Иван Катарџиев

Одлуката за бојкотот на Рацин и неговиот однос спрема неа


Првпат објавено: „Историја”, Скопје, 1974, бр. 2, 220-237 стр.
Извор: Томислав Тодоровски (ур.), „Прилози за животот и делото на Рацин“, „Наша книга“, Скопје, 1987, 155-168 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јули 2018


Повеќе од триесет години, или поточно од денот на донесувањето на одлуката за бојкот на Рацин, 8 септември 1940 година, таа е предмет на постојани дискусии, првин во партиските кругови, потоа и пошироко во прогресивните кругови на македонската национално-револуционерно и класно движење пред војната. Војната и победата на Народната револуција, веројатно поради неговата трагична смрт, не го дезактуелизира проблемот. По ослободувањето, заедно со напорите за изградбата на македонското општество во новата југословенска заедница, заедно со изградбата на новата македонска социјалистичка интелигенција и култура стоеше отворено, иако јавно многу малку, и прашањето за бојкотот на Рацин. Колку повеќе расте временската дистанца меѓу овој настан и нас, толку појавно тоа прашање буди интерес. Нема потреба да се истакнува логичноста на овој феномен ниту пак неопходноста да се расветли целиот настан, да се даде одговор ослободен од сите комплекси, обременување итн. Во прашање е односот спрема една од најзначајните величини ва македонската култура од поновото време, спрема една од најизразитите личности на македонската национална индивидуалност и класна определеност, која и самата изгоре во нејзиното модулирање, поради што на извесен начин се претвори во своевидна определеница на македонскиот национален сентимент.

Се разбира, истакнувајќи ги овие прашања, веднаш сакам да додадам дека мојата амбиција со овој осврт е поскромна. Таа не си поставува, во овој момент, задача да даде целосен одговор, односно да ги расветли сите моменти врзани со овој настан. Мојата цел во случајов е да се обидам да ги систематизирам проблемите така како тие денес се поставуваат или, поточно речено, како јас ги согледувам и да поттикнам пожив и посестран интерес за истражување на ова прашање.

Проблемот денес во врска со објавувањето на бојкотот на Рациновата личност и дела се состои во следново:

— кога, како и зошто е донесена одлуката за бојкот на Рацин;

— дали во себе поимот бојкот го вклучува и прашањето за исклучување од редовите на Партијата или пак тоа значи дека тој не бил формално член на Партијата;

— односот на Рацин спрема одлуката; одразот и приемот на одлуката во македонските прогресивни средини.

Како што е познато, одлуката за бојкот на Рацин е донесена на Покраинската конференција на КПЈ за Македонија, одржана на 8 септември 1940 година[1] во Скопје. Меѓу другите значајни документи на овој собир на македонските комунисти, во кои е изразена постигнатата консолидација на партиската организација во Македонија, се определени натамошните задачи за уште побрзо, поуспешно мобилизирање на македонскиот народ во борбата, била донесена и одлуката за бојкот на Коста Солев Рацин. Оваа одлука, како што е и нормална да се очекува кога ќе се земат предвид времето, условите во кои е донесена и стилот на работата на Партијата, не е образложена и не е објавена. Одвај подоцна и тоа како коментар на една Рацинова статија за која ќе стане збор подолу, но како последица на одлуката за бојкот во органот на Покраинскиот комитет, во „Билтен” е објавена следнава белешка:

„Песнико К. Рацин за неговото нездраво држејне има бојкот, не треба да се прибере нити муабет да му праји. Само на речи и добро скроена критика (чланак во „Раднички Тједник”) не се верува.[2]

Како и кога е донесена одлуката за бојкот?

Ова прашање досега не е посебно елаборирано и колку повеќе времето одминува, сè повеќе станува нејасна. За ова прашање Перо Ивановски — Тикварот, кој засега, се чини е и единствениот извор за третирање на овој проблем, во најновата изјава, објавена во книгата за Рацин, вели:

„На Конференцијата, од името на Бирото се изнесе случајот за Кочо Рацин и банот, и се предложи, поради недисциплина и критизерство да биде исклучен од Партијата и бојкотиран ... На предлогот никој не се спротивстави.”[3]

Освен во оваа книга, Перо Ивановски во своите спомени снимени на магнетофон во ноември 1958 година, дадени на српскохрватски јазик, за истиот проблем го рекол следново:

„На оваа конференција, (Покраинската б. м.) сега уште да спомнам било разгледувано како споредно прашање ова прашање на Коста Рацин. На конференцијата била донесена одлука за бојкот на Коста Рацин и јас бев тој кој ја соопштив одлуката и тоа за време на траењето на конференцијата, претпладне, кога заврши со работа.”[4]

И во двата цитирани текста Ивановски децидирано тврди дека одлуката е донесена на самата Конференција и оти таа била прифатена без дискусија.

Обрнуваме внимание на овие две работи, бидејќи денес се појавуваат и други мислења од некои учесници на Конференцијата. На пример, Славка Фиданова во разговор со авторот на овие редови воопшто не се сеќава за тоа како е донесена оваа одлука. Таа е склона да верува дека прашањето за исклучување на Рацин не било на дневен ред на Конференцијата и оти одлуката ја донесло новото раководство на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија на другиот ден на конститутивната седница.[5]

Бидејќи се појавуваат, се разбира, денес по повеќе од 30 години од настанот различни мислења за тоа кога е донесена одлуката за бојкот, што може да биде последица на заборав за кој влијаел и самиот начин на нејзиното донесување, без дискусија, т.е. без да му се посветува посебно внимание, сметав за потребно и покрај тоа што Перо Ивановски е дециден ва она што го цитиравме кога е донесена одлуката, уште еднаш да разговарам со него, поставувајќи му го прашањето директно „како е донесена одлуката за бојкот на Рацин од Партијата, на самата седница на Конференцијата или потоа при конституирање на новото раководство?” Во својот одговор Ивановски не само што го потврдува веќе кажаното, туку и ја прошири информацијата во врска со тоа. Тој рече:

„Одлуката за исклучување и бојкот на Рацин е донесена на самата Конференција, а не при конституирањето на раководствата”.

Објаснувајќи ја атмосферата што владеела во врска со случајот Рацин, Ивановски вели:

„Држењето на Рацин беше коментирано уште вечерта спроти Конференцијата од оние делегати што веќе беа пристигнале, меѓу нив и Темпо. Најголем приврзаник (заговорник) за исклучување на Рацин од Партијата беше Темпо”.[6]

Покрај прашањето за тоа кога е донесена одлуката за бојкот на Рацин од редовите на Партијата, кое секако има повеќе технички карактер, побитен е проблемот на мотивите за тоа.

Перо Ивановски, кој по својата функција што ја заземал тогаш во Покраинското раководство и е главен извор за мотивите на бојкотот на Рацин, во својата изјава од 1958 година го вели следново:

„... Бојкот, затоа што тој им кажал на другарите Кузман [Јосифовски – Питу] и Мирче Ацев, а тие го пренесле на Комитетот, второ што тој напишал збирка песни, кое не го знаевме, хо го научивме подоцна, дека банот на Вардарска бановина Рафајловиќ му понудил да му печати такви песни со тоа што тој ќе напише еден предговор за таа книшка и го повикал на ручек. Го повикал кај себе на разговор. Преку другарите ние му јавивме на Кочо Рацин да не оди кај банот Рафајловиќ. Но тој и покрај тоа отишол таму и тоа значело како нарушување на оваа одлука. Тоа кога го изнесоа другарите што го знаеја овој случај, заедно со она што тој порано го зборувал дека Партијата е еден ќепенок во Македонија да продава политика, Темпо предложи да го бојкотираме Коста Рацин. Јас тоа му го соопштив. Тој тогаш ниту еден збор повеќе не рече, само уште еден пат ме запраша: „значи, бојкот”. „Да, бојкот”?[7]

Во текстот објавен во книгата за Коста Рацин, Ивановски дава верзија во која вистина има повеќе детали, но прилично се разликуваат. Тој пишува:

„Набрзо по моето доаѓање во Скопје, ми беше соопштено дека Кочо се наоѓа во градот и дека некои наши другари му обезбедиле прием за разговор кај банот на Вардарска бановина, на кој Рацин му го изнел малтретирањето што секој ден врз него и врз неговата фамилија го вршеле органите на велешката полиција” ... Натаму Перо Ивановски додава дека „според истакнувањата на Коча, а пренесени преку другар до нас, банот извонредно добро го примил. На неговата маса во кабинетот се наоѓала збирката „Бели мугри”. Банот изразил задоволство што му се дала можност да се сретне со Рацин, ја пофалил неговата поезија и се интересирал за неговите литературни планови. На жалбата на Кочо дека нема услови за таква работа поради катадневната политичка тортура во Велес, банот дал ветување оти ќе се заложи да го реши прашањето на Кочо. Низ разговорите (банот) се трудел да се прикаже демократ кој не се согласува со методите што се применуваат врз македонскиот народ. Банот уште изразил спремност да го осигура издавањето на нова книга на Рацин и дури да напише самиот предговор. „На крајот на разговорот банот го повикал Рацина да го продолжат овој интересен разговор во попригодна домашна атмосфера кај него”. Перо Ивановски вели дека „преку другарот што ја одржувал врската со Рацина бевме информирани за текот на разговорот и дека на Кочо му е понудено да биде гостин на ручек и таму да продолжат со разговорот. Но ние не ја гледавме потребата за понатамошно одржување контакти со банот за решавање на неговиот проблем. Меѓутоа, подоцна дознавме преку постојната врска (Кочо Рацин го известил), дека тој бил кај банот дома”.

Во продолжение Ивановски соопштува дека по средбите Рацин заминал за Белград, каде што ја продолжил својата активност на политичко и културно поле, па додава:

„Во март или април 1940 година Кузман Јосифовски, секретар на Градскиот комитет на Прилеп се сретнува со Кочо Рацин во кројачкиот дуќан на Коста Циривири во Белград, разговарајќи за политичките проблеми и активноста на Покраинскиот комитет. Тој преостро се изразил за неговата активност во дадените услови на внатрешен и надворешен план, употребувајќи ги зборовите што ми останале во сеќавање дека ПК е отворен „ќепенок” и дека претставува мало еснафско дуќанче”.[8]

Ги пренесов во подробности искажувањата на Перо Ивановски за подобар преглед, од една страна, паради деталите за времето на бојкотот и местото на средбите што Рацин ги имал со банот, што е многу битна за случајов. Според ова (второто) искажување, тој се сретнал со банот првпат ва неговиот кабинет, вторпат во неговиот дом на ручек.

Второ, изразен е односот на банот кон Рацин — пофални искажувања за неговата книга, понуда да го осигура издавањето на второто Рациново дело со предговор напишан лично од банот и најпосле сочувства на тој исти бан во однос на положбата на македонскиот народ искажувајќи се против употребуваните политички методи.

Трето, во ова искажување временски е лоциран и конфликтот помеѓу Рацин, од една и Кузман Јосифовски и Мирче Ацев, од друга страна, во Белград од март или април 1940 гадина, т.е. по средбите со банот во Скопје кој Перо Ивановски во искажувањето од 1958 година го идентифицира како Жика Рафајловиќ. Овој момент е исто така од големо значење за разјаснување на суштината на судирањето.

Оваа верзија за средбите на Кочо Рацин со банот беше и сè уште е доста распространета. Се чини дека за неа имал овој прилог и самиот бан Жика Рафајловиќ. Меѓутоа, со објавувањето и искажувањето на бившиот помошник на банот Александар Цветковиќ, оваа верзија е доведена под сомневање и тоа изгледа доста аргументирано. Во секој случај, работата се комплицира. Во врска со таа посета на бановината А. Цветковиќ вели:

„За двете средби со Рацин се сеќавам извонредно добро...” „Го примив во мојот ка6инет, летото 1940 година, по предлог од тогашниот мој шеф на кабинетот Јован Костовски. Мене, како и на целата политичка и културна јавност, ни беше добро познато неговото име”... „Во кабинетот тој влезе заедно со Јован Костовски”. Откако говори за Рациновите поплаки од полициското малтретирање, Цветковиќ вели: „Внимателно го слушнав неговото излагање. Зад нас стоеше Костовски, кој го бележеше во нотес излагањето и целиот наш разговор. Му признав дека имав можност да ја прочитам неговата збирка и оти таа ми оставила силен впечаток, особено јазикот и поетскиот израз. Го запрашав, дали пишува сега и дали подготвува нешто за печатење. Тој категорички одговори дека нема услови за тоа”.[9]

Натаму во текстот се парафразирани ставовите и гледањата на А. Цветковиќ што тогаш ги изнесол пред Рацин за политичкиот живот во Македонија. Во нив Цветковиќ се претставил како поборник на течение од средината на тогашниот режим во Македонија кое било за воведување полиберални методи на управување, за давање политички и јавни функции на луѓе од месното население, a на показ било и попуштањето во изразувањето на некои национални белези за разлика од течението кое било за екстремни методи во управувањето. На крајот од разговорот, Цветковиќ му ветил на Рацин дека ќе зборува со велешкиот полициски началник за да се прекине со малтретирање врз него. Потоа, Цветковиќ зборува за „втората и последна средба” со Рацин „и тоа во истиот кабинет со препорака од истиот човек. Претходно ме извести дека неговото повторно доаѓање е поврзано со неизменетата положба со него во однос на велешкиот полициски апарат“. При оваа средба Кочо бил „бескомпромисен во своите ставови”.

Во своите искажувања Цветковиќ ја демантира измислицата за согласноста на Рацин идната негова збирка да се појави со предговор на човек од бановината, истакнувајќи дека тој „не дал таква директива”, допуштајќи тоа да га сторила полицијата.[10]

Од излагањето на помошникот на банот Александар Цветковиќ произлегува дека разговорот Кочо Рацин го водел не со банот, туку со неговиот помошник, кој по потекло бил исто така Македонец, со таа разлика што бил режимски човек. Второ, дошло до две средби, но во кабинетот на банскиот помошник, а не на ручек во бановиот дом. Трето, средбата меѓу А. Цветковиќ и Коста Рацин станала во летото 1940 година, а не во зимата или раната пролет во оваа година како што вели Перо Ивановски. Сите други податоци, што ги дава Ивановски, се поклопуваат со тие од Цветковиќ, со тоа што тие се однесуваат до разговорот и гледиштето на Цветковиќ, а не на банот.

Според тоа, по овие искажувања на помошникот на банот на Вардарска бановина А. Цветковиќ, би можело да се изведе заклучок и тоа доста уверлив дека Коста Рацин, всушност, бил примен од помошникот на банот, а не од самиот бан. Меѓутоа, овде се појавуваат нови моменти кои говорат колку е потребно да се расчисти тоа прашање. Имено, според изјавата на професор Љубен Лапе, кој во педесеттите години го посетил бившиот бан на Вардарска бановина Жика Рафајловиќ и во тој случај, меѓу другото, разговарале и за Кочо Рацин, Рафајловиќ изјавил дека тој лично во летото 1940 га примил Рацин. Притоа Рацин се жалел на шиканирањата од велешката полиција и барал од балот да интервенира да се престане со таа. Бидејќи причината за таквиот однос на полицијата како што рекол Рацин биле неговите пишувања, банот изразил великодушна поткрепа на таквата Рацинова активност, пофалувајќи му се дека и самиот тој некогаш како млад пишувал, изразувајќи го своето незадоволство спрема начинот на кој тогаш биле поставени работите. Потоа, Рафајловиќ побарал од Рацин да му даде од тоа што пишувал за да се запознае со него, изразувајќи евентуални можности да го потпомогне издавањето на една нова книга.

Од разговорот Љубен Лапе стекнал впечаток дека во прашање биле неколку средби меѓу Ж. Рафајловиќ и Рацин и оти во една од тие средби банот изразил сожалување дека Бановината не била во можност да го помогне издавањето на некоја нова Рацинова книга”.[11]

По ова се поставува прашање: што е точно? Дали Коста Рацин му направил посета само на банот, дали тај бан бил Жика Рафајловиќ, или пак само на неговиот помошник Александар Цветковиќ, или пак и на двајцата одделно!

За секој случај ништо не би било чудно ако Рацин им направел одделни посети и на двајцата, кои имале точна претстава за неговата личност.

Ги истакнуваме овие моменти околу посетата на Кочо Рацин на бановината ва Скопје толку опширно, затоа што тие сè повеќе стануваат доминантно сознание дека, имено, тие посети се главниот мотив за неговото исклучување од редовите на Партијата. Во врска со тоа, Перо Коробар вели: „Разговорот за Рацин (станува збор за разговорот на Перо Корабар со Александар Цветковиќ во Суботица. — б. м.) посебно ме радуваше, зашто требаше повеќе да се осветли еден интересен, но тежок момент од животот на Рацин, за кој повеќе децении се ширеа разни приказни, токму за неговата средба и разговорот со овој човек кој беше пред мене... Tоа беше еден од мотивите за партиската казна со бојкотот од страна на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија во 1940 година спрема Рацин”.[12]

Од своја страна, Димитар Митрев соопштува дека тој момент за контактите ја прелетал границата и стигнал во македонските прогресивни кругови во Софија. Тој ја пренесува информацијата на Никола Вапцаров пред Македонскиот литературен кружок во Софија, на која се предвидело да се разгледа Рациновата збирка „Бели мугри”. „Со поезијата, рекол Вапцаров, е сè во ред и чиста загуба би била да не се разгледа во Кружокот. Но има нешто друго што не е во ред и за кое слушнал од соодветно место. И ни соопшти дека Рацин бил caнкциониран од Партијата, осуден на бојкот и осомничен за врски со банот во Скопје, а растурањето на „Бели мугри” е запрено по директива на партиското раководство”.[13]

Лазар Колишевски за истиот проблем вели:

„Во дискусиите што ги водевме за неговата положба во Партијата, создадена со партиската казна од 1940 година поради неговиот познат разговор со банот на Вардарска бановина, доаѓавме до заклучок дека тогашното партиско раководство погрешило што донесло таква одлука, веројатно поради тоа што не можело да ги согледа историскиот раст и величината на Рацин, ниту правилно да ја оцени историската улога на неговото дело во процесот на развитокот на македонската нација и култура”.[14]

За ваквиот впечаток, секако, има донекаде придонесено и самиот Рацин со неговата статија во „Раднички Тједник”.[15] Во оваа статија тој првин говори за развојот на македонската литература и за тешкотиите пред кои бил исправен македонскиот писател ва таа време не само поради неразвиеноста на македонскиот јазик, образованието туку и поради постојаните опасности поставувани од режимот со цел да ги компромитира македонските писатели, а потоа продолжува:

„Во мрежата на едно такво искушение неодамна падна и пишувачот на овие редови, и макар и несвесно, го доведе во прашање позивот на напреден писател. Но за среќа таквата негова постапка навреме е забележена од побудните пријатели и осудена како недостојна за еден писател. Признавајќи ја јавно оваа своја грешка во која попадна поради својата недоволна будност и недоволно чувство на одговорност на напредниот писател, писателот смета за своја должност и јавно да ја осуди својата постапка, истакнувајќи ја како пример и опомена за другите”.

Се чини дека овие редови на Рацин сосем јасно укажуваат дека неговото осудување од Покраинската конференција е последица пред сè поради опасноста во која се довел, контактирајќи со претставниците на режимот. На тоа укажува и примерот што го наведува со Цеко Стефановиќ, кој бил корумпиран од тој ист режим.

Меѓутоа, една посолидна анализа на целиот случај и на сè она што има релевантно значење за откривање на духот што владеел во партиски редови, дух на револуционерен романтизам и аскетизам, потоа за атмосферата што постоела во партиската организација во Скопје, особено за недовербата кон старите кадри за отфрлување на нивните методи на дејствување што најчесто се изразувале во револуционерната фразеологија и држење монопол во организацијата, каков што е случајот со групата на Грубишиќ, судирањето со неа, што не можела да не создава клима на резерви спрема сите оние, со ретки исклучоци, што работеле со тие луѓе, би покажала дека бојкотот на Рацин најмалку бил мотивиран поради контактите со бановината. Впрочем, за тоа има и конкретни укажувања на кои, освен во изјавите на Перо Ивановски, не им е обрнато доволно внимание.

Веќе ја пренесов информацијата на Кузман Јосифовски за разговорот со Рацин во Белград и оцената на последната Партиска организација во Македонија во објавеното искажување на Перо Ивановски. Сепак сметав во разговорот што го водевме со Ивановски уште еднаш да го дотакнеме тој проблем, т.е. кои беа главните мотиви што доведоа до толку страга казна. Ивановски мотивите за бојкотот на Рацин ги градираше на два дела: прво информациите за разговорите водени со Рацин во Белград, а потоа за контактите со бановината.

Тој вели:

„Меѓутоа, кога стануваше збор за оваа работа, за бојкотот на Рацин б. м., не се тргнуваше од информациите од Скопје за контактите со банот, туку најмногу од информациите за содржината на разговорите во Белград меѓу Рацин и Кузман Јосифовски водени кај Циривири. Во тие разговори Рацин изразил недоверба спрема работата на македонското партиско раководство, односно во активноста на самата Партија, наречувајќи ја „ќепенок”. Во овие околности информациите од Скопје за контактите со банот беа елемент што само ја отежнува неговата положба, додатен елемент што ја дополнуваше претставата за неговото држење до толку повеќе, што тој никого не известил ниту пак се консултирал со некого за намерите да контактира со банот односно дека веќе контактирал”.[16]

Дека направените контакти не биле единствениот и главен момент за донесената одлука на Покраинската конференција укажувал и самиот Рацин. Во цитираните искажувања на Лазар Колишевски стои и ова:

„Сметаше, а тоа и самиот ми го рече, дека поради извесни неслагања со ПК, разговорот со банот е можеби само формален повод за неговото исклучување од Партијата и желба за лично пресметување со него”.[17]

Иако може да се протолкува дека спаѓа во доменот на претпоставките, но има логика ако се каже дека токму поради настојувањето на самиот Рацин санкцијата против него да ја објасни како последица на контактите во Бановината во објавената статија во „Раднички Тједник” била и причина што таа самокритика не е прифатена. Како да се протолкува инаку смислата на коментарот, објавен во цитираниот „Билтен” како реакција на Рациновата статија: „Само на речи и добро скроена критика”, ако не како оцена дека во одговорот е избегнато суштественото — односот спрема политичката акција на Партијата. Сигурна е дека изразот „ќепенок” припишан на Рацин, одразувал критика и недоверба во способноста на партиското раководство во Македонија што и најмногу го иритирало ова раководство. Впрочем, ако се има предвид од кого е искажана таа критика — од Рацин како долгогодишен партиски работник кој ги доживеал сите неуспеси на партиската активност во Македонија и времето кога е искажана, пролетта 1940 година, т.е., во времето на интензивното консолидирање на партиските редови во Македонија, тогаш не е тешко да се согледа и изворот за ваквата оцена на Рацин — претходното негативно искуство и недоволната информативност за тоа што се случувало на теренот.

Во секој случај, судирањето на Рацин со партиското раководство во Македонија било остро. Начинот на кој била донесена одлуката за бојкот е најдобар доказ за тоа. Нејзиното донесување не само од денешни позиции, туку и од позициите на времето во кое била донесена, во времето на беспоговорни извршувања на задачите и наредбите, во времето на железна дисциплина, изгледа чудна и необјаснива.

За длабочината на конфликтот говори и упорноста да се одржи одлуката без оглед на интервенциите. Зоговиќ вели дека „напразно се обидувал да добие разбирање и поддршка од еден член на ЦК КПЈ на Рацин да му се симне, според моето мислење, сосем неоправданиот бојкот на кој беше потчинет од партиското раководство за Македонија”.[18] Меѓутоа, овој другар сметал дека не е тоа негова работа, подвлекувајќи дека е тоа надлежност на ПК за Македонија. Од своја страна, ПК не сакал ни да чуе повторно да расправа за казната.

„Та и да сме погрешиле — му велеле на Рацин — така тврди Зоговиќ — казната корисно ќе влијае за другите и таа останува — револуцијата во извесни ситуации мора да се служи и со такви средства и жртви. Дури се повикувале на романот „Чоколада” од Тарасов — Радионов”.[19]

Во случајот не само што се немало желба за разговор и компромис по овој проблем, туку партиското раководство изгледа извршило притисок и критика врз редакцијата на „Раднички Тједник” поради објавувањето на цитираната Рацинова статија. Резултатот на оваа критика, четири броја подоцна, се појавил во вид на соопштение на редакцијата на весникот. Имено, во бројот од 6 декември 1940 година редакцијата го објавила следново:

„Како последица на обемноста на ракописите што ги примаме и поради невнимание, пред извесно време во нашиот весник е објавена статијата на Коста Рацин (подлисток). Сожалуваме што таа статија е објавена кај нас, бидејќи за луѓето каков што е Рацин нема место во редовите на честитите работници”.[20]

Коментар за положбата на редакцијата што го објавила ова соопштение сметаме дека не е потребен.

Говорејќи за одлуката на Покраинската конференција за бојкот на Коста Рацин, не се говори, не e јасно и не e доволно третирано прашањето, какав бил статусот на Коста Рацин во тоа време во Партијата. Дали бил формално нејзин член кога е донесена одлуката или не?

Во сите постари искажувања на Ивановски се зборува само за бојкот. Во спомените објавени во книгата за Рацин за првпат се вели дека било предложено поради „недисциплина и критизерство да биде исклучен од Партијата”.[21]

Тој момент зад себеси повлекува и друг, а имено зошто пред исклучувањето од Партијата не била формирана партиска комисија за да го испита целиот случај и потоа да предложи казнени мерки. По ова прашање следува заклучокот дека се прекршени партиските норми!

Меѓутоа, ако Рацин бил член на Партијата во тоа време, а не бил член на Покраинското раководство, зошто тоа тело требало да се занимава со неговото исклучување, а не она кое за тоа било надлежно. Потоа, зошто кога му е соопштена одлуката на Покраинската конференција таа е изрично соопштена „бојкот”, а не и исклучување?

Очигледно е дека Рацин во тоа време не бил формално член на Партијата. Впрочем, и кога пак подоцна во текот на НОБ бил примен за член во неа од Бане Андреев, се вели дека не се знае кој го исклучил?[22]

Овој факт има крупно значење за согледување и објаснување на начинот на кој била доносена одлуката.

Коста Рацин, кој на Партијата му го посветил својот живот и својот талент, кон чиешто идејно припадништво ја гледал смислата на своето постоење, партиската казна ја примил извонредно болно. Од моментот кога таа му била соопштена[23] за Рацин настапиле тешки дни. Таа го засегнала целото негово битие. За него таа била длабока неправда кон човек кој целото свое битие го осмислувал само во редовите на работничкото движење. Тој својата горчина не ја криел, не можел и не сакал да се помири со неа. Се зборува дека жилаво се борел да ја исправи неправдата. Од сведоштвото на Зоговиќ се заклучува дека ги ангажирал и своите лични и партиски пријатели да му помогнат пред повисоките партиски инструкции [инстанци] да се измени казната.

Засега не е познато што сè правел Рацин да се елиминира казната. Меѓутоа, за да се сфати и она што е познато и јавно сторено, треба да се има предвид дека својата активност како творец, како човек, како политички активист, Рацин секојпат ја подредувал на општествените потреби — попрецизно речено на интересите на работничката класа и на интересите на македонското национално револуционерно движење. Тој и приватно, ако воопшто може да се употреби овој израз, и општествено е тотално ангажиран човек — револуционер. Затоа и казната, без оглед на сета горчина што му ја нанесла, без оглед на нејзината неправичност, не можел да не ја доведе во корелација со сопственото битие како општествен деец и да не ја потчини нејзината поука на интересите на развивачката македонска национална мисла и свест на интересите на прогресот за кое се бореле југословенската работничка класа и КПЈ. Можеби тоа било компромис за самиот себеси, компромис на револуционерот, но тоа тој го сторил.

Нешто повеќе од месец и половина по изречувањето на казната во веќе споменатиот број на „Раднички Тједник” се појавила веќе цитираната статија „Развитокот и значењето на една нова литература”.

За првпат нашата јавност со содржината на оваа статија е запозната од Ѓорѓи Милошев,[24] но не од таа на „Раднички Тједник“, туку од оригиналот до кој дошол Милошев и кој по нешто се разликува од она што е објавено во споменатиот весник. Во својот коментар кон статијата, Милошев запишал:

„Статијата е мала, во ракопис напишана на табак и половина, а значајна е покрај другото и како едно самопризнание. Заради тоа и заслужува да се објави за да не остане понатаму погрешното мислење кај извесни кругови дека Рацин во последните дни пред војната скршнал од борбената линија на својата партија”.[25]

Меѓутоа, најчесто оваа статија во нашата литературна историја се третира како „сумирање” на „сè уште скромните, но забележителни резултати” на современата македонска литература, па во врска со таа и цитираниот дел од неа е испуштен.[26]

Формално погледната, таа е и тоа. Рацин навистина прави сумарен преглед на скромните постигнувања на новопојавената македонска литература.

Но целта на оваа статија, од гледна точка на мотивите на нејзиното пишување и објавување и на времето кога е објавена, не е во тоа. Доведени во контекст со намерите и потребите што ги имал поетот кога ја пишувал статијата, нејзината намена била секако нешто друго отколку потврдување на литературните резултати на новата македонска литература. Рацин со оваа статија јавно се самокритикува. Второ, како општествено ангажиран човек и поет, укажувајќи на сите тешкотии во кои бил поставен македонскиот писател во она време и простор, посочувајќи ги сите Сцили и Харибди низ кои се движел тој — писателот во „Повардарското”, т.е. македонско поднебје, настојувал на своите современи колеги да им даде морално-политичка поткрепа да издржат на својот пат, да не се подаваат на никакви искушенија. Со други зборови, поуките што во оваа статија Рацин ги извлекувал, поткрепени со аргументите на сопствената „слабост” во еден момент, односно со самокритиката што во овој случај си ја направил, го определиле и го определуваат суштинското нејзино морално и политичко значење. Да повторам, таквото сознание за целите и значењето на оваа статија може да се извлече само ако нејзината појава се доведе директно со одлуката на Рациновото бојкотирање од Партијата и ако се обрне внимание на веќе цитираниот погоре пасус. Само кога ќе се има предвид тој пасус, добиваат свое логично значење и неговите укажувања на подмолните настојувања на противникот што си „го присвојува правото на историската тапија врз срцето и свеста на народот од Повардарието”... и „кој демне секоја лична тешкотија, секоја слабост и пукнатика во личноста на еден писател и тогаш со сите сили настојува да го вовлече во своите мрежи, настојувајќи преку него или да го попречи или пак да го сврти во своја полза формирањето на оваа нова литература”. Наведувајќи потоа примери до каде може да стигне оној што ќе се подаде на соработка со „покровителот” (Цеко Стефановиќ), Рацин говори за општествената одговорност на македонскиот писател во исполнувањето на неговата задача и сигурно не без болка завршува со патос дека македонскиот писател треба да се победи самиот себеси за да го заслужи вистинското име „народен писател на овој напатен храбар народ”.

Рацин без секое сомневање со оваа статија си ја посипал главата со пепел. Друго е прашањето колку мотивите што се искажани ва неа одговараат на причините за бојкотот. Во тој поглед, ако прифатиме дека тој бил бојкотиран главно не поради контактите со Бановината, туку поради неговата критика на партиското раководство, тогаш се наметнува следново објаснување: веројатно не сакал или не сметал за потребно јавно да го изнесува својот спор со партиското раководство, а тоа значи дека разликите во гледањата по спорот и натаму си останувале, но за да даде шанса да се поправи направеното прифатил да се самокритикува за второстепениот мотив.

Денес, по три децении од таа историска одлука на Покраинската конференција на КПЈ за Македонија, постепено се кристализираат оцените за нејзината суштина како израз на „неспособност да се согледаат историскиот раст и величината на Рацин, правилно да се оцени историската улога на неговото дело во процесот на развитокот на македонската нација и култура”.[27]

Треба да се каже, до колку во тоа не е одразено времето во кое е давана изјавата, дека ако Покраинското партиска раководство не му придало внимание на овај момент режимот, според она што изјавува пом. бан Александар Цветковиќ, имал точна претстава за авторитетот и значењето на Рацин во тогашните македонски и југословенски услови. Неговото име, вели Цветковиќ, беше во не мал број весници и списанија во Југославија. Тоа беше сигурно и најпознатата личност во југословенската јавност, која ја пласираше марксистичката и македонската кауза. Тој посебно се афирмира и се здоби со голема популарност со објавувањето на својата збирка песни на македонски јазик „Бели мугри”.[28]

Се чини дека до денес сè уште не сме ја согледале од сите страни одлуката за бојкот на Рацин. Најчесто целата работа се ограничува на самата одлука за бојкот на поетот без да се cогледаат другите аспекти. Во случајот не се работи само за бојкот на Рацин како личност, туку и за бојкот на целото Рациново дело. Во прашање дошло и тукушто излезеното и растурено сред народот првенче на македонската поезија, збирката „Бели мугри“. Познато е дека ова дело исполни една огромна празнина во животот на македонскиот народ. Уште со појавата доживеа огромен прием и со тоа се претвори во моќно средство за мобилизација на народните сили. Тоа веќе [не] беше Рациново дело, тоа стануваше народна сопственост. На тој начин одлуката за бојкот на Рацин и неговото дело го довеле партиското раководство во противречност и конфликт спрема општонародното расположение спрема ова дело кое, впрочем, пред тоа самата Партија го градела. Овој конфликт добил и конкретен израз во непочитувањето на одлуката за бојкот, чија суштина, впрочем, Покраинското раководство веројатно не се погрижил ниту да ја објасни. Професор Љубен Лапе наведува дека по донесувањето на одлуката за бојкот во Прилеп била организирана културна манифестација на која биле застапени песни од збирката „Бели мугри”. На забелешката од партиските кругови дека авторот е под бојкот, било одговорено „дека ако треба неговото дело ќе го браниме и од самиот него“.

Не само во Прилеп, туку и во другите делови на Македонија одлуката доживувала пасивна резистенција. Истата судбина, според тврдењето на Митрев, таа ја доживувала и во Софија од членовите на Македонскиот литературен кружок. Кога на Кружокот биле прокоментирани вестите за бојкотот и односот што требало да го заземе тој спрема збирката — дали да ја разгледува или не, Вапцаров отворено изразил сомневање во способноста на работникот Кочо Рацин да биде различен како поет од тоа како човек, т.е. да биде дволичен. И како резултат на тоа и овде преовладала формулата дека ако стане потреба, ќе го бранат поетовото дело и од самиот поет.[29]

Денес, триесет и три години од донесувањето на одлуката за бојкот на Кочо Рацин, при положба на настојувањето долго време да не се говори за оваа одлука и при положба што таа сè уште не е предмет на активно внимание на нашата политичка и литературна историја, сето тоа, веројатно, од почитот кон личноста на поетот, од чувство за големината на горчливото и сопствената вина како припадници на едно движење што во еден момент донесло таква одлука, тешко е за едно такво излагање како ова да се решат сите проблеми. И треба да се истакне дека колку повеќе времето ќе одминува толку потешко тоа ќе станува и при најдобра желба на живите сведоци да помогнат во расветлувањето на оваа работа. Познато е дека мемоарската граѓа не е многу сигурен извор, особена ако е изнесена по толку години. Впрочем, тоа е присутно и во нашиот случај. Заборават е моќен фактор.

Па сепак мислам дека врз основа на сето она што овде е речено, би можело досега да се извлечат следниве сознанија.

Одлуката за бојкот на Коста Рацин е донесена по предлог од Покраинското раководство на КПЈ за Македонија од Покраинската конференција;

Мотивите за донесување на одлуката се градирани: прво, поради конфликт на Рацин со партиската организација во Македонија чии извори треба да се бараат подлабоко во претходниот период и во стилот на работа од тој период; и второ, поради контактите со управата на Вардарска бановина или поточно поради непочитување на директивата да ги прекине тие контакти;

Кога е донесена одлуката за бојкот, Рацин формално не бил член на Партијата поради што и не е донесена одлука за исклучување, туку за бојкот, т.е. за изолација на еден припадник, се разбира, истакнат, инаку не би се занимавало такво високо тело на движењето, со него;

Одлуката Рацин ја доживеал болно. Таа била повод да ја напише статијата „Развитокот и значењето на една нова литература”, по сугестија или не, тоа треба допрва да се проучи, за да се самокритикува;

Иако при анализирање на мотивите за донесување на одлуката треба да се води сметка за условите во кои работела Партијата, за стилот на работата, за етиката што тогаш е градена на револуционерен аскетизам и саможртва, на полна преданост и дисциплина во извршувањето на задачите не само од своите членови туку и од приврзаниците и симпатизерите, се чини дека таа одлука не била претходно доволно проанализирана за одгласот што можела да го има сред масите. Колку тоа било потребно покажува примерот со нејзиниот одглас преку граница сред членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија, како и пасивната резистенција и отворено несогласување со неа во овој дел на Македонија.

Меѓу отворените проблеми остануваат:

Со кои раководни лица во бановинската управа Рацин се сретнал?

Во кој временски период е реализиран овај контакт, февруари или март, кога бил протеран од Загреб во Велес, што е најверојатно или во летото, бидејќи се жалел и на односот на белградската полиција?

Дали конфликтот во Белград со Мирче Ацев и Кузман ѝ претходел на посетата на Бановината или се случил потоа?

Кога Рацин формално престанал да биде член на Партијата?

Одговорот на тие прашања ќе овозможи да се расчистат најголем дел од проблемите.

Да повторам, одговорот на сите прашања врзани за одлуката за бојкот е пред сè и потреба на нашата наука. Нивното премолчување е нова неправда кон Рацин како човек, како поет, како крупна историска величина во еден момент од развојот на македонското револуционерно и класно движење. Тоа не може да се збрише со премолчување и во исто време не смее ни да се премолчува затоа што со тоа се премолчува дел од нашата сопствена историја. „За овие етапи, настани, страдања, кршења, пресвртни ситуации во Рациновиот живот и во Рациновата работа би требало посебно да се пишува поопширно и потрагично” вели поетот Радован Зоговиќ.[30] Јас би рекол вистинито и објективно.

Во целина, премолчувањето да се пишува за настаните води кон нивно деформирање и отвора пат за натрупување невистини и нејасности. Вистината со ништо не може да ја намали величината на Рацин и неговото дело. Обратно, тоа ќе блесне уште повеќе.



Забелешки на авторот

[1] Д-р Велимир Брезовски, Состојбата и дејноста на КПЈ во Македонија во текот на 1940 година. Гласник на ИНИ, год. XV, бр. 2, Скопје 1971, стр. 89.

[2] Билтен бр. 4 од 30 октомври 1940, стр. 10.

[3] Перо Ивановски, Осуда без сослушување во книгата К. Рацин во спомените на современиците. Избор и редакција Перо А. Коробар, Скопје 1972, стр. 88-89 (натаму К. Рацин во спомените на современиците).

[4] Ceћање друга Пере Ивановског — Тиквара, О раду Партије у Македонији и о учешћу на V земаљској конференцији 1935-1941. Архив историског института Београд. М. Г. 2010, стр. 41.

[5] Разговор воден со Славка Фиданова во врска со предметот на исклучувањето на Рацин.

[6] Разговор со Перо Ивановски — Тиквар на 30. Х. 1973 година во неговиот работен кабинет.

[7] Ceћање друга Пере Ивановског итн., стр. 41.

[8] Перо Ивановски, цит. наслов. Рацин во Спомените на современиците, стр. 88.

[9] Перо Коробар. Рацин спокојно замина. К. Рацин во спомените на современиците, стр. 111-113.

[10] Исто, стр. 114-115.

[11] Разговорот воден меѓу авторот на овој текст во шеесеттите години (околу 1955/56 година) со проф. Љубен Лапе во присуство на покојниот Ѓорѓи Абаџиев и повторен во м. септември 1973 година во просториите на Институтот за национална историја.

[12] Перо Коробар, цитираниот наслов, К. Рацин во спомените на современиците, стр. 112.

[13] Димитар Митрев, Прво среќавање со „Бели мугри”, К Рацин во спомените на современиците, стр. 138-139.

[14] Лазар Колишевски, Средба со Рацин во август 1941 година. Коста Рацин во спомените на современиците, стр. 103.

[15] Racin, Razvitak i značaj jedne nove književnosti. Radnički tjednik, br. 23, Zagreb, 25. Х. 1940 str. 5.

[16] Искажување изнесено на спомнатиот разговор со авторот на овој текст.

[17] Лазар Колишевски, цитиран наслов, К. Рацин во спомените на современиците, стр. 104.

[18] Радован Зоговиќ, Сеќавање за литературната вечер во Велес со увод и додаток. К. Рацин во спомените на современиците, стр. 77.

[19] Исто.

[20] Iz Uredništva Radnički Tjednik god. I br. 29, Zagreb 6. XII. 1940 str. 3.

[21] Перо Ивановски — Тиквар, цит. наслов, К. Рацин во спомените на современиците, стр. 88.

[22] Добривое Радосављевиќ во своето прво писмо од Македонија до ЦК датирано со 4 септември 1942 год. меѓу другото, вели: „Што мислите за Рацин (бр. 1 (Бане б. м.) го примиле во куќата (партијата б. м.), а не знае кој го исклучил?!” Извори за ослободителната војна и револуцијата во Македонија 1941-1945, том 1, кн. I, Скопје 1968, стр. 291.

[23] Перо Ивановски — Тиквар во цитираниот разговор со мене вели дека при конституирањето на Покраинското раководство тој добил задача да му ја пренесе на Рацин казната.

[24] Горѓи Милошев, Од книжевната заоставштина на Коста Рацин, Иднина, год. II, бр. 4, Скопје 1950, стр. 15-17.

[25] Исто, стр. 20.

[26] Кочо Рацин, Стихови и проза. Уредил: Д-р Александар Спасов, Скопје 1966, стр. 218-221 каде што е објавена статијата на Рацин, но е испуштен цитираниот пасус и пренесен во белешката на стр. 317-318.

[27] Лазар Колишевски, цит. наслов. Рацин во спомените на современиците, стр. 103.

[28] Перо Коробар, Рацин спокојно замина, Рацин во спомените на современиците, стр. 113.

[29] Димитар Митрев, цит. наслов, Рацин во спомените на современиците, стр. 139.

[З0] Радован Зоговиќ, Сеќавање за литературната вечер во Велес... Коста Рацин во спомените на современиците, стр. 77.



Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин | Рацинова архива

Македонска тематска архива | марксистичка интернет архива