Јосиф Ќаевски – Перо

[Последните денови на Кочо Рацин]

(извадок од необјавените спомени)


Напишано: Втора половина на 1980-тите.
Извор: Необјавени спомени на Јосиф Ќаевски - Перо, листови 130/II-148/II и 148-А/II.
Јазична и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2021


По половина час одење Перо[1] пристигна во базата. Тука беа: Орце (Добривое), Андро (Страхил), Дејан (Киро), Абас (Цветко),[2] Кочо Рацин. Се поздрави со сите и седна на земјата покриена со дебел слој од суви букови лисја.

„Како си Перо, како мина во одредот?,“ го прашува Орце и се смее.

„Па вие знаете горе-долу како минавме. Без план, сосем случајно добро ги средивме тие банди и така им требаше.“

„За сето тоа ние од Главниот штаб ти даваме полно признание и како добар борец и раководител те пофалуваме. Ова нека ни биде за пример на сите нас дека и без оружје[3] можеме да се бориме, како што вие тоа го направивте.“, заврши Орце.

Останатите љубопитно гледаат во Перо, му се восхитуваат и радуваат. Перо кратко им се заблагодари на признанието и легна бочно на десната страна до Кочо.

Во новата база на Козјак[4]

Откако сите се смирија, Кочо со влечкање се доближи до Перо. Се насмеа и го чукна неколку пата по рамо и му рече:

„Браво, браво Перо! Само така треба да се справиме со фашистите! Ние чувме како и што направивте со фашистите во Мавровско. За таа борба сакам да знам пoдетално, да напишеме и го овековечиме тоа јуначко дело на нашите херои.“

Перо добро го погледна и благо се насмевна. Се сврти кон него да се намести и размисли. Знае дека овој другар е поет, само што е и каков, многу не знае. Првпат го виде кога беа во базата на Лопушник. Првиот впечаток му беше ваков: ниско човече, здепаст, со шарен качкет на главата, цивилно палто и сиви панталони. Пачавиците вовлечени во бели волнени чорапи и гојзерици. Во десната рака носеше стап за потпирање низ шумата, подготвен како за планинарење. На десната страна му висеше некаква торба полна со разни се работи. Таков тогаш од првото видување Перо го знаеше. А сега на него сѐ застарело. Од долго одење потпетиците се искривени, палтото збрчкано, панталоните во колениците искинати, само закрпени. Волнените чорапи не се познаваат која боја се. Капата некако уште си го задржала првобитниот сјај, само копчето што ги соединува разнобојните резени на темето се олабавил и се клатеше кога одеше. Перо се прибра и почна во детали да му раскажува. Кочо со потпрена тетратка на колена, чии корици беа со сина боја. Со црн молив пишува сѐ што може. Повремено ќе запраша за некои детали и продолжува. Пишува, допишува, само се смешка и ќе каже: „така, така“. Перо заврши со раскажувањето, а Кочо уште долго пишуваше, прецртува, додава како некој уметник.

„Другар Кочо, готов ли си? Да легнеме. Ако нешто треба, утре ќе продолжиме.“

„Доста е, Перо, засега, ми се чини доволно е. Оваа тетратка ќе се исполни и уште колку други ќе пополнеме! Борбата е пред нас, за неа треба многу да се пишува какви уште други случки и перипетии уште ќе има! Ова е само почеток, нека ни е со среќа.“

Двајцата се завршија секој на својата страна и се наместија за одмор. Перо почна да го мачат некои црни мисли. „Што сега, каква нова должност го чека Перо? Дали тука ќе остане на овој терен, или ќе оди некаде на друга страна?“

Четири е часот, мракот нагло ја притисна буковата гора. Секогаш во шумата е така, сонце никогаш не гледаш. Дејан се нафати да се касне нешто, ручек ли е или вечера кој да ти го знае. Се јаде кога ќе се има нешто. Местото каде што сме го викаат „Козјак“. Под нас од лево на десно се протега нешто како ендек, послан со букови лисја. Во оваа природна јама сместени се половина вреќа брашно, две-три шишиња зејтин и две канти сирење. Другарите на брзина испекоа нешто како лепчиња. Јадењето се подели на другарите и тоа за кусо време им исчезна од рацете. По завршениот појадок [оброк], мракот веќе се спуштил. Секој се повлече до некоја бука и си фати место за спиење. Во непосредната близина до Перо се прибра Кочо и легна во една мала длапка, полна со меки суви букови лисја. Легна на грбот, ги крена рацете над главата, се смееше и викна тивко:

„Има да се спие оваа вечер на оваа мека постела како никогаш!“ и замолчи.

„Ваква убавина каде би нашле долу?“, му одговори Перо.

Останатите молчеа. Лево долу некој веќе захркал, струга ли струга. Сите се смирени. Верверичките од сите страни се спуштат од дрвата, ќевкаат, бараат храна и прескокнуваат од човек на човек. Некаде подолу некоја шумска птица се огласува со „ку, ку, ку“. Дали лошо легнал или нешто сонуваше Кочо, се виткаше и фрлаше на левата и десната страна и промрмори некои нејасни и неразбирливи зборови. Перо стана, сакаше да го мрдне и разбуди. Го турна по рамото, неколку пати, нешто промрмори, како да сакаше нешто да каже. Го гледаше некое време во мракот, кога се заврти со раширени раце над главата, издиши длабоко неколку пати и се смири.

Перо со Кочо Рацин

Откако добро се раздени, прво се разбуди Перо. Од неговото шушкање стана и Кочо. Почна да си ги трие очите и се протегна со рацете нагоре.

„Ама убаво спиев оваа вечер, никогаш досега не сум се така убаво наспал.“

Стана, се прошета околу буката и застана. Тивко, полугласно го праша Перо:

„Како си, јуначе, се наспа ли?“

Cѐ беше добро, се спиеше како никогаш до сега, само ти ноќеска многу се вртеше и зборуваше некои нејасни зборови. Дали можеш да се сетиш што беше това?“

„Ништо, братче, не знам, нити можам да се сетам; спиев како топ.“

Кочо се фати со левата рака за најблиската бука и полека се спушти да седне. Перо се доближи до него по некое време, стоеше, го гледаше и седна.

„Другар Кочо, што е ова, откако сум тука од торбичето не се делиш и кога спиеш?“

Кочо се насмеа, го погледна под око и рече:

„Да, другарче, така е.“

Ја фати торбата која му висеше околу вратот и почна да ја чука.

„Тука е мојата муниција и оружје. Ќе пукам против секој поробувач на нашиот народ и неговата работничка класа. Ќе пукам до конечното ослободување.“ – Зборуваше од сѐ срце, дури се подигаше.

„Другар Кочо, ние окупаторот веќе го начнавме.“

„Уште, уште треба, Перо. Уште многу треба таа двоглава аждаја да се дотепа. Правдата е на нашата страна и ние ќе победиме!“

Овој чуден поет постојано беше под некои напо [напон]. Ќе испушти нешто и замолчува, за што нешто Перо не можеше да го разбере. За кусо време беше стекнал доверба во Перо. Кочо виде оти ова момче е добар и храбар борец, такви луѓе се и доверчиви и добри конспиратори. Нешто го мачеше во душата, сакаше некому да се искаже. Го фати Перо за рака, седна малку поблизу и рече:

„Да си зборуваме тивко, да не ги разбудиме другарите.“

Перо се доближи, се потпре на десната рака и седна.

„Денеска рано наутро Орце, Андро и Абас ќе одат во Кленовец (кичевско село). Засега немаме некоја работа, би сакал да ми раскажеш подробно за првиот поход на Одредот.“[5]

„Што ни е работата, ќе ти раскажам колку сакаш и како сакаш. Во това твоето торбуле имаш тетратки, пишувај колку сакаш.“

Перо почна со расказот, како што бараше Кочо. Откако ја доврши последната реченица [Кочо му] рече:

„Јас имам многу да пишувам и сум пишувал за она што ме мачи. Не знам кога ќе пишувам и дали ќе се стигне, бидејќи собитијата молневито се редат, побргу и од филмската лента.“

„Што чекаш, ете сега пишувај, што ти е работата.“

„Не е тоа така, другар Перо. Треба да се пишува за вистината, а за некого вистината е тешка и боли.“

Перо веднаш ги начули ушите. „Што е сега, кај овој човек се крие нешто силно и длабоко чувствително“, си помисли Перо.

Кочо раскажува

„Другар Перо, не знам како и колку ја познаваш историјата на македонскиот народ. Нашиот народ од времето на Самуила постојано е под ропство, разединет, пљачкан, измачуван и друго. Ние денес биеме голема и историска битка на два фронта. Тешкотиите се големи. Нашиот народ национално уште не е изживеен, а треба да го прифати социјализмот и интернационализмот. Колку во тоа ќе успееме не знам. Ние сите сега што се бориме, повеќето сме комунисти или симпатизери. Свесни сме за сѐ што правиме и што се случува околу нас. Ете и овие двајца другари што дојдоа од горе (Белград), Орце и Темпо сакаат да ни помогнат. Намерата и искреноста уште не ми е јасна. Ќе ме прашаш зошто. Ти, другар Перо, си уште млад комунист, работите внатре во партијата не ги знаеш. Тоа не е грев.“ Кочо продолжи: „Мене ме мачи и ми го брка умот она што се случи во Тетово.[6] Централен комитет се организира со избор на членството на компартијата [Комунистичката партија]. Овој Темпо сите работи сам си ги заврши, предлага луѓе кои нему му одговараат, односно кои слепо ќе се покopуваат на директивите од Белград. Ние комунистите сите сме еднакви. Што му требаше тоа прибирање? Јас ги познавам сите тие кои беа во комитетот и тие кои се сега накалемени од Темпо.“

Додека зборуваше, Кочо често се вртеше кон останатите кои уште спијат, иако беа доста оддалечени. Се заврти кон Перо, благо се наведна и тивко му рече:

„Во овие тешки моменти се води политичка борба, каде ќе оди Македонија.“

Перо му се доближи повеќе за да биде тивок и му рече:

„Како каде ќе оди Македонија? Ние, македонските комунисти тоа веќе сме го одредиле уште со првите истрели. Македонија обединета и целосна, Вардарска, Егејска и Пиринска во состав на великиот Советски Сојуз. Првата буква „С“ ќе биде на Балканот, втората некаде во Русија, третата зад Урал, а „Р“-то ќе е во Сибир. Тоа треба да биде наша прва задача. Револуцијата во поширок размер треба да ни биде како главна задача. Во тоа треба да успееме и ќе се биеме до последен. Тоа ни го гарантира тоа што во сите соседни држави борбата ја водат компартиите. Јас мислам дека ние не сме толку загреани да го решаваме некое национално прашање. Ние сме интернационалисти. Другарите ќе нѐ разберат дека нашиот народ треба и мора да ја преживее својата националност. За нас комунистите тоа не е прашање.“

„Тоа сѐ е така, другар Перо, така треба да биде. Овие одозгора многу се плашат од нашиот национализам.“

„Ако затоа се плашат, тогаш тие не се комунисти и не дошле да ни помогнат!“, му рече Перо. „Дојдени се, значи, за некој интерес, а под паролата за работничката класа.“

„Да, така е, само едно треба да знаеш, во прашање е стара Југославија, сакаат тие горе да си остане во рамките. Затоа Темпо во комитетот [ЦК] си избра луѓе кои ќе го слушаат и се приврзаници кон Белград. Тука е злото и расипаноста на тие планови. Тој план не е на Интернационалата, тука се вмешани прстите на империјалистите. Тој што се бори за спроведување на овој план и сам се лаже, мислејќи дека тие што му наредуваат од горе се чесни комунисти и дека така треба да биде. Ќе се кае, само доцна ќе му биде. Не знам дали знаеш, во штабовите на српските и хрватските и други штабови имало англиски мисии. Тие наводно доаѓаат за помош, само и тие си имаат своја сметка. Ние, Македонците сме испарени [попарени] од тие западни империјалисти. Благодарение на големиот Советски Сојуз, тој ќе го спаси славјанството и целото човештво од фашизмот. Нашите очи се вперени кон исток, кон Црвената Армија. Таа армија на советските пролетери ги гони германските орди кон запад. Ние партизаните на Македонија излеговме да му помогнеме во таа тешка пресметка со Хитлеровите банди. Сигурни сме во тоа дека победата ќе биде наша.“

Од време на време при раскажувањето Кочо се возбудуваше, си ја триеше главата и ја бришеше потта која од мака му избиваше.

„Малку се оддалечивме, Перо, да се вратиме на нашата болка. Што се однесува на Југославија, оние од горе сакаат да остане во рамките како што си беше, само тоа е многу тешко. Ние на нашиот народ како и да сакаме да му објаснуваме, нема да нѐ разберат, бидејќи Југославија како таква во народот е компромитирана. Кој би сакал со ни [нив] да ја води борбата? Сите копја тука се кршат. Темпо само за тоа е дојден, не за друго, другар Перо. Кога бевме горе во првата база, истиот тој извади од внатрешниот џеб една слика на некојси Тито. Ја покажа за да види како ние Македонците ќе реагираме. Кога виде дека на сето тоа никој не му оддаде никаква важност за таа личност, остана шокиран, полека ја стави во еден внатрешен џеб и повеќе на никој не ја покажа. Тој Темпо би сакал и југословенското знаме да го носиме насекаде, а ако и тоа го направеше, ќе мораше да се пакува. Темпо го познавам од порано. Црногорец е, комунист. Живееше и работеше во Белград. Тој е пратен да ја сочува Југославија како што била. Тоа многу не ме чуди. Тој е за нас туѓинец. Темпо исто има подршка и од Абас. Овој човек не знам како се вовлекол во партијата. Колку сум чул, за него нема што арно да се каже. Многу расипан човек бил, а имал голема поддршка од ЦК на Југославија директно од некој си Ранковиќ. Изгледа дека и тој ништо не е поарен од него. Другар Перо, многу се разврзав. Перо, ти говорам како на чесен комунист.“

Замолкна, се замисли нешто и погледна кон Дејан (Киро).

Ете, Перо, овие работи кои така на брзина ти ги нафрлив ме загрижуваат. Бидејќи ние веруваме во комунизмот, такви ќе си умреме за тие идеали.“

Дејан веќе беше буден, седеше некаде во ендекот до пљачките. Бележеше нешто во едно мало тефтерче. Од време на време, погледнуваше кон двајцата што беа испикани зад големата бука. Дали можеше да чуе што се зборуваше, самиот знае. Сите овие работи што ги кажа Кочо подоцна се обистинија, повеќе од она што се мислеше. Перо сето тоа го виде, доживеа и го почувствува на сопствената кожа. Пред оваа командирот[7] му раскажуваше за некои нечесни работи, а сега и Кочо накажа нешто слично, полошо, ама вистинито. Некогаш ќе си кажеше Перо: „Што ми требаше да се фатам на оро со вакви нечесни луѓе, кои ништо арно не му мислат на македонскиот народ.“ До крајот на борбата кој знае уште колку пати истото ќе си го повторува како рефрен кои одекнува во свемирот.

Перо длабоко возбуден, дури косата му се дигаше од она што слушна. Може ли сето тоа да биде од едни комунисти, на кои Перо толку им веруваше. Партијата нѐ учела да се бориме за светскиот пролетаријат, за пролетерска револуција. Со издигање на свеста, националноста сама ќе отпадне. Сталин кажал во својата книга „За националното прашање“, секој комунист се родил во некоја нaционaлноcт и тоа треба да се почитува. Високата комунистичка свест ќе доведе до тоа сите народи да се сакаат како браќа.

Двајцата молкнаа. Кочо повремено погледнува кон останатите кои уште спијат. Сака уште нешто да каже и ја пpeвртува тетратката која му е во скутот.

„Другар Перо, ете тука пишувам колку дал македонскиот народ за славјанството. Ние сме им го дале писмото, преку него и сето останато. Првиот славјански универзитет го отворил Климент Охридски. Од тука, од тој наш Охрид му се отворија очите на сите Славјани. Имал и поголемо богатство на светот од она што сме им дале на нашите браќа Славјани? Со тоа ние не се натценуваме, туку се гордееме дека сме основоположници на науката и културата на сите Славјани. Големите апостоли Кирил и Методи, Климент и нивните ученици ја разоткриле уката на секаде и им ги отвориле очите на племенските родови на Славјаните да го погледнат светот онака каков бил.“

Кочо така тивко раскажуваше за сѐ од минатото, што за Перо беше сето тоа ново и непознато, бидејќи израснал како војник пред војната. Историјата што ја учел од српските учители е преправена онака како им чинело на режимите. Перо наведнал глава, ги начулил ушите и го впива секој збор што Кочо го искажуваше. Кочо малку подзастана, длабоко воздивна, ја затвори тетратката и рече:

„Немаме сега време, Перо. Уште колку имам да ти разкажувам! Друг пат кога повторно ќе бидеме заедно ќе продолжиме.“

„Што стана сега со пишувањето за борбата? Тетратката ја затвори, значи заврши?“

Не сум завршил, ќе продолжиме по ручекот, или кого овие ќе одат надолу. Гледаш дека другарите се будат. Не е згодно да нѐ гледаат како си шепотиме, ќе си помислат сѐ.“

„Така е, другар Кочо.“

Обајцата се свртија секој на својата страна и легнаа на грб со мислите кој знае каде.

Времето полека минува, никој да мрдне, спијат како да орале и копале. Перо си размислува и си вели: „Колку работи не знаев, уште колку ќе дознам. Пред да дојдам тука никој не ми кажал ништо, дали и тие другари можеби не знаеле за сето ова? Сега тука разбрав за многу работи од ова мало здепасто човече кој е полн со многу познавања. Од сето ова видов колку не сум знаел ништо за својот народ, па и за другите народи.“

Кочо промрмори нешто и се подигна на лактовите. Погледна кон другарите кои беа наредени по браздата и заспани во длабок сон. Се сврте кон Перо и рече:

„Што им е на овие, многу се успале. Орце, Абас и Андро треба да одат долу во Еловец.“

„Што знам, ние главно сме будни. Тие си ја знаат работата, ќе станат. Ене, мрдаат“, рече Перо.

Полека целата група се будеше. Орце му го дрпна ќебето на Абаса. Овој стана, се заврти лево-десно и почна да си ги трие очите. Стана и Андро. Тргна долу низ дрвјата. Откако сите се разбудија, се собраа до пљачките, таканаречен магацин. Дејан го зеде лебот и сирењето, го подели на сите по малку, колку што имаше и појадоа толку колку да завртат душа. Aбac, Орце и Андро се собраа и се оддалечија во шумата, да се договорат нешто.

Во шумата нема светол ден. Високите и густи буки го затскриле небото. Од самата светлина на денот тука меѓу буките, каде е базата, јасно е како во осветлена просторија со петролејска ламба. Нi ветрец да дувне, ни гранка да мрдне. Штом осамне, ќе пролета некоја загубена шумска птица, високо низ крошните, со што се знае дека денот е тука.

Перо и Кочо повторно се заедно, се мислат што ќе се работи денес. Големците откако се договорија, се јавија дека ќе одат во Еловец и заминаа. Во базата останаа Дејан, Кочо и Перо. Саатот се ближи кон десет. Кочо го фати Перо за рака и седнаа до една бука. Дејан остана сам до пљачките во браздата. Работеше нешто, преместуваше некои торби, вреќи и ги покриваше. Кочо сака нешто да говори со Перо, ама погледнува кон Дејан. Откако се смири, ја извади тетратката и почна нешто да бележи. Застана, погледна нагоре и се замисли. Неколку секунди мислеше и прозбори:

„Ах тие Мугри, Бели мугри, ги немам, Перо да ти ги читам! Тука сум ја кажал целата мака и патила на нашиот народ. Ќе ти изрецитирам малку од неа.“

Се потпре назад на двете раце, ја дигна главата и почна. Перо вкочен застана. Занесен од играта на зборовите, ги гледа сториите на творбата и се восхитува. Кочо заврши и за момент застана. Погледна кон Перо и се насмеа. Перо се доближи до него го чукна по рамо и рече:

„Браво, браво, вакво нешто е за револуцијата! Од што слушав, косата ми се дигна!“

„Немаме време, Перо, имам доста такви. Ете уште оваа ќе ти ја кажам, за тутуноберечите.“

Повторно се занесе и почна тивко со силно нагласени зборови, кои од огнената му уста летаа и грмеа чиниш дрвјата и лисјата се тресат. Од збор до збор, сѐ посилни и полни со грижи и јарост, ја раскажуваше аргатската мака. Крајот го заврши со дигната рака и така остана додека не се опушти.

„Кочо, ти си мало, ама силно човече, со твоите стихови наоѓаат оддишка целиот пролетаријат! Удираш по експлоататорите како Демоклов меч! Така е и така треба.“

Перо малку се тргна да не му пречи во мислите, да пишува спокојно. Кочо наведнал глава, пишува, прецртува, скоро цел час. Перо долго така стоеше по страна и си играше со едно буково гранче, кое на крај почна да го грицка. Му текна нешто, стана, ја извади војничката кама која си ја чуваше во долниот џеб и тргна кон една дебела бука. Почна да струга по кората и стеблото. Откако ја откачи кората, на белото стебло ги врежа своите иницијали. Се сврте кон Кочо кој беше наведнат и уште нешто пишуваше. Погледна нагоре и се чудеше што е буката така права и висока што крајот не ѝ се гледа. Ги погледна изрежаните букви, се сврте и отиде до друга таква иста столетна бука. Немам тетратка да пишувам и шарам. Ако некогаш дојдеме тука, да се потсетам на времето и местото каде сме биле, си размислуваше Перо.

Кочо прави мекици

Дејан беше ги посвршил своите работи и седна на крајот од ендекот. Ја дигна раката и викна тивко: „Другари, дојдете малку.“ Перо и Кочо се завртеа кон Дејана. Откако разбраа дека ги вика, тргнаа кон него.

„Седнете малку“, им рече. „Како што гледате, другарите уште ги нема од селото. Што да направиме нешто за ручек, ете веќе е два часот.“

Кочо го праша што има да се направи.

„Ете во оваа вреќа имаме брашно, во шишето е зејтинот, а во онаа канта е сирењето. Имаме тенџере, тавичка и некои други садови. Ете го и гравот колку да сакаш, па да смислиме нешто.“

„За варење грав немаме време. Туку, дали има бикарбона сода? Јас знам како се прават мекици“, рече Кочо.

„Имаме и бикарбона сода да направиме,“ му одговори Дејан.

Перо го зеде балонот кој беше празен и тргна во долот по вода. Скоро во секој дол течеше некоја вода. Перо се доближи до чешмичката која самите ја направија. Преку сувата кора од некое старо дрво се цедеше тенок млаз ладна бистра вода. Го наполни балончето и се врати во базата. Кочо веќе го превртуваше брашното со една шарена чинија и го полнеше синото широко емајлирано тенџере.[8]

[...]

Кочо носи јадење

Дејан за цело време молчеше, како нешто да планираше. Стана и го зеде големото тенџере, сино, полуплитко и отиде до една од вреќите во која имаше грав. Со помош на една чинија го наполни тенџерето до половината. Зеде пет-шест од мекиците, ги тури и нив во тенџерето. Перо и Кочо го гледаат што прави Дејан и се чудат, зошто ќе му е тој грав и мекиците, за кого се? Дојде до нив, го остави тенџерето на земјата и седна. Погледна кон Кочо и рече:

„Ние се најадовме, само оние горе сигурно се гладни.“ Се сврти кон Кочо и му рече: „Земи го тенџерето со мекиците и носи им да јадат, а со тоа нека го сварат гравот.“

Перо му кажа:

„Каде ќе го носи горе гравот да се вари?! Ете го огинот уште не е изгаснат, тука ќе го свариме. Како бре, другар, може да се варе грав во тоа тенџере кога си го наполнил до горе? Кога ќе се стави вода сѐ ќе истече, изгледа ти не си видел како се прави грав.“

Перо сакаше уште да му каже за мекиците, бидејќи тука јадевме колку сакавме, а за оние горе, кој знае колку се, се дава пет до шест мекици, колку да се каже дека и ним сме им дале нешто.

Дејан со наведната глава и налутено му одговори:

„Тука не може да се вари бидејќи треба да палиме оган, а горе имаат примус кој работи на шпирт и во пештера се, ќе го сварат, никој да не ги забележи. Дали знаеш, другаре, кое време сме? Четири часот е минат, а може да е и повеќе. Гледаш дека фати мракот во оваа темна шума.“[*]

Кочо си седеше на местото и го гледаше Дејана и ништо не му одговори. Перо не чекаше многу, стана, го зеде тенџерето да го носи каде што рече Дејан. Дејан рипна и подвикна:

„Не, Перо! Кочо ќе оди!“

Кочо и натаму се нечкаше. Не му се одеше и додаде:

„Ете, што смета Перо да оди, нека оди.“

Дејан го одби предлогот на Кочо и настојуваше Кочо да оди. Едно време Кочо застана, се замисли малку, без да прозбори, стана, го зеде тенџерето со мекиците и тргна. Перо со поглед го прати како бргу граби по крајот на ендекот. Благо подвиен со тенџерето во десната рака, се губи меѓу дебелите буки и загина од погледот.

Истрел против Кочо

Дејан и Перо, седнати еден наспроти друг, гледаат некаде неодредено и молчат. Не минаа ниту пет минути, грмна пушка. Шумата заечи, мирните шумски птици се разбегаа по високите крошни. Перо рипна, возбуден, во очите му блика јарост и лутина: почувствува дека стана нешто лошо и тешко. Погледнува кон Дејана, кој спокојно си седи и ладен како ништо да не се случило. Без збор и размислување, Перо тргна кон правецот откаде се чу истрел. Дејан стана и му викна:

„Чекај, Перо, седи ти тука, јас ќе одам да видам што се случило!“

Перо застана, се замисли малку и седна. Дејан отиде куцајќи на ногата и загина меѓу буките, како и Кочо. Остана сам, без оружје, за појасот ја имаше само камата. Тргна околу, барем да најде некое појако дрво, да има нешто во раката. Ја извади камата, изделка едно подебело дрво и легна на стомакот во ендекот.

Лежи и слуша сѐ што мрда околу. Некаде одоздола под ендекот се слуша тапо одење по сувите лисја и пукање на сувите гранчиња. Перо го фати дрвото со двете раце, кој и да е, да го дочека како треба. Шушкањето се ближеше скоро до него. Под ендекот се подаде огромна глава на волк! Перо прв го виде и рипна со дрвото право на него. Волкот изненаден, од страв рипна назад и падна на грбот. Низ стрмиот дол се тркалаше како топка. Така се тркалаше сѐ до поточето, кои доста ги има низ доловите. Не можеше да застане, како да му беа нозете пресечени. Оваа глетка Перо долго ја гледаше и се чудеше. Си размислуваше, изненадувањето е страшна работа, па и за овој голем волк.

Се повлече во ендекот, седна со дрвото во скутот и повторно ги начули ушите. На штрек, чека од секаде напад на базата. Поминаа пет, десет минути, па и повеќе од половина час. Никој да се јави. Чекањето му стана како вечност. Седнат со прекрстени нозе во ендекот, паметот му шета насекаде и размислува:

„Да не се нешто случило со Кочо. Зошто баш тој мораше да го носи тој проклет грав, кој не беше толку нужен. Тој куц Дејан, тоа подмолно суштество, кој така знае да ги намести сллетките, што за оваа револуција не е баш така вкусно!“

Перо размислува и секогаш погледот му е вперен откаде дојде истрелот. Дејан и уште двајца кои не може од далеку да ги распознае, се враќаат без Кочо.

Идат сите без Кочо

Стана Перо, потпрен на стапот и ја гледа проклетата тројка, која тромо, како без душа, се валка кон базата. Кога се доближија, во непознатите двајца ги препозна сега Мино и Митре. Двајцата мистериозни „работници“ застанаа пред базата и се гледаа меѓу себе, трепкаат со очите, како да сакаат да се сетат на нешто. Перо прв ги запраша:

„Што е, каде е Кочо?“

Никој ништо не говори, молчат, се вртат, не знаат каде да седнат. Перо меѓу нив е помлад како борец и комунист, не сакаат со него да зборуваат за ваква случка, што би можел да стори во оваа ситуација? Откако Перо не доби одговор, и тој замолчи. Не знае што да ги праша повеќе. Тие наведнале глави, крадешкум погледнуваат околу, како да бараат нешто, или исчекуваат некого.

Одоздола ете ги Орце (Добривое), Абас (Цветко) и Андро (Страхил). Овие тројца се размрдаа, еден по еден се дигнаа, нешто проговорија меѓу себе, што Перо не можеше да разбере во што беше работата. Откако сите се собраа, седнаа во полукруг. Дејан нешто неразбирливо почна да мрмори, потоа се исправи и рече:

„Кoчо загина.“

Перо дочу што им рече Дејан и им ги гледаше лицата, како ќе реагираат. Сите спокојно се држеа како ништо да не се случило! Дејан продолжи:

„Го пратив да носи јадење на другарите во печатницата, а со тоа и му дадов тенџере да сварат грав. Кочо отпрвин одбиваше да оди, потоа се сложи и тргна кон другарите горе во печатницата. При одењето се сретнале Мино и Митре во шумата со Кочо, кој одел кон нив. Овие забележале како идe некој кон нив. Помислиле дека е ухода [извидник]. Легнале, пукнале во него и го погодиле. Куршумот го погодил некаде во стомакот. Рана има каде што влегол куршумот, а излез немаше. Значи, куршумот му останал во утробата.[**] Му укажавме прва помош и го оставивме на земја. Додека беше свесен, праша: 'Што е ова, другари? Вистина ли е или сонувам?' Му рековме: 'Ништо, Кочо, удрен си малку, сѐ ќе биде добро.' По кратко време почна да се губи и рече: 'Другари, имам стара мајка во Велес, кажете ѝ оти загинав за Македонија.'“

Додека ова го кажуваше Дејан, Мино наведнал глава и не мрднува од местото. Се чувствуваше виновен, бидејќи тој пукаше во Кочо со една 'pѓоcaнa пушка. Митре, кој одеше со него и тој молчи, што ќе очекуваш од еден прост човек, печатарски работник. Чувствуваше кабаетлија [виновник], се загледува лево-десно и трепка, ја испитува реакцијата на присутните. Мрачна личност, затворен, а во душата расипан, Дејан така ладно и спокојно ја раскажуваше случката, како ништо особено да не се случило. Перо повторно си размислува:

„Ако е овој стар комунист и македонски поет, зошто не е член на Главниот штаб, а го одредиле да работи како коректор во печатницата? Каква е и колкава е таа трапава печатница, па мораше овој писател да биде ангажиран!? Па тој е и како политичар и како марксист многу посилен од сите кои се во него [во Главниот штаб]. Цветко, прост човек, Андро исто така, што можат тие да решаваат такви големи прашања, кои во тоа време се редеа како на филмска лента? Изгледа тука најмногу пречеше Орце – Добривое Радосављевиќ. Некој од другарите предлагал Кочо да биде примен во партијата, а овој кажал: 'ЦК [на КП] на Југославија го истерал, само тој може да го прими,ние тука ништо не можеме.'“

Мино како да е неспокоен, па додаде:

„Абре, јас откако пукнав со таа стара 'ргосана пушка, почувствував оти удрив наш човек, само доцна беше.“

Како договорени, се раскажува само да се тргне одговорноста на некој начин.

Подоцна, во книгата што е пишувана за оваа случка, Мино раскажува дека Кочо тоа утро го пратиле од печатницата да земе јадење од базата, потоа додава кога иделе од печатницата кон базата најнапред одел Митре, а Мино по него. Митре пак кажува спротивно. Кочо пред три дена бил во базата, а кога се враќале од печатницата кон базата, Мино одел напред, а зад него одел тој. Сами меѓу себе се плеткаат и се клеветаат.

Откако се виде што станало, големите тројца се повлекоа малку погоре зад буките. Заседаваа долго. Перо седи, потпрен на левата страна. Страшни мисли го мачат! Изгубен е еден толку добар другар, стар комунист и поет. Последните зборови што ги кажал, прашање е дали се точни: „Имам една стара мајка во Велес, кажете ѝ оти умрев за Македонија.“ Така Дејан кажува. Може ли еден стар комунист, кого со години го калела партијата и да биде делегат на конгресот во Дрезден со кочанчанката,[9] да не ја спомне партијата, дека паднал и за неа? Кочо загина уште во разгорот на борбата, на која толку ќе ѝ требаше. Што се може кога на некому му сметаше ваква личност! Дошле да ни дадат братска помош, ете вака ја даваат! Сите знаеме дека ништо арно не му мислат тие од горе на македонскиот народ, нити пак на целиот пролетаријат. Во овие работи длабоко си ја пикнал раката [британскиот] „Интелиџенс сервис“. Уште колку посрамни работи ќе се случуваат подоцна! Сите овие работи се така вешто режирани да не може никој да ги разбере. А ние тука сме млади комунисти без искуство. Револуцијата бара уште жртви, поголеми одошто се мислеше. Треба доста храброст и упорност. Борбата ќе се води до крај, до конечната победа на пролетаријатот. Ние сме во право, ние ќе победиме, си мислеше Перо, само треба големо внимание и трпеливост. Не е лесно да се формира нова држава, која од пред единаесет века не постоела. Се плашат од некојси национализам, кој не постои. Страв им е бидејќи се чувствуваме како Македонци. Тоа право го бараме, на рамно како сите народи на Балканот што го имаат. Што има тука нешто лошо? Да не се отцепиме од Југославија? Па и да се одделиме, тие гледаат дека тука борбата ја води компартијата. Hе смее и не би требало да се има недоверба во оваа млада компартија, чии темели се поставени на здрава основа. Оваа болка нѐ прати и ќе нѐ прати за време на борбата и по неа.

Така Перо со црните мисли остана легнат под големата бука.[***]


Забелешки на авторот

[*] По Ослободувањето, Перо го запраша Мино [Минов]: „Дали горе, каде што бевте со Митре [Инадески] имаше пештера и имавте примус?“ „Не, бре, немавме примус, нити имаше некоја пештера. Печатницата со другите работи беше во едно долче.“ Што значи Дејан кажувал неточни работи, само да го натера Кочо да го носи гравот.

[**] Петко (Дончо), курир на Абас од Крушево, во тоа време не бил на овој терен, од каде знаеше тој, како мајор на УДБ, да дојде на Козјак и да ги извади коските од гробот на Кочо за да се пренесат во Велес?

[***] Подоцна, во 1976 година, кога Перо често одеше со Госпо (Крсто) во канцеларијата на Сојузот на борците за да му дадат стан, а за што го влечкаа скоро десет години. Со Госпо влегоа во канцеларијата кај Кралевски, одговорен по службата за доделување на станови за борците и седнаа зад една ниско масиче на две фотелји. Во тој момент имаше уште двајца другари со кои требаше Кралевски да заврши некоја работа. Набрзо потоа канцеларијата остана празна од странки.

Кралевски почна разговор со Госпо за некои работи од минато време. Така ја разви дискусијата, со што сакаше да каже дека е тој борец од 1941 година. Почна со прикаската дека по капитулацијата на стара Југославија, имале директива од партијата да се ослободуваат војниците заробеници од германските логори. Така, еден ден, со такви заробеници, му го донеле активистите и Кочо Рацин и му нагласиле „овој е наш македонски поет, пази на него, само знај дека не е член на компартијата“, со што ме предупредуваа случајно да не му дадам некоја задача како на член на партијата. Јас сум чул за овој наш поет, само не знам зошто треба да имаме таква претпазливост кон него. Каква беше таа негова грешка; па да го исклучат од партијата, кои се тие луѓе и какви се? Го прифативме Кочо и го испративме по каналот до Велес.

Госпо го запраша:

„Море, тој е меѓу најстарите комунисти во Македонија. Дали знаеш зошто оние од Белград го исклучиле од партијата?“

„Не знам сигурно, за тоа сум чул неколку верзии. За една кажуваат дека без знаење дал да му се печатат некои песни во некоја приватна печатница во Загреб, а песните не сакале одговорните на ЦК КПЈ да се печатат како такви. Друга верзија била што се поврзал со некои Хрвати и со нив работел. Дали е сето тоа точно, кој да ти знае. Што е важно, од одговорните се држи оваа работа во тајност и не сакаат да ја обелоденат.“

Со оваа дискусија Перо разбра дека уште тогаш некому овој човек му сметал.


Забелешки на транскриберот

[1] Јосиф Ќаевски своите спомени ги пишува во трето лице, користејќи го за себе своето партизанско име Перо.

[2] Станува збор за Добривое Радосавлевиќ – Орце, Страхил Гигов – Андро, Киро Георгиевски – Дејан и Цветко Узуновски – Абас.

[3] Овде станува збор за акцијата на дел од партизаните од Кичевско-мавровскиот одред, а која ја опишува Ќаевски на претходните страници од своите спомени. На партизаните им успеало, голораки, без оружје, да разоружаат десетина италијански војници, кои влегле да пљачкаат во едно мавровско село.

[4] Козјак – место на планината Бистра, каде што се наоѓала втората база на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.

[5] Станува збор за Кичевско-мавровскиот партизански одред.

[6] Набрзо по доаѓањето на Светозар Вукмановиќ – Темпо во Македонија и набрзо пред префрлањето на кичевскиот терен за да се раководи од таму со НОБ, на 19 март 1943 година во Тетово била формирана Комунистичката партија на Македонија во состав на КПЈ. Бил формиран и Централен комитет во состав Лазар Колишевски (политички секретар), Мара Нацева (организациски секретар), Цветко Узуновски, Кузман Јосифовски, Страхил Гигов и Бане Андреев. Во моментот на формирањето на ЦК КПМ и до крајот на бугарската окупација во септември 1944 година Колишевски и Нацева биле во интернација во Бугарија.

[7] Станува збор за Иван Дојчинов, командант на Кичевско-мавровскиот одред.

[8] Во спомените на Ќаевски следи подетален опис на правењето мекици во оваа прилика.

[9] Станува збор за Четвртиот конгрес на КПЈ, одржан во Дрезден во 1928 година, на кој единствени делегати од Македонија биле Рацин и Малина Попиванова од Кочани, ќерка на Стефан Поп Иванов.



Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин | Рацинова архива

Македонска тематска архива | марксистичка интернет архива