XIV

АПРИЛ — МАЈ 1942

Десетинa дена пред судењето, исто една ноќ, Васила Антевски го префрлаат во Скопскиот затвор. Едниот од другиот затвор ги дели: плоштад, мост и касарна, со улици и сокаци во новиот центар и старата чаршија. Но, Дрен од сето тоа ништо нема да види, не толку поради мракот на затемнетиот град колку од мракот во полициската кола. Само по калдрмата, што го удира по убиената снага, насетува низ кој дел од градот може да поминува.

Освен со жива глава, Васил Антевски излегува од истражниот затвор и со откорнати нокти. По сослушувањата, ноктите и на рацете и на нозете му отпаѓаат како млечници расипани од благо, па Дрен си ги собира во крпче како да е дете и си замислува како ги фрла преку рамо на ќерамиди, викајќи или шепотејќи: „Врано, врано, враничке! На ти костен, дај ми сребрен!“. Со таа разлика, што сега во крвавото крпче има стари откорнати нокти а не млади млечни заби. И што не може да се надева на нови нокти, тврди како коси, како што одамна веќе не се надева на сребрени место млечни заби. Тука само враната е иста; црна, лажливка, кобна грабливка, таа што грака исто и на крштевка и над бесилка.

Не по патот пред очите, туку по свивките во главата — Васил Антевски погодува каде го носат и низ кои места го спроведуваат. Еве, сега оддесно му е паркчето меѓу Уредот и Бановината, во чии куси сенки имаше средби со младите другари. Потоа, одлево, иде фурната што вадеше најубав леб во центарот, расчистувајќи ја улицата со своите мириси пред да се појават утринските метачи. Сега пак, десно, треба да дојде локалот на Иво Маргер, на чии маси тој ги истри колената и лактовите, докажувајќи им ја вистината на градските политичари. Тука е плоштадот: стасаа ли Бугарите, на местото од српските кралеви, да ги постават спомениците на своите цареви? На истите постаменти, до истата река, пред истиот народ? Или пак се задоволуваат, додека трае војнава, само да прават паради на плоштадов еднаш неделно, а по војната од предаденото оружје да излеат споменик на својата победа? По плоштадот, каков и да е, иде мостот, секогаш ист: тоа тече Вардар, река на сеќавањето, чии бранови ги распознаваме како сопствени дамари. Бистар ли е, матен, надојден, плиток? Ист е. Ако не го препознаеш по бреговите, што ги менува со својата сила, ќе го препознаеш по матицата каде што силата му е лика. Но кој Скопјанец, макар и со табаните, нема да го различи меѓу шумот на сите други реки? Шум што навлегува меѓу неговите чекори додека ги поминува мостовите од двата брега, шум што се вовира во недопрената перница низ отворениот прозорец, шум што ги раздвојува прстите на нозете со невидливите бранови на познатата вода. Потоа, по мостот, доаѓаат сокаците на чаршијата, смотани како црева околу кормушка. Но, колку и куси, по мирисите што ги носат, си замислуваш дека изминуваш цели светови: на лој, на басма, на туткал, на риба, на кожа, на мангал, на утија, на ортома, на дрво, на моч и на штотуку испечена леблебија. Извлекувајќи се од желудникот на градот, се искачуваш кон Калето, каде што се касарните и од каде што те пресретнува миризба од боси нозе во војнички цокули. Само оддесно, стутулен под стреите, спие свети Спас — последната црква што нема да ја видиш во својот живот.

Кога најпосле запираат тркалата, Васил Антевски паѓа од колата како камен на пат. Пред него, по целата должина на хоризонтот, како планински срт над удавена светлина, се исцртува остриот ѕид на Скопскиот затвор. Стражарот, со штик над главата како коњоштип под игла, шета навиткан пред стражарницата опашана со знамето на окупаторот. Не слеп, само неписмен — тој не пропушта никого, без да го викне командирот.

— Кој е?

— Нов.

— Од каде?

— Од Обласниот.

— Каков?

— Политички.

— Пак ли?

— Молк! Тоа не е твоја работа.

— Знам, ама зошто баш на полноќ?

— Молк, реков. Каде ти е командирот?

Командирот на стражата и командирот на полицијата вршат примопредавање над Васила Антевски, врачувајќи си потврди како да пријавуваат стока на баждарница. Дрен се труди да ги догледа ако не да ги препознае нивните лица во мракот, но ни тие ни нивните гласови никако да се издвојат од темнината. Како дождалците на Водно, си мисли Васил Антевски, што не можеш да ги различиш меѓу црните камења и жолтите лисја.

Под долгиот поглед на стражарот, Васил Антевски тргнува кон влезната врата на затворот. А нозете, со раните од табани и прстите без нокти, одвај му ја додржуваат мршата од снага да не се залепи на плочникот како туберкулозна плунка. И, колку повеќе се доближува затворениот влез на затворот, толку повеќе се извишуваат неговите плеќести ѕидови — па станува сеедно дали си в затвор или в црква, кога не веруваш ни во едното ни во другото.

Потоа, пред Васила Антевски се отвораат вратите на затворот како порти на пеколот. Првин, една по една, две тешки железни, високи како два човечки боја. По нив, за прездив, една голема дрвена, што скрцка како даб во паѓање. Потоа уште две железни, мали а дебели, од кои последната е на неговата ќелија. Дрен слуша како вратите се затвораат зад него, едноподруго како да потонува, и се прашува дали тие воопшто можат да се отвораат, за да излезе некој од нив.

Пред да стапне во својата самица, Васил Антевски забележува дека тоа е еден темен, тесен и слеп ходник со по три врати од двете страни. Значи, шест карцера. Кој е неговиот, ако не третиот одлево? Тоа треба да се запамети, заради ориентација, за да не чука во мртва земја мислејќи дека се довикува со другар по судбина. Од другите пет врати, затворени во мракот на ходникот или залепени за ѕидовите како лилјаци, не допира никаков знак на живот. Празни ли се, полни ли се? Неми ли се, глуви ли се? Каде се неговите другари, оние од другиот затвор, ако не веќе во овие карцери што нема да ги зберат како што нема ни да ги смират?

Кога пречекорува во својот карцер, турнат од клучарот нем и глув, Васила Антевски го удира в лице прво здивот на земјата. Тоа е подот, единствената страна од карцерот што го задржала непосредниот допир со тлото. Сите други страни не се обложени со ѕидови туку се изѕидани со камења. Само вратата е од железо а подот од земја, па тие си ги преземаат не само мирисите туку и својствата; и, подот е тврд како железо а вратата е непробојна како земја. Така што е сеедно од што ја удираш главата: дали од земја, дали од камен, дали од железо. Сè е ѕид.

Карцерот е голем колку да ги испружиш нозете, ама не лепнат туку седнат. Ако легнеш, нозете треба да ги качиш на ѕид. И Дрен тоа го прави, чувствувајќи како со повлекувањето на крвта му се повлекува и болката од нозете. Да не оставаат крвави траги на камениот ѕид, табаните би можел да си ги види како удобно кренати на легнато перниче по долго но докрајчено пешачење. Но, карцеров е од сите страни мрачен, без крушка во мрежа и без прозорец со решетки. Ако не е клучалката и окото на клучарот во неа, големо како дулото на клучот, Васил Антевски би се зачудил од каде оваа виделина меѓу ѕидовите, во која сепак се распознава себеси во самицава.

Отворајќи и затворајќи ги очите, наизменично и болникаво, Дрен го проверува својот впечаток дали навистина пред носот го гледа својот прст или тоа само му се причинува во бладање. Сепак гледа, заклучува во чудо. И, не само што гледа, туку и дише. Иако од никаде не се гледа дека продира воздух, тој сепак може и да дише ако штеди, вовлекувајќи го со танки струи низ отворената уста. Носот, се разбира, му е затнат од згрутчената крв.

Да ги прима струите низ носниците, би почувствувал каков е тој воздух — затворен меѓу ѕидовите од камења, допрен до земјата на подот, отруен од киблата во аголот. Киблата, по вратата, е вториот железен предмет, сраснат во каменот на ќелијата. Но, за разлика од вратата што се отвора еднаш дневно, киблата не ги исфрла кефалиите ни еднаш неделно.

А, да е при полна светлина и цела свест, Васил Антевски би можел да забележи и трета составка на железо во својата ќелија. Тоа е, рамно со варта, оловото во пукнатините меѓу камењата, со кое османските градители ги врзувале темелите на своето царство пред распаѓање. Под видот, и варта и оловото се еднакво изедначени со каменот. Но, под допирот, варта побелува а оловото поцрнува, покажувајќи ги длабоките жили на својата функција.

Всушност, да им се препушти на своите размисли и на слободните споредби, Васил Антевски би открил, или би можел да открие, дека тие жили прилегаат и на трагите од неговите пломби, со кои му се врзани забите во изабената вилица. Олово во камен, како железо во месо. Но, не значи ли тоа дека, освен во карцерот, железото го има и во самиот него? И нема ли, освен дословно, тоа и преносно значење? Значење, кое допрва ќе го согледаат другите како што тој сега го чувствува.

И навистина: лежејќи на земја среде камењата, Дрен го насетува дослухот меѓу железото во карцерот и железото во себе. Некој дослух, некој афинитет, некој магнетизам го држи во врска најстудениот дел од ќелијата со најтоплиот дел во него. Па, иако мршата од снага му се изедначува со мртвицата од земја, тој чувствува дека има уште сили да се опира на камењата, што се поклопуваат над него како гробница.

Со олеснување, Васил Антевски забележува дека овде нема сослушување. Нема распит, нема ќотек. По сè, се чини дека истражната постапка, барем за него, е веќе завршена. Она што признал — признал, она што е влезено во записник — тоа ќе го обвинува понатаму. Дрен не знае што има сè во тие полициски записници, потпишувани со поткупот од агентскиот ќотек. Но знае дека и нив може да не ги признае, ако си ги стегне петлиците на волјата пред жилите на полицијата.

Па сепак, кога ќе скрцне 'рѓата на железото, Васил Антевски со уплав гледа во вратата: да не доаѓаат пак да го носат на тепање? Не дека не го издржува тепањето, туку не го поднесува понижувањето. А, во методите на истрагата кај полицијата, нема само тепање и мачење, туку и понижување. Поправо, прво понижување, па тепање и накрај мачење. Љубомир Јорданов, Круме Панков и Мане Мачков. Од раце в раце, како овчарски стап што ќе си остане на стврднатата срцевина.

Но, на вратата се покажува затворскиот надгледник Плочев со неговиот помошник Аврам. Слабата светлина од слепиот ходник го заслепува Васила Антевски. Тој се обидува да стане, но со тоа нема да створи место за уште двајца во својот карцер. Останувајќи на прагот, Плочев и Аврам го осветлуваат карцерот со батерија и му ги догледуваат нозете на ѕидот.

— Станувај! — згрмува Аврам зад грбот на Плочев.

— Немој! — го пресечува Плочев. — Иако знаеме што е ред, сепак не сме формалисти. Нели?

Не знаејќи што игра почнуваат, Дрен се исправа и застанува на нозе. Стопалата му се залепуваат за земјата како жар на мраз, но Васил Антевски е задоволен: не само што го издржува тоа, туку и дека исправен ќе го дочека понижувањето, со кое почнуваат ако не можат да завршат сите нивни мачења.

— Директорот на затворов, г-дин Марин Стојанов, ти го испраќа ова!

Плочев му подава свивка што се одвиткува уште во неговата дланка, а Аврам леген колку чинија од кој половината вода е излеана попат. Васил Антевски ги гледа зачудено, ненадгледникот и неговиот помошник што се кријат зад снопот на батеријата, туку овие предмети од другиот свет: хиперманган, бурови таблети, хидроген, леген со вода, малку воздух со светлина. И секој момент очекува некоја рака, невидлива а позната, сето тоа сурово да му го истури в очи како жива сода. Но:

— Да се излекуваш, порача, за три дена! — ја завршува со напор директорската порака Плочев. — Нозете, се разбира; бидејќи во главата си неизлечив.

Па, не оставајќи го ни да ја вкуси матната вода во која веќе некој си ги миел нозете, Плочев ги истура лековите во легенот и ја затвора железната врата со кикот на својот помошник. Зачуден што не го одвеле на тепање, ни му плиснале жива сода во очите, Васил Антевски со недоумица гледа во легенот, распознавајќи го во мракот не толку со видот колку со навикот. Што треба да значи ова?

Иако насетува, дури на третиот ден Васил Антевски узнава што значи пораката од директорот на затворот во легенот со лекови. И тоа не од него, ни преку Плочев или Аврам, туку од своите другари. Третиот ден, имено, Дрена го изнесуваат во дворот на прошетка. Плочев од едната а Аврам од другата страна, но не да го придржуваат ами да го поттурнуваат. Сепак, Васил Антевски сам се држи на нозе. Стопалата му се залечени но разнежени, па кога стапнува се чини дека трпат тежина од сто место од педесет кила.

Згора на тоа, кога излегува од нивниот слеп ходник низ една ниска железна врата, во лицето а не само во очите го удира вистинската белина на денот. Дури кога ќе се привикне на тоа сончево слепило, Дрен со затетеравен чекор стапнува во дворот, кој му се чини спружен како поле пробиено од река. Само на крајот, над магазините, работилниците и кујната, погледот го сопнува остриот ѕид на турската зандана.

— А дворот, всушност, е долг одвај четириесетина метри. Доста потесен, тој е сместен во внатрешниот дел на затворот и го гледа само небото над градот. Во него, во одредено време, по петнаесет минути, според куќниот ред наутро, напладне и навечер, се движат во круг одреден број затвореници. Тие не смеат да гледаат еден во друг, дури ни во небото во кое би можеле да го препознаат својот град, туку само во плочникот што треба да ги потсетува на Плочев, затворскиот надгледник кој ги изведува во дворот и ги враќа во ќелиите.

Во кругот затвореници, што се движат во дворот како слепци, Дрен го препознава Самсона. Повисок од другите, Самсон не се оддава дека го видел. Но, кога Дрен пред очи му се сопнува, тој притрчува и, додека му помага да се крене, му шепоти без да го гледа:

— Ќе нè судат.

— Кога?

— Деновиве.

— Знаев.

— Како?

— Ми дадоа да ги лекувам нозете.

— Подготви одбрана.

— Каква?

— Знаеш. За себе и за сите.

— Кој е предавникот?

— Ќе дознаеш.

— Кога?

— На судењето. Запомни: одбрана за сите!

„Како за сите, кога не знам ни за себе?“, сака да му приговори Дрен. Но, за среќа, грубите раце на затворските стражари ги раздвојуваат на поплочениот двор, а потоа пак доаѓа слепиот ходник и неговиот карцер со молкот на мртвицата под тежината на каменот. Од тој момент, Васил Антевски престанува да мисли на нозете што ги лекува. Туку, со неизлечивата глава, ја составува одбраната под сите аспекти што може да ги смисли.

На 27 април, во рани зори, Васила Антевски го креваат од карцерот. Го водат во ковачницата, во која еден крупноок Ром му става пранги на нозете и алки на рацете, лесно — како да спојува обетки. Потоа го изнесуваат во дворот, каде што е мрачно како во ковачницата и, исто како во неа, од дното на ноќта се крева топката на огнот — едно големо и крваво сонце. Таму, додека озгора паѓа пепелта на разденувањето, ги собираат и другите затвореници.

Васил Антевски ги препознава своите другари, кого од одредот кого од илегалата, сите помлади од него: Периша Савелиќ — Самсон, Љубомир Лековиќ — Горски, Чедомир Миленковиќ —Мирко, Дучо Кранго, Владимир Мацанов, Абдуш Хусеин, Боро Ончев, Негре Новаковски, Александар Спасовски, Никола Димитровски — Грчето, Павле Момчиловиќ, Илија Јакимовски, Светомир Томиќ, Александар Крстевски — Парто, Иван Циганков — Вања, Мито Матовски, Митре Инадески, Бранислав Шикиќ, Лилјана Манева, Милева Сабо, Блага Попова, Никола Томовски, Веса Крапчева, Серафим Видовски. Сè на сè: дваесет и шест души.

Сите се гледаат како да се бројат, како пак да се постројуваат во одредот. Кои се отсутни? Кои не се паднати во рацете на полицијата, по привременото растурање на одредот? Кои се тие среќници, што ги избегнале средствата за убедување на политичката полиција? Кои се тие среќници, уште што не ги зајала мемлата на затворот? Кои се тие среќници, што не носат сега пранги на нозе туку кундаци на рамо?

Ги нема, за среќа: Страшо Пинџур, Дамјан Крапчев — Стари, Благоја Давков, Боро Боцевски — Боте, Боро Петрушевски — Папучар, Раде Јовчевски — Корчагин, Алекеандар Урдаревски — Станко, Роберт Гајдиќ, Антон Колендиќ, Мустафа Карахасан, Горе Трајковски, Драган Томиќ, Босиљка Гурашковиќ, Боро Трајковски, Трајко Стојков, Ружа Бак, Споменка Шикиќ, Катица Димова и Невена Георгиева —Дуња. Деветнаесет души, цел одред.

Предавникот ќе е меѓу присутниве, не меѓу отсутните. Кој ли е тој, меѓу нас дваесет и шестминава? Со таа мисла, со мислата за предавникот, а не со мислата за судењето, за неизвесноста на нивната судбина, тргнува Васил Антевски заедно со другите од затворскиот двор таа пасмурна утрина на 27 април 1942 година.

А ги изведуваат еден по еден, броејќи ги со неписмени прсти, како да ги одбираат од обор за колеж. Потоа, веќе надвор од ѕидините на затворот, не ги оставаат да се здушат во булук, туку ги редат по двајца а целата редица ја окружуваат со војници под шлемови и штикови. Крвавата жолчка никако да исплива од утробата на облаците.

Така построени, и војниците и затворениците, тргнуваат од затворот кон касарната, зафаќајќи ја целата улица. Но, пред самото тргнување, редовите на затворениците ги понесува неочекуван бран свежина, ако не сончевина. Не е тоа веста дека судењето ќе се одржува во касарните на Калето, ни дека таму им е дозволено да присуствуваат барем по еден од семејствата. Самсон, кој е прв во редицата со Дрен, им се свртува назад на другарите со озарено лице:

— Другари, пренесете на сите: пред десет дена е формиран Вториот скопски партизански одред!

Дрен не знае како другите зад него ја примаат оваа вест. Не ги гледа, не ги слуша — само еден бран, појден натаму како свежина, се враќа еве како сончевина. На Дрен му се чини како во тотален мрак, што ги меша небото со земјата и крвта со водата, да си удрил кремен од кремен, па од тие два мртви белутраци во сувите дланки да излегла искра како секавица, која еве го раздвојува небото од земјата и крвта од водата, воведувајќи виделина онаму каде што ќе се распознае и човекот. Не дланка од дланка, а искра од искра — не миг, туку век. Една единствена секавица, што ќе ја распори небесната мешница на земниот мрак.

Горе, колку што се крева погледот во оваа утрина со облаци над очите и тегови на нозете, се открива работ на котелот од Скопската котлина. Снежните врвови на Шара, шарените падини на Скопска Црна Гора, голиот 'рбетник на Водно. Низ измаглицата, како смрзнат прст, се наѕира Солунска глава. Секој од нив, место да ги влече прангите на заробеништвото, сега можел да ги изодува тие простори на слободата, гледајќи го под себе градот како играчка на својата борба. Навистина: зошто толку нè привлекува градот, со лавиринтите на својата илегала, кога околу него има толкав простор, со неизодените врвици на неговите слободи за извојување? Така си мисли Васил Антевски, споредувајќи се себеси и другите затвореници со другарите што останале на слобода. Како можеше да си дозволи онака да го фатат во Велес, место да се префрли во друг одред?

Одеднаш, пред очите на затворениците, дрвјата по патот разлистуваат и расцветуваат. Мирисот на багремот, ронејќи се од гранките, потсетува на времињата кога си можел глуждовите да ги држиш во реката и да ги гледаш нејзините бранови. Наскоро, речиси преку ноќ, ќе расцветаат и липите, под кои и среде бел ден можеш да замижуваш како во светла летна ноќ. А по нив и маслинките, чиј цвет како конец од летало те води низ паркот до чистинките на плажите, каде што и матицата на реката ја држи на дланка мирисната скрама.

И покрај ѕидините, меѓу затворот и касарната има една грпка, од која може да се наѕре во градот. Прво, под Калето, е Вардар долу — смок што се мота да се спровне низ Скопје. Макар што ги гризе бреговите, тој сепак кротко тегне врат под неговите мостови. Ене ги разноглавите згради на Офицерскиот дом и Народната банка, што го омеѓуваат поплочениот плоштад пред да му се предадат на Камениот мост.

Старите гостилници околу плоштадот сега ги светнуваат црните подови, додека во нивните кујни зоврива танката и кисела утринска чорба. Буњаковец, Дебармаало, Железничка колонија и Мала станица ги кријат приземните куќички со овошните дрвја повисоки од нив, додека низ отворените прозорци влегуваат питомите гранки на прецветаните кајсии. Мрачната маса на градскиот парк се држи со влажната смола на изминатата ноќ, а песочните млаки на плажите по реката го чекаат сонцето како прижелкуван допир на топол образ.

Како ли е да си сега таму и изѕемнет да го фаќаш првиот зрак, додека утот во стеблото го сменува гугутката на гранката? Како ли е да си сега таму и прв на песокта да стапнеш со траги од стопала, што го лепат кристалот на росата како што птиците пијат од лисјата? Како ли е сега да си таму и да се чувствуваш единствен разбуден и разблуден граѓанин на Скопје?

Меѓутоа, патот од затворот до касарната е краток, и покрај сите формалности на војската што ги спроведува затворениците. Улицата е испразнета од секакво присуство на граѓанството, а грпката на патот од која може да се наѕре градот е само миг — повеќе што се замислува од што се догледува. Па сепак, и тоа е доволно да се промени воздухот во градите, од киблата во ќелија до дахот на багремот.

Пред да дојдат до касарната, војската ги запира да ги престрои од колона по двајца во колона по еден. Така, веројатно, полесно ќе ги пребројуваат, пред да извршат уште едно примопредавање. Васил Антевски останува прв сам, додека Самсон е прв зад него. Пред касарната, пред самиот нејзин влез, веќе се тискаат блиските на затворениците што добиле дозвола да бидат на судењето.

Дрен, за разлика од другарите, е мирен. Никој од неговите, освен брат му кој е бездруго во илегалност зашто е во движењето, нема да го сретне таму. Но, додека кордонот војска му отвора пат до касарната, Васил Антевски гледа само познати лица околу себе. Роднини на неговите другари, тие му се блиски како нив и тој одеднаш се чувствува како да го сполазуваат трпките мравки од заборавеното Оморани. И не го ведне погледот, туку ја исправа главата, како чист и прав да се враќа во селото од светот по сите нечистотии и неправди што ги носи овој и од кои е начнат и тој.

Судењето почнува, понеделнички, во девет часот. Голата сала на старата касарна е исполнета до последната дупка. Дваесет и шестмината затвореници се во првите два реда клупи, не со врски на вратовите туку со алки на рацете и не со гамашни ами со пранги на глуждовите. Зад нив има еден ред војници со штикови на пушките, па неколку реда фелдфебели, агенти и конфиденти, што треба да е главнина на публиката, додека дури на крај, стиснати до ѕидот, се граѓаните — роднини на затворениците.

Напред, на подиум, е Прекиот воен суд, со неговиот претседател, полковник на бугарската фашистичка армија, додека зад или над судот, на свежо варосаниот ѕид, виси фотографираниот портрет на Борис III, царот на Бугарите и духот на Законот за заштита на нацијата. Десно, на понизок подиум, како клукајдрвец, е воениот обвинител, а лево, рамно со клупите, одбраната — збирштина од службени и приватни адвокати.

Ѕидовите здиваат на незгасната вар, жолтиот под на жива сода, а облеките на затворениците на лута мемла. Сите врати и прозорци се затворени, па од денот надвор, со крвавата жолчка на сонцето во облаците и со багремовиот мирис врз потта на лицето, нема ништо освен сивило, глувотија и далечина.

Во тишината, што се средува под нозете уште пред да почне судењето, Васил Антевски забележува зад воениот обвинител една долга маса што покрива шилести предмети под шаторското крило. Тоа е, веднаш знае, оружјето на одредот, што ќе биде спектакуларно откриено кога тие ќе го одречат своето учество во борбата. Каде ли е предавникот, веднаш потоа се прашува Дрен, не осмелувајќи се да погледне околу или зад себе. Мирен е, како под ребрата да нема тупаница туку трат.

Судењето, како и секој процес, почнува со земање генералии од обвинетите затвореници. И, се разбира, со задолжителното удирање на праведниот чекан во рацете на претседателот на судот, што одѕива во полната сала како чукање по празна глава. Затворниците стануваат, одговораат на прашања, даваат различни податоци, а сите се слични од еднаквите методи на истрагата и од истите услови на затворот.

И, уште во тој, почетен дел од процесот, настануваат тешкотии или барем недоразбирања меѓу судските органи, истражните власти и самите осуденици. Имено, никој од обвинетите, и покрај формуларите на истрагата, ни се кажува ни се признава за Бугарин. Секој е: или Македонец, или Србин, или Турчин, или Црногорец, или Хрват, или Албанец, или Влав. И секој, освен што гласно кажува каков е, гласно и го потврдува тоа со алките на рацете и прангите на нозете. Тоа уште повеќе ја продлабочува тишината во салата, ширејќи пукнатини од подиумот до клупите што можат да се видат и со голо око.

Врв на сето е истапот на Дрен, кој само вели пред да седне:

— Го признавам она што сум го рекол во истрагата.

А судот го чита почетокот на неговото признание пред полицијата, во кое стои: „Јас сум син на македонски селанец и македонска мајка“, што предизвикува пукнатините да се расцепат како во земјотрес, тишината да се урне над главите и во салата да се крене вител од збрка. Целата таа ситуација, во која некој се смее, некој се лути а некој е мртов ладен, ја средува судот со удирање на чеканот по главите и со заклучување дека во истражниот формулар нема место за други освен за Бугари, па дека според тоа ќе биде онака како што е пропишано во диспозитивот.

Потоа, по овој пораз на правото и по оваа победа на правдата, почнува досадата на обвинителниот акт; што ги прејудицира наводите на истрагата, ги потврдува ставовите на политиката и ги крунисува интересите на царството. Борис III, царот на сите Бугари со половина покриена ќела, бдее не само над воениот обвинител туку и над судскиот совет. Сите веќе почнуваат да се потат, од затворениот воздух во штотуку варосаната сала, а од тоа денот зад прозорецот не станува ни појасен ни поматен. На крај, пред да падне на својот просечен подиум, како дехидрирана анамска рака, обвинителот навистина со спектакуларен гест го трга шаторското крило од масата зад себе и го открива запленетото оружје на партизанскиот одред. Во салата, од подиумот до клупите, поминува еден извик од „а" до „у“ и веднаш се задушува самиот себеси, како публиката да си го преапала сопствениот опаш на отровна гуштерица.

Така завршува првиот ден на судењето, со пауза меѓу земањето генералии од обвинетите и читањето на обвинителниот акт, како и со збрката и бучавата по нив. Затворениците ги враќаат во затворот, публиката се растура по градот а судските, истражните и органите на безбедноста голтаат сочни ќебапчиња во старата чаршија, чистејќи ги забите за течна дикција со скопското пиво на чешките технолози.

Вториот ден, иако со прочитан обвинителен акт во претходниот, обвинителот пак добива прв збор. Заедно со својот подиум на просечна височина, тој ги качува негуваните мустаќи над главите од публиката и додека зборува ја свиткува де едната де другата светната црна петица во офицерските чизми до јуначкото колено, како да му се моча. Всушност, врз основа на новиот момент од вчерашното земање генералии, тој го дополнува своето обвинување и развива теза, што наводно сакал да ја изведе од доказната постапка, но која, еве, се наметнува уште сега како несомнена за изнесување.

А, имено, во случајов со обвинетите не се работи само за заблудени Бугари, кои не се свесни за својот ген и за своето име, туку се работи и за заведени Бугари, во што главна вина, или улога, како што сакате, имаат српските комунисти. Според тоа, комунистичкото и партизанското движење во Македонија е работа на Србите и од нив заведени народносни елементи, што покажува колку е тесна нивната база за дејствување. Српските комунисти и нивните слепи сомисленици сакаат да ја обноват стара Србија и стара Југославија, а со тоа и да турат колце во тркалото на историјата која со оваа светска војна воведува нов ред на земјата меѓу Рим, Берлин и Токио. Јасно е сега зошто таквите луѓе, што се против ова, се наречуваат со сите имиња само не со бугарското.

По оваа коректура, прифатена со аплауз од главнината на салата, процесот продолжува со уверување на судот дека е избалансирана рамнотежата меѓу обвинителот и обвинетите. Одбраната, и онаа приватна и онаа службена, молчи во својот агол и, како слаб ученик, ги бележи небитните работи. Пред судот сега се читаат записниците од сослушувањата на затворениците, односно и не се читаат, ако осудениците се согласуваат со сè што го признале во истрагата пред полицијата, а такви, и покрај нагласувањето на судот, сè уште нема.

Васил Антевски меѓу првите го слуша својот записник и се преслушува што си признал во сослушувањето. Сега, кога е надвор од „А“ одделот во Обласната полиција, заклучува дека не требало ни толку да им каже. Слабоста во признанието му е во тоа што, во рамките на убедувањето кое не го одрекува, сепак може да се смести, или да се вметне со извесна логика, и некое непризнавање на конкретна акција. Имајќи го судот, гледајќи го обвинителот и не слушајќи ја одбраната — Дрен само знае дека судбината на нивната чест, не на нивните животи, е во врзаните раце и во сопнатите нозе, а уште повеќе во острижаните осуденички глави во кои никогаш никој не е начисто што мисла ќе се изроди од системно испираните мозоци.

По читањето на исказот, претседателот на судот го прашува Васила Антевски дали ги прифаќа неговите наводи за свои и вистинити, сметајќи дека потврдниот одговор е само прашање на формалност.

— Не! — станува Дрен.

— Не? — се исчудува претседателот на судот. Па, гледајќи го Васила Антевски со кренати веѓи а публиката зад него преку паднати очила, строго му се обраќа: — Во таков случај, ќе треба да објасните.


Васил Антевски, со врзани раце, го вади од џеб свитокот нокти и, со нозете во пранги, тропајќи пристапува да му ги подаде. Стражата нема кога да интервенира, обвинителот се пропнува на прсти а одбраната ги чисти ушите со моливи.

— Што е ова? — прашува претседателот, одвиткувајќи го свитокот пред судот.

— Нокти, — се враќа Дрен на своето место.

— Какви нокти? — се чуди претседателот на судот готов да го стутка свитокот и да го фрли како иззобани семки, како обична глупост.

— Човечки, мои! — појаснува Дрен, стоејќи меѓу судот и клупата. — Ако не верувате, можете да се уверите од каде се искорнати.

— Обвинет Василе Антевски, објаснете во што е работата!

— Нема многу да се објаснува. Ноктите се доказ како се однесува вашата полиција во истражната постапка. Затоа и исказот не го признавам за свој.

Дрен се наведнува да се собуе пред судот, иако во тоа прангите звучно му пречат. Како некој да ја превртел наопаку, салата се обидува да застане на нозе и да ги врати нештата на место, во онаа тишина што постоела пред тоа. Залудно, зашто роднините од дното се дошепнуваат во ужас, главината од публиката го повторува аплаузот за обвинителот, обвинителот се пропнува да полета во интервенција кон судот, одбраната одбегнува да погледне во збиените редови на обвинетите затвореници, судскиот совет ги трга чистите раце од нечистите нокти; додека Љубомир Јорданов, Мане Мачков и Круме Панков ги решетаат незаштитените плешки на Васила Антевски со своите крвјосани погледи.

Најпосле, поклопувајќи го свитокот нокти со авторитетната шепа, како жар под дланка, претседателот на судот ја расцепува штицата под чеканот и во неа ги заковува колчиштата тишина. Потоа заплашува дека ќе ја испразни салата и дека ќе го продолжи процесот без публика, при што под двете го подразбира само последниот ред. А ноктите на Васила Антевски се прогласуваат за доказ без основ, зашто со ништо не е видливо не само дека тие се негови туку и дека му се откорнати во истражната постапка.

Потоа, по ова принудно и привремено стивнување, процесот продолжува со исказите на другите затвореници. Судот не пропушта, веднаш по инцидентот со Дрен, да го изнесе на видело својот главен адут. Тоа е, се разбира, признанието на предавникот.

Во молкот, создаден со слушањето на исказот, излегува дека предавникот е, ни помалку ни повеќе, токму командирот на одредот Љубомир Лековиќ — Горски. Неговиот исказ, пишуван бездруго саморачно, ги опишува сите акции на одредот и ги наведува сите имиња на борците, до најмалите детали и заборавени подробности. Додека го слуша, Дрен не се плаши туку се срами да го сврти погледот накај него, исто во првиот ред: не може да сфати дека Горски толку потклекнал, толку паднал, толку се понижил, што дури станал соработник со окупаторот. Исказот на Горски, низ устата на судот, звучи грозно:

— „Овие податоци ги дадов своеволно со цел да им помогнам на властите да можат да ги фатат и пронајдат сите гореспомнати лица и целиот нивни материјал со кој тие се служеа и дејствуваа против власта. Ги молам сите луѓе од кои зависи мојата судбина спрема мене да бидат добри, бидејќи јас се покајав и сакам да станам добар граѓанин на бугарската држава. Јас сум бил заведен од гореспомнатите лица кои не ми ја кажуваа вистината: што работат и што сакаат. Но кога ја дознав во полицијата и кога ми се кажа што сакале и што работеле тие, јас веднаш се покајав и сакам да работам против нив и против Комунистичката партија заедно со бугарската полиција“.

Кога завршува ова поразно признание, во салата за миг настанува уште поглува тишина. Потоа, главнината широко се мешколи на своите стоплени седишта, обвинителот со испнат врат ги следи реакциите во редовите на осудениците (тие се веќе за него осуденици, не само затвореници), а судот комотно оди потаму прозивајќи го Горски да го потврди своето писание.

Горски, меѓутоа, дали засрамен од своето паѓање или охрабрен од држењето на другарите, одбива да го признае исказот во истрагата и го негира сето што го признал во полицијата. Судот го повторува своето барање на потврден одговор, Горски одречува секаква врска со наводите на сопствениот исказ, а полициските иследници во забуна не знаат како да излезат од оваа провала, како да ја исправат работата. На судот, така, не му останува ништо друго, освен да се помири со тоа дека Горски нема да му биде главен сведок во натамошниот процес.

Сепак, потврдата на претпоставката дека предавникот е меѓу нив, добро ги протресува редовите на затворениците. Лицата им се смрачуваат, челустите им се заклучуваат, а од погледот и покрај сите судари не избива ни една искра. Смрзнати се, како полиени со вода што веднаш ги стврднала во мразулци. Никој ништо не прозборува, никој никого не погледнува — како да се мразат, сите со сите и секој себеси, заради еден меѓу нив.

Судењето трае цели дванаесет дена, од 27 април до 9 мај. По исказите на обвинетите, следуваат изведувањата на сведоците — едно заморно дефиле од луѓето на полицијата во круто скроени цивилни костуми. Одделно место, по инсистирање на обвинителот, зазема убиството на шумарот од Скопска Црна Гора, што се прикажува дури и со скица; смртта на бугарскиот војник, ранет при блокадата на градот, кога Папучар се повлекува од илегалата во одредот спасувајќи ја партиската техника; нападот на рудникот Радуша, од каде што е одземена поголема количина динамит и друг експлозивен материјал; обидот за убиство на агентот Мане Мачков, што се третира како атентат на самата бугарска не само власт туку и царштина, и др.

За сите тие денови, додека од судницата се сипат зборови, Васил Антевски одвај успева да состави збор со збор со другарите. Зад секој од нив има не еден, туку по двајца стражари. Тие исто така не зборуваат, но тоа ним им е веројатно полесно одошто да ги замолчуваат со вкрстени штикови, кога затворениците макар со погледите ќе се сретнат во минување.

А, во одењето и враќањето од судницата, во излегувањето од затворот, во чекорењето по калдрмата, во влегувањето во касарната, во седењето во салата, па дури и во преживувањето на денот во самицата ноќе — не можеш да не се сретнеш со погледите на другарите. Може збор да не промениш, но намиг бездруго ќе размениш. Може и да не се разбереш, ама барем ќе се судриш. Во краен случај, вратен во мракот на карцерот, ќе размислуваш што значел овој поглед на другарот лево од тебе во судницата или пак што требало да значи оној намиг на другарот десно од тебе во редицата. Сè додека, следниот ден, проверката на тоа можно значење не ја добиеш преку повторување на погледот или намигот, повторување упорно во своето доследно значење.

Само Горски, единствен меѓу другарите, ги држи очите сведнати и не праќа никакви пораки. Како лишка со скршена кичма, тој оди и седи свиткан во обратен прашалник, а главата одвај му се крепи со стиснатите вилици врз отворените дупки на клучните коски. Секој што го знае Горски, од илегалата и од одредот, не може да го препознае во оваа сенка, што се влечка како грба по претставата за него. Тој веќе не прилега на предавник, туку личи на смртник, кој се осудил себеси пред другите да му ја покажат бесилката.

За сите тие дванаесет дена, додека ги преместува прангите на нозете од самицата до судницата, секоја утрина и секоја квечерина сè по истата калдрма, Васил Антевски мисли на три работи: на предавството што се топи до него во лицето на Горски, одејќи кон смртта посигурно од секоја лудост; на багремовиот цвет што лебдее некаде високо над него, поврзувајќи го со легнатите мириси на одминатиот живот, кој уште тлее во пепелта на градот; на празнината во судницата, што му се отвора секој ден со пустината на свеста дека никој негов нема во последниот ред на затвореничките роднини.

И, слично на кризата во истражната постапка, некаде во средината на судскиот процес, Васила Антевски го обзема слабоста пред која се предава. Секој од затворениците, штом ќе влезе, во дното на судницата ќе го побара и ќе го најде погледот на блискиот, со кој ќе се поврзе со светот. Само тој, како ут среде ден, нема што да побара и нема што да најде, па нити се свртува онаму од каде што погледот ќе му се одбие со болка во очите. Многу познати а никој близок, цел живот со луѓе а никој свој.

А требаше, си мисли Дрен. Требаше да имам некој близок, некој свој; ако не за животот, барем за смртта. Некој што ќе седи сега на последниот ред од пустава судница и со кој ќе се разбираш само преку миговно вкрстување на немите погледи; онака како што низ допирот на јаготките од прстите поминува сето разбирање меѓу две тела во доближување. Некој што ќе го гледаш и ќе те гледа, некој што ќе го чекаш и ќе те чека, некој што ќе ти треба и ќе му требаш. Дури и не веќе некој што ќе посакаш да го допреш, колку некој врз кого ќе го запреш погледот, заблуден од барање. Познат релјеф на дланката, познат мирис под мишката, познат сјај во очите. Нешто од кое можеш да се разделиш како да се проштеваш од животот, зашто ти го значело тоа пред да се искачиш до оваа вододелница, која, всушност, не ја дели водата туку ја простира сушата, не ја отвора светлината туку ја разместува темнината, не ја згаснува жедта туку го стврднува гладот и не ти го приближува небото туку те закопува во земјата. Никој никаде, никаде ништо.

Во таа криза, што ја стега меѓу забите, Васил Антевски мисли дека, освен Горски, нема победен човек од него на судењево. Најстар а најсам, најумен и најбезумен, најширок а најзатворен. Но, како што го потиснува чирот во утробата, така Дрен ја пребродува кризата на самотијата — без никој да му ја види болката на лицето, а не пак да му ја насети низ зборот. За среќа, тие денови не мора во никого да гледа ниту пак може со некого да прозбори. Само се движи меѓу другарите, носејќи си го белегот на обврската како обетка од раѓање. На осми мај, единаесеттиот ден од судењето и ден пред изречување на пресудата, Васил Антевски добива завршен збор. Доказната постапка е завршена: сведоците се изредени, повеќе на обвинителството одошто на одбраната, од редовите на главнината во салата, таму каде што политичката односно цивилна полиција ја следи судската инсценација на својата истражна постапка; обвинителството го открива шаторското крило од долгата маса, врз која е наредено запленетото партизанско оружје, сокриено по привременото растурање на одредот и прокажано од неговиот некогашен командир; одбраната, и приватната и службена, се јавува од својата клупа како на поправен испит и го крева малиот прст за олеснителни околности, додека на самата и е видно дека се крепи на сламка; судскиот совет, приведувајќи го процесот до триумфалното финале, самоуверено го води неговото кормило и веќе ги гледа на униформираните гради новите одликувања како знаци на заслуга за заштита на нацијата. Сега уште остануваат последните зборови на обвинетите, од кои се очекува тие да ја признаат својата вина, да се покајат за своите дејанија и да замолат за поблага казна, уште повеќе што врз униформираната троица на судскиот совет бдее фотографираниот портрет на Борис III, цар на сите Бугари и прв механичар на царството.

Додека се крева на нозете, заковани од прангите за земјата, Дрен мисли дека е добро што е така: добро е што си со нозете длабоко во земјата, кога веќе главата ти лета во облаците. И покрај парадоксот, тоа сепак е рамнотежа. Не би било в ред, покрај нозете, и главата да ти е закопана во земјата; како што не би било в ред, покрај главата, и нозете да ти летаат во облаците. Затоа, додека се крева на нозете, Дрен мисли дека е добро што е така: штом веќе главата ти лета во облаците, барем со глуждовите да се држиш за земјата.

Лево и десно од Васила Антевски се неговите другари; Дрен ги препознава не само по лицата, стврднати од затворот, туку и по глуждовите, врзани во прангите. Напред и назад од Васила Антевски се нивните непријатели; напред воениот суд, кој има вонредни овластувања според законот за заштита на нацијата донесен со брза постапка по окупацијата на Македонија од Бугарија; назад политичката полиција, која уште пред истражната постапка ги има во наследство од својот партнер сите досиеја на македонските комунисти; горе и долу од Васила Антевски е извесноста на таванот и подот, што ја проверува со темето и табанот, како и неизвесноста на небото и земјата, што доаѓаат по нив и кои не можат да се проверат.

Обѕирајќи се по салата колку да собере воздух, Васил Антевски се испнува од прангите и добивајќи збор од судот му се обраќа на обвинителот:

— Вие, господине прокуроре, пред малку рековте дека овде, на овие клупи за обвинети, седи ѓубрето на бугарскиот народ. Во тоа, без сомнение, сте прав.

Сите се покреваат на своите седишта, а Васил Антевски му се свртува на судот:

— Ако дозволи судот, јас би го дополнил прокуророт. Овде навистина седи ѓубрето на бугарскиот народ, но овде истовремено седи и цветот на македонскиот народ. Тоа е и разбирливо зашто никој од нас, на обвинителнава клупа, и не е Бугарин. Туку Македонец...

Од тишина, салата се превртува во врева, преплавена од пресвртите во говорот на Васил Антевски. Обвинетите со одобрување и поттикнување погледнуваат накај Дрен, главнината со сведоците во недоумица се проверува во која насока може да појде процесот, обвинителот вложува приговор до судот дека обвинетиот не се исповеда туку проповеда, а судскиот совет се дошепнува со наведнати глави, додека претседателот механички удира со чеканот враќајќи го во салата изгубениот мир и изгазениот ред.

Потоа, откако салата се смирува а Васил Антевски останува исправен, претседателот на судот бара како прво обвинетиот да го искаже својот последен збор на бугарски јазик. Дрен без двоумење го одбива тоа:

— Јас ви кажав дека сум Македонец и не знам бугарски!

Па, исчекувајќи ја реакцијата на својата повторена изјава дека не се чувствува Бугарин и дека не знае бугарски, предлага завршниот збор да го искаже на некој неутрален јазик.

— Добро, — се согласува претседателот на судот. — На некој од неутралните јазици.

— На српски или на француски? — уточнува Дрен.

— Српскиот не е неутрален, — брзо констатира претседателот на судот, и не консултирајќи го судскиот совет. — Судскиот совет се согласува обвинетиот Васил Антевски да го искаже својот завршен збор на неутралниот француски јазик.

„Тие се надеваат: ако јазикот е неутрален, и зборот да биде таков“, заклучува во нивно име Дрен. „До некаде и прави сè, зашто кој ќе ме разбере на француски како што би ме разбрал на македонски?“. Васил Антевски ги гледа потценувачките муцки на воениот обвинител и на воениот совет, прашувајќи се колку и тие ќе го сфатат неговиот француски како неутрален јазик.

Па, почнувајќи со снебивање и пелтечење, Васил Антевски полека се отпушта и постепено навлегува во заборавениот јазик како во туѓа облека, во секој случај поприкладна од затвореничката. Прво говори за Големата француска револуција, поврзувајќи ја со историското право на секој народ на сопствено национално ослободување. Потоа говори за Париската комуна, како поука на историјата дека националната слобода не е ништо без социјална правда. Тие историски искуства од револуционерните борби на другите народи, според тоа, не можат да се пренебрегнат и во историскиот пат на македонскиот народ во неговата борба за сопствено национално и социјално ослободување. Македонскиот народ, не со години туку со векови, ги трпи режимите на различните угнетувачи што му се прикажуваат како ослободители, на различните грабачи што му се кажуваат браќа. Но, и покрај патилата и страдањата, македонскиот народ никогаш не се откажал од борбата за својата национална и социјална слобода. Револуционерните сили можат привремено да бидат задржани во својот победонесен ôд, но никогаш не можат да бидат и победени. Револуционерните сили на македонскиот народ, во таа смисла, нема да спласнат сè додека не ја извршат својата историска улога — ослободувањето на Македонија.

Тоа е поуката на историјата, тоа е императивот на денешницата, тоа е визијата на иднина. Во што, според тоа, е нивната вина? Дали во тоа што, чувствувајќи ја неправдата кон својот народ, ја креваат и својата рака освен својот глас во негова одбрана? Дали затоа, што се застапуваат за својот народ, треба да одговараат пред овој суд?

— Вие, како и сите такви пред вас, тврдите дека и’ носите слобода на Македонија. А вашата слобода е ова!

Сè уште зборувајќи на француски, Васил Антевски ги покажува веригите на рацете. За чудо, освен судот, тоа го разбираат не само сведоците од средината на салата туку и граѓаните од последната редица. Обвинителот цело време бара збор за да го прекине излагањето на Дрен, додека судскиот совет колку што го слуша обвинетиот толку се договора меѓу себе. Обвинетите се напнати како стрели, небаре самите да ги срочуваат достоинствените зборови на својот најстар другар.

— Должен сум на крајот да ви кажам, — завршува Дрен, обраќајќи му се на судот но мислејќи и на судницата, — дека историјата никому не му останала должна. Оној што му става сопки на напредокот, не само што нема да се качи на тркалото од историјата туку и ќе биде столчен во калта под него. Ќе дојде скоро ден кога вие ќе седите на овие клупи, а ние ќе ви судиме ако останеме живи. Ако не, македонскава земја раѓала и раѓа достојни синови и ќерки, па тие ќе ве судат за злосторствата што ги чините ...

— Дали заврши обвинетиот? — го прекинува претседателот на судот, се разбира на бугарски а не на француски, додека со судскиот совет споделува впечатоци:

— Уште требаше со пароли да заврши, па да биде вистински комунистички процес!

— Да, — потврдува Дрен, се разбира на македонски а не на бугарски. — И сето што го кажав е гола вистина, а не парола. Макар и на неутрален јазик, но жива вистина.

— Нешто за себе? — го потсетува претседателот на правото за разбирање, сочувство, милост. А се гледа дека го прашува со иронија.

— Не, — одбива Васил Антевски. — Депласирано. Благодарам.

Земајќи здив со олеснување, задоволен со отсуството на реакција од Дреновиот говор, претседателот на судскиот совет брза да го заврши денешниот претрес и објавува дека судот ќе ја продолжи работата утре изутрина во девет часот, кога ќе бидат изречени и пресудите. Потоа прв станува и се повлекува во касарната зад салата, а публиката полека станува нерамномерно коментирајќи го крајот на судењето, додека последната редица молкум излегува во колона оставајќи ги обвинетите станати и исправени меѓу кордонот намуртено вооружена стража.

Дванаесеттата ноќ од судењето и ноќта пред пресудата обвинетите ја поминуваат во своите ќелии како лилјаци во пештера: со прстите во мемлата, со очите во мракот и со срцето под кожа. Мислејќи на сите, секој мисли на себе. Сега, и да можат да разменат збор меѓу себе, одвај би прозбореле за она што им тежи. Васил Антевски, кога беше во можност да се прочеша меѓу другарите во текот на судењето, ги тешеше дека Бугарите не ќе смеат да ги осудат на најтешки казни, ако не за друго барем заради тоа да се прикажат пред народот во Македонија како ослободители а не како окупатори. Но сега, по својата завршна реч, веќе не е сигурен во тоа. Неговата последна одбрана, изречена во името на другарите од обвинителната клупа, пред лицето на окупаторскиот суд несомнено ќе ја има вината колку на оружената акција толку и на вооружената идеја. Законот за заштита на нацијата осудува и за убедување пред да има дејание, во тоа е неговата смисла. Дрен, изѕемнат во својата самица, затоа и не посега да дојде во допир со другарите: нема веќе со што да се тешат.

— Дрен, — му се јавува Самсон преку ѕидот. — Ти честитаме. Сјаен беше. Бране им го пренесе на другарите твојот збор.

— Благодарам. Само, да не претерав?

— Ништо излишно немаш кажано.

— Мислам, да не ја отежнав ситуацијата на другарите.

— Таа е достатно тешка за да може да ја отежни уште нешто. Ќе се држиме до крај!

Васил Антевски не знае што да каже. Ни тогаш, ни утредента кога го изведуваат од ќелијата без да узнае дали склопил око, дали одморил мисла, дали заборавил снага. Само една неуморна лента, што почнува од Оморани а завршува во Скопје, му се врти со повторување во темната комора на глувата глава, без да се задржува на детали, без да зголемува слики и без да предизвикува чувства. Како изминатиот живот да му е нем филм, една свршена работа од друго време. Полжав што го креваш во рацете за да видиш дека месото се ишмркало а ти се дроби корупката.

Но, прангите на нозете, веќе две недели, тежат повеќе кога одиш и кога се замислуваш слободен. Одѕвонувајќи по калдрмата, измиена со запрежните цистерни што служат и за празнење ѓеризи, тие ти ја раскинуваат скрамата на бесоницата и ти го креваат погледот над крвта во него. Да имаш сили, да поземеш здив, ќе можеш да ја исправиш главата и да видиш како челото ти го бистрат прстите на багремите, во кои дури прострелува клунот на ластовицата. Последниот ден од процесот, сабота, 9 мај, обвинетите ги внесуваат пред девет часот во касарнската судска сала, веќе обезбедена со зајакната стража во која се забележува нова построена единица на бугарската фашистичка армија. Меѓу црниот под и белиот таван, нивните кафени униформи би личеле на селско клашно, да не им се зелените знаци на ракавите, рамената и капите. Судскиот совет, за разлика од претходните денови, влегува со задоцнување, но за сметка на тоа во свечени униформи и со сите ордени. Претседателот на судот, потполковникот Васил Григоров, на градите носи железен крст со свилена лента, што го дели Хитлер на своите офицери.

Не ни седнувајќи, како да брза да не му се залојат ќебапчињата во турската чаршија, воениот суд ги изрекува пресудите, во името на неговото величество а низ очилата на претседателот, додека неговиот железен крст го лови сонцето надвор и го внесува смалено во салата, како леќа во рацете на дете што си го гори ноктот.

1. На смрт со бесење. Присутни: Периша Савелиќ — Самсон, Васил Антевски — Дрен, Љубомир Лековиќ — Горски,_Чедомир Миленковиќ — Мирко, Дучо Кранго, Владимир Мацанов и Абдуш Хусеин. Отсутни: Страшо Пинџур, Александар Урдаревски — Станко, Боро Петрушевски —Папучар, Раде Јовчевски — Корчагин, Дамјан Крапчев — Стари, Роберт Гајдиќ, Антон Колендиќ, Босиљка Ѓурашковиќ, Мустафа Карахасан, Ѓоре Трајковски и Боро Трајковски;

2. На 15 години строг затвор. Присутни: Боро Ончев, Негре Новаковски, Александар Спасовски, Никола Димитровски — Грче, Павле Момчиловиќ, Илија Јакимовски, Светомир Томиќ, Александар Крстевски — Парто, Иван Циганков — Вања. Отсутни: Благоја Давков, Боро Боцевски — Боте и Трајко Стојков;

3. На 7 години и 6 месеци строг затвор. Отсутни: Невена Георгиева — Дуња и Драган Томиќ;

4. Ослободени од обвинение поради недостиг на докази. Присутни: Мито Матовски, Митре Инадески, Бранислав Шикиќ, Лилјана Манева, Милева Сабо, Блага Попова, Никола Томовски, Веса Крапчева и Серафим Видовски. Отсутни: Ружа Бак, Споменка Шикиќ и Катица Димова.

Салата глуво ја ислушува пресудата, само во последната редица се слуша по некој липот задушен во дланка или ракав. Додека трае тој молк, во кој уште не допира значењето на изречениот суд, претседателот и неговиот совет се повлекуваат заедно со своите папки, врвки и ордени. Стражата, веднаш потоа, го презема испразнувањето на судницата, елиминирајќи ја прво последната редица а давајќи потоа предност на главнината. Обвинетите, сега осуденици, последни ја оставаат салата, нејзината варосана светлина и нејзината касарнска топлина, додека војниците со штикови им го покажуваат патот.

Надвор, пак, во дворот на касарната, осудениците ги редат не само по двајца туку и по групи: прво осудените на смрт, потоа на 15 години затвор, па на 7 години и 6 месеци, и, на крај, ослободените. Така формирани во колона, секоја група со соодветна стража, тие излегуваат од касарната и се упатуваат кон затворот. Прангите им тропаат по калдрмата, не веќе од немоќ а од бес.

Меѓутоа, штом излегуваат од касарната, на патот меѓу неа и затворот, осудениците ги пресретнува повикот и плачот на роднините. Мајките ги довикуваат синовите кревајќи ги рацете до небото, татковците се исправаат над стражите оставајќи поткови на земјата, браќата и сестрите ѕиркаат под мишките на војниците барајќи свој поглед на нештата, а прангите јачат по калдрмата запирајќи го здивот на градот и сонцето се дроби под нозете оставајќи празнина на небото. Стражата пробива пат кон затворот, додека околу неа се тискаат не само роднините на осудениците туку и жителите на градот.

Тогаш Самсон, кој чекори прв со Дрен, се свртува назад кон колоната, не веќе партизанска ами осуденичка, ама пак востаничка.

— Другари, песна!

Па, највисок од сите, самиот ја почнува „Интернационалата“. Воздржувајќи ги солзите, повеќе од песната одошто од пресудата, Васил Антевски го извишува меѓу другите својот глас, подмолен како татнеж од земја.