Содржина
1. — Општа формула на капиталот
2. — Противречност на општата формула
3. — Купување и продавање на работната сила
Стоковната циркулација е излезната точка на капиталот. Историските претпоставки за неговото настанување се стоковното производство и развиената стоковна циркулација — трговијата. Светската трговија и светскиот пазар во 16 век ја отвораат модерната историја на капиталот.
Ако ја отстраниме материјалната содржина на стоковната циркулација, т.е. размената на различни употребни вредности, и ако ги разгледуваме само економските форми што ги создава овој процес, тогаш ќе најдеме дека парите се негов последен производ. Овој последен производ на стоковната циркулација е прва форма во која се појавува капиталот.
Историски капиталот насекаде истапува спроти земјишната сопственост отпрвин во форма на пари, како паричен имот, како трговски и лихварски капитал.[1] Но нема нужда да се гледа назад во историјата на настанокот на капиталот, за да се види дека парите се прва форма на неговото пројавување. Истата историја ни се разигрува пред очи секој ден. Секој нов капитал при својот прв настап на сцената, т.е. на пазарот, на стоковниот пазар, на пазарот на трудот или паричниот пазар, сѐ уште се јавува како пари, пари што со определени процеси треба да се претворат во капитал.
Парите како пари и парите како капитал отпрво се разликуваат само по нивната различна форма на циркулацијата.
Непосредна форма на стоковната циркулација е С—П—С, пpeтворање на стоката во пари, и обратно претворање на парите во стока, продавање заради купување. Но покрај оваа форма ние најдуваме и втора, специфично различна форма П—С—П, претворање на парите во стока и обратно претворање на стоката во пари, купување заради продавање. Парите што во своето движење ja опишуваат последнава циркулација се претвораат во капитал, стануваат капитал, па и по својата определба се капитал.
Да ja погледнеме поодблиску циркулацијата П—С—П. Како и простата стоковна циркулација и оваа врви низ две спротивни фази. Во првата фаза П—С, купувачката, парите се претвораат во стока. Во втората фаза С—П, продажбата, стоката обратно се претвора во пари. Но единството на обете фази е плод од вкупното движење, што парите ги разменува за стока и истата стока пак за пари, што купува стока за да ja продаде, или, ако ги оставиме настрана формалните разлики меѓу продажбата и купувачката, што купува со парите стока и со стоката пари.[2] Резултатот, со кој се завршува целиот процес, е размена на пари за пари, П—П. Ако купам за 100 ф. ст. 2.000 фунти памук, и овие 2.000 фунти памук пак ги продадам за 110 ф. ст., така jac најпосле разменив 100 ф. ст. за 110 ф. ст., пари за пари.
Вистина сега е очевидно тоа дека циркулациониот процес П—С—П би бил бесмислен и бессодржаен, кога би се разменувала по овој околен пат иста парична вредност за иста парична вредност, значи, на пр., 100 ф. ст. за 100 ф. ст. Неспоредливо попрост и посигурен би останал методот од собирачот на благо, кој си ги држи при себеси своите 100 ф. ст., место да ги препушта на опасностите од циркулацијата. Од друга страна, било што трговецот купениот памук за 100 ф. ст. го препродал за 110 ф. ст. или било што морал да се ослободи од него за 100 ф. ст., па дури и за 50 ф. ст., под сите околности неговите пари опишаа едно особено и оригинално движење, сосем од инаков вид отколку во простата стоковна циркулација, како на пр., во рацете на селанецот, што го продаде житото и за така добиените пари си купи алишта. Важно е најпрво да се окарактеризираат разликите во формите меѓу кружните текови П—С—П и С—П—С. Едновремено со тоа ќе се разоткријат и содржајните разлики што се кријат зад разликите од овие форми.
Да видиме отпрво што им е заедничко на обете форми.
Обата кружни тека се распаднуваат на исти две спротивни фази, С—П, продажба, и П—С, купувачка. Во секоја од обете фази стојат еден спроти друг два исти предметни елемента, стока и пари и две лица под исти карактерни економски маски, продавач и купец. Секој од обата кружни тека е единство од едни и исти спротивни фази, обата пати се постига ова единство со истапувањето на тројца контрахенти, од кои едниот само продава, другиот само купува, но третиот наизменично купува и продава.
Но тоа уште од почеток што ги раздвојува обата кружни тека С—П—С и П—С—П е обратниот ред на истите спротивни фази на циркулацијата. Простата стоковна циркулација почнува со продажбата и завршува со купувачката, циркулацијата на парите како капитал почнува со купувачката, а завршува со продажбата. Таму е стоката, а овдека парите излезна и завршна точка на движењето. Во првата форма ролјата на посредник во вкупниот процес ja играат парите, а во втората обратно стоката.
Во циркулацијата С—П—С парите најпосле се претвораат во стока, што служи како употребна вредност. Значи, парите се издадени конечно. Во циркулационата форма П—С—П купецот напротив издава пари, за да прими пари како продавач. Тој фрла пари во циркулацијата, кога купува стока, за да ги извлече оттаму пак со продажбата на истата стока. Тој ги пушта парите само со задна цел пак да ги дофати. Затоа неговите пари се само авансирани.[3]
Во формата С—П—С истите парчиња пари двапати го пременуваат местото. Продавачот ги добива од купецот и му ги исплатува натаму на друг продавач. Вкупниот процес што почнува со примањето пари за стока, завршува со издавање пари за стока. Во формата П—С—П е обратно, не го сменуваат двапати местото истите парчиња пари, туку истата стока. Купецот ja добива неа од рацете на продавачот и ja дава натаму во рацете на некој друг купец. Како што во простата стоковна циркулација двојното преместување на истите парчиња пари го постигнува своето конечно преоѓање од едни раце во други, така овде двојното преместување на истата стока ги враќа парите назад на нивната прва излезна точка.
Враќањето на парите на нивната излезна точка не зависи од тоа, дали ќе се продаде стоката поскапо отколку што беше таа купена. Оваа околност влијае само врз големината на паричната сума што се враќа. Самиот феномен на враќањето станува, штом купената стока пак ќе се продаде, значи, штом кружниот тек П—С—П наполно ќе се обележи. Во тоа е, значи, онаа сетилно забележлива разлика меѓу циркулацијата на парите како капитал и нивната циркулација како само прости пари.
Кружниот тек С—П—С е полно завршен штом продажбата на некоја стока ќе донесе пари, што купувачката на некоја друга стока пак ќе ги однесе. Само со обновувањето или со повторувањето на целиот процес ќе може пак да уследи враќањето на парите на нивната излезна точка. Ако продадам еден квартер жито за 3 ф. ст. и со тие 3 ф. ст. купам алишта, за мене тие 3 ф. ст. се конечно издадени. Со нив веќе немам никаква работа. Тие се од продавачот на алиштата. Ако продадеме сега еден втор квартер жито, тогаш парите ни се враќаат, но не поради првата трансакција, туку само поради нејзиното повторување. Тие пак се оддалечуваат од мене штом ќе ja изведам втората трансакција докрај и штом одново ќе купам. Значи, во циркулацијата С—П—С издавањето пари нема никаква работа со нивното враќање. Напротив, во П—С—П враќањето на парите е условено со самиот начин на нивното издавање. Ако го нема ова враќање операцијата не е успешна или процесот е прекинат и уште не е завршен, бидејќи му ја нема неговата втора фаза, продажбата што ја дополнува и завршува купувачката.
Кружниот тек С—П—С тргнува од една стока како крајна точка и завршува со некоја друга стока како крајна точка, која отпаѓа од циркулацијата и влегува во потрошувачката. Оттука неговата крајна цел е потрошувачка, задоволување потреба, со еден збор, употребна вредност. Кружниот тек П—С—П тргнува, напротив, од парите како крајна точка и на крајот се враќа на неа како крајна точка. Оттука неговиот движечки мотив и определувачката цел е самата разменска вредност.
Во простата стоковна циркулација и двете крајни точки имаат иста економска форма. Обете се стоки. Притоа тие се стоки и од иста големина на вредноста. Но тие се квалитативно различни употребни вредности, на пр. жито и алишта. Содржината на движењето ја сочинува овде размената на производите, размената на различни материи, во кои е изразен општествен труд. Инаку е во циркулацијата П—С—П. На прв поглед ни се чини бессодржајна, зашто е тавтологична. Обете крајни точки имаат иста економска форма. Обете се пари, значи, не квалитативно различни употребни вредности, бидејќи парите се токму претворен лик на стоката, во кој се исчезнати посебните употребни вредности. Прво да се разменат 100 ф. ст. за памук, па после пак тој памук да се размени за 100 ф. ст., значи по околен пат пари за пари, исто за исто, се чини операција еднакво бесцелна како и апсурдна.[4] Една парична сума може воопшто да се разликува од друга парична сума по својата големина. Затоа процесот П—С—П не ја должи својата содржина на никакви квалитативни разлики меѓу неговите крајни точки, бидејќи обете се пари, туку само на неговите квантитативни различности. На крајот од циркулацијата со извлекуваат повеќе пари отколку што се фрлаат во почетокот во неа. Памукот, купен за 100 ф. ст., пак се препродава на пр. за 100+10 ф. ст. или 110 ф. ст. Затоа полната форма на овој процес е П—С—П', каде што е П' = П + ΔП, т.е. еднакво на првобитната авансирана сума плус некој прирасток. Овој прирасток, или вишок над првобитната вредност јас го викам — вишок на вредноста (surplus value). Со тоа првобитно авансираната вредност не само што се зачувува во циркулацијата, туку во неа ја изменува и големината на својата вредност, добива вишок на вредноста, или се оплодува. И ова движење ја претвора неа во капитал.
Вистина, исто така е можно, во С—П—С да бидат обете крајни точки С—С, на пр. жито и алишта, квантитативно различни големини на вредноста. Може селанецот своето жито да го продаде над неговата вредност или да ги купи алиштата под нивната вредност. Може од својата страна да го излаже него продавачот на алиштата. Сепак, за самата оваа форма на циркулацијата такви различности на вредноста остануваат чисто случајни. Таа форма на циркулација скоро ништо не губи од разумноста и смислата како процесот П—С—П, ако и обете крајни точки, житото и алиштата, на пр., се еквиваленти. Напротив, еднаквоста на нивната вредност овдека е услов за нормален тек.
Повторувањето или обновувањето на продажбата заради купување, како и самиот овој процес, има своја мера и цел во крајната цел што лежи надвор од овој процес, во потрошувачката, во задоволувањето определени потреби. Напротив, во купувачката заради продажба почетокот и крајот се исти, пари, разменска вредност, а веќе со ова движењето е бесконечно. Секако, од П станало П + ΔП, од 100 ф. ст. 100 + 10 ф. ст. Но, ако ги разгледуваме само од квалитативната страна, 110 ф. ст. се исто што и 100 ф. ст., имено пари. И квантитативно гледано 110 ф. ст. се една ограничена сума вредност како и 100 ф. ст. Кога би се издале овие 110 ф. ст. како пари, тие би испаднале од својата ролја. Тие тогаш би престанале да бидат капитал. Ако се повлечат од циркулацијата, тие ќе се скаменат во благо и нема да им прирасте ни еден фартинг па макар и да лежат до судниот ден. Според тоа, ако се работи еднаш веќе за оплодување на вредноста, тогаш постои истата потреба за оплодување и кај 110 ф. ст. како и кај оние 100 ф. ст., бидејќи и обете се ограничени изрази на разменска вредност, значи обете имаат иста предназначеност да се приближуваат кон апсолутното богатство со просто раширување на својата големина. Вистина, првобитно авансираната вредност од 100 ф. ст. моментално се разликува од прираснатиот во циркулацијата вишок на вредноста од 10 ф. ст., но оваа разлика веднаш пак исчезнува. При крајот на процесот не излегува на едната страна оригиналната вредност од 100 ф. ст., а на другата страна вишокот на вредноста од 10 ф. ст., туку една вредност од 110 ф. ст., што се најдува во форма што одговара за да се почне процесот на оплодување како со првобитните 100 ф. ст. При крајот на движењето парите излегуваат пак како што беа во почетокот на движењето.[5] Поради тоа крајот од секој одделен кружен тек, во кој се врши купувачка заради продажба, образува сам од себе почеток на нов кружен тек. Простата стоковна циркулација — продажба заради купувачка, служи како средство на некоја крајна цел која се најдува надвор од циркулацијата, за присвојување употребни вредности, за задоволување потреби. Циркулацијата на парите како капитал, напротив, е самоцел, бидејќи оплодувањето на вредноста постои само внатре во ова движење што постојано се обновува. Затоа движењето на капиталот е безмерно.[6]
Како свесен носител на ова движење сопственикот на парите станува капиталист. Неговата личност, или поточно неговиот џеб е излезна и повратна точка на парите. Објективната содржина на онаа циркулација — оплодувањето на вредноста — е негова субјективна цел, и само до колку сите движечки мотиви на неговите операции се присвојувања на сѐ поголемо апстрактно богатство, само до колку тој функционира како капиталист, или како олицетворен капитал, надарен со волја и со свест. Оттука употребната вредност не треба никогаш да се разгледува како непосредна цел на капиталистот.[7] Исто така не е негова цел нити одделната добивка, туку само безуморното движење со добивка.[8] Овој нагон за апсолутно збогатување, овој страстен лов на вредноста,[9] заеднички им е и на капиталистот и на собирачот на благо, но додека собирачот на благо е само улав капиталист, капиталистот пак е рационален собирач на благо. Неуморното умножување на вредноста, што собирачот на благо се труди да го постигне со спасување[10] на парите од циркулацијата, поумниот капиталист го постигнува со тоа што тој нив постојано сѐ одново ги предоставува на циркулацијата.[10а]
Самостојните форми, паричните форми што вредноста на стоките ги зема во простата циркулација, само посредуваат во размената на стоките и исчезнуваат во конечниот резултат на движењето. Во циркулацијата П—С—П напротив обете, стоката и парите функционираат само како различни начини на егзистенција на самата вредност, бидејќи парите се нејзин општ, а стоката нејзин посебен, така да се рече, само преоблечен начин на егзистенција.[11] Таа постојано преминува од една форма во друга без да се загине во ова движење, и така се претвора во еден автоматски субјект. Ако се утврдат посебните пројавни форми, кои наизменично ги прима вредноста што се оплодува во кружниот тек на својот живот, ќе се добијат овие објасненија: капиталот е пари, капиталот е стока.[12] Вистински пак вредноста овде станува субјект на процесот во кој таа, при постојана измена на формите на пари и стока, ja изменува и самата своја големина, та како вишок на вредноста се откинува од сама себеси како првобитна вредност, са ма себе се оплодува. Бидејќи движењето, во кое таа си додава вишок на вредноста, е нејзино сопствено движење, нејзино оплодување, значи самооплодување. Таа се здоби со окултен квалитет, да paѓa вредност затоа дека таа е вредност. Таа paѓa живи малечки, или најмалку несе златни јајца.
Вредноста како субјект што зафаќа еден таков процес, во кој таа де ja зема, де ja соблекува од себеси паричната и стоковната форма, но во оваа измена се дочувува и нараснува, има потреба, пред сѐ, од една самостојна форма, во која ќе биде утврдена нејзината идентичност со самата себе. И оваа форма таа ja има само во парите. Затоа тие прават излезна и завршна точка на секој процес од оплодувањето на вредноста. Таа беше 100 ф. ст. сега таа е 110 ф. ст. итн. Но самите пари овде важат само како една форма на вредноста, од двете што ги има таа. Без да земат форма на стока, парите нема да станат капитал. Значи, парите овде не истапуваат спроти стоката полемички, како при собирањето благо. Капиталистот знае дека сите стоки, макар колку испарталени изгледале или макар колку лошо мирисале, се пари по вера и по вистина, Евреи внатрешно обрезани, а притоа средства чудотворни, од пари да прават повеќе пари.
Ако во простата циркулација вредноста на стоката спроти нејзината употребна вредност добиваше во најдобриот случај самостојна форма на пари, тоа овдека таа одненадеж се претвора како супстанца што е во процес, која сама од себе се движи, за која и стоката и парите се само голи форми. Дури нешто повеќе. Место да ги претставува односите меѓу стоките, стапува сега таа така да се рече во приватни односи со сама себеси. Како првобитна вредност таа се разликува од самата себе како вишок на вредноста, како што бог отец се разликува од сам себе како бог син, иако обајцата се од иста возраст и вистински се само едно лице; бидејќи само благодарение на вишокот на вредноста од 10 ф. ст. стануваат авансираните 100 ф. ст. капитал, а штом тие ќе станат тоа, штом ќе се роди син, а синот го роди таткото, нивната разлика пак исчезнува и обете се едно, 110 ф. ст.
Вредноста, значи, станува дејствувачка вредност, дејствувачки пари, и како таква капитал. Таа излегува од циркулацијата, пак влегува во неа, се зачувува и се множи во неа, се враќа од неа зголемена и постојано пак сѐ одново го започнува истиот кружен тек,[13] П—П', пари што котат пари — mоnеу which begets money — така гласи описот на капиталот во устата на неговите први толкувачи — меркантилистите.
Вистина, купување заради продавање, или потокму купување заради поскапо продавање П—С—П', изгледа како да е форма својствена само на еден вид капитал, на трговскиот капитал. Но и индустрискиот капитал е пари, што се претвораат во стока, а со продажбата на стоката обратно се претвораат во повеќе пари. Актовите што се вршат меѓу купувачката и продажбата надвор од сферата на циркулацијата, ништо не ja изменуваат оваа форма на движењето. Најпосле, во капиталот што носи интерес, циркулацијата П—С—П' се претставува скратено во својот резултат, без посредник, така да се рече во лапидарен стил, како П—П', пари еднакво на повеќе пари, вредност што е поголема од самата себе.
Значи П—С—П' е вистински општата формула на капиталот, како што тој непосредно се појавува во сферата на циркулацијата.
Формата на циркулацијата во која парите се расцутуваат во капитал, им противречи на сите порано изложени закони за природата на стоката, за вредноста, за парите, и за самата циркулација. Тоа што ја разликува неа од простата стоковна циркулација е обратниот редослед од истите два спротивни процеса продажбата и купувачката. А како можеше ваквата чисто формална разлика магиски да ја измени природата на овие процеси?
Нешто повеќе. Овој обратен ред суштествува само за еден од тројцата деателни пријатели, што еден со друг тргуваат. Како капиталист купувам стока од А и му ја препродавам на В, додека како прост стопан на стока му ја продавам стоката на В и дури тогаш купувам стока од А. За пријателите во оваа работа А и В оваа разлика не суштествува. Тие истапуваат само како купец и продавач на стока. Јас сам истапувам спроти нив секогаш како прост стопан на пари или на стока, како купец или продавач, токму и во обата реда истапувам спроти едното лице само како купец, а спроти другото само како продавач, спроти едното само како пари, спроти другото само како стока, спроти никого од обајцата не истапувам како капитал или како капиталист, или како претставник макар на нешто, што би било повеќе од пари или стока, или што би можело да врши некакво друго дејство освен дејството на парите или стоката. За мене купувачката од А и продажбата на В прават еден редослед. Но врската меѓу обата овие акта суштествува само за мене. А не води грижа за моите зделки со В, В за моите зделки со А. Кога би посакал да им ја објаснам мојата особена заслуга, што сум ја придобил со превртувањето на редот, тогаш тие би ми докажале, дека сум јас во заблуда и за самиот редослед и дека целата зделка не почнала со купувачката, а завршила со продажбата, туку обратно, почнала со продажбата, а завршила со купувачката. И вистина, првиот мој акт, купувачката, беше од гледиштето на А продажба, а вториот мој акт, продажбата, беше од гледиштето на В купувачка. Незадоволни со ова, А и В ќе објават дека целиот редослед бил излишен и фокус-покус. А непосредно ќе му ја продаде стоката на В, а В непосредно ќе ја купи од А. Со тоа целата зделка ќе се сведе на едностран акт на простата стоковна циркулација, од гледиштето на А само на продажба, а од гледиштето на В само на купувачка. Значи, со обрнувањето на редоследот ние не можевме да излеземе од сферата на простата стоковна циркулација, напротив мораме да видиме дали природата на самата оваа сфера допушта да се оплоди вредноста што влегува во неа и според тоа да се образува вишокот на вредноста.
Да го земеме циркулациониот процес во форма во која се претставува како проста размена на стоки. Таков е случајот секогаш кога обата стопани на стока купуваат еден од друг и кога билансот на нивните заемни парични барања се израмнува на денот на плаќањето. Парите овде служат како сметковни пари, да ја изразат вредноста на стоките во нивните цени, но спроти самите стоки не истапуваат телесно. До колку се работи за употребни вредности, јасно е дека обата разменувачи можат да добијат. Обајцата отуѓуваат стоки, што ним им се бесполезни како употребни вредности, а добиваат стоки што им се нужни за употреба. Затоа оваа полза може да не биде единствена. А, кој продава вино, а купува жито, може да произведува повеќе вино отколку што би можел земјоделецот В да произведува вино за истото работно време, и земјоделецот В повеќе жито во истото работно време отколку што може да произведува жито лозарот А. Значи, за истата разменска вредност А добива повеќе жито, а В повеќе вино отколку кога секој од обајцата, да ја нема размената, би морал житото и винато сам за себе да си ги произведува. Во однос на употребната вредност, значи, може да се каже дека „размената е трансакција во која обете страни добиваат“.[14] Инаку стои работата со разменската вредност.
„Човекот што многу има вино, а нема жито, тргува со еден човек што има многу жито, а нема вино, и меѓу нив се разменува пченица во вредност од 50 за вино во вредност од 50. Оваа размена не е зголемување на разменската вредност нити за едниот нити за другиот зашто пред размената обата од нив имаат вредност еднаква на онаа, што ја доби секој од нив со посредството на оваа операција“.[15]
Работата не се изменува во ништо, ако парите како циркулационо средство стапат меѓу стоките и ако актот на купувачката сетилно се оддели од актот на продажбата.[16] Вредноста на стоките е претставена во нивните цени, пред да стапат тие во циркулација, значи, таа е претпоставка на циркулацијата а не нејзин резултат.[17]
Ако ја разгледуваме апстрактно простата стоковна циркулација, т.е. ако ги оставиме настрана околностите што не произлегуваат од нејзините внатрешни закони, тогаш освен заменувањето една употребна вредност со друга во неа се врши само една метаморфоза, една проста измена на формата на стоките. Истата вредност, т.е. истото количество опредметен општествен труд, останува во рацете на истиот стопан на стоката прво во ликот на неговата стока, после во парите, во кои се претворила таа, најпосле во стоката, во која се претвориле обратно парите. Оваа измена на формата не содржи никаква измена во големината на вредноста. Но измената, низ која врви вредноста на стоката во овој процес, се ограничува на измената на нејзината парична форма. Прво оваа суштествува како цена на предложената за продажба стока, натаму како една сума пари, ама што веќе биле изразени во цената, најпосле како цена на некоја еквивалентна стока. Оваа измена на формата сама по себе не вклучува во себеси измена на големината на вредноста, токму така како што не вклучува ни размената на петфунтовата банкнота за соверини, полусоверини и шилинзи. Така, до колку циркулацијата на стоката доведува само до измена на формата на нејзината вредност, таа доведува, ако тече појавата во чист вид, до размена на еквиваленти. Поради тоа, и самата вулгарна економија, иако ни на ум не ѝ паѓа што е вредноста, секојпат кога сака на свој начин да ја разгледува појавата чиста, претпоставува дека предлагањето и побарувачката се покриваат, т.е. дека нивното дејство воопшто престанува. Според тоа, ако во однос на употребната вредност обата разменувачи можат да добиваат, не можат обата да добиваат во разменската вредност. Овде, напротив, правилото ќе гласи: „Каде што има еднаквост, нема добивка“.[18] Вистина, стоката може да се продава по цени што отстапуваат од нивните вредности, но ова отстапување се кажува како нарушување на законите за стоковната размена.[19] Во својот чист вид таа е размена на еквиваленти, значи, не е никакво средство за збогатување со вредности.[20]
Поради тоа зад обидите да се претстави стоковната циркулација како извор на вишокот на вредноста, најмногу демне едно quid pro quo, едно смешување на употребните вредности со разменските вредности. Така е, на пр., кај Кондијак:
„Не е точно дека при стоковната размена еднаква вредност се разменува за еднаква вредност. Обратно, секој од обајцата содоговарачи секојпат дава помала вредност за поголема... Кога би се разменувале вистински секогаш еднакви вредности, тогаш не би имало добивка ни за кој да било содоговарач. Добро и обајцата добиваат или барем треба да добијат. Зошто? Вредноста на предметите се состои само во нивните односи спроти нашите потреби. Штом е за едниот повеќе, за другиот е помалку, и обратно... Не може да се претпостави дека ќе предлагаме за продажба предмети нужни за наша консумација... Ние сакаме да го дадеме за нас неполезниот предмет, за да го добиеме неопходниот; сакаме да дадеме помалку за повеќе... Природно, било да се заклучи дека во размената еднаква вредност се давала за еднаква вредност, сѐ додека секој од разменуваните предмети по вредност бил еднаков на исто количество пари. Но мораме да сметаме со уште едно нешто: се праша, дали обајцата разменуваме еден вишок за нешто нужно.“[21]
Се гледа, дека Кондијак не само што ги меша употребната и разменската вредност, туку и токму детински му поттура на едно општество со развиена стоковна циркулација таква состојба, во која производителот сам си произведува средства за своето суштествување, а во циркулацијата ги пушта само вишоците од неговите потреби.[22] И покрај сето тоа модерните економисти често го повторуваат аргументот на Кондијак, особено кога се сака развиениот облик на стоковната размена, трговијата, да се претстави како извор на вишок на вредноста.
„Трговијата — се вели на пр. — им придава на производите вредност, зашто производите имаат поголема вредност во рацете на потрошувачите отколку во рацете на производителите, и затоа таа мора да се разгледува буквално (strictly) како акт на производството“.[23]
Тука ние не ги плаќаме стоките двапати, еднаш нивната употребна вредност, а другпат нивната вредност. А употребната вредност на стоката ако е пополезна за купецот, нејзината парична форма е пополезна за продавачот отколку за купецот. Зар тој инаку би ја продал стоката? И така исто би можело да се рече дека купецот буквално (strictly) врши „акт од производството“ со тоа што тој на пр. чорапите од трговецот ги претвора во пари.
Ако се разменуваат стоки или стоки и пари од еднаква разменска вредност, значи еквиваленти, тогаш е очевидно дека никој не може да извлече од циркулацијата повеќе вредност отколку што сам внесол во неа. Тогаш не стапува никакво создавање вишок на вредноста. Циркулациониот процес на стоките, во својата чиста форма, условува размена на еквиваленти. Сепак во реалноста работите не врват чисто. Затоа ќе претпоставиме размена на нееквиваленти.
Секако, на стоковниот пазар стои само стопан на стока спроти стопан на стока, а моќта што ја вршат овие лица едно на друго само е моќ на нивните стоки. Материјалната различност на стоките е материјална причина за размената и стопаните на стоките ги прави заемно зависни, Бидејќи никој од нив го нема во своите раце предметот за својата сопствена потреба, но секој од нив го држи во своите раце предметот за потребата на другиот. Освен оваа материјална различност на нивните употребни вредности, меѓу стоките има уште само една разлика, разлика меѓу нивната материјална форма и нивната преобразена форма, меѓу стоките и парите. И така се разликуваат стопаните на стока меѓу себе само како продавачи, т.е. стопани на стоки, и само како купци, т.е. стопани на пари.
Да земеме сега дека му се дала на продавачот, поради каква сакало била необјаснива привилегија, да ја продаде стоката над нејзината вредност, за 110 ако чини 100, значи со номинално наткачување на цената од 10%. Значи, продавачот си внесува во касата вишок на вредноста од 10. Но откако беше продавач, станува купец. Сега тој се среќава со трет стопан на стока, а кој од своја страна како продавач ужива привилегија да ја продава стоката за 10% поскапо. Нашиот човечец добил 10 како продавач, за да изгуби 10 како купец.[24] Сенасе излегува на тоа, што сите стопани на стоките си ги продаваат еден со друг нивните стоки за 10% над вредноста, што е сосем исто како кога би си ги продавале стоките по нивната вредност. Такво општо номинално кревање на цените на стоките би предизвикало исто дејство како кога би се ценеле вредностите на стоките на пр. во сребро место во злато. Паричните имиња, т.е. цените на стоките би се подуле, но односите на нивните вредности би останале неизменети.
Да го претпоставиме обратното, да биде привилегија на купецот, да ги купува стоките под нивната вредност. Овдека не е нужно ни да се спомне дека купецот пак ќе стане продавач; тој беше продавач пред да стане купец. Тој веќе изгуби 10% како купец.[25] Сѐ остана пак по старо.
Значи, создавањето на вишокот на вредноста, а со тоа и претворањето на парите во капитал, не може да се објасни нити со тоа што продавачите ги продаваат нивните стоки над нивните вредности, нити со тоа што купците ги купуваат нив под нивните вредности.[26]
По никој начин проблемот не може да се упрости со тоа ако на контрабанден начин се внесат туѓи односи, значи ако се каже со полковникот Торенс:
„Ефективното барање се состои во способноста и склоноста (!) од потрошувачите да дадат за стоките, било во непосредна било во посредна размена, извесно поголемо количество од сите составни делови на капиталот, отколку што чини производството на сите стоки.“[27]
Во циркулацијата производителите и потрошувачите стојат еден спроти друг само како продавачи и купци. Да се тврди дека вишокот на вредноста произлегува за производителите оттука што потрошувачите ги плаќаат стоките над нивната вредност, значи само да се замаскира простава поставка: Стопанот на стоката како продавач има привилегија да продава поскапо. Продавачот ја произвел стоката сам или го застапува нејзиниот производител, но зар и купецот не ја произвел сам, или зар и тој не го застапува производителот на стоката која ги претставува неговите пари? Значи, и овде стои производител спроти производител. Тоа што нив ги разликува, е што едниот купува, а другиот продава. Не појдовме ни чекор понапред, што стопанот на стоката под името на производител ги продава стоките над нивната вредност, а под името на потрошувач ги плаќа поскапо.[28]
Според тоа, консеквентните застапници на илузијата, дека вишокот на вредноста произлегува од номиналното кревање на цените, или од привилегијата на продавачите, да ги продаваат стоките поскапо, претпоставуваат една класа што само купува, а не продава, значи, и само троши без да произведува. Суштествувањето на една таква класа, од гледиштето на простата циркулација, до кое досега дојдовме, е необјасниво. Туку да одиме натаму. Парите со кои една таква класа постојано купува, мораат нејзе постојано да ѝ течат од самите стопани на стоки без размена, бесплатно, било по право, било по сила. На оваа класа да ѝ се продаваат стоките над вредноста, значи, само со лага пак да се поврати еден дел од дадените бесплатно пари.[29] Така малоазиските држави му плаќаа годишен данок во пари на стариот Рим. Со овие пари Рим купуваше од нив стоки и ги купуваше прескапо. Малоазијците ги лажеа Римјаните при што со трговијата тие пак откинуваа од освојувачите еден дел од данокот. Сепак, Малоазијците остануваа надлагани. Нивните стоки како и понапред беа плаќани со нивните сопствени пари. Ова не е никаков метод за збогатување или за образување вишок на вредноста.
Затоа да останеме во рамките на стоковната размена каде што продавачите се купци, а купците продавачи. Нашата тешкотија можеби произлегува оттука, што ние не ги зедовме лицата индивидуално, туку само како олицетворени категории.
Стопанот на стока А нека биде толку итар што да ги лаже своите колеги В и С додека тие, покрај најголемата желба, не можат да му вратат со иста мера. А му продава на В вино во вредност од 40 ф. ст. и добива во размена жито во вредност од 50 ф. ст. А ги претвори своите 40 ф. ст. во 50 ф. ст. и направи од помалку пари повеќе пари и својата стока ја претворил во капитал. Да погледнеме малку поодблиску. Пред размената имавме за 40 ф. ст. вино во рацете на А и за 50 ф. ст. жито во рацете на В, вкупно вредност 90 ф. ст. По размената ние ја имаме истата вкупна вредност од 90 ф. ст. Вредноста што беше во циркулација не се зголеми ни за атом, само се измени нејзината расподелба меѓу А и В. На едната страна како вишок на вредноста се покажува она што на другата страна е помалку вредност, на едната страна како плус, што е на другата како минус. Истата измена би се извршила ако А директно украдеше од В 10 ф. ст., наместо во завиткана форма на размената. Сумата на вредноста во циркулација, е очевидно дека не може да се зголеми со никаква измена во нејзината расподелба, исто така како што некој Евреин не ја зголемува масата од благородни метали во некоја земја со тоа што ќе продаде еден фартинг од времето на кралица Ана за една гинеа. Целата капиталистичка класа на некоја земја како едно цело не може да се лаже сама себеси.[30]
Можеме вака да вртиме и превртуваме колку што сакаме, но фактот си останува ист. Ако се разменуваат еквиваленти, тогаш нема да настане никаков вишок на вредноста, а ако се разменуваат нееквиваленти, пак нема да настане никаков вишок на вредноста.[31] Циркулацијата или размената на стоките не создава вредност.[32]
Оттука се разбира зошто во нашата анализа на основната форма на капиталот, форма со која тој ја определува економската организација на модерното општество, отпрвин сосем не ги земаме предвид неговите популарни и така да се каже претпотопски форми, трговскиот капитал и лихварскиот капитал.
Во вистинскиот трговски капитал се јавува формата П—С—П', купувачка заради поскапа продажба, најчисто. Од друга страна, целото негово движење врви во рамките на циркулационата сфера. Но бидејќи е неможно да се објасни претворањето на парите во капитал и образувањето на вишокот на вредноста од самата циркулација, и трговскиот капитал ни се чини неможен сѐ додека се разменуваат еквиваленти,[33] затоа неговото суштествување би можело да се изведе од двостраното лажење на стоковните производители кои купуваат и продаваат од страна на трговецот што паразитски се вовлекол меѓу нив. Во оваа смисла Франклин вели: Војната е грабеж, трговијата е измама.[34] Ако не сакаме да го објасниме оплодувањето на трговскиот капитал со чиста измама над производителите на стока, тогаш ни е потребен еден цел ред од меѓучленови кои овде, каде што единствена претпоставка е стоковната циркулација и нејзините прости моменти, ние сосем ги немаме.
Што важи за трговскиот капитал, важи уште повеќе за лихварскиот капитал. Во трговскиот капитал обете крајни точки, парите, фрлени на пазар, и зголемените пари, извлечени од пазарот, се сврзуваат барем со купувачка и продажба, со движењето на циркулацијата. Во лихварскиот капитал формата П—С—П' е скусена на крајности меѓу кои ништо не стои, на П—П', на пари, што се разменуваат за повеќе пари, форма што ѝ противречи на природата на парите и затоа е необјаснива од гледиштето на стоковната размена. Затоа Аристотел вели:
Бидејќи хрематистиката е нешто двојствено, та едната ѝ припаѓа на трговијата, другата на економијата, последната е нужна и заслужува да се пофали, првата се засновува врз циркулацијата и со право ја кудат (дека таа не почива врз природата, туку врз заемно надлажување), затоа лихварството е омразена со најполно право, бидејќи овде парите се сами извор за добивка и не се употребуваат за тоа за што биле изнајдени. Бидејќи тие настанале за размена на стоките, а лихвата прави од парите повеќе пари. Оттука и неговото име (tokos — лихвата и роденото). Зашто родените им се слични на оние што ги родија. Но лихвата е пари од пари, така што од сите гранки на заработувачката оваа е најпротивната на природата“.[35]
Како за трговскиот капитал, така и за интересоносниот капитал ќе најдеме во текот на нашето испитување дека се изведени форми и едновремено ќе видиме зошто историски се појавуваат пред модерната основна форма на капиталот.
Се покажа дека вишокот на вредноста не може да произлезе од циркулацијата, значи при неговото образување се прави нешто зад грбот на циркулацијата, нешто невидливо во самата циркулација.[36] А дали може вишокот да произлезе од некое друго место, а не од циркулацијата? Циркулацијата е сума на сите заемни[2*] односи меѓу стопаните на стоките. Надвор од циркулацијата стопанот на стока стои во однос уште само спрема неговата сопствена стока. Што се однесува до нејзината вредност, односот се ограничува на тоа таа да содржи извесно количество од неговиот сопствен труд, кое се мери со определени општествени закони. Ова количество труд се изразува во големината на вредноста на неговата стока, а бидејќи големината на вредноста се изразува во сметковни пари тоа таа се изразува во некоја цена на пр. од 1 ф. ст. Но неговиот труд не се изразува во вредноста на стоката и во еден вишок над нејзината сопствена вредност, не во некоја цена од 10 што едновремено би била цена од 11, не во некоја вредност што би била поголема од сама себе. Стопанот на стоката со својот труд може да создава вредности, но не и вредности што се оплодуваат. Тој може да ја зголеми вредноста на некоја стока кога ѝ додава на вредноста што постои нова вредност со нов труд, на пр. кога од кожата прави чизми. Истата материја сега има поголема вредност, бидејќи таа содржи поголемо количества труд. Чизмите имаат затоа поголема вредност од кожата, но вредноста на кожата ѝ остана иста каква што си беше. Таа не се оплоди, не роди некој вишок на вредноста за времето додека се произведуваа чизмите. Значи, производителот на стоки, надвор од сферата на циркулацијата, без да влезе во допир со други стопани на стоки, не може да ја оплоди вредноста, а со тоа и да ги претвори парите, или стоките во капитал.
Значи, капиталот не може да произлезе од циркулацијата, но исто така тој не може да произлезе и надвор од циркулацијата. Тој мора да произлезе од неа и едновремено не од неа.
Значи, добивме двоен резултат.
Претворањето на парите во капитал треба да се разјасни врз основа на внатрешните закони на стоковната размена, така што како излезна точка да важи размената на еквиваленти.[37] Нашиот стопан на пари што постои уште само како гасеница-капиталист, мора да ги купува стоките по нивните вредности и да ги продава по нивните вредности, и сепак, при крајот на процесот да извлече повеќе вредност; отколку што внесе. Развивањето на гасеницата-капиталист во пеперутка мора да се изврши во сферата на циркулацијата и едновремено не во сферата на циркулацијата. Овие се условите на проблемот. Hic Rhodus, hic salta.[3*]
Изменувањето на вредноста на парите, со кое треба да се претворат тие во капитал, не може да се изврши на самите пари, зашто како куповно средство и како платежно средство, тие ја реализираат само цената на стоките, што со нив се купуваат или се плаќаат; а ако останат тие во нивната сопствена форма, ќе се скаменат во вредност чија големина останува неизменлива.[38] Исто така, малку може да произлезе измената од вториот акт на циркулацијата, од препродавањето на стоките, зашто овој акт само ја претвора стоката од нејзината природна форма пак во парична форма. Значи, измената мора да настане во стоката, што се купува во првиот акт П—С, но не во нејзината вредност, бидејќи се разменуваат еквиваленти, при што стоката се плаќа по нејзината вредност. Според тоа, измената може да произлезе само од нејзината употребна вредност како таква, т.е. од нејзината употреба. За да извлече од употребата на некоја стока вредност, нашиот стопан на пари мора да има таква среќа да открие во рамките на циркулационата сфера, т.е. на пазарот, таква стока чија сама употребна вредност да има особена својство да биде извор на вредност, значи, нејзината вистинска употреба да биде самото опредметување на трудот, а со тоа создавање вредност. И стопанот на парите најдува на пазарот таква специфична стока — а тоа е способноста за труд или работната сила.
Под работна сила или способност за труд разбираме целокупност на физички и духовни способности, што постојат во телесноста, во живата личност на човекот и што ги става тој во движење секојпат, кога произведува употребни вредности од кој било вид.
Но за да најде стопанот на парите на пазар работна сила како стока, мора да бидат исполнети различни услови. Стоковната размена сама по себе не содржи никакви други односи на зависност освен тие што произлегуваат од нејзината сопствена природа. Под оваа претпоставка работната сила може да се појави на пазар како стока, само до колку е предлагана или продавана како стока од нејзиниот сопствен стопан, од лицето чија е работната сила. За да ја продаде како стока, нејзиниот стопан мора да има возможност да располага со неа, значи, мора да биде слободен сопственик на својата способност за труд, на својата личност.[39] Тој и стопанот на парите се сретнуваат на пазарот и стапуваат во односи еден спроти друг како рамноправни стопани на стоки, а се разликуваат само со тоа што едниот е купец, а другиот продавач, значи обата се правно еднакви лица. Трајното продолжување на овој однос бара сопственикот на работната сила да ја продава неа секогаш само за едно определено време, зашто ако ја продаде исцело еднаш за секогаш, тогаш ќе си се продаде сам себеси, ќе се претвори од слободен човек во роб, од стопан на стока во стока. Како личност тој постојано мора да се држи спроти својата работна сила како спроти своја сопственост, следствено како спроти сопствена стока, а тоа тој ќе може само до толку, до колку му ја става неа на располагање на купецот, т.е. ја препушта на употреба секогаш само привремено, за еден определен рок, значи, ако со нејзиното отуѓување не се одрекува од својата сопственост над неа.[40]
Вториот битен услов, за да ја најде стопанот на парите работната сила на пазарат како стока е тој, што нејзиниот стопан, место да може да продава стоки во кои се опредметил неговиот труд, мора, напротив, да ја предлага како стока самата своја работна сила, што егзистира само во неговата жива телесност.
За да продава некои стоки различни од својата работна сила, тој мора природно да има средства за производство, како на пр. суровини, орудија на трудот итн. Без кожа тој не може да направи чизми. Освен тоа, нему му требаат и средства за живот. Никој, па нити самиот музикант на иднината, не може да троши од производите на иднината, значи, не може да троши од употребните вредности чие производство уште не е завршено: уште од првиот ден откога се појави на земната сцена, човекот сѐ уште мора да троши секој ден, пред да произведува и за времето дури произведува. Ако производите се произведуваат како стоки, тогаш тие штом ќе бидат произведени, мораат да се продадат, та потребите на производителот можат да се задоволат дури по продажбата. По потребното време за производство следува потребното време за продажба.
Значи, за претворање на парите во капитал мора стопанот на парите да најде на стоковниот пазар слободен работник, слободен во двојна смисла, да располага како слободно лице со својата работна сила како со своја стока, а од друга страна, тој да нема за продавање други стоки, да е гол и бос, да е слободен од сите предмети нужни за реализирање на неговата работна сила.
Прашањето, зошто овој слободен работник стапува спроти него во сферата на циркулацијата, не го интересира сопственикот на парите, што го најдува трудовиот пазар како посебен дел на стоковниот пазар. А засега тоа и нас малку нѐ интересира. Ние теоретски тврдо се држиме за фактот, како што се држи за него стопанот на парите практично. Сепак, една е јасно. Природата не произведува на една страна стопани на пари или стока, а на друга страна стопани само на сопствена работна сила. Овој однос не е никаков природно-историски нити таков општествен однос што би бил општ на сите историски периоди. Очевидно тој самиот е резултат на претходниот историски развиток, производ на многу економски преврати, пропасти на цели редици постари формации на општественото производство.
И оние економски категории, што ги разгледувавме порано, ја носат својата историска трага. Во суштествувањето на производот како стока се содржани определени историски услови. За да стане стока, производот не смее да се произведува како непосредно средство за живот на самиот производител. Ако испитуваме натаму: под кои околности сите производи или барем повеќето од нив примаат форма на стока, тогаш би нашле дека тоа се врши само врз основа на еден специфичен, капиталистички начин на производство. Но сепак ова испитување, не спаѓа кон анализата на стоката. Стоковното производство и стоковната циркулација можат да суштествуваат, и покрај тоа што далеку поголемата маса на производите е предназначена непосредно за сопствени потреби и не се претвора во стока, иако општествениот процес на производството уште засега не е овладеан во својата цела ширина и длабочина од разменската вредност. За претворањето на производот во стока е нужна толку развиена поделба на трудот во рамките на општеството, разделувањето меѓу употребната вредност и разменската вредност, кое тукушто почнува во непосредната размена [трампа]. Но ваков степен на развитокот е општ за историски најразлични економски општествени формации.
Ако ги разгледуваме парите, тогаш ќе видиме дека тие имаат за претпоставка извесна висина на стоковната размена. Посебните форми на парите, голиот еквивалент на стоката, или циркулационото средство, благото и светските пари, ги обележуваат сосем различните степени на општествениот процес на производството, според различниот обем и релативното преовладување на едната или другата функција. Сепак, опитот покажува дека е достатна и релативно слабо развиена стоковна циркулација, за да се образуваат сиве овие форми. Инаку е со капиталот. Историските услови за неговата егзистенција никако не се дадени со стоковната и паричната циркулација. Тој настанува само таму каде што стопанот на средствата за производство и средствата за живот најдува на пазарот слободен работник како продавач на својата работна сила, а овој еден историски услов вклучува во себе една светска историја. Затоа капиталот од самиот свој почеток објавува настапување на една епоха на општествен производствен процес.[41]
Работната сила, оваа особена стока, сега треба да се разгледа поодблиску. Таа има вредност како и сите други стоки.[42] Како се определува нејзината вредност?
Вредноста на работната сила, како и на секоја друга стока, се определува со работното време потребно за производство, значи и за препроизводство на овој специфичен артикал. До колку е вредност, самата работна сила претставува само определено количество во неа опредметен општествен среден труд. Работната сила постои само како способност на живата индивидуа. Производството на работната сила, значи, претходно го претпоставува суштествувањето на живата индивидуа. Ако е дадена егзистенцијата на индивидуата, тогаш производството на работната сила се состои во нејзиното сопствена производство, или во одржување во живот на индивидуата. За нејзиното одржување ѝ е нужна на живата индивидуа извесна сума средства за живот. Затоа потребното работно време за производство на работната сила се сведува на работното време потребно за производството на овие животни средства, или вредноста на работната сила е вредноста на средствата за живот нужни за одржување на нејзиниот стопан. Но работната сила се реализира само низ своето надворешно пројавување, се потврдува само во трудот. Но со нејзиното осуштествување, со трудот, се троши определено количество човечки мускули, нерви, мозок, итн., а пак тоа мора да се надомести. Вакво зголемено трошење е условено со зголемено примање.[43] Ако сопственикот на работната сила денеска работел, тој мора и утре да може да го повтори истиот процес под истите услови, со иста сила и здравје. Значи, сумата на средствата за живот мора да биде достатна, за да се одржи во живот работната индивидуа, т.е. како работна индивидуа во нејзината нормална состојба. Самите природни потреби, како храна, алишта, огрев, живеалиште, итн. се различни според климатските и другите особености на оваа или онаа земја. Од друга страна, самиот обем на таканаречените нужни потреби, како и начинот на нивното задоволување е историски производ, и затоа во поголемиот дел зависи од културниот степен на некоја земја, а меѓу другото, зависи битно и од тоа под какви услови, а со таа и со какви навики и претензии на живот се образувала класата на слободните работници.[44] Така, спротивно на другите стоки, определувањето на вредноста на работната сила содржи во себе историски и морален елемент. Сепак, за една определена земја, за еден определен период, е даден средниот обем на нужните средства за живот.
Сопственикот на работната сила е смртен. Значи, ако е нужно тој незапирно да се појавува на пазар, како што е нужно за незапирното претворање на парите во капитал, тогаш продавачот на работната сила мора да се овековечи „како што секоја жива индивидуа се овековечува со размножување.“[45] Работните сили што се повлекуваат од пазарот поради изабеноста и смртта, мораат постојано да бидат заместувани ако не со повеќе барем со еднаков број нови работни сили. Сумата средства за живот, потребни за производство на работната сила, значи, ги вклучува и средствата за живот на замениците, т.е. за децата на работниците, и така на стоковниот пазар се овековечува оваа раса од особени стопани на стока.[46]
За да се преобрази општата човечка природа така што таа да добие опитност и подготовка за некоја определена гранка на трудот, да стане развиена и специфична работна сила, нејзе ѝ е потребно воспитување и образование, што, од своја страна, бара една помала или поголема сума стоковни еквиваленти. Овие трошоци за нејзиното образование се различни во зависност од помалата или поголемата квалифицираност на работната сила. Значи, овие трошоци за учење се сосема незабележливи за простата работна сила и влегуваат во кругот на вредностите издадени за нејзиното производство.
Вредноста на работната сила се сведува на определена вредност од определена сума средства за живот. Затоа таа се изменува со измената на вредноста на овие средства за живот, т.е. со измената на работното време потребно за нивното производство.
Еден дел од средствата за живот, на пр. храната, огревот итн. се трошат секојден и мораат секојден да се надоместуваат со нови. Други средства за живот како алишта, мебели итн. се трошат во подолги периоди, и затоа се заменуваат само во подолги периоди. Еден вид стоки мораат да се купуваат или плаќаат секој ден, други неделно, тримесечно итн. Но за да бидат овие суми од издатоци распоредени на пр. во текот на една година, тие мораат да бидат покривани секој ден со редовните дневни приходи. Ако ја означиме масата стоки што е дневно потребна за производството на работната сила со А, а оние што се потребни неделно со В, а тие што се потребни тримесечно со С итн. тогаш секојден ќе биде потребно средно од овие стоки =
365 А + 52 В + 4 С + итн.
__________________
365
Ако претпоставиме дека во оваа маса стоки, што се средно потребни за еден ден, влегува 6 часа општествен труд, тогаш во работната сила дневно се опредметува општествен среден труд од половина ден, или за дневното производство на работната сила е потребен половина работен ден. Ова количество труд, нужно за нејзиното дневно производство, ја образува дневната вредност на работната сила, или вредноста на секојдневно репродуцираната работна сила. Ако општествениот среден труд од половина ден е исто така претставен во масата злато од 3 шилинзи или 1 талир, тогаш 1 талир е цена што ѝ одговара на дневната вредност на работната сила. Ако ја предложува нејзиниот стопан работната сила за еден талир дневно, тогаш нејзината продажна цена е еднаква на нејзината вредност, а според нашата претпоставка стопанот на парите, кој гори да ги претвори неговите талири во капитал, ја плаќа оваа вредност.
Последната, или минималната граница на вредноста на работната сила ја прави вредноста на онаа маса стоки без чиј секојдневен прилив носителот на работната сила, човекот, не би можел да го обновува процесот на својот живот, значи ја прави вредноста на физички неопходните средства за живот. Ако ѝ падне цената на работната сила на овој минимум, тогаш таа ќе падне под нејзината вредност, бидејќи така таа може да се развива и одржува само во спечена форма. На вредноста на секоја стока е определена со работното време, потребно за доставка на нормално добра стока.
Извонредно е евтина сентименталноста да се смета за грубо ова определување на вредноста на работната сила што произлегува од природата на нештата, и да тажиме како Роси:
„Да се разбере способноста (puissance de travail), а да се апстрахираат средствата за живот на трудот за време на процесот на производството, значи да се разбере својата измислица (être de raison). Кој вели труд, кој вели способност за труд, едновремено вели работник и средства за живот, работник и наемнина“.[47]
Способност за труд уште не значи труд, како што способноста за варење храна уште не е и вистинско варење храна. Како што се знае, за последниов процес треба нешто повеќе отколку само добар стомак. Кој вели способност за труд, тој не ги апстрахирал средствата за живот потребни за нејзиното издржување. Напротив, вредноста на средствата за живот е изразена во вредноста на способноста за труд. Ако таа не се продаде, на работникот нема да му биде од полза. Напротив, во овој случај тој ќе разбере колку е грозна природната нужност, што за производство на неговата способност за труд требало определено количество средства за живот и што постојано ѝ требаат сѐ нови и нови такви за нејзиното препроизводство. Тогаш тој ќе открие заедно со Сисмонди: „Способноста за труд ... не е ништо ако не се продаде“.[48]
Особената природа на оваа специфична стока, работната сила, се изразува и во тоа што со склучувањето на договорот меѓу купецот и продавачот сѐ уште не е пренесена нејзината употребна вредност во рацете на купецот. Нејзината вредност, како и вредноста на секоја друга стока, беше определена пред таа да влезе во циркулацијата, бидејќи за производството на работната сила беше потрошено определено количество општествен труд, но нејзината употребна вредност постои дури во подоцнежното пројавување на сила. Поради тоа отуѓувањето на работната сила и нејзиното вистинско пројавување, т.е. нејзиното битие како употребна вредност, временски се одделуваат едно од друго. Но при такви стоки,[49] каде што формалното отуѓување на употребната вредност со продажба временски се разделува од нејзиното вистинско препуштање на купецот, парите од купецот функционираат главно како платежно средство. Во сите земји со капиталистички начин на производство, работната сила се плаќа дури откога веќe таа функционирала за време на договорениот рок, утврден со договорот за нејзиното купување, на пр. кон крајот на неделата. Според тоа, работникот насекаде го авансира капиталистот со употребната вредност на својата работна сила; тој му ја пушта на купецот да ја троши, пред овој да му ја плати нејзината цена; со еден збор работникот насекаде го кредитира капиталистот. Дека ова кредитирање не е празна измислица, покажува не само загубата на кредитираната наемнина во случај на банкротирање на капиталистот,[50] туку и редицата последици со потраен карактер.[51] Но притоа природата на самата стоковна размена не се изменува од тоа дали парите функционираат како куповно или како платежно средство. Цената на работната сила е утврдена со договор, иако таа дури отпосле ќе се реализира како киријата за некоја куќа. Работната сила е продадена, иако отпосле ќе биде платена. Сепак, поради чистото сфаќање на овој однос полезно е да претпоставиме засега, дека стопанот на работната сила секогаш ја добива со договор погодената цена веднаш при нејзината продажба.
Сега веќе знаеме како се определува вредноста што му ја плаќа стопанот на парите на стопанот од оваа своеобразна стока, работна сила. Употребната вредност, што ја добива првиот од своја страна со размена, се покажува дури во вистинското трошење, во процесот на трошењето на работната сила. Сите предмети, потребни за овој процес, како сурови материјали итн. ги купува стопанот на парите на стоковниот пазар и ги плаќа со полна цена. Процесот на трошењето на работната сила е едновремено и процес на производство на стоки и вишок вредност. Трошењето на работната сила, како и трошењето на секоја друга стока, се врши надвор од пазарот или од циркулационата сфера. Затоа да ја оставиме оваа полна со врева сфера што се најдува на површината и што му е достапна на секое око, и заедно со стопанот на парите и со стопанот на работната сила да појдеме кон скришното место на производството, на чија врата стои напишано: “No admittance except on business.” [Влегувањето на безработни е забрането]. Овде ќе се покаже не само како капиталот произведува, туку како се произведува и самиот капитал. Најпосле мора да се открие тајната како се прави профит.
Сферата на циркулацијата или размената на стоките, во рамките на која се врши купувачката и продажбата на работната сила, беше вистински рај на природените човечки права. Овдека владее само Слобода, Еднаквост, Сопственост и Бентам. Слобода? Бидејќи купецот и продавачот на секоја стока, на пр. на работната сила, се определуваат само со својата слободна волја. Тие се здоговоруваат како слободни, правно рамноправни лица. Договорот е конечен резултат во кој нивните волји добиваат заеднички правен израз. Еднаквост? Бидејќи тие се однесуваат еден спроти друг само како стопани на стоки, и разменуваат еквивалент за еквивалент. Сопственост! Бидејќи секој располага со своето. Бентам? Бидејќи секој од обајцата бере грижа само за себе. Единствена сила што ги сврзува и ги доведува во однос, е нивната себичност, нивните самoкорисности, нивните приватни интереси. Но токму затоа што секој бере грижа само за себе, а никој за друг, сите тие поради некоја предопределена хармонија меѓу нештата, или под раководство на некое премудро провидение, вршат само дело на заемна самокорист, на заедничка полза на општите интереси.
При разделбата од оваа сфера на простата циркулација или стоковната размена, од која приврзаникот на слободната трговија vulgaris [вулгарниот] ги зајми погледите, поимите и мерките за своето судење за општеството на капиталот и наемниот труд, се чини, дека веќе нешто се изменуваат физиономиите на нашите dramatici personae [лица од драмата]. Понапрежниот стопан на пари оди напред како капиталист, по него оди стопанот на работната сила како негов работник: едниот многузначно се смешка и гори од желба да се почне работата, другиот оди плашливо, се опира, како некој што ја изнесол на пазар својата сопствена кожа и сега ништо друго и не чека од штаворница.
Фусноти
[1] Спротивноста меѓу власта на земјишниот посед што почива врз лична зависност и господство, и безличната власт на парите јасно е изразена во две француски поговорки: „Nulle terre sans seigneur” [нема земја без господар] и “L’ argent n'а pas de maitre” [парите немаат господар].
[2] „Со парите купуваме стоки, со стоките купуваме пари” (Mercier de la Riviѐre: „L'Ordre naturel et essentiel des sociétés politiques“, стр. 153).
[3] „Кога се купува некој предмет за препродавање, тогаш сумата употребена за тоа се вика авансирани пари; а ако не се купи за да се препродава, можеме да кажеме дека сумата е потрошена“. (James Steuart: „Works etc.” св. I, стр. 274.)
[4] „Парите не се разменуваат за пари“, им довикува Мерсие де ла Ривиер на меркантилистите. („L'Ordre naturel etc.,” стр. 486.) Во едно дело, кое ех professo ја третира „трговијата” и „шпелуаацијата“ може да се прочита: „Секоја трговија се состои од разменување предмети од различен вид, а печалбата (за трговецот) произлегува токму од оваа различност. Да се размени една фунта леб за една фунта леб, би било без никаква печалба... од тука е полезната контраст мегу трговијата и комарот, која е само размена на пари за пари“. (Th. Corbet: „An Inquiry into the Causes and Modes of the of Individuals; or the Principles of Trade and Speculation explained.” London 1841, стр. 5.) Иако Лорбет гледа оти П—П, разменување на пари за пари, е карактеристичната форма на циркулацијата не само на трговскиот капитал, туку на секој капитал, тој барем признава дека еден вид од трговијата, шпекулацијата, ја има оваа форма, заедно со комарот; но после иде Мекелек и најдува дека купувањето за продавање е шпекулација, и според тоа разликата меѓу трговијата и шпекулацијата сосем исчезнува. „Секоја трансакција во која една индивидуа купува производ со цел него „пак да го препродаде фактички е шпекулација.“ (Мас Culloch: „А Dictionary practical etc. of Commerce“ London 1847, стр. 1009.) Многу понаивно вели Пинто, Пиндар на Амстердамската берза: „Трговијата е комар (оваа реченица ја зел на заем од Локе), а од питачот не може да се извлече печалба. Кога некој за еден долг период само добивал од сите, тогаш би требало да го врати назад најголемиот дел од печалбата, за да ја почнат играта одново.” (Pinto: „Traite de la Circulation et du Crédit“. Amsterdam 1771, стр. 231.)
[5] „Капиталот се дели... на првобитен капитал и добивка, прирасток на капиталот... иако самата практика пак веднаш ја придава оваа добивка кон капиталот и ja пушта заедно со него во движење.” (Fr. Engels: „Umrisse zu einer Kritik der Nationalökonomie” во Deutsch-Französische Jahrbücher, herausgegeben von Arnold Ruge und Karl Marx, Paris 1844, стр. 99.)
[6] Аристотел ја става економиката спроти хрематистиката. Тој тргнува од економиката. До колку е тоа искуство за придобивање, се ограничува на придобивањето добра, потребни за животот и полезни за куќата или државата. „Вистинското богатство (o aleqinos ploutos) се состои од такви употребни вредности; бидејќи количество од таков вид посед, достатно за добар живот, не е безгранично. Но има еден втор вид искуство за придобивање, кој обично и со право се вика хрематистика, за која изгледа, не суштествуваат никакви граници на богатството и поседот. Стоковната трговија (e kapelike дословно значи ситна трговија, и Аристотел ja зема оваа форма, бидејќи во неа превладува употребната вредност) по својата природа не припаѓа кон хрематистиката, бидејќи овдека размената се однесува само на потребните нешта за самите нив (за купецот и продавачот)”. Поради тоа, ja развива тој мислата понатака, трампата била првобитна форма на стоковната трговија, но со нејзиното раширување нужно настанале парите. Со пронајдувањето на парите, трампата нужно морала да се развие во kapelike, стоковна трговија, а последнава, во противречност со нејзината првобитна тенденција, се изградила во хрематистика, во искуство да се прават пари. Хрематистиката сега се разликува од економиката по тоа што за неа циркулацијата е извор на богатството (poietike crematon ... dia chrematon diaboles). А, изгледа, дека таа се врти околу парите зашто парите се и крај на овој вид размена (to nomisma stoiceion tes allages estin). Поради тоа и богатството, кон кое се стреми хрематистиката, е безгранично. Имено, како што секое искуство, чија цел не му служи како средство, но како последна крајна цел, е безгранично во својот стремеж, бидејќи таа постојано се обидува сѐ повеќе да се приближи кон крајната цел, додека искуствата што како цел имаат средство не се безгранични, зашто самата цел ним им става граници, така е и со оваа хрематистика што нема никакви граници во нејзината цел, но целта ѝ е апсолутно збогатување. Економиката има граница, хрематистиката нема... првата има цел нешто различно од самите пари, втората има цел да ги умножи... Мешањето на обете форми, кои преминуваат една во друга, им дава на некои повод да го разгледуваат одржувањето и умножувањето на парите во бескрајност како крајна цел на економијата”. (Aristotel: „De Republica”. Изд. Веккет, кн. I, гл. 8 и 9 и натаму.)
[7] „Стоките (овде во смисла на употребни вредности) не се крајна цел за дејниот капиталист... нему му се крајна цел парите“. (Th. Chalmers: „On Political Economy etc.“ 2 изд., London 1832, стр. [165] 166.)
[8] „Иако трговецот не ja потценува веќе добиената печалба, сепак тој секогаш гледа во идната печалба.” (А. Genovesi: „Lezioni di Ekonomia Civile“ (1765). Издание на италијанските економисти од Кустоди Parte Moderna, св. VIII, стр. 139.)
[9] „Незаситната страст за добивка, auri sacra fames [проколната глад за злато], постојано ja определува дејноста на капиталистите“. (MacCulloch: „The Principles of Political Есоnоmу”, London 1830, стр. 179.) Се разбира, ова гледиште не му пречи на Мекелок и на сличните нему во теоретските тешкотии, на пр. при третирањето на хиперпродукцијата, да го претворат истиот тој капиталист во добар граѓанин, кому му е само до употребните вредности и кој развива дури една вистинска волча глад за чизми, шапки, јајца, басми и други видови употребни вредности многу нужни за фамилијата.
[10] Sozein [спасување] е карактеристичен израз на Грците за собирачот на благо. Исто значи „to save” спасување и едновремено штедење.
[10а] „Бескрајноста, која предметите ja немаат во својот ôд, ja имаат неа во кружното движење”. (Galiani: „Della moneta“. стр. 156.)
[11] „Материјата не го прави капиталот: туку вредноста на таа материја”. (J. B. Say: “Traité d’Econ. Polit.” 3ème éd. Paris 1817, том II, стр. 429.)
[12] Currency [циркулационо средство] (!), што ќе биде применето за произволни цели,... е капитал”. (MacLeod: „The Theory and Practice of Banking“. London 1885, том I, гл. 1 (стр. 551.) „Капитал се стоките”. („James Mill: „Elements of Political Economy”, London 1821, стр. 74.)
[13] „Капитал... вредност која перманентно се умножува”, (Sismondi: „Nouveaux Principes de l'Economie Politique” [Paris 1819], кн. I стр. [88] 89.)
[14] „Размената е чуден процес во кој обете договорни страни добиваат, и таа секогаш (!)“ (Destutt de Tracy: „Traité de la Volonté et de ses effets”. Paris 1826, стр. 68). Истата книга подоцна излезе како „Traité d'Economie Politique“.
[15] Mercier de la Riviere: „L'ordre naturel etc.,“ стр. 544.
[16] „Само по себе е сосем сеедно дали некоја од овие две вредности се состои од пари или обете се обични стоки.“ (Mercier de la Riviere, исто, стр. 543.)
[17] „Договорните страни не решаваат за вредноста; напротив, таа е утврдена пред да се склучи зделката.“ (Le Trosne: „De l’Intérêt Social”, стр. 906)
[18] „Dove è egualità non è lucro.” (Galiani, “Della Moneta in Custodi, Parte Moderna,”, св. IV, стр. 224).
[19] „Размената ќе биде неповолна за една од двете страни ако надворешните околности ја снижат цената или пак ако ја качат високо: тогаш еднаквоста ќе биде нарушена, но тоа нарушување произлегува од тие околности, а не од самата размена“. (Le Trosne: „De l’Intérêt Social”, стр. 904).
[20] „Размената по својата природа е договор што почива врз еднаквоста и што се врши меѓу еднакви вредности. Поради тоа таа не е средство за збогатување, бидејќи се прима толку, колку што се дава.“ (Le Trosne, исто, стр. 903).
[21] Condillac: „Le Commerce et le Gouvernement”, (1776). Издание Daire et Molinari во „“Mélanges d’Economie Politique. Paris 1847, стр. 267 [291]).
[22] Поради тоа Ле Трон сосем правилно му одговара на својот пријател Кондијак: „Во развиеното општество нема ништо излишно“. Едновремено пак го бреца него со белешката дека „ако обата разменувачи добиваат еднакво повеќе за еднакво помалку, тогаш обата добиваат еднакво.“ Баш затоа што Кондијак нема ни најмалку поим за природата на разменската вредност, тој му е најзгодниот раководител на г. професорот Вилхелм Рошер за неговите сопствени детински поими. Видете го неговото: „Die Grundlagen der Nationalökonomie”. 3 издание. 1858.
[23] Ѕ. Р. Newman: „Elements of Political Economy". Andover and New York 1835, стр. 175.
[24] „Со зголемувањето на номиналната вредност на производот... продавачите не стануваат побогати ... зашто што добиваат како продавачи, губат во истата мера како купци.“ („The Essential Principles of the Wealth of Nations etc”, London 1797, стр. 66.)
[25] „Ако продавачот биде присилен да даде за 18 ливри едно количество производ што навистина вреди 24, тогаш тој кога ќе купува ќе добие за 18-те ливри токму толку, за колку што би морал инаку да плати 24 ливри.“ (Le Trosne: „De l’Intérêt Social”, стр. 897).
[26] „Ниеден продавач не може постојано да ја поскапува својата стока без да биде едновремено присилен исто така скапо да ја плаќа стоката од другите продавачи; од истата причина не може ни еден потрошувач секојпат да купува поевтино, без да биде присилен исто така секојпат да ја дава поевтино стоката што ја продава“. (Mercier de la Riviere: „L'Ordre naturel etc.,” стр. 555.)
[27] R. Torrens: „An Essay on the Production of Wealth". London 1821, стр. 349.
[28] „Идејата дека профитот го плаќаат потрошувачите сигурно е сосема бесмислена. Кои се потрошувачите?“ (G. Ramsay: An Essay on the Distribution of Wealth. Edinburgh 1836, стр. 183.)
[29] „Ако некој не најде барање за својата стока, дали тогаш г. Малтус ќе му препорача нему да му даде пари на некој друг за да му ја купи овој стоката?, го праша еден возмутен рикардијанец Малтуса, кој, како и неговиот ученик поп Чамерз, го возвеличува економското значење на исклучиви купувачи, т.е. на потрошувачите.“ Види: „An Inquiry into those Principles Respecting the Nature of Demand and the Necessity of Consumption, lately advocated by Mr. Malthus, etc.” London 1821, стр. 55.
[30] Дестут де Траси, иако бил, — а можеби баш затоа што бил — membre de l'Institut [член на Институтот][1*] имаше спротивно гледиште. Индустриските капиталисти, вели тој, ги прават своите профити со тоа што „тие продаваат поскапо сѐ отколку што чини нивното производство. А кому му продаваат тие? Пред сѐ, еден на друг." („Traite de la Volonté etc.“, стр. 239.)
[31] „Размената на еднакви вредности нити ја зголемува, нити ја смалува масата вредности што се најдуваат во општеството. Размената на нееднакви вредности... исто така во ништо не ја изменува сумата на општествените вредности, иако на имотот на едниот му придава онолку, колку што му зема од имотот на другиот.“ (Ј. В. Sау: „Traité d'Economie Politique”, кн. II, стр. 443 и натаму.) Сеј речиси буквално ја зајмува оваа реченица од физиократите, се грижи многу за нејзините консеквенции. Следниов пример ни покажува на кој начин Сеј ги експлоатирaл нивните, во негово време заборавени творби, за да ја покaчи со тоа својата сопствена „вредност“: „Најпрочуената“ поставка на Monsieur Cej: „“On n’achète des produits qu’avec des produits” [производите се купуваат само со производи] (исто, св. II, стр. 438) во физиократскиот оригинал гласи: “Les productions ne se paient qu’avec des productions.” [производите се плаќаат само со производи] (Le Trosne: „De l’Intérêt Social”, стр. 899.)
[32] „Размената општо не им придава вредност на производите.“ (F. Wayland: „The Elements of Political Economy”. Boston 1853, стр. 168.)
[33] „Под господството на неизменливи еквиваленти, трговијата би била невозможна“. (G. Opdyke: „А Treatise on Political Economy". New York 1851, стр. 69.) Разликата меѓу реалната вредност и разменската вредност почива врз основа на фактот — имено што вредноста на еден предмет е различна од таканаречениот еквивалент што се дава за него во трговијата, т.е. што овој еквивалент не е еквивалент“. (F. Engels: „Umrisse zu einer Kritik der Nationalökonomie”, стр. 96.)
[34] Benjamin Franklin: „Works“, св. II, издание Sparks во: „Positions to be examined concerning National Wealth“.
[35] Aristotel: „De Republica“, кн. I, гл. 10.
[36] „Профитот, под обичните услови на пазарот, не може да се создаде од размената. Да не суштествувал веќе понапред, не би можел да суштествува ни по оваа зделка“. (Ramsay: „An Еѕѕау оn the Distribution of Wealth“, стр. 184.)
[37] Од гореизложеното читателот ќе разбере дека тоа значи само едно: образувањето на капиталот мора да биде можно и во тој случај кога цената на стоката е еднаква со вредноста на стоката. Тоа не може да биде објаснето со отстапувањето на цените на стоките од вредностите на стоките. Ако навистина отстапат цените од вредностите, тогаш тие прво мораат да се сведат на последниве, т.е. да се испушти од вид оваа околност како случајна, за да ја имаме пред нас чиста појавата на образувањето на капиталот врз основа на стоковната размена, и за да не нѐ доведе неговото проучување во заблуда со страничните околности што само пречат и немаат врска со вистинскиот тек на процесот. Меѓу другото, се знае дека ова сведување не е никако само некоја научна процедура. Постојаните колебања на пазарните цени, нивното кревање и паѓање се компензираат, заемно се укинуваат и самите се сведуваат на средна цена како на свое внатрешно правило. Средната цена е патоводната ѕвезда, на пр., за трговецот или за индустријалецот во секое претпријатие што опфаќа подолг период. Според тоа, тие знаат дека стоките, ако се разгледуваат подолг период, како цело, всушност не се продаваат нити под, нити над, ами по нивната средна цена. Значи, кога незаинтересираното мнение би им било воопшто во интерес, тогаш тие би морале да си го постават проблемот за образувањето на капиталот на овој начин: Како може да настане капитал при регулирањето на цените со средната цена, т.е. во крајна линија со вредноста на стоката? Јас велам „во последна линија“, зашто средните цени не се совпаѓаат директно со големините на вредностите на стоките, како што мислеле А. Смит, Рикардо итн.
[38] „Во паричната форма ... капиталот не произведува профит.“ (Ricardo: Principles of Political Economy”, стр. 267.)
[39] Во реалните енциклопедии на класичната антика може да се прочита бесмислицата, дека во античкиот свет капиталот бил наполно развиен, „само што ги немало слободниот работник и кредитните установи.“ И г. Момзен во својата „Римска историја“ влегува од едно quid pro quo во друго.
[40] Поради тоа различни законодавства поставуваат максимум за работниот договор. Сите законици, кај народите со слободен труд, ги регулираат условите за откажување на договорот. Во разни земји, особено во Мексико (пред Американската граѓанска војна како и во териториите отцепени од Мексико, а всушност и во Дунавските провинции сѐ до превратот на Куза)[4*] ропството суштествува во прикриена форма на пионажа [подложност на презадолжените надничари — пиони]. Со заемите, што треба да се вратат во трудот и што се пренесуваат од генерација на генерација, не само одделните работници туку и нивните фамилии стануваат вистинска сопственост на други лица и на нивните фамилии. Хуарез беше ја укинал пионажата. Таканаречениот цар Максимилијан ја воведе неа пак со еден декрет, што во претставничката палата во Вашингтон правилно беше обележан како декрет за повторно воведување на ропството во Мексико. — „Во едно ограничено време јас можам... да го отуѓам на едно друго лице ползувањето со моите одделни телесни и духовни способности и можности за дејност, зашто тие по ова ограничување добиваат еден надворешен однос спрема мојата целост и општност. Но кога би го отуѓил целото мое време конкретизирано во трудот и целокупноста на моето производство, тогаш јас би го направил сопственост на еден друг она што ја прави нивната сушност, мојата општа дејност и дејствителност, мојата личност.“ (Неgеl: Philоsophіe des Rechts“. Berlin 1840, стр. 104, § 67.)
[41] Значи, она што ја карактеризира капиталистичката епоха е тоа што работната сила ја зема за самиот работник формата на стока што му припаѓа нему, а неговиот труд според тоа ја зема формата на наемниот труд. Од друга страна, дури од овој момент, стоковната форма на производите на трудот добива општ карактер.
[42] „Вредноста (value or worth) на некој човек, како и на сите други предмети, е неговата цена, а тоа ќе рече колку се дава за употребата на неговата сила“. (Th. Hobbes: „Leviathan“ во „Works“, изд. Molesworth. London 1839-44, св. III, стр. 7.)
[43] Поради тоа староримскиот villicus како економ на чело на земјоделските робови примал „помал дел отколку момците, бидејќи тој имал и полесен труд од нив.“ (Th. Mommsen: „Römische Geschichte”, [I св. 2 изд. Berlin] 1856, стр. 810.)
[44] W. Th. Thornton дава за ова интересни податоци во списот: “Over-population and its Remedy,” London 1846.
[45] Petty.
[46] „Природната цена на трудот... се состои во такви количества средства за живот и удобност какви што се потребни, според климата и животните навики во некоја земја, да се одржи работникот и да му помогнат нему да ја подигне фамилијата, со што се обезбедува несмаленото предлагање труд на пазарот.“ (R. Torrens: „An Essay on the external Corn Trade“. London 1815, cтp. 62.) Зборот труд овдека стои погрешно наместо работна сила.
[47] Rossi: “Cours d’Economie Politique.“ Bruxelles 1842, стр. 370.
[48] Sismondi: “Nouveaux Principes etc“., кн. I, стр. 113.
[49] „Секој труд се плаќа дури откога веќе ќе се изврши“. (An Inquiry into those Principles respecting the Nature of Demand etc.,“ стр. 104]. „Трговскиот кредит мораше да почне од оној момент кога работникот, првиот создавач на производството, доби можност, благодарение на заштедените пари, да ја почека наградата за својот труд една недела, две недели, еден месец и четврт година.“ (Ch. Ganilh: “Des Systèmes de l'Economie Politique”. 2 изд. Paris 1821, св. II, стр. 150.)
[50] „Работникот го дава својот труд (industry) на кредит“, вели Шторх, но лукаво додава: „Ништо не ризикува“ освен да ја „изгуби наемнината... Работникот не отуѓува ништо материјално“ (Storch: Cours d'Economie Politique“. Petersbourg 1815, св. II, стр. 87.)
[51] Еден пример. Во Лондон суштествуваат два рода лебари, едните се „full priced“, што го продаваат лебот со неговата полна цена, и другите „undersellers“, што го продаваат него под неговата вредност. Последнава категорија сочинува над 3/4 од целокупниот број на лебарите. (стр. xxxii во „Report“ на владиниот комесар Н. Ѕ. Tremenheer за „grievances complained of by the journeymen bakers etc.“, London 1826.) Овие undersellers продаваат леб што речиси редовно е фалсифициран со примеси од стипса, сапун, поташа, вар, флуорно камено брашно и со слични пријатни, хранливи и здрави состојки. (Види ја горецитираната Сина книга како и извештајот „Committee of 1855 on the adulteration of bread“ и Dr. Hassall: “Adulterations Detected,” 2 изд. Lоndon 1861) Сер Џон Гордон изјави пред комитетот од 1855 дека „поради овие фалсификации сиромавиот, кој живее дневно од две фунти леб, сега всушност не добива ни четвртина од хранливите материи, а да не гледаме на штетните последици за неговото здравје.“ Како причина, зошто „еден мошне голем дел од работничката класа“, иако е добро известен за фалсификациите, сепак со лебот купува стипса, камено брашно итн. Тременхир наведува (во горецитираното дело стр. xlviii), дека тие се „присилени да го земаат од лебарот или од shandlеr'ѕ shop [дуќанџија] лебот таков каков што сакаат овие да им го дадат ним“. Бидејќи нив ги плаќаат дури при крајот на работната недела, тогаш и тие „можат да го платат лебот што го изела фамилијата преку неделата дури при крајот на неделата“, и Тременхир додава со изнесување искази на сведоци: „Општо познато е дека лебот приготвен со такви примеси, се приготвува имено за клиенти од овој вид.“ („It is notorious that bread composed of those mixture, is made expressly for sale in this manner.“) „Во многу англиски земјоделски околии (но уште повеќе во шкотските) наемнината се плаќа четиринаесетдневно дури и месечно. Со овие долги рокови на плаќање земјоделскиот работник мора да ги купува своите стоки на кредит... Тој мора да плаќа повисоки цени и фактички е врзан за дуќанот што го пумпа него. Така на пр., во Хорингсхем во Вилтс, каде што наемнината е месечна, тој го купува истото брашно за 2 шил. и 4 пенси за 1 stone (14 фунти) брашно, за кое инаку би платил 1 шил. и 1 п.“ („Sixth Report“ on „Public Health” by „The Medical Officer of the Privy Council etc.“ 1864, стр. 264.) „Рачните печатари на басми во Пејсли и Килменрок (западна Шкотска) го извојуваа во 1853 со strike [штрајк] смалувањето на рокот на исплатата од еден месец на 14 дена.“ (“Reports of the Inspectors of Factories for 31st Oct., 1853,” стр 34.) Како еден натамошен мил развиток на кредитот, што му го дава работникот на капиталистот, може да се смета методот на мнозина англиски сопственици на рудници за јаглен, според кој работникот се плаќа дури при крајот на месецот, а меѓувремено тој добива од капиталистот аванси, често во стоки, што мора тој да ги плаќа над нивните пазарни цени (truck-систем). „Општ обичај е на сопствениците на рудниците (cоаl masters) да ја плаќаат наемнината еднаш месечно. Меѓувремено, при крајот на секоја недела одобруваат аванси. Овој аванс се дава во дуќанот (имено во tommyshop, во дуќанот што му припаѓа на самиот сопственик на рудникот); луѓето од една страна го примаат, а на другата веднаш го издаваат“ (“Children’s Employment Commission, III. Report,” London 1864, стр. 38, бр. 192.)
Забелешки на уредникот на изданието
[1*] Institut de France — највисокото научно тело во Франција, кое се состои од повеќе класи или академии. Дестут де Траси бил член на Академијата за морал и политика.
[2*] Во 3 и 4. издание: Warenbeziehungen — заемни односи.
[3*] Овде е Родос. овде скокни! Во преносна смисла: овде покажи што можеш. Тоа се зборовите упатени до еден фалбаџија (од Езоповата басна „Фалбаџија“] кој уверувал дека на Родос направил силен скок.
[4*] Александар Куза бил избран во јануари 1859 г. прво за господар на Молдавија, а малку подоцна и на Влахија. Со соединувањето на овие две дунавски кнежевства, кои долго време се најдуваа под Отоманското Царство, е создадена една единствена романска држава. Куза си ја поставил целта да воведе редица буржоско-демократски реформи. Но неговата политика се судри со жесток отпор од страна на земјопоседниците и еден дел од буржоазијата. Кога Националното собрание, во кое земјишните сопственици имале мнозинство, го отфрли предлогот на владата за аграрна реформа, Куза го растури во 1864 г. ова реакционерно тело. Донесен е устав, проширен е кругот на избирачите и зајакната е власта на владата. Усвоената аграрна реформа во оваа политичка ситуација предвидувала укинување на крепосништвото и расподелба на земјата со откуп.