Првпат објавено: 1972
Извор: Перо А. Коробар, „Кочо Рацин во спомените на современиците“, „Култура“, Скопје, 1983, 233-234 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2018
Во ноември 1928 година во Дрезден, Германската Комунистичка партија ни обезбеди на периферијата на градот една голема вила за да го одржиме IV конгрес на КПЈ. Главниот организатор на Конгресот беше Ѓуро Ѓаковиќ. Јас ја добив задачата да ги организирам техничките работи. Беше создадена прилично сложена организација, за да можат другарите од цела Југославија да присуствуваат на Конгресот. Во тоа време, во Германија Партијата беше легална, меѓутоа не смееше да се дозволи да се провали конгресот, бидејќи тоа е партија на друга земја. Вилата имаше мал двор, а главниот влез — неколку скали. Јас стоев пред главниот влез, очекувајќи ги делегатите. Ги чекав со нетрпение, ту влегував, ту излегував. Во дворот се појави човек со среден раст, добро граден, кој љубопитно ја разгледуваше околината. Ѓуро веднаш му појде во пресрет, му ја подаде раката и се прегрнаа како двајца стари добри другари. На вратата ме запозна. Беше тоа Кочо Рацин. Влегоа во внатрешните простории. По кусо време Ѓуро се врати, очекувајќи ги другите делегати. Во разговорот со Ѓуро Ѓаковиќ чув пофални зборови за Кочо Рацин. — „Тој е голема наша партиска надеж”, рече Ѓуро.
Откако се собраа 22-та делегати и претставниците на Коминтерната, Конгресот започна. Беше тоа многу бурен Конгрес. Се расчистуваа грешките и слабостите на Сима Марковиќ и им се задаваше силен удар на фракционерите во Партијата. За ова придонесуваше и отвореното писмо на Коминтерна од нејзиниот VI конгрес и пристигнатите двајца делегати од Коминтерната. Најголем поборник, бескомпромисен борец против разните скршнувања во Партијата беше Ѓуро Ѓаковиќ.
Се сеќавам, кога се говореше за актуелната политичка ситуација во Југославија, кога се даваше оценка и кога се одредуваа насоките за понатамошната борба на Партијата, зеде збор и Кочо Рацин, под име Димитров. Потресни беа неговите зборови. Тој стана, започна тивко, подоцна внесувајќи го својот младешки темперамент. Тој успеа да нè пренесе во Македонија, во земјата во која во тоа време, положбата беше страшна и беснееше невиден терор. Рацин сликовито ги прикажуваше: тешката економска положба на македонскиот селанец и работник, теророт што се спроведува врз нив, крстосувањето низ македонската земја на бугарски и српски чети и албански качачки банди, оставајќи зад себе запалени села и масовни убиства на невиното население. Тој своето излагање го поткрепуваше со податоци, што правеше посебен впечаток. Наедно со тоа, Рацин ја нагласуваше борбената готовност на работничката класа и на демократските сили, наведувајќи ги многуте акции што се спроведуваа, иако под многу тешки услови. Тој зборуваше и за национално-ослободителната борба на македонскиот народ, поврзана со класното работничко движење на Комунистичката партија. 3боровите на Рацина уште еднаш пластично ги видов во документациите — материјалите што беа изложени на изложбите во Берлин „Белиот терор во Југославија” во 1929 година.
За време на паузата, Рацин беше во постојана придружба со другарката Малина Поп Јованова [Иванова] (Галина). Таа беше во привременото раководство на ЦК КПЈ, а на овој Конгрес ја избраа за член на ЦК. Колку ми е познато таа од Македонија е дојдена во Москва уште во 1924 година на студија во Комунистичкиот универзитет на националните малцинства (КУНМЗ).
По тешки и остри борби околу изборот на нов Централен комитет на КПЈ и неговото конституирање, Конгресот заврши со работа. Другарите, учесници на Конгресот се разотидоа според утврдениот план на организацијата. По напуштањето на Конгресот со Рацин се случи нешто неочекувано. Градот Дрезден, веројатно со големиот број архитектонски споменици, убаво уредени паркови и живи улици, го привлече вниманието на Рацин, така што бил забележан од дрезденската полиција. Таа како сомнителен го затвора. Рациновото нејавување на закажаната јавка нè вознемири и веднаш презедовме чекори да го пронајдеме. Набргу добивме информација дека е во полициски притвор. Тогаш за неговото ослободување се заангажираа другарите од дрезденската партиска организација. Се сеќавам, беше ангажиран еден адвокат, кој имаше добри врски со полицијата и успеа да го ослободи со мотивација дека како безработен дошол од Македонија за да најде работа во Дрезден.
Ова се моите сеќавања за Кочо Рацин што ми останале длабоко во сеќавањата.
Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин | Рацинова архива