Значи, се разбудив и сфатив дека сум ја исклоцал постелнината; и не за чудо, зашто беше жешко, а сонцето силно блескаше. Скокнав, се измив и побрзав при облекувањето, но бев збунет и нерасонет, како да спиев долго, долго време и не можев да се оттргнам од тежината на дремката. Всушност, повеќе зедов здраво за готово дека сум дома во мојата соба отколку што гледав дали е така.
Кога се облеков, почувствував дека е толку жешко внатре што побрзав да излезам од собата и надвор од куќата; а моето прво чувство беше блаженото олеснување што го предизвика свежиот воздух и пријатното ветре; моето второ чувство, кога почнав да си доаѓам на себе, едноставно беше неизмерно чудење; зашто беше зима кога минатата ноќ легнав в кревет, а сега, судејќи по дрвјата крај реката, беше лето, прекрасно ведро утро, по сѐ изгледа на почетокот од јуни. Сепак, тука сè уште беше Темза што блескаше под сонцето и беше речиси надојдена, онаква каква што ја видов минатата ноќ додека блескаше под месечината.
Воопшто не се ослободив од чувството на потиштеност и, каде и да бев, едвај да бев потполно свесен за тоа место; па не беше ни чудо што бев прилично зачуден и покрај познатиот лик на Темза. При сето тоа, се чувствував зашеметено и необично; па, кога се сетив дека луѓето често земаат чамец до средината од реката и таму пливаат, помислив да го направам истото. Изгледа дека е многу рано, си реков, но веројатно ќе најдам некој кај Бифин да ме превезе. Но, не морав да одам дури до Бифин, па дури не ни се завртев налево во тој правец, бидејќи токму тогаш видов дека има мало пристанишно место баш пред мене, пред мојата куќа; всушност, на местото каде што мојот прв сосед имаше направено слично такво, но ова некако не личеше на него. Се спуштив долу до него и, навистина, меѓу празните чамци закотвени на него, стоеше еден човек крај веслата на еден солидно направен чамец, очигледно наменет за капачите. Ми кимна со главата и ми рече добро утро како да ме очекуваше, па скокнав внатре без збор, а тој тивко одвесла од брегот додека јас се подготвував за пливање. Додека пловевме, погледнав во водата и не можев да не кажам:
„Колку е чиста водата утрово!“
„Навистина?“, рече тој, „Не забележав. Знаете, плимата секогаш малку ја заматува“.
„Хм“, реков јас, „ја имам видено прилично каллива дури и при осека“.
Тој не одговори ништо, но изгледаше прилично изненаден; па кога тој го сопре чамецот, а јас ја соблеков облеката, скокнав во водата без понатамошно одлагање. Се разбира, кога повторно испливав над водата и се свртев нагоре по реката, а моите очи природно го бараа мостот, бев толку крајно вчудоневиден од она што го видов на негово место што заборавив да пливам и повторно потонав под вода; а кога испливав, веднаш се упатив кон чамецот; зашто чувствував дека мора да му поставам некои прашања на мојот сплавар, толку збунувачка беше глетката што ја видов од површината на реката, додека очите сѐ уште ми беа полни со вода; иако до тој момент веќе се ослободив од дремливоста и вртоглавицата и бев буден и со бистра глава.
Додека се качував во чамецот по скалите што ми ги спушти, подавајќи ми рака за да ми помогне, реката почна брзо да нѐ носи кон Чисвик; но сега тој ги фати веслата и повторно го заврте чамецот, па рече:
„Кратко пливавте, комшија, но можеби ви е ладна водата утрово, по вашето патување. Да ве оставам на брегот веднаш или сакате да одите во Патни пред појадокот?“
Тој зборуваше на начин толку невообичаен на она што би го очекувал од еден сплавар од Хамерсмит што зјапав во него, додека му одговорав: „Ве молам, подзапрете го малку чамецот, сакам да разгледам малку околу мене.“
„Во ред“, рече тој, „Овде реката не е ништо помалку убава отколку кај Барн Елмс; насекаде е разиграна во ова време наутро. Мило ми е што станавте рано; уште е едвај пет часот.“
Ако бев вчудоневиден од она што го видов на бреговите на реката, не бев помалку вчудоневиден од мојот сплавар, сега кога имав време да фрлам поглед на него и да го видам со бистра глава и бистри очи.
Тој беше убав млад човек, со необично пријатен и пријателски поглед – со израз на лицето што беше сосема нов за мене во тој момент, иако набрзо ќе ми стане добро познат. Освен тоа, беше темнокос и со темнокафеава кожа, добро граден и силен и очигледно навикнат да ги користи своите мускули, но кај него немаше ништо грубо или некултурно, а беше и сосема чист. Неговата облека не личеше на никоја модерна работна облека што сум ја видел, но затоа многу добро би послужила како костим што го прикажува животот во четиринаесеттиот век: таа беше од темносина ткаенина, прилично едноставна, но од фино платно и без дамка на неа. Околу половината носеше кафеав кожен појас, а забележав дека неговиот метален дел е од дамаскински челик, убаво обработен. Накратко, тој изгледаше како некој посебно мажествен и префинет млад господин, што заради забава изигрува сплавар, па заклучив дека во случајов станува збор за тоа.
Чувствував дека мора да започнам некој разговор; па покажав кон брегот кај Сари, каде што забележав некои лесни дрвени скелиња долж брегот, со чекрци на нивните делови кон копното, па реков: „Што прават со овие справи овде? Да бевме на Теј,[1] ќе кажев дека служат за влечење на мрежите за лов на лосос, но тука...“
„Па“, рече тој, насмевнувајќи се, „се разбира, за тоа се тие. Каде што има лосос, веројатно ќе има и мрежи за лосос, без разлика дали на Теј или Темза; но, се разбира, тие не се секогаш во употреба; не сакаме лосос секој ден во сезоната“.
За малку ќе речев: „Но, дали е ова Темза?“, но останав прибран во мојата зачуденост и ги свртив збунетите очи кон исток за да погледнам повторно кон мостот, а оттаму кон бреговите на лондонската река; и навистина имаше доволно работи што ме изненадија. Зашто, иако имаше мост преку реката и куќи на нејзините брегови, колку само сето тоа беше изменето од синоќа! Ги немаше фабриките за сапун со нивните оџаци што блуеја чад; ги немаше фабриките за машини; ги немаше фабриките за олово; а западниот ветер не носеше никакви звуци на активност и удирање со чекани од Торникрофтската фабрика. А потоа мостот! Можеби имам сонувано за таков мост, но никогаш не сум видел таков надвор од украсените ракописи; бидејќи дури ниту Понте Векио во Фиренца не можеше да му се приближи. Имаше камени сводови, исклучително цврсти и исто онолку грациозни колку што беа силни; и беше доволно висок за да го пропушта лесно редовниот речен сообраќај. Преку оградата на мостот се гледаа живописни и убави мали градби, за кои претпоставив дека се тезги или продавници, што на врвовите имаа обоени и позлатени ветрокази и куполи. Каменот беше малку разјаден, но не покажуваше траги од валкани саѓи, што бев навикнат да ги гледам на секоја градба во Лондон постара од една година. Накратко, тоа за мене беше чудо од мост.
Сплаварот го забележа мојот страстен и вчудоневиден поглед и рече, како да им одговора на моите мисли: „Да, тоа е убав мост, нели? Дури и мостовите погоре по реката, што се прилично помали, едвај да се поубави, а оние низводно едвај да се подостоинствени и поотмени“.
Се затекнав како прашувам, речиси против мојата волја: „Колку е стар?“
„О, не е многу стар“, рече тој. „Бил изграден или барем бил пуштен во употреба во 2003 година. Претходно постоел еден прилично обичен дрвен мост“.
Датумот ми ја затвори устата слично како да беше завртен клуч во катанец прицврстен на моите усни; бидејќи сфатив дека се случило нешто необјасниво и дека, доколку кажам премногу, ќе се вовлечам во игра на вкрстени прашања и лажливи одговори. Затоа се обидов да изгледам безгрижно и на немарен начин да ѕиркам кон бреговите на реката, иако ова е тоа што го видов до мостот и малку потаму од него; да речеме, до локацијата на фабриката за сапун. На двата брега имаше низи од многу убави куќи, ниски и не многу големи, што лежеа малку подалеку од реката; главно беа изградени од црвена тула и имаа покриви од ќерамиди, и изгледаа, пред сè, удобно и, така да се каже, како да се живи и наклонети кон животот на жителите во себе. Пред нив имаше непрекината градина, која се спушташе до работ на водата и во која сега цвеќињата раскошно цветаа и испраќаа пријатни бранови на летни мириси преку жуборливата река. Зад куќите, можев да видам како се издигаат големи дрвја, главно чинари, а гледајќи низводно, пределите кон Патни беа речиси како езеро со шумски брегови, дотолку густи беа големите дрвја; па реков гласно, но како за себе:
„Па, мило ми е што не граделе во Барн Елмс“.
Поцрвенав поради мојата непромисленост кога зборовите ми се лизнаа од уста, а мојот придружник ме погледна со полунасмевка што мислев дека ја разбрав; па, за да ја скријам мојата збунетост, реков: „Ве молам, однесете ме до брегот сега, сакам да појадувам“.
Тој кимна со главата и со остро движење го заврте чамецот, па за час повторно бевме на пристанишното место. Тој скокна надвор, а јас го следев; и, се разбира, не се изненадив кога видов дека чека, како при неизбежниот епилог што следи откако ќе му направиш услуга на некој сограѓанин. Па ја ставив раката во џебот од мојот елек и реков: „Колку треба?“, иако сè уште со нелагодното чувство дека можеби му нудам пари на господин.
Тој изгледаше збунето и рече: „Колку треба? Не разбирам добро што прашувате. Мислите на плимата? Ако е така, сега таа е блиску до врвот“.
Поцрвенав и реков, пелтечејќи: „Ве молам, не сфаќајте го лошо прашањето; не мислам да ве навредам: но како треба да ви платам? Гледате дека сум странец и не ги знам вашите обичаи – или вашите пари“.
И при тоа извадив грст пари од џебот, како што се прави во туѓа земја. Патем видов дека среброто оксидирало и дека попримило боја на поцрнета печка.
Тој сè уште изгледаше збунет, но воопшто не и навреден; и со некоја љубопитност ги гледаше монетите. Помислив, „Па, на крајот на краиштата, тој е сплавар и размислува колку може да земе. Изгледаше толку фин човек што сигурно нема да му замерам ако малку натплати. Патем, се прашував дали ќе може да го најмам како водич за ден-два, бидејќи беше толку интелигентен.
Притоа мојот нов пријател замислено рече:
„Мислам дека знам што сакате да кажете. Мислите дека ви направив услуга; па се чувствувате должен да ми дадете нешто што јас не би му го дал на некој комшија, освен ако тој не направи нешто посебно за мене. Сум слушнал за ваквите работи; но извинете што ќе кажам, тоа ни се чини дека е тегобен и комплициран обичај, а ние не знаеме како да се справиме со него. Впрочем, ваквото возење и превезување на луѓето преку реката е моја работа, што би ја направил за секого; па ако земам подароци за тоа би изгледало многу чудно. Освен тоа, ако некој ми даде нешто, тогаш и друг би можел да го направи истото, па трет и така натаму; па се надевам дека нема да ме сметате за груб ако кажам дека нема да знам каде да складирам толку многу спомени на пријателство“.
И се насмеа гласно и весело, како идејата да биде платен за својата работа да е некој многу смешен виц. Признавам дека почнав да се плашам дека човекот е луд, иако изгледаше доволно разумно; и ми беше прилично мило што помислив дека сум добар пливач, бидејќи бевме близу една длабока и брза струја. Сепак, тој никако не продолжи да зборува како лудак:
„Што се однесува до вашите монети, тие се интересни, но не се многу стари; се чини дека сите се од времето на владеењето на Викторија; може да ги дадете во некој послабо снабден музеј. Во нашиот има доволно такви монети, покрај прилично големиот број од претходните, од кои многу се убави, додека овие од деветнаесеттиот век се толку ѕверски грди, нели? Имаме една од Едвард III, со кралот на брод и со мали леопарди и стилизирани лилјани на рабовите од палубата, многу внимателно изработени“. При тоа, насмевнувајќи се, рече: „Знаете, јас со задоволство работам со злато и благородни метали; оваа тока овде е мое рано дело“.
Без сомнение, изгледав малку засрамен од него, бидејќи се посомневав во неговото духовно здравје. Затоа тој нагло прекина и со љубезен глас кажа:
„Но, гледам дека ви здодевам и барам извинување за тоа. Да не должам повеќе, можам да забележам дека сте странец и дека мора да доаѓате од некое место многу поразлично од Англија. Но, исто така е јасно дека нема да биде добро ако ве пренатрупам со информации за ова место и дека најдобро би било да го запознаете малку по малку. Понатаму, ќе сфатам дека ќе биде многу љубезно од вас ако ми дозволите да ви бидам водич по нашиот нов свет, бидејќи прво налетавте на мене. Иако, навистина, тоа би било чиста љубезност од ваша страна, бидејќи речиси секој би можел да ви биде добар водич, а мнозина и многу подобри“.
Навистина се чинеше дека пред себе немам некој штитеник на Колни Хеч;[2] а освен тоа мислев дека лесно ќе го откачам ако сепак испадне дека навистина е луд; па реков:
„Тоа е многу љубезна понуда, но тешко ми е да ја прифатам, освен ако...“, сакав да кажам, „освен ако не ми дозволите да ви платам соодветно“; но, плашејќи се да не го поттикнам повторно Колни Хеч, ја сменив реченицата во: „Се плашам дека ќе ве одвлечам од работата – или од забавата“.
„О“, рече тој, „немајте гајле за тоа, бидејќи тоа ќе ми даде прилика да му направам добра услуга на еден мој пријател, што сака да ја преземе мојата работа овде. Тој е ткајач од Јоркшир, што прилично се преработи со ткаење и математика, и двете работи во затворено, знаете; па бидејќи ми е голем пријател, тој, се разбира, ми се обрати да му најдам некоја работа на отворено. Ако мислите дека може да ме поднесете, ве молам да ме земете за ваш водич“.
И веднаш додаде: „Додуша, ветив дека ќе отидам нагоре по реката кај едни мои блиски пријатели за сенокосот; но тие нема да бидат подготвени да им се придружиме барем уште една недела; а освен тоа, може да дојдете со мене, знаете, и да видите некои особено пријатни луѓе, покрај тоа што ќе забележите како се живее кај нас во Оксфордшир. Тешко дека би можеле да направите подобар избор ако сакате да ја видите земјата“.
Се чувствував должен да му се заблагодарам, па што и да испадне од тоа; а тој ревносно додаде:
„Значи, средено. Ќе му се јавам на мојот пријател; и тој живее во Гостинската куќа, како и вие, а ако сè уште не се разбудил, треба да се разбуди во ова убаво летно утро“.
Тогаш тој извади од појасот еден мал сребрен рог и дувна во него две или три продорни, но пријатни звуци; и веднаш од куќата, што стоеше на местото на моето старо живеалиште (за неа подоцна), кон нас се упати уште еден млад човек. Тој не изгледаше толку добро, односно не беше толку силно граден како мојот пријател сплавар, имаше коса со песочна боја, прилично блед и не баш витко граден; но на неговото лице не му недостигаше оној среќен и пријателски израз што го забележав кај неговиот пријател. Додека доаѓаше насмеан кон нас, со задоволство сфатив дека мора да се откажам од теоријата за Колни Хеч во поглед на сплаварот, бидејќи двајца лудаци никогаш не се однесувале како нив пред здрав човек. Неговата облека беше од ист крој како таа на првиот, иако малку со поживи бои, палтото му беше светлозелено со златно гранче извезено на градите, а неговиот појас беше творба од филигранско сребро.
Многу учтиво ми посака добар ден и, радосно поздравувајќи го својот пријател, рече:
„Па, Дик, како ќе биде утрово? Ќе ја добијам ли мојата работа, или поточно твојата работа? Синоќа сонував дека сме тргнале по реката да ловиме риби“.
„Во ред, Боб,“ рече мојот сплавар, „ќе го заземеш моето место, а ако ти се чини претешко, Џорџ Брајтлинг бара да подработи некоја работа, а живее блиску до тебе. Но, гледај, еве еден странец што сака да ме забавува денес, земајќи ме како негов водич по нашите краишта, па можеш да замислиш дека не сакам да ја пропуштам приликата; затоа подобро веднаш преземи го чамецот. Но во секој случај немаше уште долго да ти го ускратувам тоа, бидејќи за неколку дена ме чекаат на сенокос.“
Новодојденецот радосно ги триеше рацете и, свртувајќи се кон мене, со пријателски глас ми рече:
„Комшија, и вие и пријателот Дик имате среќа и денес добро ќе си поминете, всушност исто како и јас. Но, подобро дојдете и двајцата веднаш со мене и земете нешто да јадете, инаку ќе заборавите да ручате при вашата забава. Претпоставувам дека дојдовте во Гостинската куќа откако јас си легнав минатата ноќ?“
Кимнав со главата, не сакајќи да завлезам во долго објаснување што нема да водеше никаде, а во кое, за волја на вистината, од тие моменти почнав и самиот да се сомневам. Па сите тројца се упативме кон влезот на Гостинската куќа.
Забелешки
[1] Река во Шкотска (заб. на прев.).
[2] Болница за душевни болести во близина на Лондон (заб. на прев.).