Јосиф Ќаевски – Перо

Сеќавање за смртта на Кочо Рацин


Првпат објавено: „Нова Македонија“, 16-30 март 1990.
Извор: Глигор Стојковски, „Искрвавени мугри: како загина Кочо Рацин“, „Орбита-С“, Скопје, 1997, 99-102 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: февруари 2019


Беше околу десетти јуни 1943 година, кога првпат преспавме во оваа база (станува збор за втората, по напуштањето на првата база поради балистичките напади претходните денови - Г. С.). Изутрината сонцето уште не беше огреало во густата шума на Козјак, како што се викаше ова место на Бистра. Со Кочо седевме до една бука и разговаравме. По некое време тој од неговото мало торбиче извади една тенка тетратка со сини корици и почна нешто да пишува. Јас долго го набљудував, а тој нешто ќе запише, пa ќе застане, ќе размисли и повторно ќе продолжи со пишувањето. Одеднаш погледна во мене и ми рече: „Дали знаеш ти, Перо, дека писменоста на целото словенство потекнува од Македонија. За тоа сега пишувам. Ти си млад, знам сигурно оти не си учел за тоа во бивша Југославија, зашто не се дозволуваше да се истакне македонското, за нив ние бевме Срби.“ Потоа почна да ми зборува за времето на Кирил и Методи, па сѐ до Климент Охридски. Му реков: „Другар Кочо, за Кирил и Методи сум учел, ама за Климент не знам ништо.“

Почна да ми раскажува за македонската историја, за која јас малку знаев. Од сето што ми го раскажyваше, видов дека тој не е обичен борец, иако беше многу обично облечен – во палтенце, со вовлечени панталони во бели чорапи, со качкет направен од некој велешки шапкар, озгора исшаран со разнобојни платнени триаголници, кои се состануваат под едно платнено петличе од некоја слична боја. Таа тетратка, по неговото загинување, ја носев со моите радио-документи сѐ до доаѓањето во слободно Скопје, кога ја предадов во една канцеларија на Главниот штаб на Македонија.

Партизанската база, каде што престојуваше Штабот, беше сместена во еден ендек. Местото беше целосно тревјосано и полно со суви букови лисје. На еден свиок од ендекот, беа собрани и се советуваа – Страхил Гигов – Андро, Добривое Радосавлевиќ – Орце и Цветко Узуновски – Абас. По кусиот разговор, станаа и отидоа во селото Кленоец. Во базата останавме само ние тројцата: Кочо, Киро Георгиевски – Дејан и јас. Денот веќе беше преполовен. Дејан нешто чепкаше околу пљачките и, како да ја наречам, кујната и редеше нешто во неа. Кочо ми рече: „Море другар, нели ти се јаде, јас веќе чувствувам глад. Ајде да одиме кај Дејан да видиме што има во кујната да апнеме.“ Станавме и отидовме кај Дејан кој уште беше наведнат над некои вреќи. Кочо го праша: „Другар, има ли тука нешто да се апне?“ Дејан се исправи и рече: „Има, Кочо, само треба да се направи. Во оваа вреќа има брашно, тука има маст, во кантите има сирење, а во овие вреќулки има секакви работи.“ Тогаш Кочо го праша дали има сода бикарбона, бидејќи тој знаел да прави мекици со брашно, сода и вода.

Го запаливме огнот и го ставивме црното тавче на камењата и сѐ беше приготвено за пржење на мекиците. Кочо како што ги плескаше мекиците една по една, така ги ставаше во тавчето. Тие се пржеа и за чудо почнаа да се надигаат како да имаше квасец во нив. За цело време Кочо се смееше и се шегуваше на наша сметка, оти сме дошле на такво дереџе, во оваа пустелија. Викаше – другари, гладот ќе нѐ натера на сѐ, па и да станеме готвачи, но сѐ тоа е за нашата борба. По кусо време, слатко се изнајадовме мекици и сирење.

Дејан прв се најаде, го зеде тенџерето во кое Кочо го месеше брашното, го зами со вода и од една вреќа почна да го полни со грав. Потоа го донесе кај нас, зеде од мекиците и почна да става во него, кое со грав беше наполнето речиси до врвот. (За правењето мекици спомнува и Мино Миновски на Трибината во Друштвото на писателите Г. С.) – „Земи го тенџерето и однеси го горе кај печатницата. Тие таму нека го варат гравот.“ Јас реков, зошто горе да се вари гравот, кога ете, тука, огништето е готово и има уште оган. Дејан ми одговори дека не може тука, дека гравот таму ќе се вари, дека горе има примус, апарат за готвење на шпиритус, а има и пештера. Му го подаде тенџерето на Кочо и му рече: „Оди горе кај другарите и дај го гравот да го сварат“. Кочо го погледна навредено: „Добро де, ако треба да се оди горе нека оди Перо, зашто баш јас да одам“, рече. Дејан упорно настојуваше Кочо да оди. Јас видов оти се создаде непријатна атмосфера, станав и го зедов тенџерето. Дејан го стегна со двете раце, не ми го даваше и силно му викна на Кочо да стане и да оди. Кочо насила како да се насмеја: „Добро, дај ќе го носам“, рече и го фати тенџерето, ги стави на колкот и тргна по левата страна на ендекот. Густата шума бргу го скри. Дали минаа повеќе од 5-6 минути се слушна истрел од правецот кајшто тргна Кочо. Јас веднаш станав, грабнав една суровица и се стрчав во тој правец. Но Дејан скокна и ми рече: „Ти биди тука, јас ќе одам.“ Дејан кривеше и тешко одеше, се чудев зошто не ме пушти мене. Јас како помлад ги слушав наредбите од постарите другари. Дејан, кривејќи, полека отиде да види што се случило. Јас пак останав со големото дрво што уште го држев в рака, оти тука немаше никакво оружје. Легнав на ендекот подготвен за ново изненадување. По извесно време, се собраа Дејан, Страхил Гигов, Цветко Узуновски, Мино Миновски, Митре Инадески и други другари, кои јас не ги знаев.[1] Кога дојдовме до Кочо, тој легнат на грб, уште свесен, праша: „Што е ова, бре другари, со мене, дали сето она е вистина или нешто сонувам.“ Кога почна да ја губи свеста, собра сила само уште да рече: „Другари, имам една стара мајка во Велес, кажете ѝ оти загинав за Македонија.“ Потоа Дејан објаснуваше каде бил удрен Кочо. Куршумот го удрил во стомакот, над колкот. Тој бил од типот СС, кој, кога влегува во погуста средина, се движи напред спирално. Тие го превиле само што тоа ништо не помогнало. Мино, за кого рекоа дека пукал, стоеше настрана и замислено гледаше во ендекот. Кога сето ова го ислуша, Страхил им викна на другарите: „Нели ви кажав оти е малку наглув и да не го праќате никаде.“ На тоа сите замолчеа. Кочо го закопавме на Козјак, а ние веќе се спремавме кон Галичица и за Преспа.

По ослободувањето, Сојузот на борците на Македонија организираше посета на местото каде што загина Кочо Рацин. По пристигнувањето на Козјак, го видовме камен-белегот изделкан од гранитна карпа на која беше запишан датумот на загинувањето на Кочо. Присутните другари и борци од Кичевско-мавровскиот одред, младинци и други од блиските села на Кичево, му оддадоа почит на големиот македонски поет, борец и револуционер. Младинците се интересираа за партизанското движење на овој терен, а посебно за загинувањето на Рацин. Тогаш се сетив на Киро Георгиевски – Дејан кога рече дека тука негде имало некоја пештера каде била сместена печатницата. Го прашав и водичот дали тука има некаква пештера, но тој ми рече дека нема нигде во близината.


Продолжение на текстот во необјавените ракописи на Каевски[2]

Оваа приказна сум ја кажал на другарот Госпо – Крсто, а овој му ја раскажал на Цветко. Кога слушнал Цветко дека го спомнувам него дека беше тука на Козјак, му рекол: „Не, јас тогаш јас веќе бев во Преспа.“ Му кажав потоа на Госпо: „Прашај го ти него кој ја носеше машината за пишување кога ја поминувавме границата [италијанско-бугарска] на Галичица.“ Цветко и Орце се менуваа во носењето, а мене неколку пати ме враќаа по Дејан да го гонам да оди побрзо, бидејќи заостануваше, а местото беше опасно, како што ни рекоа куририте Калчо и Петко од Прилеп. Јас Дејан морав уморен да го туркам да оди напред, а тој ми се лутеше, бидејќи така грубо се однесував со него. Одењето не беше малку, од планината Лопушник па до планината Галичица, а одењето беше сѐ ноќе.

На гробот на Рацин и сомнителни докази

По Ослободувањето, кога отидовме на местото каде што загина Кочо, го запрашав другарот што нѐ водеше (што тогаш беше некој шумар): „Сакам да одам да ја видам пештерата каде работеа другарите од печатницата.“ Тој ми одговори вака: „Каква пештера, другар? Кој ти кажал за пештера? Таму нема ништо, само еден гол дол каде што беше печатницата.

Дејан кога го прашував зошто да не го вариме гравот тука, тој ми одговори дека горе било подобро, бидејќи таму има пештера и примус, нема да има ветрови и побрзо ќе се свари гравот.

Мино Минов во 1987 година, по наговор на Госпо, дојде да слушне од мене каква била ситуацијата во базата пред да тргне Кочо горе кај нив. Откако му раскажав како и што било, тој ја зеде книгата што ја напишале со Митре, ја отвори и го најде написот, каде што еден со друг се набедуваат и рече: „Ете, ние сами се наковуваме. Јас пишувам дека тој одеше напред, односно пред мене, тој пак пишува дека јас сум одел напред. Еден друг се набедуваме.“ Јас го запрашав Мино: „Дали горе во пештерата имавте примус за готвење?“ Ми рече: „Ма, каков ти примус, ништо таму немавме, ниту пак таму имаше некоја пештера, кој ти го кажал тоа?“ „Дејан така ме убедуваше дека овие работи ги имало таму кај вас.“ Мино налутено рече: „Не е точно. Ве лажел, ништо немаше.“

Не знам зошто курирот Аризан Несторовски – Марче, пред некоја година даде еден напис како загинал Кочо. Тој Марче со мене одамна зборуваше и сум му кажал како Кочо загинал. Тој објаснува во „Нова Македонија“ како стражарот го убил, бидејќи не сакал да застане кога бил запиран. Тоа е стара верзија, бидејќи многу од нив не знаеја дека Кочо е загинат на друг начин. Па и сега гледам дека некој сака да ја задржи таа стара верзија околу загинувањето на Кочо Рацин. Како понов напис во „Нова Македонија“ под број 15441 од 20 јануари 1990 година, Злате Тренески пишува дека бил таму во базата кога загинал Рацин. Тој не беше.

Јас сум бил таму во базата во тоа време и точно знам како била сета таа работа, односно како што досега се искажав во горниот напис. Кога сум го раскажувал загинувањето на Кочо, некој од студентите, кога бевме на Козјак, ми се нафрли: „Зошто ти не си отишол да го носиш тенџерето, а му го остави на Кочо?“ Им одговорив: „Другари, јас во базата бев најмлад од борците и ги слушав другарите сѐ што ќе ми наредат. Знам дека Дејан беше еден од одговорните и кога ми подвикна ‘нема ти да одиш, Кочо ќе оди’, тогаш Кочо сам стана, го зеде тенџерето и отиде.“ Им одговорив дека јас тука ништо не сум можел да влијаам на одлуката, освен да се степам со Дејан.

Орце пречи Кочо да се прими во Партијата

Случајно разбрав од некои другари од Главниот штаб, Јосиф [Јосифовски] – Свештарот и Питу. Некои од другарите на еден состанок на Лопушник предложил Кочо да се прими во Партијата. Орце се спротивставил и рекол: „Не може. Него го исклучил од Партијата ЦК на Југославија и само тие можат да го примат.“ Некој кажал: „Па, ние што сме тука? Нели сме ЦК на Македонија, зошто да не можеме ние тој акт да го направиме?“ Орце како делегат на Врховниот штаб останал на своето, па така Кочо не го примиле во Партијата.

Многу нив сум ги прашал: како и зошто овој стар комунист да биде исклучен од Партијата? Никој не можеше да ми каже. Ми одговараа само со „не знам“. Ден денес не знам зошто Кочо бил исклучен од Партијата. Ако е така, зошто тогаш го довлекле во партизани и го ставиле да биде еден обичен коректор во печатницата, а не да е член на Главниот штаб на Македонија?

Повод за сомневање

1. Дејан не ме пушти да го носам гравот, бидејќи не сум знаел каде е печатницата. Кога доаѓавме од старата база кон новата со Дејан, поминавме покрај печатницата и ги видов другарите што беа во неа. Значи, знаев каде е базата. Зошто не ми дозволи да го носам гравот до печатницата, тоа тој знаеше.

2. Кога со Кочо Рацин ги направивме мекиците и појадовме, а тоа беше околу 13.00 часот. По сето тоа Дејан зеде едно сино тенџере, го наполни со грав од една вреќа и го донесе кај нас, каде што седевме со Кочо и му го подаде тенџерето и рече: „Кочо, земи го тенџерето со гравот и носи го во печатницата, таму да го сварат.“ Дејан над гравот стави пет до шест мекици за другарите во печатницата. Во себе се запрашав: зошто им дава на толку луѓе малку мекици. Ние тука изедовме секој по пет до шест мекици. Сето тоа ми изгледаше како само поради форма.

3. Дејан кога го испраќаше Кочо да го носи гравот горе да се вари, му реков: „Море, другар, зошто да се вари гравот горе, кога ете тука сѐ имаме за варење, тука ќе го свариме.“ Дејан ми рече: „Подобро е таму да се вари, има пештера и имаат добар примус за варење, таму нема да има чад кога ќе се вари.“ „Па досега што ги пржевме мекиците, немаше ли чад?“ Тој замолче и упорно му го подаваше тенџерето на Кочо да го носи, а тој не сакаше и настојуваше јас да го носам гравот.

4. Дејан што ме убедуваше дека горе имало пештера и имало примус, го проверив од Мино Миновски, кога беше кај мене со Госпо. Мино тогаш ми рече: „Перо, Дејан те лажел, горе немаше никаква пештера, ние бевме во еден дол. Исто така, нити примус немавме.“ Сето ова го слушна и Госпо.

5. Марче даде два написа во „Нова Македонија“. Иако му бев кажал како загина Кочо, тој упорно тврдеше дека го отепал стражарот на стражарско место. Во изјавата пак кажува дека тој ден Кочо дошол кај него и Крсте Црвенковски и тие му дале едно тенџере со грав да го носи кој знае каде да се вари. Оваа изјава на Марче е лага. Тој сака мене да ме копира со тенџерето грав, само не така вешто. Нека се праша Крсто дали тие му дале на Кочо грав во тенџере.

6. Зошто Цветко сака да сокрие дека не бил тука кога загина Кочо? Кога го потсетив како ја носеа машината за пишување на смена со Орце Радосављевиќ, другарот го менува своето прво кажување. Сега кажува дека во тоа време бил во Врбјани и ноќе ни се придружил во колоната за одење за Галичица. Ние патувавме цела ноќ од Лопушник до Галичица. Ноќта кон нашата колона никој не ни се приклучи. По загинувањето на Кочо на Козјак (Лопушник), околу четири часот тргнавме поручек. Тргнавме во колона за Галичица следните другари: Орце, Цветко, Страхил, Дејан, јас Перо и двајца курири.

7. Јас и Кочо седевме до една бука, а Кочо на двете колена држеше една тетратка со сини корици и нешто пишуваше. Повремено ја креваше главата и погледнуваше кон групата која нешто се договараше (Орце, Цветко, Страхил) и рече: „Гледаш ли, оној високиот што е пратен од горе и оној што отиде за Албанија [Темпо]. Овие луѓе, ако се дојдени за арно и да ни помогнат во борбата, да им заблагодариме. Само, не знам дали се дојдени за арно?“ Потоа почна да ми објаснува за Климент Охридски, за првиот универзитет и дека ние му ја дадовме писменоста на славјанството, како и други работи. Подоцна, кога загина Кочо, таа истата тетратка беше кај мене. Во неа пишуваше сѐ она што ми кажуваше. Пишувано беше со читок ракопис со црн молив. Тетратката беше од 30 до 40 листа. Во Скопје таа тетратка ја дадов во музејот. Од некои другари разбрав дека таква тетратка во музејот немало сега.

8. Се зборува дека [Кочо] е удрен со куршум „дум-дум“. Не е точно. Ние во тоа време не сме имале такви куршуми. Немавме обични куршуми, а камоли „дум-дум“ куршуми.

9. Зошто Цветко ги праќа своите курири во екипата кога се пренесуваа посмртните останки, а ниту еден од нив не бил тука кога загина Кочо? Овие луѓе сакаат да ги скријат трагите за смртта на Кочо. Телото на Кочо било цело, лесно можеше да се види како загинал. Па и сега да се прегледа карличната коска, може да се види трага од куршум.

10. Зошто не се проверува она што му рекол братот на Кочо, кога бил кај Страхил во неговата канцеларија и му рекол во очи: „Вие го убивте брат ми Кочо. Сте го избодиле, а тенџерето што го носел, му паднало и се истркалало во долот со гравот. Потоа сте го довлекле до базата и сте го закопале.“

11. Во овој случај не треба многу да се докажува кој го убил Кочо. Виновни се сите тие што го натерале да оди во печатницата, да му служи на еден Митре, на еден печатарски работник. Да му носи дрвја, камења и да ја влечка печатницата. Како смеело еден стар комунист така да биде зафрлен, бидејќи не му одговараше на еден Темпо, Радосављевиќ и другите лакташи околу нив.


Забелешки на транскриберот

[1] Во текстот на Ќаевски „Како загина Кочо Рацин“, кој е изворот за овој текст, овде стои следната реченица: „Седнаа сите околу пљачките и Дејан им раскажува како загинал Кочо.“

[2] Помеѓу необјавените ракописи на Ќаевски, се наоѓа текстот насловен „Како загина Кочо Рацин“. Во „Искрвавени мугри: како загина Кочо Рацин“, со мали скратувања, е објавен првиот дел од сеќањавата на Ќаевски објавени во овој текст, а овде го даваме и продолжението на тој текст на Ќаевски. Покрај овој текст, во рамките на своите необјавени спомени, Ќаевски исто така пишува за загинувањето на Рацин.



Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин | Рацинова архива

Македонска тематска архива | марксистичка интернет архива