Карл Маркс
Капиталот (том 1)

Оддел седми
Процесот на акумулацијата на капиталот


Претворањето на една парична сума во средства за производство и во работна сила е првото движење што го прави количеството вредност што треба да функционира како капитал. Тоа станува на пазарот, во сферата на циркулацијата. Втората фаза од движењето, процесот на производството, се завршува штом ќе се претворат средствата за производство во стока, чијашто вредност ја надминува вредноста на нејзините составни делови, значи што го содржи првобитниот авансиран капитал плус еден вишок на вредноста. Овие стоки мораат после пак да бидат фрлени во сферата на циркулацијата. Тие треба да се продадат, нивната вредност да се реализира во пари, овие пари пак да се претворат во капитал и постојано така сѐ одново. Овој кружен тек што ги прави секојпат истите фази една по друга ја прави циркулацијата на капиталот.

Прв услов за акумулацијата е да му се здаде на капиталистот да ја продаде својата стока и најголемиот дел од така добиените пари пак назад да ги претвори во капитал. За понатака се претпоставува да врви капиталот на нормален начин низ својот процес на циркулацијата. На поблиската анализа на овој процес местото ѝ е во втората книга.

Капиталистот што произведува вишок на вредноста т.е. што непосредно од работниците исцицува неплатен труд и го фиксира во стоки, вистина е првиот присвојувач, но никако не е и последниот сопственик на овој вишок на вредноста. Тој него попосле мора да го разделува со капиталистите, што вршат други функции во општественото производство како цело, со земјопоседниците итн. Затоа вишокот на вредноста се расцепува на разни делови. Неговите различни делови им припаѓаат на различни категории лица и придобиваат различни, една од друга независни форми, како профит, интерес, трговска печалба, земјишна рента итн. Овие пробразени форми од вишокот на вредноста можат да се разгледуваат дури во третата книга.

Според тоа ние овдека, од една страна, претпоставуваме, дека капиталистот што произведува стока ја продава неа по нејзината вредност, и нема потака да се занимаваме на неговото повторно враќање кон стоковниот пазар, ни на новите форми што ги зема капиталот во сферата на циркулацијата ни пак на конкретните услови на препроизводството што се кријат зад тие форми. Од друга страна, капиталистичкиот производител ние го сметаме како сопственик на целиот вишок на вредноста или, ако се сака, како претставник на сите негови соучесници во грабежот. Значи дека ние прво ја разгледуваме акумулацијата апстрактно, т.е. како прост момент на непосредниот процес на производството.

Покрај другото, до колку акумулацијата се врши, му успева на капиталистот да ја продаде произведената стока и добиените пари за неа пак да ги претвори назад во капитал. Потака: раздробувањето на вишокот на вредноста во различни парчиња никако не ја изменува неговата природа, нити нужните услови во кои тој станува елемент за акумулација. Макар каква пропорција на вишокот на вредноста да задржи капиталистичкиот производител за себе или да му отстапи на друг, тој секојпат него го присвојува од прва рака. Значи она што се претпоставува при нашето излагање на акумулацијата, претпоставено е и во нејзиниот вистински тек. Од друга страна расцепувањето на вишокот на вредноста и посредничкото движење на циркулацијата ја затемнува простата основна форма на процесот на акумулацијата. Затоа неговата чиста анализа бара да се апстрахира претходно од сите појави што ја прикриваат внатрешната игра на неговиот механизам.


ГЛАВА ДВАЕСЕТ И ПРВА

Просто препроизводство


Каква сакала била општествената форма на процесот на производството, таа секако мора да биде континуелна т.е., постојано периодично сѐ одново да врви низ истите стадиуми. Така како што едно општество не може да престане да троши, така исто не може да престане да произведува. Според тоа, разгледуван во постојаната врска и во непрекинатиот тек на неговото обновување, секој општествен процес на производството е едновремено процес на препроизводство.

Условите на производството едновремено се услови за препроизводство. Ни едно општество не може трајно да произведува т.е. да препроизведува ако постојано не претвора еден дел од својот производ во средства за производство или во елементи на ново производство. Под инаку неизменети околности општеството може да го препроизведува или да го одржува своето богатство на истиот степен, само до колку средствата за производство т.е. средствата на трудот, суровините и помошните материи, потрошени на пр. за една година, ги надоместува (во натура) со исто количество нови егземплари од ист род, што се одделуваат од годишната маса на производот и наново се приклучуваат кон процесот на производството. Според тоа, определено количество од годишниот производ му припаѓа на производството. Определено однапред за производно трошење, тоа во поголемиот дел суштествува во природни форми што сами од себе го исклучуваат индивидуалното трошење.

Ако има производството капиталистичка форма, тогаш има и препроизводството. Како што процесот на трудот се пројавува во капиталистичкиот начин на производството само како средство за процесот на оплодувањето, така и препроизводството се пројавува само како средство за да се препроизведува авансираната вредност како капитал, т.е. како вредност што сама себе се оплодува. Некој човек ја носи карактеристичната економска маска на капиталист само затоа што неговите пари постојано функционираат како капитал. Ако на пр. авансираната сума пари од 100 ф. ст. во оваа година се претворила во капитал и произвела еден вишок на вредноста од 20 ф. ст., тогаш таа мора да ја повтори истата операција и во следната година итн. Како периодичен прирасток на вредноста од капиталот, или како периодичен плод на капиталот што е во процес, вишокот на вредноста добива форма на доход што произлегува од капиталот.[1]

Ако му служи овој доход на капиталистот само како фонд за потрошувачка или ако се троши исто така периодично како што се добива, тогаш, под инаку неизменети околности, се врши просто препроизводство. Иако последново е само просто повторување на процесот од производството на истиот степен, сепак ова просто повторување или континуитетот на процесот му придава нему извесни нови карактерни црти или, нешто повеќе, ги отстранува неговите привидни карактерни белези што ги има како единичен акт.

Процесот на производството започнува со купувањето работна сила за едно определено време, и ова започнување постојано се обновува штом ќе дојде рокот за кој е продаден трудот, значи штом ќе истече определен период од производството: недела, месец итн. Но работникот се исплатува откога неговата работна сила дејствувала и штом ја реализирала во стоката својата сопствена вредност, како и вишокот на вредноста. Тој, значи, го произвел не само вишокот на вредноста, што ние засега го третираме само како фонд за трошење на капиталистот, туку и фондот од кој му се плаќа нему, променливиот капитал, значи го произвел пред да му се врати тој во форма на наемнина, и тој ќе има работа само дотогаш додека него постојано го препроизведува. Одовде произлегла формулата на економистите што ја спомнавме во глава шеснаесетта под „II“, која ја претставува наемнината како дел од самиот производ.[2] Тоа е еден дел од производот што постојано го препроизведува самиот работник, а што нему постојано му дотекува назад во форма на наемнина. Секако капиталистот нему му ја плаќа стоковната вредност во пари. Но овие пари се само преобразена форма на производот на трудот, или потокму речено, се еден дел од производот на трудот. Додека работникот претвора еден дел од средствата за производство во производ, еден дел од неговиот понапрежен производ се претвора назад во пари. Тоа со што се плаќа неговиот труд од денеска или од следното полугодие е неговиот труд од минатата недела, или од последното полугодие. Илузијата што ја создава паричната форма веднаш исчезнува штом наместо одделниот капиталист и одделниот работник, земеме да ја разгледуваме капиталистичката класа и работничката класа. Капиталистичката класа постојано ѝ дава на работничката класа во парична форма чекови за еден дел од производот што го произвела работничката класа, а што го присвоила капиталистичката. Овие чекови работникот исто така постојано ѝ ги враќа назад на капиталистичката класа и со нив го зема делот од неговиот сопствен производ што му се паѓа на самиот него. Стоковната форма на производот и паричната форма на стоката го замаглуваат вистинскиот карактер на трансакцијата.

Значи, променливиот капитал е само една особена историска појавна форма на фондот од средствата за живот или од фондот на трудот, што му е потребен на работникот за неговото самоиздржување и препроизводство и кој самиот работник мора постојано да го произведува и препроизведува во сите системи на општественото производство. Фондот на трудот постојано му тече нему само во форма на платежни средства за неговиот труд, зашто неговиот сопствен производ постојано се оддалечува од него во форма на капитал. Само што оваа појавна форма од фондот на трудот ништо не го изменува фактот дека капиталистот го авансира работникот со неговиот сопствен опредметен труд.[3] Да го земеме ние закрепостениот селанец, задолжен да дава кулук. Тој работи со свои сопствени средства за производство на неговата сопствена нива, на пр. 3 дена во неделата. Трите други дена во неделата тој работи кулук на имотот од господарот. Тој постојано го препроизведува својот сопствен фонд на трудот, и овој фонд никогаш не придобива спроти работникот форма на платежни средства авансирани за неговиот труд од некој трет. Во согласност со тоа ни неговиот неплатен присилен труд никогаш не придобива форма на доброволен и платен труд. Ако си ги присвои утре болјарот нивите, запрежниот добиток, семето, накусо, средствата за производство на закрепостениот селанец, тогаш отсега натаму овој ќе му ја продава својата работна сила на болјарот. Под инаку неизменети околности тој сега како и понапред ќе работи 6 дена во неделата, 3 дена за себеси, 3 за бившиот болјар, кој сега се претворил во господар што плаќа со наемнина (Lohnherr). Тој и сега како и порано ги ползува средствата за производство како средства за производство и ќе ја пренесува нивната вредност на производот. И сега како и порано определен дел од производот влегува во препроизводството. Но бидејќи кулучкиот труд прима форма на наемен труд, фондот на трудот што го произведува и препроизведува сега како и порано закрепостениот селанец, зема форма на капитал што му го авансира нему бившиот болјар. Буржоаскиот економист, чиј што ограничен мозок не може да ја оддели појавната форма од она што се појавува во неа, ги затвора очите пред фактот дека дури уште денеска фондот на трудот се јавува на земјината топка само како исклучок во форма на капитал.[4]

Секако променливиот капитал го губи карактерот на вредност што ја авансира капиталистот од својот сопствен фонд,[4a] штом го разгледуваме капиталистичкиот процес на производство во постојаниот тек на неговото обновување. Но сепак тој негде и некогаш мора да почне. Затоа, од нашето досегашно гледиште е веројатно дека капиталистот некогаш, независно од неплатениот туѓ труд, со помошта на некоја првобитна акумулација станал сопственик на пари, и затоа можел да настапи на пазарот како купец на работна сила. Меѓутоа, простиот континуитет на капиталистичкиот процес на производство, или простото препроизводство, предизвикува и други особени измени, што не го зафаќаат само променливиот дел од капиталот, туку целокупниот капитал.

Ако е вишокот на вредноста што го создава еден капитал од 1.000 ф. ст. периодично, на пр. годишно 200 ф. ст. и ако се потроши овој вишок на вредност годишно, тогаш е јасно, дека по петгодишна повторување на истиот процес сумата на истрошениот вишок на вредноста е = 5 Х 200 или е еднаква на првобитната авансирана вредност на капиталот од 1.000 ф. ст. Ако се троши од годишниот вишок на вредноста само еден дел, на пр. само половината, тогаш се добива истиот резултат по десетгодишно повторување на процесот на производството, оти е 10 Х 100 = 1.000. Општо: авансираната вредност на капиталот, поделен со вишокот на вредноста потрошен за година, го дава бројот на годините или периодите на репродукција во кои првобитниот авансиран капитал го потрошил капиталистот и затоа тој е исчезнат. Претставата на капиталистот дека тој го троши производот на туѓиот неплатен труд, вишокот на вредноста, а пак ја чува првобитната вредност на капиталот, апсолутно не може да го измени фактот. По истекот на извесен број години, вредноста на капиталот што му припаѓаше нему е еднаква со сумата на вишокот на вредноста што е за време на истиот број години присвоена без еквивалент, а сумата на вредноста што ја потрошил тој е еднаква со првобитната вредност на капиталот. Било како било, тој држи во своите раце еден капитал чија големина не се изменила, од која еден дел во згради, машини итн. веќе бил на лице пред да почне тој со својата работа. На овдека се работи за вредноста на капиталот, а не за неговите материјални составни делови. Ако го растури некој својот имот со тоа што кренал толку долгови колку што чини вредноста на овој имот, тогаш целиот имот само ќе ја претставува вкупната сума од неговите долгови. Исто така кога го потрошил капиталистот еквивалентот на неговиот авансиран капитал, тогаш вредноста на овој капитал ја претставува уште само вкупната сума од вишокот на вредноста што го присвоил тој бесплатно. Потака не суштествува ни атом вредност од неговиот стар капитал.

Ете така, без оглед на секаква акумулација, самиот континуитет на процесот на производство, или простото препроизводство, за покус или подолг период неизбежно го претвора секој капитал во акумулиран капитал или капитализиран вишок на вредноста. И дури овој капитал при неговото влегување во процесот на производството да бил лично заработена сопственост на лицето што го применува, порано или подоцна станува вредност присвоена без еквивалент или материјализација во парична или друга форма — на неплатениот туѓ труд.

Ние видовме во четвртата глава: за да се претворат парите во капитал не е доста што е само на лице стоковното производство[1*] и стоковната циркулација. Затоа прво мораа да застанат еден спроти друг, како купец спроти продавач, од една страна стопан на вредност или на пари, од друга стопан на супстанца што создава вредност; овде стопан на средства за производство и на средства за живот, таму стопан на ништо друго само на работна сила. Според тоа, со одделувањето меѓу производот на трудот и самиот работник, меѓу објективните услови на трудот и субјективниот фактор — работната сила, беше фактички дадена основата, излезната точка на капиталистичкиот процес на производството.

Но тоа што отпрво беше само излезна точка, после, поради простиот континуитет на процесот, на простото препроизводство, тоа постојано се произведува сѐ наново и нанова и се овековечува како сопствен резултат на капиталистичкото производство. Од една страна, процесот на производството постојано го претвора материјалното богатство во капитал, во средства за оплодување на вредноста и во средства за уживање на капиталистот. Од друга страна, работникот постојано излегува од процесот така како што влегол во него — како личен извор на богатството, но лишен од сите средства да го реализира ова богатство за себе. Бидејќи пред неговото влегување во процесот неговиот сопствен труд е отуѓен од него, присвоен од капиталистот и придаден кон капиталот, трудот за време на процесот постојано се опредметува во тој производ. Бидејќи процесот на производството едновремено е и процес на трошење на работната сила од страна на капиталистот, затоа производот на работникот постојано се претвора не само во стока, туку и во капитал, во вредност што ја исцицува силата што создава вредност, во средства за живот што купуваат луѓе, во средства за производство што применуваат производители.[5] Затоа самиот работник постојано го произведува објективното богатство како капитал, како туѓа сила што владее над него и што го експлоатира, а капиталистот исто така постојано ја произведува работната сила како субјективен извор на богатството, одделен од неговите сопствени средства за своето опредметување и осуштествување, извор што суштествува апстрактно во телесноста на работникот, накусо, тој го произведува работникот како наемен работник.[6] Ова постојано препроизводство или овековечување на работникот е sine qua non [неизбежен услов] на капиталистичкото производство.

Трошењето на работникот е двородно. Во самото производство тој ги троши со својот труд средствата за производство и ги претвора во производ со повисока вредност од вредноста на авансираниот капитал. Тоа е неговото производно трошење. Тоа е едновремено трошење на неговата работна сила од страна на капиталистот, што ја купил тој. Од друга страна, парите исплатени за купување на работната сила ги претвора работникот во средства за живот: тоа е неговата индивидуална потрошувачка. Според тоа, производната и индивидуалната потрошувачка на работникот наполно се различни. Во првата тој дејствува како движечка сила на капиталот и му припаѓа на капиталистот; во втората тој си припаѓа сам на себеси и исполнува животна функција надвор од процесот на производството. Резултатот од едната е животот на капиталистот, резултатот од другата е животот на самиот работник.

При разгледувањето на „работниот ден“ итн., меѓу другото, се разјасни дека работникот често е присилен својата индивидуална потрошувачка да ја претвори во случај на епизода на процесот на производството. Во овој случај тој си додава себеси средства за живот, за да ја држи својата работна сила во тек, како што и се додава на парната машина јаглен и вода, а на колцето масло. Неговите средства за трошење тогаш се само средства за трошење на една средство за производство, а неговото индивидуално трошење е директно производно трошење. Но ова се покажува како злоупотреба што не е сврзана со сушноста на капиталистичкиот процес на производство.[7]

Инаку изгледа работата штом не го разгледуваме одделниот капиталист и одделниот работник, туку капиталистичката класа и работничката класа, не одделните процеси на производството на стоки, туку капиталистичкиот процес на производството во неговиот тек и во неговиот општествен обем. — Кога капиталистот преобратува еден дел од неговиот капитал во работна сила, тој со тоа го оплодува целокупниот негов капитал. Тој со едно удирање отепува две муви. Тој не профитира само од она што го прима од работникот, туку и од она што му дава нему. Капиталот што е отуѓен во размена за работна сила се претвора во средства за живот чија потрошувачка служи за тоа да се препроизведат мускулите, нервите, коските, мозокот на работниците што постојат, и да се создадат нови работници. Поради тоа индивидуалната потрошувачка на работничката класа во нејзините апсолутно неопходни граници е повторно претворање на средствата за живот отуѓени од капиталот за работна сила во работна сила, што може капиталот одново да ја експлоатира. Таа е производство и препроизводство на најнеопходното за капиталистот средство за производство, на самиот работник. Значи, индивидуалното трошење на работникот си останува момент од производството и препроизводството на капиталот, независно од тоа дали тоа се врши внатре или надвор од работилницата, фабриката итн., внатре или надвор од процесот на трудот, токму онака како што е чистењето на машините составен дел од процесот на производството, независно од тоа дали се врши во време на процесот на трудот или во време на определени негови паузи. Работата ништо не се изменува со тоа што го врши работникот своето индивидуално трошење заради самиот себе, а не заради капиталистот. Така и трошењето на работниот добиток не престанува да биде нужен момент на процесот на производството поради тоа што самиот добиток се насладува кога јаде. Постојаното одржување и препроизводството на работничката класа останува постојан услов за препроизводството на капиталот. Исполнувањето на овој услов капиталистот може спокојно да му го остави на инстиктот за самоодржување и расплодување. Тој води грижа само за тоа да се ограничи нивната индивидуална потрошувачка на колку што се може најнеопходното, и тој е како од небо доземи далеку од онаа јужноамериканска суровост што го присилува работникот да зема похранливи место помалку хранливи средства за исхрана.[8]

Затоа и капиталистот и неговиот идеолог, политичкиот економист, го третираат како производен само оној дел од индивидуалната потрошувачка на работникот, што е потребен да се овековечи работничката класа, значи што навистина мора да се потроши за да може капиталот да ја троши работната сила; она што може работник над тоа да го троши за свое задоволство е непроизводна потрошувачка.[9] Ако причинила акумулацијата на капиталот повишување на наемнината, а со тоа и зголемување на средствата за потрошувачка на работникот без да причини трошење на повеќе работни сили од страна на капиталот, тогаш додатниот капитал би бил непроизводно потрошен.[10] Всушност: индивидуалната потрошувачка на работникот е за самиот него непроизводна, зашто таа ја препроизведува само личноста што има потреби; таа е производна за капиталистот и за државата, зашто таа е производство на силата што произведува туѓо богатство.[11]

Така, од општествена гледна точка, работничката класа и надвор од непосредниот процес на трудот е исто така принадлежност на капиталот, како и мртвиот инструмент на трудот. Дури нејзината индивидуална потрошувачка во извесни граници е самo еден момент од процесот на препроизводството на капиталот. Но тој процес води грижа за тоа да не побегнат оние самосвесни орудија на производството на тој начин што нивниот производ постојано го оддалечува од нивниот пол кон спротивниот пол на капиталот. Индивидуалната потрошувачка од една страна води грижа за нивното сопствено одржување и препроизводство, од друга страна уништувајќи ги средствата за живот, се грижи работниците да се појавуваат постојано сѐ одново на пазарот на трудот. Римскиот роб беше приврзан за неговиот сопственик со синџири, наемниот работник е приврзан со невидливи конци. Привидот за неговата независност се одржува со тоа што постојано се изменува индивидуалниот господар на наемнини со fictio јuris [правната фикција] на договорот.

Порано капиталот го реализираше своето право на сопственост над слободниот работник таму каде што му беше нужно, со силата на законот. Така на пр. во Англија сѐ до 1815 им беше забрането под тешка казна иселувањето на машинските работници.

Препроизводството на работничката класа вклучува во себеси едновремено пренесување и насобирање искуство од една генерација на друга.[12] До каков степен капиталистот го смета суштествувањето на таква искусна работничка класа за услов на производството што му припаѓа нему, и навистина тој тоа го смета како реално суштествување на неговиот променлив капитал, се гледа јасна тогаш, кога ќе го заплаши некоја криза да ја загуби неа. Познато е дека поради американската граѓанска војна и поради памучниот глад што ја следеше неа беа исфрлени на улица повеќето од памучните работници од Ланкашир итн. Од средината на самата работничка класа, како и од други општествени слоеви, се крена повик за државна помош или за доброволни национални прилози, за да се овозможи да се испратат „излишните“ во англиските колонии или во Соединетите Држави. Тогаш „Times“ (од 24 март 1863 г.) објави едно писмо од Едмунд Потер, некогашен претседател на манчестерската трговска комора. Неговото писмо со право е обележано во Долниот Дом како „Манифест на фабрикантите.“[13] Ние овдека наведуваме неколку карактеристични места, во кои незабулено се искажува правото на сопственост на капиталот над работната сила.

„Тој“ (човекот без работа) „би можел да каже дека предлагањето на памучни работници е преголемо... и... дека би морало... всушност да се смали и сведе на две третини... Мајсторот“ (т.е. памучниот фабрикант) „не може благосклоно да гледа како му се истава предлагањето на неговиот труд; тој може да помисли дека тоа е и неправедно и неправилно ... Ако се потпомогнува емиграцијата од општествените фондови, тој има право да бара да го чујат и можеби да протестира.“

Истиот Потер раскажува понатака колку е полезна памучната индустрија, колку „таа несомнено го апсорбирала населението од Ирска и од англиските земјоделски околии“; колку е нејзиниот опсег грамаден, како таа во 1860 год. Давала 5/13 од целокупниот англиски извоз, како таа по малку години пак ќе се рашири со раширувањето на пазарот, особено на индискиот, и со наложувањето достатен увоз на памук по 6 пенси фунтата“. Потака тој продолжува:

„Времето — од една, две, можеби од три години ќе го произведе нужното количество... Јас тогаш би можел да го поставам прашањето: дали вреди оваа индустрија да се одржи, дали се исплатува маката за да се одржи во ред машинеријата“ (имено живите работни машини) „и зар не е најголема глупост да се мисли да се напушти таа! Јас мислам оти е така. Јас сакам да се согласам, дека работниците не се сопственост („I allow that the workers are not a property”), не се сопственост на Ланкашир и на мајсторите; но тие се силата и на двата; тие се духовна и изучена сила што не може да се замени во една генерација; другата машинерија на која тие работат („the mere machinery which they work“) може напротив во поголемиот нејзин цел полесно да се надомести и да се поусоврши во дванаесет месеци.[14] Да се насрчува или да се дозволи (!) емиграцијата на работната сила, тогаш што ќе биде од капиталистот? („Encourage or allow the working power to emigrate, and what of the capitalist?)”

Ова тупање на срцето потсетува на хофмаршалот Калб.[2*]

„... Одземете ги најдобрите работници, и основниот капитал ќе се обезвредни во голем степен, а обртниот капитал нема да ја издржи борбата со слабото предлагање труд од полоша сорта... Ќе ни се каже нам дека самите работници сакаат да емигрираат. Сосем е природно дека тие тоа го сакаат... Смалете го, стиснете го памучното производство со земање на неговата работна сила („by taking away its working power“), со смалување на расходите за наемнина за 1/3 или за 5 милиони, и што ќе стане тогаш со најблиската класа што стои над работниците, со малите дуќанџии? Што ќе стане со земјишната рента, а што со киријата за котеџите?... што со ситните закупници, што со подобрите сопственици на куќи и со земјосопствениците? И кажете ни сега дали може да биде некој посамоубиствен план за сите класи отколку овој, што ја ослабува нацијата со извозот на нејзините најдобри фабрички работници и со обезвреднувањето на еден дел од нејзиниот најпроизводен капитал и богатство? Јас предлагам да се направи заем од 5 до 6 милиони, да се расподели на 2 или 3 години, со него да ракуваат по специјални законски правила, специјални комесари, придадени кон управите за бедните во памучните околии, со извесен присилен труд, за да се одржи моралната вредност на тие што примаат милостина... Дали може да биде нешто друго полошо за земјосопствениците или за мајсторите („can anything be worse for landowners or masters“) отколку да се лишат од своите најдобри работници, а преостанатите да се деморализираат и онерасположат поради широката опустошувачка емиграција и поради лишувањето на една цела провинција од вредност и капитал?“

Потер, одбраниот претставник на памучните фабриканти, разликува два вида „машинерии“, и обата му припаѓаат на капиталистот, едната од нив стои во неговата фабрика, а другата ноќе и во недела седи надвор во котеџите. Едната е мртва, другата е жива, мртвата машинерија не само што секој ден се влошува и обезвреднува, туку благодарение на постојаниот технички напредок, голем дел од нејзината постојана маса постојано застарува до таа мера, што да може со полза да се замени за неколку месеци со нова машинерија. Живата машинерија, напротив, станува сѐ подобра, колку подолго трае, колку повеќе искуство собира во себеси од поколенијата. „Тајмс“ му одговори на овој фабрички магнат, меѓу другото:

„Г. Е. Потер е толку импресиониран од извонредната и апсолутна важност на фабрикантите на памук, што тој, за одржување на оваа класа и за овековечување на нејзината професија сака да затвори половина милион луѓе од работничката класа против нивната волја во еден голем морален работен дом. Дали е достојна оваа индустрија да се поддржува? праша г. Потер. Секако, со сите чесни средства, одговараме ние. Дали се исплатува маката да се држи во ред машинеријата? — праша пак г. Потер. Овде ние сме во недоумение. Под машинерија г. Потер разбира човечка машинерија, и тој нѐ уверува дека не ќе ја третира неа како апсолутна сопственост. Ние мораме да признаеме оти не сметаме дека „се исплатува маката“ или дури не сметаме за возможно да се држи човечката машинерија во ред, т.е. да се затвори и да се подмачкува со масло додека таа не затреба. Човечката машинерија има својства да 'рѓосува кога не работи, колку и да ја подмачкувате или да ја триете. Притоа човечката машинерија, како што нѐ учи опитот, е во состојба сама од себе да се исполни со пара и да експлодира или бесно да заигра едно вито оро во нашите големи градови. Може да е така, како што вели г. Потер, дека за препроизводство на работникот е потребно подолго време, но ако имаме на рака машинисти и пари, ние секогаш ќе најдеме иницијативни, јаки и индустријални луѓе, за да исфабрикуваме од нив повеќе фабрички мајстори отколку што можеме да ги употребиме ... Г. Потер брбори за ново оживување на индустријата за 1, 2, 3 години и бара од нас да не ја помогнуваме емиграцијата на работната сила ниту да ја дозволуваме! Тој вели дека било природно што работниците сакаат да емигрираат, но тој мисли дека нацијата е должна да ги запре овие половина милион работници заедно со 700.000 од нив зависни членови на фамилијата во памучните околии, и покрај нивната желба и — што е неизбежна консеквенца со сила да се задуши нивното незадоволство, а самите тие да мораат да проживуваат од милост, и сето ова само поради тоа што тие можат еден ден пак да им затребаат на памучните фабриканти... Дојде време кога големото општествено мнение на овие острови мора да стори нешто, за да ја спаси „оваа работна сила“ од тие што сакаат со неа да се однесуваат така како што се однесуваат со јагленот, железото и памукот“ („to save this ‘working power’ from those who would deal with it as they would deal with iron, and coal, and cotton.”).[15]

Статијата на „Тајмс“ беше една jeu d’esprit [празна игра на духот]. „Големото општествено мнение“ всушност беше мнението на г. Потер дека фабричкиот работник е само подвижен придодаток на фабриката; нивното емигрирање беше спречено.[16] Ги затворија нив во „моралниот работен дом“ во памучните околии, и тие како и порано и сега ја прават „силата (the strength) на памучните фабриканти од Ланкашир.“

Така, капиталистичкиот процес на производството го препроизведува со својот сопствен тек одделувањето меѓу работната сила и условите на трудот. Со тоа тој ги препроизведува и ги овековечува условите за експлоатација на работникот. Тој постојано го присилува работникот да ја продава својата работна сила за да живее, и постојано го оспособува капиталистот да ја купува неа за да се збогатува.[17] Сега повеќе не е случајно да се противстават капиталистот и работникот еден против друг на стоковниот пазар како купец и продавач. Механизмот на самиот процес постојано го фрла едниот на стоковниот пазар како продавач на својата работна сила, а неговиот сопствен производ постојано го претвора во куповно средство на другиот. Навистина работникот му припаѓа на капиталот пред да му се продаде на капиталистот. Неговата економска крепосна зависност[18] се условува и едновремено се прикрива со периодичното обновување на неговата самопродажба, со сменувањето на неговиот индивидуален наемен господар и со колебањата на пазарната цена на трудот.[19]

Според тоа, капиталистичкиот процес на производство, разгледуван во општа врска или како процес на препроизводство, произведува не само стоки, не само вишок на вредност, тој го произведува и препроизведува самиот капиталистички однос: на едната страна капиталист, на другата наемен работник.[20]



Фусноти

[1] „Богатите, што ги трошат производите од трудот на другите, ги добиваат нив само со актот на размената (купување стоки). Поради тоа изгледа дека нивните резервни фондови бргу се исцрпуваат ... Но во општествениот поредок богатството доби сила да се препроизведува со помошта на туѓ труд. Богатството, како и трудот дава со помошта на трудот годишен плод што може да се уништи секоја година, без да стане богатиот посиромав. Овој плод е доход, кој произлегува од капиталот.“ (Sismondi: „Nouveaux Principes etc.“, том I, стр, 81, 82.)

[2] „Како и профитот така и наемнината треба да се смета како еден дел од готовиот производ.“ (G. Ramsay: „An Essay on the Distribution of Wealth", стр. 142.) „Делот од производот што му иде на работникот под формата на плата.“ (Јаmеѕ Mill: „Elements of Political Economy”. Француски превод од Parissot, Paris 1823, стр. 34.)

[3] „Ако се потроши капиталот на тоа да му се авансира на работникот наемнината, тогаш овој капитал не му придава ништо на фондот за одржување на работникот.“ (Кејзнова белешка кон неговото издание на Малтусовата: „Definitions in Political Economy”, London 1853, стр. 22.)

[4] „Средствата за живот капиталистите не им ги авансираат на работниците ни на една четвртина од земјината топка.“ (Richard Jones: „Textbook etc.“, cтp. 36.)

[4a] „Иако фабрикантот му ја авансира на индустрискиот работник неговата наемнина, сепак за него тоа всушност не се некои трошоци, зашто износот од таа наемнина нему обично му се враќа со профит во зголемената вредност на изработениот предмет.“ (А. Smith: „Wealth of Nations“, кн. I, гл. 3.)

[5] „Тоа е едно особено чудно својство на производната потрошувачка. Она што се троши производно е капитал и станува капитал со потрошувачката“. (Јаmеѕ Mill: „Elements d'Economie Politique“, француски превод од Parissot, Paris 1823, стр. 242.) Сепак Џ. Мил не му влезе во трагата на ова „особено чудно својство“.

[6] „Навистина е верно дека некоја новововедена мануфактура им дава работа на многу сиромаси, но тие и натаму си остануваат сиромаси, а со време мануфактурата создава и нови.“ (“Reasons for a Limited Exportation of Wool,” London 1677, стр. 19.) „Сосема е бесмислено кога закупникот сега тврди дека тој ги издржува сиромасите. Навистина тој нив само ги држи во беда.“ (“Reasons for the Late Increase of the Poor Rates: or a Comparative View of the Prices of Labour and Provisions,” London, 1777, стр. 31.)

[7] Роси не би ја декламирал оваа точка така страсно, кога би навлегол навистина во тајната на „производната потрошувачка“.

[8] „Работниците во рудниците на Јужна Америка, чија дневна работа (можеби најтешката во светот) се состои во тоа да изнесуваат на своите плеќи руда во тежина од 180-200 фунти од длабочина 450 стапала, живеат само со леб и грав; тие би претпочитале да јадат само леб, само што нивните господари, кои изнашле дека тие не би можеле само со леб да работат толку тешка работа, постапуваат со нив како со коњи и ги присилуваат да јадат грав; гравот е сразмерно побогат со калциеви фосфати одошто лебот“. (Liebig: „Die Chemie in ihrer Anwendung auf Agrikultur und Physiologie” I дел, стр. 194, забелешка.)

[9] Јаmеѕ Mill: „Elements of Political Economy” стр. 238 и натаму.

[10] „Ако се крене цената на трудот толку високо, што и покрај прирастот на капиталот не би можело да се примени повеќе труд, тогаш јас би рекол дека таквиот прираст на капиталот непроизводно се троши.“ (Ricardo: „Principles of Political Economy”, стр. 163.)

[11] „Единствената производна потрошувачка во вистинската смисла на зборот е потрошувачката или разрушувањето на богатството (тој мисли на трошењето на средствата на производство) од страна на капиталистот со цел за препроизводство ... Работникот ... е еден производен потрошувач, за лицето што го применува него и за државата, но, точно зборувајќи, не е тоа за самиот себе.“ (Malthus: „Definitions etc.“, стр. 30.)

[12] „Единствено нешто за кое може да се каже дека е натрупано и однапред приготвено, е умеењето на работникот... Акумулацијата и зачувувањето на вешт труд, на оваа најважна операција станува, што се однесува до големата маса работници, без секакво трошење капитал.“ (Hodgskin: “Labour Defended against the Claims of Capital”, cтp. 13.)

[13] „Тоа писмо може да се обележи како манифест на фабрикантите.“ (Феранд: Предлог по повод памучниот глад, заседанието на Долниот Дом од 27 април 1863 г.)

[14] Читателот се сеќава дека тој истиот капитал свиреше на друга гајда при обичните околности кога требаше да се сметне наемнината. Тогаш „господарите“ на еден глас изјавија (види го четвртиот оддел, белешка 188) „Фабричките работници би требало да имаат на ум дека нивниот труд всушност е една мошне ниска сорта вешт труд; дека нема друг труд што може полесно да се научи и дека е подобро платен со оглед на неговиот квалитет, дека нема друг труд, кој со кусо подучување на најнеискусните, може да се добави во толку кусо време и во такво изобилство. Машинеријата на фабрикантот (која, како што слушаме ние сега, може да се замени за 12 месеци со полза и да се подобри) всушност игра многу поважна ролја во делото на производството отколку трудот и искуството на работникот (кои сега не се заменливи за 30 години), кое бара 6-месечно изучување и може да го научи секој селски надничар.“

[15] „Times” 24 март 1863.

[16] Парламентот не одобри ниеден фартинг за иселување, но донесе само закони што ги ополномоштија општините да ги држат работниците меѓу животот и смртта, или да ги експлоатираат без да им плаќаат нормална наемнина. Напротив, кога три години подоцна избувна говедската чума, парламентот диво ја прекрши дури и парламентарната етикеција и за час одобри милиони за обештетување на милионерите, на лендлордовите, чиишто закупци и без тоа си ја надоместија загубата со повишување на цената на месото. Животинското рикање на земјопоседниците при отворањето на парламентот во 1866 покажа дека човек не треба да биде Индус за да ѝ се поклонува на кравата Сабала, нити Јупитер за да се претвори во вол.

[17] „Работникот бараше средства за живот за да може да живее, претприемачот бараше труд за да може да прави профит (pour gagner).“ (Sismondi: „Nouveaux Principes d'Economie Politique,“ том I, стр. 91.)

[18] Една груба селанска форма на оваа крепосничка зависност суштествува во грофовството Дурхем. Тоа е едно од малкуте грофовства каде што условите не му осигуруваат на закупецот неоспорно право на сопственост над земјоделските надничари. Рударската индустрија им дава возможност на последниве да одбираат. Закупниците, наспроти правилото, овде го преземаат само закупот од таква земја на која има котеџи за работниците. Киријата за котеџот образува дел од наемнината. Овие котеџи се викаат „hind'ѕ houses“ [куќи за земјоделски работници]. Тие им се изнајмуваат на работниците под извесни феудални обврски, под договор што се вика „bondage” (крепосничка зависност) и кој на пр. го обврзува работникот, додека работи тој на друго место, да го заменува неговата ќерка итн. Самиот работник се вика „bondsman“, подложник. Овој однос ја покажува од сосем нова страна и индивидуалната потрошувачка на работникот како потрошувачка за капиталот, или производна потрошувачка: „Интересно е да се види дека дури и изметот на овој бондсмен го смета неговиот сметкаџиски господар како свој доход... Закупникот не дозволува во целата околина никакви други нужници освен неговите сопствени и во овој поглед не трпи никакво раскинување од неговите сизеренски права.“ (PHR, VII, 14, стр. 188.)

[19] Да се сетиме, дека кај трудот од децата итн. исчезнува дури и формалноста на самопродажбата.

[20] „Капиталот го има за претпоставка наемниот труд, наемниот труд го има за претпоставка капиталот. Тие се условуваат еден со друг, тие се создаваат еден со друг. Дали еден работник во некоја памучна фабрика произведува само памучни материи? Не, тој произведува капитал. Тој произведува вредности, што одново служат за тоа да командуваат над неговиот труд и преку него да создаваат нови вредности.“ (Каrl Marx: „Lohnarbeit und Kapital” во „Neue Rheinische Zeitung“, бр. 266, од 7 април 1849.) Статиите објавени под овие заглавија во „Нов рајнски весник“ се извадоци од предавањата што ги одржав на таа тема во 1847 во бриселскиот Сојуз на германските работници и чиешто печатење беше прекинато од Февруарската револуција.[3*]


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Во 4. издание: Wertproduktion (произведување вредност).

[2*] Маркс овде алудира на однесувањето на маршалот на дворот фон Калб во Шилеровата трагедија „Интриги и љубов“. Во 2. сцена, 3. чин Калб одбива да учествува во интригите што ги сплеткал президентот на дворот на еден германски кнез. Поради тоа президентот се заканува дека ќе се повлече, што едновремено би значело и пад на маршалот на дворот. Добро заплашен, Калб извикува: „А како јас? Вам ви е лесно да прикажувате. Вие сте учен човек! А јас — mon Dieu! Драги боже, што ќе биде од мене ако ме отпушти Неговата Светлост?“.

[3*] Сојузот на германските работници го оснивале Маркс и Енгелс кон крајот на август 1847 г. во Брисел, со цел политички да ги просветуваат германските работници кои живееле во Белгија и да ги запознаваат со идеите на научниот комунизам. Под раководство на Маркс и Енгелс и нивните соработници, Сојузот се развил во легален центар околу кој се собирале револуционерните пролетерски сили во Белгија. Најдобрите членови на Сојузот се приклучиле кон Сојузот на комунистите од Бриселската општина, Сојузот одиграл важна ролја и при основањето на Бриселското демократско движење. Брзо по Февруарската револуција од 1848 во Франција, кога белгиската полиција почнала да ги затвора и прогонува членовите на Сојузот, престанала и активноста на Сојузот на германските работници.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива