Карл Маркс
Капиталот (том 1)

ГЛАВА ДВАЕСЕТТА

Национални различности на наемнината


Во петнаесетата глава ние се занимаваме со разнообразните комбинации што може да ги предизвика една измена во апсолутната или релативната (т.е. во споредба со вишокот на вредноста) големина на вредноста на работната сила, додека пак од друга страна количеството на средствата за живот, во кои се реализира цената на работната сила, може да врви низ движења независни[64] или различни од измената на оваа цена. Како што веќе споменавме, со прост преод на вредноста, односно на цената на работната сила, во егзотерична [надворешна] форма на наемнината, сиве овие се претвораат во закони за движењето на наемнината. Она што се пројавува во пределите на ова движење како комбинации кои еднаподруга редум се изменуваат, може да се покаже за различни земји како едновремена различност меѓу националните наемнини. Значи, при споредувањето на националните наемнини треба да се имаат предвид сите моменти што ја определуваат измената во големината на вредноста на работната сила; цената и опсегот на природно и историски развиените први животни потреби, трошоците за образувањето на работната сила, ролјата на женскиот и детскиот труд, производноста на трудот и неговата екстензивна и интензивна големина. Дури и површното споредување сака пред сѐ да се сведе средната дневна наемнина за истата гранка во различни земји на работни дни од еднаква наемнина. По тоа изедначување на дневните наемнини, пак наемнината од време мора да биде преведена во наемнина од парче, зашто само последнава е мера како за производноста, така и за интензивната големина на трудот.

Во секоја земја важи извесна средна интензивност на трудот, а трудот, што троши за производството на една стока повеќе време отколку што е општествено потребно, е под средниот степен на интензивноста и затоа не се смета како труд од нормален квалитет. Само оној степен на интензивност што се издигнал над средниот национален степен, во дадена земја, ја изменува мерата на вредноста со простото траење на работното време. Инаку е на светскиот пазар чии составни делови се одделните земји. Средната интензивност на трудот се изменува од земја до земја; во една е поголема, во други е помала. Овие национални средни големини образуваат, значи, една скала, чијашто единица за мера е средната единица на трудот од целиот свет. Според тоа, поинтензивниот национален труд, во споредба со помалку интензивниот, произведува за истото време повеќе вредност, што се изразува во повеќе пари.

Но законот на вредноста во својата меѓународна примена уште повеќе се модифицира со тоа што на светскиот пазар попроизводниот национален труд се смета секојпат како поинтензивен, сѐ додека конкуренцијата не ја присили попроизводната нација да ја сметне продажната цена на неговите стоки на нивните вредности.

Колку е во една земја поразвиено капиталистичкото производство, толку таму се повишува и националната интензивност и производноста на трудот над меѓународното ниво.[64a] Различни количества стока од ист вид, што во различни земји се произведуваат во еднакво работно време, значи што имаат нееднакви меѓународни вредности што се изразуваат во различни цени. т.е. во парични суми различни според нивните меѓународни вредности. Според тоа релативната вредност на парите е помала кај онаа нација што е со поразвиен капиталистички начин на производство отколку кај онаа нација што е со помалку развиен. Оттука следува дека нормалната наемнина, еквивалентот за работната сила изразен во пари, исто така ќе биде повисока кај првата нација отколку кај втората; што никако не значи, дека ова важи и за вистинската наемнина, т.е. за средствата за живот што му се даваат на работникот на располагање.

Но дури и ако не ја земеме предвид оваа релативна различност на паричната вредност во различни земји, често ќе се покаже дека дневната, неделната итн. наемнина кај првата нација (со поразвиен капиталистички начин на производство) е повисока отколку кај втората, додека релативната цена на трудот, т.е. цената на трудот во однос кон вишокот на вредноста, како и кон вредноста на производот, кај втората нација стои повисоко отколку кај првата.[65]

Џ. В. Кауел, член на фабричката комисија од 1833, по внимателно иследување на предилниците дојде до заклучок дека „во Англија наемнините навистина се пониски за фабрикантите отколку на континентот, иако тие за работниците можат да бидат повисоки“. (Ure: "Philosophy of Manufactures“ стр. 314) Англискиот фабрички инспектор Александар Редгрев во фабричкиот извештај од 31 октомври 1866, со помош на споредбена статистика со континенталните држави докажува дека покрај ниската наемнина и многу подолгото работно време, континенталниот труд е поскап во споредба со производот отколку англискиот. Еден англиски директор (manager) на една памучна фабрика во Олденбург изјави дека работното време таму траело од 5,30 часот наутро до 8 часот навечер, заклучно и саботата, и дека тамошните работници под англиски надзорници, не изработуваат за ова време ни толку производ, колку Англичаните за 10 и уште помалку часови под германски надзорници. Наемнината е таму многу пониска отколку во Англија, во многу случаи за 50%, но бројот на рацете во однос на машинеријата е многу поголем, во различни одделенија тој се однесува како 5:3. Г. Редгрев дава сосем точни подробности за руските памучни фабрики. Податоците нему му ги доставил еден англиски manager кој е од скоро таму на работа. Врз оваа руска почва, толку плодна со секакви безобразија, се во полн расцвет и старите ужаси од детинскиот период на англискиот фабричeн систем. Управниците се, се разбира, Англичани, бидејќи домашниот руски капиталист не е способен за фабрички работи. Покрај сиот претеран труд, непрекинат дневен и ноќен труд и мизерното плаќање на работниците, руската фабрикација вегетира само благодарение на заштитните царини против странските стоки. Најпосле ќе наведам уште еден спореден преглед на г. Редгрев за средниот број на вретената на фабрика и за предачите во различни европски земји. Самиот г. Редгрев забележува дека тој ги собирал овие броеви од пред неколку години, дека од тоа време во Англија пораснале и големините на фабриките и бројот на вретената на работник. Но тој претпоставува сразмерно исто толкав напредок и во наброените континентални земји, така што бројните податоци ја задржале својата компаративна вредност.

Среден број на вретена на фабрика
Англија 12,600
Франција 1,500
Прусија 1,500
Белгија 4,000
Саксонија 4,500
Австрија 7,000
Швајцарија 8,000
Среден број вретена на глава
Франција едно лице на 14 вретена
Русија едно лице на 28 вретена
Прусија едно лице на 37 вретена
Баварија едно лице на 46 вретена
Австрија едно лице на 49 вретена
Белгија едно лице на 50 вретена
Саксонија едно лице на 50 вретена
Швајцарија едно лице на 55 вретена
Помали германски држави едно лице на 55 вретена
Велика Британија едно лице на 74 вретена

Ова споредување“, вели г. Редгрев, „освен други причини е неблагопријатно за Велика Британија особено и поради тоа, дека таму суштествуваат голем број фабрики, во кои е сврзано предењето со машинското ткаење, а пак во сметката не е одбиена ни една глава што работи на разбои. Странските фабрики, напротив, повеќето се само предачници. Кога би можеле да споредуваме сосем еднакво со еднакво, тогаш јас би можел да наведам многу памучни предачници во мојата околија, во кои mule со 2.200 вретена ја надгледува само еден човек (minder) со две помагачки дневно фабрикува 220 фунти преѓа во должина од 400 милји (англиски).“ („Report of Insp. of Fact. 31 oct. 1866 стр. 31-37 во разни места).

Се знае дека во источна Европа, како и во Азија, англиски компании презеле на себеси да градат железница, и притоа покрај домашните употребуваат и извесен број англиски работници. Иако беа присилени од практичните потреби, да водат сметка за националната различност во интензивноста на трудот, тоа ним не им донесе никаква загуба. Нивниот опит учи дека, иако висината на наемнината повеќе или помалку ѝ одговара на средната интензивност на трудот, релативната цена на трудот (во однос на производот) општо се движи во противен правец.

Во „Есејот за нормата на наемнината,“[66] едно од своите најдобри економски дела, се обидува К. Кејри да докаже, дека различните национални наемнини стојат во права сразмера кон степенот на производноста на националните работни дни, и од овој интернационален однос да извлече заклучок дека наемнината општа расте или паѓа со производноста на трудот. Целата наша анализа за производството на вишокот на вредноста ја докажува бесмисленоста на овој заклучок дури и Кејри да ги докажеше своите премиси, наместо што, според својот обичај, го изразмеша еден со друг некритички и површно насобраниот отсекаде статистички материјал. Но најдоброто е тоа што тој не тврди дека работите стојат навистински така како што би требало да стојат според теоријата. Имено, мешањето на државата ги искривило природните економски односи. Затоа би морале националните наемнини така да се пресметуваат како еден дел од нив, што го зема државата во форма на данок, да им припаѓа на самите работници. Зар г. Кејри не можеше уште малку потака да поразмисли за тоа дали овие „државни трошоци“ не се исто така „природни плодови“ на капиталистичкиот развиток? Такво расудување би било сосем достојно за човек што капиталистичките производствени односи отпрво ги објави за вечни закони на природата и умот, чија што хармонична слободна игра се нарушува само со мешањето на државата, и после да открие, дека ѓаволското влијание на Англија на светскиот пазар, влијание кое како да не произлегува од природните закони на капиталистичкото производство, мешањето на државата го прави нужно, имено државна заштита над оние закони на природата и умот, alias [инаку речено] системот на протекционизам. Тој потака откри дека теоремите на Рикардо итн. во кои се формулирани општествените противности и противречностите што суштествуваат, не се идеален производ на вистинското економско движење, туку напротив, дека вистинските противности на капиталистичкото производство во Англија и во другите земји се резултат на теориите од Рикарда итн.? Тој најпосле откри дека, во последната линија, трговијата е таа што ги разрушува природните убавини и хармонии на капиталистичкиот начин на производството. Уште еден чекор потака, и тој можеби ќе откриеше дека единственото зло на капиталистичкото производство е самиот капитал. Само човек со така страшна некритичност и со таква de fauxoloi [лажна ученост], заслужува и покрај неговата протекционистичка ерес, да стане таинствен извор на хармонична мудрост на еден Бастија и на сите други оптимисти на современото фритредерство.



Фусноти

[64] „Неточно е да се каже оти наемнината се кренала“ (овдека се работи за нејзината цена), „поради тоа оти со неа е купено поголемо количество од поевтин артикал.“ (Давид Бјукeнен во неговото издание на „Wealth of Nations“ од А. Смит 1814, том I, стр. 417, белешка.)

[64a] На друго место ние ќе иследиме какви околности, во поглед на производноста, можат да го изменат овој закон за одделни гранки на производството.

[65] Џемс Ендерсон во полемиката против А. Смит забележува: „Вреди да се спомене и тоа дека во посиромашните земји каде што се земјишните производи, а особено житото поевтини, привидната цена на трудот навистина обично е пониска, па сепак таа е таму фактички повисока отколку во другите земји. Зашто наемнината што му се дава на работникот на ден не ја претставува вистинската цена на трудот, иако е таа негова привидна цена; вистинската цена се состои во тоа што определено количество изработен производ вистински го чини претприемачoт. Кога ја разгледуваме работата под оваа светлина, гледаме дека трудот речиси во сите случаи е поевтин во богатите земји отколку во сиромашните, иако цената на житото и на другите средства за живот по правило е многу пониска во последниве отколку во првите... Трудот, мерен на ден, многу е поевтин во Шкотска отколку во Англија ... Трудот на парче главно е поевтин во Англија.“ (James Anderson, “Observations on the Means of Exciting a Spirit of National Industry etc.“ Еdinburgh 1777, стр. 350, 351.) Обратно, ниската наемнина предизвикува од своја страна поскапување на трудот. „Трудот е поскап во Ирска отколку во Англија, наспроти тоа, или токму поради тоа што се наемнините таму толку пониски.“ (Бр. 2.074 во “Royal Commission on Railways, Minutes.” 1867.)

[66] “Essay on the Rate of Wages, with an Examination of the Causes of the Differences in the Condition of the Labouring Population throughout the World,” Philadelphia, 1835.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива