Напишано: пролетта 1845.
Извор: Карл Маркс, Фридрих Енгелс „Германската идеологија“, „Комунист“ (Скопје), 1986.
Превод: Драгица и Георги Старделов.
Online верзија: април 2005.
Главниот недостаток на сиот досегашен материјализам — вклучувајќи го и Фојербаховиот — е во тоа што предметот, стварноста, сетилноста ја сфаќа само како објект или како непосредно сознавање, а не како човечка сетилна дејност, како практика, не субјективно. Затоа се случи активната страна, наспроти материјализмот, да ја развие идеализмот, — но само апстрактно, бидејќи идеализмот, природно, не ја познава стварната, сетилната дејност како таква. Фојербах сака да има работа со сетилни објекти стварносно различни од мисловните објекти, но тој самата човечка дејност не ја сфаќа како предметна дејност. Поради тоа во „Сушноста на христијанството“ тој ја разгледува само теоретската дејност како вистински човечка, додека практиката се сфаќа и фиксира само во нејзината гнасно-еврејска појавна форма. Поради тоа тој не го сфаќа значенето на „практично-критичката“ дејност.
Прашањето дали предметната вистина му припаѓа на човечкото мислење не е прашање на теоријата, туку практично прашање. Во практиката човек треба да ја докаже вистинитоста, т.е. стварноста и моќта на своето мислење, неговата припадност кон светов. Спорот за стварноста или нестварноста на мислењето изолирано од практиката е чисто схоластичко прашање.
Материјалистичкото учење за тоа дека луѓето се производи на околностите и на воспитанието, и дека според тоа, изменетите луѓе се производи на други околности и на изменето воспитание, заборава дека токму луѓето ги менуваат околностите и дека и самиот воспитувач мора да биде воспитуван. Отаде тоа нужно доаѓа дотаму да го разделува општеството на два дела од кои едниот е издигнат над општеството. (На пример, кај Роберт Овен).
Совпаѓањето на промената на околностите ина човечката дејност може да биде разгледано и рационално сфатено само како револуционерна практика.
Фојербах тргнува од фактот на религиозното самоотуѓување, од разделувањето на светот на религиозен, вообразен свет и на стварен свет. Неговата задача се состои во тоа религиозниот свет да го сведе на неговата земна основа. Тој не забележува дека, откако ќе биде исполнета таа задача, сe уште останува да биде извршена најглавната работа: Фактот дека земната основа се откинува од самата себеси и се пренесува во облаците како самостојно царство, може да биде објаснет само со самораскинатоста и самопротивречноста на таа земна основа. Тоа значи дека најпрвин е нужно неа самата да ја сфатиме во нејзината противречност, а потем практично да ја револуционизираме со отстранувањето на таа противречност. Значи, откако, на пример, земното семејство ќe биде откриено како тајна на светото семејство, нужно е земното семејство да биде подложено на теоретска критика и практично преобразено.
Фојербах, незадоволен од апстрактното мислење, апелира на сетилно непосредно сознавање; но тој сетилноста не ја сфаќа како практична човечки-сетилна дејност.
Фојербах ја сведува религиозната сушност на човечка сушност. Но човечката сушност не е апстракција која се наоѓа во единечната индивидуа. Во својата стварност таа е севкупност на општествените односи.
Отаде, Фојербах кој не се впушта во критика на оваа стварна сушност, е принуден:
1. да се апстрахира од одот на историјата и да го разгледува религиозното чувство за себе и да претпочита апстрактна — изолирана — човечка индивидуа;
2. затоа тој ја сфаќа човечката сушност само како „род“,
како внатрешна, нема општост, која многуте индивидуи ги поврзува само
со природни врски.
Поради тоа Фојербах не гледа дека самото „религиозно чувство“ претставува општествен производ и дека апстрактната индивидуа што тој ја анализира припаѓа во стварноста на определена форма на општеството.
Општествениот живот е во својата сушност практичен. Сите мистерии кои ја водат теоријата кон мистицизам го наоѓаат своето рационално решение во човечката практика и во сфаќањето на таа практика.
Најмногу до каде доаѓа материјализмот што непосредно сознава, т.е. материјализмот што сетилноста не ја сфаќа како практична дејност, е непосредното сознавање на единечните индивидуи во „граѓанското општество“.
Становиштето на стариот материјализам е „граѓанското“ општество; становиштето на новиот материјализам е човечкото општество, или поопштественото човештво.
Филозофите само на различни начини го толкуваа светот, а работата е во тоа тој да се измени.