X

СЕПТЕМВРИ — ОКТОМВРИ 1941 ГОДИНА

Скокајќи од Водно на Скопска Црна Гора, Васил Антевски стасува само да ги брцне глуждовите во калта на Блатијата. Калдрмата на Скопје, штрбена од крастите на планината, ја чува глеѓта на глината. И потсетува, излитена под петиците како змиска кожа, од песокта на колку села се стврднува бигорот на градот.

Во еден единствен ден, носејќи го на една страна склопецот од Велко Црниот а на друга клопчето од купениот пиштол, Васил Антевски го поминува градот како црвец дрвото. Божем наслепо, ги избегнува јазлите врзани за него а навраќа на местата што му го отвораат патот натаму. А наполно рационално, дистанциран од себеси бидејќи преправен во друг, макар и без да си признае, тој на извесен начин се простува од градот.

Свршено е со неговите легачења над прашните книги, свршено е со неговите талкања по дивите плажи, свршено е со неговите боледувања во осаменичките соби, свршено е со неговата кариера по скапаните канцеларии. Свршено е со еден Васил Антевски, сега настапува друг Васил Антевски. Па сепак, колку и да е решителен, тој тешко ја заменува својата осаменост во градот со препуштеноста во планината.

На Васил Антевски тешко му е и тоа што мора низ градот, кој му е прираснат како роден, да минува како намерник ако не како патник. Во работничка облека, со пуштени мустаќи и очила на чело — тој е свесен дека само за миг се прикрива пред луѓето, кои многу добро го познаваат како нивен бранител. Зашто, штом ќе проговори, и најдалечниот пријател го открива до вистинската лика. Па макар што упорно се претставува како селскиот трговец Точка и одбива дека има некаква врска со познатиот адвокат Точка, за кого самиот тврди дека е заминат во Софија по дозвола за работа, сите во дослух знаат дека тоа е само една маска како на Прочка, кон која треба да се придржуваат додека траат правилата на играта. Така, на работ од ризикот, Васил Антевски во текот на тој единствен ден ја извршува и својата задача во врска со Народната помош.

Истиот ден, пред зајдисонце, Васил Антевски ја пребродува и баждарницата во Чаир, па го фаќа патот меѓу лозјата кон Скопска Црна Гора. И, како селанец од пазар, скриен од погледите на луѓето во заветрината на ендекот, ги пребројува собраните средства од Народната помош, задоволен од тоа како дете по Коледе. Одењето по лозјата не му е тешко: тоа го прави веќе цел месец, откако е излезен од станот, браздејќи ги и десните и левите брегови на сите реки што го поткопуваат градот, додека само една крвава истечува од неш. Сега, меѓутоа, во лозјата има и по некое бистро зрно на гроздовите, а тоа е како на јазикот да ти се топи икрата на силата.

Вечерта, во Кучевиште, на врска му искрснува еден студент по медицина, кого тој го знае како Мирко а кој всушност се вика Чедомир Миленковиќ. Мирко го поведува од селото до манастирот и Васил Антевски заноќува во Свети Арангел како трговец Точка. Студентот Мирко, разбирливо, се губи уште истата ноќ, со противречно сознание кај него дека не е од Кучевиште туку од Чучер.

Манастирот, тој чатал на ветер, ноќта испушта шумови како мртва светлина гнилиот корен. Пренесувајќи се од шумата во косата, од чатијата во черепот, од гредите во коските и од рогозината на кожата — тие шумови му се вгнездуваат во кошмар, од кој Васил Антевски испливува дури кога се разденува. За да открие, банално, дека лежел во гнездо од болви, што му го јаделе тврдиот табан на здравиот сон. Измивајќи ги лошите соништа со лесната вода, тој е прв на нозе и веќе го има изодено дворот кога калуѓерот го вика на појадок.

Дробејќи го сувиот леб и омекнувајќи го со млакиот чај, Васил Антевски го распрашува калуѓерот за околните села и што може во нив да се купи под рака. На масата муви, под масата мачки, во дворот кучиња, на дрвјата чавки, а во работ од фанелата — ноќешна болва. Селата со манастирот ги поврзува истанчен ѕвон на проретчени стада, додека камбанаријата стои во молк пред да се стресе во возбуда што ќе ја срамни со камењарот. Калуѓерот, пак, потечен од усмрдена постела, еднолична литература и метилен алкохол, безволно одговора на поставените прашања и нестрпливо очекува да остане сам. Неговиот згаснат поглед упорно бара некое изгубено тло, од кое некогаш потекнал неповторливиот допир со простосмртните нешта.

Васил Антевски заклучува дека, ни како трговец ни како адвокат, не може да воспостави врска со калуѓерот. Само манастирот, и тоа дење, го привлекува со чардаците што висат на облаци, со праговите од кои се сопнуваш на тајни и со потокот полн како око. Па, макар што секој ден се кани да тргне во трговија по селата, Васил Антевски само се сели од еден чардак на друг и се начудува на тоа што го гледа сè истиот манастирски двор од различни места. Како од панаѓурска дулбија, што го измива простото камче до проѕирната белина од која почнува да зрачи усвитеноста на виножитото.

По некој ден, по таа лажна денгуба, на знак од врската Васил Антевски оди во селото Чучер. И таму, во куќата од родителите на Мирко, запознава млад човек кога го викаат и по име и по презиме, Ацо Ордев. Додека родителите на Мирко се отворено напредни луѓе и веднаш кажуваат дека партизанскиот логор е блиску до селото, Ацо Ордев е молчелив, претпазлив и испитлив. Тој го води Васила Антевски на вечера и ноќевање кај себе, а патем го распрашува кого познава од партизаните во логорот и колку пари носи со Народната помош.

Васил Антевски му признава дека го познава Горски и дека има в џеб околу 20,000 лева. Ацо Ордев му бара 1,000 лева, веројатно за да провери дали навистина ги носи парите, па го советува да врши набавки во повеќе села — за да биде во движење, да не оптоварува едно село и побргу да ги претвори парите во материјали. Сврталиште ќе му остане манастирот Свети Арангел, тој ќе го бара таму за Да ги презема купените стоки а во меѓувреме ќе узнае од другарите во логорот што потаму треба да прави трговецот Точка. Васил Антевски го моли да им пренесе дека би сакал, откако ќе ја исполни задачата со средствата од помошта, да им се придружи во одредот. Ацо Ордев му ветува, а во него може Да се верува: бистар а воздржлив селанец, тој има мисла во движењето и одговорност во зборот.

Кога се враќа во манастирот, трговецот Точка за неколку дена набавува канти маст, вреќи брашно и едно планинско сирење, кое го има обликот, вкусот и тратот на испуканиот пченкарник што го дели окупаторот на купони во градот. Меѓутоа, одејќи еден ден кон подалечните села, Васил Антевски навистина го избегнува претресот во манастирот, ама и го губи сиот провијант што го запленува полицијата. Полицијата цел ден претресувала и во селото, а неколкумина го чекале сето време во манастирот.

— Се сомневаат дека си трговец, — му пренесува калуѓерот. — И јас се сомневам, — си признава. — Навистина, што човек си?

— Бескуќник како тебе, — веднаш му признава Васил Антевски. — Ти си му се посветил на бога, јас на нешто друго што го сметам за рамно на тоа. Во секој случај, кога ќе сфати дека не бива да се бави само со себе, човек треба да стори барем нешто за другите. Прав ли сум?

— Вака, како што зборуваш, прав си. Белки така и работиш.

— Се надевам, — се смешка Васил Антевски и му го вовира во стисокот долгот од својот престој. Додека и од топлината на дланката и од отвореноста на погледот сфаќа дека и друг пат може да смета на проста гостољубливост во овој манастир на сенки, шумови и провеви.

Сега, кога не може да остане во манастирот, кога полицијата му е зад петици и кога нема каде да се засолни — Васил Антевски тргнува по оставените траги од партизанскиот одред, во надеж дека некоја сè уште жива или барем видлива нишка ќе го доведе во дослух со огнот што го носат тие и кој единствен се чини дека може да го прибере. Никој како илегалецот кој изгубил врска не знае што значи да си фрлен во светот: сам, гол, туѓ. Под стравот од допирот со луѓето, од кој секој може да биде повод да пропаднеш во живата кал на провалата, се крие всушност незаменливата потреба да се биде заедно со нив — колку во доброто, уште повеќе во лошото.

Подгонет од парадоксот на таа противречност, Васил Антевски целиот следен ден се провира низ просторот меѓу Кучевиште и неговиот манастир и меѓу Чучер и неговиот манастир. Одејќи повеќе по стапалките на полицијата одошто по трагите на партизаните, најпосле во напуштениот конак над Чучер наоѓа нешто што му се чини дека го води кон неговите другари: тоа е венец од лук, обесен над студеното огниште и оштрбан до последната главица. За миг му се присторува, освен тоа, дека воздухот околу него ја издава миризбата не само на лукот, туку и на чадот и на потта.

— Намуртените деца, што ги чуваат преполовените стада над селото и манастирот, како да му го потврдуваат тоа: тие не кажуваат со зборови, туку со погледи. Онемени од војната што се води над нивните глави, во нивно име а против нивната иднина, тие не се ослонуваат повеќе на разумот и јазикот колку на инстинктот и гестот — знаејќи веќе дека ова е време на ѕверовите а не на разбирањето. Но, макар што од нивните навестувања дава да се насети кон каде може да се бара патот на одредот, Васил Антевски само им заблагодарува со по некој лев и се упатува надолу кон селото.

Зар да го бара, како игла во сено, подвижниот одред во растресената копа на Скопска Црна Гора? Кога ќе го опфатиш небото, додека да се свртиш околу себе, половината од него го покрива снагата на планината. Ќе ти останат ли сили да го издржиш правецот, на кој никогаш не знаеш дали ќе ја погодиш целта? Подобро да се вратиш на гумното, на кое е зрното од грстот што го бараш да те одведе до житницата. Па макар гумното да е и чистина накриво што коси, носејќи го по ветрот плодот место плевата.

Вечерта, под јакуцката на мракот, Васил Антевски слегува во Чучер. Камења на патот, палеж во воздухот, црвојаднина во тишината. Надушувајќи ги утрешните потери, селото притаено дише — топлејќи ја земјата на која лежи со откриените слабини, ослабениот здив и отруеното претчувство. Кога затропува на портата од Ордевци, една цврста рака го повлекува во дворот пред да се заклати мандалото.

— Ајде! Бргу! Каде си? — го облетува рој од шепот, како крилја на лилјак. И Васил Антевски го гледа пред себе Ацо Ордев, кој мавта со рацете како да плива кучешки спроти бранови. Сака да му објасни дека наминал тука, без договор, од немајкаде, но овој му ја затвора устата и го поведува кон племната. Таму, во думанот на сеното, му нарачува да чека, залажувајќи го со крцкав краешник.

Потоа, кога од пукнатините на покривот прокапува небото со мразулците на ѕвездите, Ацо Ордев пак се појавува од мракот. Одвај дочекувајќи го, Васил Антевски му иде во пресрет, од думанот на сеното, со суво грло и илјада прашања. Но Ацо Ордев не го остава ни да зине, туку го натоварува со вреќа леб и го поведува по себе како добиче. Тој пак самиот, освен уште една вреќа леб, граба од гредата стара пушка, на неговото рамо легната како лута ластегарка. Така натоварени, со грбави сенки зад себе, се искрадуваат од селото како гаврани на чатали.

Патем, кога приседнуваат да поземат здив, Ацо Ордев ја клати главата над вреќата. Васил Антевски помислува дека го фаќа дремка, но Ацо Ордев мрмори нешто под нос а брадата не му паѓа на градите.

— Што е? — прашува Васил, доближувајќи му се во темнината.

— Тешко! — го слуша како си шепоти, не гледајќи во темнината каде што може да се сопне од него туку во далечината каде што може да го види одредот.

— Што е тешко? — го тресе за рака Васил Антевски, како навистина да го вади од дремка.

— Тешко! — повторува Ацо Ордев, но сега за него. — Тешко да те примат во одредот, тешко да останеш таму!

Очите на Ацо Ордев, фосфоресцентни од илегалата, го фиксираат како знак за опасност што сака да го скршне од главната насока.

— Зошто тешко? — повторува Васил Антевски, повеќе за него одошто за себе. — Зошто да не ме примат? Зошто да не останам?

Каде да оди по ѓаволите, во овој испревртен свет, кога во него не се нашол и пред да му го види грбот? Каде да оди, кај да се истопори или да се вовре, за да ја зачува онаа малку човештина, без која ќе е мртов пред да го легнат на плеќи?

— Зошто? — свикува Васил Антевски, зачепчувајќи се за неговиот студен поглед и за кундакот од неговата пушка.

— Затоа што си болен, другар! — Мирно, ладно, реално му одговора Ацо Ордев, спуштајќи ја својата корава и спокојна дланка врз неговата кревка и растреперена. — Ти не се слушаш. Но, кога одиш, на сто чекора околу тебе се слуша твоето мачење во одењето. Ти стенкаш, не дишеш. Не е работата во тоа дали самиот ќе издржиш. Ќе ги оддадеш сопствените другари. Сфати, сам го гледам тоа!

— Нема врска, — одмавнува Васил Антевски. — Тоа не е ништо, — го остава неговиот поглед и неговата пушка. — Ќе навикнам, — се смешка, макар што темнината му ја покрива и насмевката и нејзината изнасиленост. — Вистина, бев болен. Поправо, страдам од чир во стомак. Но издржливоста е работа на вежбање. Не ми е ништо, само немам здив. Ќе навикнам, ти велам! — Не кажувајќи ги, притоа, своите тренинзи во пешачење, сето ова лето, од крај до крај на скопската долина и по ридовите со лозја. Зар уште не се видливи показите од тие напори, кога сета надеж тој ја пренесе на нив?

— Ќе те вратат, — ја клати главата Ацо Ордев. — И да те примат, пак ќе те вратат! — Со неумоливоста на стисокот, тој со едната рака ја префрла вреќата преку рамо а со другата ја боде пушката во насоката што ја пробива. — Ова сега не ќе е ни играчка ни плачка. Туку битка, од која ќе мора да се излезе со сонце место со крв на очите! — Па, одмерувајќи со каков напор го нагрбува својот товар, ја позема стрмината што се дроби под цврстите петици и заискрува со врвицата на упорните стапалки.

Точно на полноќ, како да ги лупеле колениците по залудните ридови за да го дочекаат закажаното време, се спуштаат на Лепенец. Палавата вода, која дење ја минуваш со завратени пачи, бучи во тишината — како да урива карпи, како да копа витли, како да носи мостови. Меѓутоа, до самото осамнување, никој не се појавува на договореното место.

Вознемирен, Ацо Ордев го смирува Васила Антевски: му наоѓа бусија во ридот од која има поглед на реката, му ги тупосува двете вреќи со леб и му нарачува да чека додека повторно не се смрачи. Самиот пак тој, припивајќи ја пушката од кундакот на рамото до дулото под коленото, се враќа кон шумите меѓу голите врвови на планината и голуждравите села во подножјето.

— Долу, кај онаа колиба, ќе се појават Горски и Стрико. Горски го знаеш, Стрико не го знаеш. Ако не во примрак, на полноќ или в зори сигурно ќе се појават. Ти чекај тука и никому не покажувај се. Имаш леб, еве ти вода. Ајде, со среќа!

Васил Антевски, тој ден, на 18 октомври, останува сам. Како во учебник по запознавање на природата, го гледа сонцето како го прави својот секојдневен пат по вообичаеното небо. Меѓу нозете има тврд леб, во рацете има млака вода. Околу него шуштат гуштери, стенкаат стебла, се врвчат мравки и се ронат камења. Напати, меѓу раздвижените грмушки, се појавува по некое рамнодушно око на залутан добиток, додека тревата налегнува од далечните довикувања на оретчените овчари.

„Итар селанец“, не му излегува од глава на Васила Антевски Ацо Ордев; не му излегува откако е влезен пред некој ден и откако ќе излезе уште утре. „Ми кажа една метафора за битката, крвта и сонцето. Па го снема. Ефектна метафора, нема што. Ама, ме остави на цедило, без да му трепне око. Брзите ќе ги бијат битките, итрите ќе ја бистрат историјата. Тоа ќе е новата поделба на заслугите, пардон: на улогите, откако ќе се избори победата“.

Единственото чувство на сигурност, меѓутоа, Васил Антевски — тој ден, на осумнаесетти октомври, наполно сам — го наоѓа во пиштолот од кој уште не пукнал. Имајќи го во дланката почесто одошто лебот и водата, тој ја издржува на грбот гомарната гасеница на бескрајниот ден. И само едно зрно, меѓу уверувањето и сомневањето, му 'рти во умот додека главата му се врти од изгревот на сонцето во бистра крв до залезот негов во сопствената рана: „Нема да ме вратат. Јас припаѓам таму. Местото ми е со нив. Со сонце или со крв, во битката мора да се влезе. Победува оној што е готов и на пораз“.

Во првиот примрак. кога виделината ја извлекуваат сртовите на планините и кога долината ја преплавува здив на реката, кај колибата се појавуваат двајца луѓе. Тие ја обиколуваат, ѕиркаат во неа, се вртат на сите страни, па седнуваат свртени кон сртот од каде што тој треба да искресне. Васил Антевски се мачи, барем во едниот, да го препознае Горски.

Но фактот дека никогаш не се сретнал со него на ваква оддалеченост не му дава за право да поверува во нешто во што всушност само се надева. Затоа, влечејќи го пиштолот од џеб, се доближува до колибата.

Меѓутоа, веројатно повеќе по шумот одошто по видот на движењето, тие први го забележуваат. Вадејќи од пазувите оружје, му свикуваат да застане и самите станати, како две бостански плашила кои со еден вкочанет гест ги запираат сите налети на гладните намерници. Васил Антевски, следејќи го летот на нивните извици, се прашува кој е гласот што му е познат: оној одлево или оној оддесно, или пак ни еден од двата?

Сепак, се решава на ризик: — Горски — довикнува. — Јас сум! — Ни едната од двете сенки, згрутчени во примракот, не се издава со ништо. Како да сраснале со тишината, како да скипнале во пејзажот, како да ги избришал шумот на разломотениот Лепенец. — Јас сум! — Се огласува пак Васил Антевски, заборавајќи на пиштолот кој излишно му виси како студена чкунка. „Ако не ми се одзве“, си мисли, „ќе морам да го исправам дулото: се фатив за орото!“

— Кој си ти? — прашува едната пенушка. — Кој и да си, рацете горе и стапувај напред! — ја натпрашува другата пенушка. „Тој е, тој“ се убедува Васил Антевски, препознавајќи ја острината од гласот на Горски. Па, враќајќи го пиштолот во џебот, се спушта по ридот и ги слуша камењата како одат по него. И, како што се доближува до колибата, така сè помалку верува дека во едната од сенките ќе го пронајде Горски. Но, веќе е доцна: битката, во крв или во сонце, тој ја почнува со пораз.

Токму во моментот кога се домислува како да се сопне и во паѓањето да се добере до пиштолот за да пука, спроти него го прифаќа веќе препознатливиот глас на Горски: — Васо, ти ли си? Ти ли си бе, Васо? — Во него, во гласот на Горски, инаку безбоен и бесчувствен, сега има и збунетост, и зачуденост, и радост. Гледајќи го, пипајќи го, вртејќи го, тој незадржливо се смешка и виновно му објаснува на Стрико: — Ова е Васо, наш другар, го знаеш! — Стрико безизразно му потврдува: — Зарем, Васил Антевски, адвокат, кој не го знае! — Соземајќи се од изненадата на средбата, Горски строго се враќа на прашањето: — Од каде ти овде? Ние чекавме друг. Некоја збрка има тука!

Васил Антевски му образлага: почнува од Водно, па преку Скопје доаѓа до Скопска Црна Гора, за да заврши со тоа дека, освен до одредот, сите патишта му се затворени. Притоа, претпазливо потсетувајќи го на нивниот разговор во Пустата кула, се труди да биде убедлив колку за него уште повеќе и за другиот. Стрико, кој стои меѓу нив како исправена пушка и будно го следи нивниот дијалог, останува за Васила Антевски се уште нејасен: кој е, што е, каков е? Не памети дека го познава од некаде, не претпоставува што може тој да знае за него. Само има впечаток дека, ако се најдат на еден заеднички детаљ, ќе го препознае во една состојба — колку несоодветна на сегашнава, толку неизменлива од тогашната.

„Имам паметење на примитивец“, си мисли Васил Антевски додека му објаснува на Горски: „за да знам некого или нешто, морам да ги имам во едно барем името, ликот и местото; штом една од овие составки ќе се измести, ќе избледи или ќе испари, моето сеќавање е сакато и јас излегувам едноставно смешен. Не само смешен туку веќе сенилен, се исправа. Нивните три дишења се испаруваат неизмешани во темнината, а тие прилегаат на забивтани коњи, кои во следниот момент ќе се расклоцаат меѓу себе. Васил Антевски се стреснува: сланата на тоа сознание му ја наежува кожата, му ја затресува раката, му ја смалува снагата. „Стареам ли веќе“, се прашува уплашено. „Без да сторам нешто, што ќе ми го оправда животот“.

— Ништо, — заклучува Горски. — Од она што се договоривме, ништо или речиси ништо ни си сторил. Требаше да останеш во градот. Во градот или околу градот, сеедно. Требаше да останеш во илегала и да ги користиш своите врски со нашите симпатизери, за помагање и снабдување на одредот и движењето. Што имаш собрано? Пари, добро пари! Но нам ни треба и оружје, облека, храна. Знаеш ли дека веќе на шверц има оружје? Што носиш со себе? Стрико, што правиме со него?

Збунет, Васил Антевски покажува со едната рака кон вреќите леб а со другата кон левовите во џебот, не можејќи да се начуди на пресвртот во односот на Горски. Се му се чини дека за тоа придонесува присуството на Стрико, па повеќе кон него го свртува својот поглед и оттаму го очекува знакот на разбирањето. Револверот го чува како последен аргумент. Заедно со острината на воздухот од планината, сфаќа дека таков провев од чистина провејува и во односите меѓу луѓето. Опиен е од тоа, но не и обесхрабрен.

— Одам по лебот, — вели. Колку да се соземе самиот, толку да ги остави сами: нивната одлука, знае, не може да е против него, каква и да е. Барем се надева.

На враќање, обратно од качувањето, не брза: едно да им остави повеќе време, друго да не им се појави зазбивтан. Двете вреќи, притискајќи го со колениците до камењата, му го извлекуваат јазикот од напор. „Не ми е тешко“, се теши. „Само немам здив“. Да не е видливо од месечината, која го повторува небесниот пат на сонцето, ќе помисли дека мракот а не уморот му го затемнува погледот.

Кога се исправа пред нив, тие го дочекуваат без збор: како да не разговарале, како да не се расправале, како да не се договарале. Само му ги поземаат вреќите, му даваат знак да ги следи и тргнуваат кон реката. Тој оди по нив, како месечар кон работ на својот сон, а брановите на реката ја надгласуваат тишината и никој по нив не ќе ја узнае трагата на кутриот удавеник.

Така, кршејќи ја месечината со колената во вода, го минуваат Лепенец. Како што маалските мангупи, со облеката на темето, ја газат градската плажа за да се спровнат во стадионот, за да се излудираат во паркот, за да се испрчат на корзото. И дури кога стапнуваат на другиот брег, со мокри лакти а сув товар, Горски му се обраќа гледајќи кон Стрико. Гласот му е воздржан, а рацете зафатени околу одмерувањето на товарот по еднакви делови. „На тројца,“ забележува Васил Антевски.

— Стрико и јас, — зборува Горски, како да го дели лебот на избројани залаци против што не може да се вложи приговор, — Стрико и јас решивме да те примиме во одредот. И покрај сè. Сега одиме таму. Одредот треба да ја потврди нашата одлука. Ако си решен на тоа, кревај го својот дел од товарот и оди по нас. Другарите нè чекаат.

— Да, — потврдува Васил Антевски. — Мојот дел од товарот.— Изненаден е колку од нив толку од себеси: ни знак на радост, ни посег на прегратка, ни извик на клетва. „Колку просто“, си мисли. „Колку едноставно доаѓаат моментите во животот што решаваат за неговата судбина! Како, кревајќи го товарот од земјата, да си ја клаваш главата во него“.

Истата ноќ, додека месечината се истрива од небото како точило од камен, одредот полага заклетва пред Самсона како пред член на Месниот воен штаб, Самсон го соопштува решението за нов командир на одредот да биде поставен Горски а стариот Мирко да се повлече на друга работа, а Васил Антевски станува нов борец и одредот му одредува партизанско име — Дрен. Дрво што се витка, а не се крши; гранка што расте право, од калта до светлината; прачка, за удар по неправдите а за укит на добрината.

„Толку ли сум здрав“, си мисли Васил Антевски, „за да бидам дрен“? Па, во потврда на тоа, го врежува пиштолот во кожата како ножот што влегува до срцевината.