За Скопската котлина, колку што паметат пирустиите на неговиот котел, преминот кон есента, на октомври во ноември, секогаш бил слив барем на четири бои во една единствена безбојност. Зелената боја на пресечените шуми, жолтата боја на прегладнетата земја, црвената боја на препечените плодови, модрата боја на препаленото небо — сето тоа, како низ бакарна инка на панаѓурски пророк, се слева во сивата боја на есенскиот дожд. И никој тогаш, од облакот над клепките до калта под петиците, не може да се одлепи од тоа мокро, гомарно и зиморливо сивило. Сè додека првата пупка на пролетта не пукне под прстите, како рана што ја кине кората на крвта под собраниот гној.
Оваа есен, меѓутоа, преминот во времето на дождовите настанува уште во октомври. Истата ноќ, по заклетвата на одредот, небото се затвора а облаците промокруваат. Така што, кога се искачува на ридот Рулево, меѓу станицата Шар и селото Вучидол, одредот е веќе прокиснат и се пуши во мракот како бачило фатено пред зимување.
Но, и покрај дождот, Васил Антевски се чувствуваше добро. Врз натежнатите раменици му виси палтото „микадо“, панталоните од чоја му се намокрени само на колениците, додека војничките цокули, потковани со клинци, уште му ги држат прстите стоплени. Само качкетот, со кусиот поткршен штит, одвај го заштитува од сорот на дождот. Васил Антевски, меѓутоа, не жали заради тоа, туку дека на качкетот уште нема црвена петокрака ѕвезда.
Кога Горски дава одмор отаде ридот Рулево, Васил Антевски седнува до него и му предава, здиплена во корици од бележник, пачка книжни банкноти.
— Тоа е она што го собрав за Народната помош. откако тргнав од Водно за Скопска Црна Гора. Освен провијантот.
— Колку има овде? — прашува Горски, ставајќи го веднаш неговиот бележник во својата командантска торбичка. — Само еден ден се задржа во градот, така?
— Дваесет илјади, — одговора Дрен. — Ден без ноќ.
— Штета! — забележува Горски. — Требаше повеќе да те користиме во градот. Во одредот можат и други да дојдат.
— Јас сум во илегала од април, — го потсетува Дрен. — А, и покрај сите маскирања, светот ме препознава. Адвокатската практика, за жал, ме направила популарен. И таму кај што треба, и таму кај што не треба.
— Знам. Тоа е веќе свршено. — Па, забележувајќи дека Дрен уште еднаш посега по џебот и мислејќи дека сега ќе го предава пиштолот, веднаш го спречува: — Не. Нека остане кај тебе. Сега за сега, до новиот распоред на оружјето во одредот. Каков е?
— Марката му е, — налучкува Дрен да погоди, — ми се чини „Штаер“.
— Добро, — отсечува Горски. — Си пукал од него?
— Не, — признава Дрен. — А немам и муниција, освен еден куршум во него.
„Да не се предаде на непријателот“, — помислува Горски.
„Да не се предадам на непријателот“, — се потсетува Дрен.
— Ништо, го успокојува Горски. — Ќе го испробаме, овие денови, со наша муниција.
— Во акција? — прашува Дрен. — Ќе одиме во акција?
— Не во акција, — го коригира Горски. — На обука. За акции е рано. За акции ќе чекаме директиви од градот. А ти, штотуку дојден, веќе за акции?
— Така мислев, — се објаснува Дрен. — Мислев дека, штом исфрламе одред, тој освен политички треба да дејствува и војнички.
— Така е, — се согласува Горски. — Само е прашање моментот: кога, како, каде? Тоа, до извесна мера, е и над нас.
— Над да, но не и надвор од нас, — се осудува да забележи Дрен. Па, да не излезе дека претерал, го сведува сето на себе: — Не сакам да се сфати дека со доаѓањето во одредот сум се засолнил од илегалата. Опасноста е еднаква на двете страни, но оружјето за дејствување може да е различно. И треба да е, по мое мислење.
— Веројатно си прав, — му признава Горски. — Не веројатно, туку сигурно, — додава, притегајќи се пред да стане. — Но, до тоа треба да се дојде организирано а не индивидуално. Мислам дека ме разбираш.
„Дисциплина“, — се потсетува Дрен, следејќи го. — „Порано партиска, сега и војничка. Секогаш дисциплина. А пред секоја дисциплина, има предност самодисциплината".
— Тргнуваме — командува Горски, упатувајќи се кон мракот, угорнината, неизвесноста.
Раздвижувајќи ја оладената снага во намокрената облека, Васил Антевски се крева од земјата и тргнува по водачот, по другарите, по себеси. И додека чекори, таа октомвриска ноќ, прва во одредот, чувствува полека и сè повеќе дека не тој туку земјата се движи — под неговите послушни, упорни и отрпнати нозе.
Следните денови, лазејќи по венците на Шара, одредот продолжува да се увежбува во воената вештина. Дење се засолнува по рабовите на шумите — чува стража, чисти оружје, држи часови. Ноќе ги остава легалата и се движи по чистините, одејќи час во колона час во стрелци, опсадувајќи замислени точки и отстапувајќи организирано од нив, снаоѓајќи се во мракот со сè освен со компас; а најмногу со близината на Скопје, која секој на свој начин ја чувствува како котва во утробата.
Макар што се гледа најстар меѓу другите, Васил Антевски ги извршува сите тие работи со неочекувана леснина, која го зачудува и него. Дали е тоа од тренинзите по стрмнините на Водно или пак од склопецот со чај на чичко Велко? Тренинзите беа краткотрајни, а од чајот уште нема приготвено. Значи, во друго е работата. Не е работа да бидеш прагматик, како во првиот случај, ниту мистик, како во вториот. Работата е во тоа да изнајдеш нови сили, на кои те предизвикуваат новите состојби на животот — не толку да станеш самиот нов, колку да останеш истиот.
Зошто е калта, ако не за тоа да ги извадиш петиците а да не ги залепиш колениците за неа? Зошто е шумата, ако не за тоа да се снајдеш во неа со познатите четири страни на светот и уште со петтата што сам треба да ја пробиеш, а не да се изгубиш во неа како лишка без рилка? Зошто е врвот, ако не за тоа да го искачиш со здив што ќе те засркне со видикот на непознатото, а не да го свиеш вратот во неговото подножје? Зошто е мракот, ако не да го изодиш до крајот од кој почнува светлината, а не да му подлегнеш на лактот што ќе те поклопи? Зошто е напорот, ако не за тоа ти да го совладаш него а не тој тебе?
Кал, шума, врв, мрак, напор. Но зар е само тоа? Кога, за миг, се препушта во мислите на тие нешта, Васил Антевски се растреперува, како првпат да ги допира.
Во ровот, на Солунскиот фронт, додека не носеше вода, малиот Васил правеше човечиња од калта под прстите. Мали, чудни, непостоечки човечиња. Тој ги месеше со мокрите прсти, сонцето ги печеше со сув оган. Тој ги собираше од земјата, сонцето ги враќаше во земјата. Сè така, додека еднаш, за секогаш, ветрот ни ги разнесува во прав. Прстите на ветрот, во калта меѓу неговиот здив и погледот на сонцето.
Пред тоа, додека ги пасеше стадата над селото, ги изгуби не само нив туку и себеси. Шума околу него, шума над него, шума под него. Како и да свртиш — никаде небо, никаде земја, никаде село. Од стадото ни поштук. Малиот Васил, исправен пред крајот на светот, го нурнува лицето во шумата, предавајќи се како удавеник. А ни глас ни плач од него, тврд како трат. И, додека така се закопува сам во земјата, од натрупаното лисје на паднатата шума го пресретнува еден поглед. Жив, светол, зборлив — како шурка од вруток. Тоа е цвет. Ситен, скриен, стрплив цвет. Гледајќи го пред носот, малиот Васил изненадено сфаќа дека не може да биде изгубен во светот, додека макар и еден ваков цвет му се наоѓа на беспаќето.
Години потоа, кога како зрел човек, се искачува првпат на Водно, Васил Антевски очекува дека зад него ќе види само врвови што ќе бидат под него. Не толку поле што слегува од морето, зашто тоа е слика читлива и во читанките, колку сепак еден предел над кој ќе доминира врвот на кој самиот си се искачил. Но, се разбира ништо од тоа. Под Водно, околу врвот на Водно, иако во далечината, се извишуваат други врвови, видливо повисоки од овој на Водно. И на сите тие врвови ти треба да стапнеш со сопствената нога, за да се увериш колку тие се извишуваат над другите и дали уште има некој што ќе те примамува да го видиш светот спуштен под нозете.
За да го победиш мракот, треба прво да го совладаш стравот од него. Стравот од него трае колку и самиот мрак, не повеќе. Совладувањето на стравот, пак, мора да се одвива додека трае мракот. Другото е умување. Еднаш, во една од честите пробдеани ноќи, Васил Антевски доаѓа до заклучок дека мракот не е ништо друго, освен — одземање на дневните бои, придавање на постојните облици, зголемување на обичните шумови. Додека е мрак, човек пред себе гледа црна дамка, која се раздвижува како трома мечка и испушта гласови што го стегаат грлото. А кога ќе се раздени, тоа пред него е — грмушка, со крти винови лисја и трнинки како комина. Стравот од мракот, меѓутоа, не се победува еднаш за секогаш. Со секое надоаѓање на мракот возможно е да навлезе и стравот од него во нас. Значи, прво стои борбата со стравот. Оној што ќе го совлада стравот, ќе го преброди и мракот.
Кал, шума, врв, мрак. Во сето тоа, колку што се исцрпува, напорот пак се обновува. Го прави ли тоа постигнувањето на целта или пак нејзиното одлагање? Ако на напорот му ја поставува целта човекот, тогаш каде е неговиот крај додека овој е жив? И пак: кал, шума, врв, мрак. Нема крај на напорот, додека нема крај на човекот.
Згора на сето, сите во одредот гледаат на него како навистина на најстар. Горски ја спроведува воената обука, Стариот ги одржува политичките курсеви. Но Васил Антевски, за свој ужас или за свој углед, забележува дека сите гледаат во него: што ќе направи, што ќе каже, како ќе постапи, каде ќе мрдне. Знае веќе дека тоа не е од сомневање кон него, туку од потреба да се потпрат и да се угледаат. На овие млади луѓе, што се кренати против сите авторитети на светот, им треба авторитет во сопствените редови; авторитет кој повеќе ќе го создадат од себе одошто да го примат отстрана.
Васил Антевски, јасно, не може да им го ускрати тоа. Не дека му ласка, туку дека би ги изневерил — и нивните очекувања, и сопствениот зарек. Па ги следи во сите напори, со насмевка кога ги стасува и со пцоста кога заостанува. Тоа кај нив, а повеќемината му се најпознати, предизвикува симпатија на рамноправност, по која обичниот збор легнува како тегавец на рана. Така, по Стариот, станува вообичаено Васил Антевски да зема збор на политичкиот час, а борците на одредот да го слушаат како да е веќе назначен за негов заменик.
Другарот Васо, го викаат сега. Не: — Другарот адвокат, — како порано. Меѓу него, триесет и седумгодишен и плус тоа дипломиран правник, и најмладите во одредот, излезени од дрвените рала, мајсторските тезги и гимназиските клупи, има разлика од цели две децении. Доволно време да се создаде семејство, да се закрепне во занаетот, да се подигнат деца и да се легне на брашното. Затоа на Васила Антевски му ласка кога го викаат по име, другарот Васо. Тоа значи дека тие го имаат за рамен, што е далеку потешко одошто тој да ги смета за такви.
Единствени што му се доближуваат по години се Стариот и Горски. Стариот, долгогодишен партиски и синдикален работник, кој се одвојувал од металскиот алат колку да си го види загрозениот класен интерес, недоверлив кон сите што му пристапуваат на работничкото движење а не се од неговите редови. И Горски, тој мајстор во оставка, кој го има оставено чевларскиот занает во името на надничарската работа во монополот, за да го избегне прелажното искушение на крпачката фирма од приватниот дуќан.
Па сепак, при сета доверба на другарите, стекната низ напорите на одредот, Васил Антевски го гризе — не црвот на недоумицата, туку црвот во утробата. Како боцкава гасеница со роглеста рилка, чирот рошка во неговиот желудник, барајќи го својот лој а предизвикувајќи го неговиот бол. На Васила му се испразнети сите џебови од лекови, а од сувите тревки на Велко Црниот нема секогаш можности да се пристави чај, зошто одредот избегнува да пали оган и да остава трага. Блиску е градот, секоја потера може да му влезе по стапалките.
Единствен лек, во вакви услови, е да се има нешто за грицкање во џебот — не толку за сопствената душа, колку за лакомоста на чирот. Тврда семка, суво зрно или барем лебна трошка. И Васил Антевски, како старец под зглавје, ги полни сложните џебови како цигански торби. Не се дојадува, не пропушта грмушка и не испушта семка. Знае дека, штом ќе го заглочка, мора на чирот да му фрли некое зрно. Како на гулаб, што го залажуваш да не ти го испусти гулабарникот и да ти остави пустош во душата.
По време, како војниците на солунскиот фронт со балканските вошки, Васил Антевски почнува да си зборува со чирот.
Ај не додевај, му вели наведнувајќи се кон папукот. Не додевам, му се огласува чирот од прездиплениот желудник, само ми се јаде. Нема јадење, му образлага Васил Антевски, војна е. Не ме интересира, кркори чирот низ цревата, давај лапање. Имам само трошки, го стишува Васил Антевски во пространата утроба, издржи до првиот бакрдан. Ти издржи, му одвраќа чирот и му се качува во грлото, ти си херој. Ти си црв, му се согласува Васил со кимање на главата, ти си само гладен црв и затоа имаш право на сите гомнарии. Не гомнарии и не трошки, го исправа чирот качувајќи му се на јазичето од гркланот, туку пристојно човечко јадење. Малку морген за тоа, го потиснува Васил кон желудникот, ќе се сообразиш со околностите. Па ова се трнинки, се дави чирот потонувајќи во утробата, а јас не сум херој како тебе. Глодај и молчи, го суредува Васил, сега е такво доба: болката да се очовечи, кога човекот се оѕверува.
Додека Васил Антевски така води дијалог со сопствениот чир во стомакот, одредот се движи по планините како гуштер по карпа. Ноќе ги прескока голините во еден чекор и еден здив, а дење се притајува меѓу грмушките како краста во присој. На 24. октомври е пак на Скопска Црна Гора, на Бела Вода, во една шума. Врне, пробива до коски. Никој не сака да верува дека ќе врне цели два дена и дека потоа ќе сврти на снег. Само командирот, одејќи по некое упатство во умот, наредува да се копаат земјанки.
„Зошто земјанки?“, се чуди Васил Антевски. „Ќе зимуваме ли тука, ќе отвораме ли фронт или пак само гробови ќе си копаме?“
— Копај и молчи, — му советува соборецот до него. И тој ли знае дека во вакви услови, кога го делиш зглавјето со друг, мислите ти ги читаат од очите уште пред да ти стасаат до устата?
— Копај, командував! — го предупредува Горски. Кревајќи го погледот од копачот до командирот, Васил Антевски се исправа рамно до него и со насмевка на несфаќање ги повторува гласно своите мисли: — „Зошто земјанки? Ќе зимуваме ли тука, ќе отвораме ли фронт или пак ...“
— „Или пак ќе дрдориме додека другите војуваат“, сакаш да кажеш? Нели? Дојди ваму! — Потпирајќи се на пиштолот, на неговата кубура во својот појас, Горски се враќа кон своето командно место. А Васил Антевски, оставајќи го копачот и другарите, оди по него, зачуден од променливоста на овој човек кој бил чирак на чевларскиот занает, дочекал да стане мајстор во оставка и завршил како предработник во монополот. Што човек ќе е сега, кој ѓавол ѕирка од неговата рака, каква мисла се крие во таа глава?
— Слушај! — го предупредува Горски кога остануваат сами. — Не сакам вакво држење, не сакам вакви прашања. Тоа негативно влијае на моралот во одредот. Во одредот мора да се заведува војничка дисциплина. Да се знае: кој, кога, каде, како. Не: зошто? Секоја војска, што си го поставува прашањето „зошто“, пропаѓа уште пред да влезе во битката. Не смееме да дозволиме црвот на сомневањето да ни ги нагризува редовите. Знам, ќе речеш: припадникот на одредот не е само војник, слеп извршител, туку овесен борец, партизан. Се сложувам. Само, сè во свое време: не може на борецот сè одеднаш да му се каже, тоа бара воената тактика. Мислам дека се разбираме? Јас највеќе од тебе очекувам разбирање. Иако веројатно си заборавил кога си бил војник, ова важи и за тебе. А јас очекувам да го објаснуваш и на другите. Така да знаеш!
Додека го слуша, совршено спокоен, Васил Антевски се чуди зошто не се чувствува како ученик кому му читаат лекција. А би требало, си мисли. Разложноста, оправданоста, решителноста во зборовите на Горски се чинат беспорни. Оној што би посакал да ги побие, би требало всушност да си ја земе капата и да си оди од одредот. Да си ја врати главата од торба, да си ја накриви капата над очи и да си ја побара среќата на друга страна, онаму каде што животниот идеал се крчми во дупнат ситнеж.
Меѓутоа, додека го слуша, Васил Антевски, во исто време и со иста мера, и го гледа. Обратно од него, токму кога му се обраќа, Горски не гледа во него туку лута со погледот по земјата, покрај него, зад сопствениот грб. А Васил Антевски секогаш мислел дека кога му говориш на човека треба да го гледаш в очи, зашто инаку може и да го навредиш. Но Горски, упорно и упадливо, не само што не гледа во него, туку и бега од неговиот поглед. Што му е на овој човек, се прашува Васил Антевски. И, додека го слуша еден а го гледа друг, не може а да не заклучи: ништо, само е збунет!
Затрупувајќи ја оваа помисла во себе, под црвојаднината на сомневањето, Васил Антевски таа ноќ ја поминува на Бела Вода во црна земјанка. Ништо не сонува, ништо не мемоли — само се стоплува со сопствените дланки. Кога станува, исциглен и исцибрен, како црв за риба од кален цреп, го дочекува распоредот од командирот да крши глава во Кучевиште: да ги организира напредните селани за нови борци во партизанскиот одред.
За два дена и една ноќ, колку што се задржува во Кучевиште, пак како Точка трговецот, организира две групи од по пет души, кои искажуваат готовност да му се придружат на одредот, штом ќе им се даде знак за тоа. По дожд што заснежува, Васил Антевски се враќа во одредот токму кога овој е на нозе да го напушти логорот. Нема време ни да ја помести, а не пак да ја растовари, легнатата раница на грбот, од која како камења го дупат десетте кила студен леб.
Недоволни што ги оставиле земјанките, а гледајќи го снегот на планинските врвови, борците на одредот ги влечкаат нозете како оловото околу срцата да им се спуштило во глуждовите. Најпосле запираат кај една колиба, под која во оретчената шума се крие запустениот покрив на стариот манастир. Горски не дозволува да се засолнат во колибата, па тие расечуваат неколку шароти и се завиткуваат во нив. А дождот врне, ноќта паѓа и планината ги поклопува.
Тоа е на 26 октомври. А на 27 октомври, штом се разденува, одредот се искачува на ридот Билјак и се отпушта на една ливада под билото. Тука, на таа ливада, поблиску до небото одошто до градот, среде бел ден а не во притаена ноќ — борците губат трпение. По тримесечно движење на кое не му се гледа целта, во постојани подготовки а ниеднаш во вистинска акција — тие се прашуваат за смислата на своето станување, на своето излегување в планина, на земањето оружје в рака. Горски им објаснува дека целта на овие движења е побезбедно сместување на одредот пред почетокот на вооружените акции. Борците одговараат дека и порано тоа е правено, па ништо. Што е со планираната акција да се нападне бугарската полициска станица во селото Бразда? Што е со замислата да се запали општинската архива во село Љубанци и да се ликвидира тамошниот кмет? Што е со планот да се минира железничката пруга меѓу Скопје и Качаник? Што е со предлогот на петнаесеттиот километар да се крене една крпа за да се онеспособи патот Скопје — Качаник, за што дури Мацан и Боте изготвија и исцртаа детален план? Горски објаснува дека раководството на одредот нема одврзани раце за донесување одлука кога да се појде во акција, дека претставникот на Месниот воен штаб не ги прифаќа предлозите на одредот во таа смисла, дека на одредот упорно му се повторува да се држи настрана од оружени судири со непријателот додека не се создадат поволни услови и дека само во крајна нужда, како што им беше кажано откако положија заклетва, треба да кренат оружје на униформирани и вооружени лица. Оборени од таа аргументација со недофатлива сила, борците ги веднат главите и го потиснуваат гневот: на опуштените дланки меѓу колената јасно им е дека пак ќе копаат земјанки. Сепак, за да не се остане со празно срце и глув молк, Горски ја завршува оваа избувната расправа со планирање на нови акции и утврдување маршрути за извршување задачи, како и со начинот за дотур на материјал и сè што е потребно за оружена борба.
Васил Антевски, штотуку влезен во одредот, не се решава да се замеша во расправата. Кога би го сторил тоа, знае дека би бил на страната од борците. Иако, од друга страна, пак, памети дека токму на Горски му должи што е примен во одредот. Вкупно земено, во него само се потврдува впечатокот дека Горски како командир е збунет. Притиснат меѓу раководството во градот и борците во одредот, единствен излез тој наоѓа во одлагањето на секој чекор што може да го направи самостоен колку и самоволен. И навистина, најумното што го прави Горски тој ден на Билјак е да го прати Раде Корчагин и Боро Кумановец по храна во Чучер.
И, токму како во приказните кога се будиш пред полни софри откако си легнал со празен стомак, рано изутрината на 28 октомври во одредот ја носат храната. Раде Корчагин и Боро Кумановец, зазбивнати но насмевнати, ја спуштаат на земја како да истураат позлатен ќуп. Леб, компир, грав, макарони, пекмез, алва. Крпени алишта и книги за читање.
По жестоката расправа минатиот ден, борците и налегнуваат на доделената храна со таква стрпливост, системност и сосредоточеност, како да си ги требат вошките пред враќање дома. Никој веќе не мисли на вооружени акции, кои ги нема ни денес како што ги немало ни вчера. Така ли идеите се испаруваат на земјата, кога наполнетите стомаци ќе претежнат над празните соништа?
Васил Антевски, чепкајќи од следувањето не толку да се најаде колку да му ја затне устата на чирот („Нà ти пекмез“, му вели. „Сакам алва“, му се противи овој.), ги прелистува книгите и ги двои оние што треба да ги чита. Помирен со болката што ќе си ја носи до крајот, Васил Антевски си мисли дека и во несреќата имало среќа: еве, место да мисли на најаска, во која се наоѓа и соодветно задоволство, тој само колве по храната, како да врши работа како и секоја друга. Како да јаде ориз како што се треби ориз. Што се однесува до книгите, тука работата е поинаква. Иако не гледа ни една што не ја листал, ги двои оние што заслужуваат пак да ги прочита, и тоа токму во вакви услови кога вистината и лагата во нив пука под нозете како угар на суша. Белки нема друг да се граба за нив!
Но, откако борците се најадуваат и остатокот од следувањето си го сместуваат во ранците а Васил Антевски ги прегледува книгите и оние што нема да ги чита ги нуди на другите, Горски издава наредба. Командата на одредот ја презема Стариот како комесар. А тој, Мацан и Беличанец одат во потрага по место, каде што одредот ќе копа земјанки за база. Васил Антевски, макар што пак го копа тој црв со копањето земјанки, задоволен е што уште малку ќе остане со книгите.
Да го оставиме намира со нив, па да појдеме со Горски и неговата група. Што може да се каже за човек со книга, кога имаме луѓе во движење и акција?
Патролата на одредот, значи, на чело со Горски а составена уште од Мацан и Беличанец, тргнува кон шумата, во длабочината на планината, над котата Билјак и изворите на Јужна Морава. Запознавајќи ја околината и обезбедувајќи го одредот, таа бара место што ќе одговора за база и каде што земјанките не ќе ги открие ни трагот од зимата. До еден поток, под одамна паднати лисја и покриен за окото но не и за увото, наоѓаат такво место што им се чини најпогодно од другите. Буките го покриваат со високите круни, а над шумата се издигаат остри скрки. Го премеруваат, го обележуваат и го запаметуваат по карпата крај потокот што прилега на заборавено животно, приседнато на задните нозе.
„Куче“, вели Беличанец. „Маче“, му се спротивставува Мацан. „Слонче“, го наречува Горски. Најпосле, низ смеа, се сложуваат околу предлогот на Горски, макар што секој од нив знае дека никој нема полн погодок. Селаните од околините бачила сигурно имаат свое име за него, кое може да се препознае само кога со него ќе се сопнеш од карпата, но тоа незнаење е сега уште подобро за нив. Така, во препирка низ шега, изодуваат добар километар пред да се судрат со првото живо суштество.
Тоа е еден ќумурџија, не црн туку бел — во мустаќите, во зулуфите, во веѓите. Седнат покрај огнот, што се преде како танок конец од бушава фурка, тој стрпливо џвака и обневидено гледа, како добиче оставено да прежива и да преживее со грст тврда слама. Не можејќи да го одбегнат, тројцата борци зазборуваат со него. Прв е Горски, виновен што не го видел конецот на огнот.
— Здравоживо, стрико! Како си, што правиш?
— Здрави и живи да сте, синковци! Сполај ви, еве! Го чекам ќумурот да се стори, па да земам нешто газија и сол од градот.
— На шверц или со купони? На пазар или под тезга?
— Ѓавол знае како се вика денес тоа! Ама, под рака. Сега под рака и животецот се истерува. А вие? Каде вака?
— Шетаме, ја изучуваме шумата, ја проучуваме земјава... Ние сме градители на иднината!
— А, така!
Оставајќи го ќумурџијата во недоумица, патролата продолжува кон логорот. Патем, колку воздржано толку и одвишно, тројцата се расправаат дали селанецот ги препознал. Мацан носи пушка и бомба. Беличанец — пушка, бомба и пиштол. А Горски, освен пиштол со осум куршуми, и еден дурбин. Кој мутавџија, па да е и ќумурџија, ќе е толку мутав па да поверува дека такви луѓе се градители на иднината?
Во меѓувреме, додека го доџвакува својот залак, ќумурџијата се завиткува во гуната и ги остава на отворено тројцата минувачи. И, тонејќи во дремка, го сонува конецот на огнот како бушаво огниште со издашна софра. Така, како грабачи што му упаднале в куќи да ги превртат пондилата, го будат седум-осум стражари на шумата, со фишеклии на стомаците и лој на мустаците.
— Каде се? Каде заминаа?
— Кои? Кои каде се, каде заминаа.
— Шумкарите! Партизаните! Тие што минаа оттука.
— Не знам. Не сум видел никакви партизани, никакви шумкари. Освен сега вас.
— Не се прави недоветен. Штотуку минаа оттука. Зборувај!
— А, оние што минаа! Сега ми текна. Знам, како не знам.
— Зборувај! Кои беа, каде отидоа?
— Проредувачи на шумата, дупачи на земјата, градители на иднината. Така рекоа. Натаму отидоа.
Па, покажувајќи на спротивната насока, ќумурџијата се враќа под гуната — за да го досонува својот украден сон за топлото огниште со богата софра.
— Какви проредувачи на шумата? Какви дупачи на земјата? Какви градители на иднината? Такви занаети нема! Какво оружје носеа?
— Ќускии, висоци, тегови. Куки и мотики. Сè такви матракуки.
— ‘Бати аирот од зборлив старец и брлива ракија! Ајде да одиме.
И така, додека ќумурџијата го слуша дрвото како се престорува во јаглен, партизанската патрола продолжува кон логорот а нејзината потера им ги душка петиците низ шумата. Па, како што патролата го крши патот да си ја заметне трагата, така потерата исто го крши патот да ги наџбара потамина. А, макар и облачно, уште е видливо меѓу стеблата на буките.
Одеднаш, додека така се движи низ шумата, патролата зад себе забележува дека ја следат, дека и одат по стапалки. Меѓу стеблата на буките, како во криенка-миженка, прво Горски догледува еден чувар на шумата. Потоа, зад друго стабло, Беличанец забележува друг. Кога и на Мацан, во следниот момент, му се случува нешто слично зад трето стебло — сите се погледнуваат со иста мисла. Ако се тројца, може да се и повеќе; ако се во униформи, не ќе се помалку од шумски стражари; ако одат по нив, мора да носат оружје; ако ги следат вака, може да дојдат до логорот. Подзапирајќи за миг, Горски донесува одлука да бегаат и ја командува на тој начин што самиот прв потрчува.
Патролата бега, стражата трча по неа. Гледајќи да не се изгубат меѓу буките, тројцата од патролата споро ја совладуваат угорницата, лизгаво послана со лански лисја. Чуварите на шумата, на кои им е познат теренот, постепено но постојано им се доближуваат.
Кога им се само на педесетина метри, едниот од стражата свикува да застанат и припукува на нив. Тогаш Горски командува за запрат, да се засолнат зад буките и да почнат да пукаат.
Оддалечени еден од друг на по пет-шест метри, секој зад својата бука, тројцата почнуваат да стрелаат во шумската стража, откривајќи по местата на нивните пукоти дека не се помалку од осуммина. Горски пука од пиштолот, а Мацан и Беличанец од пушките. Горски испразнува пет куршуми, Мацан и Беличанец ги полнат пушките. На шестиот куршум, кога пиштолот му прави засечка, Горски почнува да бега. Мацан и Беличанец продолжуваат да стрелаат.
Кога избегнува дваесеттина метри, Горски се сопира: зар, заради една засечка на пиштолот, да ги остави другарите во битката? Заборава дека е командир, изумува дури дека со едно обично вадење на куршумите може да го отстрани застојот на пиштолот. Збунет е; рацете му се тресат, нозете не ги чувствува, главата му лебдее во димна бучава. Да му се прикраде дете без оружје, ќе му ги врзе зглобовите на рацете — толку е предаден.
За негова среќа, откако по вторпат ги празнат пушките, почнуваат да бегаат и другите двајца. Мацан и Беличанац така го настигаат, како Горски да ги чекал по договор. Потоа, без збор, продолжуваат да бегаат надолу, кон патот, додека чуварите на шумата остануваат горе, меѓу буките. Кога не ги слушаат веќе нивните пукоти, подзапираат колку да земат здив. А Мацан и прозборува, додека на Горски устата му е сува за сите извори на планинава.
— Еден падна, — вели Мацан. — Видов еден како паѓа.
— Како мислиш? — прашува Горски, несигурен колку зборовите му се одлепуваат од устата. — Мртов или ранет?
— Ама не знам, — завршува Мацан, — дали од мој или од ваш куршум.
Кога доаѓаат во логорот, сите тројца се пеплосани во лицата. Борците ги креваат главите од тревата, како качунки под слана. Само Стариот, нервозен колку од доцнењето на патролата толку и од листањето на книгите, ги дочекува на нозе покрај клекнатиот Дрен. И, место комесарот да рапортира пред командирот, Горски поднесува извештај пред Стариот.
— Невозможно! — заклучува Стариот откако го ислушува извештајот на Горски. — Не е за верување!
Горски го уверува, повикувајќи се на испразнетите пушки од Мацан и Беличанец, па дури и на својот пиштол без кобниот застој. Но Стариот, пред да му поверува, составува група за проверка, во која од патролата е само Горски, но не како нејзин водач. Групата од шестмина се враќа веднаш на истото место, со задача да изврши проверка пред одредот да се подготви за тргнување.
Веќе е пладне. И, макар што сонцето не продира низ облаците, вчерашниот дожд се доцедува од излитеното небо. Дрвјата мирисаат на своите стари кори, тратот ги собира соковите на коренот а гранките пуштаат црни нокти. Грмушките со наежените трња се стресуваат, како штотуку излезени од вода.
Кога стасува на местото, групата не го остава Горски да се доближи до трупот. Сите гледаат дека не е само збунет, туку и потресен. Боро Кумановец, покажувајќи му го пиштолот, го замолува да причува стража. Потоа тој, Корчагин, Боте, Ѓуро и Жаки го обиколуваат трупот. Трупот лежи во шумата, врз лисјата, како клада падната под тркала од избезумени коњи и исфрлен колар.
Само Боро Кумановец, металски работник со тупаници на вилиците, се наведнува над убиениот стражар. Му ги пребарува џебовите, запирајќи ја раката на оној кај срцето.
— Не му работи, — повторува со погледот, за миг кренат до другите.
— Се гледа, — му одобрува Корчагин од името на сите. — Што е тоа? Боро Кумановец го отвора доносеното портмоне, па од него брои триста дванаесет лева и раздиплува еден список на казнети селани и селани за казнување.
Подавајќи ги уште наведнат, потоа му ги собува чевлите на убиениот.
— Што ќе ти се? — му забележува Корчагин. — Сите имаме, ако не по две барем по едно рало.
— Ако, нови се, — мрмори Боро. — А и нови другари ќе ни се придружат.
Групата, собирајќи го Горски, се враќа во логорот и му ги предава на Стариот парите, чевлите и списокот. Стариот молкома ги прима, го задржува погледот на Горски, а потоа издава наредба за тргнување. Уште истиот ден, додека небото се подготвува за утрешниот дожд, одредот се префрла на ридот Рулево, газејќи го Лепенец со собуени чевли.
Васил Антевски, држејќи ги книгите над водата, знае веќе дека нешто се случило, нешто се скршило: со одредот, со Горски. Место да влезат во планирана акција, тие случајно убиваат човек, кој и не морал да падне, за да го потврди нивното постоење. Место да останат на местото, каде што треба да изградат зимска база и каде што градското раководство може да ги најде, тие еве се талкаат по веќе изодени патишта на кои не се враќа ни гуштер со поткинат опаш. А сето тоа, на крајот на краишта, заради Горски како командир, кој губи глава токму кога треба да дава ум.
Истата таа ноќ, 28 спроти 29 октомври, Стариот оди во Чучер да воспостави врска со градот и патем да донесе храна. Одредот продремува во грмушките, како тепано дете со гол ѓотлук во бабин скут. Пред да зазори, Стариот се враќа со нешто храна но без врска со градот. Единствената вест, што ја донесува преку река, е дека бугарската полиција со бугарската војска го чешлаат сето подрачје, каде што одредот се движел пред и по убиството на шумарот.
Одредот е возбуден. Иако никој не крева глас, погледите на сите скокаат наоколу како по усвитена плоча. Никој не мрднува, зашто секое движење може да предизвика не само искра меѓу петицата и каменот туку и пукот меѓу ридот и планината преку река. Само Горски, свиткан со брадата над колена, тивко но чујно стенка. Тој се жали дека е болен, покажува на повеќе места по снагата но не се задржува на ни едно, освен ако тоа што е свиткан не го оддава дека му попуштила некоја петелка под стомакот. И покрај сета бесмисла, Горски бара да го прегледа лекар, па бладајќи со отворени очи во ликовите на другарите препознава таков.
За чудо на Васила Антевски, тоа е Стариот. Стариот стои над Горски, го тресе за реверите, му ја откопчува кошулата, му го трие челото, го шлапка по образите. Безуспешно, зашто болниот омекнал како разголен полжав, па никако да се поврати во кожурката на овеста. Најпосле, Стариот го пушта да појде в град, барајќи со погледот другар што ќе го придружува на патот. Го одбира Негрета Методиев, еден голуждрав момчак, кому му наредува на враќање да украде од дома некоја канта маст, зошто татко му е трговец а Негре не останува в град. Каде млад штрк во старо гнездо?
— А ти, — му шепоти Стариот на Горски, на уво, како јазик да пушта во полжав, — ќе влезеш во врска со Мирко. Ме разбра? Со Мирко. Ќе му кажеш за сè, за одредот и за шумарот. И ќе му побараш директиви и провијанти. Разбра? Директиви и провијанти. Ајде, оди сега! Знам дека не ти е ништо.
Васил Антевски гледа во Стариот и Горски како што гледал во нив, кога го прифаќаа во одредот кај Лепенец. Бело, немо, немоќно. За да прогледаш, да прозбориш, да сториш нешто — треба да скршиш коленици, да излупиш лакти, да раскрвавиш усти. И пак да останеш она што си, што си бил и што ќе бидеш: камен без камен, камен што се мести, камен за друг камен.
Откако заминуваат Горски и Негре, одредот останува сам. Облачно, штотуку не заврнало. Топлејќи ги грбовите по грмушките, борците се гледаат како да очекуваат нешто. Но ништо не се случува, освен што двете женски — Дуња и Дусја — ги собираат марамите за перење. Црвени рани во пенливиот брзак на белиот поток, згрутчени рани што ќе го сопрат кривиот крвоток на стариот живот.
Васил Антевски нема црвена марама, има црвена книга. Им ја подава на Дуња и Дусја, тие ги грчат рамената, тој се смешка. Црвената марама се пере и пак останува црвена, црвената книга се памети за да остане црвена. И потта на црвената книга се претвора во нејзина крв. Дури и кирта, и калта, и гнојот. Со време, црвената книга станува црна, но само за оние што не ја отвораат — да видат со колку свежи жили го чека таа својот нов откривач.
— Па добро, другар Дрен, — го прашуваат Дуња и Дусја, — што да ти правиме кога немаш марама?
— Ништо, — се смешка Васил Антевски. — Само, кога ќе задремам, немојте да ми ја земете книгава на перење.
Иако смеата на девојките се распрснува како афион на ветар, тие неколку денови за Васила Антевски се последни среќни во неговиот живот. Последни со книга в раце, среќни токму поради тоа. Колвејќи го стомакот колку да не му про'рти чирот, тој ги листа книгите налактен на земјата и ја замислува иднината, препознавајќи ја во неминовниот редослед на буквите, во слободните врвици на мравките, во породилните пукоти на далечините. А секој залез е покрвав и секој изгрев е поблескав. И ништо повеќе, колку човек и да е сам, не може да се нарече тишина.
За тоа време, со пиштолот на Васила Антевски и свои шеснаесет куршуми, Горски слегува во градот. Со младиот Негре се разделуваат уште во Бутел, со тоа што си закажуваат каде и како утре ќе се најдат. И, се разбира, Горски не се прибира дома. Преспива кај познати, што немаат претстава за неговото отсуство и кај кои одамна не навратил, под изговор дека го затекнува полицискиот час. На уво, како зајак.
Утредента, на први ноември, Горски излегува во градот, како што го правел тоа и до пред два месеци. Само што сега, изменет пред себеси во ликата и во облеката, се залажува дека тешко кој ќе го препознае. А поим нема дека одвај пред пет дена, во блокадата на градот, вака е фатен и Периша Савелиќ — Самсон. Уште истиот ден, пред да воспостави каква и да е врска, Горски паѓа во рацете на полицијата, не давајќи никаков отпор на улицата. Го фаќаат наивно, како зајак со фарови, среде бел ден.
На Васил Антевски, кој не знае дека со пиштолот е веќе в затвор, се пренесува нервозата на одредот. Горски и Негре треба веќе да се вратени, но ни од едниот ни од другиот нема ни траг ни глас. Помислата дека нешто наидува, како здив на ветер пред невреме, ги возбудува борците до размешување. Повеќе да ја смири состојбата одошто од стварна потреба, Стариот праќа неколкумина помлади по храна во најблиското село Никуштани а со постарите борци седнува да ја разгледа ситуацијата.
Ситуацијата, според Стариот, е јасна: на овој терен одредот повеќе не може да остане. Скопска Црна Гора отпаѓа, зашто таму војската и полицијата ќе откорнат секоја грмушка во потрага по партизаните што го убиле шумарот. Базата на Шара е предалеку од раководството во градот, а треба и да се зачува како можност за чекор потаму во маневарот на одредот. Останува, значи, насоката кон Нерези, легалото на нивното собирање — како место кон кое злосторникот се враќа на својот злостор. Последната споредба не ја изречува Стариот, но Дрен ја чита во очите на сите што му ја следат мислата.
Уште веднаш, во текот на договорот со постарите другари, Стариот го праќа Боте в град — да воспостави врска и да се врати, кога утре в зори одредот ќе биде во движење. И кога пропаѓаш и кога се поткреваш, мора на следниот да се потпреш — мора во некого да веруваш. Тогаш, неколкумината, од Никуштани добегуваат со недопечен леб, по упадот на окупаторската патрола во мирното село. Па Стариот, гледајќи дека и примракот ги препокрива падините, го крева одредот на ноќен марш. А уште го нема најавеното невреме по првиот удар на ненадејниот ветар.
Прибирајќи ги книгите, Васил Антевски ја нарамува раницата и го усогласува чекорот со колената. Тегот на товарот му го дупи грбот, чирот со болката му ја копа утробата а жарта од прекопнетиот ден, како укит на врвовите од планините, се топи под пепелта на мракот. Но на Дрен ни книгите му тежат, ни болката го совладува. Тој чекори во колоната, прашувајќи се само дали Дуња и Дусја ќе се сетат да му ја разменат испотената раница со испрана марама.
Минувајќи меѓу Никуштани и Кучково, па над неколкуте куќи на Ново село, одредот доаѓа до патот Скопје — Тетово. Според замислата на Стариот, треба уште да се помине преку Вардар над Сарај, па да се фати пругата кон Крушопек и да се заноќи во шумата од костени над Горно Нерези. Но, прво да се префрли патот.
Залегнати во ендекот, борците го префрлаат патот еден по еден, наведнати и затрчани, речиси мешечки. Под одредот, на неколку стотини метри, се камуфлираните бараки на воените магазини а околу нив високата ограда од боцкави жици и дрвените стражарници со подвижни рефлектори. А кртата песок, врз макадамот на патот, крцка под чевлите како карпа што се рони во јачлива клисура.
Иако меѓу последните, Дрен не е најневештиот. А токму нему му се случува, кога претрчува преку 'рбетот на патот, стражата да ги слушне тие шумови и да свика потамина накај нив. Но, додека таа, и самата исплашена од мракот на патот, да преземе нешто повеќе од викање, борците се префрлаат до еден во другиот ендек и веднаш се губат во меката земја на полето.
— Побргу! — шепоти Стариот. — Откриени сме!
И, додека неговиот шепот струи меѓу острите лисја како здив на студ, Васил Антевски не може да се ослободи од мислата дека тој е виновен за откривање на одредот. Дали и другите тоа го знаат? Стариот, сигурно, да. Сега војската и полицијата ќе организираат потери, па ќе душкаат по нив како кучиња по мрша, по раскопаната земја под нивните петици.
Така забревтани, со топлината на утробите во отворените усти, дотрчуваат до брегот на реката. А Вардар е буен, шумен и надојден, па со собраните води од дождливата есен ги поигрува тешките бранови, допирајќи ги легнатите грпки на родените ниви. И најхрабрите капачи од градските плажи, кога го гледаат таков до грлата, не се осмелуваат да му пријдат ни со палецот на ногата.
Стариот, не со помошта на градските капачи туку на селските гурелци, пронаоѓа скеле до најблиската воденица. Откај Сарај веќе се слушаат извиците на потерите, што им одат по следите колку што си го истеруваат стравот, но Стариот не дозволува никаква паника. Одредувајќи групи, тој го префрла одредот, па потоа го смирува скелето како ништо да не било. Вдовецот во воденицата, со повеќе брашно на веѓите одошто во вреќите, ни лук јал ни лук мирисал.
Тогаш пред одредот се исправа Водно. Ноќта е мрачна, токму како да си влегол во вода, но на грбот од планината студено се двои бистрото доближување на далечната месечина. Стариот одвојува двајца, што ќе го дочекаат Боте од градот, па со одредот се заискачува кон Крушопек, кој не мижурка ни со полумесецот на минарето. А во мислите на сите се костените над Нерези, меките лисја под нивните тврди стебла и бистриот гргор на султанскиот извор.
Ацо Спасовски и Абдураман Усеин, допирајќи се — со плешките како мокри потполошки, го чекаат осамнувањето на втори ноември во шумичката спроти воденицата. Месечината се извишува и се растура над реката, како мртва мониста на жива кожа. Реката излегува од свиокот и гровта во полето, држејќи ги на лакот оддалеченост извиците на потерите.
Откако ја пробдејуваат ноќта, со очи во дланките, Ацо и Абдураман го догледуваат Боте како им иде во пресрет. Имало господ, си вели Ацо. Имало алах, си вели Абдураман. Па двајцата се издишуваат, како да станале од гробишта. А Боте — оклештен од уво до уво, како да ја преспал ноќта на перница со мирис на детството: еден оди, тројца води.
Тоа се: Чедомир Миленковиќ — Мирко, новиот командир на одредот; Благоја Давков — Давката, кој се враќа од илегалата во градот; и Негре Методиев Новаковски, без ни една канта маст од шверцерските магазини на татко му трговец. По нив, според Боте, треба да дојде уште Роберт Гајдиќ, на својот велосипед од кој не се двои, со радиостаница и нешто храна за одредот.
Меѓутоа, додека го чекаат да видат што ќе стори со велосипедот на брегот и додека се радуваат на себеси вака собрани за одредот, патролите на бугарската војска и полиција им се доближуваат толку што ги откриваат во шумичката спроти воденицата. Иако сиво, веќе е видливо, па секое движење наоколу доаѓа со прелагата на својот ноќен шум и на својот дневен вид. Што да се прави, пред да се расцепи плодот на тишината, за да се види кому се паднал делот на денот а кому делот на ноќта?
Додека се договараат, несвесни дека тоа го прават во живото присуство на својот нов командир, сите се начисто дека не можат да го дочекаат Роберта Гајдиќ и дека врската со него ќе мора да ја прекинат пред време. Им останува единствено, уште веднаш и без двоумење, да се упатат кон планината и да се поврзат со одредот.
Тогаш патролата зад воденицата отвора оган на нив. Прикриени од мракот, задржан меѓу грмушките, тие тргнуваат право нагоре, кон Водно. Таму пак ги пресретнува оган од друга патрола. Тие се држат за грмушките и скршнуваат кон Треска. Но и таму, како да удираш во камен, ги дочекува нова патрола. Сега веќе, без да ги одбираат грмушките, тие свртуваат накај градот како кон последна можност. А огнот на патролата, како да се повторува, носен од стравот на очите, им ги сопира чекорите и на таа страна. Тогаш, и без командир, им е јасно дека се во стапица, па залегнуваат во круг, допирајќи се со петиците, и отвораат безглав оган во предизвикот на битката без излез.
Горе, во шумата од костени, над манастирот св. Пантелејмон во селото Горно Нерези, одредот веќе неколку часа место гргорот на изворот го слуша грмежот на овој судар. Удар од камен, чад од палеж, траг од дивеч. Со подзинати усти и оторбешени ѓотлуци, борците се собираат околу костенот на Стариот, барајќи го во неговиот поглед изгубениот блесок на своите очи. Долу пука, небото се цепи на ден и ноќ; а под нозете татни, земјата се двои на брег врз кој ќе стапнеш и на брег врз кој нема да стапнеш.
Дрен, држејќи се за книгите како за прнар во брзак, гледа околу себе како допрва да ги открива другарите. Но не, тие се истите, само што се возбудени од ѕунот на оганот, па како некој бумбар да им се движи под кожата. Стариот, на пример, ја повторува својата грешка: ги собира, во густо, постарите за ум, а помладите, без да ги праша, ги праќа на извршување. Така одредот, и не сакајќи, се дели онаму каде што нема место ни за недоумица.
— Ако има акција, — го надополнува Васил Антевски.
— Еве акција, — му одговора Дрен.
Собирот на постарите, меѓутоа, место да ја разгледува следната борбена акција, размислува за привремено растурање на одредот. Долу, откај отстапницата до воденицата, брановите на Вардар уште ги разнесуваат пукотите на глувата битка. Градот, шашлив праматар, со ушите меѓу нозете го дише својот живот, како сето ова наоколу да не се однесува на него. Сè е рамнодушно, дури и небото — спуштено знаме на распната синевина.
Тогаш преку Крушопек, како црни круши среде бела зима, се појавуваат тројцата добегани од пукотницата долу. Лицата им се зачадени, рацете разиграни, јазиците исушени. Додека ги празнат матарките на другите, тие бладаат со погледите ништо што не гледаат и подголтнуваат со гркланите без збор да извадат. Најпосле, како со ченгел, од нив излегува веста дека другите тројца се фатени, а меѓу нив и новиот командир на одредот.
Тоа, на собирот на постарите, му доаѓа како кец на десетка. Потврдени во своето колебање, тие му оставаат на стравот да се разграка во нив и да надвладее разумот над вербата. Стариот, повлечен од тие подводни треви што го мамат удавеникот дека ќе се допре до тлото на спасот, прифаќа одредот привремено да се расформира, борците да се засолнат в град, оружјето добро да се сокрие, а по извесно време борците пак да се соберат и одредот повторно да се обнови.
— Тоа е ликвидација! — упаѓа Корчагин, застанат меѓу помладите околу постарите што седат.
— Што предлагаш ти? — му се обраќа Стариот, колку да се слушнат и помладите пред постарите да решат. — Само, без навреди!
— Сè друго, само не ликвидирање на одредот! — продолжува Корчагин во својата решителност. — На пример, да се повлечеме во Света Петка, таму некои наши имаат роднини. Или овде да се засолниме во базата под Шара. Или да се упатиме кон Кичево. И овде е окупација, и таму е окупација. А италијанската е можеби поснослива од бугарскава. Сè, само не да се растураме!
Васил Антевски, одмерувајќи ги силите што го двојат одредот, и самиот се колеба меѓу извесноста, безизлезот и неизвесноста на излезот. На каде да се тргне, кога секој пат е нераскрчен? Не пат, а врвица. Како да се излезе од овој страв, кој одеднаш ги наоловува колената на луѓето? Како да се разреши овој јазол, што ја врзува во немоќ не само размислата туку и определбата на неговите другари?
— Корчагин е прав, — се слуша Дрен како се осмелува да се замеша во вревата што не ја стишува ни Стариот.
— Во што е прав: во квалификацијата дека одредот се растура или во предлогот одредот да се дислоцира од раководството во градот?
— И во едното и во другото. Растурањето во извесна смисла е предавање.
— Ама луѓе, Бугарите ни се зад петици! Тројцава другари всушност ни ги носат овде.
— Зошто да не одиме на Шара, па оттаму да се поврземе со раководството во градот?
— Прашањето е како да го зачуваме одредот: со растурање или со останување? Не станува збор за растурање, тоа е привремена мерка, одредот пак би останал.
— Што значи привремено растурање? Кога пак би се собрале?
— Тоа ќе зависи од одлуката на Месниот воен штаб.
— А, ако и тој се растури, во некоја провала во градот?
— Другар, тоа е дефетизам. Партијата секогаш се обновува.
— Ако се растуриме, сè некој ќе преживее. Така одредот ќе се зачува.
— И, ако прифатиме борба, сè некој ќе преживее. Така одредот подобро ќе се зачува.
— Треба да донесеме решение, а немаме ни директиви од градот ни време за обмислување. Ебана работа!
Стариот, вртејќи се кон сите околу себе да ги стиша, всушност се врти околу еден предлог. Очигледно, неговите сили во водењето на одредот се при крај - отсуството на командир премногу му тежи. Да одлучуваш во акција, значи да одлучуваш и за други; за разлика од одлучувањето во илегала, кога одлучуваш за себе. Но, сега, никој не може да реши за себеси ако не реши и за другарот до себе, ако не реши за сите.
Верувајќи дека тој предлог е средно решение, што ги одбегнува крајностите на распуштање и уништување на одредот, Стариот го става на гласање. Во тишината, што се отвора пред да падне одлуката, како пропаст што ќе се скока за да се пропадне или да се домогне до другиот брег, кон оние што се за предлогот прикрадено се придружуваат и оние што се колебаат. Така, со мнозинство, одредот одлучува привремено да се расформира, залажувајќи се дека придавката „привремено“ претежнува над глаголот „расформира“.
Тишината потоа поминува во молк. Растоварен од самарот на дилемата, олеснет од бисагите на одлуката - одредот се предава на приземни движења. Го подмачкува оружјето, го завиткува во црни партали од шаторско крило, го закопува во податнатата земја како убиена птица. И ни поглед, ни збор, не разменуваат борците, наведнати над камењата што ги удираат по колената.
Веќе истиот ден, на втори ноември, обезоружен, слободушен и онемен, одредот во групи се растура по Водно. Капка дожд, распрсната на жедна земја, како да паднала на карпа. Сите тргнуваат кон Скопје, но секој знае дека ќе се изгуби сам. А вечер е, кога облакот се топи и каменот се лади, и планините го поклопуваат градот, додека мракот се собира под пазувите во студ.
Васил Антевски, останат без оружје, ја закопува во земјата под костенот последната книга. Така, останувајќи сам и гол, слегува кон градот како да оди на закоп.