Владимир Илич Ленин

Државата и револуцијата


ГЛАВА V

ЕКОНОМСКИТЕ ОСНОВИ НА ОДУМИРАЊЕТО НА ДРЖАВАТА


Најисцрпно објаснување на ова прашање Маркс даде во својата „Критика на Готската програма" (писмото до Браке од 5 мај 1875 година, напечатено дури во 1891 година во „Neue Zeit", IX, 1, издадено на руски јазик во посебна брошура). [81] Полемичниот дел на тој забележителен напис, кој се состои од критика на ласалијанството, го засенчи, така да се каже, неговиот позитивен дел, а имено: анализата на врската меѓу развитокот на комунизмот и одумирањето на државата.

1. КАКО ГО ПОСТАВУВА ПРАШАЊЕТО МАРКС

При површното споредување на Марксовото писмо до Браке од 5 мај 1875 година и на разгледуваното погоре писмо од Енгелс до Бебел од 28 март 1875 година [82] може да се мисли дека Маркс е многу повеќе „етатист" од Енгелс, и дека разликата во погледите на двајцата писатели по прашањето за државата е многу значителна.

Енгелс му предлага на Бебел да го отфрли наполно дрдорењето за државата, да се исфрли наполно зборот држава од програмата и да се замени тој со „општина"; Енгелс дури изјавува дека Комуната веќе не беше држава во вистинската смисла на зборот. Меѓутоа, Маркс говори дури за „идната државност на комунистичкото општество , т.е. како да ја признава нужноста на државата дури и при комунизмот.

Но такво мислење би било од основа погрешно. Поблиското разгледување на работата покажува дека погледите на Маркс и Енгелс за државата и за нејзиното одумирање се поклопуваат наполно, а дека приведениот израз на Маркс се однесува токму на таа државност што одумира.

Јасно е дека не може ни збор да станува за определување на моментот на идното „одумирање" толку повеќе што тоа претставува неоспорно долготраен процес. Привидната разлика меѓу Маркс и Енгелс се објаснува со различноста на темите што тие ги зеле, на задачите што си ги поставиле. Енгелс си поставил за задача нагледно, остро, во крупни потези да му ја прикаже на Бебел целата апсурдност на распространетите предрасуди во однос на државата (а што ги прифати во не мала мера и Ласал). Маркс само патем го зафаќа тоа прашање, интересирајќи се за друга тема: развитокот на комунистичкото општество.

Целата теорија на Маркс е применување на теоријата за развитокот кон современиот капитализам, и тоа во нејзината најдоследна, најполна, најразработена и со содржина најбогата форма. Природно е што пред Маркс се исправи прашањето за примената на таа теорија и кон претстојниот крах на капитализмот и кон идниот развиток на идниот комунизам.

А врз основа на какви податоци може да се поставува прашањето за идниот развиток на идниот комунизам?

Врз основа на тоа што тој произлегува од капитализмот, историски се развива од капитализмот; претставува резултат од акциите на таква општествена сила што ја родил капитализмот. Кај Маркс нема ниту сенка од обид да измислува утопии, да вража напразно за она што не може да се знае. Маркс го поставува прашањето за комунизмот како што би го поставил природонаучникот прашањето за развитокот на нова. да кажеме, биолошка разновидност, штом ние знаеме дека таа така и така изникнала и дека во таков и таков определен правец се менува.

Маркс пред се ја отфрла онаа збрка што ја внесува Готската програма по прашањето за односот меѓу државата и општеството.

. . . „Денешното општество — пишува тој — е капиталистичко општество, кое суштествува во сите цивилизирани земји, повеќе или помалку слободно од средновековните примеси, повеќе или помалку видоизменето од особениот историски развиток на секоја земја, повеќе или помалку развиено. Напротив, „денешната држава" се менува со секоја државна граница. Таа е сосем поинаква во прускогерманскиот Рајх одошто во Швајцарија, поинаква во Англија одошто во Соединетите Држави. „Денешната држава“ е, значи, фикција.

Туку, и покрај целата разнообразност на нивните форми, различните држави на различните цивилизирани земји го имаат заедничко тоа што стојат врз почвата на современото буржоаско општество, повеќе или помалку капиталистички развиено. Затоа тие имаат некои заеднички суштествени својства. Во таа смисла може да се зборува за „денешна државност", спротивно на онаа иднина кога ќе одумре нејзиниот сегашен корен, буржоаското општество.

Тогаш се поставува прашањето: каква преобразба ќе претрпи државноста во комунистичкото општество? Со други зборови: кои општествени функции, аналогни на сегашните државни функции, ќе останат во комунистичкото општество? На тоа прашање може да се одговори само научно, и да правиме ние макар и илјадници комбинации со зборовите народ и држава, нема ни за влакно да се помрднеме кон неговото разрешување".. . [83]

Исмевајќи ги така сите наврзувања за „народната држава", Маркс покажува како треба да се постави прашањето и во извесна смисла предупредува дека за научен одговор на тоа прашање може да се оперира само со солидни научни податоци.

Првото што е наполно точно утврдено од целата теорија на развитокот, од целата наука воопшто — а што утопистите го заборавија, што го забораваат и сегашните опортунисти, кои се плашат од социјалистичката револуција — е околноста дека историски несомнено мора да има посебен стадиум или посебна етапа на премин од капитализам кон комунизам.

2. ПРЕМИНОТ ОД КАПИТАЛИЗАМ КОН КОМУНИЗАМ

. . . „Меѓу капиталистичкото општество и комунистичкото општество — продолжува Маркс — лежи период на револуционерна преобразба на првото во второто. На тој период му одговара и политички преоден период и државата од тој период не може да биде ништо друго освен револуционерна диктатура на пролетаријатот“. [84]

Маркс го прави овој заклучок врз основа на анализата на онаа улога што ја игра пролетаријатот во современото капиталистичко општество, врз податоците за развитокот на тоа општество и за непомирливоста на спротивните интереси на пролетаријатот и буржоазијата.

Порано прашањето се поставуваше вака: за да го извојува своето ослободување, пролетаријатот мора да ја турне буржоазијата, да ја освои политичката власт, да воспостави своја револуционерна диктатура.

Сега прашањето се поставува малку поинаку: преминот од капиталистичкото општество што веќе тргнало да се развива кон комунизам, во комунистичко општество е невозможен без „политички преоден период", и државата од тој период може да биде само револуционерна диктатура на пролетаријатот.

Каков е односот на таа диктатура кон демократијата?

Ние видовме дека „Комунистички манифест" поставува просто два поима еден до друг: „претворување на пролетаријатот во владејачка класа" и „освојување на демократијата". [85] Врз основа на сето тоа што е погоре изложено може поточно да се определи како ќе се менува демократијата при преминот од капитализам кон комунизам.

Во капиталистичкото општество, под услов на негов најповолен развиток, ние имаме повеќе или помалку полн демократизам во демократската република. Но тој демократизам е секогаш ограничен од тесните рамки на капиталистичката експлоатација и затоа секогаш си останува, во суштината, демократизам за малцинството, само за имашливите класи, само за богатите. Слободата во капиталистичкото општество секогаш си останува приближно таква каква што беше слободата во античките грчки републики: слобода за робовладетелите. Современите наемни робови, поради условите на капиталистичката експлоатација, си остануваат толку потиснати од нуждата и сиромаштијата што ним и „не им дошло до демократија", „не им дошло до политика", што при обичниот, мирен тек на настаните мнозинството од населението е отстрането од учеството во општественополитичкиот живот.

Точноста на ова тврдење можеби најочигледно ја потврдува Германија, токму затоа што во таа држава уставната легалност се одржа за чудо долго и стабилно речиси половина век (1871—1914), а социјалдемократијата за тоа време умееше да направи многу повеќе одошто во другите земји за „искористување на легалноста" и за организирање на таков голем процент од работниците во политичка партија како никаде на светот.

А кој е тој најголем процент од политички свесни и активни наемни робови што е досега забележан во капиталистичкото општество? Еден милион членови на социјалдемократската партија — од 15 милиони работници! Три милиони синдикално организирани — од 15 милиони!

Демократија за ништожно малцинство, демократија за богатите, ете каков е демократизмот на капиталистичкото општество. Ако го погледнеме од поблиску механизмот на капиталистичката демократија, тогаш ќе видиме насекаде — и во „ситните", божем ситни, подробности на избирачкото право (цензот во прашањето за заседнатоста ( резиденцијалноста), исклучувањето на жените итн.), и во техниката на претставничките тела, и во фактичките пречки за правото на собири (јавните згради не се за „сиромаштијата!"), и во чисто капиталистичката организација на секојдневниот печат и така натаму и така натаму, — ние ќе видиме само ограничувања, и ограничувања на демократизмот. Тие ограничувања, исклучоци, отфрлувања, пречки за бедните изгледаат ситни, особено во очите на оној што сноот никогаш не видел сиромаштија и што никогаш не бил близок до животот на угнетените класи во нивната маса (а такви се девет десеттини, ако не и 99 отсто од буржоаските публицисти и политичари), — но земени заедно, тие ограничувања ја исклучуваат, ја истуркуваат сиромаштијата од политиката, од активното учество во демократијата.

Маркс одлично ја здогледал таа суштина на капиталистичката демократија, велејќи во својата анализа на искуството од Комуната: на угнетените им дозволуваат еднаш во неколку години да решаваат кој претставник од угнетувачката класа во парламентот ќе ги претставува и ќе ги потиска! [86]

Но од таа капиталистичка демократија — неизбежно тесна, која скришум ја истуркува сиромаштијата и која е поради тоа наполно лицемерна и лажлива — развитокот напред не врви просто, право и глатко, „кон се поголема и поголема демократија", како што си ја претставуваат работата либералните професори и ситнобуржоаските опортунисти. Не. Развитокот напред, т.е. кон комунизмот, врви низ диктатурата на. пролетаријатот и ,да врви поинаку не може, зашто нема кој друг да го скрши отпорот на експлоататорите капиталисти и по друг пат тоа не може да се стори.

А диктатурата на пролетаријатот, т.е. организирањето на авангардата на угнетените во владејачка класа за угнетување на угнетувачите не може да даде само просто проширување на демократијата. Заедно со грамадното проширување на демократизмот, кој за прв пат станува демократизам за бедните, демократизам за народот, а не демократизам за богатите, диктатурата на пролетаријатот носи ред ограничувања во однос на слободата на угнетувачите, експлоататорите, капиталистите. Ние мораме нив да ги потиснеме, за да г о ослободиме човештвото од наемното ропство, нивниот отпор треба да се скрши со сила — јасно, таму каде што има угнетување, има и насилба, нема слобода, нема демократија.

Енгелс прекрасно го изрази тоа во писмото до Бебел, велејќи, како што се сеќава читателот, дека „на пролетаријатот не му е потребна државата во интерес на слободата, туку во интерес на задушувањето на неговите противници, а кога ќе може да се говори за слобода, тогаш и не ќе има држава". [87]

Демократија за огромното мнозинство на народот и задушување со сила, т.е. исклучување од демократијата, на експлоататорите, на угнетувачите на народот — ете како ќе се менува демократијата при преминот од капитализам кон комунизам.

Дури во комунистичкото општество, кога отпорот на капиталистите ќе биде дефинитивно скршен, кога капиталистите ќе исчезнат, кога не ќе има класи (т.е. не ќе има разлика меѓу членовите на општеството од гледна точка на нивниот однос спрема општествените средства за производство), дури тогаш „ќе исчезне државата и ќе може да се говори за слобода". Дури тогаш ќе биде можна и ќе биде остварена демократија навистина полна, навистина без никакви исклучоци. И дури тогаш демократијата ќе почне да одумира поради простата околност што луѓето, ослободени од капиталистичкото ропство, од безбројните ужаси,, од дивјаштвото, од апсурдите, од гнасотиите на капиталистичката експлоатација, постепено ќе навикнат да ги почитуваат елементарните правила на животот во заедницата, познати од векови, повторувани од илјади години во сите прописи за него, да ги почитуваат без насилба, без принуда, без потчинување, без посебен апарат за принудување, кој се вика држава.

Изразот, „државата одумира" е избран многу успешно, зашто тој ја покажува и постепеноста на процесот и неговата стихијност. Само навикот може и несомнено ќе направи таква дејство, зашто ние околу себе гледаме милиони пати како луѓето лесно се навикнуваат да ги почитуваат потребните за нив правила на животот во заедницата кога нема експлоатација, кога нема ништо што револтира, што предизвикува протест и побуна, што создава нужност за угнетување.

И така: во капиталистичкото општество ние имаме демократија скастрена, лажна, демократија само за богатите, за малцинството. Диктатурата на пролетаријатот, периодот на преминот кон комунизам, ќе даде за првпат демократија, за народот за мнозинството редум со неопходното угнетување на малцинството, на експлоататорите. Само комунизмот може да даде демократија навистина полна и доколку ќе биде таа пополна до толку побргу ќе стане непотребна, ќе одумре сама по себе.

Со други зборови: при капитализмот ние имаме држава во вистинската смисла на зборот, посебна машина за угнетување на една класа од страна на друга, и при тоа на мнозинството од страна на малцинството. Јасно е дека за успехот на такво дело, како што е систематското угнетување на мнозинството експлоатирани од страна на малцинството експлоататори, е потребна крајна свирепост, ѕверство во угнетувањето, потребни се мориња крв низ кои човештвото поминува при состојбата на ропството, крепосништвото и наемништвото.

Понатаму, при преминот од капитализам кон комунизам угнетувањето е уште потребно, но веќе угнетување на малцинството експлоататори од страна на мнозинството експлоатирани. Посебниот апарат, посебната машина за угнетување, „државата", е уште потребна, но тоа е веќе преодна држава, тоа веќе не е држава во вистинската смисла на зборот, зашто угнетувањето на малцинството експлоататори од страна на мнозинството вчерашни наемни робови — е работа релативно толку лесна, проста и природна, што таа ќе чини многу помалку крв одошто задушувањето на востанијата на робовите, на крепосниците, на наемните работници, и таа ќе му се фати на човештвото многу поевтино. И тоа е совместиво соодветно со во проширувањето на демократијата над такво огромно мнозинство од населението што потребата за посебна машина за угнетување почнува да исчезнува. Природно, експлоататорите не се во состојба да го угнетуваат народот без многу сложена машина за вршење на таа задача, но народот може да ги угнетува експлоататорите и со сосем проста „машина", речиси без „машина", без посебен апарат, со простата организација на вооружените маси (како што се советите на работнички и војнички депутати, забележуваме, истрчувајќи напред). Најпосле, дури комунизмот ја прави државата наполно непотребна, зашто не ќе има кој да биде угнетуван — „не ќе има кој" во смисла на класи, и во смисла на систематска борба против определен дел од населението. Ние не сме утописти и никако не ја одрекуваме можноста и неизбежноста на ексцеси на одделни лица, а исто така нужноста од задушување на таквите ексцеси. Но, прво, за тоа не е потребна машина, посебен апарат за потискање; тоа ќе го пра ви сноот вооружен народ со исто таква простота и леснотија, со каква секоја група цивилизирани луѓе дури и во денешното општество ги разделува оние што ќе се степаат или не допушта насилба над жената. И, второ, ние знаеме дека главната социјална причина на ексцесите што се состојат во нарушувањето на правилата на животот во заедницата е експлоатацијата на масите, нивната нужда и сиромаштија. Со отстранувањето на таа главна причина ексцесите неизбежно ќе почнат да „одумираат". Ние не знаеме колку брзо и со каква постепеност, но знаеме дека тие ќе одумираат. Со нивното одумирање ќе одумре и државата.

Маркс не впуштајќи се во утопии, го определи поподробно тоа што е можно да се определи сега во поглед на таа иднина, а имено: разликата меѓу пониската и повисоката фаза (степен, етапа) на комунистичкото општество.

3. ПРВАТА ФАЗА НА КОМУНИСТИЧКОТО ОПШТЕСТВО

Во „Критиката на Готската програма" Маркс ја побива подробно ласалијанската идеја за тоа дека работниците при социјализмот ќе го добивале „неодземен" или „полн производот на трудот". Маркс покажува дека од целокупниот општествен труд на целото општество е потребно да се добие и резервен фонд, и фонд за проширување на производството, и надоместок за „истрошените" машини итн., а потоа, од предметите за потрошувачка да се одбие фонд за издршка на управата, за школите, болниците, домовите за старци итн.

Наместо магливата, нејасна, општа фраза на Ласал („полн производ на трудот — за работникот"), Маркс трезвено пресметува како социјалистичкото општество ќе мора да стопанисува. Маркс пристапува кон конкретна анализа на животните услови во тоа општество, во кое не ќе има капитализам и по тој повод вели:

„Ние имаме овде работа" (при разгледувањето на програмата на работничката партија) „не со такво комунистичко општество што се развило на своја сопствена основа, но со такво кое тукушто излегува од капиталистичкото општество и што поради тоа во секој поглед, во економски, морален, духовен, носи уште отпечаток од старото општество, од чија утроба излегува". [88]

Ете тоа комунистичко општество кое тукушто излегло на бел свет од утробата на капитализмот, кое во секој поглед носи отпечаток од старото општество. Маркс и го вика „прва" или пониска фаза на комунистичкото општество.

Средствата за производство веќе не се приватна сопственост на одделни лица. Средствата за производство му припаѓаат на целото општество. Секој член на општеството, извршувајќи извесен дел од општествено-потребната работа, добива од општеството потврда дека изработил таква и таква количина работа. Врз основа на таа потврда тој добива од општествените магазини за потрошувачки предмети соодветна количина производи. Следствено, секој работник добива од општеството онолку колку што тој на тоа општество и му дал, само што при тоа му се одзема онаа количина труд што иде за општествениот фонд.

Како да царува „равенство".

Но кога Ласал говори, имајќи предвид таков општествен поредок (што обично го викаат социјализам, а што Маркс го вика прва фаза на комунизмот), дека тоа е „праведна распределба", дека тоа е „еднакво право на секого на еднаков производ на трудот'', тогаш тој греши, и Маркс ја објаснува неговата грешка.

„Еднакво право — вели Маркс — ние тука навистина имаме, но тоа е уште „буржоаско право“, кое, како и секое право, претпоставува неравенство. Секое право е примена на еднакво мерило кон нееднакви луѓе, луѓе што се всушност различни, не се еднакви меѓу себе; и поради тоа „еднаквото право" е нарушување на равенството и тоа е неправда". И навистина, секој, одработувајќи еднаков дел од општествениот труд колку и другиот, добива еднаков дел од општественото производство (откако ќе се направат споменатите задршки).

Меѓутоа, одделните луѓе не се еднакви: еден е посилен, друг послаб; еден е женет, друг не е, еден има повеќе деца, друг помалку итн.

... „При еднаков труд — заклучува Маркс — и според тоа при еднаков удел во општествениот потрошувачки фонд, еден ќе добие фактички повеќе од друг, ќе излезе побогат од другиот итн. За да се избегне сето тоа, правото, наместо да биде еднакво, би требало да биде нееднакво" .. . [89]

Според тоа, првата фаза на комунизмот уште не може да даде правда и равенство: разлики во богатството ќе останат, разлики неправедни, но не ќе биде можна експлоатацијата на човек од човека, зашто средствата за производство, фабриките, машините, земјата и др. не можат да бидат заграбени во приватна сопственост. Побивајќи ја ситнобуржоаската нејасна фраза за „равенството" и „правдата" воопшто, Маркс го покажува текот на развитокот на комунистичкото општество, кое мора прво да ја уништи само таа неправда" што средствата за производство се заграбени од одделни лица и кое не е во состојба веднаш да ја уништи и понатамошната неправда, што се состои во распределбата на предметите за потрошувачка „според трудот" (а не според потребите).

Вулгарните економисти, заедно со буржоаските професори, меѓу кои и „нашиот" Туган, постојано ги укоруваат социјалистите дека тие божем заборавиле за неравенството на луѓето и „мечтаеле" да го уништат тоа неравенство. Таков укор како што ќе видиме го докажува само крајното невежество неукост на господата буржоаски идеолози.

Маркс не само што води најточна сметка за неизбежното неравенство на луѓето, тој води сметка исто така и за тоа дека преминувањето на средствата за производство во заедничка сопственост на сето општество („социјализмот" во обичната употреба на тој збор) не ги отстранува недостатоците на распределбата и неравенството на „буржоаското право", кое продолжува да владее, додека производите се делат „според работата".

... „Но тие незгоди — продолжува Маркс — се неизбежни во првата фаза на комунистичкото општество, во оној негов вид во кој тоа по долги родилни маки излегува од капиталистичкото општество. Правото никогаш не може да биде на повисок степен од економската структура и од обусловениот од неа културен развиток на општеството" .. . [90]

На таков начин, во првата фаза на комунистичкото општество (кое обично се вика социјализам) „буржоаското право" не се укинува наполно, но само делумно, само сразмерно со веќе достигнатиот економски преврат, т.е. само во однос на средствата за производство. „Буржоаското право" ги признава нив како приватна сопственост на одделни лица. Социјализмот ги прави заедничка сопственост. До толку — и само до толку — „буржоаското право" отпаѓа.

Но тоа сепак си останува во другиот свој дел, останува во својство на регулатор на распределбата на производите и на распределбата на трудот меѓу членовите на општеството. „Кој не работи, тој нема ни да јаде", тој социјалистички принцип е веќе остварен; „за еднаква количина труд еднаква количина производи" — и тој социјалистички принцип е веќе остварен, Туку, тоа уште не е комунизам, тоа уште не го укинува „буржоаското право", кое на нееднакви луѓе за нееднаква (фактички нееднаква) количина труд им дава еднаква количина производи.

Тоа е „недостаток", вели Маркс, но тој е неизбежен во првата фаза на комунизмот, зашто не може да се мисли, без да се западне во утопизам, дека, штом ќе го турнат капитализмот, луѓето веднаш ќе се научат да работат за општеството без никакви правни норми, а и укинувањето на капитализмот не ги дава веднаш економските претпоставки за таква промена.

А други норми, освен тие на „буржоаското право", нема. И до толку останува и понатаму потребата од држава, која, чувајќи ја заедничката сопственост на средствата за производство, ќе го чува равенството на трудот и равенството на делењето на производите.

Државата одумира, до колку нема веќе капиталисти, нема веќе класи, и поради тоа и угнетувањето на која и да било класа станува невозможно.

Но државата уште не одумрела сосем, зашто останува чувањето на „буржоаското право", кое го осветува фактичкото неравенство. За полното одумирање на државата е потребен полн комунизам.

4. ПОВИСОКАТА ФАЗА НА КОМУНИСТИЧКОТО ОПШТЕСТВО

Маркс продолжува:

... „Во повисоката фаза на комунистичкото општество, откако ќе исчезне ропската потчинетост на индивидуумот под распределбата на трудот; кога заедно со тоа ќе исчезне и спротивноста меѓу умствениот и физичкиот труд; кога трудот ќе престане да биде само средство за живот, но ќе стане и прва животна потреба; кога со сестраниот развиток на индивидуумот ќе пораснат и производните сили и сите извори на општественото богатство ќе почнат да бликаат, — дури тогаш ќе може наполно да се пречекори тесниот хоризонт на буржоаското право, и општеството ќе може да напише на своето знаме: „секој според способностите, ка секого според потребите". [91]

Дури сега можеме да ја оцениме сета точност на Енгелсовите забелешки во кои тој непоштедно ја исмева апсурдноста на комбинирањето на зборовите: ,,слобода" и „држава". Додека има држава, нема слобода. Кога ќе има слобода, не ќе има држава.

Економска основа за полното одумирање на државата е таквиот висок развиток на комунизмот при кој исчезнува спротивноста меѓу умствениот и физичкиот труд, исчезнува, значи еден од најважните извори на современото општествено неравенство, и тоа таков извор што на никој начин не може да се отстрани наеднаш само со преминувањето на средствата за производство во општествена сопственост, само со експропријацијата на капиталистите.

Таа експропријација ќе даде можност за гигантско развивање на производните сили. И, гледајќи како сега веќе капитализмот неверојатно го запира тој развиток, како многу работи би можеле да се поттикнат напред врз основа на современата, веќе достигната техника, ние имаме право со полна увереност да кажеме дека експропријацијата на капиталистите неизбежно ќе донесе гигантски развиток на производните сили на човечкото општество. Со каква брзина ќе тргне тој развиток натаму, со каква брзина тој ќе доведе до прекинување со распределбата на трудот до уништување на спротивноста меѓу умствениот и физичкиот труд, до претворување на трудот во „прва животна потреба", тоа ние не го знаеме и не можеме да го знаеме.

Затоа ние имаме право да говориме само за неизбежното одумирање на државата, подвлекувајќи ја долготрајноста на тој процес, неговата зависност од брзината на развитокот на повисоката фаза на комунизмот и оставајќи го сосем отворено прашањето за роковите или за конкретните форми на одумирањето, зашто нема материјал за решаван>ето на таквите прашања.

Државата ќе може наполно да одумре тогаш кога општеството ќе го оствари правилото: „секој според способностите, на секого според потребите", т.е. кога луѓето ќе свикнат толку да се придржуваат за основните правила на животот во заедницата и кога нивниот труд ќе стане толку продуктивен што тие доброволно ќе се трудат според способностите. „Тесниот хоризонт на буржоаското право", кој^го принудува човекот да води сметка, со бездушноста на Шејлок [92] , да не надработи половина час повеќе од другиот, да не добие помалку плата од другиот, тој тесен хоризонт ќе биде тогаш надраснат. Распределбата' на производите нема да бара тогаш општеството да ја нормира количината на производите што секој ги добива; секој ќе си земе слободно „според потребите".

Од буржоаската гледна точка не е тешко да се објави вакво општествено устројство за „чиста утопија" и да се клешти човек поради тоа што социјалистите му ветуваат на секого право да добива од општеството, без никаква контрола над трудот на одделниот граѓанин, колку си сака труфели ++++++, автомобили, клавири итн. Со таквото клештење си остануваат и ден денеска повеќето од буржоаските „научници", кои со тоа го покажуваат и своето невежество неукост, и својата користољубива одбрана на капитализмот.

Невежество — зашто ниту на еден социјалист не му дошло на ум да „ветува" дека повисоката фаза на развитокот на комунизмот ќе настапи, а предвидувањето на големите социјалисти дека таа ќе настапи не ја претпоставува ни сегашната производност на трудот ни сегашниот малограѓанин, способен „залудно", како семинаристите кај Помјаловски, да ги оштетува магазините на општественото богатство и да го бара невозможното.

Се додека не настапи „повисоката" фаза на комунизмот, социјалистите ќе бараат најстрога контрола од страна на општеството и од страна на државата над мерата на трудот и мерата на потрошувачката, само што таа контрола мора да започне со експропријацијата, на капиталистите, со контролата на работниците над капиталистите, и да се спроведува не од држава на чиновници, но од држава на вооружени работници.

Користољубивата одбрана на капитализмот од страна на буржоаските идеолози (и нивните апашки како што се господата Церетелиевци, Черновци и Комп.) се состои токму во тоа што тие со дискусии и прикаски за далечната иднина го забошотуваат насушното и секојдневно прашање на денешната политика: експропријацијата на капиталистите, претворувањето на сите граѓани во работници и службеници на еден голем „картел", а имено: на целата држава, и полното потчинување на сета работа на целиот тој картел на вистински демократската држава, на државата на советите на работнички и војнички депутати.

Всушност, кога учениот професор, а по него еснафот, а по него господата Церетелиевци и Черновци говорат за безрасудните утопии, за демагошките ветувања на болшевиците, за невозможноста „да се воведе социјализам", тие го имаат предвид токму повисокиот стадиум или фаза на комунизмот, која никој не само што не ветувал, туку и не помислувал да ја „воведува", зашто да се „воведе" таа воопшто не може.

И овде ние се доближивме до прашањето за научната разлика меѓу социјализмот и комунизмот, кое Енгелс го засега во приведеното погоре негово расудување за неточноста на името „социјалдемократ". Политичката разлика меѓу првата, или пониската, и повисоката фаза на комунизмот ќе биде по време, веројатно, огромна, но денеска, во капитализмот, да се нагласува таа би било смешно и да ја истакнуваат на прв план би можеле, можеби, само одделни анархисти (ако меѓу анархистите има останато уште луѓе што ништо не научиле по „плехановската" метаморфоза на Кропоткиновци, на Грав, на Корнелисен и другите „ѕвезди" на анархизмот во социјал-шовинисти или во анархо-рововци, како што се изрази Ге, еден од малкуте анархисти што си ја зачуваа честа и совеста).

Но научната разлика меѓу социјализмот и комунизмот е јасна. Она што обично го викаат социјализам, Маркс го нарече „прва" или пониска фаза на комунистичкото општество. До колку средствата за производство стануваат заедничка сопственост, до толку зборот „комунизам" е и тука применлив, ако не се заборава дека тоа уште не е полн комунизам. Големото значење на Марксовите објасненија се состои во тоа што тој и тука доследно ја применува материјалистичката дијалектика, учењето за развитокот, разгледувајќи го комунизмот како нешто што се развива од капитализмот. Наместо схоластички , измислени, „исконструирани" дефиниции и бесплодни спорови околу зборовите (што е социјализам, што е комунизам), Маркс дава анализа на она што би можело да се нарече степени на економската зрелост на комунизмот.

Во својата прва фаза, на својот прв степен, комунизмот уште не може да биде економски наполно зрел, наполно ослободен од традициите или трагите на капитализмот. Оттука иде онаа интересна појава како што е запазувањето на „тесниот хоризонт на буржоаското право" при комунизмот во неговата прва фаза. Буржоаското право во областа на распределбата на производите за потрошувачката претпоставува, се разбира, неизбежно и буржоаска држава, зашто правото не е ништо без апарат способен да принудува на придржување кон правните норми.

Излегува дека при комунизмот останува за извесно време не само буржоаското право, туку дури и буржоаската држава — без буржоазија!

Тоа може да изгледа како парадокс или просто како дијалектичка игра на умот, за каква често го обвинуваат марксизмот луѓе што не се потрудиле ни малкуцка да ја изучат неговата извонредно длабока содржина.

Навистински пак, животот ни покажува на секој чекор и, во природата, и во општеството, останки од старото во новото. И Маркс не втерал, произволно, парче од „буржоаското" право во комунизмот, но го зел она што е економски и политички неизбежно во општеството што излегува од утробата на капитализмот.

Демократијата има огромно значење во борбата на работничката класа против капиталистите за нејзиното ослободување. Но демократијата никако не е граница што не може да биде премината, туку само една од етапите по патот од феудализмот кон капитализмот и од капитализмот кон комунизмот.

Демократијата значи равенство. Јасно е колку големо значење има борбата на пролетаријатот за равенство и паролата за равенство, ако таа се разбира, правилно, во смисла на уништување на класите. Но демократијата значи само формално равенство. И веднаш откако ќе се оствари равенството на сите членови на општеството во однос на средствата за производство, т.е. равенство на трудот, равенство на надницата, пред човештвото неминовно (ќе се постави прашањето за тоа да се оди понатаму, од формалното равенство кон фактичко, т.е. кон остварување на принципот: „Секој според способностите, на секого според потребите". Низ какви етапи, по пат на какви практични мерки ќе тргне човештвото кон таа висока цел, ние не знаеме и не можеме да знаеме. Но важното е да сме начисто со тоа колку е бескрајно лажлива обичната буржоаска претстава дека социјализмот бил нешто мртво, здрвено, еднаш за секојпат дадено, додека пак, навистински, дури со социјализмот 1се започне брзото, вистинско, стварно масовно движење напред во сите области на општествениот и личниот живот, движење што се врши со учество на мнозинството од населението, а потоа на целото население.

Демократијата е форма на државата, една од нејзините разновидности. И, следствено, таа претставува, како и секоја држава, организирана, систематска примена на насилба над луѓето. Тоа од една страна. Но, од друга страна, таа значи формално признавање на равенството меѓу граѓаните, на еднаквото право на сите да го определуваат устројството на државата и да ја управуваат неа. А ова., од своја страна, е сврзано со тоа што на извесен степен од развитокот на демократијата, последнава, прво ја сплотува револуционерната класа, пролетаријатот, против капитализмот, и и дава нејзе можност да ја скрши, да ја направи парампарче, да ја збрише од лицето на земјава, буржоаската, па макар била таа и. Републиканско-буржоаска, државна машина, постојаната војска, полицијата, чиновништвото, да ги замени нив со повеќе демократска, но се уште државна машина во вид на вооружени работнички маси, што се претворува во општо учество на народот во милицијата.

Овде „квантитетот преминува во квалитет": таквиот степен на демократизам е сврзан со излегувањето надвор од рамките на буржоаското општество, со почетокот на неговото социјалистичко преустројство. Ако навистина сите учествуваат во управувањето со државата, тогаш веќе капитализмот не може да се одржи. А развитокот на капитализмот, од своја страна, создава претпоставки за тоа навистина „сите" да можат да учествуваат во управувањето со државата. Во таквите претпоставки спаѓа општата писменост, остварена веќе во ред најнапреднати капиталистички земји, потоа, „обучувањето и дисциплинирањето" на милиони работници по патот на крупниот, сложен, поопштествен апарат на поштата, на железниците, крупните фабрики, крупната трговија, банкарството итн., итн.

При такви економски претпоставки е наполно можно веднаш, од денес до утре, да се премине кон тоа што капиталистите и чиновниците, откако ќе бидат турнати, да се заменат во работата на контролата над производството и распределбата, во работата на евиденцијата на трудот и производите со вооружените работници, со целиот вооружеа народ. (Не треба да се меша прашањето за контролата и евиденцијата со прашањето за научно образовниот персонал од инженери, агрономи и други: тие господа работат денеска потчинувајќи им се на капиталистите, уште подобро ќе работат утре потчинувајќи им се на вооружените работници).

Евиденција и контрола — ете го главното што е потребно за „уредувањето", за правилното функционирање на првата фаза на комунистичкото општество. Сите граѓани тука се претворуваат во наемни службеници на државата, што ја составуваат вооружените работници. Сите граѓани стануваат службеници и работници на еден сенароден, државен „картел". Целата работа е во тоа што тие треба да работат подеднакво, придржувајќи се точно за нормата на работата, и да добиваат подеднакво. Евиденцијата на тоа, контролата над тоа е упростена од капитализмот извонредно многу, до необично прости, достапни за секој писмен човек операции на надзор и запишување, на познавање на четирите аритметички дејства и издавање на соодветни расписки.*

* Кога државата во главниот дел на своите функции се сведува на таква евиденција и контрола од страна на самите работници, тогаш таа престанува да биде „политичка држава" тогаш „општествените функции се претворуваат од политички во прости административни функции" (да се спореди горе гл. IV, § 2, за полемиката на Енгелс со анархистите). [93]

Кога мнозинството од народот ќе почне да врши самостојно и насекаде таква евиденција, таква контрола над капиталистите (претворени сега во службеници) и над господата интелектуалци што ги зачувале капиталистичките навици, тогаш таа контрола ќе стане навистина универзална, општа, сенародна, тогаш никој нема да може да одбегне од неа, „не ќе има каде да се втера".

Целото општество ќе биде еден уред и една фабрика со еднаквост на трудот и еднаквост на платата.

Но, таа „фабричка" дисциплина што пролетаријатот, откако ќе ги победи капиталистите, откако ќе ги турне експлоататорите, ќе ја прошири над целото општество, никако не е ниту наш идеал, ниту наша крајна цел, но само одделен чекор неопходно за радикалното чистење на општеството од гнасотиите и ужасите на капиталистичката експлоатација и за понатамошното движење напред.

Од моментот кога сите членови на општеството или барем нивното огромно мнозинство ќе се научат сами да ја управуваат државата, сами да ја земат таа работа во свои раце, да ја уредат контролата над ништожното малцинство капиталисти, над господата што сакаат да си ги зачуваат капиталистичките навици, над работниците што капитализмот ги расипал длабоко, — од тој момент започнува да исчезнува потребата од секое управување воопшто. Колку е пополна демократијата, толку е поблизок моментот кога таа ќе стане непотребна. Колку е подемократска „државата" што се состои од вооружени работници или што „веќе не е држава во вистинската смисла на зборот", толку побрзо започнува да одумира секоја држава.

Зашто кога сите ќе се научат да го управуваат и навистински ќе го управуваат самостојно општественото производство, кога самостојно ќе ја остваруваат евиденцијата и контролата над паразитите, синчињата на богаташите, лажливците и др. слични „чувари на капиталистичките традиции" — тогаш одбегнувањето од таа сенародна евиденција и контрола неизбежно ќе стане толку неверојатно тешко, толку редок исклучок, ќе биде придружувано, веројатно, со толку брзи и сериозни казни (зашто вооружените работници се луѓе на практичниот живот , а не сентиментални интелектуалци, и тешко да ќе дозволат да се прави шега со нив), што нужноста да се почитуваат простите, основни правила на човечката заедница, многу брзо ќе стане навик.

И тогаш ќе биде пошироко отворена вратата за преминување од првата фаза на комунистичкото општество кон неговата повисока фаза, а заедно со тоа и кон полното одумирање на државата.


Следно

Содржина

Ленинова архива