Карл Маркс
Капиталот (том 1)

Оддел шести
Наемнина

ГЛАВА СЕДУМНАЕСЕТТА

Претворување на вредноста или на цената на работната сила во наемнина


На површината на буржоаското општество наемнината од работникот се појавува како цена на трудот, како едно определено количество пари, кое се плаќа за едно определено количество труд. Овдека се зборува за вредност на трудот и неговиот паричен израз се вика негова неопходна или природна цена на трудот. Од друга страна, се зборува за пазарна цена на трудот, т.е. за цени што осцилираат над или под неговата неопходна цена.

Но што е вредност на некоја стока? Предметна форма на општествениот труд потрошен за нејзиното производство. А со што ја мериме големината на нејзината вредност? Со големината на трудот содржан во неа. Според тоа со што ќе се определи вредноста на пр. на еден дванаесетчасовен работен ден? Со 12 работни часа содржани во еден работен ден од 12 часа, што е бесмислена тавтологија.[21]

За да се продаде на пазар како стока, трудот секако мора да суштествува пред тој да се продаде. Но ако може работникот да му даде нему самостојно суштествување, тогаш тој би продавал стока, а не труд.[22]

Ако не ги земеме предвид овие противречности, тогаш една директна размена на парите, т.е. на опредметениот труд, со живиот труд, би го уништила или законот на вредноста, што слободно се развива имено врз основа на капиталистичкото производство, или би го уништила самото капиталистичка производство, што почива токму врз наемниот труд. Да земеме дека работниот ден од 12 часа се претставува на пр. во парична вредност од 6 шил. Или ќе се разменуваат еквиваленти и тогаш работникот ќе добие за 12 часовен труд 6 шил. Цената на неговиот труд ќе биде еднаква со цената на неговиот производ. Во овој случај тој не произведува никаков вишок на вредност за купецот на неговиот труд, 6-те шил. не ќе се претворат во капитал, основата на капиталистичкото производство ќе исчезне; но токму врз оваа основа тој и го продава својот труд, а неговиот труд е наемен труд. Или ќе добие тој за 12 часа труд помалку од 6 шил. т.е. помалку од 12 часовен труд. Дванаесет часа труд ќе се разменува за 10, 6 итн. часа труд. Ова изедначување на нееднакви големини не само што ја уништува определбата на вредноста, туку таква противречност што се уништува сама себеси не може општо ни да биде искажана ни да биде формулирана како закон.[23]

Ништо не помага обидот да се изведе размената на повеќе труд за помалку од разликата во формите, дека е тој едниот пат опредметен, а другиот пат жив труд.[24] Ова е толку побесмислено, бидејќи вредноста на некоја стока не се определува од количеството труд што е вистински опредметен во неа, туку од количеството жив труд кој е потребен за нејзиното производство. Нека претставува една стока 6 работни часа. Ако се најде некој изнајдок со кој ќе може таа да се произведува за 3 часа, тогаш ќе спадне вредноста за половина и на веќе произведената стока. Таа сега претставува 3 часа потребен општествен труд место порано 6 часа. Значи, големината на нејзината вредност не се определува од опредметената форма на трудот, туку од количеството труд потребно за нејзиното производство.

Она што директно истапува на стоковниот пазар спроти стопанот на парите секако не е трудот, туку работникот. Она што го продава последниов е неговата работна сила. Штом неговиот труд навистина ќе започне, тој веќе престанал да му припаѓа нему, значи тој повеќе и не може да го продава. Трудот е супстанцата и внатрешната мера на вредноста, но самиот тој нема вредност.[25]

Во изразот „вредност на трудот“ не само што поимот за вредноста наполно исчезнува, туку се превртува во својата спротивност. Тој е имагинарен израз, нешто слично како вредноста на земјата. Сепак овие имагинарни изрази произлегуваат од самите производствени односи. Тие се категории во кои се пројавуваат суштествени односи. Дека предметите во својата пројава се претставуваат често во превртен вид, познато е скоро во сите науки, освен во политичката економија.[26]

Класичната политичка економија ја зајмила од секојдневниот живот без натамошна критика категоријата „цена на трудот“, за да се запраша отпосле како да се определи оваа цена? Таа набргу разбра дека измената во односот меѓу барањето и предлагањето не може ништо да објасни во цената на трудот, како и кај секоја друга стока, освен нејзината измена т.е. осцилирањето на пазарните цени под или над извесна големина. Ако се покрие барањето со предлагањето тогаш, под инаку неизменети околности, престанува осцилирањето на цената. Но тогаш барањето и предлагањето ништо не можат да ни објаснат. Цената на трудот, кога се покриваат барањето и предлагањето е неговата природна цена, која се определува независно од односот на барањето и предлагањето, и така се најде дека „природната“ цена на трудот е токму вистинскиот предмет за испитување. Или е земен подолг период на колебање на пазарната цена, на пр. една година, и тогаш најдуваа дека нејзините колебања горе-долу се еднакви со една средна постојана големина. Природно дека оваа цена морала поинаку да се определува, а не како колебањата од неа што се компензираат меѓу себе. Оваа цена на трудот, што стои над случајните пазарни цени на трудот и што ги регулира нив т.н. „неопходна цена“ (физиократите) или „природна цена“ на трудот (Адам Смит) може, како и кај другите стоки, да биде само неговата вредност изразена во пари. На овој начин мислеше политичката економија низ случајните цени на трудот да се пробие кон неговата вредност. Тогаш, како и кај другите стоки, оваа вредност се определувала потака со трошоците на производството. Туку што се тоа трошоци на производство на работникот, т.е. трошоци за да се произведе самиот работник или да се препроизведе? Ова прашање несвесно ѝ се вовлече на политичката економија наместо првобитното, бидејќи таа со трошоците за производство на трудот како такви се вртеше во круг и не можеше да се мрдне од место. Тоа што го викаше таа вредност на трудот (value of labour), всушност е вредноста на работната сила, што суштествува во личноста на работникот и е исто така различна од нејзината функција — трудот, како што се разликува една машина од нејзините операции. Зафатена со разликата меѓу пазарните цени на трудот и со неговата т.н. вредност, со односот на оваа вредност кон нормата на профитот, кон стоковните вредности произведени со посредство на трудот итн. таа никогаш не откри дека го доведе текот на анализата не само од пазарните цени на трудот кон неговата божемна вредност, туку самата оваа вредност на трудот ја сведе на вредност на работната сила. Несвесна за овој резултат од нејзината сопствена анализа, прифаќајќи ги некритички категориите „вредност на трудот“, „природна цена на трудот“ итн. како последни адекватни изрази на третираниот однос на вредноста, класичната политичка економија се заплетка, како што ќе видиме подоцна, во неразрешиви конфузии и противречности, та со тоа таа ѝ даде сигурна операциона база на плиткоста на вулгарната економија што принципиелно го признава надворешниот изглед на појавата.

Да видиме сега најпрво како се претставува вредноста и цената на работната сила во својата преобразена форма како наемнина.

Ние знаеме дека дневната вредност на работната сила се пресметува врз извесно траење на животот на работникот на која ѝ одговара извесна должина од работниот ден. Да земеме да е обичниот работен ден 12 часа, а дневната вредност на работната сила 3 шил., т.е. паричен израз на една вредност во која се претставени 6 работни часа. Ако добие работникот 3 шил. тогаш тој ја добива вредноста на неговата работна сила што функционира за време од 12 часа. Ако ја изразиме сега оваа вредност на работната сила како вредност на дневниот труд, тогаш ќе ја добиеме формулава: Дванаесетчасовниот труд има вредност од 3 шил. Вредноста на работната сила така ја определува вредноста на трудот или, изразено во пари, неговата нужна цена. Ако се отклони цената на работната сила од нејзината вредност, тогаш исто така, и цената на трудот се отклонува од таканаречената негова вредност.

Бидејќи вредноста на трудот е само ирационален израз за вредноста на работната сила, тоа само од себе излегува дека вредноста на трудот мора постојано да биде помала од вредноста што ја произведува тој, зашто капиталистот постојано ја присилува работната сила да му функционира подолго отколку што е потребно за препроизводство на нејзината сопствена вредност. Во горниот пример вредноста на работната сила што функционира 12 часа е 3 шил., една вредност за чие препроизводство е потребно 6 часа. Производот-вредност е, напротив, 6 шил. бидејќи таа навистина функционира 12 часа, а нејзиниот производ-вредност не зависи од нејзината сопствена вредност, туку од временското траење на нејзината функција. Така, на прв поглед го добиваме невкусниот резултат, дека трудот што создава вредност од 6 шил. има вредност од 3 шил.[27]

Потака гледаме: вредноста од 3 шил. во која се претставува платениот дел од работниот ден, т.е. шестчасовниот труд се појавува како вредност или цена на целокупниот работен ден од 12 часа што содржи 6 неплатени часа. Според тоа формата на наемнината брише секаков траг од поделбата на трудот во потребен труд и вишок на труд, во платен и неплатен труд. Сиот труд се покажува како платен труд. Кај ангаријата трудот на кулучарот што го врши сам за себеси и неговиот труд што го врши насила за земјопоседникот се разликуваат меѓу себе опипливо јасно и просторно и временски. Кај ропскиот труд дури делот од работниот ден во кој робот ја надоместува само вредноста на своите сопствени средства за живот, значи во кој тој навистина работи сам за себе, се покажува како труд за неговиот господар. Сиот негов труд се покажува како неплатен труд.[28] Кај наемниот труд напротив самиот вишок на трудот или неплатениот труд се покажува како платен. Во горниот случај односот на сопственоста ја крие работата на робот за самиот себе. Во другиот — паричниот однос го крие неплатениот труд на наемниот работник.

Поради тоа е разбирлива решавачката важност на претворањето на вредноста и цената на работната сила во форма на наемнина или во вредност и во цена на самиот труд. Врз оваа појавна форма, која го крие вистинскиот однос и ја покажува токму неговата спротивност, почиваат сите правни претстави како на работникот така и на капиталистот, сите мистификации на капиталистичкиот начин на производство, сите негови илузии за слобода, сите апологетски извртувања на вулгарната економија.

Ако ѝ требаше на светската историја многу време да навлезе во тајната на наемнината, напротив, ништо не е полесно отколку да се разбере нужноста, the raison d’etre [смислата] на оваа пројавна форма.

Размената меѓу капиталот и трудот ни се претставува пред нашите очи отпрво сосем на ист начин како и купувачката и продажбата на сите други стоки. Купецот дава извесна сума пари, продавачот еден артикал различен од парите. Правната свест знае овдека во најдобар случај само една материјална разлика, што се изразува во правно еквивалентски формули. “Do ut des, do ut facias, facio ut des, facio ut facias.”[1*]

Потака: Бидејќи разменската вредност и употребната вредност се сами по себеси несомерливи големини, тогаш изгледа дека ни изразот: „вредност на трудот“, „цена на трудот“ не е поирационален од изразот „вредност на памукот“, „цена на памyкот“. Кон ова иде и тоа што на работникот му се плаќа откога веќе го издал својот труд. Но во својата функција како платежно средство парите ја реализираат вредноста отпосле или цената на доставениот артикал, значи во дадениот случај вредноста или цената на доставениот труд. Најпосле, „употребната вредност“ што му ја доставува работникот на капиталистот секако не е неговата работна сила, ами нејзината функција, еден определен полезен труд, труд на шивачот, чевларот, предачот итн. Фактот дека овој ист труд, од друга страна, е општ елемент што создава вредност — едно својство со кое тој се разликува од сите други стоки — тоа излегува надвор од пределите на обичната свест.

Ако застанеме на гледиштето на работникот, што за дванаесетчасовен труд на пр. добива вредност произведена во шестчасовен труд, да речеме 6 шил., тогаш неговиот дванаесетчасовен труд за него е навистина куповно средство од 3 шил. Вредноста на неговата работна сила може да се изменува со вредноста на неговите обични средства за живот од 3 на 4 шил. или од 3 на 2 шил., или при неизменета вредност на неговата работна сила може нејзината цена, поради изменетиот однос на барањето и предлагањето, да се качи на 4 шил. или да падне на 2 шил., во сиве овие случаи работникот секојпат дава 12 часа труд. Затоа секоја измена во големината на еквивалентот што го добива нему нужно му се чини како измена на вредноста или на цената на неговите 12 работни часа. Оваа околност го одвела Адам Смит, кој го третира работниот ден како една постојана големина,[29] кон обратно тврдење; дека вредноста на трудот е постојана, иако се изменува вредноста на средствата за живот и дека според тоа истиот работен ден се претставува за работникот во повеќе или помалку пари.

Ако го земеме, од друга страна, капиталистот, тогаш тој најнапред сака да добие колку што се може повеќе труд за колку што се може помалку пари. Затоа него практично го интересира само разликата меѓу цената на работната сила и вредноста што ја создава нејзиното функционирање. Но тој се обидува да ги купи сите стоки колку што се може поевтино, та тој си го објаснува и својот профит општо со проста измама, со купувањето под вредноста и со продавањето над вредноста. Затоа нему ни на ум не му иде дека, кога навистина би суштествувала такво нешто како што е вредноста на трудот, а кога тој навистина би ја плаќал неговата вредност, тогаш не би суштествувал никаков капитал, неговите пари не би се претвориле во капитал.

Притоа вистинското движење на наемнината покажува појави, кои како да докажуваат дека не се плаќа вредноста на работната сила, туку вредноста на нејзината функција, самиот труд. Овие појави можеме да ги сведеме на две големи класи. Прво: Измена на наемнината со измената на должината на работниот ден. Исто така би можело да се заклучи дека не се плаќа вредноста на машината, туку нејзините операции, бидејќи повеќе чини наемот на една машина за една недела отколку за еден ден. Второ: Индивидуалната разлика меѓу наемнините од различни работници што вршат иста функција. Истата оваа индивидуална разлика, само без да дава повод за илузии, ја најдуваме и во робовскиот систем, каде што самата работна сила се продава сосем отворено без заобиколки. Само што ползата од една работна сила што стои над средната, или загубата од една работна сила што стои под средната; во робовскиот систем му се паѓа на сопственикот на робовите, а во системот на наемниот труд на самиот работник, бидејќи во последниов случај тој самиот си ја продава својата работна сила, а во првиот случај неа ја продава некое трето лице.

Меѓу другото, за пројавните форми како „вредност“ и „цена на трудот" или „наемнина“ за разлика од суштествениот однос што се пројавува во такви форми — вредноста и цената на работната сила — важи истото што важи за сите појавни форми и за нивната скриена основа. Првите се препроизведуваат непосредно, спонтано, како вообичаени форми на мислење, а другото мора да го открие дури науката. Класичната политичка економија се има приближено до вистинската положба на работата, а без да го формулира свесно. Таа и не може тоа да го стори, сѐ додека се најдува во својата буржоаска кожа.



Фусноти

[21] „Рикардо навистина итро избегнува една мачнотија, која на прв поглед изгледа оти ѝ го препречува патот на неговата теорија, дека вредноста зависи од количеството труд употребено во производството. Ако го примениме буквално овој принцип, тогаш излегува дека вредноста на трудот зависи од количеството труд употребено за неговата изработка, а тоа е очигледно бесмислено. Поради тоа со итар обрт Рикардо вели дека вредноста на трудот зависи од количеството труд што е потребно за производство на наемнината или да се изразиме на негов начин, тој тврди оти вредноста на трудот треба да се мери со она количество труд што се сака за производство на наемнината; со тоа мисли на она количество труд што е потребно да се произведат пари или стоки што ги добива работникот. Тоа е исто како да се тврди дека вредноста на шајакот треба да се оцени не по количеството труд што е потрошено за неговото производство, туку по количеството труд потрошено за производство на среброто за кое се разменува шајакот." („A Critical Dissertation on the Nature etc. of Value”, стр. 50, 51.)

[22] „Ако се вика и трудот стока, сепак тој не е како другите стоки, кои отпрво се произведуваат со цел за размена, а после се изнесуваат на пазар, каде што треба да се разменат во определени количества за стоки што токму се најдуваат на пазарот. Трудот се создава во оној момент кога се донесува на пазар, дури нешто повеќе, тој се донесува на пазар и пред да се создал.“ („Observations on some disputes etc.,“ стр. 75, 76.)

[23] „Ако го разгледуваме трудот како стока, а исто така и капиталот, кој е производ на трудот, и ако е вредноста на обете стоки определена од исто количество труд, тогаш определено количество труд ... ќе се разменува за извесно количество капитал создадено со истото количество труд; минатиот труд ... ќе се разменува за истото количество сегашен труд. Но вредноста на трудот во однос на другите стоки... не се определува со еднакви количества труд.“ (E. G. Wakefield во неговото издание од А. Смит „Wealth of Nations.“ London 1836, кн. I, стр. 231, белешка.)

[24] „Требаше да се согласи“ [еве уште едно издание на „contrat social“ [општествен договор] „што секојпат, кога се разменува минат труд со иден труд, последниов (lе capitaliste) [капиталистот] ќе добие поголема вредност отколку првиот (lе travailleur)“ [работникот] [Sismondi: „De la Richesse Commerciale.“ Geneve 1803, кн. I, стр. 37.)

[25] „Трудот, исклучивата мерка на вредноста ... создателот на секое богатство, не е стока.“ (Thomas Hodgskin: „Popular Political Есоnоmу”, стр. 186.)

[26] Напротив, да се прогласуваат такви изрази за проста licentia poetica [поетска слобода] ја покажува само бесцелноста на анализата. Затоа по повод фразата на Прудона: „Се вели за трудот дека има вредност, не како вистинска стока, туку со оглед на вредностите кои сметаме оти потенцијално ги содржи во себеси. Вредноста на трудот е фигуративен израз итн.“, јас забележав: „Во стоката — труд, која е страшна реалност, тој гледа само граматичка елипса. Според тоа целото денешно општество, кое почива врз стоковниот карактер на трудот, досега почива врз една поетска слобода, на еден фигуративен израз. Ако општеството сака да ги „отстрани сите незгоди“ од кои страда, тогаш добро! Нека ги отстрани изразите што ѕвонат лошо, нека го измени јазикот, а за ова е достатно да се обрне до Академијата и да побара од неа ново издание на речникот.“ К. Маrx: „Misère de la Philosophie”, стр. 34, 35.) — Се разбира оти е уште поугодно под терминот вредност ништо да не се замислува. Тогаш може без да се мисли сешто да се стави под оваа категорија. Така на пр. Ж. Б. Сеј праша: Што е valeur? [вредност], одговор: „Она што вреди еден предмет“. A што е „цена“? Одговор: Вредност на некој предмет изразена во пари“. А зошто има „трудот на земјата... вредност? Зашто му се дава цена“. Значи вредност е она што вреди некој предмет, а земјата има „вредност“, зашто нејзината вредност се „изразува во пари“. Ова секако е еден мошне прост метод за да се објасни why [зашто] и wherefore [поради што] на секое нешто.

[27] Спореди: „Zur Kritik der Politischen Oekonomie”, стр. 40, каде што изјавив дека при испитувањето на капиталот треба да се реши проблемот: „Како производството врз основа на разменската вредност, што се определува исклучиво од работното време, доведува до резултат, што разменската вредност на трудот да е помала од разменската вредност на неговиот производ?“

[28] „Morning Star“, еден до глупост наивен орган на лондонските приврзаници на слободната трговија, за целото време на Американската граѓанска војна непрекинато тврдеше со сето за човека возможно морално згрозување дека Негрите во “Confederate States” работат сосем бесплатно. Требаше тој да се потруди да ги спореди дневните трошоци на еден таков Heгap со трошоците на слободните работници на пр, од East End во Лондон.

[29] Кога говори за наемнината од парче А. Смит само случајно алудира на измените на работниот ден.


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Давам, за да дадеш; давам, за да правиш; правам, за да дадеш и правам, за да правиш.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива