Како што видовме, нормата на вишокот на вредноста се пpeтставува со формулите:
I. | вишок на вредност | ( | m | ) | = | вишок на вредност | = | вишок на труд |
променлив капитал | v | вредност на работна сила | потребен труд |
Првите две формули го претставуваат како однос на вредноста она што го претставува третата како однос на времиња во кои се произведени овие вредности. Овие формули, што една со друга се надоместуваат, се строго логични. Затоа ние нив ги најдуваме всушност уште во класичната политичка економија, но не свесно разработени. Напротив, ние во неа ги среќаваме следниве изведени формули.
II. | вишок на труд[1*] | = | вишок на вредност | = | вишок на производ | |||
работен ден | вредност на производот | вкупен производ |
Истата пропорција е изразена овдека наизменично де во формата на работните времиња, де во формата на вредноста во која се овоплотени тие во производите, во кои суштествуваат овие вредности. Се разбира дека е претпоставено оти под вредноста на производот треба да се разбере само производот-вредност на работниот ден, а постојаниот дел од вредноста на производот треба да е исклучен.
Во сиве овие формули вистинскиот степен на експлоатацијата на трудот или нормата на вишокот на вредноста не е верно изразена. Нека биде работниот ден 12 часа. Задржувајќи ги другите претпоставки на нашиот понапрежен пример, вистинскиот степен на експлоатацијата на трудот во овој случај се претставува во следниве пропорции:
6 часа вишок на труд | = | вишок на вредност од 3 шил. | = 100% |
6 часа потребен труд | променлив капитал од 3 шил. |
Напротив, според формулите под II ние ќе добиеме:
6 часа вишок на труд | = | вишок на вредност од 3 шил. | = 50% |
работен ден од 12 часа | производ-вредност од 6 шил. |
Овие изведени формули всушност ја изразуваат пропорцијата во која работниот ден или неговиот производ-вредност се дели меѓу капиталистот и работникот. Затоа кога би требало овие формули да важат како непосредни изрази на степенот на самооплодувањето на капиталот, тогаш би се добил лажен закон: вишокот на трудот или вишокот на вредноста никогаш не може да достигне 100%.[17] Бидејќи вишокот на трудот може да сочинува секојпат само еден аликватен дел од работниот ден или вишокот на вредноста постојано само еден аликвотен дел од производот-вредност, тогаш вишокот на трудот е секогаш нужно помал од работниот ден или вишокот на вредноста секогаш помал од производот-вредност. Но за да се однесуваат како 100 / 100 тие би морале да бидат еднакви. За да го опфати вишокот на трудот целиот работен ден (овдека, се работи за среден ден од една работна недела, работна година итн.) потребниот труд би морал да се сметне на нула. Но штом ќе исчезне потребниот труд, тогаш исчезнува и вишокот на трудот, бидејќи последниов е само една функција од првиот. Според тоа пропорцијата:
вишок на труд | или | вишок на вредност |
работен ден | производ-вредност |
никогаш не може да ја достаса границата 100 / 100, а уште помалку може да се качи на 100 + Х / 100. Но тоа е сосем возможно за нормата на вишокот на вредноста или за вистинскиот степен на експлоатацијата на трудот. Да ја земеме на пр. проценката од г. Л. де Лаверњ, според која англискиот земјоделски работник добива само 1/4, а капиталистот (арендаторот) напротив 3/4 од производот[18] или од неговата вредност, па макар како после се расподелувал пленот меѓу капиталистот и земјопоседникот итн. Значи, вишокот на трудот на англискиот земјоделски работник се однесува кон неговиот потребен труд како 3:1 т.е. една норма на експлоатација = од 300%.
Догматичката метода да се третира работниот ден како постојана големина се потврдуваше со примената на образецот II. Бидејќи овдека вишокот на трудот постојано се споредува со еден работен ден од дадена големина. Исто е така ако се има на ум исклучиво расподелбата на производот-вредност. Работниот ден што веќе се опредметил во еден производ-вредност, секогаш е работен ден од дадена големина.
Претставувањето на вишокот на вредноста и на вредноста на работната сила како дропки на производот-вредност — а тоа е секако начин на изразување што израснува од самиот капиталистички начин на производство, а на чие значење подоцна ќе се вратиме — го крие специфичниот карактер на капиталистичките односи, имено размената на променливиот капитал со живата работна сила и соодветното исклучување на работникот од правото на производот. Наместо тоа се создава лажна привидност на содружнички односи во кои работникот и капиталистот го разделуваат производот според односот на нивните различни фактори во неговото создавање.[19]
Туку, формулите до II секогаш можат да се сведат на формулите од I. Ако имаме на пр.
вишок на труд од 6 часа |
работен ден од 12 часа |
тогаш потребното работно време е = работен ден од 12 часа минус вишок на 6 часа и така се добива:
вишок на труд од 6 часа | = | 100 |
потребен труд од 6 часа | 100 |
Има и една трета формула што сум ја наведувал некогаш.
III. | вишок на вредност | = | вишок на труд | = | неплатен труд |
вредност на работната сила | потребен труд | платен труд |
Недоразбирањето до кое би можела да доведе формулата
неплатен труд |
платен труд |
имено како да го плаќа капиталистот трудот, а не работната сила, се отстранува со веќе понапред изложеното. Оваа формула е само популарен израз за
вишок на труд |
потребен труд |
Капиталистот ја плаќа вредноста на работната сила односно нејзината цена што отстапува од неа, и во размената за тоа го добива располагањето над самата жива работна сила. Ползувањето на оваа работна сила од страна на капиталистот се дели на два периода. Во едниот период работникот произведува само една вредност — вредност на неговата работна сила, значи само еден еквивалент. Така капиталистот за авансираната цена на работната сила добива производ од иста цена. Напротив, во периодот на вишок на трудот исползувањето на работната сила создава вредност за капиталистот, без да ја надоместува со никаква вредност.[20] Ова функционирање на работната сила тој го добива бесплатно. Во оваа смисла вишокот на трудот може да се нарече неплатен труд.
Според тоа, капиталот не е само команда над трудот, како што вели А. Смит. Тој во основа е команда над неплатениот труд. Секој вишок на труд во која било одделна форма да се искристализира подоцна, на пр. како профит, интерес, рента итн., по самата своја супстанца тој е материјализација на неплатено работно време. Тајната за самооплодувањето на капиталот се состои во тоа што капиталот располага со определено количество неплатен туѓ труд.
Фусноти
[17] Така е на пр. во „Dritter Brief an v. Kirchmann von Rodbertus. Widerlegung der Ricardoschen Theorie von der Grundrente und Begründung einer neuen Rententheorie“. Berlin 1854. Јас ќе се вратам подоцна на ова дело, кое, и покрај својата погрешна теорија за земјишната рента сепак има проникнато во сушноста на капиталистичкото производство. — Додаток кон III издание. — Овдека се гледа како Маркс благосклоно судел за своите претходници, штом тој кај нив нашол некој вистински напредок, некоја правилна нова мисла. Меѓутоа со издавањето на писмата од Родбертус до Рудолф Мајер горната проценка треба во една мера да се ограничи. Таму се вели: „Капиталот мора да се спаси не само од трудот, туку и од самиот себе, а тоа навистина се прави најдобро тогаш кога дејноста на претприемачот капиталист ќе се разбере како народно- стопанска и државно-стопанска функција, кои му се наложени преку сопственоста над капиталот, а неговата печалба како форма на негова платка, бидејќи ние не познаваме никаква друга социјална организација. Но платите треба да се регулираат па и да се снижуваат ако земаат премногу од наемнината. Така треба да се одбие и настапувањето на Маркса во општеството — така јас би можел да ја наречам неговата книга ... Општо Марксовата книга и не е толку иследување на капиталот, колку полемика против денешната форма на капиталот, која тој ја меша со поимот за самиот капитал, одошто токму и произлегуваат неговите заблуди.“ („Briefe usw. von Dr. Rodbertus-Jagetzow.“ издал Dr. Rudolf Meyer. Berlin 1881, кн. I, стр. 111, 48-то писмо Родбертусово.) — На такви идеолошки општи места се заглибуваат всушност смелите затрчувања на „социјалните писма од Родбертус.“ Ф. Е.)
[18] Само по себе се разбира дека при оваа сметка е одбиен оној дел од производот кој го надоместува само авансираниот постојан капитал. Г. Л. де Лаверњ, слепиот поклоник на Англија, побргу дал пониска отколку повисока размера.
[19] Бидејќи сите развиени форми на капиталистичкиот процес на производството се форми на кооперација, затоа, се разбира, не е ништо полесно, од тоа да се апстрахира нивниот специфичен антагонистички карактер и така да се прераскажат во прикаска како форми на слободно задржување, како што прави на пр. гроф А. де Лаборд во: „De l'Esprit do l'Association dans tous lеѕ intérets de la Communauté.“ Paris 1818. Јенкиот Х. Хејри го изведува овој хокус-покус со истиот успех дури и за односите на робовскиот систем.
[20] Иако физиократите не проникнаа во тајната на вишокот на вредноста, ним им било сепак толку јасно дека тој е „самостојно и расположиво богатство што (неговиот стопан) не го купил, а го продава“. (Turgot: „Reflexions etc., стр. 11.)
Забелешки на уредникот на изданието
[1*] Во авторизираното француско издание, првиот образец Маркс го постави во загради „бидејќи во буржоаската политичка економија поимот за вишокот на трудот не е јасно искажан“.