Овој текст е настанат преку: листање на архивски материјали, барање по историски документи, читање на мемоарска литература, скитање по градските улици, среќавање со некогашни познаници и гледање во скопската котлина.
Запишувачот на овие редови не би знаел да каже како може да се нарече неговиот текст: хроника на еден живот, хронологија на еден револуционерен пат или пак биографски роман?
Во секој случај, не бегајќи од документарноста на материјата, пишувачот на овој текст, при обидов да зачува од заборав еден живот што непосредно му претходни на нашиот, ако веќе не го обусловува, најмалку го имаше пред очи литерарниот облик на својата заплеткана работа. Но, како и секој хроничар, и тој мораше, при недостиг на документи, да прибегнува кон измислување, додавајќи од составената глава, при што подеднакво му беше драгоцен и најкрупниот историски факт и најситниот приватен детаљ.
Бидејќи целта на текстов секако ги надминува силите на запишувачот, авторот им се обраќа до сите, што можат и сакаат да помогнат, да ја сфати недореченоста и незавршеноста на својата работа, во името на вистините со кои живееме денес и преку кои ќе останеме и утре.
Скопје, 1979
Димитар СОЛЕВ