Карл Маркс
Капиталот (том 1)

Kapл Маркс и Фридрих Енгелс

ПИСМА ЗА „KАПИТАЛОТ“


Маркс до Енгелс

22 јуни 1867

Драги Фред,

[...] Се надевам оти си задоволен со четирите табаци. Што беше ти досега задоволен, мене ми е поважно од anything [што било] што би may say of it [можел да каже за тоа] другиот свет. Во секој случај се надевам буржоазијата за целото време ќе мисли за моите чиреви. Какви свињи се тие, еве пак нова проба! Ти знаеш дека Children'ѕ Employment Commission [комисијата за испитување на детскиот труд] функционираше 5 години. По нејзиниот прв извештај, што се појави во 1863, денунцираните бранши беа веднаш „дотерани во ред“. Ториевската влада поднесе во почетокот на оваа сезона преку Валпол, the weeping willow [жалосната врба], Bill [еден законски предлог], со кој се примени сите предлози од комисијата, иако и во многу подмладена мера. Мангупите што требаше со тоа да се доведат во ред, меѓу нив и големите фабриканти на метал, а особено и вампирите на „домашната работа“ молчеа како посрани. Сега тие поднесуваат петиција до парламентот и бараат — ново иследување. Старото било пристрасно! Тие прават сметки со тоа, предлогот на законот за реформи да го апсорбира целото општествено внимание, така што работата да се провре сосем удобно и тајно, додека во исто време дува лош ветер против тредјунионите. Најлошото во „Rероrtѕ”-от се сопствените искажувања на тие мангупи. Значи тие знаат дека новото иследување значи само едно, но токму тоа „што ние буржуите го сакаме“ — нов петгодишен рок за експлоатација! За среќа, мојата положба во Интернационалата ми допушта да им ја расипам на овие пцишта убавата сметка. Работата е од извовредна важност. Збор станува за укинување на тортурата за 1 1/2 милион луѓе, не сметајќи ги adult mаlе workingmen [возрасните машки работници]!

Што се однесува за излагањето на формата на вредноста, јас го послушав твојот совет, а и не го послушав, за да се држам и во овој поглед дијалектички. Т.е. јас прво, напишав еден придаток, во кој истата работа ја прикажав колку што се може попросто и колку што се може пошколски, и второ, по твојот совет ја поделив секоја натамошна поставка по параграфи итн. со свои заглавија. А после во предговорот му велам на „недијалектичкиот“ читател да ги прескокне страниците х-у и место тоа да го чита Придатокот. Овде не е работата само за филистри, туку за младина што сака знаење итн. Освен тоа, работата е многу важна за целата книга. Господата економистите досега го испуштаа од предвид најпростото, имено, дека формата: 20 аршини платно = 1 капут е само неразвиена основа на формата 20 аршини платно = 2 фунти стерлинзи, значи дека најпростата стоковна форма, во која нејзината вредност уште не е изразена како однос кон сите други стоки, туку е изразена само како нешто различно од нејзината сопствена натурална форма, ја содржи во себе целата тајна на паричната форма, а со тоа, in nuce [во никулец], тајната на сите буржоаски форми на производот на трудот. Тешкотиите на излагањето ги избегнав во првата верзија [Duncker] со тоа што ја давам вистинската анализа на изразот на вредноста дури тогаш кога се појавува тој во развиен вид, како паричен израз [...]

Твој К. М.

 


Енгелс до Маркс

Манчестер 26 јуни 1867

Драги Мор,

[...] За изникнувањето на вишокот на вредноста уште следново: фабрикантот, а заедно со него и вулгарниот економист, веднаш ќе забележат: Ако му ја плаќа капиталистот на работникот за неговото 12 часовно работно време само цената за 6 часа, тогаш оттука не може да изникне никаков вишок на вредноста, зашто тогаш секој работен час на фабричкиот работник се плаќа само = 1/2 работен час = нему што му се плаќа — и само оваа вредност од половина час влегува во вредноста на производот на трудот. На тоа тогаш следува како пример обичната формула за калкулација: олку за суровини, олку за абење, олку за наемнина (вистински издадена pro [за] вистински производ од еден час итн.). Колку да е грозно плиток овој аргумент, колку да ја идентифицира разменската вредност и цената, вредноста на трудот и наемнината, колку да е апсурдна неговата претпоставка дека еден работен час влегува во вредноста само како половина час, ако се плаќа само за половина час, сепак јас се чудам зошто тоа не си го зел предвид, оти сосем сигурно веднаш тоа ќе ти го изнесат, та би било подобро отпорано да го отстраниш. Можеби во следниот табак ќе се вратиш на тоа. [...]

Твој Ф. Е.

 


Маркс до Енгелс

27 јуни 1867

Драги Фред,

[...] Што се однесува за неизоставниот приговор на филистерот и на вулгарниот економист што го споменуваш ти (тие природно забораваат, оти ако го сметаат платениот труд под името наемнина, тогаш неплатениот труд го сметаат под името профит итн.), тоа му излегува, изразувајќи се научно, на следново прашање:

Како се претвора вредноста на стоката во нејзина цена на производство, во која:

I. Целиот труд се појавува како платен под форма на наемнина,

II. Но вишокот на трудот или вишокот на вредноста ја добива формата на еден придаток на цената под името интерес, профит итн. над цената на чинењето (= цената на постојаниот капитал + наемнината).

Одговарањето на овие прашања претпоставува:

I. Дека е веќе изложено претворањето на пр. на дневната вредност на работната сила во наемнина или во цена на дневниот труд. Тоа ќе биде во глава V од овој том.

II. Дека е изложено претворањето на вишокот на вредноста во профит, профитот во среден профит итн. Ова претпоставува претходно изложување на циркулациониот процес на капиталот, бидејќи притоа игра ролја обртот на капиталот итн. Затоа оваа работа може да биде изложена дури во третата книга (том II содржи 2 и 3 книга). Овде ќе се покаже од каде потекнува начинот на сфаќање на филистерот и вулгарниот економист, имено дека во нивниот мозок постојано се одразува само непосредната појавна форма на односот, а не нивната внатрешна поврзаност. Меѓу другото, кога би бил последниов случај, тогаш зошто би била воопшто нужна некоја наука?

Кога би сакал сега однапред да ги пресечам сите приговори од тој род, тогаш би го упростил целиот дијалектички метод на излагањето. Обратно. Овој метод ја има добрата особина постојано да им клава стапици на мангупите, коишто ги провоцираат нив да побрзаат да ја манифестираат својата магарштина.

Меѓу другото, непосредно по § 3: „Нормата на вишокот на вредноста“, што ти се најдува в раце, следува §: „Работен ден“ (борба за должината на работното време), каде што ad oculos [очигледно] се покажува колку практички многу му е јасен на господин буржујот изворот и сушноста на неговиот профит. Ова се покажува и во случајот на Сениор, каде што буржујот уверува оти неговиот цел профит и интерес почива врз последниот неплатен работен час. [...]

Твој К.М.

 


Мapкc до Енгелс

2 часот ноќе, 18 август 1867

Dear Фред,

Тукушто ја завршив коректурата на последниот табак (49) од книгата. Придатокот — Формата на вредноста — напечатена со дробни букви, зафаќа 1 табак и 1/4.

Предговорот исто така вчера го коригирав и го вратив. Значи, овој том е готов. Само тебе треба да ти благодарам што тоа стана возможно! Без твоето жртвување за мене никако не би можел да ги извршам грамадните работи за 3 тома. I embrace you full of thanks [Те прегрнувам полн со благодарност].

Прилог, 2 табака чист отпечаток.

15-те фунти ги примив со најголема благодарност.

Здраво, мој драги, мили пријателе!

Твој К. М.

Чистите отпечатоци треба да ми се вратат назад, кога ќе излезе целата книга.

 


Енгелс до Маркс

Манчестер, 23 август 1867

Драги Мор,

Досега обработив околу 36 табаци и ти честитам за комплетниот начин, со кој и најзаплетканите економски проблеми се направени прости и скоро очигледно јасни со самото нивно поставување на правото место и во правилна поврзаност. Ти честитам и за извонредното по својата сушност изложување на односот меѓу трудот и капиталот — што е овде даден за првпат во полна поврзаност и комплетно. Мене многу ме радува што гледам како си навлегол во технолошкиот јазик, што морало да ти зададе големи тешкотии и за што имав разни misgivings [грижи]. Неколку slips of the pen [ракописни грешки] коригирав со молив отстрана, и рескирав дури да направам неколку претпоставки. Но како можеше да ја оставиш надворешната поделба на книгата таква, каква што е таа! 4-та глава е долга скоро 200 страници, а има само четири раздели означени со танки заглавија, што одвај можат да се најдат. Притоа текот на мислата постојано е прекинуван со илустрации, а илустрираната точка нигде не е резимирана при крајот на илустрацијата, така што од илустрацијата на една точка постојано се упаѓа во излагањето на некоја друга точка. Тоа на крајот изморува и при неполно остро внимание дури и сматува. Овде секако беше наместо да се направат повеќе подраздели и посилно да се нагласат главните подраздели, а за англиското издание таа секако ќе мора да се направи. Воопшто во ова излагање (имено кооперација и мануфактура) некои точки уште не ми се сосем јасни, при што не можам да изнајдам на кои факти се однесува она што е изложено само во општи црти. Според надворешната форма на излагањето 4 глава изгледа оти е најбргу напишана и дека е и најмалку повторно преработувана. Но сето тоа ништо не значи, главно е што на господата економисти нигде не им е дадено некое слабо место, каде што би можеле да направат пробив; и навистина јас сум љубопитен да слушнам што ќе речат господата, ним не им е оставена дури ни најситна закачка. Луѓето á la Рошер веќе не знаат да се утешат, но за луѓето овде во Англија, кои не пишуваат за деца од 3 години, е сепак нешто сосем поинаку.

Штом ќе можеш пак да ми пратиш некој табак, ќе ми направиш голема радост, јас би сакал акумулацијата да ја прочитам поврзано.[...]

Твој Ф. Е.

 


Маркс до Енгелс

24 август 1867

Dear Фред,

Од последните 2 чисти отпечатоци што ти ги испратив, потака не примив ни еден. Јас сум бесен на Мајснер. Тој очигледно задржал сѐ што му испратил Виганд, за да испрати сѐ наеднаш — за да заштеди 4 пенси поштарина! [...]

Но така се губи многу време!

Најдоброто во мојата книга е: 1. (на тоа почива целото разбирање на фактите) веднаш во првата глава да се подвлече двојствениот карактер на трудот, според тоа дали се изразува тој во употребна или во разменска вредност; 2. третирањето на вишокот на вредноста независно од неговите особени форми како профит, интерес, земјишна рента итн. Тоа особено ќе го покажам во вториот том. Третирањето на особените форми во класичната економија, која постојано ги меша на еден куп со општите форми, е една olla potrida [бркотија].

Твоите желби, забелешки, прашања итн., те молам да ги запишуваш во чистите отпечатоци. Ова е многу важно за мене, зашто јас сметам, порано или подоцна, на второ издание. Што се однесува за 4 глава, таа многу ме испоти, за да се најдат самите работи, т.е. нивната поврзаност. А откога беше сѐ готово, надојдоа во време на последното обработување една blue Book [Сина книга] за друга, и јас бев одушевен што ги гледам моите теоретски резултати наполно потврдени од фактите. Најпосле главата е пишувана со чиреви и со секојдневна посета на кредиторите! [...]

Твој К. М.

 


Маркс до Кугелман

Лондон, 30 ноември 1867

Драги Кугелман!

Само слабоста е причина за забавањето на мојот одговор. Веќе со недели пак сум никако.

Прво јас премногу ви благодарам за вашето заземање. На Либкнехт му пиша (или ќе му пише) Енгелс. Инаку Либкнехт (заедно со Гец итн.) се готвеше да бара во Рајхстагот едно Enquiry [иследување] за состојбата на работниците. Тој ми пиша во оваа смисла и јас му испратив на негово барање неколку соодветни парламентарни закони. Планот беше попречен, бидејќи поради работниот ред немаше повеќе време. За една точка можете подобро да му пишете на Либкнехт отколку Енгелс или јас. А тоа е, дека е всушност негова должност да обрнува на работничките собранија внимание на мојата книга. Ако тоа не го направи, тогаш ќе ја земат во свои раце ласаловци и тоа на погрешен начин.

Концен (приватен доцент во Лајпциг, ученик и приврзаник на Рошер) побара преку Либкнехт еден егземплар од мојата книга, а за тоа вети да даде исцрпен приказ за неа од негова гледна точка. Затоа Мајснер му ја испрати книгата. Тоа би бил добар почеток. — Печатната грешка во вашата нотица: „Taucher“ наместо „Faucher“ ми беше пријатна. Faucher им припаѓа на економистите проповедници што патуваат. Овој млад човек не фигурира меѓу „учените“ германски економисти како Рошер, Рам, Мол итн. Нему му се чини оти е преголема чест само ако се спомене. Затоа јас него никогаш не сум го пуштил да фигурира како именка, туку само како глагол.

Препорачете ѝ на вашата сопруга оти е најдобро отпрвин да се чита одделот за „Работниот ден“; „Кооперацијата“, „Поделбата на трудот и машинеријата“, најпосле за „Првобитната акумулација“. Неразбирливата терминологија морате да ѝ ја објасните. Ако има некои други тешкотии Ви стојам на располагање.

Во Франција (Париз) има најдобри изгледи за исцрпен приказ на книгата (во „Courrier français”, за жал прудонистички!) па дури и за превод.

Штом ќе бидам поарен, ќе Ви пишам повеќе. Дотогаш се надевам оти Вие ќе ми пишете почесто. Тоа секој пат пак ободрува.

Ваш К. М.

 


Маркс до Кугелман

Лондон, 17 март 1868

[...] Писмото од М. многу ме зарадува. Меѓутоа, тој делум погрешно го разбрал моето излагање. Инаку тој би видел, оти јас ја прикажувам крупната индустрија не само како мајка на антагонизмите, туку и како создателка на материјалните и духовните услови за решавање на овие антагонизми; ова решавање во секој случај не може да се изведе на добродушен начин.

Што се однесува за фабричкиот закон — како прв услов работничката класа да добие со тоа elbowroom [слобода на размавот] за развивање и движење — јас барам тоа да дојде од страна на државата, како присилен закон, не само против фабрикантите, туку и против самите работници. (стр. 542, во белешката 52 јас го покажав отпорот на женските работнички против ограничувањето на работното време). Меѓутоа, ако ја развие господин М. истата енергија како Овен, тогаш тој може да го скрши овој отпор. Дека одделниот фабрикант не може многу да направи во таа работа (освен доколку се обиде да дејствува на законодавството), тоа го реков и на стр. 243: „Но исцело земено, ова не зависи од добрата или лошата волја на одделниот капиталист итн.“ и на истата страна во белешката 114. Дека и спроти сето тоа одделните капиталисти можат да бидат дејни, достатно ни докажаа фабрикантите како што е Филден, Овен итн. Природно, нивната главна дејност мора да биде јавна. Што се однесува за Долфусите во Елзас, тие се шарлатани што умеат со договорени услови да создадат угоден и едновремено за нив многу профитоносен крепоснички однос со нивните работници. Тие во париските весници достојно се разголени и токму поради тоа предложи еден од овие Долфуси пред кратко време со corps législatif [во законодавното тело] еден од најсрамните параграфи за законот на печатот и carried [гo спроведе], „vie privée doit être murée” [имено дека приватниот живот треба да се заѕида].

Срдечен поздрав до Вашата драга госпоѓа.

Ваш К. М.

 


Маркс до Енгелс

Лондон, 30 март 1868

Dear Фред,

[...] Сепак е ред да се запознаеш со методот на профитната норма. Затоа ти го давам во најопшти линии текот на излагањето. Во Втората книга, како што знаеш, ќе биде прикажан циркулациониот процес на капиталот под претпоставките што се изложени во I книга. Значи, новите определби на формите што произлегуваат од циркулациониот процес, како што се основниот и обртниот капитал, обртот на капиталот итн. Најпосле, во I книга ние се задоволуваме со претпоставка дека ако во процесот на производството од 100 ф. ст. стануваат 110, тогаш овие 110 ги најдуваат на пазар елементите во кои тие одново се преобрнуваат. Но сега ние ги иследуваме условите на ова најдување, т.е. општественото заемно преплетување на различните капитали, на делови од капитали и на доходот (= m [вишок на вредноста]).

Во III книга идеме кон претворањето на вишокот на вредноста во неговите различни форми и во составните делови разделени еден од друг.

I. Профитот е за нас пред сѐ само друго име или друга категорија за вишокот на вредноста. Бидејќи со формата наемнина се покажува целиот труд како платен, тогаш неизбежно се покажува неговиот неплатен дел како да не произлегува од трудот, туку од капиталот, и како да не произлегува од неговиот променлив дел, туку од целокупниот капитал. Со тоа вишокот на вредноста добива форма на профит, без квантитативна разлика меѓу едниот и другиот. Тој е само илузорна појавна форма на вишокот на вредноста.

Потака делот од капиталот што е потрошен во производството на стоката (капиталот што е авансиран за нејзиното производство, постојан и променлив, минус вистински употребениот, но непотрошениот дел од основниот капитал) сега се покажува како цена на чинењето на стоката, бидејќи за капиталистот делот од стоковната вредност, што ја потрошил, е нејзина цена на чинењето, напротив неплатениот труд што е содржан во стоката од негова гледна точка не влегува во нејзината цена на чинење. Вишокот на вредноста = профитот сега се покажува како вишок од нејзината продажна цена над нејзината цена на чинењето. Значи, ако ја наречеме вредноста на стоката В, а нејзината цена на чинењето К, тогаш В = К + m, значи В – m = K, значи В е поголем од К. Новата категорија на цената на чинењето многу е нужна за подробностите во подоцнежното излагање. Однапред станува јасно дека капиталистот може да ја продаде стоката со печалба и под нејзината вредност (само ако ја продаде над нејзината цена на чинењето), а ова е основниот закон за разбирањето на израмнувањата што ги врши конкуренцијата.

Значи, ако профитот отпрво само формално се разликува од вишокот на вредноста, тогаш напротив нормата на профитот веднаш реално се разликува од нормата на вишокот на вредноста, зашто во едниот случај е m / v, а во другиот m / c + v, од кое однапред следува дека m /v е поголемо од m / c + v, дека нормата на профитот е помала од нормата на вишокот на вредноста, освен во случајот кога е с + О.

Со оглед на тоа што е изложено во II книга сепак следува дека нормата на профитот не можеме да ја сметаме според некој кој сакало бил, на пр. неделен стоковен производ, туку дека m / c + v овде го означува односот меѓу вишокот на вредноста произведен во текот на годината над авансираниот (за разлика од оној што извршил обрт) капитал преку годината. Така m / c + v значи е овде годишна профитна норма.

Потоа ние најнапред испитуваме, како ја модифицира различниот обрт на капиталот (делум зависен од односот на обртниот дел од капиталот кон основниот, делум од бројот на обртите од обртниот капитал во годината итн.) нормата на профитот при неизменета норма на вишокот на вредноста.

Но кога е претпоставен обртот и кога m / c + v е дадено како годишна норма на профитот, ние иследуваме како може ова да се изменува, независно од изменувањата во нормата на вишокот на вредноста па дури и независно од неговата маса.

Бидејќи е m масата на вишокот на вредноста = на нормата на вишокот на вредноста помножени со променливиот капитал, тогаш е, ако ја наречеме нормата на вишокот на вредноста m', а нормата на профитот р', р' = m X v / c + v. Овде имаме четири големини, р', m, v, c, од кои со по 3 можеме да оперираме, постојано барајќи ја 4-та големина како непозната. Ова ги дава сите возможни случаи за движењето на профитната норма, до колку се тие различни од нормата на вишокот на вредноста и, тоа до certain extent [извесен степен], до колку се различни дури и од масата на вишокот на вредноста. Ова за сите досегашни [економисти] беше, се разбира, необјасниво.

Вака изнајдените закони, што се на пр. мошне важни за разбирање на влијанието на цената на суровините на профитната норма, остануваат точни, та макар како сакало бил подоцна разделуван вишокот на вредноста меѓу производителите итн. Ова може да ја измени само појавната форма. Притоа овие закони можат да се применат директно, ако m / c + v се третира како однос на општествено производниот вишок на вредноста кон општествениот капитал.

II. Она што е под I третирано како движење, било на капиталот во определена гранка на производството, било на општествениот капитал — движење со кое се изменува неговиот состав итн., — сега се зема како разлика во масите на капиталот авансирани во различните гранки на производството.

Тогаш ќе се најде, ако се претпостави нормата на вишокот на вредноста, т.е. експлоатацијата на трудот како еднаква, дека производството на вредноста, а затоа и производството на вишокот на вредноста, а оттука и нормата на профитот е различна во различни гранки на производството. Но од овие различни норми на профитот конкуренцијата образува една средна или општа норма на профитот. Ова, ако се сведе на нејзиниот апсолутен израз, не може ништо друго да биде освен вишокот на вредноста што го произведува (годишно) капиталистичката класа во однос на авансираниот капитал во неговиот општествен обем. На пр., ако е општествениот капитал = 400 с + 100 v, а вишокот на вредноста што е произведуван со него годишно е = 100 m, тогаш составот на општествениот капитал е = 80 с + 20 р, а составот на производот е = 80 с + 20 v + 20 m = 20% норма на профитот. Ова е општата норма на профитот.

Она кон кое се стреми конкуренцијата меѓу масите капитали што се авансирани во различни гранки на производството и што имаат различен состав, е капиталистичкиот комунизам, имено дека масата капитал авансирана во секоја гранка на производството треба да добие еден дел од целокупниот вишок на вредноста сразмерно според делот од општествениот целокупен капитал што го образува таа.

Сега ова се постигнува, само ако биде во секоја област на производството (под горната претпоставка целокупниот капитал да е = 80 с + 20 v, а општествената норма на профитот да е 20 m / 80 v 2 + 0 c годишниот производ продаден по цената на чинењето + 20% профит на авансираната вредност на капиталот (сеедно е колку влегува или не влегува од авансираниот основен капитал во годишната цена на чинењето). Но затоа определувањето на цената на стоката мора да отстапува од нејзината вредност. Само во оние гранки на производството каде што е процентуалниот состав на капиталот = 80 с + 20 v се поклопува цената К (цената на чинењето) + 20% на авансираниот капитал со нејзината вредност. Каде што е составот повисок (на пр. 90 с + 10 v) оваа цена стои над нејзината вредност, каде што е составот понизок (на пр. 70 c + 30 v.) стои под нејзината вредност.

Вака израмнетата цена, којашто го дели општествениот вишок на вредноста меѓу масите капитал во cpaзмepa со нивните големини, е цена на производството на стоката, центарот околу кој се движи колебањето на пазарните цени.

Производните гранки што имаат природен монопол се исклучени од овој процес на израмнување, иако нивната норма на профит е повисока од општествената. Ова подоцна е важно за излагањето на земјишната рента.

Во оваа глава треба сега понатака да се разјаснат различните основи за израмнување меѓу различните пласмани на капитали, кои на вулгарниот економист му се чини како различни причини за изникнување на профитот.

Потака: нужно е да се испита изменетата појавна форма што ја примаат сега изложените закони за вредноста и за вишокот на вредноста, кои и понатака остануваат во важност како и порано по претворањето на вредноста во цена на производство.

III. Тенденција на профитната норма кон паѓање заедно со напредокот на општеството. Ова излегува веќе од тоа што е изложено во I книга за изменувањето во составот на капиталот заедно со развитокот на општествените производни сили. Ова е еден од најголемите триумфи на pons asini [магарешкиот мост] на целата досегашна политичка економија.

IV. Досега се третираше само производниот капитал. Сега настапува модификација од страна на трговскиот капитал.

Според досегашната претпоставка производниот капитал на општеството = 500 (милиони или милијарди, n'importe [сеедно]). А имено: 400 с + 100 v + 100 m. P' општата норма на профитот, = 20%. Да претпоставиме сега да е трговскиот капитал = 100.

Тогаш 100-те m треба да се сметаат не на 500 туку на 600. Затоа нормата на профитот од 20% ќе се сведе на 16 2/3%. Цената на производството (поради упростување овде ќе земеме дека целиот 400 с, значи сметано целиот основен капитал, влегува во цената на чинењето на стоковата маса произведена преку годината) сега е = 583 1/3. Трговецот ја продава за 600, и ако го апстрахираме основниот составен дел на неговиот капитал, тој тогаш на своите 100 реализира 16 2/3%, исто онолку колку производниот капитал, или, инаку речено, си присвојува 1/6 од општествениот вишок на вредност. Стоките — en мass [во масата] и во општествен размер се продадени — по нивната вредност. Неговите 100 ф. ст. (не земајќи го предвид основниот составен дел) нему му служеа само како обртен паричен капитал. Она што ќе го голтне трговецот над тоа или е просто измама или шпекулација на колебањата на стоковните цени или, кај вистинските деталисти, наемнина, макар и за вошливиот непроизводен труд, под формата на профитот.

V. Сега ние го сведовме профитот на форма во која практично се појавува, според нашата претпоставка на 16 2/3%. Сега иде разделувањето на овој профит на претприемачка печалба и на интерес. Интересоносниот капитал. Кредитниот систем.

VI. Претворање на екстрапрофитот во земјишна рента.

VII. Најпосле дојдовме до појавните форми, што му служат на вулгарниот економист како излезна точка: земјишната рента произлегува од земјата, профитот (интересот) од капиталот, наемнината од трудот. Но според нашето гледиште, работата сега добива друг изглед. Привидното движење се објаснува. Потака се руши Смитовата глупост, што беше станала основен стожер на целата досегашна економија, имено дека цената на стоката се состои од овие 3 доходи, т.е. само од променлив капитал (наемнина) и од вишок на вредноста (земјишна рента, профит, интерес). Целокупното движење е во оваа појавна форма. Најпосле бидејќи овие три, наемнината, земјишната рента, профитот (интересот) се извори на приходите на трите класи, на земјосопствениците, на капиталистите и на наемните работници — како заклучок на сето иде класната борба, во која најдува решение движењето и се ликвидира целава оваа гнасотија. — [...]

Поздрав,

Твој К. Маркс

 


Mаркс до Кугелман

Лондон, 11 јули 1868

Драг пријателе!

[...] Многу Ви благодарам за вашите пратки. На Фаухер немојте да му пишувате. Овој Mannequin рiѕѕ [човечец мочко] може да си вообрази оти е многу важен. Сето што го постигна е тоа што второто издание, на соодветното место, каде што е збор за големината на вредноста, ќе му дадам задолжително на Бастија неколку удари. Тоа не го сторив, зашто третата книга содржи специјална и исцрпна глава за господата од „вулгарната економија“. Меѓу другото, Вие ќе најдете дека е сосем природно што Фаухер и компанија не ја изведуваат „разменската вредност“ на нивните сопствени гнасотилаци од масата потрошена работна сила, туку од отсуството на ова трошењe, имено од „заштедениот труд“. А достојниот Бастија не го направи ни сам ова „откритие“ што добро им дојде на овие господа, туку по својот обичај само го „препиша“ од многу поранешни автори. Се разбира, неговите извори им се непознати на Фаухер и компанија.

Што се однесува за „Zentralblatt“, човекот [авторот на статијата] прави најголеми возможни концесии со тоа што признава дека ако воопшто нешто се замислува под вредност, тогаш мора да се земат моите заклучоци. Кутриот не гледа дека, и дури да нема во мојата книга никаква глава за „вредноста“, анализата на реалните односи што ја давам јас, би содржела податоци и докази за вистинските односи на вредноста. Брборењето за потребата да се докаже поимот на вредноста почива само врз полно незнаење, како за самиот предмет за кој станува збор, така и за научниот метод. Секое дете знае дека би пропаднала секоја нација што би престанала да работи, не сакам да кажам за една година, туку за неколку недели. Исто така, се знае дека масите производи што им одговараат на различните потреби бараат различни и квантитативно определени маси на целокупниот труд. Self-evіdent [очигледно само по себе] дека оваа нужност за поделба на општествениот труд во определени пропорции никако не може да биде укината со определената форма на општественото производство, туку може да се измени само нејзината појавна форма. Природните закони воопшто не можат да бидат укинати. Она што може да се изменува во различните историски состојби е само формата во која се спроведуваат овие закони. А формата во која се спроведува оваа пропорционална поделба на трудот во некоја општествена состојба, во која поврзаноста на општествениот труд се афирмира како приватна размена на производите на индивидуалниот труд, е токму разменската вредност на овие производи.

Науката се состои токму во тоа да изложи како се спроведува законот на вредноста. Ако се сака однапред да се „објаснат“ сите појави што му противречат привидно на законот, тогаш би морало да се даде наука пред науката. Токму тука е грешката на Рикардо, зашто тој во неговата прва глава во вредноста ги зема како дадени сите возможни категории, коишто допрва треба да се изведат, за да се докаже нивната адекватност од законот на вредноста.

На секој начин, историјата на теоријата докажува, од друга страна, како што Вие точно претпоставивте, дека сфаќањето на односот на вредноста било секогаш исто, појасно или понејасно, понакитено со илузии или научно поопределено. Бидејќи самиот процес на мислењето што е изникнат од односите, е само природен процес, вистинското мислење што поима може да биде секој пат само исто, и да се разликува само градуелно, според зрелоста на развитокот, значи и според органот со кој се мисли. Сето друго е дрдорење.

Вулгарните економисти ни најмалку не се сомневаат во тоа дека вистинските секојдневни односи на размената и големината на вредноста не можат непосредно да бидат идентични. Сушноста на буржоаското општество се состои токму во тоа дека не се врши а priori [однапред] никакво свесно општествено регулирање на производството. Разумното и од природа нужното се спроведува само како просек што дејствува слепо. И после вулгарниот економист мисли оти прави големо откритие кога гордо му го противставува на разјаснувањето на внатрешната поврзаност тоа, дека работата поинаку изгледа во појавата. Всушност, тој се гордее со тоа дека се држи цврсто за привидноста и што ја зема неа како последно. А тогаш зошто е воопшто наука?

Но работата овдека има уште една друга заднина. Се има предвид поврзаноста, се разрушува целата теоретска вера за перманентната нужност на суштествувачките состојби, и тоа пред да се разруши во практиката. Значи, апсолутен интерес е на владеачките класи да ја овековечат оваа бесмислена конфузија. А за што друго се плаќаат сикофантските дрдорковци што не можат да изиграат никаков друг научен адут, освен тоа дека во политичката економија општо не смее да се мисли?

Сепак satis supraque [доволно и предоволно]. Во секој случај се покажува колку се пропаднати овие буржоаски попови, додека работниците та дури и фабрикантите и трговците ја разбраа мојата книга и убаво се снајдоа во неа, додека овие „книшки научници“ (!) се плачат дека јас барам од нивниот разум дури нешто неприлично.

Препечатувањето на Швајцеровата статија не го препорачувам, иако Швајцер даде за својот весник добри работи.

Ваш К. М.

А propos! Примив од Дицген една статија за мојата книга, јас ќе му ја пратам на Лебкнехт.

 


Содржина

Маркс-Енгелсова архива