Владимир Илич Ленин

Државата и револуцијата


ГЛАВА IV

ДОПОЛНИТЕЛНИ ОБЈАСНЕНИЈА НА ЕНГЕЛС


Маркс го даде основното по прашањето за значењето на искуството од Комуната. Енгелс неколку пати се враќаше на таа тема, објаснувајќи ја анализата и заклучокот на Маркс, осветлувајќи понекогаш други страни на прашањето така силно и релјефно што на тие објаснувања треба посебно да се задржиме.

1. „СТАНБЕНОТО ПРАШАЊЕ"

Во своето дело за станбеното прашање (1872 год) [45] Енгелс веќе го зема предвид искуството од Комуната, задржувајќи се неколку пати на задачите на револуцијата во однос на државата. Интересно е што на конкретната тема се изјаснуваат нагледно. од една страна, цртите на сличноста меѓу пролетерската држава и сегашната држава, — црти што даваат основа во обата случаја да се говори за држава — а, од друга страна, цртите по кои се разликуваат тие или преминот кон уништувањето на државата.

„Како да се реши станбеното прашање? Во современото општество тоа се решава исто така како и секое друго општествено' прашање: со постепено економско израмнување на понудата и побарувачката, а тоа е такво решение што постојано го раѓа истото прашање одново, т.е. не е никакво решение. Како ќе го реши тоа прашање социјалната револуција, тоа не зависи само од околностите на местото и на времето. туку е сврзано и со прашања што одат подалеку, меѓу кои едно од најважните е прашањето за уништување на спротивноста меѓу градот и селото. Бидејќи ние не се занимаваме со сочинување утопистички системи за устројството на идното општество, би било повеќе од излишно да се запираме на тоа. Несомнено е едно, а имено, дека и сега веќе во големите градови има доволно станбени згради, така што при нивното рационално искористување би можела веднаш да се отстрани секоја вистинска „станбена беда". Ова може, се разбира, да се оствари само со експропријација на сегашните сопственици и со давање станови, во нив ните куќи, на бездомните работници или на работниците што сега живеат в» сосем пренатрупани станови. И штом само пролетаријатот ќе ја завојува политичката власт, ваква мерка, што ја налагаат општите интереси, ќе биде исто така лесно изводлива колку и другите експропријации и реквизиции на станови што ги врши современата држава" (стр. 22 на германското издание од 1887 година). [46]

Овде не се разгледува промената на формата на државната власт, но само се објаснува содржината на нејзината дејност. Експропријации и реквизиции на станови се вршат и по наредба на сегашната држава. Пролетерската држава, гледано од формалната страна на работата, исто така ќе „нареди" да се вршат реквизиции на станови и експропријации на куќи. Но јасно е дека стариот извршен апарат, чиновништвото сврзано со буржоазијата, би бил просто непригоден да ги спроведе во живот наредбите на пролетерската држава.

. . . „Треба да се констатира дека фактичкото заземање на сите средства за работа, на сета индустрија од страна на работниот народ е директна спротивност на прудонистичкиот „откуп". При последново секој работник станува сопственик на станот, на селската фарма, на средствата за работа; а при првото заеднички сопственик на куќите, на фабриките и на средствата за работа си останува „работниот народ". Ползувањето на тие куќи, фабрики и др., барем во преодното време, одвај ли ќе може да им се отстапи на одделни лица или друштва без надоместок на расходите. Токму така и уништувањето на сопственоста над земјата не го претпоставува и уништувањето на земјишната рента, но нејзиното предавање, иако во видоизменета форма, на општеството. Фактичкото за земање на сите средства за работа од страна на работниот народ, следствено, не го изменува никако задржувањето на наемот и давањето под наем" (стр. 68).[47]

Прашањето, засегнато во ова расудување, а имено: за економските основи на одумирањето на државата, ние ќе го разгледаме во следната глава. Енгелс се изразува крајно претпазливо, говорејќи, дека пролетерската држава „одвај ли" без наем ќе дава станови, „барем во преодното време". Давањето на станови, кои му се паѓаат на целиот народ, под наем на одделни семејства претпоставува и собирање на тој наем, и извесна контрола, и едно или друго нормирање на распределбата на становите. Сето тоа бара извесна форма на држава, но никако не бара посебен воен и бирократски апарат Со особено привилегирана положба на државните службеници. А преминувањето кон таква состојба на работите, кога ќе може бесплатно да се даваат станови, е сврзано со полното „одумирање" на државата.

Говорејќи за преминувањето на бланкистите [48] по Комуната и под влијанието на нејзиното искуство. врз принципиелната позиција на марксизмот, Енгелс патем ја формулира таа позиција на следниов начин:

. . . „Нужноста на политичката акција на пролетаријатот и на неговата диктатура како премин кон укинување на класите, а заедно со нив и на државата" . .. (стр. 55). [49]

Некои љубители на буквената критика или буржоаски „истребувачи на марксизмот" веројатно ќе видат противречност меѓу тоа признавање на „укинувањето на државата" и одрекувањето на таа формула, како анархистичка, во приведеното погоре место од „Анти-Диринг". Не би било никакво чудо ако опортунистите го вбројат и Енгелс во „анархистите", — сега се почесто социјалшовинистите ги обвинуваат интернационалистите дека се анархисти.

Дека заедно со укинувањето на класите ќе биде укината и државата, тоа марксизмот секогаш го учел. Општопознатото место за „одумирање на државата" во „Анти-Диринг" ги обвинува анархистите не просто затоа што се тие за укинување на државата, но за тоа што тие проповедаат дека било можно да се укине државата „од денеска до утре".

Поради тоа што денеска владејачката „социјалдемократска" доктрина наполно го искриви односот на марксизмот спрема анархизмот по прашањето за уништувањето на државата, ќе биде особено полезно да потсетиме на една полемика на Маркс и Енгелс со анархистите.

2. ПОЛЕМИКАТА СО АНАРХИСТИТЕ

Таа полемика беше водена во 1873 година. Маркс и Енгелс беа напишале статии против прудонистите, [50] „автономистите" или „антиавторитаристите", за италијанскиот социјалистички зборник, а дури во 1913 година тие статии се појавија во „Neue Zeit ", [51] преведени на германски јазик.

...„Ако политичката борба на работничката класа — пишуваше Маркс, исмевајќи ги анархистите за нивното отфрлање на политиката — придобива револуционерна форма, ако работниците на местото од диктатурата на буржоазијата ја постават својата револуционерна диктатура, тогаш тие вршат ужасен злочин на навреда на принципите, зашто за задоволување на своите бедни, груби потреби на денот, за скршување на отпорот на буржоазијата тие и придаваат на државата револуционерна и преодна форма, наместо да го положат оружјето и да ја укинат државата" ... („Neue Zeit ", 1913—1914, година 32. т. 1, стр. 40) [52]

Ете против какво „укинување" на државата Маркс исклучиво стануваше, побивајќи ги анархистите! Никако не против тоа дека државата ќе исчезне со исчезнувањето на класите или дека ќе биде укината со нивното укинување, но против тоа дека работниците требало да се откажат од употребата на оружје, од организираната насилба, т.е. од државата, која треба да послужи за целта: „да се скрши отпорот на буржоазијата".

Маркс нарочно ја подвлекува — за да не ја искривуваат вистинската смисла на неговата борба против анархизмот — „револуционерната и преодна форма" на државата потребна за пролетаријатот. На пролетаријатот му е потребна државата само привремено. Ние воопшто не се разминуваме со анархистите кога укинувањето на државата се поставува како цел. Ние тврдиме дека за постигањето на таа цел е потребно времено искористување на орудијата, средствата, методите на државната власт против експлоататорите, како што е потребна за уништувањето на класите привремена диктатура на угнетената класа. Маркс го избира најострото и најјасно поставување на прашањето против анархистите: отфрлајќи го јаремот на капиталистите, треба ли работниците да го „положат оружјето", или да го искористат исто против капиталистите за да го скршат нивниот отпор? А систематското искористување на оружјето од страна на една класа против друга, — што е тоа ако не „преодна форма" на државата?

Нека секој социјалдемократ се праша: така ли го поставувал тој прашањето за државата во полемиката со анархистите? Така ли го поставуваа тоа прашање повеќето од официјалните социјалистички партии на Втората интернационала?

Енгелс уште поподробно и популарно ги излага тие мисли. Тој ја исмева пред се збрката во мислите кај прудонистите, кои се викаа собеси „антиавторитаристи", т.е. одрекуваа секаков авторитет. секакво потчинување, секаква власт. Земете една фабрика, железница, брод на отворено море, — вели Енгелс — зар не е јасно дека без извесно потчинување, значи, без извесен авторитет или власт е невозможно функционирањето ниту на еден од тие компликувани технички погони, основани врз примената на машините и врз планската соработка на многу лица?

...„Ако јас ги излагам овие аргументи — пишува Енгелс — против најочајните антиавторитаристи, тие можат да ми го дадат само овој одговор: „Да! Тоа е вистина, но работата тука не е за авторитетот со кој ние ги облекуваме нашите делегати, но за извесен налог". Тие луѓе мислат дека ние можеме да измениме извесна работа ако и го измениме името" . . . [53]

Покажувајќи на таков начин дека авторитетот и автономијата се релативни поими, дека областа на нивната примена се менува со различните фази на општествениот развиток, дека е апсурдно да се земаат тие како апсолутни, и додавајќи дека областа на примената на машините и на крупното производство се повеќе се шири, Енгелс преминува од општите расудувања за авторитетот кон прашањето за државата.

. . . „Ако автономистите — пишува тој — сакаат да го кажат само тоа дека социјалната организација на иднината ќе го допушта авторитетот само во оние граници во кои производствените односи го прават неизбежен, тогаш со нив би можеле да се разбереме. Но тие се слепи за сите факти што го прават авторитетот нужен, и се борат против тој збор.

Зошто антиавторитаристите не се ограничуваат само со врескањето против политичкиот авторитет, против државата? Сите социјалисти се согласни во тоа дека државата, а заедно со неа и политичкиот авторитет ќе исчезнат поради идната социјална револуција, т.е. дека јавните функции ќе го изгубат својот политички карактер и ќе се претворат во прости административни функции што ќе водат сметка за вистинските интереси на општеството. Но антиавторитаристите бараат политичката држава да биде укината со еден удар, уште пред да бидат укинати оние општествени односи што неа ја родиле. Тие бараат првиот акт на социјалната револуција да биде укинувањето на авторитетот.

Виделе ли некогаш тие господа револуција? Револуцијата е, несомнено, најавторитативна работа што може воопшто да биде. Револуцијата е акт во кој едниот дел од населението му ја наметнува својата волја на другиот дел со помошта на пушките, бајонетите и топовите, т.е. со помошта на средства извонредно авторитетни. И ако партијата што победила не сака да ги изгуби плодовите на своите напори, таа мора да го одржува своето владеење со помошта на стравот што нејзиното оружје им го задава на реакционерите. Ако Париската комуна не се опираше врз авторитетот на вооружениот народ против буржоазијата, зар би се задржала таа повеќе од еден ден? Напротив, не сме ли ние во право да ја укориме Комуната за тоа што таа сосем малку се служеше со тој авторитет? И така: или — или. Или антиавторитаристите не знаат и самите што зборуваат, и во тој случај тие сеат само збрка. Или тие го знаат тоа, и во тој случај вршат предавство спрема делото на пролетаријатот. Во обата случаја тие и служат само на реакцијата" (стр. 39). [54]

Ва тоа расудување се засегнати прашања што треба да бидат разгледани во врска со темата за односот меѓу политиката и економиката во периодот на одумирањето на државата (на таа тема и е посветена следната глава). Тоа се: прашањето за претворување на јавните функции од политички во прости административни функции и прашањето за „политичката држава". Последниот израз, кој особено може да предизвика недоразбирања, укажува на процесот на одумирањето на државата: државата што одумира на извесен степен од своето одумирање може да се нарече неполитичка држава.

Во праведното расудување на Енгелс најзначително е, пак, тоа како се поставува прашањето против анархистите. Социјалдемократите, кои сакаат да бидат Енгелсови ученици, од 1873 година па наваму, милион пати спореа против анархистите, но спореа не така како што можат и мораат да спорат марксистите. Анархистичката претстава за укинувањето на државата е збркана и нереволуционерна — ете како го поставуваше прашањето Енгелс. Анархистите не сакаат да ја видат токму револуцијата во нејзиното изникнување и развивање, во нејзините специфични задачи во однос на насилбата, авторитетот, власта, државата.

Обичната критика на анархизмот современите социјалдемократи ја сведоа до нивото на најчиста еснафска баналност: „Ние, ете, ја признаваме државата, анархистите не ја признаваат!" Се разбира дека таква баналност мора да ги одбива сите штогоде мислителни и револуционерни работници. Енгелс вели нешто друго: тој подвлекува дека сите социјалисти го признаваат исчезнувањето на државата како последица од социјалистичка револуција. Тој притоа го поставува конкретно прашањето за револуцијата, токму она прашање што обично социјалдемократите поради опортунизмот го заобиколуваат, оставајќи им го, така да се каже, на исклучива „разработка" на анархистите. И, поставувајќи го тоа прашање. Енгелс го фаќа бикот за рогови: не требаше ли Комуната повеќе да се служи со револуционерната власт на државата, т.е. на вооружениот, организиран во владејачка класа пролетаријат?

Владејачката официјална социјалдемократија обично се чепеше од прашањето за конкретните задачи на пролетаријатот во револуцијата или просто со филистерски потсмев, или, во најдобриот случај, софистички заобиколувајќи: „тогаш ќе видиме". И анархистите добиваа право да зборуваат против таквата социјалдемократија дека таа ја изневерува својата задача за револуционерно воспитување на работниците. Енгелс го ползува искуството од последната пролетерска револуција токму за најконкретно проучување, што треба и како треба да прави пролетаријатот и во однос на банките и во однос на државата.

3. ПИСМОТО ДО БЕБЕЛ

Едно од најзабележливите, ако не и најзабележливото расудување во делата на Маркс и Енгелс по прашањето за државата е следново место од писмото на Енгелс до Бебел од 18—28 март 1875 година. [55] Тоа писмо — да забележиме во загради — Бебел, до колку ние знаеме, за првпат го објави во вториот том на неговите мемоари („Од мојот живот"), кој излезе во 1911 година, т.е. 36 години по неговото пишување и испраќање.

Критикувајќи го истиот оној проект на Готската програма што го критикуваше и Маркс во прочуеното писмо до Браке [56] и засегајќи го специјално прашањето за државата, Енгелс му пишува на Бебел вака:

. . . „Слободната народна држава е претворена во слободна држава. Земено граматички, слободна држава е онаа држава што е слободна во однос на своите граѓани, т.е. држава со деспотска влада. Би требало да се отфрли сето тоа дрдорење за државата, особено по Комуната, која веќе не беше држава во вистинска смисла на тој збор. Со „народната држава" анархистите веќе прекумера ни ги бодеа очите, иако уште делото на Маркс против Прудон, [57] и потоа „Комунистички манифест" говорат направо дека со воведувањето на социјалистичкиот општествен поредок државата сама по себе се распаѓа (sich auflöst) и исчезнува. Бидејќи државата е само преодна установа, со која треба да се служиме во борбата, во револуцијата, за да ги задушиме насилно своите противници, чиста бесмислица е да се говори за народна држава: додека на пролетаријатот му е уште потребна државата, таа му е потребна не во интерес на слободата, ами за задушување на своите противници, а штом ќе може да се говори за слобода, тогаш државата како таква ќе престане да суштествува. Затоа ние би предложиле да се постави насекаде наместо зборот држава зборот „општина" (Gemeinwesen), прекрасен стар германски збор, кој многу добро може да го замени францускиот збор „комуна" (стр. 322 од германскиот оригинал). [58]

Треба да се има предвид дека ова писмо се однесува на партиската програма што Маркс ja критикуваше во писмото датирано само неколку недели подоцна од ова Енгелсово писмо (писмото на Маркс е од 5 мај 1875 година) и дека Енгелс тогаш живееше заедно со Маркс, во Лондон. Затоа, говорејќи во последната реченица „ние", Енгелс несомнено од свое име и од името на Маркс му предлага на водачот на германската работничка партија да го исфрли од програмата зборот .„држава“ и да го замени со зборот општина".

Какви викотници за „анархизам" би дигнале главатарите на сегашниот „марксизам", дотеран за потребите на опортунистите, ако би им предложиле таква исправка на програмата!

Нека врескаат. За тоа нешто буржоазијата ќе ги пофали.

А ние ќе си ja вршиме својата работа. При разгледувањето на програмата на нашата партија, ќе треба безусловно да биде земен предвид советот на Маркс и Енгелс, за да бидеме поблиску до вистината, за да го воспоставиме марксизмот, исчистувајќи го од искривувањата, за поправилно да ja насочиме борбата на работничката класа за нејзиното ослободување. Меѓу болшевиците сигурно нема да се најдат противници на советот од Маркс и Енгелс. Тешкотијата, можеби, ќе биде само во терминот. Во германскиот јазик има два збора за „општина", од кои Енгелс го одбрал оној што не значи одделна општина, ами целокупност од општини, систем на општини. Bö рускиот јазик ваков израз нема, и можеби ќе мораме да го земеме францускиот збор „комуна", иако тој исто така има свои незгоди.

„Комуната веќе не беше држава во вистинската смисла на зборот" — тоа е теоретски најважното тврдење на Енгелс. По она што е погоре изложено, тоа тврдење е наполно поимливо. Комуната престануваше да биде држава, до колку таа требаше да го угнетува не мнозинството од населението, ами малцинството (експлоататорите); таа ja разби буржоаската државна машина; наместо посебна сила за угнетување, на сцената се појавуваше самото население. Сето тоа е отстапување од државата во вистинската смисла на зборот. И ако Комуната се беше затврдила, тогаш во неа сами по себе „би одумреле" трагите на државата, таа не би имала потреба да ги „укинува" нејзините установи: тие би престанале да функционираат веќе според тоа до колку не би им останало што да прават.

„Анархистите ни ги бодат очите со „народната држава"; велејќи го тоа, Енгелс го има предвид прво Бакунин и неговите напади против германските социјалдемократи. Енгелс ги признава тие напади за до толку правилни до колку „народната држава" е исто таква бесмислица и исто такво отстапување од социјализмот како и „слободната народна држава". Енгелс настојува да ја исправи борбата на германските социјалдемократи против анархистите, да ја направи таа борба принципиелно правилна, да ја исчисти од опортунистичките предрасуди по прашањето за „државата". Но, за жал, писмото на Енгелс пролежа под миндер 36 години. Ние ќе видиме понатаму дека и по објавувањето на тоа писмо Кауцки упорно ги повторува буквално истите грешки од кои Енгелс се претпазуваше.

Бебел му одговори на Енгелс со писмо од 21 септември 1875 година, во кое тој, меѓу другото, пишува дека е „наполно согласен" со неговото мислење за проектот на програмата и дека тој го укорувал Либкнехт за неговата попустливост (стр. 304 во германското издание на мемоарите од Бебел, т. II). Но ако ја земеме брошурата на Бебел „Нашите цели", тогаш ние ќе најдеме во неа сосем погрешни расудувања за државата:

„Државата мора да се претвори од држава основана на класно владеење во народна држава" (германското издание на „ Unsere Ziele " 1886. стр. 14).

Така е напечатено во деветтото (деветто!) издание на Бебеловата брошура! Не е чудно што толку упорното повторување на опортунистичките расудувања за државата го впиваше во себе германската социјалдемократија, особено кога ќе се земе предвид дека револуционерните објасненија на Енгелс се пикаа под миндер, а дека сите животни околности долго време „одучуваа" од револуцијата.

4. КРИТИКА НА ПРОЕКТОТ НА ЕРФУРТСКАТА ПРОГРАМА

Критиката на проектот на Ерфуртската програма, [59] која Енгелс му ја испрати на Кауцки на 29 јуни 1891 година, а која беше објавена дури десет години подоцна во „ Neue Zeit ", не може да биде одмината при анализата на учењето на марксизмот за државата, за што таа и е главно посветена токму на критиката на опортунистичките погледи на социјалдемократијата по прашањата за државното устројство.

Ќе одбележиме патем дека по прашањето на економиката Енгелс дава исто така едно многу драгоцено укажување, кое покажува колку внимателно и проникливо ги следел тој токму измените на најновиот капитализам и како поради тоа умеел во извесна мера да ги антиципира задачите на нашата, империјалистичка епоха. Еве го тоа укажување: по повод зборовите „отсуство на план" ( Planlosigkeit ) употребени во проектот на програмата за карактеристика на капитализмот, Енгелс пишува:

… „ Ако од акционерски друштва ние преминуваме кон трустови, кои потчинуваат на себеси и монополизираат цели индустриски гранки, тогаш тука престанува не само приватното производство, туку и отсуство на план“ („ Neue Zeit ", год. 20 т. I, 1901—1902 година, стр. 8 [60]

Овде е земено најглавното во теоретската оцена на најновиот капитализам, т.е. на империјализмот, а имено, дека капитализмот се претворува во монополистички капитализам. Последниов збор треба да се подвлече, зашто најраспространета грешка е буржоаскореформистичкото тврдење дека монополистичкиот или државномонополистичкиот капитализам божем веќе не е капитализам, дека тој можел веќе да биде наречен „државен социјализам" и слично на тоа. Се разбира, полн план трустовите не создадоа, не создаваат и не можат да создадат. Но до колку тие и создаваат план, до колку магнатите на капиталот однапред ги пресметуваат размерите на производството во национални или дури и интернационални размери, до колку тие него плански го регулираат, ние сепак си остануваме во капитализам, иако во негов нов стадиум, но несомнено во капитализам. „Близоста“ на таквиот капитализам до социјализмот треба да биде за вистинските претставници на пролетаријатот доказ за близоста, леснотијата, остварливоста, неодложноста на социјалистичката револуција, а никако не аргумент за трпеливиот однос спрема одрекувањето на таа револуција и спрема украсувањето на капитализмот, со кое нешто се занимаваат сите реформисти.

Но да се вратиме кон прашањето за државата. Овде Енгелс дава три вида особено драгоцени укажувања: прво, по прашањето за републиката; второ, за врската на националното прашање со устројството на државата; трето, за месната самоуправа.

Што се однесува до републиката, Енгелс од тоа направи тежиште за својата критика на проектот на Ерфуртската програма. А ако се сетиме какво значење доби Ерфуртската програма во целата меѓународна социјалдемократија, како таа стана образец за целата Втора интернационала, тогаш без претерување може да се каже дека Енгелс тука го критикува опортунизмот на целата Втора интернационала.

„Политичките барања на проектот — пишува Енгелс — страдаат од голем недостаток. Во него го нема она [61] (подвлеченото е на Енгелс) што токму требаше да се каже".

И понатаму се објаснува дека германскиот устав е заправо копија на најреакционерниот устав од 1850 година, дека Рајхстагот, како што се изрази Вилхелм Либкнехт, е само „смоквин лист на апсолутизмот", дека е „очигледна бесмислица" да се сака врз основа на уставот што ги озаконува малите држави и сојузот на малите германски држави да се оствари „претворувањето на сите средства за работа во општа сопственост".

„Да се зафаќа таа тема е опасно", — додава Енгелс, кој многу добро знаеше дека во Германија е невозможно легално да се истакнува во програма барањето на република. Но Енгелс не се помирува просто со тоа очигледно сообразување со кое „сите" се задоволуваат, Енгелс продолжува: „Но сепак работата, на овој или на оној начин, мора да се поттикне напред. Колку е тоа потребно покажува опортунизмот, кој токму сега се распространува ( einreisende ) во поголемиот дел од социјалдемократскиот печат. Од страв да не се обнови законот против социјалистите [62] или сеќавајќи се за некои изјави дадени во времето кога важеше тој закон, некои сега сакаат партијата да го признае сегашниот законски поредок во Германија како доволен за мирното остварување на сите нејзини барања" .. . [63]

Дека германските социјалдемократи работеа плашејќи се од обновувањето на исклучивиот закон против социјалистите, тој основен факт Енгелс го истакнува на прв план и, без заобиколки, го нарекува тоа опортунизам, прогласувајќи ги, токму поради тоа несуштествување на република и слобода во Германија, за наполно бесмислени мечти за „мирниот" пат. Енгелс е достатно претпазлив и не си ги врзува рацете. Тој признава дека во земјите каде што суштествува република или во земјите со многу голема слобода „е можно да се замисли" (само „да се замисли"!) мирен развиток кон социјализмот, но во Германија, повторува тој:

... „Во Германија, каде што владата е речиси семоќна, а Рајхстагот и сите други претставнички установи немаат вистинска власт, во Германија да се прогласи нешто слично, и при тоа без никаква нужда, тоа значи да го симнеш смоквиниот лист од апсолутизмот и со себеси да ја прикриеш голотијата .. ." [64]

И навистина, како прикривачи на апсолутизмот и се покажаа во своето огромно мнозинство официјалните водачи на германската социјалдемократска партија, која ги напика „под миндер" тие укажувања.

... „Таквата политика може само на крајот на краиштата да ја заведе сопствената партија на лажлив пат. На прв план се истакнуваат општи, апстрактни политички прашања и на таков начин се прикриваат најблиските, конкретни прашања што сами по себе се поставуваат на дневен ред при првите големи настани, при првата политичка криза. Што може друго да излезе од тоа, освен партијата одненадеж во решителниот момент да се најде беспомошна, по решавачките прашања во неа да владее нејасност и неединственост, поради тоа што тие прашања никогаш не се претресувале...

Тоа заборавање на големите, главни гледишта поради моменталните интереси на денот, на таа трчаница по моментални успеси и таа борба за нив без да се води сметка за понатамошните последици, тоа пренесување на иднината на движењето во жртва на сегашнината, можеби, станува и од „чесни" побуди. Но тоа е опортунизам и си останува опортунизам, а „чесниот" опортунизам е, можеби, поопасен од сите други...

Ако има нешто што не подлежи на никакво сомневање, тоа е — дека нашата партија и работничката класа можат да дојдат на власт само при таква политичка форма, каква што ,е демократската република. Последнава е дури специфична форма за диктатурата на пролетаријатот, како што покажа веќе големата француска револуција" .. . [65]

Енгелс ја потврдува овде во особено релјефна форма онаа основна мисла што како црвена нишка се провлекува низ сите дела на Маркс, а имено, дека демократската република е најблискиот пристап кон диктатурата на пролетаријатот. Зашто таквата република, не отстранувајќи го никако господството на капиталот, а, значи, ни угнетувањето на масите и класната борба, неизбежно води кон такво проширување, развивање, разгранување и заострување на таа борба што, кога ќе се појави можноста за задоволување на основните интереси на угнетените маси, таа можност се остварува неминовно и единствено во диктатурата на пролетаријатот, во раководењето на тие маси од страна на пролетаријатот. За целата Втора интернационала овие се исто така „заборавени зборови" на марксизмот и нивното заборавање необично јасно го разоткри историјата на меншевичката партија за првите шест месеци на руската револуција од 1917 година.

По прашањето за федеративната република во врска со националниот состав на населението Енгелс пишуваше:

„Што треба да дојде на местото на сегашна Германија?" (со нејзиниот реакционерен монархистички устав и исто така реакционерна поделба на мали држави, поделба што ги овековечува особеностите на „прусаштината", наместо да ги растопи во Германија како целина). „Според моето мислење, пролетаријатот може да ја употреби само формата на единствена и неделива република. Федеративната република е уште и денеска, општо земено, нужна на огромната територија на Соединетите Држави, иако во нивниот источен дел таа веќе станува пречка. Таа би била чекор напред во Англија, каде што на два острова живеат четири нации и каде што, без оглед на единството на парламентот, суштествуваат еден покрај друг три системи на законодавство. Таа веќе одамна стана пречка во малата Швајцарија, и ако таму федеративната република може уште да се трпи, тоа е само затоа што Швајцарија се задоволува со улогата на чисто пасивен член на европскиот систем од држави. За Германија федералистичкото пошвајцарување би било огромен чекор назад. Две работи ја одликуваат сојузната држава од наполно единствената држава, а имено, што секоја одделна држава која влегува во сојузот, што секој кантон има свое посебно граѓанско и кривично законодавство, свое посебно судско устројство; а потоа, што редум со народното собрание има претставнички дом на државите, во кој секој кантон гласа како таков, без оглед дали е тој голем или мал". Во Германија сојузната држава е премин кон наполно единствена држава, и „револуцијата одозгора" од 1866 и 1870 година не треба да биде вратена назад, но да се дополни со „движење одоздола". [66]

Енгелс не само што не е рамнодушен спрема прашањето за формите на државата, ами, напротив, се труди да ги анализира со извонредна внимателност токму преодните форми, за да си направи сметка во зависност од конкретно-историските особености на секој одделен случај, од какво нешто кон какво нешто е премин дадената преодна форма.

Енгелс, како и Маркс, го брани, од гледна точка на пролетаријатот и пролетерската револуција, демократскиот централизам, единствената и неделива република. Федеративната република тој ја смета или како исклучок и пречка за развитокот или како премин од монархијата кон централистичка република, како „чекор напред" при извесни специјални услови. А меѓу тие специјални услови се истакнува националното прашање.

Кај Енгелс, како и кај Маркс, без оглед на нивната безмилосна критика против реакционерноста на малите држави и прикривањето на таа реакционерност со националното прашање во определени конкретни случаи, никаде нема ниту сенка од стремеж да се откинат од националното прашање, стремеж со кој често грешат холандските и полските марксисти, кога тргнуваат од наполно оправданата борба против малограѓански-тесниот национализам на „своите" мали држави.

Дури и во Англија, каде што географските услови и заедничкиот јазик, и историјата од многу векови, тукуречи, „свршиле" со националното прашање на одделните ситни делови на Англија, дури и тука Енгелс води сметка за јасниот факт дека националното прашање уште не е изживеано, и затоа ја признава федеративната република како „чекор напред". Се разбира, тука нема ниту сенка на отказ од критиката на недостатоците на федеративната република, на отказ од најрешителната пропаганда и борба за единствена централистичко-деморатска република.

Но демократскиот централизам Енгелс никако не го разбира во онаа бирократска смисла во која тој поим го употребуваат буржоаските и ситнобуржоаските идеолози, а меѓу последниве и анархистите. Централизмот за Енгелс ни најмалку не ја исклучува таквата широка месна самоуправа која, при доброволното бранење на единството на државата од страна на „комуните" и областите, безусловно отстранува секаков бирократизам и секакво „командување" одозгора.

...„И така, единствена република — пишува Енгелс, развивајќи ги програмните погледи на марксизмот за државата — но не во смисла на сегашната француска република, која не претставува ништо повеќе од империјата без император, основана во 1798 година. Од 1792 до 1798 година секој француски департман, секоја општина ( Gemeinde ) се ползуваше со полна самоуправа по американски образец, и тоа мораме да го имаме и ние. Како треба да се организира самоуправата и како може да се мине без бирократијата, тоа ни го покажа и ни го докажа Америка и првата француска република, а сега уште ни го покажуваат Канада, Австралија и другите англиски колонии.

И таквата покраинска и општинска самоуправа е многу послободна установа одошто, на пример, швајцарскиот федерализам, каде што, навистина, кантонот е мошне независен во однос на бундот" (т.е. на федеративната држава како целина) „но исто така е независен и во однос на околијата (бециркот) и во однос на општината. Кантоналната влада ги поставува околиските началници (штатхалтерите) и префектите, кое воопшто го нема во земјите на англискиот јазик и кое ние кај нас во иднина мораме да го отстраниме исто така решително, како и пруските ландрати и регирунгсрати" (комесари, околиски началници, губернатори, воопшто чиновниците поставувани одозгора). Соодветно на тоа, Енгелс предлага да се формулира во програмата и точката за самоуправата на следниов начин: „Полна самоуправа во покраината" (губернијата и областа), „околијата и општината, што ја вршат чиновници избрани врз основа на општо избирачко право; укинување на сите месни и покраински власти што ги поставува државата". [67]

Во „Правда" (бр. 68 од 28 мај 1917 година), што ја забрани владата на Керенски и на другите социјалистички „министри", јас веќе имав случај да укажувам како во таа точка — се разбира, далеку не само во неа — нашите божем социјалистички претставници на божем револуционерната божем демократија извршија вопијушто отстапување од демократизмот. Поимливо е што луѓето, сврзани веќе во „коалиција" со империјалистичката буржоазија, си остануваа глуви спрема тие укажувања.

Крајно е важно да се одбележи дека Енгелс со фактите в рака, со најточен пример, ја побива многу распространетата — особено меѓу ситнобуржоаската демократија ~ предрасуда дека божем федеративната република значела бездруго повеќе слобода одошто централистичката. Тоа не е точно. Фактите што ги приведува Енгелс во поглед на централистичката француска република од 1792 до 1798 година и на федералистичката швајцарска република го побиваат тоа. Повеќе слобода давала навистина демократската централистичка република одошто федералистичката. Или поинаку кажано: најголема месна, обласна и др. слобода што е позната во историјата има дадено централистичката, а не федеративната република.

На тој факт, како и воопшто на целото прашање за федеративната и централистичката република и за месната самоуправа, во нашата партиска пропаганда и агитација му се обрнуваше и му се обрнува недоволно внимание.

5. ПРЕДГОВОРОТ ОД 1891 ГОДИНА КОН „ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА“ НА МАРКС

Во предговорот кон третото издание на „Граѓанската војна во Франција" — тој предговор е датиран со 28 март 1891 година, и отпрвин беше напечатен во списанието „ Neue Zeit " — Енгелс, редум со интересните попатни забелешки по прашањата сврзани со односот кон државата, дава извонредно релјефно резиме на поуките од Комуната. [68] Тоа резиме, продлабочено со сето искуство на дваесетгодишниот период што го одделуваше авторот од Комуната, и особено управено против, распространетата во Германија, „суверена вера во државата", може со право да биде означено како последен збор на марксизмот по прашањето што го разгледуваме.

Во Франција — одбележува Енгелс — по секоја револуција работниците беа вооружени; „поради тоа за буржуите, кои се наоѓаа на државното кормило, првата заповед беше разоружувањето на работниците.

Оттука, по секоја револуција што ја извојувале работниците — нова борба, која се свршува со пораз на работниците" .. . [69]

Билансот на искуството од буржоаските револуции колку е краток толку е и експресивен. Суштината на работата — меѓу другото и по прашањето за државата (има ли оружје угнетената класа?) — овде е фатена извонредно. Токму таа суштина најчесто и ја заобиколуваат како професорите, кои се наоѓаат под влијание на буржоаската идеологија, така и ситнобуржоаските демократи. Во руската револуција од 1917 година на „меншевикот", на „божем-марксистот" Церетели му се падна честа (кавењаковската чест) да ја издрдори таа тајна на буржоаските револуции. Во својот „историски" говор од 9 јуни Церетели се испушти да каже дека буржоазијата решила да ги разоружа петроградските работници, претставувајќи го, се разбира, тоа решение и како своја и како „државна" потреба воопшто! [70]

Историскиот говор на Церетели од 9 јуни ќе биде сигурно за секој историчар на револуцијата од 1917 година една од најочигледните илустрации за тоа како блокот на есерите и меншевиците, предводен од господин Церетели, преминал на страната на буржоазијата против револуционерниот пролетаријат.

Другата попатна забелешка на Енгелс, исто така сврзана со прашањето за државата, се однесува на религијата. Познато е дека германската социјалдемократија според тоа колку згниваше, станувајќи се повеќе опортунистичка, се почесто и почесто се пушташе до филистерското искривување на прочуената формула: „Религијата се објавува за приватна. работа". А имено: таа формула се толкуваше така како да е и за партијата на револуционерниот пролетаријат прашањето за религијата приватна работа!! Против тоа полно предавство на револуционерната програма на пролетаријатот и стана Енгелс, кој во 1891 година ги гледаше само најслабите никулци на опортунизмот во својата партија и кој поради тоа се изразуваше крајно претпазливо:

„Бидејќи во Комуната седеа речиси само работници или признати претставници на работниците, и нејзините одлуки имаа изразито пролетерски карактер. Или тие одлуки декретираа такви реформи од кои републиканската буржоазија се откажа само поради подлата плашливост, а кои ја составуваат неопходната основа за слободната дејност на работничката класа. Такво беше и спроведувањето на принципот дека религијата во однос на државата е чисто приватна работа. Или Комуната издаваше одлуки што непосредно беа во интерес на работничката класа и кои делум длабоко засегаа во стариот општествен поредок". [71]

Енгелс намерно ги подвлекол зборовите: „во однос на државата", управувајќи го ударот направо против германскиот опортунизам, кој објавуваше дека религијата е приватна работа во однос на партијата и на таков начин ја снижуваше партијата на револуционерниот пролетаријат до нивото на најбаналното „слободоумно" еснафство, кое е готово да дозволи бесконфесионална состојба, но кое се одрекува од задачата на партиската борба против религиозниот опиум што го заглупува народот.

Идниот историчар на германската социјалдемократија што ќе ги иследува причините на нејзиниот срамен крах во 1914 година, ќе најде не малку интересен материјал по тоа прашање, започнувајќи од заобиколните изјави во статиите на идејниот водач на партијата, Кауцки, што ја отвораат широко вратата за опортунизмот, и завршувајќи со односот на партијата кон „ Los-von-Kirche-Bewegung " (движење за одделување од црквата) во 1913 година. [72]

Но да видиме сега како Енгелс дваесет години по Комуната ги резимира нејзините поуки за борбениот пролетаријат.

Еве кои поуки ги истакнува Енгелс на прв план:

„Токму таа угнетувачка сила на понапрежната централизирана влада, војската, политичката полиција, бирократијата што ја создаде Наполеон во 1798 година и што оттогаш секоја нова влада ја преземаше како пожелно орудие и ја искористуваше против своите противници, токму таа сила требаше да падне насекаде во Франција, како што беше паднала веќе во Париз.

Комуната требаше уште од самиот почеток да признае дека работничката класа, застанувајќи на власт, не може понатаму да се служи со старата државна машина; дека работничката класа, за да не ја изгуби одново својата тукушто извојувана власт, мора, од една страна, да ја отстрани целата стара машина за угнетување, која дотогаш била употребувана против неа, а од друга страна, мора да се обезбеди себеси против своите сопствени пратеници и чиновници, прогласувајќи ги сите, без никаков исклучок за отповикливи во секое време" ... [73]

Енгелс постојано подвлекува дека не само во монархијата, туку и во демократската република државата си останува држава, т.е. ја задржува својата главна карактеристична црта: да ги претворува државните службеници, „слугите на општеството", неговите органи во господари над него.

... „Против тоа, во сите досегашни држави неизбежно претворување на државата и на државните органи од слуги на општеството во господари над општеството, Комуната примени две беспогрешни средства. Прво, таа на сите места, во управата, во судството, во народната просвета, поставуваше лица избрани со општо избирачко право, и при тоа го воведе правото тие лица да можат во секое време да бидат отповикани по решение на нивните избирачи. И второ, таа за сите служби, високи и ниски, плаќаше само толкава плата колкава што примаа и другите работници. Највисоката плата што Комуната воопшто ја плаќаше беше 6.000 франка.[f3] Со тоа беше создадена сигурна брана против трчањето за места и против кариеризмот, дури и независно од врзаните мандати на пратениците во претставничките тела, кои одозгора на тоа Комуната ги воведе" .. . [75]

Енгелс овде се приближува кон онаа интересна граница каде што доследната демократија, од една страна, се претворува во социјализам, а од друга страна, каде што таа бара социјализам. Зашто за уништувањето на државата е неопходно претворувањето на функциите на државната служба во .такви прости операции на контрола и евиденција што се достапни и разбирливи за огромното мнозинство од населението, а потоа и за целото население без исклучок. А полното отстранување на кариеризмот бара „почесното" место во државната служба, макар и да не донесува приходи, да не може да послужи како мовче за прескокање на високо-доходни должности во банките и акционерските друштва, како што тоа постојано се случува во сите, па и во најслободните капиталистички земји.

Но Енгелс не ја прави таа грешка што ја прават, на пример, некои марксисти по прашањето за правото на нациите на самоопределба: при капитализмот, велат тие, тоа е невозможно, а при социјализмот е излишно. Слично, божем остроумно, а навистина погрешно мислење би можело да се повтори за секоја демократска установа, па и за скромната плата на чиновниците, зашто до крај доследен демократизам при капитализмот е невозможен, а при социјализмот ќе одумре секоја демократија.

Тоа е софизам, сличен на онаа стара шега: дали човекот почнува да ќелави ако загуби едно влакно?

Развивањето на демократијата до крај, наоѓањето на формите на тоа развивање, нивното проверување на практика итн. — сето тоа е една од составните задачи на борбата за социјална револуција. Земен одделно, никаков демократизам нема да даде социјализам, но во животот демократизмот никогаш нема да биде „земен одделно", но ќе биде „земен заедно", ќе влијае и на економиката, ќе ја поттикнува нејзината преобразба, ќе биде под влијанието на економскиот развиток итн. Таква е дијалектиката на живата историја.

Енгелс продолжува:

... „Тоа разбирање (Sprengung) на старата државна власт и нејзиното заменување со нова, навистина демократска, е подробно опишано во третиот дел на „Граѓанската војна". Но беше потребно овде уште еднаш да се задржиме на некои црти на тоа заменување, зашто токму в o Германија суеверната вера во државата премина од филозофијата во општата свест на буржоазијата, па дури и на многумина работници. Според учењето на филозофите, државата е ,,остварување на идејата", или, преведено на филозофски јазик, царство божјо на земјата, област во која се остварува или треба да се оствари вечната вистина и правда. А оттука произлегува суеверната почит спрема државата и спрема сето она што е во врска со државата, суеверна почит која толку полесно се закоренува што луѓето уште од детинство навикнуваат на мислата дека работите и интересите, заеднички на целото општество, не можат поинаку да се вршат и да се чуваат, освен на преѓешниот начин, т.е. со помошта на државата и нејзините чиновници, наградени со доходни места. Луѓето си вообразуваат дека прават необично голем чекор напред, ако се ослободат од верата во наследната монархија, и ако станат приврзаници на демократската република. А всушност државата не е ништо друго освен машина за угнетување на една класа од друга, и тоа во демократската република ништо помалку одошто во монархијата. И во најдобриот случај државата е зло што пролетаријатот, откако веќе одржал победа во борбата за своето класно владеење, го наследува; пролетаријатот што веќе победил, исто така како и Комуната, ќе мора веднаш да ги отсече најлошите страни на тоа зло, додека новото поколение, израснато во новите, слободни општествени услови, не ќе биде во состојба да ја отфрли целата таа старудија на државноста". [76]

Енгелс ги предупредуваше Германците, по случај заменувањето на монархијата со република, да не ги забораваат принципите на социјализмот по прашањето за државата. Неговите предупредувања звучат сега како директна лекција за господата Церетелиевци и Черновци, кои во својата „коалициона" практика пројавија суеверна вера во државата и суеверна почит спрема неа!

Уште две забелешки. 1) Ако Енгелс вели дека при демократската република, „ништо не помалку' одошто при монархијата, државата си останува „машина за угнетување на една класа од друга", тоа никако не значи дека за пролетаријатот е безразлично каква е формата на угнетувањето, како што „учат" некои анархисти. Пошироката, послободна, поотворена форма на класната борба и на класното угнетување му дава на пролетаријатот огромно олеснение во борбата за уништување на класите воопшто:

2) Зошто дури новото поколение ќе биде во состојба сосем да ја отфрли целата таа старудија на државноста, — тоа прашање е сврзано со прашањето за надраснување на демократијата, на кое ние и преминуваме.

6. ЕНГЕЛС ЗА НАДРАСНУВАЊЕТО НА ДЕМОКРАТИЈАТА

На Енгелс му се даде случај да се искаже по тоа во врска со прашањето за научната неточност на името „социјалдемократ".

Во предговорот кон изданието на своите статии од 1870-те години на разни теми, предимно со „интернационална" содржина („ Internacionales aus dem Volkstaat ") — предговор, датиран со 3 јануари 1894 година, т.е. напишан година и пол пред смртта на Енгелс, тој пишуваше дека во сите статии се употребува зборот „комунист" , а не „социјалдемократ", зашто тогаш социјалдемократи се викаа прудонистите во Франција или ласалијанците во Германија. [77]

... „Поради тоа, за Маркс и за мене — продолжува Енгелс — беше апсолутно невозможно да употребуваме за обележување на нашето посебно гледиште толку растеглив израз. Во денешно време работата стои поинаку, и тој збор" („социјалдемократ") „може некако и да мине (mag passieren), иако тој си останува неточен (unpassend , негоден) за таква партија чија економска програма не е просто социјалистичка воопшто, но направо комунистичка, за партија чија крајна политичка цел е надраснувањето на целата држава, па, значи и на демократијата. Меѓутоа, имињата на вистинските (подвлеченото е на Енгелс) политички партии никогаш не им одговарале наполно; партијата се развива, името си останува". [78]

Дијалектичарот Енгелс си останува и во последните денови од својот живот верен на дијалектиката. Маркс и јас, вели тој, имавме прекрасно, научно точно име на партијата, но немаше вистинска, т.е. масовна пролетерска партија. Сега (крајот на XIX век) има вистинска партија, но нејзиното име е научно неточно. Ништо, „може да мине", само нека партијата се развива, само нека научната неточност на нејзиното име не биде скриена од неа и нека не и пречи да се развива во точен правец!

Можеби некој шегаџија и нас, болшевиците, ќе почне по енгелсовски да не теши: ние имаме вистинска партија, таа се развива одлично, „може да мине" и тој бесмислен грозен збор „болшевик", кој не изразува апсолутно ништо освен онаа чисто случајна околност, што на бриселско-лондонскиот конгрес во 1903 година ние имавме мнозинство.[79] Можеби сега, кога јулските и августовските прогони на нашата партија од страна на републиканците и на „револуционерната" малограѓанска демократија го направија зборот „болшевик" така општонародно почитуван, кога тие прогони одбележаа освен тоа таков грамаден, историски чекор напред, што го направи нашата партија во својот вистински развиток, можеби и јас би се поколебал во својот априлски предлог за изменување на името на нашата партија. Можеби јас би им предложил на своите другари „компромис": да се наречеме комунистичка партија, а во загради да го оставиме зборот болшевици...

Но прашањето за името на партијата е неспоредливо помалку важно од прашањето за односот на револуционерниот пролетаријат спрема државата.

Во обичните расудувања за државата постојано се прави грешката за која овде Енгелс предупредува и што ние патем ја одбележавме во претходното излагање. А имено: постојано забораваат дека уништувањето на државата е исто така и уништување на демократијата.

На прв поглед таквото тврдење изгледа крајно чудно и непоимливо; некој можеби дури и ќе почне да се потплашува да не го очекуваме ние доаѓањето на такво општествено устројство ва кое нема да се почитува принципот на потчинувањето на малцинството под мнозинството, зашто демократијата е имено признавање на тој принцип.

Не. Демократијата не е идентична со потчинувањето на малцинството под мнозинството. Демократијата е држава што го признава потчинувањето на малцинството под мнозинството, т.е. организација за систематска насилба на една класа над друга, на еден дел од населението над друг.

Ние си го поставуваме како своја крајна цел уништувањето на државата, т.е. на секоја организирана и систематска насилба, на секоја насилба над луѓето воопшто. Ние не го чекаме доаѓањето на таков општествен поредок кога нема да се почитува принципот на потчинувањето на малцинството под мнозинството. Но, стремејќи се кон социјализам, ние сме уверени дека тој ќе прераснува во комунизам, а во врска со тоа ќе исчезнува и секоја потреба за насилба над луѓето воопшто, за потчинување на еден човек од друг, на еден дел од населението од друг негов дел, зашто луѓето ќе свикнат да ги почитуваат без насилба и без потчинување елементарните услови на општествениот живот.

За да го истакне тој елемент на навикот, Енгелс говори за новото поколение „израснато во новите, слободни општествени услови, кое ќе биде во состојба сосем да ја отфрли целата таа старудија на државноста [80] — на секаква државност, па и на демократско-републиканската државност.

За објаснување на ова прашање, треба да се анализира прашањето за економските основи на одумирањето на државата.


Gemeinwesen = Заедница. — Ред.

вопијушто = (русизам) забележливо - уредник (назад)

Номинално тоа изнесува 2.400 рубли, а по сегашниот курс околу 6.000 рубли. Сосем непростливо постапуваат оние болшевици што предлагаат, на пример, во градските думи плата од 9.000 рубли, а не предлагаат да се воведе во целата држава максимум од 6.000 рубли — сума што е доволна [74] назад


Следно

Содржина

Ленинова архива