Првпат објавено: 1990
Извор: „Нова Македонија“, 20 јануари 1990, 10 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: септември 2018
КАКО ЗАГИНА РАЦИН, КОЈ ГО УБИ РАЦИН, ЗОШТО ГО УБИВТЕ РАЦИН? Ова се само дел од насловите на написите на одделни „неверни Томи“, што се појавија во последно време, а слични, веќе 47 години, ја вознемируваат нашата јавност. Оваа појава наедно е и повод за моето јавување преку ценетиот весник „Нова Македонија“, со намера да придонесам за дефинитивно расветлување и утврдување на овој немил настан.
Како курир при ЦК КПМ и Главниот штаб на НОВ и на ПОМ, непосредно учествував во лоцирањето и изградбата на партизанската база во Лопушник, во пролетта 1943 година. Честопати престојував во таа партизанска населба и на тој начин имав можност да ги запознам речиси сите раководители на Партијата и на народноослободителното движење во Македонија, како и оние другари, кои доаѓаа од други региони, за работа во партизанската населба или во партизанските единици во западна Македонија.
Еден од многуте другари, кои, во почетокот на мај (мислам дека беше 1 мај) 1943 година, пристигна во базата, беше и Кочо Рацин. Тој дојде преку илегалниот канал: Скопје – Сува Гора – Гостивар – Мавровско, заедно со Владо Малевски – Тале, Петре Богданов – Кочко, Добривое Радосавлевиќ – Орце, Киро Георгиевски – Дејан и други, а водич и беше Аризан Несторовски – Марче, исто така курир при ЦК КПМ и ГШ на НОВ и на ПОМ. Мислам дека групата имаше и вооружена придружба, но за имињата на тие другари не се сеќавам.
Кај сите новодојдени другари се забележуваше голема возбуденост, радост и гордост од она што го видоа во партизанската база: оформена партизанска населба, присуство на голем број партизани, комплетни раководства, како партиски, така и на НОБ, воспоставен „куќен ред“ (обезбедување, курирска служба) и сѐ друго што ја чини една модерна организација на оружените сили. Меѓутоа, секако, највпечатливо беше развеаното знаме со петокраката ѕвезда.
Мал број од „постарите жители“ во партизанската населба знаеја за улогата што ја имаше секој поединец од новодојдените, а по својата возбуда и радост се издвојуваше еден другар, кој според својот изглед, не беше толку маркантен. Застана меѓу „главната просторија“ (работната барака на одговорните другари) на која се вееше партизанското знаме и другите простории – бараки и како дете се радуваше. Некако вџашен, поцрвенет од пролетното мајско сонце, тој нам непознат другар, погледнуваше де во знамето, де во нас „постарите борци“, а очите постојано ги насочуваше и кон петокраките на нашите капи. Ја беше симнал својата капа од глава и онака, неконтролирано, ја туткаше во рацете, што кај некои, кои го гледаа, предизвикуваше смеење, бидејќи капата од постојаното туткање ја загубила формата.
Откако ги сместивме новодојдените, а другарот со капата им го предадовме на оние од печатницата (нивната барака беше блиску до другите колиби во населбата), ни пријде другарот Страхил Гигов и ни се обрати со следниве зборови: „Овој другар е со дефектен слух. Извонредно е полезен за нашата партија и за борбата воопшто. По природа е пргав и немирен дух, поради тоа, внимавајте на неговата безбедност и на однесувањето спрема него.“ Зборовите на Гигов и однесувањето на Рацин спрема сите нас, посебно спрема оние што беа од работничко потекло и од село, придонесоа кај сите нас набргу да се создаде почитување кон другарот Кочо. И од другарот Питу (Кузман Јосифовски) слушнавме пофални зборови за Рацин, со што се дополни претставата што се создаде кај сите во базата за него.
Како курир на ЦК КПМ и ГШ на НОВ и на ПОМ, честопати крстосував низ западна Македонија, од партизанската база во Лопушник, кон Дебарца, Струга и Дебар, а другарот Аризан Несторовски – Марче ги покриваше регионите: Гостивар, Тетово, Маврово и Мијачијата, а понекогаш и кон Дебар. По нашето враќање од терен, постојано бевме во непосредна близина на другарите од партизанската печатница „Гоце Делчев“ и на другарот Рацин. Им помагавме во работата: вртењето на машините – шапилографите, средувањето на материјалите, а бидејќи влагата беше голема, хартијата претходно моравме да ја сушиме, за да можат да работат другарите од печатницата. Тоа траеше речиси еден месец. Не се забележуваше ништо сомнително, ниту, пак, било што – што би можело да укаже дека погибијата на Кочо Рацин ќе се случи во нечија режија. Кочо Рацин беше омилен и популарен кај сите присутни во партизанската населба во Лопушник.
Трагичното загинување на Рацин верно го опиша Страхил Гигов во својата книга „Сеќавања“ на стр. 272 и 173, а и со други прилози и сведоштва се докажа дека тој настан е несреќен случај. Ние, неговите другари од тогашната партизанска населба во Лопушник, ова прашање го сметавме за расчистено. По ослободувањето, а особено во последно време, меѓутоа, сѐ повеќе се појавуваат многубројни „теории“, во кои сѐ и сешто се докажува. Многумина, кога ќе разберат дека сум од Кичевско и дека имав контакти со партизанската база во Лопушник, ми поставуваат прашања во стилот: „Како загина Рацин?“, „Мораше ли да загине Рацин?“, „Кој го уби Рацин?“, па дури и „Зошто го убивте Рацин?“ (?!)
За недовербата околу загинувањето на Рацин зборуваат и два написа објавени неодамна – „Како загинаа Рацин и Каранѓелевски“? („Млад борец“ бр. 1668 од 29-12-1989) и „Патокази на македонското опстојување“, со поднаслов „Додека Венко Марковски беше овенчуван со ловорики, Кочо Рацин беше казнуван со бојкот и беше без потпора во својата партија, преколнуваше да биде испратен како обичен борец во некој од партизанските одреди што се формираа.“ Во написот во „Млад борец“ е карактеристично што се прави споредба меѓу двата настана, но тие не можат да имаат никаква сличност. Кочо Рацин загина во воено време, во услови на строга илегалност, каде што и најмалиот шум на планинскиот ветер, кај партизанските стражи предизвикуваше тревога и положба на мобилност, посебно по неколкуте изненадувања од страна на непријателот, како и по нападите на балистичките банди врз базата во Лопушник, на 30 мај 1943 година, кога имавме и неколку ранети. Вториот немил настан – загинувањето на Карангелевски, се случи во сосема други околности каде што не беше потребна никаква претпазливост, па затоа е многу чудно кога се споредуваат овие два настана.
Споменатиот напис во ЛИК, бр. 82 од 3.01.1990, објавен на три страници, е составен така, читателот да стекне убедување дека се работело за личност од извонредно значење, што и навистина беше, и дека целото негово движење по врвиците на партизанските крстопати го карактеризира една трагика, сѐ до последниот миг од неговиот живот. Меѓутоа, борбата на Рацин во редовите на работничкото движење за национална и социјална слобода уште како имаше величествени мигови и среќни доживувања. Да го споменам, на пример, излегувањето на неговите „Бели мугри“ и неговото доаѓање во партизанската населба во Лопушник, каде што не можеше да се соземе од радост и од возбуда.
И на еколошкиот митинг кој го одржа друштвото „Опстанок“, во минатата година, во Скопје, на еден од плакатите стоеше: „Кој го уби Рацин?“ Очигледно е дека нашата јавност сѐ уште не е подготвена да ги прифати досегашните искажувања за загинувањето на Рацин. НЕВЕРОЈАТНО. Зошто не им се верува на оние другари што биле присутни на трагичниот настан? Дали дојдовме до таму еден на друг ништо да не си веруваме? Зошто не му се верува, дури и на признанието на Мино Миновски дека тој, како стражар во базата во Лопушник, пукал во Рацин, по што со мака го спречивме да не изврши самоубиство. Секој стражар на местото на Мино Миновски, во тие услови (мрак, постојана опасност од балистички упади) би го сторил она што го стори тој. Трагедијата беше во тоа што Рацин беше речиси наполно глув, па, по првиот повик „стој“, не го слушнал предупредувањето, тоа не го сторил ни при второто предупредување, по што при третиот повик да застане (по сите војнички правила) истрелан е трагичниот истрел. ТУКА Е ВИСТИНАТА.
Покрај Мино Миновски, во непосредна близина на трагичниот настан биле Киро Георгиевски – Дејан, Митре Инадески, Аризан Несторовски – Марче, Пецо Чинговски и уште некои другари. Од нив живи се само Митре Инадески и Пецо Чинговски, за настанот мислам дека може нешто да каже и Ванчо Бурзевски, а со подробности беше запознат и Страхил Гигов.
Предлагам Редакцијата на „Млад борец“ (како најзаинтересирана страна) и историските институции и други заинтересирани да организираат собир (тркалезна маса) на кој конечно би се расчистило ова прашање. Инаку, ако продолжи вака, никој за ништо никому нема да му верува.
На собирот, за којшто се залагам, предлагам да се поканат другарите: Страхил Гигов, Митре Инадески, Пецо Чинговски и други, кои би можеле да дадат придонес со свои искажувања. Подготвен сум и самиот непосредно да дадам придонес, презентирајќи го ова што го кажувам во мојот напис.
Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин | Рацинова архива