Првпат објавено: 1990
Извор: „Нова Македонија“, 15 февруари 1990, 11 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: септември 2018
Бидејќи и јас сум еден од „нашата вознемирена јавност“ околу прашањето за (не)случајното загинување на К. Рацин, кога во написот на Злате Тренески го прочитав она негово многуветувачко „да придонесам за дефинитивно расветлување и утврдување на овој немил настан“, со доста пријатно чувство помислив дека, ете, можеби најпосле се најде човек кој дефинитивно ќе фрли светлина врз последната алка што недостасуваше за конечно дооформување на Рациновиот живот. Меѓутоа, за жал, не само што тој ништо ново не кажа, туку уште повеќе го проблематизира ова прашање, зголемувајќи ја на тој начин, уште повеќе, нашата скепса кон ваквите „автентични искажувања“.
Пред сѐ, убиството на К. Рацин не беше „немил настан“, како што наведува тој, туку катастрофална и ненадоместива загуба за македонскиот народ и за македонската литература. Зашто, Рацин не беше само еден од многуте, туку – единствен!
А сега за фактите во написот.
„Откако ги сместивме новодојдените – пишува Тренески – а другарот со капата (К. Рацин – з. м.) им го предадовме на оние од печатницата... ни пријде другарот Страхил Гигов и ни се обрати со следните зборови: 'Овој другар е со дефектен слух. Извонредно е полезен за нашата Партија и за борбата воопшто. По природа е пргав и немирен дух, поради тоа внимавајте на неговата безбедност.'“ (Подвлеченото е мое).
Во текстот другарот Тренески со видлива гордост ја истакнува успешната улога на обезбедувањето на базата, на кое, според неговиот исказ, припаѓаше и тој. Тогаш, како можеше, и покрај ваквата наредба, да се случи она што се случи? Односно, зошто обезбедувањето не ја изврши доследно добиената наредба, туку наместо да го чува К. Рацин, тоа – го застрела?
„Трагедијата беше во тоа – објаснува понатаму другарот Тренески – што Рацин беше речиси наполно глув, па, по првиот повик „стој“, не го слушнал предупредувањето, тоа не го сторил ни при второто предупредување, по што при третиот повик да застане (по сите војнички правила) истрелан е трагичниот истрел. Тука е вистината.“
Токму така: „Според сите војнички правила“ К. Рацин е застрелан како најобичен непријателски диверзант и тоа од самото обезбедување (зашто стражата спаѓа во тоа обезбедување), кое со посебна наредба беше задолжено да се грижи токму за неговата безбедност!?
Жално, другар Тренески! Дури и Вие, од вашите два цитати, можете да се убедите дека вистината не е тука!
Да појасниме:
К. Рацин загина на 13 јуни 1943 година речиси месец и половина по неговото доаѓање на слободната територија, во партизанската база на планината Лопушник. За целото тоа време сите во базата, а особено припадниците на нејзиното обезбедување, знаеа дека речиси секоја вечер, по исцрпувачката работа во печатницата, К. Рацин оди сам на прошетка по шумските патеки на базата. Ако на ова се додаде специјалната наредба до обезбедувањето издадена од Страхил Гигов за чување на овој исклучително важен човек за „Партијата и борбата воопшто“, со посебна нагласка дека тој е „речиси потполно глув“, веднаш се поставува прашањето: како можеше стражарот да стрела во човечка силуета која доаѓаше од внатрешноста на логорот и која, и покрај трите предупредувања, ниту застана, ниту пак го забрза чекорот за да избега, да се засолни или да припука (како што би постапил еден откриен непријателски диверзант), туку продолжи со рамномерен чекор?
Вие, другар Тренески, како некогашен припадник на партизанско обезбедување, би требало најдобро да ги знаете основните правила на обезбедувањето: треба добро да се познава ликот, фигурата и силуетата на човекот кој се обезбедува, неговите навики, во овој случај дека Рацин секоја вечер сам шета низ базата, па, според тоа, неговото појавување стражарот бил должен да го очекува, како и неговиот слаб слух што ја отфрлаше можноста од потребното механичко реагирање на повикот „Стој“. Овде не го наведувам, а би требало, и фактот дека бардот на новата македонска поезија, во часовите на неговите ноќни прошетки бил во царството на уметничките инспирации, со исклучени сетила за слух и вид, па во таква состојба и човек со нормален слух тешко би можел да реагира на повикот – „Стој“.
Одговорот на ова тешко прашање се наоѓа меѓу овие две можности:
Или стражарот Мино Миновски не бил запознат со наредбата на другарот Страхил Гигов за чување на Кочо Рацин, или, пак бил запознат – но постапил спротивно!
И во двата случаи вината за „несреќата“ не смее да се фрла врз глувоста на К. Рацин!
Затоа, во овој контекст, уште поапсурдно, па дури и за жалење, звучи „генералниот заклучок“ на другарот Тренески: „Ние, неговите другари од тогашната партизанска населба во Лопушник, ова прашање го сметаме за расчистено“!?
Алал Ви вера, другар Тренески! И покрај сѐ, Вие како еден од „неговите другари“ имате мирна совест и помирен сон дури и од „нашата вознемирена јавност“.
Но, секако најжален во сето ова е Вашиот предлог за одржување тркалезна маса заради расчистување на овој проблем, великодушно нудејќи се и себе за учесник на таа средба.
Ве молам да размислите: што би можеле Вие да кажете ново таму?
Па, Вие и во оваа прилика не кажавте ништо!
Или, можеби, кажавте!
Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин | Рацинова архива