Но, пред да почнат со тоа, една ноќ го изнесуваат надвор. Ѕвезди на небото, студ под пазувите, река во ушите. Васил Антевски, пресечен од изворноста на воздухот, не знае каде да се дене: сите страни на светот како да го водат кон излезот. И, покрај тоа што рацете му се врзани, нозете потклекнати а погледот обневиден, Дрен мисли дека веќе го чувствува мирисот на родното село.
Зошто не појде таму, место што седеше в град? Навистина, требаше од Велес по сè позапустени селски патишта да оди четириесетина километри за да стаса до Оморани, ама барем немаше да биде под рака на полицијата. Патем ќе ги среќаваше остарените ликови на врсниците и заборавените плодови на детството. А можеше дури и да не заноќи во селото, туку во манастирот свети Аранѓел.
Каде е сега неговото родно село, со чешмата како волов моч? Каде се кладенците, изѕидани во дворовите, во кои како пламен од кандило се чува испоснетото семе на растурениот пород? Каде се оние суштерливи лица на самрачните мајки? Каде е онаа плоча од карпа, што излегува од основите на куќата до грбавиот двор, врз чија насобрана топлина во доцните приквечерини се сече крвавиот плод на скинатата лубеница? Каде е онаа жолта вратика, што ги обложува камењата на куќата, удирајќи во модриците на колената? Каде е сега таа фрлена тишина, во која можеш да се собереш како во полжав, па преку здивот на ореовата шума да се добереш до слободниот простор над планината, во кој човек може да дише рамен на себеси?
Каде е сето тоа, кога те носат секаде само не таму?
Од мракот на затворот, преку мракот на градот, до мракот на вагонот. Душкајќи си го седалото со муцката, Васил Антевски распознава дека е во товарен вагон со вреќи овес. Вагонот е од оние за седум војници и четириесет коњи, а вреќите испуштаат прав како уште да се на гумното под неуморни копита. Додека само едно нокте отвор гледа кон ноќното небо во темнината на вагонот, Дрен се мисли дали легнува на половината од местото за војниците или на осмината од местото за коњите.
Не знае каде патува, му се чини дека возот се врти во круг, како да обиколува мрачна долина без да се искачува и без да се спушта. Патување, без крај како без цел, само бладачки запирања на мртви станици, во чија тишина пробива удавениот клокот на замислените извори. „Жеден сум“, си вели Васил Антевски и со тоа ја одржува врската со стварноста. Има веќе цела вечност како не допрел капка вода со испуканиот јазик, па секој шум му го довикува грлото на врутокот.
Истата ноќ, само на другиот крај, го симнуваат од возот и пак го спуштаат во затвор. Додека го внесуваат од еден во друг мрак, Дрен забележува дека е сега во Скопје и дека затворот е на Обласната полициска управа. Паркчето од спротива, во кое пред некој ден се среќаваше со своите другари, прилега на згазена грмушка под чија легната трева нема ни здив од влага.
Затворот на Обласната полициска управа, како и секој истражен затвор, е во подрумите на зградата. Кога ќе влезеш, како да влегуваш во пеколот: се простуваш од светлината, го намалуваш воздухот, ги губиш страните на светот и наоѓаш разбирање со црвот во земјата. Васил Антевски добива една просторија, во која — ако се испружиш и ако ја осветлиш — нема да те собере од темето до петиците.
Една крушка, счипчена за таванот, мижурка со своите петнаесет свеќи, не знаејќи дали е надвор ноќ или ден. Подот од мемла, под кој не разликуваш камен од земја, ја смука топлината од снагата пред да му се предадеш. Само од едниот ѕид горе, како од заѕидан прозорец, се чини дека напати допираат наслутени одзвуци на далечни чекори. Можеби се тоа неговите другари од слобода, кои како минувачи покрај зградата се обидуваат да му пренесат некоја порака.
Со светилката на тилот, како со поскок во окото, Дрен ги поминува таму петнаесетте дена од деветнаесетти ноември до четврти декември. Единственото нешто, по кое ги брои деновите, е влегувањето на стражарот, кој со нога му ја поттурнува здрвената каша. Кога овој ќе ја затвори вратата, скрцајќи со кваката како со сврдел во коска, порцијата останува на подот како лепешка на пат.
Петнаесеттиот ден, поправо ноќта, Васила Антевски го водат од визбата до третиот кат. Таму горе е службата на Државната сигурност и групата „А“, која од кралството Југославија ги има наследено досиејата на комунистите во Македонија. Долги ходници, тесни ѕидови, високи врати. Чекорот, предизвикувајќи го екотот, го префрла од петата на темето; па така, со сопствениот товар на единствената глава, се движиш кон очигледниот безизлез како да чекориш кон отворената иднина.
На крајот од ходникот, како на крајот од светот, Васил Антевски го внесуваат во последната соба. Без да погледне на вратата, Дрен веќе знае дека таму го чека началникот на групата „А“, Љубомир Јорданов. Не знае, меѓутоа, дека лево и десно од него го чекаат и агентите, Мане Мачков и Круме Панков. Светите тројца — убијци.
Љубомир Јорданов е дојден од Бугарија, а Мане Мачков и Круме Панков се од Македонија. Љубомир Јорданов има мустачки и носи врска, па прилега на интелектуалец што се откажал од својата цел на полпат а сега со прсти на гркланот ја повраќа и нејзината прва половина. Со цигара во устата, брилјантин во косата и шамивче под реверот — тој го одмерува како што му приоѓа, а прстите му играат на бирото како по кожа која штотуку опната, уште не испушта звук.
Мане Мачков, тој збитак со споени веѓи и без врат, стои до шефот како негова слика, скратена во пукнато огледало. Васил Антевски го знае од синдикатите пред војната, но никогаш не знаел дека уште оттогаш тој е човек на полицијата. Круме Панков, некогаш развиен а сега крупен човек, се надвишува над рамената од двајцата но со малата глава, со кратко потшишана коса, следи секое нивно движење, за да го разбере и да го спроведе.
Значи, си заклучува Васил Антевски, ова е светата троица што ќе ме распне на крст. Едниот ќе испрашува, другиот ќе измачува, третиот ќе пердаши. Сите тројца, секој со свое средство и секој во свое време, ќе му ја растргнуваат снагата, ќе му ја вадат душата и ќе му го исправаат умот. Смислено така, што не е испуштено ни едно искуство на светот.
Љубомир Јорданов, гасејќи ја цигарата, уште на почетокот кажува дека тие знаат сè за него. Ако Васил Антевски е разумен, иследната постапка ќе биде само формалност. Тој, Јорданов, знае дека комунистите од принцип ништо не признаваат. Но, во случајов, полицијата ги има сите докази, па и без нивното признание тие ќе бидат изведени пред суд, за да им се одмери заслужената казна. Според тоа, му се остава нему, на Васила Антевски, да одлучи како ќе се држи во иследната постапка и како, на тој начин, ќе влијае на сопствената пресуда.
Колку што му дозволува одблесокот во очите, Дрен го гледа началникот на политичката полиција и покрај рефлекторот се обидува да продре во неговиот поглед. Начисто е дека во сево ова се крие една испробана тактика, на која тој би требало да наседне па да го признае и она што не може да се признае зашто и не го знае. Но погледот на Јорданов, заштитен зад светлината вперена во Дрен, и натаму останува неприкосновен, додека неговите зборови на убедување се ронат монотоно како песок низ прсти.
Васил Антевски го слуша и заклучува дека навистина знаат за него; можеби не сè, но секако од првата пресуда за комунизам до последниот рецепт за чирот. Тоа го потврдува во ставот, изграден низ петнаесетодневното лежење во затворов, дека треба да се брани така што да ги признава само одделните, несомнени и случајни детали, а да го отфрла сето она што е врзано од неговата определба до заедничката акција. Како во лагата: да го кажеш малото, да го премолчиш важното, па да се чини како да ја признаваш вистината, додека всушност ја прикриваш, плетејќи ја прелагата.
— Тогаш, се разбравме! — заклучува Љубомир Јорданов. — Седни и почни. Еве овде. Сè по ред. Културно, на биро, со перо. Како што оставил господ, како на разбрани луѓе.
Васил Антевски приоѓа до бирото, седнува на столот и го подига перото. Што да пишува, како да пишува? За иронија на судбината, ова му е првата и последна можност да го опише својот живот — со тројца полицајци над глава. Што биографија ќе излезе од ова, си мисли Дрен, кога ни мојата генерација не ќе може да ја разбере? Не само од недоречености, туку и од противречности.
Тогаш забележува дека првата страница, горе на почетокот, е веќе испишана:
„Васил Стефанов Антевски, род. с. Оморани, Велешко, през 1904 год., по народност б'лгарин, б'лг. поданик, неженен, неос'ждан, по занајатие адвокат, грамотен, ист. православен, жив. гр. Скопие — по рано на ул. 222 № — 27а, а напослед'к без установен адрес — нелегален, казвам следното:“
Васил Антевски погледнува во тројцата над него, не толку да одгатне кој од нив го напишал ова колку да собере сили како да продолжи. Јасно му е дека ова е масло на Љубомир Јорданов, зашто Мане Мачков нема вака испишан ракопис а и не го знае уште бугарскиот јазик, додека Круме Панков има достатно дебели прсти за во нив да не може да додржи толку танко нешто како што е перото. Нема што, си вели Дрен, мора да се загризе. Прво, па машко.
И, макајќи го перото во мастилото како леб во вино, Васил Антевски ги испишува првите зборови на своето признание пред бугарската полиција:
„Јас сум син на македонски селанец и македонска мајка, од велешка околија. Роден сум и живеев во тешки маки како дете и како возрасен човек. Бидејќи положбата и на македонскиот народ и на мојата фамилија била во истата мера жална и мачна, и дедо ми и татко ми земале учество во борбата за ослободување на македонскиот народ ...“
В миг, урната од небесата, некоја сила му го истргнува перото и му отвора глув вител околу главата. Тоа тројцата полицајци се нафрлаат врз него, не одбирајќи кој каде ќе фати и кој како ќе удри. Дрен само гледа како го креваат од бирото, како да го симнуваат од седло, па како го фрлаат на подот меѓу шест нозе како копита, а потоа како му се заклопува и видот како што пред тоа му се затнува слухот, па сета соба се собира во една точка како што сиот свет беше собран во таа соба. Глува, црна, болна. Точка, во која се собираш мислејќи дека од неа си роден.
„Што згрешив, освен што признав?". Мисли Дрен, пред да падне во несвест.
На Васила Антевски тоа му е првото и последно паѓање во несвест од тепање во затворот. Сите наредни, од почетокот на истрагата до крајот на пресудата, тој ги издржува со наполно зачувана свест, независно што снагата му е како мрша а мозокот работи само со една мисла. Зашто првото тепање, колку и да го очекуваше, за него сепак беше шок што успеа да го изненади, додека другите Дрен ги дочекува посигурно од следувањето леб.
Оттогаш, и без да знае што време е, Васил Антевски е свесен колку е часот: штом ќе го поведат на сослушување, тоа не може да почне или да заврши без тепање. А уште веднаш Дрен е начисто дека е подобро да почне со тепање, зашто тогаш барем ќе се одложи сослушувањето. Највеќе, за очекување, тепа Круме Панков. Тој, заправо, и повеќе пердаши одошто испрашува. Колку што е тром во зборот, толку е брз во ударот. А не му треба ништо повеќе освен намиг на шефот, како на дресирано куче.
— Крос! — само ќе рече Љубомир Јорданов и Круме Панков веднаш се нафрла на Васила Антевски. Дрен прво мисли дека е тоа некој израз од полициската дресура, но со време сфаќа дека „Кросот“ е прекар на Круме Панков. Значи, Круме Панков — Кросот. Име, презиме и уметнички прекар.
А Круме Панков — Кросот има рака како суво рало: кога ќе те земе меѓу двете, искри фрчат од тебе како од пресечен кремен. Но Кросот во меѓувреме, откако се посветил на полицијата, природно дека си го култивирал и ралото од рака. Па така сега, употребувајќи ја во моменти на изненада или одбрана, ја заменува раката со: дрво, гума, железо или просто со пиштол. Иако, се гледа, во секој момент е готов да се откаже од сите тие средства, па дури и од умот, само за да се врати на ралото. На таа рака, родена за копање а превртена за тепање.
Круме Панков — Кросот прво почнува со тепање по табани. Ќе те склопчи па ќе те преврти така, што ќе му дојдеш како преклана кокошка на подот. А тој, со средството в рака, удира по издадените табани како да забива кол в земја, додека во лутината се помага со клоци што ти оставаат дупки по слабините. Понекогаш мава со стап, понекогаш со гума, а најчесто со жила — армирана гума или гума со жици. Тоа не се познатите палки, кои служат за паради.
Бидејќи во текот на тепањето дланката му се поти и средството му се лизга од рацете, Круме Панков — Кросот ги менува едноподруго стапот, гумата и жилата. Васил Антевски, колку и со отпаднати табани, го чувствува моментот на тие промени, но ни со една мрешка на лицето не го покажува тоа. Главата на Кросот, мала во споредба со неговата снага, се полни со темна крв како сита пијавица.
Најтешко, меѓутоа, за Васила Антевски е „пумпањето“. Кросот тоа го прави за да се одмори од стапот, гумата и жилата, а можеби и за да се врати на допирот со земјата од чиј отпор му избегала раката. Онака врзан за тепање, тој ти ги зачепува устата и носот, па со колено те притиска по градите како да полни со воздух легната гума од расипано возило. Очите тогаш ти искокаат како на стапната жаба и просто си го гледаш конецот на кој ти виси животецот.
„О животе, тврда пувко!“. Се домислува тогаш Васил Антевски, гледајќи си ја утробата во скутот сосе нежниот меур што ќе пукне меѓу грубите прсти на неговиот мачител. „Толку е животецов, тоа грутче воздух за мене, тој меур со кој пливам како риба на суво“. Играчка, меѓу грижата на сопствените и безгрижноста на туѓите раце.
И, додека главата на Кросот се полни со крв од задоволство, од главата на Дрен се повлекува крвта на животот. Круме Панков, губејќи здив, го полни Васила Антевски со воздух, а Дрен лежи под Кросот, не испуштајќи си го здивот на подот. Очите им се гледаат како на закрвени браќа, врзани преку папокот за ист крвотек. „Дали и јас би бил ваков“, се мисли Дрен, „кога би бил над него или над некого?“
За среќа, тоа „пумпање", очи в очи, прв не го издржува Кросот. Сè може да се сретне во човека, само не погледот на задоволството и погледот на мачењето. Кросот скока од подот како смок полн до грло, иако жртвата под него мрда како мрша. Васил Антевски, свикнат да опстојува повеќе со духот одошто со телото, ги спојува во слика линиите што му играат во очите и со одобрување констатира дека е во истата просторија. Само го мачи мислата какви крикови испуштал, додека коленото на Кросот му го сменувало воздухот.
Љубомир Јорданов, меѓутоа, обично останува незадоволен на бирото. Ја доиспива цигарата без сласт, ја гаси со лутина во пепелницата и чекори по собата во кошула. Мане Мачков, следејќи го во чекор, се поткашлува пред својот настап. Воздухот во собата се собира како глуварица пред распукување. Светилката поигрува, во недоумица дали да се распали или да изгасне. Сенките од светлината, врз замаецот на подот, те влечат во вителот на своето дно.
— Ништо! — заклучува Љубомир Јорданов. Тој стои како точка во инката што тоне: бела кошула, црни мустачки, светлечки поглед. — Не ти веруваме во ништо што ни одговораш. Во ништо! Ако продолжиш вака, ќе те уништиме. Не на судење, туку на стрелање! Тоа јас ти го ветувам, Љубомир Јорданов. Така да знаеш!
Па, изигрувајќи разочаран, одмавнува со рацете во завртени ракави, посега по цигара, но и неа ја отфрла, а сиот негов израз во тој момент како да сака да каже: кај се најдов јас, од престолнина, да се расправам со вас, од провинција. Дури и странскиот коњак, што е лек преку шверц ако не со рецепт, не е во состојба да го смири. Неговите соработници, свесни за интелектуалната разлика меѓу нив и шефот, ги вртат средствата во рацете како бројаници во размислување и видно нестрпливо патат што не можат да му помогнат.
— Знаеш ли кој е тој? — му се доближува Мане Мачков на Васила Антевски. Заземајќи не само дистанца туку и став на доверливост, тој стои до него насмевнат а низ забите пушта отров. Дрен знае дека тоа е дел од нивната игра, која е скроена така што да заврши со негово фрлање низ прозорец, како успешен обид за самоубиство во присуство на власта.
— Љубомир Јорданов, — му објаснува Мане Мачков на уво. — Началник на службата „А“, човек на Софија. Интелектуалец, не трпи да му се противречи. Личен пријател на министерот за народно здравје и внатрешни работи. На располагање го има мерцедесот со регистарски број 2, веднаш по службената кола на обласниот началник. Голема глава, нема тука шега. А, добар човек, мек како памук, освен кога ќе се разочара во луѓето.
Мане Мачков значајно погледнува во Васила Антевски, ставајќи точка на својата доверливост. „Значи, да не го разочарам“ — заклучува Дрен. Па се обидува тој заклучок да го стави како облога врз потечените табани и изудрените слабини. Залудно, разбирливо.
— Затоа, — заклучува Мане Мачков и за него, — внимавај да не го разочараш. Уште повеќе што и двајцата сте интелектуалци.
Потоа, како да ја продолжува доверливоста со затвореникот, го врзува за столот. Круме Панков — Кросот се одмора во аголот, а Љубомир Јорданов го чека на бирото да проговори. На Васила Антевски му е јасно дека тие нема да се откажат од мачењата, додека тој го разочарува началникот. Крушката од светилката виси над неговата глава како јамка од бесилка.
Ставајќи цигара в уста, Мане Мачков го отвора кибритот колку да му влезе палецот во кутијата. Но, место да ја запали цигарата, ги боде дрвцата под ноктите на Васила Антевски, на сите прсти од рацете. Дрен гледа како неговата крв веднаш помодрува, но задушува во себе секаков изблик на болка. Цело време, додека го мачат, главно му е да не испушти крик, низ кој ќе издаде нешто. Нешто, што ќе ја урне логиката на неговата одбрана; што ќе им наштети на другарите во затворот и на слобода.
Пред да ја зачури цигарата, Мане Мачков ги пали дрвцата под ноктите на Васила Антевски и се начудува на таа глетка како на божиќна елка. Круме Панков се смешка со јанаците од образи, а Љубомир Јорданов отпива од коњакот како за гаргара. Само Дрен ги гледа огнените прстења што му ги спојуваат прстите со ѕрцките во една болка, која му ја гори утробата до бело слепило.
— Признавај! — му шишти Мане Мачков низ шишот на пламењата, додека со огнот од цигарата го боде околу очите. — Признај, пред да те предадам на шефот!
— Признав, — успева да се слушне Васил Антевски. — Немам што повеќе да признавам.
Споулавен од бес, Мане Мачков му го гаси догорчето во отворената уста. Круме Панков — Кросот прискока на помош со стапот, гумата и жилата. Љубомир Јорданов, покажувајќи го своето разочарување, им свртува грб зад бирото. А Васил Антевски ги затвора очите да не гледа како двајцата близнаци ќе го гасат огнот што сами го палат на него. Јамките од светилката, како усвитени прстења, му остануваат во погледот да го горат како проголтана болка.
Врв на сето е кога ќе те натераат, по тепањето, да трчаш со потечени нозе. Тоа е полошо одошто да газиш бос по разгорена жар, додека од чадта на болката не гледаш како ќе излезеш од тоа пеколно огниште. Дрен се тетерави, а мисли дека јури по студените ходници, небаре по запалена рогозина, и спасот го гледа во својата самица. Своја самица — своја судбица. Таму, кога ќе ти ја удрат вратата од грб како капак на глава, можеш да се наведнеш над сопствената болка како животно над својата рана.
Во самицата Васила Антевски го оставаат без леб и вода седум дена. Дури ни клучарот не влегува во неа, туку низ клучалката само наѕирнува, колку да го испишува својот извештај. Пред да го открои своето водникаво око во строгиот отвор, Дрен ги слуша неговите чекори по долгиот ходник и не се надева на ништо добро од нивното приближување. Освен окото на клучалката, самицата нема друг отвор каде што би можело да се погледне, со исклучок на мижуркавата крушка на недостижниот таван како фатена пеперутка.
Местејќи ги плеќите под неа, Дрен за тие седум дена ја проверува својата одбрана и не наоѓа ништо што би можело да се измени во неа. Единствено да се остане доследен, колку и упорен. Макар што чирот му работи во утробата, тој е задоволен од себеси што издржува без леб и вода, како и без одронет збор со друг створ. Но, колку што размислува за себе, толку мисли и на другите, кои секако исто како него се вртат околу себеси во своите самици.
По седум дена, кога го водат од самицата, Васил Антевски е истиот како при првото сослушување. Чекорот му е цврст, табаните и ноктите не го болат, само што погледот му е изострен меѓу тврдите вилици и издлабените образи. Во градите, како птица свикната на кафез, срцето скротено му отчукува по ребрата, немајќи страв пред смртта како што не си ја дозволува возбудата од слободата.
Горе, на последниот кат, на крајот од ходникот, го чека стапот на истрагата, гумата на маките и жилата на издржливоста. Групата „А“, на чело со началникот, ждрига по залеаната вечера и џвака залоени чепкалки. Работната просторија на Државната безбедност, освен на прав како барут, здива на кромид и пиво. Очигледно, се носела скара од чаршијата, се отворале шишиња со чакии и се туткале изглоданите остатоци во измрсена хартија. Миризливи знаци на прекувремена работа, вонредна храна за полициските кучиња.
Васил Антевски, пред предизвикот на таа слика, што се брише од собава но не и од свеста, мирно го очекува почетокот на сослушувањето. Знае дека ова е второ сослушување, но не знае дали испрашувањето ќе продолжи од почетокот. И покрај тоа што сите полиции се слични, уште не знае какви се методите на оваа политичка полиција. А секој, па и полицијата, колку и да си ги позајмува досиејата, сака да биде оригинален.
„Фројд“, си вели Дрен, догледувајќи го на бирото пред шефот последното ќебапче, срамниче за подредените. „Тврди дека има само еден чекор од творецот до убиецот. Но тој, веројатно затоа што никогаш не лежел в затвор, не го сознал и тоа дека секој амбициозен полицаец обично е неостварен творец. Кој, својата неоствареност од саканата област ја остварува со извратена оригиналност под азилот на полицијата. Мора да е просто да бидеш оригинален, кога од областа на творењето се префрлаш во областа на уривањето.“
Погледите на Љубомир Јорданов и на Васил Антевски се судираат како погледи од два света. „Врсник а отпадник“, вели погледот на Васил Антевски. „Врсник а противник“, вели погледот на Љубомир Јорданов. Во погледот на Љубомир Јорданов гори љубомората од доследноста на Васила Антевски, додека во погледот на Васил Антевски догорува досадата од продаденоста на Љубомира Јорданов.
Така се одвиваат излегувањата на Васила Антевски од неговата самица, од декември 1941 до април 1942 година. За тие четири месеци, колку што стигнува да следи, го изнесуваат на сослушување едно дваесетина пати. Но, секое сослушување трае од паѓање на мракот во претходниот до осамнување во наредниот ден. Тоа Дрен го знае не толку од прозорците зад кои се крие неговиот град, колку од ходниците што не знаат за работно време.
А сите сослушувања се, всушност, исцрпувачки тепања, по кои Васила Антевски го враќаат како вреќа во неговата ќелија, додека Мане Мачков и Круме Панков задремуваат од умора пред очите на шефот. Љубомир Јорданов, кој го конципира сослушувањето како интелектуален дуел, нема ништо против што тоа се претвора во мануелна тортура а подот на канцеларијата во под на касапница. За него е важен записникот, што го гледа на бирото како капка на дланка.
Според записникот, воден со прекини, може да се добие и слика на истрагата. Васил Антевски, признавајќи дека е син на македонски земјоделец и македонска мајка, ги испишува првите страници на записникот со ситен, стрплив, филигрански ракопис. Меѓутоа, веднаш по оваа изјава, неговиот ракопис се менува покажувајќи го колебањето на раката, но не и на мислата. Буквите се раскрупнуваат тешко држејќи се во зборот, додека редовите се веднеат удолу како што перото бегало од прстите. Еден неред навлегува во речениците, правејќи ги недовршени, лабави, болни. Нив ги држи само замислата на одбраната: да не се признае партиската работа, дури и по цена на приватни подробности.
По петтиот прекин од осумте во записникот, од ракописот на Васил Антевски останува само потписот. Сè поскратен, сè поневешт — како да се враќа во неписменоста. Очигледно дека иглите под ноктите му ги претворале прстите во изгорени прачки. Она што не го изостава Дрен, во тие последни траги од сопствената рака, тоа е презимето во кое зимува земјата под костените и болката дека уште еднаш не е видено Оморани.
Тогаш, по петтиот потпис во записникот, Васила Антевски го фаќа криза. Отрпнат од познатите методи на сослушувањата, се прашува дали ќе ги издржи непознатите начини на мачењата. Неговите свети троица, славејќи го пред него празникот на лозјата, покажуваат навистина смисла за инвентивност во својата убиствена работа. Како да имаат пред себе упатство од сите времиња, тие поминуваат од еден метод на друг и со сигурност го очекуваат резултатот од таа примена.
И токму кога се на методот, да го редат со удари од пиштол по градниот кош, Васила Антевски го фаќа таа криза на издржливоста. Но не дека ќе признае, туку дека ќе скапе. Овој метод, според искреноста на близнаците, треба да предизвика само процес на туберкулоза. Дрен знае дека тие нема да го убијат пред да го изнесат на суд, па сепак со крајни напори го чека крајот на ова мачење.
Кога останува во самицата, првпат по толку недели без да прозбори со близок, Васил Антевски го прегрнува ѕидот како најтопла постела. Но ѕидот е како мит, недостижен за неговите раширени раце, што си вообразуваат дека се креваат до небесата. По влажните рапавини истанчените дланки се лизгаат кон бунарското дно. Тогаш Дрен, во очај, ја задржува со ноктите својата тежина на ѕидот.
И, дури кога гледа како прстите му оставаат траги од крв по ѕидот на ќелијата, Васил Антевски сфаќа дека тоа тој се потпишува не само во записникот туку и во самицата. Па, се созема, го собира дишењето и ги совладува движењата, лежејќи сè уште со лактовите на страната од ќелијата како на постела од ѕид. Така, со напор на прваче по кремена невиност на плоча, го испишува својот партизански прекар на карпата од самицата. Крв под ноктите врз тврдиот варовик. Истрајно стебло со жилава срцевина меѓу рапавините на каменот, меки како челусти. Четири букви, како четири корења што растат на една краста а на ниедна земја.
Тогаш, од другата страна на ѕидот како од другиот крај на светот, допира знакот на еден глас. Васил Антевски го препознава по тоа што, кога престанува да гребе, друг продолжува тоа да го прави од таа страна на ѕидот; надвор од неговата самица, веројатно во соседната. Дрен го притиска час едното час другото уво на ѕидот, обидувајќи се да ги собере во порака звуците што го гребат каменот.
Најпосле, со обновено знаење на морзеовата азбука, ја сфаќа пораката. Увото му гори, погледот му живнува, а во снагата му се враќа бранот на крвта. Тоа е Самсон, зад ѕидот, во соседната самица — Самсон. Тој е тука пред него, но уште го сослушуваат; сите фатени од одредот се во затворов, ќе ги изведуваат пред суд.
„Ти си Дрен“, не прашува туку проверува Самсон. „Сега е важно да се молчи, да се издржи“.
„Јас сум, Дрен“, се радува Васил Антевски. „Молчам, издржувам“. А сепак си признава дека му е убаво што и вака може да размени збор со близок.
„Некој од нашите признал“, му доверува Самсон. „Провалил. Предавник. Затоа не признавај ништо“.
„Разбирам“, потврдува Дрен. „Да не признавам. Кој е тој?“
„Не знаеме. Тоа ги усложнува работите. Ќе одржуваме врска. Ајде, здраво. И држ'се!“
„Се држам“, порачува Дрен. „Секој да се држи“.
Така, преку ѕидот на самицата, во кој го конзервира со крв своето име и од кој му допира со ноктот пораката на животот, Васил Антевски ја пребродува својата криза на издржливоста. Сега, кога има допир со другарите, веќе му е поинаку. Знае дека не е сам, дека и другите се тука, во самици, дека така заедно ќе ја понесат судбината на своите осамености. А тоа, што не знае кој е предавникот, сè уште е помалку важно од можноста самиот да си или да станеш таков.
„Како се станува предавник?“, се прашува Васил Антевски додека го водат од дното на темелите до покривот на зградата. Скали, ходници, врати. Без прозорци, без светлина, без шум. И, ни жива душа. Зад кои врати, од кои ѕидови, под кои темели му го демнат чекорот — човечки или предавнички — неговите другари?
Мора да е страшно да појдеш од самицата другар а да се вратиш предавник. Каков е тогаш човекот? Каде си ја сместува снагата, каде си го сокрива погледот? Како си го слуша срцето? Дали му е потешко да се сретне очи в очи со другарите или да остане насамо со сопственото предавство? И, до кога може да се остане сам, кога гревот пука како пришт, колку и да го збираш во себе, мислејќи дека крвта ќе го победи гнојот?
Сега, кога знае дека меѓу нив полицијата има свој човек, Дрен во сослушувањето ги препознава прашањата, што се потпираат на сознанијата добиени од признанието на предавникот. Сега, всушност, полицијата знае сè. Сè — од еден за сите. За целата организација, за целата акција, за партијата, за одредот. Зошто тогаш бара признание од секој одделно? За да бидат не само виновни туку и покаени?
Заблуди од Србите, грешки на младоста, милост од царот! — Љубомир Јорданов, не барајќи од Дрен, самиот му ја објаснува организацијата на Комунистичката партија во Македонија и акцијата на скопскиот партизански одред. Васил Антевски треба само да потврди и да потпише. Ништо повеќе. И, евентуално, да си признае каква е неговата функција во партијата и должноста во одредот.
Дрен ги признава сите работи што веќе ги има признато, сведувајќи ги на еден ист извор на сеќавање, но збогатувајќи ги со по некоја нова подробност. Макар што главата му тежи како на рамената да ја носи целата оваа четирикатна зграда со земни темели, тој не заборава: „Одбивај секаква партиска работа, а имај некаква логика во одговорите!“. Дрен се држи за свој став како слеп за стап, не знаејќи до каде ќе го одведе но убеден дека нема друг излез. Сам е, оставен на милост и немилост на себеси. Откако Самсон еднаш му се јавува, нема никакви други врски, ни од другарите, ни за предавникот.
Тогаш Љубомир Јорданов, кој не испушта ни едно негово тепање односно распитување, не издржува повеќе и му избувнува в лице. Сета крв на началникот на политичката полиција тој миг протечува низ неговите безбојни очи. Дрен има впечаток дека серија секавици му го заслепува погледот. Но Љубомир Јорданов, како да претвора дожд од искри во град од мразулци, само му соопштува дека не верува ни во еден негов одговор и дека заради тоа ќе биде ликвидиран. Дури не ни суден, туку право стрелан.
Во потврда на тоа, Љубомир Јорданов излетува од канцеларијата, собирајќи ги патем своите работи — палтото, паларијата, пелерината. Исплашени повеќе од Васила Антевски, Мане Мачков и Круме Панков потрчуваат да го врачат лично пиштолот заборавен на бирото, заканувајќи му се на затвореникот што им го налутил шефот.
Таа ноќ, последна од ноќите на сослушувањата, Дрен не памети како се враќа во својата ќелија. Не памети — ни како почнува, ни како завршува, ни кога почнува, ни кога завршува. Потполн мрак, потполн молк. Не несвест, туку бесвест од тепање. Двајцата близнаци, без други сведоци, си даваат изблик на страстите воздржувани пред нивната власт.
Кога се освестува во својата самица, а препознава дека е неговата, Дрен се испитува од теме до петици за да се осознае не толку цел колку тука. Потоа, влечејќи се по подот, се обидува преку ѕидот да дојде до врска со другарите. Сака да им се јави, да ги слушне, да им порача дека издржал. Но ѕидот е неодѕивлив, не како студен камен туку како земја мртвица.
Тогаш, по тие дваесетина сослушувања во четирите месеци осаменост, Васил Антевски забележува дека почнува сам со себеси да зборува. Тоа што никогаш не му се случувало, што мислел дека им се случува само на стари и изгубени луѓе. Тој не е стар, има одвај триесет и седум години. Но можеби е изгубен. Зашто, еве, за што си зборува: за костените над Оморани, за вошките во окопите, за миризбата на мензите, за ноќите во Скопје и за други такви глупости.
Васил Антевски, кој не знае како се станува предавник, тогаш узнава како може да се полуди од осаменост. И тоа го уплашува, како веќе да се гледа таков низ очите на другите.