Карл Маркс
Економско-филозофски ракописи

Земјишна рента


Правото на земјопоседниците потекнува од грабежот. (Сеј, том I, стр. 136, забелешка). Земјопоседниците, како и сите луѓе, сакаат да жнеат таму каде што не сеале и бараат рента дури за природните плодови на земјата. (Смит, том I, стр. 99).

„Би можело да се помисли дека земјишната рента е сама добивка од капиталот што сопственикот го употребил за мелиорација на земјиштето ... Има случаи кога земјишната рента може да претставува таква добивка ... Сепак 1) земјопоседникот бара рента дури и на немелиорирано земјиште, а тоа што може да се разгледува како камата или добивка од трошоците за мелиорација е само додаток (дополнение, адиција) кон таа првобитна рента; 2) освен тоа, таквата мелиорација не се прави секогаш за сметка на земјопоседниците — понекогаш заради тоа се трошат капитали на арандаторите (закупниците); па сепак, кога станува прашање за обновување на арендата (закупнината), земјопоседникот обично бара такво зголемување на рентата како сета таа мелиорација да била направена на сметка на неговиот сопствен капитал. 3) Дури и повеќе, понекогаш тој бара рента дури и за тоа што никако не може да биде подобрено со човечка рака“ (Смит, том I, стр. 300-301).

Како пример што го илустрира последниов случај Смит ја приведува соленката (Seekrapp, salicorne) — вид морско растение, — што по изгорувањето дава алкална сол, која се употребува за правење стакло, сапун итн. Таа растение расте во Велика Британија, првенствена во Шкотска, на различни места, но само на такви карпи што се наоѓаат под рамништето на морскиот одлив и прилив; двапати дневно тие се покриени од морските бранови и затоа нивниот продукт никогаш не може да биде зголемен со вложувањето на човечкиот труд. Па сепак сопственикот на такво парче земјиште каде што расте тој вид растение, бара за себе рента исто онака како и од земјиштето засеано со жита. Близу до Шетландските острови морето е необично богато со риба. Голем дел од нивните жители живеат од риболов. Но да може да се користи продуктот на морето, е неопходно да се има живеалиште на оние делови суша што се допираат до морето. Тука земјишната рента не е пропорционална на она што арендаторот може да го извлече од земјата, туку на она што може да го добие од земјата и морето заедно (Смит, том I, стр. 301-302).

„Земјишната рента може да се разгледува како производ на оние природни сили чие што користење сопственикот му го препушта на арендаторот во вид на заем. Тој продукт е поголем или помал во зависност од големината на соодветната сила на природата; со други зборови, во зависност од степенот на природната или искуствено создадената плодородност на земјата. Тоа е оној продукт на природата што останува по одбивањето или изедначувањето на сето она што може да се смета како дело на човечките раце“ (Смит, том II, стр. 377-378).

Земјишната рента, разгледувана како цена што се плаќа за користење на земјата, е на тој начин, се разбира, монополска цена. Таа ни најмалку не им е пропорционална на подобрувањата внесени во земјата од земјопоседникот, или на она што тој треба бездруго да си го земе за да не биде во загуба. Но таа му одговара на она што може да го даде арендаторот без загуба за себе“ (Смит, том I, стр. 302).

„Од трите основни класи на општеството, класата на земјопоседниците е таква класа што нејзиниот доход не ја чини ни труд, ни грижи: тој доход ѝ доаѓа, така да се каже, сам од себе, без каква било замисла или план од страна на таа класа“ (Смит, том II, стр. 161).

Ние веќе чувме дека големината на земјишната рента зависи од степенот на плодородноста на земјиштето.

Друг момент што ја определува е местоположбата на земјиштето.

„Рентата се менува во зависност од плодородноста на земјата, без оглед на нејзиниот продукт, и во зависност од местоположбата на земјиштето, без оглед на плодородноста на земјата“ (Смит, том I, стр. 306).

„Ако различни земјишта, рудници или рибарски ловишта имаат еднаква природна продуктивност, тогаш количеството на нивниот продукт ќе се наоѓа во зависност од големината и од повеќе или помалу умешното вложување на капиталите вложени во нивната обработка и експлоатација. А ако капиталите се еднакви и се вложуваат со еднаква умешност, тогаш продуктот ќе биде пропорционален на природната продуктивност на тие земјишта, рудници, или рибарски ловишта“ (Смит, том II, стр. 210).

Овие поставки на Смит се важни затоа што при еднакви производствени трошоци и еднакви размери на капиталите ја сведуваат земјишната рента на поголемата или помала плодородност на земјата. Тоа е јасно сведоштво за извртувањето на поимите во политичката економија, што ја претвора плодородноста на земјата во својство на земјопоседникот.

Да ја разгледаме сега земјишната рента; како таа се обликува во стварните меѓусебни односи меѓу луѓето.

Земјишната рента се утврдува во борбата меѓу арендаторот и земјопоседникот. Ние гледаме насекаде во политичката економија дека основа на општествената организација претставува непријателска спротивност на интереси, борба, војна.

Да видиме каков е меѓусебниот однос меѓу земјопоседникот и арендаторот.

„При утврдување на условите на спогодбата за закуп земјопоседникот се труди, според можностите на арендаторот, да не му остави повеќе од она што е неопходно за надополнување на капиталот вложен за семе, исплаќањето на трудот, работниот добиток и другите орудија на производството, и за добивање на добивка вообичаена за стопанствата под закуп во дадениот реон. Сосем е јасно дека е таа најмалиот дел со кој може да се задоволи арендаторот, без да има загуба, а земјопоседникот е ретко склон да му остави повеќе. Сѐ што останува од продуктот или од неговата цена над тој дел, колкав и да е тој остаток, сопственикот се труди да го задржи за себе во вид на земјишна рента — најголемата што може арендаторот да ја плати при дадената состојба на земјата. Овој одвишок секогаш може да се смета за природна земјишна рента, или за таква рента за каква, се разбира, се даваат во закуп повеќето земјишта“ (Смит, том I, стр. 299-300).

„Земјопоседниците, вели Сej, остваруваат своевиден монопол во однос на арендаторот. Побарувачката на нивната стока, земјата, може да расте без запир; но количеството на нивната стока достига само до определена точка ... Зделката, направена меѓу земјопоседникот и арендаторот е колку е можно погодна секогаш за првиот ... Освен предностите извлекувани од самата природа на нештата, тој извлекува уште погодности за себе од својата положба, подобрата имотна состојба, кредитот, престижот; но и само првите погодности се достатни тој секогаш да има можност сам да ги користи сите благопријатни околности сврзани со дадено земјиште. Отварањето на еден канал или еден направен пат, порастот на населението и благосостојбата на даден реон секогаш ги покачува цените за закупот ... Вистина, и самиот арендатор може да мелиорира земјиште на своја сметка; но користа од капиталот вложен во таа мелиорација тој ја извлекува само додека трае договорот за закупот, а со истечувањето на рокот на договорот, печалбата сета преминува кај земјопоседникот; од тој момент последниот извлекува оттука камата, иако за тоа не направил никакви трошоци: наемнината сразмерно нараснува“ (Сеј, том II, стр. 142-143).

„Затоа земјишната рента, разгледувана како цена што се плаќа за користење на земјиштето, природно се покажува како највисока цена што може да ја плаќа арендаторот при дадена состојба на земјиштето“ (Смит, том I, стр. 299).

„Поради тоа земјишната рента добивана од површината на земјата претставува во повеќето случаи една третина од вкупниот продукт и обично претставува постојана величина, што не зависи од случајни колебања на жетвата“ (Смит, том I, стр. 351). „Таа рента е ретко помала oд четвртина од вкупниот продукт“ (пак таму, том II, стр. 378).

Земјишната рента не може да се наплатува од сите стоки. Така на пример, за камењата во некои месности не се плаќа земјишна рента.

„Обично на пазарот можат да се донесуваат сама оние производи на земјата, само оние делови на земјоделскиот продукт за кои постојните цени се доволно високи за надоместување на капиталот, потрошен за нивното донесување таму, и за добивање на обичните добивки на тој капитал. Ако цената го покрива тоа со одвишок, тогаш одвишокот оди, природно, на земјишната рента. А ако цената само го покрива тоа, стоката, се разбира, може да се носи на пазар, но за земјишната рента не му останува ништо на земјопоседникот. Дали цената ќе биде и повеќе одошто достатна за покривањето на сите трошоци на производството, зависи од побарувачката“ (Смит, том I, стр. 302-303).

„Земјишната рента влегува во состав на цената на стоките на сосем инаков начин, одошто надницата и профитот од капиталот. Високата или ниската стапка на надницата и профитот претставуваат причина за високата или ниската цена на стоките, а високата или ниската стапка на земјишната рента претставува резултат од таа цена“ (Смит, том I, стр. 303-304).

Во оние производи што секогаш донесуваат земјишна рента спаѓаат предметите на исхраната.

„Бидејќи луѓето, како и сите животни, се размножуваат сразмерно со средствата за егзистенција, за предметите за исхрана секогаш има поголема или помала побарувачка. За предметите за исхрана секогаш ќе може да се купи повеќе или помалку труд и секогаш ќе се најдат луѓе готови да извршат некоја работа за да добијат предмети за исхрана. Вистина, трудот што може да се купи за храна не е секогаш рамен на оној труд што би можел да се издржи од таа храна во случај кога таа би била распределена на најекономичен начин, а ова станува затоа што надницата е понекогаш висока. Сепак, за храна може секогаш да се купи толку труд колку што труд може таа храна да издржи според стапките што постојат за поодделен вид труд во одделна земја. Затоа при сите можни ситуации земјата произведува повеќе храна одошто ѝ е потребно за издржување на сиот труд, што учествува во производството на таа храна, сѐ до нејзиното доставување на пазарот. Одвишокот на таа храна е секогаш повеќе одошто достатен за да се надомести со добивка капиталот што го става во движење тој труд. На тој начин секогаш останува нешто за исплаќање на рентата на земјопоседникот“ (Смит, том I, стр. 305-306). Храната не е само првичен извор на земјишната рента, туку и подоцна, кога други продукти на земјата почнуваат да донесуваат рента, земјопоседникот има да заблагодари за рентата пак на порастот на производната сила на трудот, што произведува продукти за исхрана, што е резултат на култивирањето и подобрувањето на земјиштето“ (Смит, том I, стр. 345). „Значи, продуктите за исхрана секогаш даваат можност за исплаќање на земјишната рента“ (том I, стр. 337). „Бројноста на населението на една или друга земја не одговара на оној број луѓе што земјата може да ги облече и да им даде живеалиште, туку на оној број луѓе што таа може да ги исхрани со својот продукт“ (Смит, том I, стр. 342).

„Две најважни потреби на луѓето после храната се потребите за облека и живеалиште (со огревот). Во повеќето случаи, предметите што служат за задоволувањето на тие потреби донесуваат земјишна рента, но тоа не е секогаш бездруго така“ (Смит, том I, стр. 337-338).

Да видиме сега како сопственикот на земјата ги експлоатира сите предности на општеството.

1) Земјишната рента се зголемува со порастот на бројот на населението (Смит, том I, стр. 335).

2) Веќе чувме од Сеј како се зголемува земјишната рента со изградувањето железници итн., сразмерно со усовршувањето и умножувањето на сообраќајните средства и зголемување на нивната безбедност.

3) „Секое подобрување на условите за живот на општеството има тенденција директно или индиректно да ја повишува земјишната рента, да го зголемува реалното богатство на земјопоседникот, т.е. неговата сила што му дава можност да купува туѓ труд или негов производ ... Прогресот во мелиорацијата и обработката на земјата води кон тоа директно. Со порастот на продуктот бездруго расте и уделот на земјопоседникот во тој продукт ... Порастот на реалните цени на тие видови суровина, на пример, порастот на цените на добитокот води исто така кон зголемување на земјишната рента и при тоа во уште поголема пропорција. Расте не само реалната вредност на делот на земјопоседникот и со самото тоа неговата реална власт над туѓиот труд — туку со порастот на реалната вредност на продуктот бездруго расте исто така и релативната големина на делот од земјопоседникот во вкупниот продукт. По порастот на реалната цена на даден продукт, неговото производство не бара поголем труд одошто порано, а затоа заради надоместување на вложениот капитал со неговите вообичаени добивки сега е потребен помал дел на продуктот одошто порано. На тој начин преостанатиот дел од продуктот, му припаѓа на земјопоседникот, ќе биде во споредба со вкупниот продукт сега многу поголем одошто порано“ (Смит, том II, стр. 157-159).

Зголемувањето на побарувачката за суровини и повишувањето на нивната вредност, што произлегува од тоа, делум може да биде резултат на порастот на населението и зголемувањето на неговите потреби. Но и секој нов пронајдок, секоја нова примена на порано неискористувана или малу искористувана суровина во индустријата, ја зголемува земјишната рента. Така на пример, со појавата на железниците, парабродите итн. во голема мера порасна земјишната рента на рудниците на јаглен.

Освен користа што ја извлекува земјопоседникот од индустријата, од пронајдоците, од трудот, ние сега ќе видиме и уште една корист.

4) „Оние видови повишување на производната сила на трудот што водат непосредно до снижување на реалната цена на продуктите од мануфактурата, индиректно доведуваат до зголемување на реалната земјишна рента. За продуктот од мануфактурата земјишниот сопственик го менува оној дел од својата суровина, што се јавува како одвишок на неговата лична употреба, или како цена на тој дел. Сѐ што ја намалува реалната цена на производите на мануфактурата ја зголемува реалната цена на производите од земјоделството. Отсега едно исто количество суровини ќе одговара веќе на поголемо количество производи на мануфактурата, и земјишниот сопственик добива можност да си доставува повеќе удобност, да си зема повеќе украси и предмети за раскош“ (Смит, том II, стр. 159).

Но кога Смит, врз основа на тоа што земјопоседникот ги експлоатира сите користи на општеството, заклучува (том II, стр. 161), дека интересот на земјопоседникот е секогаш идентичен со интересот на општеството, тогаш тоа е бесмислено. Според политичката економија, при госпотствувањето на приватната сопственост заинтересираноста на индивидот во општеството е директно спротивна на заинтересираноста на општеството за него, како што заинтересираноста на лихварот за растурникот ни најмалку не е идентична со интересите на растурникот.

Ние само патем ја споменуваме страста на земјопоседникот за монопол, управена против земјишната сопственост на туѓите земји; во тоа го имаат својот корен на пример законите за житото. Исто така тука нема да зборуваме за средновековното крепосништво, за ропството во колониите, за бедата на земјоделските работници во Велика Британија. Ние ќе се придржуваме до поставките на самата политичка економија.

1) Земјопоседникот е заинтересиран за благосостојбата на општеството, велат поставките на политичката економија; тој е заинтересиран за порастот на населението, за индустриското производство, за умножувањето на потребите на општеството, со еден збор, за порастот на неговото богатство, а тој пораст, како што видовме од претходното, е идентичен со порастот на бедата и ропството. Врската меѓу нараснувачката станбена наемнина и порастот на бедата претставува пример за заинтересираноста на земјопоседникот за општеството, бидејќи со порастот на станбената наемнина се зголемува земјишната рента — процентот на земјиштето на кое стои некоја куќа.

2) Според самите политички економисти, интересите на земјопоседникот се непријателски спротивни на интересите на арендаторот, т.е. веќе на значителен дел на општеството.

3) Бидејќи земјопоседникот може да бара од арендаторот толку повеќе рента колку што арендаторот исплатува помалку надници, и бидејќи арендаторот толку повеќе ја снижува надницата колку повеќе земјишна рента бара од него сопственикот на земјата, интересите на земјопоседникот се во исто толкава мера непријателски спрема интересите на безземјашите во колкава што мерка интересите на сопственикот на индустриското претпријатие се непријателски спрема интересите на неговите работници. Интересот на земјопоседникот исто така ја сведува надницата на минимум.

4) Бидејќи реалното снижување на цените на индустриските производи ја зголемува земјишната рента, земјосопственикот е директно заинтересиран за намалувањето на надницата на индустриските работници, за конкуренцијата меѓу капиталистите, за хиперпродукцијата, за сите неволји што се породуваат од развитокот на индустријата.

5) Ако, значи, интересите на земјопоседникот ни најмалку не се идентични со интересите на општеството и се непријателски спротивни на интересите на арендаторите, безземјашите, индустриските работници и капиталистите, тогаш, од една страна, интересите на еден земјопоседник ни најмалку не се идентични со интересите на друг земјопоседник — поради конкуренцијата што сега ќе ја разгледаме.

Уште во својот најопшт вид односот меѓу големиот и малиот земјопосед е исто онаков како односот меѓу големиот и малиот капитал. Но кон тоа се присоединуваат уште посебни околности, што безусловно предизвикуваат натрупување на големиот земјопосед и голтнување на малиот од него.

1) Никаде сразмерното количество работници и орудија на трудот не се смалува со зголемувањето на размерите на претпријатието толку силно како во земјоделството. Исто така никаде толку силно како во земјоделството, не расне можноста за сестрана експлоатација, економисување со производните трошоци и умешната поделба на трудот со зголемувањето на размерите на претпријатието. Колку и да е мало парчето земја, количеството орудија на трудот неопходни за неговата обработка, како плуг, пила итн., достига до извесна граница од која веќе не може понатаму да се намалува, додека размерите на земјопоседот може да се намалуваат значително пониско од таа граница.

2) Големиот земјопоседник си акумулира камата од капиталот вложен од арендаторот за подобрување на земјиштето. Малиот земјопоседник е принуден да вложува во таа работа свој сопствен капитал. Значи, сета таа добивка за него отпаѓа.

3) Ако секое општествено усовршување оди во полза на крупниот земјопоседник, тоа му штети на малиот, бидејќи тоа секогаш бара од него големо количество готови пари.

4) При разгледувањето на таа конкуренција, треба да се запре на уште два важни закона:

α) рентата на земјиштата обработувани за производство на средствата за човечка исхрана ја регулира рентата на повеќето останати обработувани земјишта. (Смит, том I, стр. 331).

Такви средства за исхрана, како добитокот, може да произведува најпосле само крупен земјопосед. Значи, тој ја регулира рентата за останатите земјишта и може да ја снижува до минимум.

Во тие случаи малиот земјосопственик што работи сам на своето парче земја, се наоѓа спрема големиот земјосопственик во исто онаква положба како занаетчијата што има сопствено орудие, спрема фабрикантот. Малиот земјопосед станува просто орудие на трудот. За малиот земјосопственик земјишната рента сосем исчезнува, нему во најдобар случај му останува камата од неговиот капитал и неговата надница, зашто со конкуренцијата земјишната рента може да се снижи дотолку, што да претставува само уште камата од капиталот, што не е вложен од самиот земјосопственик.

β) Освен тоа, чувме веќе дека при еднаква плодородност, и еднакво умешна експлоатација на земјиштата, рудниците или рибарските ловишта, продуктот е пропорционален на размерите од капиталот. Значи, победува крупниот земјопосед. Исто така, при еднакви капитали, доходот е пропорционален на степенот од плодородноста на земјата. Значи, при еднакви капитали победата е на страната на сопственикот на поплодородните земјишта.

γ) „Што се однесува до некој рудник, може воопшто да се зборува за неговата плодност или неплодност во зависност од тоа дали количеството минерали извлекувани од него со примената на определено количество труд е поголемо или помало одошто она количество материјали што при употребата на исто толку труд може да се извлече од мнозинството други рудници од ист вид“ (Смит, том I, стр. 345-346). „Цената на продукцијата на најплодната рудничка шахта на јаглен ја регулира цената на јагленот за сите други рудници во соседството. Обајцата, земјишниот сопственик и претприемачот, сметаат, едниот — дека неговата рента ќе стане повисока, другиот — дека неговиот профит ќе порасне, ако го продаваат својот производ по пониска цена одошто нивните соседи. Во тој случај и соседите се принудени да ја продаваат својата продукција по таа иста цена, иако тие имаат помали можности за тоа, иако таа цена продолжува да се снижува и понекогаш не им остава ни рента ни профит. Некои руднички јами поради тоа сосем се напуштаат, другите веќе не донесуваат никаква рента и понатаму можат да се експлоатираат само од самиот сопственик на земјиштето“ (Смит, том I, стр. 350). „По откривањето на перуанските рудници, повеќето рудници на сребро во Европа беа напуштени ... Истото тоа стана и со рудниците во Куба и Сан-Доминго и дури и со старите рудници во Перу по откривањето на рудниците во Потоси“ (том I, стр. 353).

Тоа што го вели тука Смит за рудниците, во поголема или помала мерка е применливо за земјишната сопственост воопшто.

δ) „Треба да се одбележи дека обичната пазарна цена на земјата секогаш завеси од тековниот пазарен износ на каматна стапка ... Кога земјишната рента би опаднала значително пониско од паричната камата, тогаш никој не би купувал земјишта, што наскоро би предизвикало снижување на пазарните цени на земјиштето. И обратно, ако предностите на земјишната рента би ја повеќе одошто компензирале разликата меѓу рамништето на паричната камата и рамништето на земјишната рента, тогаш сите би се втурнале да купуваат земја, што пак наскоро би ја воспоставило нејзината обична пазарна цена“ (Смит, том II, стр. 367-368).

Од тој однос меѓу земјишната рента и паричната камата следува дека земјишната рента мора да опаѓа, така што на крајот на краиштата од земјишната рента можат да живеат само најбогатите луѓе. На тој начин конкуренцијата меѓу земјопоседниците што не ја даваат својата земја под закуп непрекинато расте. Пропаѓање на еден дел од тие земјопоседници. Нова концентрација на големиот земјишен посед.

Таа конкуренција доведува понатаму до тоа што значителен дел од земјишниот посед попаѓа во рацете на капиталистите, и капиталистите преку тоа стануваат истовремено и земјопоседници, исто онака како што и воопшто помалите земјопоседници постојат сега веќе само како капиталисти. Напоредно со тоа еден дел од големите земјопоседници стануваат истовремено индустријалци.

На тој начин краен резултат претставува уништување на разликата меѓу капиталистот и земјопоседникот, така што воопшто остануваат веќе само две класи на населението: работничка класа и класа на капиталистите. Тоа вовлекување на земјопоседот во трговијата, претворање на земјопоседот во стока означува крајно опаѓање на старата аристократија и крајно издигање на паричната аристократија.

1) Нам ни се туѓи сентименталните солзи што по тој повод ги пролива романтиката. Таа постојано брка два момента: гнасноста, содржана во бесрамните трговски махинации со земјата, и оние сосем рационални, во рамките на приватната сопственост нужни и пожелни последици, што се содржани во вовлекувањето во купопродажба на приватната сопственост на земјата. Прво, феудалниот земјопосед, веќе по самата своја сушност, е последица на нечисти махинации со земјата, нејзиното претворање во земја оттуѓена од човекот и поради тоа противставена нему во вид на неколцина големи господари.

Уште феудалниот земјопосед претставува госпотствување на земјата над луѓето, како власт на некаква туѓа сила. Крепосникот е додаток на земјата. Исто така и сопственикот на мајоратот, првородениот син, ѝ припаѓа на земјата. Таа го наследува него. Воопшто, госпотствувањето на приватната сопственост започнува од земјопоседот; земјопоседот претставува нејзина основа. Но при феудалниот земјопосед поседникот барем навидум изгледа крал на земјопоседот. Заедно со тоа таму уште постои привид на поинтимен однос меѓу сопственикот и земјата одошто врските на просто предметното богатство. Парчето земја се индивидуализира заедно со својот стопан, ја носи неговата титула, баронска или грофовска, неговите привилегии, неговата јурисдикција, неговата политичка положба итн. Земјиштето се јавува како неорганско тело на својот стопан. Оттука поговорката „nulle terre sans maître“ [нема земја без стопан], во која го наоѓа својот израз сраснувањето на господското величие, со земјопоседот. Исто така и госпотствувањето на земјопоседот не истапува тука непосредно како госпотствување на голиот капитал. Оние што му припаѓаат на тој земјопосед се однесуваат спрема него поскоро како кон своја татковина. Тоа е национализам од мошне ограничен карактер.

Исто така феудалниот земјопосед му дава име на својот сопственик, како што кралството му дава име на својот крал. Историјата на неговиот род, историјата на неговиот дом итн. — сето тоа го индивидуализира за него неговиот земјопосед, го претвора на формален начин во негов дом, го персонифицира. Исто така и оние што го обработуваат земјопоседот не се во положба на наемни надничари, туку делум самите, како крепосници, претставуваат негова сопственост, стојат делум спрема него во однос на почит, поданство и определени врски. Позицијата на земјопоседникот во однос спрема нив претставува затоа позиција непосредно политичка и заедно со тоа има извесна емоциoнална страна. Обичаите, карактерот итн. се менуваат од едно парче земја на друго, тие како да се сраснати со парчето земја, додека подоцна човекот го сврзува со парчето земја само неговото ќесе, а не неговиот карактер, не неговата индивидуалност. И најпосле, феудалниот земјосопственик не се труди да извлекува од својот земјишен посед максимална можна корист. Напротив, тој го троши она што се наоѓа таму, а грижата за добивањето нови средства спокојно им ја препушта на крепосниците и арендаторите. Таков е односот на благородништвото спрема земјопоседот, што го опкружува стопанот на земјата со некаков романтичен ореол.

Неопходно е тој привид да исчезне, за да биде вовлечен земјишниот посед, тој корен на приватната сопственост, во движење на приватната сопственост и да стане стока; госпотствувањето на сопственикот да истапи како чисто госпотствување на приватната сопственост, капиталот, без секаква политичка обоеност; односот меѓу сопственикот и работникот да се сведе на политичко-економски однос меѓу експлоататор и експлоатиран, за да престане секој личен однос меѓу сопственикот и неговата сопственост, и таа сопственост, да стане само предметно, материјално богатство; за да дојде на место бракот на честа со земјата бракот по сметка, и земјата исто онака како и човекот да се сведе на рамништето на продажна вредност. Неопходно е она што го претставува коренот на приватната сопственост — гнасната себичност — да истапи исто така и во својата цинична форма. Неопходно е неподвижниот монопол да се претвори во подвижен и беспокоен монопол, во конкуренција, а безделничката наслада од плодовите на туѓата крвава пот — во беспокојна трговија со него. И најпосле, неопходно е во процесот на таа конкуренција земјишниот посед во вид на капитал да го продемонстрира своето госпотствување како над работничката класа така и над самите сопственици, разурнувани и издигнувани според законите на движењето на капиталот. Со самото тоа местото на средновековната. поговорка „nulle terre sans seigneur“ [нема земја без господар], го зазема поговорката од поново време „l'argent n'a раѕ de maitre“ [парите немаат стопан], што јасно го изразува госпотствувањето на мртвата материја над луѓето.

2) Што се однесува за спорот за поделбата или неподелбата на земјишните поседи треба да се забележи следново:

Поделбата на земјишните поседи е негација на крупниот монопол на земјишната сопственост; тој го отстранува но само со тоа што му придава на тој монопол општ карактер. Основата на монополот — приватната сопственост, — поделбата на земјишните поседи не ја отстранува. Тоа посегнува на даден вид на постоење, а не на сушноста на монополот. Како последица на тоа поделбата на земјишните поседи станува жртва на законите на приватната сопственост. Работата е во тоа што поделбата на земјишните поседи му одговара на движењето на конкуренцијата во сферата на индустријата. Освен политичко-економските штети од поделбата на орудијата и од раздробувањето на трудот (тоа треба да се разликува од поделбата на трудот: тука работата не се разделува меѓу мнозина, туку една иста работа се исполнува од секој изолирано), т.е. има многукратно повторување на една иста работа, тоа разделување, како и гореспоменатата конкуренција, сепак нужно се претвора во акумулација и концентрација.

Затоа таму каде што има поделба на земјишните поседи не останува ништо друго освен или враќање кон монополот во уште поодвратен вид, или да се отстрани, да се подложи на негација самата поделба на земјишните поседи. Но тоа веќе не е враќање кон феудалниот земјишен посед, туку отстранување на приватната сопственост врз земјата воопшто. Првото отстранување на монополот секогаш означува да му се придава нему општ карактер, да се рашират рамките на неговото постоење. Отстранувањето на монополот што достигнал своја најширока и сеопфатна форма на постоење означува негово полно уништување. Асоцијацијата, применета врз земјата ги користи погодностите на крупниот земјишен посед во политичко-економски однос и прво ја реализира првобитната тенденција на поделбата — еднаквоста. Исто така асоцијацијата на разумен начин, а не преку крепосништво, спаиство и бесмислената сопственичка мистика, го воспоставува емоционалниот однос меѓу човекот и земјата: земјата престанува да биде објект на продажба, и благодарејќи на слободниот труд и слободното насладување, пак станува вистинска, лична сопственост на човекот. Голема предност на поделбата на земјишните поседи претставува тоа што тука масата, којашто не може да се реши повеќе за крепосничките синџири, пропаѓа од сопственоста инаку одошто во индустријата.

Што се однесува до крупниот земјишен посед, неговите заштитници секогаш софистички ги изедначувале политичко-економските користи на крупното земјоделство со крупниот земјишен посед, како божем да не е видно дека тие користи токму само со укинувањето на сопственоста добиваат, од една страна, најголем можен размав, а од друга страна, за првпат се покажуваат социјално корисни. Исто така тие заштитници на крупниот земјишен посед напаѓаат на продажниот дух на малиот земјишен посед, како божем крупниот земјишен посед, дури уште во неговата феудална форма да не содржел продажност во скришен вид. Јас веќе и не зборувам за современата англиска форма на земјишен посед, каде што феудализмот на земјопоседникот се претплетува со трговскиот дух и индустриската активност на арендаторот.

Како што крупниот земјишен посед може да ѝ го врати назад на поделбата на земјишните поседи прекорот за монополот, затоа што и поделбата на земјишните поседи се засновува врз монополот на приватната сопственост, така и поделбата на земјишните поседи може да му го врати на крупниот земјишен посед прекорот за поделбата, зашто и тука има поделба само во неподвижна, замрзната форма. Воопшто приватната сопственост се засновува врз поделбата. Освен тоа, како што поделбата на земјишните поседи доведува обратно до крупниот земјишен посед од капиталистички тип, така и феудалниот земјишен посед, порано или подоцна неизбежно мора да биде подложен на поделба, или барем да падне во раце на капиталистите, па какви сака итрини и извртувања да употребува.

Така станува зошто крупниот земјишен посед, како што го гледаме тоа во Англија, го турка претежното мнозинство во рацете на индустријата и ги доведува своите сопствени работници до степенот на потполна беда. На тој начин таа ја породува и зголемува моќта на својот непријател — капиталот, индустријата, туркајќи ја на негова страна сиромаштијата и сета дејност во земјата. Крупниот земјишен посед го прави мнозинството од населението во земјата индустриско, и затоа го претвора во противник на крупниот земјишен посед. Ако индустријата достигнала висока моќ, како што го гледаме тоа сега во Англија, тогаш таа чекор по чекор го одзема од рацете на крупниот земјишен посед неговиот монопол во однос на туѓите земји, и го принудува да конкурира со туѓинските земјопоседници. Работата е во тоа што при госпотствување на индустријата земјишниот посед може да си ја обезбедува својата, феудална моќ само преку монопол спрема туѓите земји, заштитувајќи се на тој начин од општите закони на трговијата, што ѝ се спротивни на неговата феудална сушност. Бидејќи вовлечен во орбитата на конкуренцијата, земјишниот посед ги следи законите на конкуренцијата, како и секоја друга стока потчинета на конкуренцијата. Тој во исто толкава мера ја губи постојаноста, ту се намалува ту се зголемува, преминува од раце в раце, и никакво законодавство веќе не може да го задржи во малкуте предопределени раце. Како непосреден резултат на тоа се јавува неговото раздробување во многу поседи, и во секој случај — потчинување на власта на индустрискиот капитал.

И најпосле, таквиот крупен земјишен посед, што е насилно запазен преку забранување на поделбата на земјиштата, и којшто напоредно со себе породил огромна индустрија, ќе доведе уште побрзо до криза одошто таквата поделба на земјишните поседи, при која моќта на индустријата останува сѐ уште второстепена.

Крупниот земјишен посед, како што го гледаме тоа во Англија, веќе го загубил својот феудален карактер и се здобил со прединдустриски карактер, доколку се труди да прави колку што е можно повеќе пари. Тој му донесува на сопственикот максимална можна земјишна рента а на арендаторот максимално можен профит на неговиот капитал. Во резултат на тоа надницата на земјоделските работници веќе е доведена до минимум, а класата на арендаторите претставува веќе внатре во рамките на земјишниот посед сила на индустријата и капиталот. Поради конкуренцијата со странство, земјишната рента во повеќето случаи престанува да биде таков доход што сама од себе достатно би го обезбедувал земјопоседникот. Значителен дел од земјопоседниците се принудени да го земаат местото на арендаторите, а овие последниве делум преминуваат во редовите на пролетаријатот. Од друга страна, мнозина арендатори стануваат земјопоседници; тоа станува затоа што крупните сопственици, што спокојно ги добиваат своите доходи, во голем дел се предаваат на растурништво и по правило се неспособни за раководење во земјоделството на големо, тие обично немаат ни капитал ни способност да ја експлоатираат земјата. На тој начин дел од нив исто така сосем пропаѓа. И најпосле, до минимум доведената надница треба да се снижува уште повеќе, за да може да се издржи новата конкуренција, а тоа неминовно води кон револуција.

Земјишниот посед морал да се развива и по едниот и по другиот начин, за да дојде и во едниот и во другиот случај до неизбежна пропаст, како што индустријата и во форма на монопол и во форма на конкуренција мора да дојде до пропаст, за да се научи да верува во човекот.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива