Сега преоѓаме на второто Морганово откритие, кое има барем исто такво значење како и реконструкцијата на првобитната форма на семејството врз основа на системот на роднинството. Морган докажа дека родовските заедници во рамките на едно племе на американските Индијанци, кои се обележени со животински имиња се суштински идентични со грчките genea и римските gentes; дека американската форма е првобитна, а грчко-римската подоцнежна, изведена; дека сета општествена организација на Грците и на Римјаните од древното време со нивниот генс, фратријата и племето има своја верна паралела во американско-индијанската организација; дека генсот е установа заедничка на сите варвари до нивното влегување во цивилизацијата, па дури и потоа (доколку може да се суди врз основа на постојните извори). Откако го докажа ова, Морган со еден удар ги разјасни најтешките делови на најстарата грчка и римска историја и истовремено ни даде ненасетувани објаснувања за основите на општественото уредување во прастарото време --пред никнувањето на државата. Колку едноставна да изгледа оваа работа штом веќе е позната, сепак Морган ја откри дури во последно време; во својот претходен труд, објавен во 1871, тој уште нема проникнато во оваа тајна, чие подоцнежно откривање ги смири како бубалки за извесно време англиските предисторичари кои инаку се полни со самодоверба.
Латинскиот збор gens, кој Морган насекаде го употребува за означување на оваа родовска заедница, како и грчкиот збор истозначен со genos, потекнува од општиот ариевски корен gan (германски, каде што по правило мора да дојде к наместо ариевското г, kan) што значи да се раѓа. Gens, genos, санскритски dschanas, готски kuni (според горното правило), старонордиски и англосаксонски kun, англиски kin, средногермански künne, значат исто: род, потекло. Меѓутоа, gens на латински, genos на грчки, се употребува специјално за означување на онаа родовска заедница која се гордее со заедничкото потекло (овдека од заедничкиот прататко) и која со извесни општествени и религиозни установи е поврзана во посебна заедница, чие настанување и природа, и покрај тоа, им останаа досега нејасни на сите наши историчари.
Веќе видовме горе, кај семејството на пуналуите, каков е составот на генсот во првобитната форма. Тој се состои од сите лица кои, со посредство на бракот на пуналуите и според претставите кои во него неизбежно владејат, сочинуваат признато потомство од една определена поединечна прамајка, основателката на генсот. Бидејќи во оваа форма на семејство татковството е неизвесно, тоа се признава само женската линија. Бидејќи браќата не смеат да се женат со своите сестри, туку само со жени од друго потекло, тоа децата родени со туѓите жени, според мајчинското право испаѓаат надвор од родот. Значи, во рамките на родовската заедница остануваат само потомците на ќерките на секоја генерација; потомците на синовите преминуваат во генсовите на своите мајки. А пак што станува со групата на крвното роднинство кога се конституира како посебна група спроти различните групи во рамките на едно племе?
Како класична форма на овој првобитен генс Морган го зема генсот на Ирокезите, специјално на племето на Сенеките. Во тоа племе постојат осум генса, наречени според животните: 1. волк, 2. мечка, 3. желка, 4. дабар, 5. елен, 6. шлука, 7. чапја. 8. сокол.
1. Генсот избира свој сахем (мирновременски старешина) и главатар (воен водач). Сахемот мора да биде избиран од самиот генс, и неговата функција била наследна во генсот, доколку при упразнувањето морала веднаш да биде пополнена одново; воениот водач можел да биде избран и надвор од генсот, а привремено можело и без него. За сахем никогаш не и избиран синот на претходниот, зашто кај Ирокезите владеело мајчинско право, та синот му припаѓал на друг генс; но затоа често се избирал братот или синот на сестрата. При изборите гласале сите, мажите и жените. Меѓутоа, изборот морал да биде потврден од останатите седум генсови, и потоа избраниот бидувал свечено воведуван во должност, и тоа од заедничкиот совет на целиот сојуз на Ирокезите. Значењето на овој акт ќе се покаже подоцна. Власта на сахемот во рамките на генсот била татковска, од чисто морална природа: принудни средства немал. Покрај тоа, тој по службена должност бил член на племенскиот совет на Сенеките, како и на сојузниот совет на сите Ирокези. Воениот главатар можел да заповеда се само за време на воените походи.
2. Генсот по волја го сменува сахемот и воениот главатар. Сменувањето станува пак од страна на мажите и жените заедно. Сменетите, потоа, се обични воини како и другите приватни лица. Впрочем, племенскиот совет може да го смени и сахемот, дури и против волјата на генсот.
3. Ниеден член не смее да се жени во рамките на генсот. Ова е основно правило на генсот, врската што го соединува; тоа е негативен израз на мошне позитивно крвно роднинство, врз основа на кое со него обфатените индивидуи дури стануваат генс. Со откритието на овој едноставен факт, Морган прв ја открил природата на генсот. Колку генсот досега е малку сфатен, докажуваат поранешните информации за дивјаците и варварите, каде што различните корпорации, како племето, кланот, тумот итн. од кои се состои генсовскиот строј, поради неразликување и неразбирање, биле сите заедно измешани, и за кои понекогаш се зборувало дека во рамките на таквата корпорација било забрането склучување брак. Со тоа е создадена безнадежна конфузија, сред која господин Макленан можеше да настапи во улогата на Наполеон за да заведе ред по меродовна пресуда: сите племиња се делат на такви во рамките на кои бракот е забранет (егзогамни) и такви кои е дозволен (ендогамни). И откако така работата наполно ја збрка, тој можеше да се впушти во најдлабокомислени истражувања за тоа која од неговите бесмислени класи е постара: егзогамијата или ендогамијата. Оваа бесмислица престана сама по себе со откривањето на генсот заснован врз крвното роднинство од кое произлегуваше невозможноста на бракот меѓу неговите членови. Само од себе се разбира дека на стапалото на кое ги наоѓаме Ирокезите, забраната на бракот во рамките на родот се одржува непрекршено.
4. Имотот на умрените им припаѓал на останатите гентилни другари, тој морал да остане во генсот. Со оглед на безначајноста на предметите што Ирокезот можел да ги остави по себе, наследството си го делеле најблиските гентилни роднини; ако умрел мажот, тогаш неговите родени браќа и сестри и мајчинскиот брат; ако умрела жената тогаш нејзините деца и родените сестри, но не и нејзините браќа. Имено, поради тоа мажот и жената не можеле да наследат еден другиот, ниту децата таткото.
5. Гентилните другари биле должни еден на друг да си даваат помош, заштита и особено поддршка при одмаздата за навреда нанесена од туѓинци. Во однос на својата безбедност поединецот се потпирал на заштитата на генсот и тоа по право; оној кој ќе го навредел него, го навредувал целиот генс. Оттука, од крвните врски на генсот произлегла обврската за крвна одмазда, која Ирокезите безусловно ја признавале. Ако некој од туѓинскиот генс ќе убие гентилен другар, тогаш целиот генс на убиениот бил обврзан на крвна одмазда. Отпрво ќе се барало посредување; советот на генсот на убиецот се собирал и на советот на генсот на убиениот му поднесувал предлози за решавање на спорот, најчесто нудејќи изрази на жалење и големи подароци. Ако овие биле прифатени, работата се сметала средена. Во противен случај, повредениот генс ќе именувал еден или повеќе одмаздници кои биле должни да го гонат и убијат убиецот. Во тој случај, генсот на убиениот немал право да се жали, со што предметот бил завршен.
6. Генсот имал определени имиња или низа имиња, кои во сето племе само тој можел да ги употребува, така што името на поединецот истовремено покажува на кој генс тој му припаѓа. Гентилното име е неразделно сврзано со гентилните права.
7. Генсот може да адоптира туѓинци и со тоа нив ги прима и сето племе. Воените пленици што не ги убивале, станувале по пат на адоптација членови на племето на Сенеките и со тоа се здобивале со сите гентилни и племенски права. Адоптацијата се вршела на предлог на одделни гентилни другари, на предлог на мажите што го примале туѓинецот како свој брат или сестра, или на предлог на жените кои го примале како свое дете; заради потврда, биле нужни свечености за примање во генсот. Така често одделни, исклучително проретчени генсови закрепнувале со масовна адоптација од некој друг генс, со негова согласност. Кај Ирокезите свечениот прием во генсот бил вршен на јавно заседание на советот на племето, со што приемот, всушност, станувал религиозна церемонија.
8. Тешко можат да се установат кај Ирокезите специјални религиозни празненства; но религиските церемонии кај Индијанците повеќе или помалку се сврзани со генсовите. За време на шесте годишни религиски празници на Ирокезите, сахемите и воените главатари на одделните генсови по службена должност се вбројувале во "чуварите на верата" и имале свештенички функции.
9. Генсот имал заедничко место за закоп. Кај Ирокезите на државата Њујорк, кои се притеснети меѓу белците, тоа сега е изгубено, но порано постоело. Кај другите Индијанци уште постои; така кај Тускарорите, блиски роднини на Ирокезите, кои, иако се христијани, имаат за секој генс определен ред на гробиштата, така што мајката се закопува во ист ред со своите деца, но не и таткото. А и кај Ирокезите сиот генс на умрениот присуствува на закопот, го подготвува гробот, погребните говори итн.
10. Генсот има совет, демократско собрание на сите машки и женски возрасни членови, кои имаат еднакво право на глас. Овој совет ги избирал сахемите и воените главатари, а исто така и другите "чувари на верата"; тој решавал за откупот (крвнина) или крвната одмазда за убиените членови на генсот; тој ти адоптирал туѓинците во генсот. Кусо речено, тој бил врховна власт во генсот.
Типичниот индијански генс ги имал овие овластувања.
"Сите негови членови се слободни луѓе, обврзани еден другему да си ја штитат слободата; тие располагаат со еднакви лични права -- ни сахемите ни воените водачи не бараат никакво предимство; тие сочинуваат братство соединето со крвни врки. Слободата, еднаквоста, братството, иако никогаш не се формулирани, беа основни принципи на генсот, а овој последниов бил единица на целиот општествен систем, основа на организираното индијанско општество. Тоа го објаснува неразнишливото чувство за независност и лично достоинство, кое на Индијанците секој им го признава."
Кон времето на откривањето на Америка Индијанците беу организирани во сета Северна Америка во генсови врз принципите на мајчинското право. Само во некои племиња, како она на Дакотите, генсовите пропаднале, а во некои други, како што се племињата на Оџибвеите и Омажхите, генсовите беа организирани според татковското право.
Кај мошне многу индијански племиња со повеќе од пет или шест генсови наоѓаме по три, четири или повеќе генсови обединети во една посебна група, која Морган, точно пренесувајќи го индијанското име, ја нарекува фратрија (братство), според нејзиното грчко подобие. Така племето Оенека има две фратрии. Првата ги опфака генсовите од 1-4, а втората генсовите од 5-8. Поблиското испитување покажува дека овие фратрии во најголем број случаи ги претставуваат првобитните генсови, на кои оттрво се распаднало племето; зашто при забранувањето на склучување брак во рамките на генсот секое племе морало да опфати неминовно барем два генса за да биде во состојба да постои самостојно. Во онаа мера во која племето се наголемувало, секој генс се раскинувал пак на два или повеќе генса, кои сега се раскинуваат секој на посебни генсови, додека првобитниот генс, во кој влегуваат сите генсови-ќерки, продолжувал да постои самостојно. Кај Сенеките и кај повеќето други Индијанци генсовите на една фратрија се братски генсови, додека генсовите на другата фратрија се генсови на нивните братучеди -- белези кои во американскиот систем на роднинство, како што видовме, имаат сосема реална и јасно изразена смисла. Отпрво, ниедно од племињата на Сенеките не смеало да склучува брак во рамките на својата фратрија, но тоа одамна се испаднато од употреба и забраната е ограничена на родот. Сообразно со традицијата на Сенеките мечката и еленот биле првобитните генсови од кои се разгранале другите. Откако оваа нова установа еднаш се вкоренила, таа била по потреба модификувана; ако генсовите на една фратрија изумреле, тогаш понекогаш во неа се преместувани, заради изедначување, цели генсови од другите фратрии. Поради тоа кај различни племиња наоѓаме генсови со исти имиња различно групирани во фратриите.
Функциите на фратријата кај Ирокезите се делум општествени делум религиозни.
1. Во играта со топка фратриите играт една против друга; секоја ги поставува своите најдобри играчи, другите, поделени на фратрии, гледаат и се обложуваат едни со други во победата на своите.
2. Во племенскиот совет сахемите и воените водачи на секоја фратрија седат заедно, секоја група една спроти друга, секој говорник им се обраќа на претставниците на секоја фратрија како на посебно тело.
3. Ако во племето се случи убиство, при кое убиецот и убиениот не припаѓаат на истата фратрија, тогаш повредениот генс често апелира кон своите братски генсови; овие одржуваат совет на фратријата и се обраќаат до другата фратрија за да свика и таа совет за мирно регулирање на спорот. Овдека, значи, пак фратријата се јавува како првобитен генс и тоа со поголем изглед на успех отколку послабиот одделен генс произлезен од неа.
4. При случај на смрт на видни луѓе спротивната фратрија ја преземала грижата за погребот и погребните свечености, додека фратријата на умрениот учествувала на погребот како ужалена страна. Кога ќе умрел сахем спротивната фратрија го известувала сојузниот совет на Ирокезите за упразнетата функција.
5. Исто така и при изборот на сахем влегувала во игра фратријата. Потврдата на изборот од братските генсови се сметала како горе-долу сигурна, но генсовите на другата фратрија можеле да опонираат. Во таков случај се собирал советот на таа фратрија; ако го сметал приговорот оправдан, изборот се прогласувал за неважечки.
6. Порано Ирокезите имале посебни религиозни мистерии наречени од белците medicine lodges. Кај Сенеките овие мистерии ги празнувале двете религиски заедници кои новите членови ги примале со пропишан церемонијал на посветување; на секоја од двете фратрии и одговарало по едно такво братство.
7. Ако, како што е речиси сигурно, четирите штеаре (рода) кои во времето на завојувањето населувале четири четвртини на Тласкала биле четири фратрии, тогаш е докажано дека фратриите како и кај Грците и сличните родовски заедници кај Германците имале и значење на воени единици; овие четири штеаре оделе во борба, секоја во посебен строј, во сопствена униформа и знаме и под повелба на сопствен водач.
Како што повеќе генсови формираат фратрија, така и повеќе фратрии, во класичната форма, формираат племе; во некои случаи кај значително ослабените племиња недостига средната алка -- фратријата. А што го карактеризира индијанското племе?
1. Сопствената територија и сопственото име. Секое племе располагало освен со местото на своето постојано живеење и уште со значителна област за лов и фаќање риби. Надвор од оваа област се протегал опширен неутрален појас земја кој допирал до областа на најблиското племе и кој бил помал кај јазички посродни племиња, а поголем кај јазички несродни племиња. Овој појас земја е како граничната шума на Германците, пустината која Цезаровите Сиеви ја создаваат околу своите области isarnholt (на дански, jarnved, limes Danicus) меѓу Данците и Германците, Sachsenwald и branibor (на словенски -- заштитна шума) според кој Бранденбург го добил своето име, меѓу Германците и Словените. Областа на овој начин издвоена со несигурни граници била заедничка земја на племето, како таква признаена од соседните племиња, а тоа самото ја бранело од зафаќања од други племиња. Несигурноста на границите станувала во повеќето случаи дури тогаш практички неповолна кога населението значително се наголемувало. Имињата на племињата, се чини, настанувале во повеќето случаи поскоро случајно отколку што биле избирани намерно; со текот на времето се случувало често едно племе да се означува од соседните племиња со подруго име од она што самото тоа си го употребувало; слично како што на Германците нивното прво историско заедничко име, Германи, им го наметнале Келтите.
2. Посебниот, само на ова племе својствен, дијалект. На дело, племето и дијалектот суштински се совпаѓаат; формирање на нови племиња и дијалекти со разделување, имаше до неодамна во Америка и веројатно се уште и денес наполно не е престанато. Таму каде што две заслабнати племиња се втопуваат во едно, по исклучок во едно исто племе може да се зборуваат два мошне блиски дијалекти. Просечната бројност на американските племиња е под 2000 души; сепак Чирокезите ги има околу 26.000, што е најголем број на Индијанци во Соединетите Држави што зборуваат на еден дијалект.
3. Правото на свечено воведување на сахемите и на воените водачи што ги избрале генсовите, и
4. Правото да се сменат, дури и против волјата на генсот. Бидејќи овие сахеми и воени водачи се членови на советот на племето, овие права на племето во однос на нив се објаснуваат сами од себе. Каде што се формирал сојуз на племиња и каде што вкупниот број на племињата е застапен во сојузниот совет, споменатите права преминувале на тој совет.
5. Заедничките религиозни претстави (митологија) и обреди на култот.
„Индијанците беа на свој варварски начин религиозен народ.“
Нивната митологија досега уште ни од далеку не е критички изучена; тие овоплотување на своите религиски претстави -- духови од сите видови -- го замислуваа веќе во човечки облик, но нижото стапало на варварството на кое тие се наоѓаа не знае за никакво сликовно прикажување, за таканаречените идоли. Тоа бил култ на природата и на елементите кој се развивал кон многубоштвото. Различните племиња си имаа свои редовни празници со определени форми на култот, особено танцот и игрите; танцот бил составен дел на религиозните празненства; секое племе посебно ги празнувало своите празненства.
6. Племенскиот совет за заедничките работи. Тој се состоел од сите сахеми и воени водачи, нивните вистински претставници, зашто биле секогаш сменливи; тој заседавал јавно, окружен од останатите членови на племето кои имале право да се замешаат во расправите и нивното мислење да биде сослушано; советот одлучувал. По правило, секој од присутните можел по барање да биде сослушан, и жените можеле да го изнесат своето гледиште преку говорник кого сами го избирале. Кај Ирокезите конечната одлука морала да се донесе едногласно како што бил тоа случај и во германските општини -- марки при решавањето на некои прашања. Во надлежност на советот на племето посебно спаѓало регулирањето на односите со другите племиња; тој примал и испраќал пратеништва, тој објавувал војна и склучувал мир. Ако дојдело до војна, тогаш неа ја воделе повеќето доброволци. Во принцип секое племе се сметало во воена состојба со секое друго со кое не е склучен определен договор за мир. Воените настапи против таквите непријатели во повеќето случаи биле организирани од одделни видни воини; тие приредувале воен танц и оној што во него учествувал со тоа изјавил дека зема учество во походот. Колоната веднаш се формирала и поаѓала. Одбраната на областа што се напаѓала исто така била најчесто работа на доброволци од нападнатото племе. Поаѓањето и враќањето на таквите колони секогаш биле повод за јавни празненства. Не била потребна согласност од советот на племето за такви походи, та не се барала и не се давала. Тие се сосем слични на приватните воени походи на германските дружини како што Тацит ни ги опишува, само што кај Германците дружините веќе имаат постојан карактер, формираат цврста јатка која уште во мирно време била организирана и околу која во случај на војна се групцирале други доброволци. "Таквите колони ретко биле многубројни; најзначајните експедиции на Индијанците, и оние на големи растојанија, се изведувале од незначителни борбени сили. Кога неколку такви дружини ќе се обединеле за некој голем потфат, тогаш секоја од нив го слушала само својот сопствен водач; единството на планот на воениот поход се обезбедувало како-така од советот на овие водачи. Исто таков бил начинот на војувањето на Аламаните во четвртиот век во горна Рајна, како што го опишува Амијан Марцелин.
7. Кај некои племиња среќаваме врвен главатар, чии овластувања, меѓутоа, се мошне мали. Тоа е еден од сахемите, кој во случај кога се бара брзо дејство презема привремени мерки до времето кога советот ќе се собере и донесе конечно решение. Тоа е слаб зачеток на службеник со извршна власт, кој сепак во понатамошниот развиток останал бесплоден; како што ќе видиме, овој, имено, се развил во повеќето случаи, ако не насекаде, од врховниот војсководач.
Повеќето американски Индијанци не отишле подалеку од обединувањето во племе. Нивните малубројни и одделени едно од друго со опширни пограични појаси, ослабувани од вечните војни, со малку луѓе заземале огромна област. Сојузи меѓу сродни племиња овде-онде се формирале поради моментно тешката положба и се распаѓале со нејзиното престанување. Но во одделни краишта првобитно сродните, но расфрлани племиња повторно се сплотувале во сојузи и така го правеле првиот чекор кон формирање на конфедерација. Во Соединетите Држави наоѓаме развиена форма на таквиот сојуз кај Ирокезите. Селејќи се од Вирџинија, по долги скитања се населиле во Њујорк поделени на пет племиња: Мохок, Кајуги, Онондаги, Онеида и Сенека. Тие се хранеле со риби, дивеч и со производи на примитивното земјоделство, живееле во села што биле повеќето заштитени со огради од колје. Никогаш помногубројни од 20.000 души, тие во сите пет племиња имале еден број генсови заеднички, говореле на мошне сродни дијалекти од исто татковство. Како оваа област била новоосвоена, природно е, да влезе во обичај овие племиња да си помагаат против јачи непријатели. Таа конфедерација, која веднаш, свесна за својата моќ но со агресивен карактер, и на врвот на својата моќност, околу 1675 година, ги освоила околните големи подрачја, а жителите делум ги прогнала, делум им наложила даноци. Сојузот на Ирокезите претставува најпредната општествена организација која ја создале Индијанците, доколку не излегле од ниското стапало на варварството (значи, не броејќи ги Мексиканците, Новомексиканците и Перуанците). Основните карактеристики на сојузот биле:
1. Вечниот сојуз на петте крвно сродни племиња врз основа на целосна еднаквост и самостојност во сите внатрешни работи на племето. Ова крвно роднинство ја претставувало вистинската основа на сојузот. Од петте племиња три се викале татковски племиња и биле меѓу себе браќа; другите две се викале синовски племиња и истотака биле братски племиња меѓу себе. Три генса -- најстарите -- имале живи претставници во сите пет племиња, а останатите три -- во три племиња; членовите на секој од овие генсови сити биле заедно браќа во сите пет племиња. Заедничкиот јазик што имал само различни дијалекти, бил израз и доказ на заедничко потекло.
2. Врховната моќ на сојузот бил сојузен совет од 50 сахеми, сите еднакви според рангот и угледот; овој совет донесувал конечни решенија за сите работи на сојузот.
3. Овие 50 сахеми при основањето на сојузот биле распределени по племињата и генсовите како носители на нови должности, специјално установени за целите на сојузот. При секое ослободување на местото нив ги избирале соодветните генсови и во секое време можеле да ги сменат; но правото на воведувањето во должност му припаѓало на сојузниот совет.
4. Овие сојузни сахеми биле сахеми и во своите племиња и имале право на учество и на глас во племенскиот совет.
5. Сите решенија на сојузниот совет морале да се донесат едногласно.
6. Гласањето се вршело по племиња, така што секое племе и во секое племе сите членови на советот морале да се согласат за да се донесе важечко решение.
7. Секој од петте племенски совети можел да го свика сојузниот совет, но последниов не можел сам по себеси да се свика.
8. Заседанијата се одржувале пред собраниот нас род; секој Ирокез можел да земе збор; само советот одлучувал.
9. Сојузот немал никакво врвно лице, никаков шеф на извршната власт. Сите функции беа подвижни и временски ограничени.
10. Но сојузот имал два врвни воени водачи, со исти овластувања и иста власт (два „крала“ кај Спартанците, два конзула во Рим).
Такво било општественото уредување во кое Ирокезите живееле повеќе од четиристотини години. Јас него го опишав подробно според Морган, зашто овдека имаме можност да ја изучиме организацијата на општество кое не знаело за држава. Државата претпоставува посебна јавна власт, одделена од целоста на постојаните членови, и Маурер -- кој со верен инстинкт во уредувањето на германската марка со право гледал чисто општествена институција суштински различна од државата при се што подоцна и лежи во основата -- Маурер, поради тоа, во сите свои списи го истражува настанувањето на јавната власт од и покрај првобитното уредување на марките, селата, земјишните поседи и градови. Кај северноамериканските Индијанци гледаме како едно првобитно единствено племе постепено се шири по огромниот континент, како племињата, разделувајќи се, стануваат народи, цели групи племиња, како се менуваат јазиците додека не станат не само неразбирливи едни за други, туку и губат речиси секоја трага на првобитното единство; како, покрај тоа, во племињата одделни генсови се раскинуваат на повеќе, старите мајчински генсови се запазуваат како фратрии, а имињата на овие најстари генсови сепак остануваат исти кај мошне оддалечени и долго разделени генсови -- волкот и мечката уште се гентилни имиња кај повеќето индијански племиња. И на сите нив им соодветствува гореопишаното уредување -- само со таа разлика што многу од нив не дошле до сојуз на сродните племиња.
Но, штом генсот еднаш станал општествена единица, гледаме, исто така, во која мера сето општествено уредување на генсовите, фратриите и племињата се развива од оваа единица речиси со наложителна неопходност, зашто е тоа природно. Оите три групи претставуваат различни стапала на крвното роднинство, од кои секоја е затворена во себе и сама си ги реди своите сопствени работи, но секоја исто така ги надополнува другите. И кругот на работите што им припаѓаат ја опфаќа целоста на работите на варварите на најниското стапало. Според тоа, кога кај еден народ најдеме генс како општествена единица, тогаш можеме да бараме и организација на племето слична на опишаната овдека; и каде што располагаме со доволни извори, како кај Грците и Римјаните, ние не само што ќе најдеме, туку и ќе се убедиме дека и таму, каде што изворите не оставаат на цедило, споредбата со американското општествено уредување ни помага да ги надминеме најтешките сомнежи и загатки.
А колку чудесно е ова гентилно уредување во сета своја наивност и едноставност! Без војници, жандарми и полицајци, без благородништво, кралеви, префекти или судии, без затвори, без процеси -- се си врви по својот уреден тек. Секоја караница и спор ја решава колективот на оние што ги засега, генсот или племето, или одделни генсови и само како крајно, ретко прибегнување -- мо бавчички им се привремено доделени на домаќинствата -- сепак нема ни трага од нашиот испоразделен и заплеткан управен апарат. Решенијата ги донесуваат заинтересираните и во повеќето случаи се е уредено со вековниот обичај. Сиромашни и страдни не може да има -- комунистичкото домаќинство ги знае своите обврски спрема старите, болните и во војна осакатените. Сите се еднакви и слободни -- и жените меѓу нив. За робови уште нема место, подјармување на туѓи племиња по правило исто така нема. Кога Ирокезите околу 1651 година ги победиле племињата Ири и "неутралната нација" тие им понудиле како рамноправни да стапат во Сојузот; дури кога победените тоа го одбиле, биле протерани од својата област. А какви мажи и жени создава таквото општество, покажува восхитувањето на сите белци кои дошле во допир со нерасипаните Индијанци, за нивното достоинство, искреност, силата на карактерот и храброста на овие варвари.
Примери на оваа храброст видовме неодамна во Африка. Зулукаферите пред неколку години, Нубијците пред неколку месеци -- и двете племиња кај кои гентилното уредување уште не изумрело -- го сторија она што не може ниедна европска војска да го стори. Вооружени само со копја и џилити, без огнено оружје, под дожд од куршумите на брзометките на англиската пешадија -- призната како најдобра во збиен ред -- напредуваа до борба со штикови и не еднаш внесоа безредие во оваа пешадија, па дури и ја отфрлија и покрај колосалната нееднаквост во оружјето и покрај тоа што не знаат за воена обврска, ниту знаат што е тоа воена обука. Што можат тие да издржат и претргаат, докажува поплаката на Англичаните дека Кафрот може за 24 часа да премине подолг пат побрзо од коњот -- најмалиот мускул искокнува, цврст и очеличен, како плетен ремен -- вели еден англиски сликар.
Така изгледале луѓето и човечкото општество пред да биде извршена поделбата на различни класи. И ако ја споредиме нивната положба со положбата на големото мнозинство на современите цивилизирани луѓе, тогаш огромна е разликата меѓу денешниот пролетер и ситниот селанец и слободниот член на гентилната заедница.
Тоа е едната страна. Но да не заборавиме дека оваа организација била осудена на пропаст. Таа не можела да го надмине племето; сојузот на племиња веќе укажува на почетокот на нејзиното поткопување, како што ќе видиме и како што веќе се покажа во обидите на Ирокезите да подјармуваат. Она што било надвор од племето, било надвор од правото. Каде што не постоел јавно изразен мировен договор, владеела војна на племе против племе, а војната се водела со жестокост која го разликува човекот од другите животни и која дури отпосле била ублажена под влијание на интересот. Гентилното уредување во времето на својот процут, како што го гледаме во Америка, претпоставува крајно неразвиено производство, всушност, едно крајно ретко население на пространи области; значи, и речиси потполна потчинетост на човекот од нему туѓата и противставена како и несфатена надворешна природа која се одразува во детските религиозни претстави. Племето остана граница за човекот, како спрема туѓинецот од друго племе, така и спрема самиот себеси: племето, генсот и нивните установи биле свети и недопирливи, од природата дадена виша сила на која поединецот и бил безусловно потчинет во чувствата, мислите и постапките. Колку и да ни се чинат импозантни луѓето од таа епоха, тие не се разликуваат еден од друг, тие се уште висат, како што вели Маркс, на папочната врвка на природата. Силата на оваа првобитна заедница морала да биде скршена -- и таа била скршена.
Но таа била скршена под такви влијанија што ни се едаат однапред како деградација, како паѓање во грев од едноставната морална висина на старото гентилно општество. Најниските интереси -- вулгарната лакомија, бруталната пристрасност кон наслади, валканата скржавост, егоистичкиот грабеж на заедничкиот имот, го освештуваат новото, цивилизирано, класно општество; најгнасните средства -- кражбата, насилството, подмолноста, предавството -- го поткопуваат старото бескласно гентилно општество и го доведуваат до паѓање. А самото ново општество за сето време на две и пол илјади години од своето постоење, не е ништо друго освен развиток на едно незначително малцинство за сметка на експлоатираното и угнетено големо мнозинство, и тоа е такво сега повеќе од кога и да било порано.