Скопје е тогаш како дупнато решето: секој ден блокади, заседи, апсења. Освен војничките, полициските и агентските петици, ни едни други чекори не се слушаат по улиците. А лисјата по дрвјата жолтеат, црвенеат и црнеат, пред да ги преземе земјата премрена да си го преврти лицето.
Дрен го превртува градот како крт угарот: се крие овде, излегува онде, се движи под земја, дише низ дупка. Јасно му е: не може вака, не може долго вака. Кртечината му е кај Пустата кула во Тавталиџе; тука продремува, оттаму трга, таму се враќа. Ноќе, кога испливува од плитките соништа, ги гледа стаорците како му ги брстат ноктите. Го гонат, значи, не само окупаторите, туку и глодарите.
Еднаш, во момент на отпуштеност, го побарува брата си кај негов другар. Од распуштање на одредот, од втори ноември над Горно Нерези, поминати се веќе неколку дена, а Дрен — не што не прозборел, туку и не се сопнал од некој познат. Овој му кажува дека брат му Никола пред некој ден дошол од село, ама сега го нема, може и да се вратил, имал ориз за продавање, од Оморани.
Васил Антевски, со сиот ум што го имал и што го нема, оди дома, на улица 222 бр. 27а. Стопаните, онемени од уплав или изненада, само гледаат во него и не умеат да соопштат дека Никола не навратувал таму. Дури кога Дрен си оди, не само препознаат туку и повратен од нив, тие му кажуваат дека полицијата го претресла неговиот стан, уште на 23 септември. Васил Антевски одмавнува со раката, не мислејќи допрва да влегува горе, но му останува во главата дека со претресот му се собрани сите книги, хартии и фотографии. Значи, заклучува Дрен, не само пиштолот, туку и тие се веќе кај нив.
„Јас сум кај нив, но каде се тие?“. Па, како тој да трга во потрага по своите трагачи, Дрен се упатува кон центарот на градот, во предизвик на судбината. Примрак е, домаќинките ги притвораат портите, децата се спровираат низ оградите а свиоците на улиците се влеваат во шумот на реката. Да не се ѕвездите на небото, денот пак ќе го згаснат фенерите на железничарите што се прибираат од работа преку раскопаните полјанки.
Тогаш, во тој модар самрак, Васил Антевски среќава на улица висок момчак. Пред да се поздрави, овој застанува спроти Дрен, обидувајќи се низ погледот да ја пропушти радоста од средбата.
— Васил Точка? — прашува неговиот поглед.
Дрен се чуди од каде го знае, проведувајќи го во мислите низ својата кантора, низ илегалните состаноци, низ движењето на одредот. Најпосле, го препознава во момчето Миќо, кое еднаш им донесе храна во логорот. А го запомни по тоа што момчакот сакаше да остане во шумата како партизан, но Горски го крати в град не дека е премлад за борец туку дека на одредот му треба курир.
— Да, јас сум, Миќо! — потврдува момчакот. И, без да се обѕира во страв и без да губи време, како испечен илегалец, го прашува Васила Антевски каде може да го најде ако треба да го поврзе со другарите. Дрен, не признавајќи дека е без врска, ризикува да му каже и веднаш се покајува, зашто знае дека ги прекршува правилата на играта, законите на илегалата. Но, што друго да стори, кога се нема подобар излез? Или, барем, излез на повидок?
Утредента, по полицискиот час, штом се разденува, во дворот на Пустата кула еве го Миќо со Мирко. Тие гледаат пред себе, среде дивата трева, не обрнувајќи внимание ни на врапците што ги ретчат лисјата од пресушените дрвја. Дрен слегува од раскостената куќа како головрат орел, ноктите му се забиваат во дрвените скали. И покрај бистрата глава, што ја пробива подмрзнатиот провев на ведрата утрина, не се сеќава на овој човек што стои до младиот момчак.
— Првиот командир на одредот, — се претставува стегајќи му ја раката. — Ти не ме знаеш, јас те знам. Васил Антевски, Дрен. Јас сум Мирко, ништо повеќе.
— И новиот командир на одредот, — дополнува Дрен, следејќи го со погледот Миќо кој се губи низ дивата трева.
— Што не го дочекавте, — веднаш додава Мирко, лут на сите пред да узнае на кого. — Зошто?
— Стариот предложи а одредот прифати, — објаснува Дрен. — Привремено расформирање.
— Кој ви го даде тоа право?
— Никој. Горски отиде по директива и не се врати повеќе.
— Јас ќе дојдев. И покрај битката кај Треска, имаше начин да ве најдам.
— Настана збрка, — настојува да е убедлив Дрен. - По убиството на шумарот, прво Горски изгуби глава а потоа и одредот. Стариот се обидуваше нешто, но нè скрши пукотницата кај Треска. Од предвидените шестмина, тројца не ни се придружија. Меѓу нив, и ти. Сите мислевме дека си загинат или заробен. Тоа објаснува, но не оправдува, — исклучив е Мирко. — Горски има голема грешка за неактивноста и расформирањето на одредот. Но и другите носат свој дел од вината. Партијата ќе мора да ги земе на одговорност. Што мислиш да правиш сега?
— Ако мојата одговорност е одговорност и за одредот, ја прифаќам и неа, — останува на своето Дрен. - Во градов не можам да останам, сите ме знаат. Би одел во Велес, потоа во моето село. Кога ќе ми дадете врска, ќе појдам во еден од тамошните одреди. Борбата треба да се продолжи, а јас сум негоден веќе за илегална работа. Чирот ми ги намалува силите, па не сум многу ни за физички напори.
— Знаеш што? — омекнува наеднаш Мирко. — Да се најдеме задутре кај старата Бановина. Ќе ти кажам тогаш што и како да правиш.
Така и прават. Се наоѓаат на одреденото место и во договореното време, како самјаци што ги оставиле зад себе густите шуми пред таа чистинка колку дланка. И никој, не само тие еден за друг, туку и сите што сакаат да знаат никогаш нема да узнаат што, каде и како правеле двајцата за овие два дена. На секогаш уредната лика и облека од Васила Антевски само се гледа една небрежност, што го враќа во боемско време: небричен образ, стуткана јака, продрснато колено. И еден поглед, изострен што скока, како јаготката на грлото да подголтува неизронета 'рж.
Кога на клупата остануваат сами, додека Миќо се губи во сенката на паркот, Мирко прво му ги бара чистите сметки од Народната помош. Васил Антевски му ја излага собраната сума, па од неа ги одзема средствата за исхрана на одредот и оние што директно му ги предава на Горски, вклучувајќи ги и по двестотте лева што ги делат со борците пред распуштање на одредот. Тука има и негови хонорари од адвокатската работа, но Дрен од тоа не прави проблем. Откако му го предава остатокот ва Мирко, колку и да е безначаен тој, Васил Антевски се чувствува чист, како дланките да му се инстанчиле од белина.
— Така, — му одобрува Мирко. — А сега, за тебе. Твојот план, од другарите горе, можам да ти кажам дека е прифатен. Ќе појдеш, значи, во Велес, оттаму во Оморани, ќе чекаш абер во селото. Кога ќе добиеш врска, ќе постапиш спрема неа: било да е за одење в одред, било да е за враќање в град. Се разбираме? Миќо ќе ти помогне за документи. Само, ти сепак избегнувај ја полицијата!
— Со задоволство! — се согласува Васил Антевски. А и самиот не знае за што: дали за растоварувањето од средствата на Народната помош, дали за поткрепата во вадењето на лажните документи или за советот во избегнувањето на полицијата? Во секој случај, Дрен и Мирко се разделуваат толку чисти, со толку бистри погледи, како да имаат сили за повторно видување дури до извојување на победата. Никој од нив и не мисли дека само преку улицата, со нурната рилка во корените на паркот, ги демне сивото лице од Околиската управа на окупаторската полиција.
По еден ден, со скрпен документ, Васил Антевски се качува на возот за Велес. Возот е како пајтон: има скала од папучи до земјата, се клацка на патот и без свиоци, запира на секои три куќи. Локомотивата чури, исфрла клобуци чад како запален рудник, па од силина блуе и раски јаглен во очите, ако наѕреш низ отворен прозорец. Токму воз за една контрола на карти и три контроли на документи, за едно возење од педесет километри во цели два часа. За среќа, полицајците ги прегледуваат документите како што кондуктерите ги дупат картите: како ќе им дојдат, дури и наопаку, само да ги проверуваат под прстите додека те фиксираат во очите.
Во Велес, на станицата, Васил Антевски вика прав пајтон додека уште еднаш му вршат контрола на документите, комплетирајќи ја нивната лажност со изнасилената сигурност на своето држење. Во пајтонот, возејќи се кон градот, се сеќава за миг на татка си и за својата тешка недоумица како да му ја соопшти одлуката дека не сака да остане со стадото, туку да го продолжи школувањето. Толку години се поминати оттогаш, тој е веќе адвокат а татко му е под земја, додека овие пајтони само стареат и стареат, носејќи ја под сонцево својата вековна дооденост.
Во градот, под јаворот, слегува од пајтонот и веднаш ги догледува приквечерните ветрушки, што мируваат на ветрот со распнати крилја пред да се смират во густата круна. Од дуќанчињата, што ги спуштаат ќепенците, замирисува на печен сланоток, штавена кожа и стар лој. По калдрмата, како дрвени кундаци од детски пушки, затропуваат налани. Во прозорците, слепо пипајќи, се палат првите фенери во барање на агол, од каде што ќе ја осветлат посната вечера.
Васил Антевски затропува на портата од својот кум Андреја Поменовец, како прваче на училиште. Жив ли е тој старец, на деведесет и пет години, со кого се нема видено од векот? За сите овие години, откако ја заврши гимназијата во Велес, ни го слушнал ни му се јавил. Ќе го препознае ли тој, во својата старечка обневиденост, меѓу живите суштества со кои го мешал својот здрав здив? Дрен удира по портата, а му се чини дека удира со главата од ѕид.
Сепак, и покрај првиот прием кај семејниот кум, Васил Антевски чувствува дека нешто не е в ред: нешто стариот е заборавен па не може да погоди кој му е гостин, нешто младите се саможиви па не знаат со кого имаат работа. Во секој случај, седејќи како на трње, Дрен гледа што поскоро да воспостави врска, па да ги ослободи од своето присуство. А за тоа време, како првомајски излетник од црвените комуни, шета низ градот и ги собира спомените.
Како и секој град, во кој си го завршил детството и си ја започнал младоста, и Велес на Васила Антевски му се чини убав. Градскиот часовник, што го лови времето низ процепите на кулата и го уситнува долу меѓу ќепенците на калдрмата. Вардар — брз низ градот, бранлив под мостовите, кален кај бавчите, бистар на плажите; Вардар — таа соблечена кожа од долг смок, преку која можеш да пречекориш без да те фати клетва.
И Васил Антевски шета низ градот, и по едната и по другата страна од реката, од паркот долу до манастирот горе. Се сеќава на своето доаѓање тука, од селото преку светот, па се убедува дека треба да се врати во селото, за да се врати на извесен начин и во светот. Пробивани од времето а уривани од војните, патиштата и сега водат насекаде, но само еден допрва што треба да се најде води кон светот, а ќе го пронајдеме прво во себе.
Така, обивајќи ги колената од сокаците, се наденува на една фирма со познато име: Горѓи Поп Андов, доктор. Додека го копа тоа име од своето сеќавање, чирот ја обновува болката во неговата утроба. Да влезе или да одмине, да поврати или да избегне една задоцнета средба со неизвесен излез, да подлегне на болката или да го послуша разумот?
Додека така се двоуми, од куќата го викаат да повели. Васил Антевски, пречекорувајќи го прагот, влегува внатре како да влегува во стара фотографија на ѕид и не верува повеќе дека ќе остане непрепознат. Лимун во антрето, гоблени меѓу вратите, милје на масичката. Фабрични патеки по подот и многу врати наоколу, од кои допираат таинствени шумови на среден живот. На лице: исполнет идеал на граѓанската интелигенција од неговата генерација. Недостига само ублажен звук на светнато ѕвонче и румена слугинка со колосана престилка на танок струк.
Докторот, со очила на носот, без да се поздрави го прашува са што може да го услужи: професионалец, кој гледа во него пациент а не познат. Васил Антевски му ја кажува својата дијагноза, објаснувајќи дека во пропатувањето останал без лекови. Не станувајќи од кабинетот, не толку да го поздрави колку да го прегледа, докторот го пишува рецептот како да го продолжува својот извештај. Потоа му го подава, напомнувајќи ја цената за својата ординација. И Васил Антевски излегува, како да се откачува сува фотографија од студен ѕид.
Дури кога е на улица, со фирмата од докторот на грбот и печатот од ординацијата во џебот, Васил Антевски забележува дека му е испишано името и презимето на рецептот. Го препознал, значи, без знак да даде. Тоа и му личи: сива физиономија, со ништо што не се оддава, во топла корупка од формалин и нафталин, свилена бубачка што ќе се отвори во обичен црв.
Истата вечер, само по неколку часа, на Дрен му се случува нешто што не му се случило за сиве овие пет дена во Велес. Додека талка по улиците, да не кажеме паскачи по сокаците, шетајќи по градот пред полицискиот час, го запираат двајца цивили што се интересираат за името и местото на некоја улица. Сè е вообичаено: ветрушките лебдеат над јаворот, ќепенците ги затвораат дуќаните, реката ја надвикува чаршијата и луѓето се прибираат во портите — пред да ги затече гласната петица на окупациската патрола.
Само што двајцава минувачи според облеката не личат на луѓе што не би знаеле да го прочитаат името на улицата. Во истиот момент, кога го помислува тоа, Васил Антевски сфаќа дека двајцава се агенти, набрзина пресоблечени од своите шајачни алишта во утлисани костуми. Но, веќе е доцна. Тие ги вперуваат пиштолите во него пред да ги извадат од џебовите, барајќи му ги документите. Зад нив, во матното тонење на самракот, Дрен го гледа невидливиот излез од улицата.
Па, како фатен клен со подзината уста, посега по џебот со лажните документи каде што порано му лежеше пиштолот. Но, двајцава близнаци не го оставаат да направи никакво движење, туку самите го пипаат од јаката до ногавицата. Мислејќи како да им се истргне од рацете, Васил Антевски си признава барем три грешки: што му го дал пиштолот на Горски, што влегол во ординацијата на докторот и што наседнал на трикот од агентиве. Барем третово да го избегнеше, откако двете претходни ги беше голтнал. Не: барем првото да не си го дозволеше, кога веќе следните морал да ги проголта.
Иако не наоѓаат оружје, двајцата агенти му ги одземаат документите и го водат пред себе. Васил Антевски протестира, вртејќи се колку кон нив толку и по улицата. Но на неа, освен зеленооките мачки, нема веќе жива душа. А агентите го бодат со дулата во слабините, сопинајќи му го чекорот по нерамната калдрма. Дури ни добитокот, натоварен од нива, не го бодинаат така — нестрпливите стопани со дрвените остени.
— Што сум сторил? — се опира Дрен. — Зошто ми ги земате документите? Јас сум исправен граѓанин.
— Сомнителен си. Не си ни познат. Ќе ги разгледаме во участокот. Ајде, не детини!
Додека не доаѓаат до полициската станица, на главната улица сега празна и темна, Васил Антевски сè се надева дека некако ќе им избега. Во некој од сокаците, што се губи во мракот, во градот, во спасот. Во некоја од портите, што спушта лост пред да го претрча дворот до првиот капиџик. Во некое од дрвјата, што го вгнездило птичјиот џагор во грутка сон.
Но, прстењата од цевките му се постојано на ребрата од слабините. А штом ќе се одлепи од нив, во обид да се фати за некоја пола на мракот, тие го грабаат за рамената и го враќаат назад, смирувајќи го меѓу своите лактови и дулата на пиштолите.
— Не мрдај! — прос'скува едниот низ заби. — Нели си исправен граѓанин?
— Не мрдај — прос'скува другиот низ заби. — Нели ти се в ред документите?
Така, меѓу двајцата близнаци како меѓу вдвоени фарови, Васил Антевски влегува во полициската станица. Баш како зајак, помислува Дрен, фатен со фарови. Па се обидува да фрли поглед преку рамена, но место градот со накачените покриви ги гледа само муцките со подадените вилици.
Таму, во полициската станица, го внесуваат во една гола соба, која освен бирото има уште два стола и една крушка, спуштена од таванот. Двајцата агенти седнуваат на столовите, како да се вратиле од свршена работа. Трет агент станува од бирото и со гајтанот од ламбата в рака шета по лицето на Дрен.
— Овој ли е? — прашува со досада, здивајќи на кисловина од пресна ракија, стар лук и кисело млеко.
Двајцата агенти, расчекорени на столовите, место одговор ги фрлаат врз бирото документите на Дрен. Третиот ги дочекува со погледот, се враќа на Васил Антевски и им се развикува на двајцата близнаци:
— А оружје? Камо оружје? Каде му е пиштолот? Пиштолот, велам! Веднаш да сте му го нашле!
Едниот од агентите се обидува да објасни, но другиот го запира со едната рака а со другата низ насмевка го вади својот пиштол. Сега врз бирото, врз документите на Дрен, има и оружје. Сите тројца агенти вкрстуваат насмевнати погледи на сфаќање, слога и соработка. Само Васил Антевски, подзинат од чудо, ги гледа занемен, обезоружен и исправен во соголената просторија.
— Така, батковци, — им одобрува третиот на двајцата агенти. — А сега, можеме да почнеме. — Па, палејќи цигара, седнува на бирото и ја доближува машината за пишување. Задоволен е како под јазикот да држи голтка ракија, а од двете страни на машината да го чекаат младиот лук и пресното сирење.
— Записник од личен претрес, — го озаглавува третиот агент листот хартија во машината за пишување, давајќи им знак на другите двајца да почнат со работа. — 19 ноември 1941 година во Велес.
Васил Антевски, гол среде голата просторија, ги гледа двајцата близнаци како му се доближуваат со завратени ракави. Под разнишаната светилка, сенките од нивните движења се фаќаат на ѕидовите како ноктести лилјаци. „Зошто 19 ноември, кога е 15 ноември?“, размислува Дрен одбегнувајќи ги другите мисли. А двајцата агенти, иако веќе гол, го соблекуваат под единствената крушка, како да лупат долги кори од изудрено стебло.
— Потпишаниов Георги Павлов Додов, стар полициски стражар при Велешката полициска Управа, — диктира третиот во машината, — во присуство на сведоците: Димитар Тенев Терзиев и Аспарух Петков Прашковов, и двајцата млади полициски стражари при истата Управа, — па го крева погледот до нив. Тие ги тргаат рацете од Дрен и застануваат мирно, додека под мустаќите им чурат лутите цигари а во рацете им висат запленетите работи. Стариот полициски стражар Додов го гмечи догорчето меѓу лукот и сирењето, исчекува неговите помлади колеги да се сетат да ги изгасат цигарите, па не погледнувајќи накај Дрен се задлабочува во системот на машината.
— Го составив овој записник за следното, — ги одбира буквите за заклучок. А една мува, заслепена од светилката, постојано му слетува од лукот до сирењето, нервирајќи му ги мустаќите над устата.
На горната дата и во присуство на горенаведените сведоци во канцеларијата на полицискиот участок направив личен претрес на Васил Стефанов Антевски, адвокат од град Скопје. — Дури тогаш, вадејќи ги очите од натечените подочници, Додов погледнува во Дрен, проверувајќи со некои тајни критериуми колкава е вистината дека приведениот е адвокат. Васил Антевски, пак, му одвраќа со погледот, прашувајќи се патем колку оваа гола соба е службена канцеларија. Двајцата близнаци, стоејќи мирно пред протоколот, одвај чекаат да продолжат со работата: да запалат цигари, да се размавтаат со ракавите и да се нафрлат на Дрен.
— Васил Стефанов Антевски, — повторува третиот,
нагласувајќи дека тоа име треба да го запаметат и другите двајца.
— Во резултат на што најдов и ги земав следните нешта, а
имено.
— Па со намиг, како да пушта кучиња од јаже, ги остава
близнаците
да продолжат со Дрен. А мувата кружи околу крушката, како болка што се
витка околу раната.
— Еден кожен портофел со 5.500 лева, од кои 50 по илјада и 10 од петстотини лева, — докладува едниот агент.
— Многу бре! — се восхитува другиот.
— Пст! — ги стишува третиот со шумот на машината. — Службено, ве молам. Ајде, следниот.
— Едно кожно портмоне со 64,5 лева, од кои една монета од 50 лева, една монета од 10 лева, четири монети од по еден лев и една монета од половина лев.
— Зошто две кесиња за пари? — се буни сега првиот агент.
— Будала, за крупно и ситно! — му објаснува вториот, удирајќи се прво себеси со прст по главата, потоа него но не и третиот агент, за најпосле да покаже со истиот прст на Дрен. — Адвокат, еј! Знаеш ли што е тоа? Вреќа, продрсната од пари!
— Молк таму! — им свикува третиот од машината. — Треба да знаете дека комунистите имаат секогаш двојни работи: две лица, две срца, две кеси. Дури и двојно дно на куферот. Едното за нас, другото за себе. Пребарувајте таму и помалку зборувајте, да не ви влезе нешто што не треба во машинава.
— Една таксена марка од пет лева, — продолжува едниот агент.
— Една српска таксена марка од пет динари, — продолжува и вториот.
— Два бележника со впишани белешки и адреси од Скопје, Белград, Софија и други градови. Аха, и од Париз! — продолжуваат двајцата во хор.
— Шест снимки во различни формати.
— Пропусница без број, издадена од Скопската градска општина, со дата од 5 мај 1941 година.
— Како, како?
— Една лична карта, издадена од бившото кралство Југославија а потврдена од Скопската адвокатска комора.
— Добро, добро.
— Една адресна карта, на име Васил Стефанов Антевски, од 21 јуни 1941 година.
— Потаму!
— Една потврда, под број 5940 од 10 септември 1941, издадена од Скопската градска општина.
— Уште?
— Една празна привремена дозвола за продолжување на трговската дејност.
— Баш на трговската?
— Баш! Ах, да! И еден рецепт за некој лек од 13 септември 1941 година.
— Многу бре, брате! — му се обраќа Додов на Дрен, земајќи здив врз машината за пишување. — Многу документи си имал. Дури и за нас многу. Ај да видиме потаму!
— Едно џепно ноже, — реферира едниот агент.
— Еден патент молив, — реферира другиот агент.
— Една автоматска перодршка.
„Што ли му е тоа?“ — се чуди Дрен, вклучен во нивната лицитација.
— Една крушка за батерија.
„Е, тоа може", — се сложува Дрен. — „Ламбичка за џепна батерија.
— Еден чешел за коса.
— Една мрежа за коса.
— Еден привезок со четири различни клучеви.
— Еден отворен кибрит.
— Едни кожни ракавици.
— Еден колан за панталони.
— Едно топче колчишта.
— Еден презерватив.
Еден зборува, другите молчат. И обратно: еден метот во раката не мора да одговора на зборот во усзборот, првиот се свртува кон него да провери. Предметот во раката не мора да одговара на зборот во устата, освен кога има трет што го бара тоа. Сега третиот го крева погледот од записникот, со кој всушност фрла поглед кон четвртиот погоре, па ги мери по ред: прво вториот, па првиот, па Дрен. Предметот не го погледнува, зборот не го проверува. Обратно од примерот со пиштолот, кога предметот го интересира а зборот го подразбира.
— Море, море! — се чуди божем третиот. — Овој ептен ни ги мачка очите. Те презерватив, те конзерватив. Ти реков, ми рече. Давај понатаму, ама сериозно. Немаме време, без шега.
— Два броја од весникот ,Зора’.
— Еден број од весникот ,3арја’.
— Еден број од весникот ,Утро’.
— Ни еден број од скопска ,Целокупна Блгарија’.
— Друго?
— Нема веќе ништо.
— Тоа е сè.
— Сè што најдовме.
— Освен ако не држи нешто под јазикот.
— За тоа после. Добро. Сега потпишете се. Првиот овде, другиот под него. Не размачкувајте го мастилото, не е ова мукава за бурек. Така. А сега, ајде, носете го. И, на враќање, шишето од газија. Апетитот нешто ми се кренал. Сме свршиле работа за премија.
Двајцата близнаци го носат Васила Антевски во самица. Гол, бос, со рацете на појас — не само да ги задржи панталоните без колан, туку и да ја додржи болката од проработениот чир. Таму, во самицата, без светлина, без вода и без храна, го држат од петнаесетти до деветнаесетти ноември. Дрен нема поим за времето, освен дека е во велешкиот затвор. Мислата, како вртење на болка, му ја длаби главата: кога ќе почнат со мачењето?