Кога ќе влезеш во затворот, отаде четирите врати, во неговата празнина и во неговата срцевина, две скали водат од дното кон катот: левата железна се крева над карцерите, а десната железна над ќелијата бр. 15. Скалите јачат под чекорите како усвитено железо под ладна вода, но чекорот на надзорникот се разликува од чекорот на затвореникот: едниот чекори на своја земја, другиот чекори кон своето небо. Воздухот е ист, отруен од здивот на осудениците, стаорците и стениците.
Затворениците, осудени на смрт, уште истиот ден, на 9 мај, веднаш по судењето во касарната, ги сместуваат во ќелијата бр. 15, ќелија на смртта. Со прангите на нозе и парталите в раце, смртниците влегуваат долго низ влезната врата, колку тесна толку и длабока меѓу дебелите ѕидови, можеби и темели на камената затворска зграда. Осудениците на катот, политички и криминални, на временски казни и доживотна робија, не можат ни да наѕират низ пукнатините на своите ќелии. Тишината ја држат во ред поткованите чекори на стражарите, додека ѕвонот на прангите се прибира меѓу нозете како удрен смок.
Ќелијата бр. 15 е долга колку и широка, пет на пет метри, а уште повисока; со висок прозорец десно од влезот, човек врз човек да се качи па да се добере до решетките како зглобови, зад кои веројатно нема да види ништо друго освен пак затвор. Таванот е жолт, не од расцутен смил туку од истурена моч на малолетничката соба. Среде ќелијата, под ламбата без гајтан на високиот таван, груба дрвена маса со ногари прицврстени за подот, долга колку испружен човек, а од двете страни по една дрвена клупа за бдеење. Покрај ѕидовите железни кревети од воен отпад, со дупнати мадраци и скинати сламарици, полни вошки и тавтабити. Зад влезната врата железната кибла, наутро преполна и секогаш смрдлива.
Навидум, тоа е сè што се гледа, кога ќе се влезе во ќелијата на смртта. Тоа, и уште еден прозорец, спроти влезот, помал но исто висок, затворен набрзина со шперплоча, како што се врзува марама преку очи. Само по слух, кој стрпливо составува стварна слика, затворениците можат да откријат што се наоѓа зад него. Несомнено, тоа е задниот дел од затворскиот двор: магазини со тешки врати и 'рѓосани лостови, работилници со најпознатиот глас на ковачницата, кујната со мирисот на чадот пред мирисот на готвеното и местото за бесилка со песокта под него. Сепак, при сета прокоба, закованиот прозорец осудениците на смрт го употребуваат како остава, за храната што по некој од нив ја добива однадвор еднаш во месецот.
Додека преку двата се слуша, само низ едниот прозорец се гледа, ако се качиш на рамената од другарот. Тоа е предниот дел од затворскиот двор, оној каде што затворениците по двајца излегуваат на кратки прошетки според затворскиот ред, со економскиот влез на затворот и стражарската купола на ѕидот. За оној што гледа однадвор, меѓутоа, сиот затворски двор, кој се наоѓа зад четирите врати, од сите страни е обиколен со ќелии, со или без прозорци, полни со затвореници.
Кога стапнуваат во ќелијата бр. 15, седуммината штотуку осудени на смрт внатре наоѓаат веќе други шестмина, од кои петмината им се познати а шестиот не. Петмината се од Кумановскиот партизански одред: шеговитиот Благоја Думановски — Пецкалија, сериозниот Мими Мугрешански, високиот Боро Суџук, разговорливиот Чвор и молчаливиот Секирарски. А шестиот е Стојан Трајановиќ, монополски службеник на четириесет години, осуден на смрт уште од септември 1941 година како организатор на востанието во Врање и околијата, борец на партизанскиот одред од Кукавица.
Наспроти издолжените лица на новите смртници, лицата на старите се само собрани, како смалени, во суви тупаници. Од долго чекање на смртните пресуди, во нивните очи гори нестварниот оган на обновената надеж дека сепак ќе ги зачуваат главите на рамена.
Надзорникот Плочев, меѓутоа, со врската клучеви како со виснат камшик во рацете, им се обраќа еднакво на новодојдените како што ги потсетува и затекнатите. Кус, без врат, острижан до јазелот на темето, тој ги гледа осудениците надмено, како да е повисок за глава од нив, а очите му блескаат со темен сјај на потаен пијаница. Инаку, надзорникот Плочев, проверен кадар на кобуршкиот дворец, е доброволен помошник на затворскиот џелат Аврам, за што добива дополнителен паричен надомест од 500 лева на име ноќна работа, бидејќи има повеќечлено семејство во старите граници на бугарското царство.
— Додека не ви ја ставиме бесилката на врат, — ги врти тој клучевите околу прстот, како да мота бројаница, — дневно имате право на прошетка во дворот сè на сè 55 минути. Првата прошетка ја имате изутрина, со истурање на киблата. Втората напладне, по топлиот оброк. А третата навечер, во 19 часот, пред да заспиете како јагниња. Нели сте невини? Ништо не признавате! А ние со прошетки ве колвеме, по три прошетки на ден. Еј, каде го има тоа? За време на прошетката никој не смее: ни да ве поздрави, ни да ви прозбори, ни да ви се доближи, ни да ве погледне. Најмалку, пак, вие смеете тоа да го чините. Се разбравме ли? Бунтовници, бандити, шумкари, изедници, мрсници!...
Па, мавтајќи со врската клучеви како со кандило што не се разгорува, отстапува кон вратата и се брани со очите, зачуден што на вакви ѓаволи им се дава и толку. Во ќелијата на смртта остануваат тринаесетмината осуденици, на нозе со пранги и со раце во окови, додека вратата од железо се затвора меѓу нивните мирни и неговиот оѕверен поглед. Уште истиот ден, до вечерта, Самсон ја презема организацијата на животот во ќелијата, со договор меѓу осудениците затворската власт да не узнае за тоа. Самсон, имено, ја има врската не само со партијата туку и со литературата, па во едниот агол под подот веднаш приспособува скривница, во која ги става „Прашањата на ленинизмот“ препишани на рака и Прирачникот за учење на есперанто. Пресудата на смрт, според него, не значи и смрт за комунистот, па затоа тој до својот крај треба не само да се надева туку и да се подготвува. Да се подготвува за нови битки, зашто многу битки претстојат до конечната победа, која нема да дојде со предавство пред смртта, ами со верба во животот.
Васил Антевски, кому му одговора колку подготовката за битки толку и вербата во животот, го следи Самсона како што се оди по сопствениот ученик. Секој учител треба да претпостави дека еден од неговите ученици ќе го надмине, треба само да се уочи тој и да се има смелост да се појде со него. Тука нема, и не може да има грешка, ако настојувањата се поклопат до таа мера што стануваат исти колку и да се различни силите за чекор и здив.
Дрен, независно од Самсон, тврди пред другарите од ќелијата, пред осудениците на смрт, дека не треба да се верува оти фашистите ќе се осмелат да ги извршат пресудите и дека окупаторот, како и секој класен непријател, не ќе посмее со нив сосема да расчисти, зашто со тоа уште повеќе ќе го сврти народот против себе. Заради тоа тврдење, што го повторува вртејќи се околу масата, Васила Антевски го наречуваат „Теоретичар“. Но Дрен, поради тоа, не им се лути на другарите, сите осудени на смрт а секој со своја надеж во животот.
Инаку, кога некој подолго ќе се рашета околу масата без да зборува, вртејќи се во круг и плетејќи се во него, тоа за другите е знак дека толку се предал на себеси што западнал во криза: мислата го обзема, може да шекне.
Тогаш треба, на конец како со месечар, да му се фати погледот и да се извлече од кругот, па одмотувајќи го од невидливата мрежа да се врати во стварноста на тврдиот мадрац. Вода нема да се плисне по лицето; единствената чешма што ја гледаат затворениците е во дворот, каде што шеташ околу неа како пес околу коска по 55 минути во 24 часа.
Ако, се разбира, не си казнет. Во тој случај, од ќелијата на смртта, те враќаат во еден од карцерите под другите скали. Со тоа што, во меѓувреме, те носат во ковачницата во дворот, каде што ковачот, немајќи душа да те погледа в лице, со чеканот повеќе удира по живо месо одошто во пресното железо околу него. Така, со по 25 килограми на двете нозе, а уште и со прангија на вратот која не те остава да се исправиш, одиш во карцерот каде што и така не можеш да се движиш. Треба да бидеш среќен, ако додека лежиш во карцерот, каде што не можеш да ги спружиш ни нозете, не ти влета цела глутница стражари и надгледници да те толчат под петици како стонога, што управата на затворот го смета како мерка за враќање на паметот кај казнетиот.
Во нормални услови, во ќелијата на смртта, дневно добиваш по половина пченкарен леб и чинија посна чорба. Чорбата, иако ладна, веднаш се срка, а лебот се џвака целиот ден, со тоа што ноќе се клава и за перница: едно да омекне, друго да те заштити, меѓу дланката и слепоочникот, од животинките во сламарицата. Понекогаш, во некоја чинија, ќе се падне месо: коска од коњска вилица со два до три ретки а жолти заба.
Пецкалија, штом ќе стане наутро, се испразнува во киблата и го удира пченкарникот од маса:
— Ајде, другари: да џвакаме лепешка, да правиме гомна!
Кога некој ќе му забележи дека е груб, Пецкалија трепка со очите и ја истресува својата материјалистичка теорија:
— Па, што? Што е човекот? Уништувач на храна и производител на гомна. Да видам дали некој ќе го потврди спротивното. Не зборуваме за идеите, зборуваме за цревата. Да се разбереме.
Затворскиот ред дозволува еднаш месечно да се добива храна, да се прати или да се прими писмо, како и да се има средба со блиските преку решетка уште подебела од онаа на прозорецот. Кога некој има најавено виѓавање, ноќта ја прележува по гаќи: ги пегла, на постелата, панталоните под себе. А кога ќе се врати од средбата, прво храната се отвора до најмалото делче зашто може да носи некоја скриена порака, а потоа се средува според рокот на траењето и се складира зад шперплочата од затворениот прозорец. Договор е сè што се прима однадвор да се дели на сите подеднакво, уште повеќе што не се знае дали тоа доаѓа од устата на домашните или од народната помош. Кога ќе добијат по еден залак од таа храна, што им мириса на детство, на празник, на слобода, Дрен го буцка Пецкалија:
— Благоја, ајде! Кажи нешто, кажи што имаш да кажеш.
Но Пецкалија не ја применува својата теорија на оваа храна. Само примижува од задоволство, а другарите му се благодарни што ги остава и нив на мира да си го доџвакаат залакот, тој лек под јазикот; што се топи по жилите како заборавена медовина и ги обојува сликите пред очите со сончевина. Еден свет, фрлен преку рамо како камен, се шири пред нив за миг, како предел што постои, како предел од сон, како предел што ќе се обистини, со познати мириси и непознати бои, со допрени треви и недопрени угари, со стапнати угорници и нестапнати рамници, во кој тие влегуваат со товарот на лошото зад себе и со облакот на добрината пред челото. И никој не се прашува како тоа еден единствен залак може да отвори таков и толкав свет.
Мацан, еден од најмладите, бара да се искачи до прозорецот: не верува дека од него може да се види само затворскиот двор со стражарските куполи и само истото небо над сивиот ѕид. Мацан сака да го види Водно, Скопска Црна Гора, Шара. Цел живот, освен во партизанскиот одред, не излегол од Скопје. Што има зад Водно? Кој е врвот на Скопска Црна Гора, тоа цедило врз лебот на земјата? Има ли, и сега, снег на Шара? Каде се тие простори, што ги чешале табаните на младоста додека погледот истрчувал пред нив како руда пред улар? Каде се тие неизодени простори на борбата, каде се тие неосвоени простори на слободата? Како да умреш, а да бидеш роден во Скопје и да не видиш што има зад Водно?
Ништо, од сето тоа, не му е сфатливо на Мацан: само прашања, без одговори. Дури ни постарите, не само за него, туку и за себе немаат одговор. Тие ја имаат предноста што не мораат ни да си поставуваат прашања. Подобро е да не си поставуваш прашање кога немаш одговор, а најдобро е да не си поставуваш прашања и кога ги знаеш одговорите. Но, што да правиш кога имаш само прашања? И кој, освен врвовите на планините, ги крие одговорите?
Никој не знае што кријат врвовите на планините, но секој знае што носи вечерта во затворот. Кога, врз мракот на ќелијата, паѓа и ноќта на небото; и кога, покрај студот од ѕидовите на затворот, градите ги стега мразот на светот во војна. Ако си осуден на смрт, секоја вечер можат да те земат и да те однесат, не само да не ја видиш следната вечер како се спушта над затворот туку и да не ја дочекаш зората додека го открива дворот не мислејќи на ќелиите. Сите знаат дека бесењата се вршат ноќе: затворениците имаат врзани усти, а надзорниците дрогирани очи.
Првиот знак осудениците од ќелијата бр. 15 не го добиваат од гракањето на црн гавран на гола гранка, туку од брчењето на цистерната од градската чистота. Ноќ, а понекогаш и две, пред секое бесење, затворската управа ја добива цистерната од градската чистота и ја пушта да работи со расклопаниот мотор по цела ноќ, симулирајќи празнење на затворските ѓеризи. Јасно: дури наредната, последна ноќ, моторот на цистерната треба да ја заглуши вревата од церемонијата на бесењето.
Сите знаат, макар што малкумина имаат видено, во кој магазин се чува подвижната бесилка. Вратата од тој магазин, дрвена и еднокрилна, има заковано прозорче со шпер-плоча, исто како челниот отвор во ќелијата бр. 15. Може и, тие два ослепени прозорци, да се наоѓаат точно еден спроти друг, што би прилегало на магазинот со бесилката и на ќелијата на смртта.
Местото, пак, каде што се поставува подвижната бесилка е спроти затворската кујна. Низ нејзината врата, која има исто такво прозорче но без шпер-плоча, главниот готвач Милован Ивановиќ, ако е доволно љубопитен за затворскиот живот и доволно лежерен за затворската вечера, може да забележи дел од припремите за бесење. Не, навистина, изнесувањето на бесилката од магазинот, но затоа, секако постилањето на песокта под нејзиното место. Зашто, подготовките за бесење, обично, почнуваат уште попладне, кога сонцето нема друго освен да заоѓа во затворскиот двор.
Тогаш, додека ја разгодува танката вечера, готвачот стасува со истурањето на храната во плитките чинии да ги дотури и зборовите како ретки дробенки:
— Распослаа песок!
Во исклучителни случаи, кога џелатот Аврам лично не го знае осуденикот на смрт, уште пред готвачот тој се појавува во ќелијата и бара да ја види својата вечерашна жртва. Аврам, за разлика од другите професионалци, пројавува извесен хуманизам со тоа што претходно сака в очи да се погледне со смртникот. Само го погледнува, значи, и без збор си заминува, колку да знае со што човек ќе си има работа. Зашто Аврам во очите на човека го одмерува крајот на неговата душа.
Потоа, откако предзнакот на смртта ќе се вдлаби на челата како невидлив крст, никој нема желба да вкуси од вечерата. Чорбата се лади, ноќта паѓа, ѕидовите здиваат на утробата од земјата, а устите се запечатени во молк и прстите само збираат трошки тутун за догорче заборав. Сите знаат дека ноќта ќе има бесење, а никој не оддава кој ќе биде тој. Осуденикот на смрт, предречен за бесење, сам треба да се препознае меѓу другите.
Понекогаш, кога не сака да игра со картата на изненадата докрај, затворската власт по прозивката на џелатот го пушта во ќелијата секторскиот надзорник. Овој повторно го прозива осуденикот, па сосе парталите го преселува во еден од карцерите под другите скали. Никому, па ни на осуденикот, не му се кажува причината на карцирањето, освен што сите, заедно со него, веќе знаат дека во дворот се крева сувиот скелет на црната бесилка.
Тогаш, обично, почнува и брчењето на моторот од цистерната, што ќе бучи во главите и ќе ѕуни во ушите сè до полноќ, па и по неа. За тоа време, присутните официози на смртната казна ги обесуваат своите црни костуми и со пребледени лица стапнуваат на сувата песок. Тоа се: затворскиот свештеник, јавниот прокурор, директорот на затворот, џелатот Аврам и неговиот помошник Плочев. Осуденикот, врзан со црна крпа преку очите и устата, го влечкаат преку дворот двајца надзорници. Ни цистерната, ни песокта, ни крпата не се потребни да е осуденикот јагне а не човек. Но, осуденикот е човек, кој ништо не видел од животот а сакал да го има целиот свет, па се опира и бара да каже нешто. Законите на државата, меѓутоа, како и луѓето на законот, сметат дека тој нема право повеќе ни на отпор ни на збор. Па го убиваат уште во дворот, не само пред да го виснат на бесилката туку и пред да стапнат на песокта.
Кога снагата а не душата на осуденикот ќе се смири под јажето, што се сука под смртната пот како лен во локва, присутните лица на државната власт се враќаат по трагите на крвта низ дворот, за да се ослободат од црните костуми во осветлените канцеларии и да се зафатат со прекинатата партија покер покрај начнатото шише запленет коњак. Аврам и Плочев го симнуваат смртникот од јажето, а надзорниците ја демонтираат бесилката пред да ја приберат во магазинот со другите затворски реквизити. Потоа, низ економскиот влез, се пушта во дворот ѓубреџиската кола, во која се уфрлува телото на обесениот како отруено куче во шинтерска мрежа. Моторот на цистерната престанува да работи и во настанатата тишина се слушаат само тркалата на ѓубреџиската кола како се оддалечуваат уситнети по крупниот плочник. Тој крцкот на тркалата, со топотот на копитата, се губи од затворскиот двор и заоѓа зад ридот на Калето, удолу кон градот и реката, каде што некаде по песочните брегови на Вардар телото на обесениот ќе биде затрупано меѓу грмушките како улична мрша на пцовисан пес.
Останува уште, штом ќе се обдени, да се смете во дворот, на видело, песокта со сите грутки крв. Додека наоколу, од затворските ќелии, бдеат во темнината, од вечерта до утрото, очите на осудениците, како ископани фрески. Со прашањето на устите, што ќе се искорне не во артикулиран збор туку во раскрвавено месо: кога ќе дојде редот и на мене?
Таа слика на бесилката, составена не од нејзините исечоци — зашто ништо и не им е дадено да видат — туку од шумовите на бесењето, што продираат низ шпер-плочата на закованиот прозорец, ги тера осудениците од ќелијата на смртта да дочекуваат секоја таква ноќ како со нож под грло. Но, таа слика, исто така, ги тера, барем во мислите, да се обидат во нешто, што да ги оттргне од немоќта, во која се гледаат кога секоја вечер, со заоѓањето на сонцето, над затворот се спушта сеништето на бесилката.
Тоа е, се разбира, мислата за бегство.
Замислата за бегство се раѓа прво во главите на најмладите од ќелијата на смртта. Тоа се случува во почетокот на летото, кога штурците начнуваат да ги стружат сè покртите стебла на кратките ноќи, а низ ноќните шумови, освен на шумовите од подготовките за бесење, се причинува дека продира до каменот на затворот мекиот мрмор од брановите на Вардар, што умее со благ скокот да го крева од сон босиот табан. Текот на реката, преку слухот на слепилото, се претвора во убод од допир, што ги отвора очите во ноќта, па човек продолжува да си го сонува сонот и дење.
Освен што ноќе прилегаат на февруарски мачори, со светлечки погледи во мракот и здрвени опашки во предење, младите дење сè почесто вртат кругови околу масата во смени, длабејќи ја својата мисла низ јазлите на дрвото. Додека, најпосле, не се решаваат да седнат на масата и да удрат со тупаница по дрвото, изнесувајќи ја пред постарите замислата за бегство. Нивната замисла за бегство, всушност, е само гола идеја да се избега од затворот, со помош од надвор. Постарите горко се насмевнуваат, како на идеја стара откога постои веројатно и затворот а неостварлива и покрај сите искуства на претходниците по судбина, но сепак потпрашуваат распалувајќи слаб оган од нивните зборови во своите погледи: како, кога, каде, кој?
По усилено размислување неколку дена од сите, осудениците од ќелијата на смртта доаѓаат до заеднички заклучок дека: прво, имаат право на размисла за своето ослободување; второ, дека таа размисла треба добро да се разработи во конкретен план; и, трето, дека мора да се изнесе како предлог пред организацијата во затворот и надвор од него, зашто како осуденици на смрт тие не се само нејзин составен дел туку и нејзина мртва стража. Скротен од поискусните, копнежот за бегство сега се стуткува во топка како апче што може да се сокрие под јазик но кое сега треба да се достави погоре.
А, „погоре“ во затворот е катот, каде што, освен карцираните и смртниците, се сите други, од временски казни до доживотна робија. Смртниците ги викаат „генерали“, поради тоа што тие располагаат со своите животи, иако не и со своите години. Меѓу „генералите“ е и партиското раководство во затворот, кое има врска со партиското раководство во градот. Но, за смртниците од ќелијата бр. 15, проблем е како да дојдат во врска и со партиското раководство на катот.
Главниот надгледник Станачков, некогашен фелдфебел од пруски ков, покрај сите војнички добродетели има и една касарнска мана: ја сака, без мера, хигиената. Неговите очи светнуваат единствено кога ќе го види дрвото истриено и жолто како смил. Тоа го потсетува на неговото село, каде што растат златни лејки, со кои, празни под мишка, можеш да се пуштиш по белиот свет, иако тој за хигиената има узнаено доста подоцна, одошто знаел за смилот. Од Станачков ништо не може да се добие преку ред, освен четка за триење.
Осудениците на смрт така добиваат од Станачков дозвола да ја исчистат ќелијата бр. 15. За тоа им треба час време, додека да излезат во дворот до чешмата и додека да го истријат дрвото во ќелијата. Под контрола на главниот надгледник, сите осуденици тоа и го прават едно попладне, кога околу чешмата уште се топи во локвите жолчката на сонцето како топла смола. Во тоа меѓувреме, во клозетот на дворот, Самсон успева да се сретне со Тикварот, од затворското раководство на катот, и да му го пренесе предлогот за бегство.
Иако е ова прва средба по судењето, меѓу смртниците под скалите и „генералите“ од катот, затворското партиско раководство е принципиелно, несентиментално и реално. Какво е тоа излишно изложување на опасност, какво е тоа инаетско пеење по процесот? Што се однесува до предлогот за бегство, тој ќе биде разгледан како од раководството во затворот така и од раководството во градот. И покрај сфатливата состојба во ќелијата под скалите, не треба да се губи надеж и време, во денгуба и апатија, туку треба да се учи и да се подготвува. Очигледно дека недостига литература, за што ќе се поведе грижа, па уште наредниот ден на определено место во клозетот таа ќе може да се подигне. А на одговорот од предлогот (за бегство, нели?) ќе треба да се почека, додека не се разгледа на соодветното, разбирливо најодговорно место.
Штиците во ќелијата не стануваат жолти како смил, но затоа пак лицата на осудениците се исциглуваат како пивтии. Еден ден, додека чекаат одговор од своето раководство, осудениците ги викаат кај раководството на затворот, и тоа партизаните од Куманово. Кога се враќаат, овие одвај ја додржуваат насмевката да не им ги расцепи образите а очите им се дрогирани како на надзорниците пред бесење. Едноставно, колку и грубо, не можат да сокријат дека се помилувани. Набрзина ги пакуваат своите пљачки, оставајќи по некоја ситница на смртниците: тоа нема да им треба, сега одат на катот, во собата бр. 6, кај оние на доживотна робија, таму владее поблаг режим, го нема слепиот прозорец кон дворот, ја нема опсесивната слика на бесилката. И, колку што помалку можат да ја воздржат радоста, толку помалку собираат сили да ги погледаат в очи другарите што остануваат. Виновни се пред нив, за една кутра среќа од дворско помилување на голиот живот.
Веднаш по нивното заминување, не оставајќи ја тишината да се збигори во скрка од самотија, во ќелијата на смртта влегува директорот на затворот. Марин Стојанов, лично, висок, стегнат, човек во најубавите години и со потполно самочувство за себеси. Навистина, придружуван од двајца помошници и од сите надгледници. Одмерувајќи ги останатите осуденици во ќелијата на смртта, како да ги брои или како да ги споредува со затворската картотека, тој изјавува дека дошол лично да се запознае со најголемите ѕверки во неговата установа и патем со интимност забележува дека само Стојан Трајановиќ и Васил Антевски можат да му бидат врсници. Сите други се млади, та зелени: зошто не ја искористат можноста да побараат милост од неговото величество, царот на сите Бугари, кој има уво за покајничките тонови на своите поданици? Еве пример со Кумановци: тие побараа прошка и веќе се на катот. Треба, значи, само да се седне и да се напише писмо, со врат наведнат меѓу рамената и прсти собрани за молитва, па кога од дворската канцеларија ќе стигне одговорот во затворската дирекција, сè ќе биде в ред: место да појдеш на бесилка доживотно, ќе си се качиш на кат доживотно. Проста работа, треба само да сфатиш кој е цар а кој говедар и евентуално да се замислиш себеси некој век порано.
Осудениците на смрт го гледаат бело, како тој час да онемеле од секавичен проблесок на животно откровение. Но никој, ни тој ни наредните денови, не мисли да го стопли задникот и да срочи прошка до царот. Дури ни Љубомир Лековиќ, командирот Горски, кој само не знае што да прави со себеси кога е сам а кога е со другарите дели сè со нив. Директорот Марин Стојанов сепак задоволен ја напушта ќелијата, верувајќи колку во своите зборови, на кои никој не му се спротивставува, уште повеќе на своите дела, што се постилаат зад него како песокта под бесилката: чисти пред прстите, крвави зад петиците.
Наредните денови, во замаецот на неизвесноста, осудениците од ќелијата бр. 15 го очекуваат одговорот на својот предлог за бегство. Во меѓувреме, се разбира, преку каналот во клозетот, доаѓа литературата што циркулира во политичкиот дел на затворот, се дискутира по нејзиното читање и се држат часови по есперанто, но очите на сите се счипчени за Самсон: кога, по враќањето од врската, ќе го каже одговорот на нивното прашање?
Одговорот од надвор, меѓутоа, доаѓа со едно „не“ и со неколку несомнени прашалници. Прво, предлогот за бегство е не само ризичен туку и сомнителен во однос на неговото остварување. Ако се оди на бегство на сите или повеќето политички затвореници, тоа секако брзо ќе биде откриено — било во текот било веднаш по изведување на акцијата, додека илегалата во градот тешко ќе може за така кратко време да го обезбеди ефикасното префрлување на толкав број затвореници во партизанските одреди. Ако, пак, се оди на бегство само на смртниците, односно на другарите осудени на смрт, тогаш може да се очекува, и во случај на успех како и во случај на неуспех, само ликвидирање на многу другари од политичките затвореници како мерка на одмазда. Значи, предлогот се отфрла и останува да се чека. Раководството, и она надвор во градот и ова внатре во затворот, препорачува вооружување со стрпливост и верување во иднината: при првата промена на објективните околности, што ќе ја овозможи субјективната акција, предлогот за бегство ќе биде актуелизиран од гледиштето на неговата опортуност и изводливост.
Тоа е така за разумот, но дали и за чувствата? Тоа е така од надвор, но дали и од внатре? За оние надвор тоа е чекање на погодна можност, но за овие внатре тоа е чекање на смртната пресуда. А нејзиното извршување може да дојде секоја полноќ, како што сонцето може секоја вечер да зајде и утредента повеќе да не изгрее. И, во што да се надеваш, кога не си се наведнал да молиш за прошка и кога другарите не ти подаваат рака на поддршка?
Ќелијата на смртта, и овој пат, премолчено се поделува: едни се да се послуша директивата озгора, други се да се појде по своја рака. Но, бидејќи очите на сите се свртени кон слободата, таа поделба не е исклучива и едните се трпеливи кон другите, при што оние што немаат замисла се приклонуваат кон оние што ја имаат. Во стварната неактивност, и знаците за живот на мислата значат нешто. Зошто, пак, осуденикот на смрт, да не мисли на својот живот? Кој тоа, која идеја и која идеологија, може да му го спречи? Уште повеќе, кога е во прашање вербата во светот што ја надживува смртта?
Така, осудениците од ќелијата бр. 15, доаѓаат до заклучок дека, ако не сакаат со скрстени раце да ја дочекаат пресудата на смрт, треба да се потпрат на сопствени сили во замислата за бегство. Тоа е сепак подобро, одошто да се предадат и да го чекаат својот спас како раѓање грозје на плачна врба. Мислата за слобода повеќе чини од мислата за умирачка, колку и првата да е далечна а втората тука. А објективните околности, сега за сега, и така и така, им ја гарантираат смртта, мислеле тие на неа или пак на слободата.
Со голи раце и волја за живот, осудениците на смрт седнуваат да сковаат план за ослободување. Осуммина, се делат во четири двојки. Секоја двојка, на четирите врати, има своја задача, како составна етапа во замислата за бегство. Првата двојка има задача кога се во дворот да го нападне стражарот и да го обезоружи. Втората има задача, во исто време или веднаш потоа, да ја пасивизира стражата кај втората врата. Третата двојка треба да го овозможи преминот низ просторот меѓу двете внатрешни врати, кој е отворен поради големите летни горештини. Четвртата, на припомош на сите, треба да изврши притисок на главната врата и заедно со другите двојки да се пробие надвор од затворот. Акцијата треба да се изведе за неполна минута, без многу шум и без ниеден истрел. Од оневозможените стражари да се одземе оружјето, што да послужи колку за излегување од затворот толку и за пробивање до одредот. На сите од ќелијата, освен на Стојана од Врање, добро им се познати тесните сокачиња на маалата преку Вардар и патиштата кон Скопска Црна Гора со нејзините врвици. Не мора ни час да се задржат во градот, ни да ја покреваат илегалата.
Договорен е дури и датумот на акцијата, алтернативно: 13, 14 или 15 август. Скопските горештини не знаат ни за ден ни за ноќ, како што усвитеното уво не распознава кога се сменува ѕунот на жегалците со ѕунот на штурците. Стоплен од сонцето, каменот не стасува да се олади од месечината, а устата е немоќно отворена како на насукан клен. Кога ќе прозбориш да замолиш за вода, устата уште повеќе се пали од врелиот јазик, додека дланките шуштат како лисја исушени до кртост. А стражарите, во униформи и под оружје, тешко се покреваат од потната дремка, како голуждрави пеленачиња по афионски полиња. За среќа, блузите на надгледниците се црни, па на нив не се познава ни потта ни прокобата.
Тогаш, во таа дрогирана состојба, предизвикана од температурата на воздухот повисока од температурата на телото, можат да се слушнат и вакви дијалози, изместени колку и блиски, меѓу затворениците и надзорниците:
— Голема горештина, господине надгледнику!
— Голема горештина, да!
— Да е сега човек на Вардар! Ех, што ладење ќе има!
— Да бевте луѓе, сега ќе се ладевте на Вардар!
— Луѓе сме, што сме друго?
— Луѓе сте, ама се капете во сопствената пот. И нас не терате да се вариме во истиот сос.
— Па што би работеле, да не сме ние? Се капете во пот, ама и си го вадите лебот! А ние? Ем се капеме во пот, ем стрепиме за животот. Ај, пушти не, да се изладиме на чешмата во дворот!
— Никако! Зар не ги знаете прописите? Ова е зандана, а не плажа!
— Знаеме, знаеме. Ама можеме заедно да се изладиме. Ајде, биди човек!
— Не можам. Секој момент може да дојде комисија.
— Каква комисија? По оваа горештина!
Комисија на Народното собрание. Од Софија, — сигурно. Проследуваат како се спроведува новиот закон за заштита на нацијата. Во условите на новоослободените предели, секако.
Така пропаѓа првиот од договорените денови за бегство, тринаесетти во месецот. Утредента, сигурни дека ќе го искористат, доаѓа друга комисија — не во конфекциски костуми од дрвесина, туку во бели болнички облеки. Тоа е обласна здравствена комисија, од еден лекар и дузина фелдшери, што се задржува во затворот речиси целиот ден. Затворениците, на кои поради тоа им е скратен излезот во дворот со чешмата, узнаваат дури на крајот дека во собата на шугавците некој приумрел и сега се сомнева на зараза во целиот затвор. По таков начин, пропаѓа и вториот ден од планираното бегство на осудениците во ќелијата бр. 15.
Третиот ден, денот на среќата, на 15 август, уште во рани утрини затропуваат остри удари во ќелијата на смртта. Со испотени јаки на вратовите и потечени подочници на образите, влегуваат неколкумина надгледници со безизразни погледи и свиснати врски клучеви на лабавите мевови, како изабени бројаници на отрпнати прсти. Тие, без да гледаат во заповедта, читаат четири имиња и веднаш ги издвојуваат од другите, оставајќи им толку време колку да си ги подигнат пљачките, ако им се спакувани за бегство или за бесилка.
Тоа се Самсон, Дрен, Мирко и Горски. Изненадени, осуммината осуденици се погледнуваат така разделени: едните се „за“, другите „против“ планираното бегство. Пак ли има предавство? Изделените се токму оние што беа воздржани во замислата за бегство, што треба сега ова да значи? Оние што не се прозвани, откако се уверуваат дека нема да бидат прочитани во дневната заповед на дојдените надзорници, виновно се погледнуваат меѓу себе во надеж дека можниот предавник не е ни меѓу нив. И тие, како и издвоените, се оптоварени со мислата на предавството — колку во сопствените редови, толку и во сопствената душа. Редовите се ретчат, а душата останува шатка.
Не обѕирајќи се на нивните оживеани погледи, што ги примаат како размена на пораки ако не како последни поздрави, надгледниците ги собираат четворицата од списокот и со нив пред своите крти клучеви и смалени црнки излегуваат од ќелијата. Додека да се свестат, осуммината осуденици остануваат разделени, без да разменат ни збор. Само кога вратата, тешка како плоча од гроб, се затвора во ќелијата, четворицата поштедени слушаат низ танката штица од закованиот прозорец како нивните другари ги изведуваат во дворот, како им наредуваат да ги остават алиштата до чешмата, како ги водат во ковачката работилница и како потоа, како добиток од поило, ги собираат со пранги на нозете околу чешмата, што не смеат да ја вкусат. Ни тие надвор, како ни тие внатре. А сите во затворот, од своите прозорци како од огромни кафези за ситни птици, освен останатите смртници од ќелијата бр. 15, гледаат како четворицата во дворот, кревајќи ги рацете во окови и веднејќи ги вратовите под нивната тежина, кимаат со главите во знак на заден поздрав и испраќаат испокинати зборови на јасни пораки, додека ударите на надгледниците се обидуваат да ги задушат како перници од песок. Сè додека излезната врата, а првиот влез на затворот, не ги голта во себе, како грло на животно со повеќе желудници.
Тоа утро, на 15 август 1942 година, четворицата осуденици на смрт, придружувани од десетина полицајци, минуваат низ својот град пеш, од затворот на Калето до Железничката станица. Не табаните туку прангите ја газат сега познатата калдрма од улиците на детството, додека длабоко долу под мостот, како болка под лажичка, истечува доцедената вода на Вардар изудрена од каменото дно.
Рибарите се веќе излезени кај брзаците, со завратени ногавици и кренати раце, со кои ги вденуваат на изабените јадици лизгавите напрстоци на живите црви. Питачите и семкарите ги заземаат своите места на мостот, едните подавајќи ги сакатите зглобови и празните тасови, а другите откривајќи ги долгите кошници од кои мириса на сол, пепел и керпич. Врз постаментите на спомениците, од кои се симнати патинираните фигури на кралевите врз коњи од едната туѓа држава, пред да се постават исти такви од следната, сивите гулаби ги влечат ниските задници фугирајќи го каменот со гипсот на изметот.
Метачите ги собираат тутките хартии и лисја, оставајќи ја правта меѓу камењата да ја згрутчи дождот во збрчканото лице на старата калдрма. Покрај улиците, под разгранетите дрвја, чираците ги прскаат тротоарите пред да ги изнесат масите, врз кои наскоро ќе замириса подгореното кафе, истурената мастика и запржената чорба. Меѓу лисјата на гранките, како ситна риба во густ прнар, врие џагорот на гладните врапци. И по некоја капка, крупна како џамлија, од кошницата на птиците, паѓа на земјата, навестувајќи реско невреме од ведро небо.
Сето тоа, впивајќи го во очите како слики од детство, редејќи го во свеста како камчиња од мозаик, го гледаат Периша Савелиќ, Васил Антевски, Чедомир Миленковиќ и Љубомир Лековиќ. Градот се буди, тие заминуваат а луѓето стануваат од зглавје и излегуваат во денот со здрвени прсти, слепени стомаци и гурелави очи, со кои одвај се распознаваат себеси а не пак светот. И нема никој да ги испрати со поглед што ќе ги запамети, додека тие ги влечат тешките пранги по ѕвонливата калдрма. И нема никој што ќе го поземе немиот поздрав од нивните погледи, кои поминуваат по сите тие нешта како врел допир на веќе ослепени јаготки од отрпнати прсти. Никој, а тие заминуваат.
Во посебен вагон, товарен, покриен, затворен, од оние за здивени домашни животни, а во придружба на десетината полицајци и триесетина војници кои не им даваат ни вода на попатните станици, четворицата осуденици на смрт стасуваат во Софија одвај по дваесет и четири часа. Сè уште во мугри, додека улиците не се разврчени од рамнодушни минувачи, ги префрлаат во Централниот затвор и ги сместуваат во една ќелија, откако претходно стражарите од двата затвора го вршат примопредавањето како пред спуштена баждарница на добиточен пазар.
Во Централниот софиски затвор веќе ги чека смртната пресуда со оригиналниот потпис на министерот на војната генерал Михов, кој уште на 28 јули го одобрува нејзиното извршување. Значи, нема што повеќе да се чека, освен да се извршат вообичаените подготовки. И, за два дена, од 16 август кога пристигнуваат во Софија до 18 август кога ги прозиваат во ќелијата, како да се префрлени само за тоа, четворицата осуденици ги изведуваат на бесилка.
Ноќ е, прва и последна, непозната ноќ во непознат град и непозната земја. Црните ѕидови на затворските згради го стеснуваат и го оддалечуваат небото, што се смалува до мониста во окото, како да си во бунар на кој му нема дно. На дно од бунар си, но на почеток од жедта. На дно од светот си, но на почетокот од животот. И, макар што од никаде нема глас во кој можеш да се препознаеш, ноќта се вслушнува во секој твој шум — барем таа да те запамети со својата тишина, ако не човекот со својата неправда.
Периша Савелиќ, Васил Антевски, Чедомир Миленковиќ и Љубомир Лековиќ се начисто што значи тоа изнесување во затворскиот двор среде полноќ. Спокојно, како веќе да го доживеале висењето на бесилката, искуството на смртта, тие тргнуваат кон најтемниот дел од ноќта и знаат дека нема да се вратат оттаму, како што не можеш да се вратиш во своето детство.
Само кога сакаат да им ги врзат очите и устите, четворицата смртници, како по договор, одеднаш даваат отпор, претајќи со врзаните раце и окованите нозе, толку силно што стражарите се одбиваат од нив како од струен удар. Зошто да им ги врзат очите, кога и така околу нив е ноќ, ноќ до крајот на животот? Зошто да им ги врзат устите, кога и така нема кој да ги слушне, не само што да кажат туку и воопшто нешто да кажат? Зошто црна крпа, во црн мрак, врз црн живот? Толку ли е голем стравот дека солзата виделина во голото око ќе собере доволно сили да ја расцепи темнината и да го преплави светот со својата светлина?
Стражата, под генералскиот поглед на министерот на војната, ги совладува смртниците и им навлекува не само крпи туку и вреќи на лицата. Освен на еден, на Васила Антевски. Дрен, како за инает, иако најстар па според тоа и најразумен, упорно сака да си ја види смртта. Цел живот го поминал со отворени очи, зошто така да не си ја дочека и смртта? Ако имал храброст, со буден поглед, да го издржи животот, зошто и сега, на заминување од него, да не и’ се спротивстави на смртта? Гледајќи ја само в очи, ништо друго.
Не можејќи инаку, стражарите го совладуваат Васила Антевски не со раце, крпи и вреќи, туку со клоци, кундаци и камења. Така, веќе убиен, полноќта на 18 спроти 19 август 1942 година, во Централниот софиски затвор го бесат и Дрен. Бесилката со четирите тела останува да се смири, сè додека зазореното небо не ја запаметува за утрешниот ден.