Едно сениште врти низ Европа — сеништето на комунизмот. Сите сили на стара Европа ce обединија во свештена хајка против тоа сениште. Римскиот папа и рускиот цар, Метерних и Гизо, француските радикали и германските полицајци.
Каде е онаа опозициона партија која нејзините противници што ce на власт не jа извикале како комунистичка, каде е онаа опозициона партија која на понапредните опозиционери, како и на своите реакционерни противници не им го вратила в лице жигосувачкиот прекар комунизам?
Од овој факт произлегуваат две работи.
Сите европски сили веќе го признаваат комунизмот како сила.
Време е веќе комунистите пред целиот свет отворено да ги изложат своите разбирања, своите цели, своите стремежи и на прикаските за сеништето на комунизмот да им спротивстават еден манифест на самата партија.
За таа цел ce состанаа во Лондон комунистите од најразлични народности и го составија следниов Манифест, кој ce објавува на англиски, француски, германски, италијански, фламански и дански јазик.
Историјата на секое досегашно општество[2] е историја на класни борби.
Слободниот човек и робот, патрицијот и плебеецот, баронот и крепосникот, еснафскиот мајстор и калфата, накратко — угнетувачот и угнетениот ce наоѓаа еден наспрема друг во постојана спротивност, водеа непрекината, ту скриена ту отворена борба, борба што секогаш ce завршуваше со револуционерна преобразба на сето општество или со заедничко пропаѓање на класите што ce бореа.
Во поранешните епохи на општеството ние наоѓаме речиси насекаде целосна поделба на општеството на различни сталежи, цела скала од различни општествени положби. Во стариот Рим среќаваме патриции, витези, плебејци, робови; во Средниот век — феудални господари, вазали, еснафски мајстори, калфи, зависни селани (крепосници), a одозгора на тоа речиси во секоја од тие класи пак посебни степени.
Современото буржоаско општество, кое изникна од пропаста на феудалното општество, не ги укина класните спротивности; на местото на старите тоа постави само нови класи, нови услови на угнетување, нови форми на борба.
Но нашата епоха, епохата на буржоазијата, ce одликува со тоа што ги упрости класните спротивности. Целото општество cè повеќе и повеќе ce цепи на два големи непријателски табора, на две големи класи што стојат непосредно една наспроти друга — на буржоазија и пролетаријат.
Од редовите на средновековните крепосници излегоа малограѓаните на првите градови; од тоа малограѓанско население ce развија првите елементи на буржоазијата.
Откривањето на Америка, па на морскиот пат околу Африка, создаде нов терен за буржоазијата што надоаѓаше. Источноиндискиот и кинескиот пазар, колонизацијата на Америка, размената со колониите, намножувањето на средствата за размена и на стоката воопшто им дадоа на трговијата, поморството и индустријата дотогаш невиден полет, a со тоа го забрза развитокот на револуционерниот елемент во феудалното општество што пропаѓаше.
Дотогашниот феудален или еснафски начин на работење на индустријата не можеше повеќе да ја задоволи потребата што растеше со новите пазари. На негово место дојде мануфактурата. Еснафските мајстори ги потисна индустрискиот среден сталеж; поделбата на трудот меѓу различните корпорации исчезна пред поделбата на трудот во одделните работилници.
Но пазарите целото време ce растеа, потребата стануваше cè поголема. Повеќе ни мануфактурата не беше доволна. Тогаш пареата и машините го револуционизираа индустриското производство. Местото на мануфактурата го презеде современата крупна индустрија, местото на индустрискиот среден сталеж го презедоа индустриските милионери, раководителите на цели индустриски армии, современите буржуи.
Крупната индустрија создаде светски пазар, кој беше подготвен со откривањето на Америка. Светскиот пазар неизмерно ја разви трговијата, бродарството, копнениот сообраќај. Овој развиток, пак, уште повеќе ја рашири индустријата, a во истата мера во која ce ширеа индустријата, трговијата, бродарството и железниците, во истата таа мера ce развиваше буржоазијата; таа ги зголемуваше своите капитали и ги потиснуваше на заден план сите класи наследени од Средниот век.
Така ние гледаме како самата современа буржоазија е производ на еден долг развоен процес, на ред преврати во начинот на производството и на сообраќајот.
Секој од тие степени на развитокот на буржоазијата беше придружен со соодветен политички успех. Угнетен сталеж под власта на феудалните господари, вооружена и самоуправна заедница во комуната,[3] ваму независна градска република, таму трет оданочуван сталеж на монархијата, потоа во времето на мануфактурата противтежа на дворјанството во сталешката или во апсолутната монархија, главна подлога на големите монархии воопшто — тие ce степените што ги помина буржоазијата во својот развиток; најпосле, со настанокот на крупната индустрија и на светскиот пазар, буржоазијата ја освои во современата претставничка држава исклучивата политичка власт. Современата државна власт е само еден одбор што управува со општите работи на целата буржоаска класа.
Буржоазијата во историјата изигра извонредно револуционерна улога.
Насекаде каде што дојде на власт, буржоазијата ги разруши сите феудални, патријархални и идилични односи. Таа безжалосно ги раскина шарените феудални врски, кои го врзуваа човекот за неговиот природен повелач, и не остави меѓу луѓето никаква друга врска освен голиот интерес, освен бездушното „плаќање во готово“. Таа го потопи во ледената вода на егоистичната сметка свештениот трепет на побожниот занес, на витешкото одушевување, на малограѓанската сентименталност. Таа го раствори личното достоинство на човекот во прометна вредност и на местото на безбројните со повелби признати и извојувани слободи стави една бессовесна слобода на трговијата. Со еден збор, експлоатацијата прикриена со религиозни и политички илузии таа ја замени со отворена, бесрамна, директна, сувопарна експлоатација.
Буржоазијата го симна ореолот на светоста од сите дотогашни достоинствени професии, на кои ce гледаше со стравопочит. Лекарот, правникот, свештеникот, поетот и научникот — таа ги претвори во свои платени, наемни работници.
Буржоазијата го раскина од семејните односи нивниот трогателно-сентиментален превез и ги сведе нив на чисто парични односи.
Буржоазијата откри дека бруталното покажување на силата, поради кое реакцијата толку многу му ce восхитува на Средниот век, наоѓало соодветно дополнување во најмлитавата дембелија. Дури таа покажа што може да создаде човечката дејност. Таа создаде чуда сосем поинакви од египетските пирамиди, од римските водоводи и готските катедрали; таа изведе сосем поинакви походи отколку што беа преселбите на народите и крстоносните војни.
Буржоазијата не може да егзистира без да ги револуционизира непрекинато орудијата за производство, a следствено и производствените односи па значи и целокупните општествени односи. Напротив, на сите поранешни индустриски класи им беше прв услов за нивниот опстанок неизменетото задржување на стариот начин на производство. Непрекинатите преврати во производството, непрестајното потресување на сите општествени односи, вечната несигурност и движење ја одликуваат буржоаската епоха од сите други претходни епохи. Сите цврсти, 'рѓосани односи, со сите старински претстави и разбирања што нив ги придружуваат, таа ги растопува и сите нови што изникнуваат, застаруваат уште незацврснати. Cè што е сталешко и зачмаено исчезнува, cè што е свето ce осквернува, и луѓето ce најпосле принудени на својата животна положба, на меѓусебните односи да погледнат со трезвени очи.
Потребата за cè пораширени пазари, каде што ќе ги продаде своите производи, ја гони буржоазијата по целата Земјина топка. Насекаде таа мора да ce загнезди, насекаде да ce насели, насекаде да воспостави врски.
Со експлоатацијата на светскиот пазар, буржоазијата му даде космополитски карактер на производството и потрошувачката на сите земји. За голема жалост на реакционерите, таа ја истргна од под нозе националната почва на индустријата. Најстарите национални гранки на индустријата ce уништени и секојдневно ce уништуваат. Нив ги потиснуваат нови индустрии кои по цената на животот, мораат да ги воведуваат сите цивилизирани нации, индустрии кои повеќе не преработуваат домашни суровини, ами суровини што идат од најоддалечени области и од кои ce изработуваат такви фабрикати што ce трошат не само во земјата, ами истовремено и во сите делови на светот. На местото на старите потреби, задоволувани со домашните производи, доаѓаат нови, кои за своето задоволување бараат производи од најдалечни земји и климати. На местото на старата локална и национална самодоволност и ограденост стапува сестраниот сообраќај, сестраната заемна зависност на нациите. A, како што е во материјалното, така е и во духовното производство. Духовните производи на одделните нации стануваат општо добро. Националната едностраност и ограниченост станува cè повеќе невозможна, a од многуте национални и локални литератури ce создава една светска литература.
Со брзото подобрување на сите орудија за производство, со бескрајно олеснетиот сообраќај, буржоазијата ги вовлекува во цивилизацијата сите, па дури и најварварските нации. Евтините цени на нејзините стоки ce тешката артилерија со која таа ги руши сите кинески ѕидови, со која таа и најупорната омраза на варварите против странците ја присилува на капитулација. Таа ги присилува сите нации да го прифатат буржоаскиот начин на производство, ако не сакаат да пропаднат; таа ги присилува нив да ја воведат и кај себе таканаречената цивилизација, т.е. да станат буржуи. Со еден збор, таа го дотерува светот по своја лика и прилика.
Буржоазијата му го потчини селото на господството на градот. Таа создаде огромни градови, до висок степен го зголеми бројот на градското население во споредба со селското м на тој начин истргна значителен дел од населението од идиотизмот на селскиот живот.
И како што го направи селото зависно од градот, така и варварските и полуварварските земји таа ги направи зависни од цивилизираните земји, селанските народи од буржоаските народи, Исток од Запад.
Буржоазијата cè повеќе и повеќе ја совладува раздробеноста на средствата за производство, на сопственоста на населението. Таа го накупчи населението, ги централизира средствата за производство, ја концентрира сопственоста во малку раце. Нужна последица од тоа беше политичката централизација. Независните, сврзани речиси само со сојузни односи, провинции, со различни интереси, закони, влади и царини ce најдоа сплотени во една нација, со една влада, со еден закон, со еден национален класен интерес, со една царинска граница. Буржоазијата за помалку од сто години на своето класно владеење создаде помасовни и поколосални производни сили од сите претходни генерации заедно. Потчинување на природните сили, машинско производство, примена на хемијата во индустријата и земјоделството, бродарството, железници, електрични телеграфи, претворување на цели делови од светот во ораници, претворување на реките во пловни, цели населенија како изникнати од земјата — кое поранешно столетие слутело дека такви производни сили дремеле во скутот на општествениот труд?
И така ние видовме дека средствата за производство и за сообраќај, врз основите на кои ce изгради буржоазијата, беа создадени во феудалното општество. На извесен степен од развитокот на тие средства за производството и за сообраќај, Односите во кои феудалното општество произведуваше и разменуваше, феудалната организација на селското стопанство и мануфактурата, со еден збор — феудалните односи на сопственоста не им одговараа повеќе на развиените производни сили. Тие го кочеа производството, наместо да го унапредуваат. Тие ce претворија во негови окови. Неопходно беше тие да ce раскинат, и беа раскинати.
На нивното место дојде слободната конкуренција со својствената општествена и политичка структура, со економската и политичката власт на буржоаската класа.
Пред нашите очи ce врши слично движење. Буржоаските производствени и сообраќајни односи, буржоаските сопственички односи, современото буржоаско општество, кое по волшебнички извика толку силни средства за производство и за сообраќај, личи на волшебник кој повеќе не може да ги совлада подземните сили што ги извикал. Со децении историјата на индустријата и на трговијата е само историја на побуни на современите производни сили против современите производствени односи, против оние сопственички односи што ce животни услови на буржоазијата и на нејзиното владеење. Доста е да ce укаже на трговските кризи, кои со своето периодично повторување cè повеќе и повеќе го загрозуваат опстанокот на целото буржоаско општество. Во трговските кризи редовно ce уништува голем дел не само од изработените производи, ами и од веќе создадените производни сили. Во кризите избива една општествена епидемија што на сите поранешни епохи би им изгледала како бесмислица — епидемија на претерано производство. Општеството наеднаш ce наоѓа фрлено назад во состојба на моментално варварство; како глад, општа опустошителна војна да му ги пресекле сите извори на животни средства; индустријата, трговијата изгледаат уништени — a зошто? Затоа што општеството има премногу цивилизација, премногу животни средства, премногу индустрија, премногу трговија. Производните сили што му стојат на располагање не служат повеќе за унапредување на буржоаската цивилизација и на буржоаските сопственички односи; напротив тие ce станати премногу силни за овие односи, тие ce од нив закочени; a кога ќе ја совладаат таа закоченост, го доведуваат целото буржоаско општество во неред, го загрозуваат опстанокот на буржоаската сопственост. Буржоаските односи ce станати претесни за да го зберат богатството што го создале. — Со што буржоазијата ги совладувала кризите? Од една страна, со присилно уништување на цела маса од производните сили, од друга страна, со усвојување на дови пазари и со потемелна експлоатација на старите пазари. Со што, значи? Со тоа што подготвува посестрани и посилни кризи, a ги намалува средствата за спречување на кризите.
Оружјето со кое буржоазијата го сруши феудализмот ce врти сега против самата буржоазија.
Но буржоазијата не го искова само оружјето што и носи смрт; таа ги создаде и луѓето што ќе го носат тоа оружје — современите работници, пролетерите.
Во истата мера во која ce развива буржоазијата, т.е. капиталот, во истата мера ce развива и пролетаријатот, класата на современите работници, кои живеат само дотогаш додека наоѓаат работа, и кои наоѓаат работа само дотогаш додека нивниот труд го зголемува капиталот. Тие работници, принудени да ce продаваат на парче, ce исто таква стока како и секој друг трговски артикл, a поради тоа во истата мера ce изложени на сите случајности на конкуренцијата, на сите колебања на пазарот.
Трудот на пролетерите, со распространувањето на машините и со поделбата на трудот, изгуби секаков самостоен карактер, a со тоа и секаква привлечност за работникот. Работникот станува прост додаток на машината, од кого ce бараат само најпрости, еднолични движења што можат најлесно да ce научат. Затоа трошоците што ги причинува работникот ce ограничуваат речиси само на оние животни средства што му ce потребни за своето издржување и продолжување на својата раса. Меѓутоа, цената на секоја стока, па според тоа и на трудот, е еднаква со трошоците за нејзиното производство. Поради тоа, колку повеќе расте одвратноста на трудот, толку повеќе ce намалува наемнината. Нешто повеќе: колку повеќе расте примената на машините и поделбата на трудот, толку повеќе расте и масата на трудот, било со зголемувањето на бројот на работните часови, било со зголемувањето на трудот што ce бара за едно определено време, со забрзувањето на одот на машините итн.
Современата индустрија ја претвори малата работилница на патријархалниот мајстор во крупна фабрика на индустрискиот капиталист. Маси од работници, збрани во фабриките, ce организирани по војнички. Како прости војници на индустријата, тие ce поставуваат под надзор на цела хиерархија од индустриски подофицери и офицери. Тие не ce само слуги на буржоаската класа, на буржоаската држава — секој ден и секој час нив ги потчинува машината, надзорникот, и пред cè самиот одделен буржуј што ce занимава со производство. Овој деспотизам е толку поситничав, поомразен, толку повеќе предизвикува огорченост колку поотворено печалбата ја прогласува за своја крајна цел.
Колку помалку умешност и сила бара рачниот труд, т.е. колку повеќе ce развива современата индустрија толку повеќе машинскиот труд ce потиснува од женскиот и детскиот. За работничката класа разликите во полот и староста повеќе немаат општествена важност. Има уште само работни орудија кои, според староста и полот, бараат различни трошоци.
Кога експлоатацијата на работникот од страна на фабрикантот ќе ce заврши и работникот, најпосле, ќе ја добие во готово исплатената своја надница, тогаш на него ce нафрлаат другите делови на буржоазијата — стопанот на куќата, бакалот, лихварот итн.
Досегашните ситни средни сталежи, ситните индустријалци, трговци и рентиери, занаетчиите и селаните — сите тие класи паѓаат во редовите на пролетаријатот делум поради тоа што нивниот мал капитал не е достоен за водење крупна индустрија, та и подлегнува на конкуренцијата од покрупните капиталисти, делум пак затоа што нивната умешност ја изгубува вредноста поради новите начини на производство. Така пролетаријатот ce регрутира од сите класи на населението.
Пролетаријатот поминува низ повеќе степени на. развиток. Неговата борба против буржоазијата започнува со денот кога започнува неговото постоење.
Отпрвин ce борат одделни работници, потоа работниците на една фабрика, па работниците од една гранка на трудот во едно место против одделен буржуј што непосредно ги експлоатира. Работниците не ги управуваат своите напади само против буржоаските производствени односи, тие ги управуваат нив и против самите производствени орудија; тие ги уништуваат странските конкурентски стоки, ги искршуваат машините, ги запалуваат фабриките, ce обидуваат да ја повратат изгубената положба на средновековниот работник.
На тој степен работниците ce сè уште маса растурена по целата земја и раздробена од конкуренцијата. Помасовното сплотување на работниците уште не е последица од нивното сопствено здружување, ами само последица од здружувањето на буржоазијата, која заради постигнување на своите сопствени политички цели мора и засега уште може да го стави во движење целиот пролетаријат. На тој степен пролетаријатот, значи, не води борба против своите непријатели, туку против непријателите на своите непријатели, против останките од апсолутната монархија, против земјовладелците, против неиндустриските буржуи, против малограѓаните. Така, целото историско движење е концентрирано во рацете на буржоазијата; секоја победа извојувана во такви услови е победа на буржоазијата.
Но со развитокот на индустријата не доаѓа само до намножување на пролетаријатот; тој ce сплотува во поголеми маси, неговата сила расте и тој cè повеќе ја чувствува. Интересите, животните услови кај пролетаријатот cè повеќе и повеќе ce изедначуваат, зашто машината cè повеќе ги брише разликите во работата, a надницата ја срозува речиси насекаде на еднакво ниско рамниште. Cè поголемата конкуренција меѓу самата буржоазија и трговските кризи што оттука произлегуваат го обусловуваат cè поголемото колебање на наемнината на работниците; cè побрзото непрекинато подобрување на машините ја прави животната положба на пролетерите ce понесигурна; судирите меѓу одделниот работник и одделниот буржуј cè повеќе придобиваат карактер на судири меѓу две класи. Работниците започнуваат да создаваат коалиции против буржуите; тие ce соединуваат за заштита на својата наемнина. Тие основаат дури и трајни здруженија, за да ce снабдат со средства за во случај на бунт. На места борбата ce претворува во побуни.
Од време на време победуваат работниците, но тие победи ce само преодни. Вистинскиот резултат на нивната борба не е непосредниот успех, ами здружувањето на работниците, кое cè повеќе ce шири. За тоа спомага порастот на сообраќајните средства што ги произведува крупната индустрија и што ги доведуваат во врска работниците од разни места. Само таа врска е и потребна, па многуте локални борби, кои ce насекаде од ист карактер, да ce централизираат во национална класна борба. A секоја класна борба е политичка борба. Здружувањето за кое на граѓаните од Средниот век, со нивните вицинални патишта, им беа потребни векови, современите пролетери го постигнуваат, благодарејќи на железниците, за малку години.
Ова организирање на пролетерите во класа, a со тоа во политичка партија, секој момент пак ce разбива од конкуренцијата меѓу самите работници. Но организацијата постојано одново изникнува, појака, поцврста, помоќна. Таа со борба го постигнува признавањето на одделни интереси на работниците во законска форма, искористувајќи ја расцепканоста меѓу самата буржоазија. Така стана, на пример, со законот за десетчасовен работен ден во Англија.
Судирите на старото општество воопшто во многу нешто помагаат за развитокот на пролетаријатот. Буржоазијата ce наоѓа во непрекината борба: отпрвин против аристократијата; подоцна против оние делови од самата буржоазија што интересите им доаѓаат во противречност со напредокот на индустријата; секогаш против буржоазиите од сите други земји. Во сите тие борби таа е принудена да апелира на пролетаријатот, да ја бара неговата помош и така да го вовлекува во политичкото движење. Така таа самата му ги подава на пролетаријатот елементите на своето сопствено образување, т.е. оружјето против самата себе.
Потоа, како што видовме, напредокот на индустријата фрла во редовите на пролетаријатот цели составни делови од владејачката класа или барем ги загрозува во животните услови. И овие му принесуваат на пролетаријатот маса елементи на образувањето.
Најпосле, во оние периоди кога класната борба ce приближува кон разврската, процесот на распаѓање во самата владејачка класа, во рамките на целото старо општество зема толку жесток, толку остар карактер, што еден мал дел од владејачката класа ce одрекува од неа и ce приклучува кон револуционерната класа, кон класата што во своите раце ја носи иднината. И затоа, како што некогаш еден дел од благородништвото премина на страната на буржоазијата, така сега еден дел од буржоазијата преминува на страната на пролетаријатот, a особено еден дел од буржуите идеолози, кои со работата ce пробиле до теоретското разбирање на целокупното историско движење.
Од сите класи што стојат денеска наспротив буржоазијата само пролетаријатот е вистински револуционерна класа. Сите други класи ce растројуваат и пропаѓаат со развитокот на крупната индустрија, додека пролетаријатот е нејзин сопствен производ.
Средните сталежи: ситниот индустријалец, ситниот трговец, занаетчијата, селанецот — сите тие ce борат против буржоазијата за да го обезбедат од пропаѓање својот опстанок како средни сталежи. Тие, значи, не ce револуционерни, ами конзервативни. Дури и нешто повеќе, тие ce реакционерни, зашто сакаат да го свртат назад тркалото на историјата. Ако ce револуционерни, тогаш ce такви дотолку доколку им претстои преминување во редовите на пролетаријатот, доколку тие не ги бранат своите сегашни, ами своите идни интереси, доколку го напуштаат своето сопствено становиште за да застанат на становиштето на пролетаријатот.
Лумпенпролетаријатот, тој пасивен производ од гниењето на најдолните слоеви на старото општество, ќе биде делумно вовлечен од пролетерската револуција во движењето, но по целата своја животна положба тој многу повеќе е наклонет да ce продаде за реакционерни сплетки.
Животните услови на старото општество ce веќе уништени во животните услови на пролетаријатот. Пролетаријатот нема сопственост; неговиот однос спрема жената и децата нема повеќе ништо заедничко, со буржоаските семејни односи: современиот индустриски труд, современото робување на капиталот, еднакво во Англија, како и во Франција, во Америка како и во Германија, избришаа од него секаков национален карактер. Законите, моралот, религијата за него ce само буржоаски предрасуди, зад кои ce кријат буржоаските интереси.
Сите поранешни класи што ја освојуваа власта за себеси ce стремеа да ја осигурат својата извојувана животна положба, потчинувајќи го целото општество на условите што го обезбедуваа нивниот начин на присвојување. Пролетерите можат да ги освојат општествените производни сили само така ако го укинат својот сопствен досегашен начин на присвојување, a со тоа и целиот досегашен начин на присвојување. Пролетерите немаат ништо свое што би требало да го осигурат, тие мораат да разрушат cè што ја осигурувало и обезбедувало досега приватната сопственост.
Сите досегашни движења беа движења на малцинството или во интерес на малцинството. Пролетерското движење е самостојно движење на огромното мнозинство во интерес на огромното мнозинство. Пролетаријатот, најнискиот слој на сегашното општество, не може да ce подигне, не може да ce исправи, a целата надградба од слоеви што го составуваат официјалното општество да не летне во воздух.
Ако не по содржина, тогаш по форма борбата на пролетаријатот против буржоазијата е отпрвин национална борба. Пролетаријатот на секоја земја мора, ce разбира, прво да сврши со својата сопствена буржоазија.
Оцртувајќи ги најопштите фази од развитокот на пролетаријатот, ние ја проследуваме повеќе или помалку прикриената граѓанска војна во рамките на постојното општество до онаа точка кога таа избувнува во отворена револуција, a пролетаријатот со насилно уривање на буржоазијата ја основува својата власт.
Досега секој облик на општество e основан, како што видовме, на антагонизмот на угнетувачките и угнетените класи. Но, за да може да биде угнетувана некоја класа, одредени услови мора да се обезбедат при кои таа би можела барем да го живурка својот ропски живот. Средновековниот крепосник ce издигал во крепосништвото до член на општината, како што малограѓанинот под јаремот на феудалниот апсолутизам ce издигна до буржуј. Современиот работник, напротив, наместо да ce издигне со напредокот на индустријата пропаѓа се подолу и подолу под условите за суштествување на својата сопствена класа. Тој постанува паупер, a пауперизмот се развива побрзо од населението и богатството. Од тука јасно произлегува дека буржоазијата повеќе не е способна да остане владејачка класа на општеството и да му ги наметнува своите услови на суштествување на целото општество како закон кој ги нагласува сите останати. Таа е неспособна да владее, зашто е неспособна да му ја осигури егзистенцијата на својот роб во самото негово ропство, затоа што не може а да не допушти да пропадне во таква положба во која мора него да го храни, наместо да биде хранета од него. Општеството не може повеќе да живее под оваа буржоазија, со други зборови нејзината егзистенција повеќе не e соодветна со општеството.
Основниот услов за суштествувањето и превласта на буржоаската класа е образувањето и зголемувањето на капиталот; услов за суштествување на капиталот е наемниот труд. Наемниот труд исклучиво постои поради конкуренцијата помеѓу работниците. Напредокот на индустријата, чиј слеп носител е буржоазијата, ја заменува изолацијата на работниците, поради конкуренцијата, со револуционерно спојување поради здружувањето. На тој начин, развитокот на крупната индустрија ги поткопува темелите на силата на буржоазијата со која таа произведува и ги присвојува производите. Она што буржоазијата го произведува, пред cè, е својот сопствен гробар. Нејзиното пропаѓање и победата на пролетаријатот ce подеднакво неизбежни.
Забелешки
[1] Под буржоазија се мисли класа на модерни капиталисти кои се сопственици на средствата за производство и искористуваат наемен труд. Под пролетаријат, класа на модерни наемни работници кои, бидејќи не поседуваат средства за производство, се принудени да ја продаваат својата работна сила за да можат да живеат (Енгелсова забелешка кон англиското издание од 1888).
[2] То ест, точно зборувајќи, пишаната пренесена историја. Во 1847 година предисторијата на општеството, организацијата на општеството која ѝ претходеше на секоја пишана историја, сè уште беше речиси непозната. Потоа Хакстхаузен ја откри заедничката земјишна сопственост во Русија, Маурер докажа дека таа беше општествената основа од која сите германски племиња го започнаа својот историски развиток, а постепено се изнајде дека селските општини со заеднички земјишен имот беа првобитниот облик на општествата од Индија до Ирска. На крај, сето ова го круниса Морган со своето откритие на вистинската природа на родот и на неговата положба во племето, откривајќи ја со тоа внатрешната организација на тоа првобитно комунистичко општество во нејзиниот типичен облик. Со распаѓањето на тие првобитни заедници започнува делењето на општеството на посебни и на крајот на спротивставени класи. Јас се обидов да го пратам тој процес на распаѓање во "Der Ursprung der Familie, des Privateigentums und des Staates", второ издание, Stuttgart 1886. (Енгелсова забелешка кон англиското издание од 1888).
[3] „Комуни“ се нарекуваа градовите кои настанаа во Франција дури и пред да бидат способни од своите феудални господари да ја украдат градската самоуправа и политичките права како „трет сталеж“. Воопшто кажано, ние овде како типична земја за економскиот развиток на буржоазијата ја наведовме Англија, а за нејзиниот политичлки развоток Франција (Енгелсова забелешка кон англиското издание од 1888).
Вака граѓаните на италијанските и француските градови ја нарекуваа својата градска општина, откако ги откупиле или извојувале своите први самоуправни права од феудалните господари (Енгелсова забелешка кон германското издание од 1890).