Карл Маркс
Капиталот (том 1)

ГЛАВА ОСУМНАЕСЕТТА

Наемнината од време


Од своја страна, самата наемнина зема сосем разнообразни форми а тоа е околност за која ништо не може да се разбере од економските учебници, кои во својата груба заинтересираност за материјата ја запоставуваат секоја разлика на формите. Сепак една прикажување на сиве овие форми влегува во специјалното учење за наемниот труд, значи не спаѓа во ова дело. Но нужно е овдека да се разгледаат накусо двете основни форми што господствуваат.

Како што се сеќаваме, продажбата на работната сила се врши постојано за определен период време. Затоа преобразената форма во која непосредно се претставува дневната, неделната итн. вредност на работната сила, е формата на „наемнината од време“, значи надницата итн.

Сега пред сѐ треба да се забележи дека изложените закони во петнаесеттата глава за менување на големината на цената на работната сила и на вишокот на вредноста се претворуваат со простата измена на формите, во закони на наемнината. Исто така разликата меѓу разменската вредност на работната сила и масата од средствата за живот, во кои се превртува оваа вредност се покажува сега како разлика меѓу номиналната и реалната наемнина. Би било бесполезно да се повторува кај пројавната форма она што се изложи веќе кај суштествената форма. Затоа ние се ограничуваме на неколку точки карактеристични за наемнината од време.

Паричната сума[30] што ја добива работникот за неговиот дневен, неделен итн. труд, е износот на неговата номинална или според вредноста проценета наемнина. Но јасно е дека според должината на работниот ден, според количеството труд што го дава тој дневно, истата дневна, неделна итн. наемнина може да претставува сосем различна цена на трудот т.е. сосем различни парични суми за истото количество труд.[31] Според тоа при наемнината од време мора да се прави потака разлика меѓу целокупниот износ на наемнината, на дневната, неделната итн. наемнина и цената на трудот. Но сега како да се најде оваа цена т.е. паричната вредност на едно дадено количество труд? Средната цена на трудот се добива кога ќе се подели средната дневна вредност на работната сила со бројот на часовите на средниот работен ден. Ако е на пр. дневната вредност на работната сила 3 шил., вредност произведена за 6 работни часа и ако работниот ден трае 12 часа, тогаш цената на еден час труд е = 3 шил. / 12 = 3 пенси. Така изнајдената цена на еден час труд служи како единица за мера на цената на трудот.

Оттука следува дека дневната, неделната итн. наемнина може да остане иста, иако цената на трудот постојано паѓа. Така на пр. ако обичниот работен ден е 10 часа, а дневната вредност на работната сила 3 шил., тогаш цената на работниот час ќе изнесува 3 3/5 пенси; последнава паѓа на 3 пенси штом ќе се качи работниот ден на 12 часа, а на 2 2/5 пенси, штом тој се качи на 15 часа. Дневната или неделната наемнина покрај сево ова, останува неизменета. Обратно, може дневната или неделната наемнина да се крене, иако цената на трудот останува постојана или дури паѓа. Така на пр. ако работниот ден е 10 часа, дневната вредност на работната сила 3 шил., тогаш цената на еден час труд е 3 3/5 пенси. Ако работникот, поради зголемувањето на работата, а при неизменетата цена на трудот, работи 12 часа, тогаш неговата дневна наемнина му се качува на 3 шил. 7 1/5 пенси, без измена во цената на трудот. Истиот резултат би се добил ако порастеше интензивната големина на трудот место нејзината екстензивна големина.[32] Порастот на номиналната дневна или неделна наемнина може, според тоа, да биде следен од неизменета или од спадната цена на трудот. Истото важи и за приходот на работничката фамилија, штом количеството труд што го дава главата на фамилијата ќе се зголеми уште со трудот од членовите на фамилијата. Според тоа за снижување на цената на трудот има методи што се независни од смалувањето на номиналната дневна или неделна наемнина.[33]

Но како општ закон излегува: ако е дадено количеството на дневниот, неделниот итн. труд, тогаш дневната или неделната наемнина зависи од цената на трудот, што се менува и самата, било заедно со вредноста на работната сила, било со отклонувањето на нејзината цена од нејзината вредност. Напротив, ако е дадена цената на трудот, дневната или неделната наемнина зависи од количеството на дневниот или неделниот труд.

Единицата за мера на наемнината од време, т.е. цената на работниот час, е делот на дневната вредност на работната сила што се добива кога ќе се подели таа со бројот часови на обичниот работен ден. Да земеме последниов да е 12 часа, дневната вредност на работната сила 3 шил., т.е. производ-вредност за 6 работни часа. Под овие околности цената на работниот час е 3 пенси, неговиот производ-вредност 6 пенси. Ако работи сега работникот помалку од 12 часа на ден (или помалку од 6 дена во неделата), на пр. само 6 или 8 часа, тогаш тој ќе добие, при овие цени на трудот, само 2 или 1 1/2 шил. дневно наемнина.[34] Иако мора тој, според претпоставката, да работи средно по 6 часа на ден за да произведе само една дневна наемнина што ѝ одговара на вредноста на неговата работна сила, бидејќи тој според истата претпоставка работи од секој час само 1/2 за себеси, а 1/2 за капиталистот, тогаш е очевидно дека тој не може да извади производ-вредност од 6 часа ако работи помалку од 12 часа. Понапред ги видовме разрушувачките резултати од претераниот труд, а овде се откриваат изворите на страдањата што произлегуваат за работникот кога тој нема да работи доволно (Unterbeschäftigung).

Ако се утврди наемнината од час како начин за плаќање, така што капиталистот да не се задолжува да плаќа дневна или неделна наемнина, ами да ги плаќа работните часови за кои сака да му работи работникот, тогаш тој може да го држи работникот на работа помалку време од времето што се зеде отпрво за основа при проценката на наемнината од час или на единицата на мерата за цената на трудот. Бидејќи единицата на мерата е определена од пропорцијата дневната вредност на работната сила / работен ден од даден број часови, таа природно губи секаква смисла штом ќе престане работниот ден да има определен број часови. Се кине врската меѓу платениот и неплатениот труд. Капиталистот сега може да извлече од работникот определено количество вишок труд, а да не му го даде нему работното време до онаа граница што е потребно за неговото самоодржување. Тој може да уништи секоја редовност во работата и сосем според удобноста, каприцот и моменталниот интерес да го сменува страшно претераниот труд со релативна или полна безработност. Тој може, под изговор дека плаќа „нормална цена на трудот“, ненормално да го продолжува работниот ден без каква било соодветна компензација за работникот. Затоа било сосем разумно востанието (1860) на лондонските градежни работници против обидот на капиталистите да им ја натурат оваа наемнина од час. Законското ограничување на работниот ден прави крај на такви злоупотреби, иако природно не ја уништува неполната вработеност што произлегува од конкуренцијата на машинеријата, од измената на квалитетот на употребените работници и од одделните и општите кризи.

При дневна или неделна наемнина што расте, може цената на трудот номинално да остане постојана, а сепак да падне под нејзиното нормално ниво. Тоа се случува секојпат штом ќе се продолжи работниот ден над неговото обично траење, а при постојана цена на трудот, односно на работниот час. Ако во дропката дневна вредност на работната сила / работен ден, расте именителот, тогаш броителот расте уште побргу. Вредноста на работната сила, што значи нејзиното абење, расте кога расте траењето на нејзиното функционирање и тоа во побрза сразмера отколку траењето на нејзината функција. Во многу индустриски гранки каде што преовладува наемнина од време, каде што нема законски граници на работното време, влегло затоа само од себе во обичај да важи работен ден како нормален „normal workіng dау“ „the day's work“ „the regular hours of work” [„нормален работен ден“, „дневен труд“, „регуларно работно време“] само до извесна точка, на пр. да истекот на 10 часа труд. Работното време над оваа граница е прекувремено (overtime) и се плаќа, земајќи го часот како единица за мера, подобро („extra рау“), иако често во смешно мала сразмера.[35] Нормалниот работен ден суштествува овдека како дропка од вистинскиот работен ден, а последниов често за време на целата година трае подолго отколку првиот.[36] Порастот на цената на трудот заедно со продолжувањето на работниот ден над извесна нормална граница добива во различни гранки на англиската индустрија таква форма, што ниската цена на трудот во време на таканареченото нормално време го присилува работникот, ако сака тој општо да извади достатна наемнина, да работи прекувреме, што подобро се плаќа.[37] Законското ограничување на работниот ден му прави крај на ова задоволство.[38]

Општо е познат фактот дека колку е подолг работниот ден во една индустриска гранка, толку е пониска наемнината.[39] Фабричкиот инспектор А. Редгрев го илустрира ова со компаративен преглед на дваесетгодишниот период од 1839 до 1859, од кој се гледа дека во фабриките, потчинети под десетчасовниот закон, наемнината се кревала, додека во фабриките каде што се работи 14 до 15 часа на ден таа паѓала.[40]

Од законот: „При дадена цена на трудот, дневната или неделната наемнина зависи од количеството на доставениот труд“, произлегува пред сѐ дека колку е пониска цената на трудот, толку мора да е поголемо количеството труд или толку подолг работниот ден, за да му се осигури на работникот барем само една бедна средна наемнина. Ниската цена на трудот дејствува овдека како поттик за продолжување на работното време.[41]

Но, обратно, продолжувањето на работното време предизвикува од своја страна пад на цената на трудот, а со тоа и на дневната или неделната наемнина.

Од определувањето на цената на трудот со дропката дневната вредност на работната сила / работно време од даден број часови, излегува дека простото продолжување на работниот ден ја снижува цената на трудот, ако нема никаква компензација. Но истите околности, што му дозволуваат на капиталистот да го продолжува траењето на работниот ден, му дозволуваат сега нему и најпосле го присилуваат да ја сметне цената на трудот и номинално, сѐ додека не се сметне и целокупната цена на зголемениот број часови — т.е. дневната или неделната наемнина. Овдека е доста да се укаже на две околности. Ако почнува еден човек да врши работа за 1 1/2 или за 2 човека, тогаш расте предлагањето на трудот, иако предлагањето на работните сили што се најдуваат на пазарот останува постојано. Конкуренцијата што се создава така меѓу работниците го оспособува капиталистот да ја урне цената на трудот, додека паднатата цена на трудот обратно го ослободува него уште повеќе да го зголеми работното време.[42] Сепак ова располагање со ненормално количество неплатен труд, т.е. надминувањето на средното општествено ниво, набргу станува средство за конкуренција меѓу самите капиталисти. Еден дел од цената на стоката се состои од цената на трудот. Неплатениот дел од цената на трудот не треба да се смета во цената на стоката. Тој може да му се подари на купецот. Ова е првиот чекор кон кој тера конкуренцијата. Вториот чекор кон кој присилува таа е да се исклучи од продажната цена на стоката најмалку еден дел од ненормалниот вишок на вредноста произведен со продолжувањето на работниот ден. На овој начин се образува отпрво овде-онде, а после малку по малку се фиксира, една ненормално ниска продажна цена на стоката, што отсега натаму станува постојана основа за жалосна наемнина и за прекумерно работно време, иако отпрво таа беше производ на овие околности. Ние само споменуваме за ова движење, бидејќи анализата на конкуренцијата не спаѓа овдека. Сепак за еден момент нека се искаже самиот капиталист:

„Во Бирмингем конкуренцијата меѓу сопствениците е така голема, што понекој од нас е присилен како претприемач да го прави она, што инаку би се срамел да го прави; и сепак со тоа не се прават повеќе пари („and уеt no more money is made); туку само публиката има од тоа полза.“[43]

Да се сетиме за двете сорти лондонски лебари, од кои едните го продаваат лебот за полна цена (the „fullpriced“ bakers), а другите под неговата нормална цена, („the underpriced“, „the undersellеrѕ”). Fullpriced-ите ги тужат своите конкурентни пред парламентарната иследна комисија:

„Тие суштествуваат само од тоа што, прво, ја лажат публиката“ (со фалсификување на стоката) „и, второ, благодарение на тоа што извлекуваат од своите луѓе 18 работни часа за наемнина од дванаесетчасовен труд ... неплатениот труд (the unpaid labour) на работникот е средството со кое се води конкурентската битка ... Конкуренцијата меѓу лебарите-мајстори е пpичина за тешкотијата во отстранувањето на ноќниот труд. Еден што го продава лебот под цената на трошоците, си доплатува со тоа што истерува повеќе труд од своите луѓе. Ако вадам од моите луѓе само 12 часа труд, а мојот сосед напротив 18 или 20, тој мора мене да ме бие во продажната цена. Кога би можеле работниците да достојат во барањето да им се плаќа за прекувремениот труд тогаш побргу би му дошол крајот на овој маневар... Голем број од работниците што се на работа кај сите што продаваат под цена се туѓинци, млади и други што се присилени да се задоволат речиси со секаква наемнина, што можат да ја извојуваат“.[44]

Оваа еремијада е интересна, меѓу другото, и поради тоа што покажува како се одразува во мозокот на капиталистот само надворешниот привид на производствените односи. Капиталистот не знае дека и нормалната цена на трудот вклучува определено количество неплатен труд и дека токму овој неплатен труд е нормалниот извор на неговата добивка. Категоријата за вишокот на работното време за него општо не суштествува, бидејќи таа е вклучена во нормалниот работен ден, за која мисли тој дека ја плаќа во дневната наемнина. Но за него наполно суштествува прекувремениот труд, продолжувањето на работниот ден над границата што ѝ одговара на обичната цена на трудот. Тој дури настојува неговиот конкурент што продава под цена, да плати екстра (extra рау) за ова прекувреме. Но тој пак не знае дека ова екстра плаќање исто така вклучува неплатен труд, како и цената на обичниот работен час. На пр. цената на еден час од дванаесетчасовниот работен ден е 3 пенси, вредност произведена за 1/2 час работа, додека цената на прекувремениот работен час е 4 пенси, — вредност произведена за 2/3 часа работа. Во првиот случај капиталистот присвојува 1/2 од еден работен час, а во вториот 1/3 без плаќање.



Фусноти

[30] Самата парична вредност овдека секојпат се претпоставува како постојана.

[31] „Цената на трудот е онаа сума што се плаќа за определено количество труд.“ (Sir Edward West, “Price of Corn and Wages of Labour,” London 1826, стр. 67.) Вест е авторот на анонимното дело што создаде епоха во историјата на политичката економија: “Essay on the Application of Capital to Land,” London 1815.

[32] „Наемнината зависи од цената на трудот и од количеството на издадениот труд... Зголемување на наемнината сѐ уште не мора да значи и зголемување на цената на трудот. Ако се работи подолго и ако е поголем напорот, наемнината значително може да се покачи, а цената на трудот да остане иста.“ West: „Price of Corn etc.,“ стр, 67, 68, 112.) Притоа, од главното прашање: како се определува „цената на трудот", Вест се откинува со банални фрази.

[33] Тоа го чувствува фанатичниот претставник на индустриската буржоазија од 18 век, често од нас цитираниот писател на „Essay on Trade and Commerce”, иако тој ја претставува работата конфузно: „Со цената на средствата за живот и на другите предмети за потрошувачка се определува количеството труд, а не неговата цена (под ова пак ја разбира номиналната дневна или неделна наемнина). „Ако ја сметнеме значително цената на предметите за потрошувачка, ние со тоа сразмерно ќе го смалиме и количеството труд... Фабрикантите знаат оти има различни методи за покачување и снижување на цената на трудот освен изменувањето на нејзиниот номинален износ.“ (Во споменатото дело, стр. 48, 61). Н. В. Сениор во своите „Three Lectures on the Rate of Wages“. London 1830, каде што го ползува делото на Вест, без да го цитира него, меѓу другото, вели: „Работникот главно го интересира висината на наемнината.“ (стр. 14). Значи, работникот главно го интересира она што го прима, номиналниот износ од наемнината, а не тоа што го дава, количеството на трудот!

[34] Влијанието на таква анормална, недоволна работа е сосем различно од општото присилно законско скусување на работниот ден. Првата нема никаква врска со апсолутната должина на работниот ден и може лесно да настапи како кај 15-часовниот работен ден така и кај 6-часовниот работен ден. Нормалната цена на трудот во првиот случај е пресметана работникот средно да работи 15 часа на ден, во вториот случај по 6 часа. Поради тоа резултатот останува ист, ако во првиот случај тој работи 7 1/2 часа, во вториот само 3 часа.

[35] „Нормата на плаќањето на прекувремениот труд (во мануфактурата на тантели) толку мала, 1/2 пенси итн. на час, што стои во остра противречност со огромната штета што му ја причинува прекувремениот труд на здравјето и животната сила на работникот... Освен тоа вака добиениот мал придаток мора често пак да се потроши на додатни средства за поткрепа.“ (CEC, II, стр. XVI, бр. 117.)

[36] На пр. во печатниците на тапети пред скорешното воведување на фабричкиот акт: „Ние работиме без да запреме за јадење, така што дневната работа од 10 1/2 часа се свршува во 4:30 часот попладне, и сето натаму е прекувремена работа која ретко престанува пред 8 часот навечер, така што ние всушност работиме преку целата година прекувремено.“ (Mr. Smith'ѕ Еvidence, во CEC, I, стр. 125.)

[37] На пр. во шкотските белилници. „Во некои делови од Шкотска во оваа индустрија (пред воведувањето на Фабричкиот акт од 1862) се практикуваше системот на прекувремена работа, т.е. 10 часа важеше како нормален работен ден. Затоа човекот добиваше 1 шил. и 2 пенси. Но кон тоа идеше една прекувремена работа од 3 или 4 часа дневно, за што се плаќаше 3 пенси на час. Резултат од овој систем: еден човек што работи само нормално време, може да заслужи само 3 шилинзи неделно. Без прекувремена работа наемнината не достасуваше“. (RIF, за 30 април 1863, стр. 10.) „Дополнителното плаќање за прекувремената работа е едно искушение на кое работникот не може да му се противстави.“ (RIF, за 30 април 1848, стр. 5.) Книгоподврзниците во лондонскиот Сити применуваат мошне многу млади девојки од 14-15 години, и притоа по ученичкиот договор, кој предвидува определен број работни часови. И сепак, во последната недела од секој месец тие работат до 10, 11, 12 и до 1 часот ноќе заедно со возрасните работници во мошне измешана компанија. „Стопаните нив ги мамат (tempt) со дополнителна награда и пари за една добра вечера“, што ја земаат од соседната крчма. Големиот разврат што се создава така (CEC, V, стр. 44, бр. 191) меѓу оваа „young immortals” [„бесмртна младеж“], се компензира со тоа, што тие меѓу другото подврзуваат и многу библии и душеспасителни книги.

[38] Види RIF, за 30 април 1863, исто. Со наполно правилна оценка на положбата на работите, лондонските градежни работници изјавија во време на големиот штрајк и локаут од 1860 г., оти ќе се согласат да ја примаат наемнината од час само под два услова: 1) заедно со цената на работниот час да се утврди еден нормален работен ден од 9, односно 10 часа, и цената на часот од десетчасовниот работен ден да биде поголема од цената на 1 час од деветчасовниот работен ден, 2) секој час над нормалниот ден да се плаќа како прекувремен и сразмерно повисок.

[39] „Бидејќи е познат фактот дека таму каде што е по правило работното време долго, наемнината по правило е ниска.“ (RIF за 31 октомври 1863, стр. 9.) „Трудот што му донесува на работникот најмногу храна обично е прекувремен труд.“ (PHR, VI, 1863, стр. 15.)

[40] RIF, за 30 април 1860, стр. 31, 32.

[41] Рачните изработувачи на клинчиња во Англија, поради ниските цени на трудот, биле принудени на пр. да работат по 15 часа на ден за да ја извадат најбедната неделна наемнина. „Многу, мошне многу часови на ден тие мораат тешко да 'ргаат за целото време за да извадат 11 пенси или 1 шилинг, а од 2 1/2 до 3 пенси оди на абење на алатите, горивото и отпадоците од железо.“ (СЕС, III, 136, бр. 671.) Жените за истото работно време заслужуваат неделна наемнина само од 5 шилинзи. (Исто, стр. 137, бр. 674.)

[42] Кога би се спротивил некој фабрички работник на пр. да работи по воведениот поголем број часови „тој бргу би бил заменет со некој друг, кој е готов да работи без оглед на должината на работното време, и така тој би бил исфрлен на улица.“ (RIF, за 31 октомври 1848, Evidence, стр. 39, бр. 58.) „Ако еден човек работи за двајца... профитната норма главно ќе се крене... зашто ова придадено предлагање на трудот ја снижило неговата цена.“ (Senior: „Three Lectures on the Rates of Wages,” стр. 15.)

[43] СЕС, III, Evidence, стр. 66, бр. 22.

[44] „Report etc. Relative to the Grievances Complained of by the Journeymen Bakers,” London 1862 стр. LII, u на истото места, Evidence, бр. 479, 359, 27. Притоа и при fullpriced, како што понапред спомнавме, и како што признава самиот нивни водач Бенет, ги тераа своите луѓе „да ја почнат работата околу 11 часот вечерта или порано и често таа продолжува до 7 часот следната вечер.“ (Исто, стр. 22.)


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива