Вилијам Морис
Вести од никаде

Глава I

Дискусија и кревет


Горе во Сојузот,[1] кажува еден пријател, една вечер имало жива дискусија за тоа што ќе се случи на Утрешницата по револуцијата, дискусија што завршила со жестоки искази на разните пријатели околу нивните ставови за иднината на потполно развиеното ново општество.

Нашиот пријател кажува: Со оглед на темата, дискусијата беше одмерена; присутните, навикнати на јавни собири и дебати по предавањата, иако меѓусебно не си ги слушаа мислењата (што едвај можеше да се очекува од нив), барем не се обидуваа цело време да зборуваат сите истовремено, каков што е обичајот на луѓето во едно типично пристојно друштво кога разговараат на тема што ги интересира. Инаку, присутни беа шест лица и, според тоа, претставени беа шест фракции на партијата, а од нив четворица имаа силни, но меѓусебно различни анархистички погледи. Една од тие фракции, кажува нашиот пријател, човек кого тој многу добро го познава, на почетокот на дискусијата седеше речиси молчешкум, но најпосле беше вовлечен во неа и заврши викајќи многу гласно и обвинувајќи ги сите останати дека се будали; тогаш настана период на врева, а потоа затишје, за време на кое горенаведената фракција, откако многу пријателски кажа „добра ноќ“, си го фати патот кон дома во едно западно предградие, користејќи ги средствата за патување што цивилизацијата ни ги наметна како навика. Додека седеше во таа парна бања на незадоволното човештво што брза, во еден вагон на подземната железница, тој, како и другите, незадоволно се вареше, додека во самопрекорно расположение ги претресуваше многуте одлични и убедливи аргументи кои, иако му беа на дофат, заборави да ги каже во штотуку завршената дискусија. Но толку беше навикнат на ваквата состојба на духот, што тоа не му траеше долго и по кратка нелагодност, предизвикана од одбојноста кон себеси бидејќи ги изгуби нервите (на што исто така беше добро навикнат), почна да размислува за темата на дискусијата, иако сѐ уште незадоволен и несреќен. „Ех, кога би можел да го видам тоа!“

Додека ги изговараше овие зборови, возот застана на неговата станица, на пет минути пешачење од неговата куќа, што стоеше на брегот на Темза, малку над грдиот висечки мост. Излезе од станицата, сè уште незадоволен и несреќен, мрморејќи „ех, кога би можел да го видам тоа! ех, кога би можел да го видам тоа!,“ но не направи многу чекори кон реката кога (кажува нашиот пријател што ја раскажува приказната) сето тоа незадоволство и загриженост како да се распрсна.

Беше тоа убава ноќ на почетокот на зимата, воздухот беше доволно остар за да биде освежувачки по топлата соба и смрдливиот железнички вагон. Ветерот, што неодамна малку го промени правецот кон северозапад, го расчисти небото од сите облаци, освен понекоја шарка што брзо се движеше по небото. Имаше млада месечина на половина пат од небото, а кога патникот кон дома ја забележа, заплеткана во гранките на еден висок стар брест, едвај можеше да мисли на сиромашкото лондонско предградие во кое се наоѓаше и се чувствуваше како да е на некое пријатно селско место – всушност, попријатно од селскиот крајолик што го познаваше.

Слезе право до речниот брег и се задржа малку, гледајќи преку нискиот ѕид да ја види надојдената река осветлена од месечината, како жубори и светка на својот пат кон Чисвичкиот остров; а што се однесува до грдиот мост подолу по реката, него ниту го забележа ниту помисли на него, освен кога за миг (кажува нашиот пријател) му помина низ глава дека не ја забележа низата светилки низводно. Потоа се сврте кон вратата од својата куќа и влезе внатре; и штом ја затвори вратата, исчезна сето сеќавање на онаа брилијантна логика и далекувидност што толку ја збогати неодамнешната дискусија; а од самата дискусија повеќе немаше ниту трага, освен неодредената надеж, која сега стана уживање, за денови исполнети со мир и спокој, со чистота и насмеана добродушност.

Во вакво расположение се фрли в кревет и заспа, по навика, за две минути; но (спротивно на неговата навика) по кратко време се расони во онаа необична будна состојба што понекогаш ги изненадува дури и добрите спијачи; состојба при која чувствуваме дека сите наши умствени способности се натприродно изострени, а сите ситни збрки во кои некогаш сме западнале, сите непријатности и загуби во нашиот живот, упорно се наметнуваат да бидат разгледани од тие изострени умствени способности.

Во оваа состојба тој лежеше (кажува нашиот пријател), сè додека речиси не почна да ужива; сè додека приказната за неговите глупости не почна да го забавува, а заплетите пред него, што тој ги виде толку јасно, не почнаа да се обликуваат во забавна приказна.

Слушна како отчука еден часот, потоа два часот, а потоа три, по што повторно заспа. Нашиот пријател кажува дека од тој сон се разбудил уште еднаш, а потоа имал такви изненадувачки авантури што мисли дека треба да им се кажат на нашите другари, всушност и на целата јавност, па затоа предлага да ги раскаже сега. Но, вели тој, мислам дека ќе биде подобро да ги раскажам во прво лице, како јас да сум ги доживеал; што, всушност, ќе ми биде полесно и поприродно, бидејќи ги разбирам чувствата и желбите на другарот за кого зборувам подобро од кој било друг на светот.


Забелешки

[1] Станува збор за Социјалистичкиот сојуз што го основал Морис во 1884 година, заедно со Едвард Евелинг, Еленор Маркс и Е. Балфорт Бакс, по разидувањето со Социјалдемократската федерација (заб. на прев.).