Првпат објавено: „Десетти Рацинови средби”, Титов Велес, 1973, 273-280 стр.
Извор: Томислав Тодоровски (ур.), „Прилози за животот и делото на Рацин“, „Наша книга“, Скопје, 1987, 249-252 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2018
Овие ноемвриски денови пред четириесет и пет години во Дрезден, Германија, одржан е Четвртиот конгрес на Комунистичката партија на Југославија. На овој конгрес, меѓу 22-та делегати од Југославија, присуствувал и Кочо Рацин, делегиран од партиската организација во Македонија.
Изборот на Рацин за делегат на овој конгрес, свикан по иницијатива на Коминтерната за да се ликвидира фракционерската борба во редовите на КПЈ, не беше случаен. Познато е дека за делегати на партиските конгреси секојпат биле избирани оние членови што дотогаш посебно се истакнувале, како со својата револуционерност и преданост кон револуционерното работничко движење, така и со својата теоретско-политичка изграденост.
Во годините кога Кочо Рацин се оформува како човек, работничкото и комунистичкото движење во неговиот роден град е веќе со долгогодишна традиција и со стекнато револуционерно искуство. Во редовите на ова движење тој е опфатен уште многу млад. Од податоците што за себе ги дал како делегат на Четвртиот конгрес се гледа дека партиски и синдикално е организиран уште во 1924 година, т.е. уште како шеснаесетгодишен младич.[1] Од првиот ден на пристапувањето во редовите на ова движење, тај наполно му се предава, готов, како што тоа подоцна ќе го изјави во едно свое писма, и животот да го жртвува за неговата конечна победа.[2]
Целосната преданост и невообичаената упорност и желба што ја пројавувал во изучувањето на марксистичката филозофија, му овозможуваат уште многу млад да се нареди ва првите борбени редови на работничкото движење во Велес, а подоцна и во Македонија.
Со својата активност Рацин најнапред се пројавува кака секретар на работничкото спортско друштво „Напредок”, кое во ова време е наполно под влијанието на партијата и претставува една од нејзините легални форми за дејствување пред масите. Во 1926 година тај е избран за член на Месниот комитет на СКОЈ, а како делегат присуствувал на неговите покраински конференции одржани во 1926, 1927 и 1928 година.[3]
Кога летото 1928 година во партиската организација настануваат извесни промени и кога во Месниот комитет доаѓаат помлади членови, меѓу нив е и Рацин. Набргу по овие промени во Партиската организација, почнуваат да се развиваат и синдикалните организации. За нивното масовизирање и организационо зацврстување Рацин посебно се ангажира, а на 19 октомври 1928 година е избран за секретар на Месниот синдикален совет. Во врска со ова негово ангажирање околу организирањето и зацврстувањето на синдикалното движење, во еден напис во весникот „Организовани радник”, покрај другото пишува: „По подолго време, благодарение на неколку другари, а особено од другарот Солев, грнчарски работник, нашето движење во Велес почнува да се стабилизира.”[4]
Освен ангажирањето на Рацин во секојдневната работа на СКОЈ, Партијата и Синдикатот, тој во овој период испраќа и дописки во напредниот работнички печат, преку кои ја запознава јавноста со положбата и борбата на работничката класа во Велес.
Како резултат на сета оваа револуционерна активност на Рацина, тој на Покраинската партиска конференција, одржана на 20 октомври 1928 година во Велес, е избран за делегат на Четвртиот конгрес на КПЈ.[5]
На овој Конгрес Рацин не е пасивен слушател, туку зема активно учество во неговата работа со своето излагање за тешката политичка положба во Македонија, за белиот терор, како и за акциите на Партијата во која народот единствено имал доверба. Освен тоа тој зборува и за тешката економска положба на македонскиот народ и за неговото безобѕирно експлоатирање. Неговото излагање го привлекува вниманието на сите делегати, па и на делегатот на Коминтерната, кој со Рацин води посебен разговор.[6]
За Рациновото учество на Четвртиот конгрес постојат четири документи — два списока на делегатите и другите присутни на Конгресот, извештајот на Верификационата комисија на Конгресот и еден краток ракописен извештај поднесен од Рацина за организационата состојба на Партиската организација во Македонија.
Двата списока на делегатите ги имаат следните графи: реден број, име и презиме, школско образование, година на раѓањето, занимање, од кога е синдикално организиран, кога стапил во партијата, колку пати е суден, колку години бил на робија и од која покраина е делегиран. Во првиот список, пишуван на рака, Рацин е четврти по ред, а во списокот пишуван на машина е дваесет и четврти. И во едниот и во другиот список генералиите што ги дал за себе се следните: 1 клас гимназија; роден во 1908; грнчар; синдикално организиран од 1924; стапил во партијата во 1924; не е суден; не бил на робија; делегат на Македонија.[7]
Во извештајот на Верификационата комисија под римско четири стои: „Македонија има 37 члена, коишто избрале еден делегат на одржаната покраинска конференција од 20. Х 28, а тоа е Димитров, кого што комисијата го смета за исправен, па моли конгресот тоа да го прифати”.[8]
Четвртиот, најавтентичниот документ што зборува за присуството на Рацина на Четвртиот конгрес, е кусиот извештај што тај своерачно го напишал за организационата состојба на партијата во Македонија. Во извештајот за состојбата на Партијата, тој пишува:
„Во Македонија постојат 4 месни комитети и тоа во Куманово, Велес, Штип и Прилеп. СКОЈ постои само во Куманово и Велес. Во Велес повеќе членови на CКOJ се и членови на Партијата.
Покраинскиот комитет до јуни беше во Куманово. Со одењето на професорот М (Михајловиќ) [Милан Мијалковиќ], којшто беше негов секретар, работата на тој комитет се сведе на многу тесен круг, а со апсењето во септември т.г. на уште двајца негови членови, престана сосем да работи и сега Македонија е без покраински комитет.
За претстојниот Четврти конгрес на Партијата, по иницијатива на другарот Градинаров, свикана е на 20. X ов. г. покраинска конференција во Велес, на која, покрај другото, избран е за делегат на четвртиот конгрес другарот Димитров.
Бројната состојба на партијата со младината во одделни М. К. стои вака:
1. | Куманово 13 партијци, 12 младинци, | вкупно 25 |
2. | Велес 10 партијци, 32 младинци, | вкупно 42 |
3. | Штип 8 партијци, | вкупно 8 |
Сè: | 37 партијци, 44 младинци, | вкупно 81 |
Кога конгресот завршил со работата, Рацин требало да отпатува во Југославија во една група со делегатите од Далмација: Марјановиќ, Богиќ и Марјан. Меѓутоа, на железничката станица во Дрезден тие на полициските агенти им станале сомнителни, па поради тоа целата група била уапсена.
Држејќи се стриктно за инструкцијата, Рацин во полицијата изјавил дека дошол да бара работа во Германија и дека без пасош ја минал границата. Со оваа мотивација и адвокатот ангажиран од Дрезденската партиска организација успева да издејствува Рацин и другите да бидат казнети само со еден месец затвор, а бидејќи веќе толку изминало во притворот, по изрекнувањето на казната веднаш биле пуштени и протерани од Германија.[10]
Кога точно Рацин се вратил во Југославија, дали бил откриен од органите на безбедноста, кои веќе биле алармирани дека е одржан Четвртиот конгрес и дека на него присуствувале делегати од сите покраини на Југославија, како воопшто поминал на својот пат до родниот град, засега останува нејасно.[*] Од петте разгледници, од кои една испратил до неговите домашни, а другите четири до Р. Ф. [Рахилка Фирфова - Раца] во Велес, може да се види дека тој по враќањето во земјата не се упатил право кон Велес, туку отишол во Сплит. Оттаму, тој на 3 март се јавува со две разгледници. Во едната, испратена до неговите домашни, пишува: „Родители, запазете ја оваа картичка за спомен од Сплит, кога бев пленик во челустите на адскиот тиран”.[11] Во разгледницата пак, испратена до Р. Ф., вели: „Ако случајно уште се сеќавате на мене, примете го ова за спомен од моите Одисеи”.[12]
Од другите три разгледници испратени до истото лице, може да се види дека на четврти март Рацин со бродот „Београд” патувал кон Сушак, на 6 и. м. [истиот месец] пристигнал во 3агреб, а на 8 во Белград.[13] Најверојатно другиот ден, на 9 март, бил веќе во Велес.
На железничката станица во Велес, претходно известени за времето на неговото пристигнување, го пречекуваат неколку негови партиски другари, за да го известат благовремено дека не треба да доаѓа во контакт со еден дотогашен член на Партијата, бидејќи постоеле основани сомненија дека тај е провокатор. Бидејќи Рацин, и покрај ова предвидување се состанал со провокаторот, партиската организација го казнила со „опомена”.[14]
Набргу по враќањето од Конгресот, на 11 април 1929 година, тој морал да замине на отслужување на својот кадровски рок во Пожаревац.[15] Со ова завршува првиот дел од неговата револуционерна дејност. Во еден список на сомнителните лица, изработен од полицијата во Велес кон крајот истата година, за Рацин се вели: „Порано активен комунист, нема знаци дека сега од тоа се откажал.”[16] Навистина Рацин никогаш не помислувал да се откаже од своите комунистички убедувања, туку до крајот на својот живот останал верен и доследен револуционер, кого ниту поразот го обесхрабрувал ниту победата му го свртувала умот.
Забелешки
[1] ИРПЈ — Београд. К.И. — 1928/82 (2-7) — 323/III.
[2] Киро Ќамилов: „Врските на Рацин со шпанските борци”, „Народен билтен”, Титов Велес, 13 јули 1963, стр. 11.
[3] Бане Андреев: „Активен партиски и синдикален работник”, Кочо Рацин во спомените на современиците, Култура, Скопје, 1972, стр. 13.
[4] Месно Веће у Велесу, „Организовани радник”, год. VIII, бp. 93, 15 ноември 1928.
[5] ИРПЈ — Београд. К. И. — 1928/82 (2-7) — 321/III.
[6] Мито Станисавлевиќ: „На Четвртиот Конгрес на КПЈ во Дрезден”, Кочо Рацин во спомените на современиците, Култура, Скопје, 1972, стр. 180.
[9] ИРПЈ — Београд. К.И. — 1928/82 (1-13) — 133/III.
[*] Веднаш по преминувањето на австриско-југословенската граница Рацин бил уапсен во Дравоград на 20 ноември 1928 година. Бил лишен од слобода три месеци. На 2 март 1929 година, поради недостиг на докази, бил пуштен на слобода во Сплит (заб. на транскриберот).
[11] Дописна карта испратена од К. Рацин до неговите домашни, сопственост на Народниот музеј во Титов Велес.
[12] Разгледница испратена од К. Рацин до Р. Ф., сопственост на Народниот музеј во Титов Велес.
[13] Разгледници испратени до Р. Ф., сопственост на Народниот музеј во Титов Велес.
[14] Реконструкција на Велешката партиска организација, ракопис во ИНИ — Скопје.
[15] Воена буквица на Кочо Рацин, сопственост на Народниот музеј во Титов Велес.
[16] Актот се чува во Народниот музеј во Титов Велес.
Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин | Рацинова архива