Село Оморани, отаде Велес, под Сува рида без вода.
Среде есен, 28 октомври. Испрано небо, обрано поле; лесни тикви, како смалени черепи, на коловите од плотовите; амбари на провев,
Сланата студено ги просребрува сламените покриви, изгорените пасишта и средовечните глави.
Црвените вршки на буките ја палат шумата до јагленосаните корења, со оган кој невидлив ги суши гладните јазици.
Во куќата на Антевци, меѓу ударот на секирата и блекот на козата, се извишува нов крик во излитената немаштија: се раѓа Васил Стефанов, дете со пошироко чело од главата и со раширени прсти на китките.
Старите жени кршат криви раце над него:
— Умот ќе му ја најавне главата, ништо не ќе додржи во дланките!
А малиот Васил, излегувајќи на белиот свет без гласот на плачот и солзата на молбата, само личи на деда си Стефан — кој немал друго, освен сопствените коски, да си ги остави во завет, не на синовите под Бабуна туку на Калето во Солун, заради пустата мисла дека слободата на човека е поскапа од неговиот скапан живот.
Ропа мршавиот добиток боцкави тревки околу зиморливото Оморани. Се дроби скржавото зрно во рачните воденички камења за празничната софра со посниот бунгур. Клокоти брливата ракија во рапавите грла на замаените селани. Над нив, како пијанска пареа, испразнето лебдеат афионските чашки на тапата безнадежност по изгубеното востание.
Секој момент, од секоја глуварица на воздухот може да се отвори латицата на пламенот; но никој тој оган нема да го гаси. Време е кога доцна се сфаќа грешката на геслото „Смрт или слобода“ — одбирот на смртта пред слободата, таа самоубиствена метатеза.
Синовите на Стефан Антевски, Коце и Здравко Антевски, седат околу татковиот казан за печење ракија опашувајќи го со раширените колена како наследен даб. Тлее меѓу нив, подмолно и вкрвавено, загреан жар што им искри во очите и ја доцедува ракијата. А една ладна, една тешка, една старечка пепел — над жарта, над нивните стуштени веѓи, над Сувиот рид без вода, сè до кренатиот срп на острата месечина.
Тука, над првакот од казанот и над првичето во лулката, двајцата браќа се делат, го кршат чаталот на дабот Стефанов: Коце, таткото на Васил, трга кон српската пропаганда, влегува во патријаршиската партија и станува српски повереник во селото. А Здравко, стрико му на Васил, трга кон бугарската пропаганда, влегува во егзархиската партија и станува бугарски кмет во селото.
Така, цел живот, двајцата браќа ќе си ги јадат џигерите. Со главени умови во туѓи улари, ќе џавкаат еден против друг како врзани кучиња — наизменично, неуморно, бесмислено, како чија власт ќе доаѓа. А срцето на секој од нив, како плод без жили, ќе се суши, ќе се смалува, ќе црвосува — со горчливата празнина на промашениот живот.
Детските очи на Васил Антевски ќе запаметат само еден даб, скршен од луња токму онаму од каде што треба да ги пушти првите гранки. Ронејќи се од времето како бајка во суводолица, тој постепено се израмнува со тлото и се враќа во земјата — без да ги дочека младиците, што ќе избијат од неговите упорни корења. Живи, макар и под земја, и по неговата смрт.