Фридрих Енгелс
Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата


I
Предисториските стапала на културата

Морган беше првиот кој со познавање на работата се обиде да внесе извесен ред во предисторијата на човештвото и се додека значително проширениот материјал не направи промените да бидат неопходни, неговата периодизација ќе остане, несомнено, во сила.

Од трите главни епохи: дивјаштвото, варварството, цивилизацијата, него го занимаваат, се разбира, само првите две и преодот кон третата. Секоја од двете епохи ја дели тој на нижо, средно и вишо стапало, веќе според напредокот во производството на средствата за живот; зашто тој вели:

„Опитноста во ова производство е решавачка за степенот на човечката надмоќност и совладувањето на природата; од сите суштества само на човекот му се здаде речиси безусловно да владее со производството на средствата за исхрана. Сите големи епохи на човечкиот напредок се совпаѓаат, повеќе или помалку, со епохите на проширувањето на изворите за опстанок."

Развитокот на семејството врви наспоредно, но не дава такви карактеристични признаци за поделба на периодите.

1. Дивјаштво

а) Нижо стапало.

Детството на човечкиот род кој уште се задржува во своите првобитни седалишта, во тропските или во суптропските шуми, живеејќи, барем делумно, на дрвја со што единствено може да се објасни неговиот опстанок меѓу крупните грабливи животни. За храна служеле плодови, ореви, корени; изградувањето на артикулираниот говор е главното достигање на ова време. Ниеден од народите што станале познати во историскиот период не се наоѓаше повеќе во оваа првобитна состојба. Иако оваа состојба можела да трае илјадници години, сепак не можеме да ја докажеме врз основа на директни сведоштва; но, штом еднаш го признавме потеклото на човекот од животинското царство, тогаш е незаобиколива претпоставката за овој премин.

б) Средно стапало.

Почнува со искористувањето на риби (во што ги вбројуваме и раковите, школките и другите водни животни) за исхрана и со употребата на огнот. Овие две работи одат заедно, зашто рибината храна може наполно да се искористи дури со помош на огнот. Но со оваа нова храна луѓето повеќе не зависеле од климата и од месноста; следејќи го текот на реките и морското крајбрежје, тие можеле, дури и во дива состојба, да се населуваат на најголемиот дел од земјата. Грубо изработените, неточени камени орудија од раното камено време, таканаречените палеолитски орудија, кои сосема или во поголемиот дел спаѓаат во овој период, со своето распростирање на сите континенти, се доказ за овие преселби. Новонаселените области и непрекинато активниот пронаоѓачки нагон, во врска со добивањето на оган со триење, доставија нови средства за исхрана; така на пример, корењето и грумаците што содржат скроб, печени во врел пепел или во дупки за печење (земјени печки); па дивеч, кој, со пронаоѓањето на првото оружје, тојагата и копјето, стана додаток од случај до случај кон исхраната. Исклучително ловечки народи, какви што се опишуваат во книгите, т.е. такви што живеат само од лов, никогаш не ни постоеле, зашто пленот од ловот премногу е неизвесен. Следствено на трајната несигурност на исхраната се јавува, се чини, на ова стапало човекојадството, кое оттогаш долго се задржало. Австралијанците и многумина Полинежани се и денес на ова средно стапало од дивјаштвото.

в) Вишо стапало.

Почнува со изнаоѓањето на лакот и стрелата, благодарение на што дивечот станува постојано средство за исхрана, а ловот една од нормалните трудови гранки. Лакот, тетивата и стрелата претставуваат веќе мошне сложено орудие, чиј пронајдок претпоставува долго натрупано искуство и изострени духовни сили, како и познавање истовремено на мноштво други пронајдоци. Ако ги споредиме народите кои, навистина, знаат за лак и стрела, но уште не и за грнчарската вештина (која Морган ја смета за почеток на премин кон варварството), тоа навистина наоѓаме веќе некои зачетоци на населување по села, извесно овладување со производството на средствата за живот: дрвените посатки и алатки, ткаење влакна од лико, со прсти (без разбој), плетени кошници од лико или трска, измазнето (неолитско) камено орудие. Огнот и камената секира веќе повеќе даваат можност за правење чунови од целосни стебла, а наместа и греди и штици за градење куќи. Сите овие достигања ги наоѓаме, на пример, кај Индијанците на северозападот на Америка, кои навистина знаат за лак и стрела, но не и за грнчарство. Лакот и стрелата беа за дивјаштвото она што беше железниот меч за варварството и огненото оружје за цивилизацијата: решавачко оружје.

2. Варварство

а) Нижо стапало.

Почнува со воведувањето на грнчарството. Може да се докаже дека во многу случаи, а веројатно насекаде, настанало со премачкување на плетени или дрвени садови со глина за да станат поотпорни на огнот, при што набргу се увидело дека глината служи за истата цел и без внатрешниот сад. Досега можевме да го разгледуваме текот на развитокот сосема обопштено, кој важи за сите народи од определен период, независно од местото на живеењето. Но со настанувањето на варварството достигнавме стапало на развитокот на кое доаѓаат до израз различните природни услови на обата големи континента. Карактеристичен момент на периодот на варварството е припитомувањето и одгледувањето на животни и културата на растенија. Источниот континент, таканаречениот Стар свет, ги имаше речиси сите животни погодни за припитомување и, сите, освен еден, вид жита годни за одгледување; западниот континент, Америка, пак, од сите цицачи погодни за припитомување -- единствено ја имаше ламата, а и неа само на еден дел од југот, а од сите жита за одгледување само едно, но најдоброто: пченката. Поради овие различни природни услови населението на секоја полутопка отсега се развива по својот посебен пат, а меѓните знаци на границите од одделните стапала на развитокот стануваат за секоја полутопка различни.

б) Средно стапало.

На Исток почнува со припитомувањето на домашните животни, на Запад со културата на хранливите растенија со помош на наводнувањето и со употребата на адоби (на сонце испечени плитари) и камен за постројки.

Почнуваме со Запад, зашто овдека ова стапало никаде не е надминато до европското завојување.

Кај Индијанците од нижото стапало на варварството (во кое спаѓаат сите што се најдени источно од Мисисипи), постоела во времето на нивното откритие веќе извесна градинарска култура на пченка и можеби и тикви, бостан и други градинарски растенија, што им давало мошне значителен дел од нивната исхрана; тие живееле во дрвени куќи, во села окружени со палисади. Северозападните племиња, особено оние во областа на реката Колумбија, беа уште на вишото стапало од дивјаштвото и не знаеја ниту за грнчарство ниту за одгледување на какви и да е растенија. Индијанците од таканаречените пуеблоси од Ново Мексико, Мексиканците, жителите на Централна Америка и Перуанците, напротив, биле во времето на завојувањето на средното стапало на варварството: тие живееле во куќи од адоби или од камен што личеле на тврдини, во вештачки наводнувани градини одгледувале пченка и други, зависно од положбата и од климата, различни хранливи растенија што биле главен извор на исхраната, а дури припитомувале и некои животни: Мексиканците -- мисирката и други птици, Перуанците -- ламата. Покрај тоа умееле да ги обработуваат металите, со исклучок на железото, затоа сè уште не можеле да одбегнат да се служат со оружја и орудија од камен. Шпанското завојување, потоа, го пресече секој понатамошен развиток.

На Исток почна средното стапало на варварството со припитомувањето на животните кои даваат млеко и месо, додека овдека културата на растенијата, се чини, уште долго во тој период била непозната. Припитомувањето и одгледувањето на добиток и образувањето големи стада, се чини, дале поттик за изделувањето на Ариевците и Семитите од другата маса варвари. Европските и азиските Ариевци имаат уште заеднички имиња за добитокот, но имињата на културните растенија се речиси секогаш различни.

Образувањето на стада на погодни места довело до пастирски живот; кај Семитите на тревните рамнини на Еуфрат и Тигар, кај Ариевците на тревните рамнини на Индија, Оксис и Јаксартес, Дон и Днепар. Првото припитомување на добитокот се чини дека се извршило на границите на таквите пасишта. Затоа на подоцнежните поколенија им се чинело дека пастирските народи произлегуваат од краишта кои не само што не се лулката на човечкиот род, туку, напротив, за нивните диви претци, па дури и за луѓето од нижото стапало на варварството, биле ненаселиви. Обратно, штом тие варвари од средното стапало на варварството еднаш ќе свикнеле со пастирскиот живот, никогаш не им паѓало на ум доброволно да се вратат од пасиштата на речните долини во шумските предели, во кои живееле нивните предци. Па дури и кога биле потиснати понатаму кон север и запад, на Семитите и на Ариевците им било невозможно да се селат во западноазиските и европските шумски предели пред да им било овозможено одгледување на жита на понеповолна почва за да го исхранат својот добиток, особено преку зимата. Повеќе од веројатно е дека одгледувањето на жита овде било поттикнато од потребата за храна за добиток и дури отпосле станало важно за човечка исхрана.

Можеби вишиот развиток на Ариевците и на Семитите ќе треба да и се припише на нивната изобилна месна и млечна храна, особено на нејзиното поволно дејство врз развитокот на децата. Навистина, пуеблос-Индијанците од Ново Мексико, кои се сведени речиси исклучително на растителна храна, имаат помал мозок од Индијанците од нижото стапало на варварството, кои јадат повеќе месо и риба. Во секој случај, на ова стапало постепено исчезнува човекојадството и се одржува само како религиски акт или, што е овде речиси идентично, како маѓија.

в) Вишо стапало.

Почнува со топење на железната руда и преоѓа во цивилизацијата со пронаоѓањето на азбучното писмо и неговата примена за книжевно забележување. Ова стапало, како што се рече, кое самостојно го мина само источната полутопка, е побогато со достигања во производството од сите претходни стапала земени заедно. На ова стапало му припаѓаат Грците од херојското време, италските племиња кратко време пред основањето на Рим, Германците од Тацит, Норманите од времето на Викинзите.

Пред сè, овде за првпат се среќаваме со железниот плуг влечен од добиток, кој овозможи земјоделство во крупни размери, обработка на полињата, а заедно со тоа практички неограничено, за тогашните услови, наголемување на прехранбените средства; потоа крчењето на шумите и нивното претворање во ораници и ливади -- што пак ќе беше невозможно во крупни размери без железната секира и железната лопата. Но тоа доведе до брзо наголемување на населението и до густо населување на мал простор. Пред земјоделството морало да настане мошне исклучителен стек на услови за половина милион луѓе да се обединат под едно единствено централно раководство; тоа веројатно никогаш не се случило.

Полн процут на вишото стапало на варварството стапува пред нас во поемите на Хомер, особено во „Илијада". Усовршено железно орудие, мев, рачна мелница, грнчарско тркало, приготвување на растително масло и вино, усовршена обработка на метали што преоѓа во уметнички занает, коли и бојни коли, бродоградба од греди и штици, почетоци на архитектурата како уметност, градови опашани со ѕид со кули и запчести отвори, Хомеровскиот еп и севкупната митологија -- тоа се главните наследства што Грците ги пренесоа од варварството во цивилизацијата. Ако го споредиме со тоа Цезаровото, па дури и Тацитовото опишување на Германите кои се наоѓаа на почетокот на истото културно стапало од кое Хомеровите Грци токму се готвеа да преминат во вишото стапало, тогаш гледаме какво богатство на развиток на производството содржи во себе вишото стапало на варварството.

Сликата на развитокот на човештвото низ дивјаштвото и варварството кон почетоците на цивилизацијата што овде ја скицирав според Морган веќе е достатно богата со нови и, што е уште повеќе поважно, неоспорни црти, зашто се тие земени непосредно од производството. Сепак, таа слика ќе се покаже бледа и скудна во споредба со сликата што ќе ни се разгрне на крајот од нашето патување: дури тогаш ќе биде можно наполно да се фрли светлина на преодот од варварството кон цивилизацијата и нивната очебијна спротивност. Засега можеме Моргановата поделба вака да ја обопштиме: дивјаштвото -- период на преовладувачко присвојување на готови природни производи; вештачките производи на луѓето се предимно помошните орудија за тоа присвојување. Варварството -- период чии придобивки се сточарството и земјоделството, период на усвојување на методите на наголемување на производството на природните производи со помош на човечката дејност. Цивилизацијата -- период на усвојување на понатамошната обработка на природните производи, период на вистинската индустрија и уметност.