Васил Антевски, синот на Костадина Антевски, српски повереник на поделеното Оморани, го завршува основното училиште како и секое друго дете: босо, мрсулаво и острижено до кожа. Единаесетгодишен - се очовечува, се извишува, се исправува. Ги окуснува сите ракави и ногавици, ги пробива со палецот скинатите опинци, ги проголтува одбројаните залаци како штотуку разбуден смок — ни звук ни сласт, само срам во светнатиот поглед. А мавта под носот му штркнува во црна фрча, гласот му се здебелува како подгазен со петица и црвенилото на лицето му се збира во гнојни боболки. Старите жени клатат прокобнички глави на кревки вратови:
— Расте како ластар, од вода месо клава, селото не го собира!
Коце Антевски, како претставник на власт која час паѓа а час се крева, не размислува многу ниту пак долго се премислува. Го вади крлукот на Стефана Антевски, му го беси за врат на Васила и го испраќа како со клоца: — Ајде, оди да чуваш овци! — Не е свикнат Костадин Антевски, особено откако самиот сè помалку го бива за работа, да гледа како други безделничат околу него. Власт е оној кој умее другите да ги натера на работа, а за себе да го задржи правото да се разбира во неа.
И Васил, поземајќи го крлукот на деда си, сè уште повисок и поправ од него, тргнува по голежот околу Оморани. Ги изодува зимските пасишта меѓу Поменово, Степанци и Смиловци, меѓу Габровник, Мокрени и Ораов дол, се искачува по дабовите и буковите шуми на Рујан и Мукош, навлегува до глуждовите во превртливата Бабуна. Излезен како избркан од селото, не се враќа повеќе во него. Сам си е ластегар, сам си си е господар: може да легне каде што сака, земајќи си за зглавје кој и да е камен; може да јаде кога сака, посегајќи во торбата со сувиот леб и склопецот со крупна сол; може да мисли што душа му сака, држејќи се за дедовиот крлук и гледајќи во блиското небо. Оди, сонува, знае — само за едно: макар и со скинати опинци, макар и бос, мора во свет, нема враќање назад. А Оморани, како проколнато, му оди по стапалките.
Ненадејно, од селото припукува војната. По ридовите, како од изгазени пеплишта, вивнуваат сините огнови со светлосна миризба на црн барут, усвитено сечило и догорена коска. Васил гледа удолу со растреперен крлук во тупаницата, со испразнета торба на колкот и со солзлив поглед на ветрот. Тоа ли е војната? Онаа што идеше од светот? Што го гореше небото над планинските 'рбети, околу зиморливото Оморани? Тоа ли е војната, што доаѓа и во неговото село?
Не со развеани знамиња, туку со подвиткани бисаги — се искачува по ридот, бега од селото татко му Коце Антевски. Во Оморани сега доаѓа времето на Здравко Антевски, двајцата браќа си ги сменуваат и си ги подметнуваат кметските столови од црвосана рогузина. Ама, и над Коце и над Здравко има некој од мајка роден, кој може да им ја сврти играчката во плачка. Па обајцата бегаат од братска пцоста и туѓински куршум.
— Ајде! Патот под нозе, беспатицата под петици! — го собира пред себе татко му. Не сака да го остави, како најголемо машко дете во куќата, да му се ситат непријателите додека го нема во селото. Отрпнат на вакви пресврти, мирен, дури и шеговит: — Пеш по светот, додека не ни светне!
И така, поземајќи ги татковите бисаги и потпирајќи се на дедовиот крлук, дванаесетгодишниот Васил Антевски оди на Солунскиот фронт — со свршено основно училиште, со напуштено мршаво стадо и со огромна желба да го обиколи светот. Ама, сè уште по петиците на татко си. На Коце Антевски, кој, одејќи по распорената трбушка на својот паднат престол, се влечка по српската војска како врвка од опинок.