она што е корисно“, заборавајќи дека производството на мошне големо количество корисни работи произведува мошне многу некорисно население. Обете страни забораваат дека растурништвото и штедењето, луксузот и скудноста, богатството и сиромаштијата се еднакви едни на други.
И не само да мораш да штедиш во твоите непосредни сетивни потреби, во јадењето и слично, но и во учеството во општите интереси, во соучество, довербата итн.; во сето тоа ти мораш да покажеш максимална штедливост, ако сакаш да постапуваш според учењето на политичката економија и не сакаш да загинеш од своите илузии.
Сето она што го имаш мораш да го пуштиш во продажба, т.е. да извлекуваш корист од тоа. Ако им го поставам на политичките економисти прашањето: им се потчинувам ли на економските закони кога извлекувам пари од продажбата на своето тело за задоволувањето на туѓа сладострасност (фабричките работници во Франција ја наречуваат проституцијата на своите жени и ќерки дополнителен работен час, и тоа буквално и е така), и зарем јас не дејствувам во духот на политичката економија кога им го продавам својот пријател на Мароканците (а непосредната продажба на луѓе, во вид на трговија со регрути итн. станува во сите културни земји), — политичкиот економист ми одговара: ти не постапуваш спротивно на моите закони; но погледни што ќе речат Вујко Морал и тетка Религија; мојот политичко-економски морал и мојата политичко-економска религија немаат ништо против твојот начин на дејствување, но ... — Па кому повеќе да му верувам, на политичката економија или на моралот? Моралот на политичката економија е печалењето, труд и штедење, трезвеност, но политичката економија ветува да ми ги задоволи моите потреби. — Политичката економија на моралот е богатство со такви работи како што се чиста совест, добродетел итн.; но како можам јас да бидам добродетелен ако воопшто не постојам? Како можам да имам чиста совест ако не знам ништо? — Во самата сушност на отуѓувањето е содржано тоа што секоја одделна сфера применува спрема мене инакво и спротивно мерило: моралот има едно мерило, политичката економија — друго, зашто секоја од нив претставува извесно определено отуѓување на човекот, секоја фиксира некој посебен круг на отуѓена суштинска дејност и секоја се однесува отуѓено спрема другото отуѓување. Така г. Мишел Шевалие го прекорува Рикарда, зашто овој се апстрахира од моралот. Но кај Рикардо политичката економија зборува на својот сопствен јазик. Ако тој јазик не е морален, тоа не е вина на Рикардо. Доколку Мишел Шевалие морализира, тој се апстрахира од политичката економија; а доколку се занимава со политичката економија, тој нужно се апстрахира фактички од моралот. Бидејќи ако односот на политичката економија спрема моралот не е произволен, случаен и затоа неоснован и ненаучен, ако тој не се прави само заради навидум, туку се смета како вкоренет во сушноста на работите, тогаш тој може да означува само однос на политичко-економските закони спрема областа на моралот; а ако во стварноста тоа не е така или поправо е директно спротивно, зарем Рикардо е виновен за тоа? Пак и самата спротивност меѓу политичката економија и моралот е само привид, и иако е спротивност, истовремено не е спротивност. Политичката економија ги изразува моралните закони, но само на свој начин.
Задушувањето на потребите како принцип на политичката економија најблескаво се покажува во нејзината теорија за населението. Има премногу луѓе. Дури постоењето на луѓето е чист луксуз, и ако работникот е „морален“ (Мил предлага да се објавува јавна пофалба на оној што се покажува воздржан во полов однос, и јавен прекор за оној што греши против тој идеал на бесплодниот брак ... Зарем тоа не е морал, зарем тоа не е учење на аскетизмот?), тогаш тој ќе биде штедлив во раѓањето на деца. Производството на човекот се покажува како општествена неволја.
Смислата и значењето што ги има производството во однос на богатите отворено се покажуваат во смислата што производството ја има за бедните; во однос спрема оние горе тоа се изразува секогаш префинето, замаскирано, двосмислено — привид: во однос спрема оние долу тоа се изразува грубо, отворено, искрено — сушност. Грубата потреба на работникот е многу поголем извор на доход одошто префинетата потреба на богатиот. Во Лондон визбите во кои се живее им донесуваат на своите стопани повеќе приход одошто палатите, т.е. во однос на приходот од нив тие претставуваат поголемо богатство, и значи, изразувајќи се со јазикот на политичката економија, поголемо општествено богатство.
И како што индустријата спекулира со префинетоста на потребите, таа исто така спекулира и со нивната грубост, при тоа со нивната неприродно направена нивна грубост. Затоа вистинска наслада за таа грубост претставува самоопивањето, тоа привидно задоволување на потребата, таа цивилизација сред грубото варварство на потребите. Затоа англиските кафеани се нагледни симболи на приватната сопственост. Нивниот раскош го покажува вистинскиот однос на индустрискиот раскош и богатство спрема човекот. Затоа тие со право се единствени неделни забави за народот, спрема кои англиската полиција се однесува во најмала рака благо.
Ние веќе видовме со какви разновидни начини политичкиот економист го воспоставува единството на трудот и капиталот: 1) Капиталот е натрупан труд; 2) Намената на капиталот во самото производство — делум репродукција на капиталот со профит, делум капиталот како суровина (материјал на трудот), делум како самото орудие што работи (машината е капитал непосредно идентифициран со трудот), — е производниот труд; 3) работникот е капитал; 4) надницата спаѓа во трошоците на капиталот; 5) во однос на работникот, трудот е репродукција на неговиот животен капитал; 6) во однос на капиталистот, тој е момент од дејноста на неговиот капитал.
И најпосле 7) политичкиот економист тргнува од претпоставката за првобитно единство на едниот и другиот како единство на капиталистот и работникот; тоа е рајска првобитна состојба. На каков начин тие два момента наеднаш истапуваат еден против друг како две лица, тоа за политичкиот економист претставува некаков случаен настан, којшто затоа треба да се објасни само со надворешни причини. (в. Мил).
Оние народи, што уште се заслепени од сетивниот блесок на благородните метали и затоа уште им се клањаат на металните пари како на некаков фетиш, уште не се довршени парични нации. Спротивноста меѓу Франција и Англија. Колку решението на теоретските загатки е задача на практиката и е посредувано практично, колку е вистинската практика услов за стварна и позитивна теорија, се гледа на пример од фетишизмот. Сетивната свест кај фетишистот е инаква одошто кај Гркот, затоа што неговото сетивно битие е уште инакво. Апстрактното непријателство меѓу сетивото и духот е нужно сѐ додека со сопствениот труд на човекот уште не се создадени човечки вкус спрема природата, човечкото сетиво на природата, а значи и природното сетиво на човекот.
Еднаквоста не е ништо друго освен германската формула „јас = јас“, преведена на француски јазик, т.е. на јазикот на политиката. Еднаквоста како основа на комунизмот е неговото политичко засновање. Тоа е истото она што станува кога Германец си го засновува за себе комунизмот со тоа што го замислува човекот како општа самосвест. Сосем е разбирливо дека уништувањето на отуѓувањето тргнува секогаш од онаа форма на отуѓување што претставува владеачка сила: во Германија тоа е самосвеста, во Франција тоа е еднаквоста, бидејќи таму е претежна политиката, во Англија тоа е стварната, материјална практична потреба што се мери само со самата себе. Од тоа гледиште треба да се критикува и признава Прудон.
Ако ние дури самиот комунизам, — бидејќи претставува негација на негацијата, такво присвојување на човечката сушност, кое што се посредува со себе преку негирањето на приватната сопственост, — не го наречуваме уште вистински, што започнува од самиот себе со позитивно потврдување, туку само таков што започнува од приватната сопственост, [.................................][1] Бидејќи, значи, при тоа[2] стварното отуѓување на човечкиот живот останува во сила и дури се покажува толку поголемо отуѓување колку што повеќе го спознаваат како отуѓување, тогаш тоа [укинувањето на тоа отуѓување] може да стане само преку остварувањето на комунизмот на дело. За уништувањето на идејата на приватната сопственост сосем се достатни идеите на комунизмот. За да се уништи приватната сопственост во реална стварност, за тоа е потребно стварно комунистичко дејствување. Историјата ќе го донесе со себе тоа комунистичко дејствување, и она движење што ние во мислите веќе го спознавме дека само себе се укинува, во стварноста ќе поминува низ мошне тежок и долг процес. Но ние сме должни да го сметаме за стварен чекор веќе и самото тоа што уште од самиот почеток сме ја спознале како ограниченоста така и целта на тоа историско движење и го надминавме во својата свест.
Кога се обединуваат работниците комунисти, тогаш им е целта пред сѐ учењето, пропагандата итн. Но благодарејќи на тоа истовремено кај нив се појавува нова потреба, потреба од општество, и она што истапува како средство, станува цел. До какви блескави резултати доведува тоа практично движење, може да се види гледајќи ги собранијата на француските работници — социјалисти. Пушењето, пиењето, јадењето итн. таму веќе не служат како средства за обединување на луѓето — како средства за поврзување. За нив се достатни општувањето, обединувањето во сојуз, разговорите што имаат за цел пак општување: човечкото братство во нивната уста не е фраза туку вистина, и од нивните од труд загрубени лица ни блеска човечко благородство.
Тврдејќи дека побарувачката и понудата секогаш се покриваат една со друга, политичката економија уште веднаш заборава дека, во согласност со нејзиното сопствено тврдење, понудата на луѓе (теоријата за населението) секогаш ја надвишува побарувачката за нив, и дека, значи, при суштинскиот резултат на сето производство — во егзистенцијата на човекот — свој најрешителен израз добива диспропорцијата меѓу побарувачката и понудата.
Во колкава мерка парите, што истапуваат како средства, претставуваат вистинска сила и единствена цел, во колкава мерка воопшто тоа средство што ме прави сушност и ми ја присвојува туѓата предметна сушност, претставува самоцел, може да се види од тоа што земјишниот посед — онаму каде што извор на егзистенцијата претставува земјата, — и коњот и мечот — таму каде што тие претставуваат вистински средства за егзистенција, се признаваат исто така и за вистински политички животни сили. Во Средниот век едно сословие станувало слободно штом само добивало право да носи меч. Кај номадите поседувањето на коњ го прави човекот слободен, му дава можност да зема учество во животот на општеството.
Погоре рековме дека човекот се враќа кон пештерското живеалиште, но се враќа кон него во отуѓена, непријателска форма. Дивјакот во својата пештера — тој елемент на природата што слободно му се препушта за негово користење и заштита — се чувствува не повеќе туѓо, или, поточно речено, не помалку дома одошто рибата во вода. Но визбеното живеалиште на сиромавиот му е — непријателско како „туѓа сила што го држи в плен неговото живеалиште, што му се дава само сѐ додека тој ја дава својата крвава пот“; тој нема право да го смета за свој роден дом, каде што тој најпосле би можел да рече: тука сум си дома; напротив, тој се наоѓа во туѓ дом, во дом на друг човек, што од ден на ден го демне и незабавно го исфрла на улица, штом престане да ја плаќа наемнината. И тој исто така знае дека и по своето својство неговото живеалиште претставува полна спротивност од оностраното, човечко живеалиште, што се наоѓа на небото на богатството.
Отуѓувањето се покажува не само во тоа што моето средство за егзистенција му припаѓа на друг, што предметот на мојата желба се наоѓа во за мене недостапно поседување од друг, туку и во тоа што секоја работа се покажува самата како нешто инакво одошто е самата, дека мојата дејност се покажува нешто инакво и дека најпосле — а тоа се однесува и за капиталистот — над сите општо госпотствува нечовечка сила.
Карактеристика на недејственото и растурничко богатство употребувано само за насладување: човекот што се насладува од тоа богатство се однесува од една страна како само поминлив, прекумерно пренаситен индивид и го смета туѓиот ропски труд, човечката крвава пот како плен на своите своеволни ламтежи, а затоа самиот човек — значи и самиот себе — како ништожно суштество принесувано на жртва (при што презирот спрема луѓето се изразува делум во вид на надмено растурање на она што би можело да запази стотина човечки животи, а делум во вид на подла илузија како божем неговото незауздено растурништво и непречено непроизводно трошење да го условува трудот, а со самото тоа постоењето на друг); остварувањето на човечките суштински сили претставникот на таков вид богатство си го замислува само како остварување на своите чудовишни своеволничења и присакувања и чудни, фантастични каприци. Но од друга страна тој го разгледува богатството сѐ на сѐ само како средство и како нешто што заслужува само уништување. Затоа тој е истовремено и роб и господар на своето богатство, истовремено е великодушен и низок, капризен, горделив, вообразен, истенчено образован, остроумен. Претставникот на тоа богатство уште не го почувствувал богатството како некаква сосем туѓа сила, што стои над самиот него. Во богатството тој поскоро ја гледа само својата сопствена сила, и како последна крајна цел [за него не претставува] богатство, туку насладувањето [......................................][3]
Против таа блескава, од сетивниот привид заслепена илузија за сушноста на богатството истапува деловниот, трезвен, економски што мисли, прозаично настроен, за сушноста на богатството просветен индустријалец, и ако тој создава за растурникот, што пека за наслади, нови, пошироки можности и на секаков начин му ласка со своите производи — сите негови производи претставуваат ниски комплименти на своеволничките присакувања на растурникот, — тогаш тој при тоа умее за самиот себе на единствено корисен начин да ја присвои онаа сила што на растурникот му се губи. Ако, соодветно на тоа, индустриското богатство отпрвин истапува како резултат на растурничкото, фантастично богатство, подоцна сопственото движење на индустриското богатство го потиснува растурничкото богатство исто така и на активен начин. Снижувањето на паричната камата претставува нужна последица и резултат на индустрискиот развиток. На тој начин средствата на рентиерот растурник секојдневно се намалуваат во обратна сразмера спрема зголемувањето на средствата и соблазните на насладувањето. Затоа тој мора или да го изеде својот капитал, т.е. да пропадне, или самиот да стане индустриски капиталист. Вистина, од друга страна, непосредно во текот на индустрискиот развиток постојано се покачува земјишната рента, но, како што веќе видовме, нужно настапува момент кога земјишниот посед, како и секој друг посед, мора да помине во категорија на капитал што се репродуцира со профит, а тоа е резултат на тој ист индустриски развиток. Значи, и растурникот-земјопоседник мора или да го изеде својот капитал, т.е. да пропадне, или самиот да стане арендатор на својата сопствена земја, т.е. да стане земјоделски индустријалец.
Затоа намалувањето на паричната камата — сметано од Прудон за укинување на капиталот и како тенденција за неговата социјализација — напротив, непосредно е само симптом на потполната поделба на капиталот што дејствува, над богатството што растура, т.е. симптом на претворањето на секоја приватна сопственост во индустриски капитал. Тоа е потполна победа на приватната сопственост над сите нејзини привидно уште човечки својства и потполно потчинување на приватниот сопственик — од сушноста на приватната сопственост — трудот. Се разбира, и индустрискиот капиталист исто така троши и се насладува. Тој ни најмалку не се враќа кон противприродната едноставност на потребите. Но неговото трошење и насладување е нешто само странично; тоа е за него отпочинување, потчинето на производството; освен тоа е пресметано, т.е. исто така економско насладување, бидејќи капиталистот го пресметува своето насладување во трошоците на капиталот, и затоа тој има право да троши пари за свое насладување само во толкава сразмера, што тие загуби би можеле да бидат надоместени со лихва преку репродукцијата на капиталот. На тој начин, насладувањето потчинето на капиталот, индивид што се насладува — спроти индивидот што капитализира, додека порано стануваше обратно. Затоа намалувањето на паричната камата е симптом на укинување на капиталот само во смисла што тоа е симптом на неговото довршувано госпотствување, симптом на довршувано и затоа кон своето уништување насочено отуѓување. Затоа воопшто тоа е единствен начин на кој она што постои ја потврдува својата спротивност.
Затоа спорот на политичките економисти за луксузот и штедливоста е само спор меѓу политичката економија што си ја разјаснила сушноста на богатството и онаа политичка економија што уште се наоѓа во плен на романтични антииндустриски спомени. Но обете страни не умеат предметот на спорот да го сведат на неговиот прост израз, и затоа не можат да излезат на крај една со друга.
Понатаму, земјишната рента беше кутната како земјишна рента — со тоа што поновата политичка економија — спротивно на физиократите, што тврдеа дека земјопоседникот е единствен вистински производител, го докажа тоа дека земјопоседникот како таков, напротив, претставува единствен воопшто непродуктивен рентиер. Според поновата политичка економија, агрикултурата е дело на капиталистот, што му дава таква примена на својот капитал, ако од таа примена може да очекува нормална добивка. Затоа тезата на физиократите, дека земјопоседниците, како единствено продуктивни сопственици, се должни сами да ги плаќаат државните даноци и, значи, само тие имаат право да ги одобруваат и да земаат учество во државните работи — таа теза се претвора во спротивно тврдење, дека данокот врз земјишната рента е единствен данок врз непродуктивен приход и, значи, единствен данок што не му нанесува штета на националното производство. Јасно е дека при такво разбирање на работите и политичките привилегии на земјопоседниците веќе не можат да произлегуваат од тој факт што се тие главни данокоплаќачи.
Сето она што Прудон го смета за движење на трудот против капиталот е само движење на трудот во форма на капитал, т.е. движење на индустрискиот капитал против капиталот не употребуван во својство на капитал т.е. не на индустриски начин. И тоа движење оди по својот победoносен пат, т.е. по пат на победа на индустрискиот капитал. — На тој начин, ние гледаме дека само во тој случај, ако трудот се разгледува како сушност на приватната сопственост, може да се објасни вистинската природа и на политичко-економското движење како такво.
Општеството — онакво какво што му се чини на политичкиот економист — е буржоаско општество, каде што секој индивид претставува некаков затворен комплекс на потреби и постои за друг само дотолку — а друг постои за него само дотолку, — доколку тие обата стануваат средство еден за друг. Слично на политичарите во нивните расудувања за правата на човекот, и политичкиот економист сведува сѐ на човекот, т.е. на индивидот, на кого тој му ги одзема сите определени својства, за да го разгледува само како капиталист или работник.
Поделбата на трудот е политичко-економски израз на општествениот карактер на трудот во рамките на отуѓувањето. Инаку кажано, бидејќи трудот е само израз на човечката дејност во рамките на отуѓувањето, пројава на животот како негово отуѓување, тогаш и поделбата на трудот не е ништо дpyгo освен отуѓено, самоотуѓено поставување на човечката дејност како реална генеричка дејност, или како дејност на човекот како генеричко суштество.
Што се однесува до сушноста на поделбата на трудот, — којашто, откако трудот е признаен за сушност на приватната сопственост, природно мораше да се разгледува како еден од главните подвижници на производството на богатството, — т.е. што се однесува до таа отуѓена и самоотуѓена форма на човечка дејност како генеричка дејност, политичките економисти се искажуваат мошне нејасно и противречно.
Адам Смит:
„Поделбата на трудот не ѝ го должи своето потекло на човечката мудрост. Таа е нужен резултат на бавниот и постепен развиток на наклоноста за размена и меѓусебна трговија на продукти. Таа наклоност спрема трговијата е веројатно нужна последица од користењето на разумот и зборот. Таа им е својствена на сите луѓе и не се среќава кај ниедно животно. Животното, штотуку ќе постигне зрела возраст, живее само за себе, сосем независно од други. А човекот постојано има потреба од помошта на други луѓе, и тој попусто би очекувал таква помош само од самата нивна добра волја. Многу посигурно ќе биде да се апелира кон нивната лична заинтересираност и да се уверат во тоа дека нивната сопствена корист им диктира да го сторат она што го сака тој од нив. Имајќи работа со други луѓе, ние не апелираме кон нивната човечност, туку кон нивниот егоизам. Ние никогаш не им зборуваме за нашите потреби, туку секогаш зборуваме за нивната корист. — Бидејќи, значи, ние ги добиваме меѓусебно повеќето за нас неопходни услуги благодарејќи на размената, трговијата, купопродажбата, тогаш токму таа наклоност спрема трговијата и ја породила поделбата на трудот. На пример, во некое ловечко или овчарско племе некој човек изработува лакови и стрели побрзо и посмасно одошто други. Тој често ги разменува тие производи на својот труд за добиток и дивеч од своите соплеменици. Скopo тој забележува дека на тој начин може полесно да се здобие со нив одошто кога самиот би одел на лов. Движен од себичната пресметка, тој затоа го зема за своја главна работа правењето лакови и стрели. Различноста на природните дарби кај индивидите не е толку причина колку последица на поделбата на трудот ... Ако немаше кај човекот наклоност за размена и трговија, секој индивид би бил принуден сам да си приготвува и прави сѐ неопходно за егзистенцијата и животните удобности. Секој би морал да исполнува една и иста секојдневна работа, и тогаш не би имало онаква огромна различност во видовите работа, којашто само и единствено може да ја породи големата различност во дарбите. — Како што таа наклоност за размена и породува меѓу луѓето различни дарби, така истата наклоност ја прави таа различност корисна. Многу раси животни, иако припаѓаат кон еден ист вид, имаат од природата толку различен карактер и толку различни наклоности, што тие разлики се повеќе очевидни одошто различностите што се гледаат меѓу необразованите луѓе. Меѓу филозофот и носачот различноста по природа не е ни наполу толку голема, — во смисла на дарби и ум, — како различноста меѓу домашниот пес и 'ртот, меѓу 'ртот и песот птичар, меѓу птичарот и овчарскиот пес. Толку повеќе тие различни животни, без обѕир на нивната припадност кон еден и ист вид, немаат речиси никаква корист еден од друг. Домашниот пec, што ја има предноста на својата сила, нема никаква корист од брзината и подвижноста на 'ртот итн. Поради немањето способност или наклоност за трговија и размена, резултатите од дејноста на тие различни дарби или степени на интелигентноста не можат да бидат собрани заедно и воопшто не придонесуваат за користа или заедничките удобности на сиот вид. Секое животно е принудено само себе да се издржува и да се брани независно од другите; тоа не може да извлече ни најмала корист од различноста на овие способности со кои природата ги дарувала другите животни од ист сој. Кај луѓето, напротив, најразличните дарби се покажуваат корисни една за друга, затоа што, благодарејќи на наклоноста на сите луѓе за размена и трговија, различните продукти од нивните различни дејности се собираат, така да се рече, во една општа маса, кадешто секој човек може, според своите потреби, да си купи извесен дел од производите на трудот на други луѓе. — Бидејќи извор на поделбата на трудот е таа наклоност за размена, оттука произлегува дека порастот на таа поделба на трудот секогаш е ограничен од размерите на способноста за размена или со други зборови од големината на пазарот. Ако е пазарот мошне мал тогаш никој нема да сака дa се занимава наполно само со одделен вид работа — поради немањето можност да го разменува одвишокот на производите на својот труд ненужен за негова сопствена употреба а за сличен одвишок на оние производи на туѓ труд што тој би сакал да ги добие ... „Во цивилизирана состојба“ секој човек живее од размена и станува своевиден трговец а самото општество е заправо тргoвскo општество“ (в. Дестит де Траси: „Општеството е низа меѓусебни размени, во трговијата е сета сушност на општеството“). „... Акумулацијата на капиталите расте заедно со поделбата на трудот и обратно“.
— Така вели Адам Смит.
„Кога секое семејство би ја произведувала сета вкупност на предметите од својата потрошувачка тогаш општеството би можело да постои и без каква и да било размена. — Иако размената не е основа на општеството, без неа не може да се мине во цивилизираната состојба на нашето општество. — Поделбата на трудот е умешна примена на човечките сили; таа ги умножува производите на општеството, ја зголемува неговата моќ и неговите насладувања, но таа ги ограничува, ги намалува способностите на секој човек, земен одделно. — Производството не може да се одржи без размена.“
— Така вели Ж. Б. Сеј.
„На човекот својствени сили од природата се: неговиот разум и неговата физичка способност за работа. А силите што произлегуваат од општествената состојба се состојат во способноста да се поделува трудот и да се разделуваат меѓу различни луѓе различни видови работа, неопходни за добивањето на средства за егзистенција, и во способноста за размена со меѓусебни услуги и производи, што претставуваат средства за егзистенција. — Мотивот, поради кој еден човек му прави услуга на друг — има егоистички карактер: човекот бара награда за услугата направена на друг. — Правото за исклучива приватна сопственост е неопходен услов за да има меѓу луѓето размена“. „Размената и поделбата на трудот меѓусебно се условуваат една со друга“.
— Така вели Скарбек.
Мил ја прикажува развиената размена, трговијата, како последица на поделбата на трудот:
„Дејноста на човекот може да се сведе на мошне едноставни елементи. Заправо тој може да прави само едно: да произведува движење; тој може да ги разменува предметите, да ги приближи едно до друго или да ги оддалечи едно од друго; сето друго го прават својствата на материјата. Применувајќи труд и машини, луѓето често забележуваат дека ефектот може да биде засилен преку умешно распределување на операциите, а токму преку одделувањето на операциите една од друга што си пречат една на друга и обединувањето на сите овие операции што можат на еден или друг начин да се дополнуваат. Општо земено, луѓето не можат да исполнуваат многу различни операции со иста брзина и умешност, со какви што тие, благодарејќи на опитот, се научуваат да исполнуваат мал број на операции. Затоа секогаш се покажува како корисно колку што е можно повеќе да се ограничува бројот на операциите што му се доверуваат на секој одделен индивид. — За најкорисна поделба на трудот и најкорисно распределување силите на луѓето и машините, во мошне многу случаи е нужно да се дејствува во голем размер, т.е. да се произведуваат богатства во големи маси. Оваа корист е причина за појавувањето на големи мануфактури. Понекогаш мал број такви мануфактури, основани во поволни услови, снабдуваат не само една земја, туку неколку земји со сето потребно количество предмети произведувани од нив“.
— Така вели Мил.
Сепак сите современи политички економисти се согласуваат во тоа дека поделбата на трудот и богатството на продукцијата, поделбата на трудот и акумулацијата на капиталот меѓусебно се условуваат едно со друго и дека од стеги ослободената приватна сопственост, препуштена сама на себе, може самата да создаде најкорисна и најобемна поделба на трудот.
Расудувањата на Адам Смит можат да се резимираат на следниот начин:
Поделбата на трудот му дава на трудот бескрајна производителност. Таа се засновува врз наклонетоста за размена и трговија, специфично човечка наклонетост, што веројатно не е случајна, туку е условена од примената на разумот и јазикот. Мотивот што ги раководи луѓето кои прават размена меѓу себе не е човекољубивоста туку егоизмот. Разнообразноста на човечките дарби е поскоро последица одошто причина на поделбата на трудот, т.е. размената. Само размената и ја прави корисна таа разнообразност. Посебните својства на различен сој животни од еден ист вид се по природа поостри одошто различноста на луѓето со едни или други способности и дејности. Но бидејќи животните се неспособни за размена, ниеден животински индивид нема никаква корист од различните својства на животните од друг сој а на истиот вид. Животните не можат да ги собираат заедно различните својства од својот вид, тие не можат ништо да сторат за заедничката корист и заедничките удобности на својот вид. Инаку е со човекот. Тука најразличните дарби и видови дејност се покажуваат корисни едни за други, затоа што луѓето умеат да ги соберат своите различни производи во една општа маса, од каде што секој може да си го купи она што му треба. Бидејќи поделбата на трудот произлегува од наклоноста за размена, таа поделба расте и се ограничува во определени граници во зависност од големината на размената, пазарот. Во цивилизирана состојба секој човек е трговец, а општеството е трговско општество.
Сеј ја смета размената за нешто случајно, а не основно. Општеството би можело да постои и без неа. Размената станува неопходна во цивилизираната состојба на општеството. Меѓутоа производството не е можно без размена. Поделбата на трудот е удобно, корисно средство, умешна примена на човечките сили за создавање на општествено богатство, но таа ги намалува способностите на секој човек, земен поодделно. Таа последна забелешка претставува чекор напред од страна на Сеј.
Скарбек ги разликува индивидуалните, од природата својствени на човекот сили — разумот и физичката способност за труд, од силите што произлегуваат од општеството, размената и поделбата на трудот, што меѓусебно се условуваат едни со други. А нужна претпоставка за размената претставува според Скарбек, приватната сопственост. Тука Скарбек во објективна форма го изразува она што го велат Смит, Сеј, Рикардо и др., кога укажуваат на егоизмот, приватниот интерес, како основа на размената, или кога ја наречуваат трговијата суштинска и адекватна форма на размена.
Мил ја претставува трговијата како последица на поделбата на трудот. Човечката дејност се сведува, според негово мислење, на механичко движење. Поделбата на трудот и примената на машините придонесуваат за богатството на продукцијата. На секој човек треба да му се доверуваат колку е можно помал број операции. Од своја страна, поделбата на трудот и примената на машините условува масовно производство на богатства, т.е. производи. Тоа и е причина за појавувањето на големи мануфактури.
Разгледувањето на поделбата на трудот и размената е од голем интерес, зашто тоа се нагледно отуѓени изрази на човечката дејност како генеричка дејност и на човечката суштинска сила како генеричка суштинска сила.
Да се рече дека поделбата на трудот и размената се засновуваат врз приватната сопственост е исто што и тврдењето дека трудот е суштина на приватната сопственост, — тврдење кое политичкиот економист не може да го докаже и кое што место него ние имаме намера да го докажеме. Токму околноста дека поделбата на трудот и размената се форми на приватната сопственост, токму и е доказ дека човечкиот живот за своето остварување имал потреба од приватната сопственост така и тоа дека сега тој има потреба од укинувањето на приватната сопственост.
Поделбата на трудот и размената — тоа се две појави при разгледувањето на кои политичкиот економист се перчи со општествениот карактер на својата наука и уште веднаш, без да поземе здив, несвесно ја искажува во неа содржаната противречност, а имено заснованоста на општеството со помошта на неопштествени, посебни интереси.
Нам ни останува да ги разгледаме следниве моменти:
Прво, наклоноста за размена основата на која политичкиот економист ја наоѓа во егоизмот, се разгледува како причина или заемнодејствувачки фактор на поделбата на трудот. Сеј ја смета размената за нешто што не е основно за сушноста на општеството. Богатството, производството се објаснуваат со поделбата на трудот и размената. Се признава дека поделбата на трудот предизвикува осиромашување и деградација на индивидуалната дејност. Размената и поделбата на трудот се признаваат за причини за големата разнообразност на човечките дарби, разнообразност што станува корисна благодарејќи пак на размената. Скарбек ги дели продукционите или продуктивните суштински сили на човекот на два дела: 1) на индивидуални, од природата својствени на човекот сили — неговиот разум и специјална наклоност или способност за определен труд, и 2) на сили што произлегуваат од општеството, а не од реалниот индивид — поделбата на трудот и размената. — Понатаму: поделбата на трудот е ограничена од пазарот. — Човечкиот труд е просто механичко движење; најглавното се исполнува од материјалните својства на предметите. — На секој одделен индивид треба да му се доверуваат колку е можно помалку операции. — Поделбата на трудот и концентрација на капиталот, неефективноста на индивидуалното производство и масовно производство на богатство. — Значењето на слободната приватна сопствoност за поделбата на трудот.[4]
Забелешки на уредникот на изданието
[1] Во ракописот тука е скинат левиот долен агол на страницата, поради што од последните шест pедa од текстот на страницата, останале само десните завршоци на редови, што не даваат можност да се реставрира сиот текст, но кои даваат можност да се претпастави дека Маркс тука го критикува Хегеловото идеалистичко „надминување“ на отуѓеноста. Редовите завршуваат вака:
... на старогермански начин — на начин на Хегеловата феноменологија — така
... сега утврден како надминат момент
... и при тоа може да се смири, во својата свест
... човечкото битие само преку стварна
... да се укине
... мисли подоцна како и порано
... стварна на него
[2] При „надминувањето“ на отуѓувањето на старогермански начин — на начин нa Хегеловата „феноменологија“, т.е. со негово надминување исклучиво во „свеста“ на субјектот.
[3] Во ракописот тука е скинат долниот дел на страницата, недостигаат приближно три-четири реда од текстот.
[4] Тука, на левата половина од XXXVIII страница, се прекинува делот на ракописот што е напишан во вид на дополнение на XXXIX страница од вториот ракопис. Понатаму во третиот ракопис следува празна десната половина од XXXVIII страница, а потоа иде „Предговор“ (на стр. ХХХIХ — XL) и фрагментот за парите (на стр. XLI — XLIII).