Како што видовме капиталистичкото производство почнува вистински дури таму, каде што еден ист индивидуален капитал зема на работа поголем број работници, значи каде што процесот на трудот го проширува својот обем и дава производ во поголем квантитативен размер. Дејствување на поголем број работници во едно исто време, на исто место (или ако се сака, на исто поле на трудот) за производство на една иста сорта стока под команда на еден ист капиталист, историски и поимно ја прави излезната точка на капиталистичкото производство. Во однос на самиот начин на производство мануфактурата на пр. во нејзините почетоци одвај ако се разликува од еснафското занаетчиско производство со нешто друго освен со поголемиот број работници едновремено земени на работа од еден ист капиталист. Работилницата на еснафскиот мајстор само што се раширила.
Значи, разликата отпрва е само квантитативна. Видовме дека масата на вишокот на вредноста, што ја произведува некој даден капитал е еднаква со вишокот на вредноста што го доставува одделниот работник помножен со бројот на работниците кои работат едновремено. Овој број сам по себе со ништо не ја изменува нормата на вишокот на вредноста, или степенот на експлоатацијата на работната сила, а на однос на производството на стоковните вредности, изгледа дека е индиферентна секоја квалитативна измена во процесот на трудот. Ова произлегува од природата на вредноста. Ако се опредмети еден дванаесетчасовен работен ден во 6 шил., тогаш 1200 такви работни дена ќе се опредметат во 6 Х 1200. Во едниот случај се овоплотиле во производот 12 Х 1200, а во другиот 12 работни часа. Во производството на вредноста мнозината секој пат претставуваат само многу одделни единици. Значи, за производството на вредноста нема никаква разлика дали 1.200 работници произведуваат одделно или соединето под команда од еден ист капитал.
Сепак во рамките на извесни граници се врши некоја модификација. Трудот опредметен во вредноста е труд од среден општествен квалитет, значи пројавување на една средна работна сила. Но една средна големина постои секогаш само како средина од многу различни индивидуални големини од ист вид. Во секоја индустриска гранка индивидуалниот труд на Петре или Павле повеќе или помалку се отклонува од средниот труд. Овие индивидуални отклонувања, што се викаат во математиката „грешки“, се компензираат и исчезнуваат штом ќе се земат заедно поголем број работници. Прочуениот софист и сикофант Едмунд Берк тврди врз основа на својот практичен опит како закупник, дека веќе „при таква мала групичка“ од 5 земјоделски работници исчезнува секаква индивидуална разлика на трудот, значи, земено заедно, првите пет најдени англиски возрасни земјоделски работници ќе извршат во исто време токму толку работа колку кои сакале биле други пет англиски земјоделски работници.[8] Било како било, јасно е дека целокупниот работен ден на еден поголем број работници што работат едновремено поделен со бројат на работниците, сам по себе е ден од среден општествен труд. Нека биде на пр. работниот ден на едниот дванаесетчасовен. Тогаш работниот ден на 12 работници едновремено на работа ќе чини еден вкупен работен ден од 144 часа, иако трудот на секој еден од дванаесетте повеќе или помалку се отклонува од средниот општествен труд, така што на секој еден може да му треба повеќе или помалку време за да го направи истото, сепак работниот ден на секој одделен, гледан како една дванаесетинка од вкупниот работен ден од 144 часа има среден општествен квалитет. Но за капиталистот, што има на работа 12 работници работниот ден суштествува само како вкупен работен ден од дванаесетмина. Работниот ден на секој еден суштествува само како аликвотен дел од вкупниот работен ден, сосем независно од тоа, дали дванаесетмина работат поврзано меѓу себе или сета врска на нивните работи се состои само во тоа, што работат за ист капиталист. Напротив, ако овие 12 работници ги земаат некои ситни мајстори на работа по двајца, тогаш ќе биде само случајно дали секој одделен мајстор ќе ја произведе истата маса вредност и со тоа да ја реализира општата норма на вишокот на вредноста. Би се вршеле индивидуални отклони. Ако употребува работникот за производство на една стока значително повеќе време отколку што се сака општествено, ако се отклони работното време што е за него индивидуално потребно значително од општествено потребното или средното работно време, тогаш неговиот труд не ќе важи како среден труд, неговата работна сила не ќе важи како средна работна сила. Таа или сосем не ќе се продава или ќе се продава само под средната вредност на работната сила. Значи, се претпоставува еден определен минимум подготвеност за труд, а ние подоцна ќе видиме дека капиталистичкото производство најдува средство да го мери овој минимум. Не помалку се отклонува минимумот од просекот, иако од друга страна мора да се плаќа средната вредност на работната сила. Поради тоа од оние шест ситни мајстори ќе извади еден повеќе друг помалку отколку што изнесува општата норма на вишокот на вредноста. Нееднаквостите би се компензирале за општеството, но не и за одделните мајстори. Според тоа, законот за оплодувањето на вредноста општо се реализира за одделниот производител наполно само тогаш штом тој произведува како капиталист, кога едновремено употребува многу работници, значи кога уште однапред става во движење среден општествен труд.[9]
Дури и при неизменетиот начин на производство, едновремната употреба на поголем број работници предизвикува револуција во материјалните услови на процесот на трудот. Зградите во кои работат мнозина, складиштата на суровини итн., садовите, инструментите, апаратите итн. што им служат на мнозина едновремено или едноподруго, кусо речено, еден дел од средствата за производство сега се трошат во процесот на трудот заеднички. Од една страна, разменската вредност на стоките, значи и на средствата за производство, ни најмалку не се повишува поради какво било повишување за исползувањето на нивната употребна вредност. Од друга страна, расте размерата на средствата за производство употребувани заеднички. Една соба во која работат 20 ткајачи со нивните 20 разбои мора да биде многу поширока од собата на еден независен ткајач со двајца помошници. Но, производството од една работилница за 20 лица чини многу помалку труд одошто 10 работилници за по 2 лица, и општо вредноста на средствата за масовна концентрирање и заедничко производство не расте во иста сразмера со нивниот обем и со нивниот полезен ефект. Заеднички употребуваните средства за производство му пренесуваат помал составен дел од вредноста на одделниот производ, делум поради тоа што се дели едновремено целокупната вредност што се пренесува на поголема маса производи, делум поради тоа што тие, во споредба со средствата за производство ползувани поединечно, влегуваат во процесот на производството вистина со апсолутно поголема туку со оглед на нивната сфера на дејство, со релативно помала вредност. Со ова се смалува еден составен дел од вредноста на постојаниот капитал, па значи, сразмерно со неговата големина, и вкупната вредност на стоката. Ефектот е ист, како кога би биле средства за производство на стоката произведени поевтино. Оваа економија во употребувањето на средствата за производство произлегува само од нивното заедничко трошење во процесот на трудот од мнозина. А тие [средствата за производство] го добиваат овој карактер како услови на општествен труд или општествени услови на трудот за разлика од распрснатите и релативно скапите средства за производство на изолираните, одделните самостојни работници или мали мајстори, дури и тогаш ако мнозината работат заедно во едни простории, а не едни со други. Еден дел од средствата на трудот го придобива овој општествен карактер, пред него да го придобие самиот процес на трудот.
Економијата на средствата за производство треба да се разгледува од двојна гледна точка. Еднаш, до колку таа ги поевтинува стоките и со тоа ја снижува вредноста на работната сила. Другпат, до колку таа го изменува односот меѓу вишокот на вредноста и авансираниот целокупен капитал, т.е. сумата вредности на неговите постојани и променливи составни делови. Последнава точка ќе се разгледува дури во првиот оддел на третата книга од ова дело, каде што ние, поради врската, префрламе по нешто што се паѓа и овде. Текот на анализата го наложува ова расцепување на предметот што едновремено му одговара на духот на капиталистичкото производство. Имено, бидејќи во капиталистичкото производство условите на трудот истапуваат како самостојни спроти работникот, тоа и нивната економија се појавува како особена операција, која ништо не го засега работникот, и затоа е одвоена од методот што ја повишува неговата лична производност.
Формата на трудот во која планомерно еден крај друг и еден со друг работат мнозина во еден ист процес на производството или во различни, но меѓу себе сврзани процеси на производството, се вика кооперација.[10]
Како што нападната сила на еден кавалериски ескадрон или отпорната сила на еден пешадиски полк битно се разликува од сумата нападни и отпорни сили на секој одделен кавалерист или пешак, токму така и механичката сума на силите на одделни работници се разликува од општествената сила што се развива кога многу раце едновремено учествуваат во една иста неразделна операција, на пр. кога треба да се крене некоја тежина, да се заврти некоја оска или да се расчисти некоја пречка од патот.[11] Ефектот од комбинираниот труд не може овдека никако да биде постигнат од одделниот труд, или, кога би можел, само во многу подолго време или само во малечка размера. Овдека не се работи само за повишување на индивидуалната производна сила со кооперацијата, ами за создавање една производна сила, што сама по себе мора да биде масовна сила.[11а]
Независно од новата сила што произлегува од слевањето на многу сили во една вкупна сила, самиот општествен контакт при повеќето видови производен труд предизвикува натпреварување и особена возбуда на животните духови (animal spirits), што ја повишуваат индивидуалната способност на одделните лица, така што дванаесетмина заедно во еден едновремен работен ден од 144 часа ќе достават еден многу поголем вкупен производ отколку дванаесет одделни работници од кои секој еден работи по 12 часа, или отколку еден работник што работи 12 дена едноподруго.[12] Тоа е затоа така, што е човекот од природа, ако не едно политичко, како што мисли Аристотел,[13] секако едно општествено животно.
Иако мнозина едновремено и заеднички извршуваат една иста или еднородна работа, сепак индивидуалниот труд на секој еден може да претставува различни фази од самиот процес на трудот низ кои поради кооперацијата, предметот на трудот врви побргу. На пр., кога ѕидарите ќе направат една редица од раце, за да ги изнесат камењата од долу до на врв скеле, секој од нив ја прави истата работа, но сепак одделните операции прават сврзани делови од вкупната операција, прават особени фази низ кои мора да замине секој камен во процесот на трудот, и при тоа 24 раце од вкупниот работник да речеме побргу го пренесуваат него одошто двете раце на секој одделен работник што би се качувал и слегувал по скеле.[14] Предметот на трудот го врви истото пространство за покусо време. Од друга страна, се врши комбиниран труд и тогаш кога ќе се зафати на пр. една зграда, едновремено од различни страни, иако кооперантите вршат иста или еднородна работа. Комбинираниот работен ден од 144 часа, исто го зафаќа предметот на трудот просторно од многу страни, бидејќи комбинираниот работник или вкупниот работник има очи и раце и отспреди и одзади и во извесна мера има способност да се најде насекаде (Aligegenwart), вкупниот производ го тера напред побргу одошто дванаесетчасовните работни денови од повеќе или помалку изолирани работници, што мораат да ја тераат својата работа поеднострано. Разните делови на производот, просторно разделени, узреваат овдека во исто време.
Ние нагласивме дека мнозината што се дополнуваат еден со друг, вршат иста или од ист род работа, поради тоа што оваа најпроста форма на заедничкиот труд игра голема ролја дури и во најдобро развиениот тип кооперација. Ако е процесот на трудот сложен, тогаш самата маса од лицата што работат заедно овозможува да се разделат различните операции меѓу различни раце, за да се извршат едновремено и со тоа да се скуси работното време потребно за изготвување на целокупниот производ.[15]
Во многу гранки на производството има критички моменти, т.е. такви периоди определени од природата на самиот процес на трудот за времето на кои трудот мора да постигне определени резултати. Ако треба на пр. да се остриже едно стадо овци или да се ожние и собере житото од еден број слогови, тогаш квалитетот и квантитетот на производот ќе зависат од тоа дали операцијата ќе почне и заврши за едно определено време. Рамките на времето во кое мора да се изврши процесот на трудот овде се определени, нешто слично како при ловот на харинги. Од еден ден одделниот човек може да извади само еден работен ден, да речеме од 12 часа, но кооперацијата од нив 100 го проширува дванаесетчасовниот ден во еден работен ден од 1200 часа. Кусиот работен рок се надоместува со голема маса труд што се фрла во решителниот момент на полето на производството. Навременото дејство овде зависи од едновремената употреба на многу комбинирани работни дни, а обемот на полезниот ефект од бројот на работниците, но сепак овој број секогаш ќе биде помал од бројот на работниците што имаат да го достигнат истиот ефект во истото време, а што работат изолирано.[16] Немањето ваква кооперација е причина што во западниот дел на Соединетите Држави секоја година пропаѓа маса жито, а во деловите на Источна Индија каде што англиското господство ја разруши старата општина, се упропастува маса памук.[17]
Од една страна, кооперацијата дозволува да се прошири просторната сфера на трудот и затоа таа е потребна за извесни процеси на трудот и поради просторната поврзаност на предметот на трудот, како при исушување земја, изградба на насипи, наводнување, изградба на канали, патишта, железници итн. Од друга страна, таа овозможува сразмерно со степенот на производството, просторно да се стесни областа на производството. Ова ограничување на просторната сфера на трудот при едновременото проширување на областа на неговото дејство, со што се заштедуваат маса непроизводни трошоци (faux frais), произлегува од сосредоточувањето на работниците, од слевањето на различни процеси на трудот и од концентрацијата на средствата за производство.[18]
Во споредба со еднакво голема сума одделни индивидуални работни дни, комбинираниот работен ден произведува поголема маса употребни вредности и со тоа го смалува работното време потребно за производството на некој определен полезен ефект. Било тој да ја добива во дадениот случај оваа зголемена производна сила, бидејќи ја повишува механичката сила на трудот, или бидејќи ја проширува просторно сферата на неговото дејство, или затоа што сферата на производството просторно ја стеснува во однос на размерата на производството или затоа што во критичкиот момент клава во движење многу труд во малку време или затоа што возбудува натпреварување при одделните лица и затоа што ги напрегнува нивните животни духови, или затоа што на еднородните операции од мнозината им дава печат на континуитет и многустраност, или затоа што едновремено врши разни операции, или затоа што економисува средства за производство со нивната заедничка употреба, или затоа што на индивидуалниот труд му дава карактер на среден општествен труд, — под сите тие околности специфичната производна сила на камбинираниот работен ден е општествена производна сила на трудот или производна сила на општествениот труд. Таа произлегува од самата кооперација. Во планомерното соработување со другите работникот ги брише своите индивидуални граници и ја развива силата на својот род.[19]
Бидејќи работниците не можат општо непосредно да соработуваат, без да бидат заедно, поради што нивното собирање на определен простор е услов за нивната кооперација, тогаш наемните работници не можат да кооперираат, без да ги употреби едновремено еден ист капитал, еден ист капиталист, значи без едновремено тој да ги купи нивните работни сили. Вкупната вредност на овие работни сили или сумата наемнина на работниците за еден ден, недела итн. мора затоа да биде соединета во џебот на капиталистот, пред да бидат соединети самите работни сили во процесот на производството. Да се исплатат 300 работници, макар само и за еден ден, треба да се вложи повеќе капитал одошто да се исплатуваат помалку работници од недела до недела за една цела година. Значи, бројот на работниците што кооперираат или сразмерата на кооперацијата, најнапред зависи од големината на капиталот што одделниот капиталист може да ја издаде за купување работна сила, т.е. од тоа во каков обем секој еден капиталист располага со средствата за живот на многу работници.
И ова не се однесува само за променливиот капитал, туку и за постојаниот. На пр. издатокот за суровини е 30 пати поголем за еден капиталист што работи со 300 работници, отколку за секој еден од 30-мината капиталисти што работат со по 10 работници. Вистина обемот на вредноста и масата на материјата на средствата на трудот што се трошат заеднички не растат во истата мера како што расте бројот на работниците земени на работа, но растат значително. Концентрацијата на поголеми маси средства за производство во рацете на одделни капиталисти значи е материјален услов за кооперацијата на наемните работници, а обемот на кооперацијата, или размерот на производството, зависи од обемот на оваа концентрација.
Отпрво се покажа како нужна извесна минимална големина од индивидуален капитал да биде бројот на работниците едновремено експлоатиран, а оттука и масата од произведениот вишок на вредноста достатни за да го ослободат самиот применувач на трудот од рачниот труд, за да направат од еден ситен мајстор капиталист и така формално да го воспостават капиталистичкиот однос. Сега овој минимум се јавува како материјален услов за претворањето на многу раздробени и еден од друг независни индивидуални процеси на трудот во комбиниран општествен процес на трудот.
Исто така и командата на капиталот над работникот отпрво се јавува само како формална последица од тоа што работникот место за себеси работи за капиталистот, а со тоа и под командата на капиталистот. Со кооперацијата на мнозина наемни работници се развива и командата на капиталот во нужност за изведување на самиот процес на трудот, во вистински услов на производството. Командата на капиталистот на производното поле сега станува исто така неопходна како командата на генералот на бојното поле.
Секој непосреден општествен или заеднички труд со голема размера има повеќе или помалку нужда од една управа што поставува хармонија на индивидуалните дејности и ги извршува општите функции што произлегуваат од движењето на целокупното производно тело, за разлика од движењето на неговите самостојни органи. Еден одделен виолинист си диригира само себеси, оркестарот има нужда од диригент. Оваа функција на управување, надгледување и согласување станува функција на капиталот штом трудот што му е потчинет ќе стане кооперативен. Како специфична функција на капиталот, функцијата управување добива специфични карактерни белези.
Движечкиот мотив и целта што го определува капиталистичкиот процес на производството пред сѐ е најголемото можно самооплодување на капиталот,[20] колку што се може поголемо производство на вишок на вредноста, значи колку што се може поголема експлоатација на работната сила од страна на капиталистот. Со масата работници, што се едновремено на работа расте и нивниот отпор, а со таа и нужниот натисок на капиталот, за да го совладаат овој отпор. Управувањето на капиталистот не е само особена функција што произлегува од природата на општествениот процес на трудот и што му припаѓа нему, таа е едновремено функција на експлоатацијата на општествениот процес на трудот, а затоа е условена од неизбежниот антагонизам меѓy експлоататорот и материјалот на неговата експлоатација. Онака како што расте обемот на средствата за производство што стојат спроти наемниот работник како туѓа сопственост, така расте нужноста за контрола над нивната целесообразна употреба.[21] Кооперацијата од наемни работници е потака само дејство на капиталот што нив едновремено ги употребува. Врската на нивните функции и нивното единство како вкупно производно тело лежи надвор од нив, во капиталот што ги собира и држи заедно. Според тоа, врската на нивните работи ним идеално им спротистои како план, практично како авторитет на капиталистот, како сила на една туѓа волја, која нивното дејство го потчинува на својата цел.
Ако поради тоа капиталистичкото управување по содржина е двојствено, поради двојственоста на самиот процес на производството што треба да се управува, кој од една страна е општествен процес на трудот за изработка на еден производ, а од друга страна е процес на оплодувањето на капиталот, тогаш тоа по својата форма е деспотско. Со развивањето на кооперацијата во поголема сразмера овој деспотизам развива свои особени форми. Како што се ослободи отпрво капиталистот од рачниот труд штом ја достигна неговиот капитал онаа минимална големина, со која дури и почнува вистинското капиталистичко производство, така сега функцијата за непосреден и постојан надзор над одделните работници и работни групи самиот тој пак им ја отстапува на еден особен вид наемни работници. Како што на една армија ѝ требаат виши офицери и подофицери, така исто и на масата работници што работи заеднички под командата на еден ист капиталист ѝ требаат индустриски виши офицери (управници, managers) и подофицери (надгледници, foremen, overlookers, contre-maîtres) кои за време на процесот на трудот командуваат од името на капиталот. Трудот, што се состои во врховно надгледување се утврдува како нивна исклучива функција. Политичкиот економист кога го споредува начинот на производството на независните селани или на самостојните занаетчии со робовското плантажно стопанство, ја смета оваа надзорничка работа како faux frais de pгоduction [непроизводни трошоци на производството].[21а] При разгледувањето на капиталистичкиот начин на производство тој, напротив, функцијата на управувањето, до колку таа произлегува од природата на заедничкиот процес на трудот, ја идентифицира со истата таа функција, што е условена од капиталистичкиот и затоа од антагонистичкиот карактер на овој процес.[22] Капиталистот не е капиталист, зашто ја управува индустријата, туку тој станува индустриски заповедник, зашто е капиталист. Врховната власт во индустријата станува атрибут на капиталот, како што во феудалното време врховната власт и во војната и во судот била атрибут на земјишната сопственост.[22а]
Работникот е стопан на својата работна сила сѐ додека тој како продавач на стоката се пазари со капиталистот, а тој може да го продава само она што го има, само својата индивидуална, одделна работна сила. Овој однос на никој начин не се изменува со тоа што капиталистот купува 100 работни сили место една или што склучува договор со 100 еден од друг независни работници место со еден одделен. Тој може да ги употреби, без нив да ги стави во кооперација. Поради тоа капиталистот ја плаќа вредноста на 100 самостојни работни сили, но тој не ја плаќа комбинираната работна сила од стотемина. Како независни лица работниците се одделни лица, што влегуваат во однос со еден ист капитал, но не и еден со друг. Нивната кооперација почнува дури во процесот на трудот, но во процесот на трудот тие веќе престанале да припаѓаат сами себеси. Со влегувањето во овој процес тие се веќе едно тело со капиталот. Како кооперирани работници, како членови на еден активен организам, самите тие се само еден посебен начин на егзистенција на капиталот. Затоа производната сила, што ја развива работникот како општествен работник, е производна сила на капиталот. Општествената производна сила на трудот се развива бесплатно штом ќе бидат работниците ставени под определени услови, а капиталот нив ги става под овие услови. Бидејќи општествената производна сила на трудот не го чини ништо капиталот, бидејќи од друга страна неа не ја развива работникот пред да му припадне на капиталот самиот негов труд, тоа таа се појавува како производна сила што капиталот ја има од природа, како негова внатрешна производна сила.
Дејството на простата кооперација колосално се покажува во гигантските дела на старите Азијати, Египќани, Етрурци итн.
„Се случувало во старите времиња овие азијатски држави, откога ќе ги покриеле своите цивилни и воени издатоци, да располагаат со еден вишок средства за живот, што можеле да ги трошат на великолепни и полезни дела. Нивната команда над рацете и мускулите на скоро целото неземјоделско население и исклучивото право на монарсите и свештениците да располагаат со овој вишок им даваше средства за создавање вакви моќни споменици, со кои тие ја исполнија земјата... Во движењето на колосалните статуи и огромните маси чие транспортирање побудува чудење, бил растурнички употребуван скоро само човечки труд. Бројот на работниците и концентрацијата на нивните усилби беа доволни за тоа. Исто така ние гледаме како големи корални гребени се креваат од длабочините на Океанот, пораснуваат во острови и образуваат тврда земја, како секој индивидуален вложувач (depositary) e ништожен, слаб и невиден. Неземјоделските работници од некоја азиска монархија малку нешто можат да придонесат за делото освен со нивните индивидуални телесни усилби, но нивниот број е нивната сила, а власта на управата над оваа маса го даде почетокот на овие гигантски дела. Вакви претпријатија можеле да се извршат самo благодарение на концентрацијата на доходите, од кои работниците живеат, во една рака или во малку раце.“[23]
Оваа власт на азиските и египетските кралеви или етрурските теократи итн. во модерното општество е премината на капиталистот, па било тој да настапува како одделен капиталист, или, како што е кај акционерните друштва, како комбиниран капиталист.
Кооперацијата во процесот на трудот, како што ние ја најдуваме претежно во почетокот на културата на човештвото, кај ловџиските народи,[23а] или како во земјоделската индиска општина, од една страна почива врз заедничката сопственост над условите за производство, од друга страна на тоа што одделната индивидуа сѐ уште не беше откината од папочната врвца што ја врзувала за нејзиното племе или заедница, како што пчелата индивидуа не може да се откине од улиштето. И по едното и по другото таа се разликува од капиталистичката кооперација. Спорадичната примена на кооперацијата во голема размера во античкиот свет, во средниот век и во модерните колонии почива врз односите на непосредното господство и потчинетост, најмногу врз ропството. Напротив, капиталистичката форма на кооперацијата уште однапред има за претпоставка слободен наемен работник што му ја продава својата работна сила на капиталот. Историски таа сепак се развива во спротивност спроти селското стопанство и спроти независниот занаетчиски труд, било тој да има еснафска форма или не.[24] Спроти нив капиталистичката кооперација не се јавува како некоја посебна форма на кооперацијата, туку самата кооперација се јавува како една историска форма што му е својствена на капиталистичкиот начин на производство и него го прави специфично различен.
Како што општествената производна сила на трудот што кооперацијата ја развива се јавува како производна сила на капиталот, така самата кооперација се јавува како една специфична форма на капиталистичкиот процес на производството, во спротивност на процесот на производството на одделните независни работници или на малите мајстори. Тоа е првата измена што ја претрпува вистинскиот процес на трудот откога ќе се потчини под капиталот. Оваа измена врви стихијно. Нејзината претпоставка, едновремено да работи еден поголем број наемни работници во еден ист процес на трудот, ја прави излезната точка на капиталистичкото производство. Ова се совпаѓа со самиот облик на капиталот. Според тоа, ако од една страна капиталистичкиот начин на производство се пројавува како историска нужност за претворање на процесот на трудот во еден општествен процес, тогаш, од друга страна, општествената форма на процесот на трудот се пројавува како еден метод што го употребува капиталот за да го експлоатира со поголем профит овој процес со повишувањето на неговата производна сила.
Кооперацијата во нејзиниот досега разгледуван прост облик се совпаѓа со производството во поголема размера, но таа не образува никаква цврста, карактеристична форма на некоја особена епоха во развитокот на капиталистичкиот начин на производство. Во најдобар случај таа се појавува приближно како таква уште во оние занаетчиски почетоци на мануфактурата[25] и во оној вид на покрупното земјоделство, што му одговара на мануфактурниот период и што битно се разликува од земјоделството само со масата на едновремено употребените работници и со обемот на концентрацијата на средствата за производство. Простата кооперација сѐ уште е претежна форма во такви гранки на производството, во кои капиталот оперира во поголем размер, а каде што поделбата на трудот или машинеријата не играат некоја значајна ролја.
Кооперацијата останува основна форма на капиталистичкиот начин на производство, иако самиот нејзин прост лик се јавува како особена форма покрај нејзините поразвиени форми.
Фусноти
[8] „Беспорно е дека постои разлика меѓу вредноста на трудот од разни луѓе во зависност од разликата во силата, умеењето и вниманието. Но моите сопствени точни набљудувања ме уверија дека која и да било група од 5 луѓе од определена возраст дава исто толку труд колку која и да била друга таква група. Тоа значи дека меѓу петте такви луѓе еден ќе ги има сите својства на добар работник, еден на лош, додека другите тројца ќе стојат на средина и ќе се приближуваат повеќе или помалку кон првиот или кон вториот. Според тоа, веќе и во ваква мала група од 5 работици се најдува правилната средина на она што можат да го изработат кои да било 5 луѓе“. (Е. Burkе „Thoughts and Details etc.“, стр. 16.) — Спореди го Кетле за средната индивидуа.
[9] Г. Професор Рошер ни кажува дека открил оти една шивачка, што ја зела г-ѓа професорката на работа за два дена, дава повеќе работа отколку две шивачки што ги зела г-ѓа професорката на работа во ист ден. Господин професорот нека не ги врши своите набљудувања за капиталистичкиот процес на производството во детската соба и не под околности каде што го нема главното лице, капиталистот.
[10] Concours de forces [Соработка на силите] (Destutt de Tracy: „Traité de lа Volonté etc“, стр. 78.)
[11] „Има многу операции толку прости што не допуштаат разделување на делови а сепак можат да се изведат само со заедничко дејство на многубројни раце. На пр. качување на некоја голема греда на кола ... накусо, секој труд што ќе може да се изведе без да поможуваат едновремено и заемно поголем број раце, при една иста неразделива операција.“ (E. G. Wakefield: „A View of the Art of Colonisation“, London 1849, стр. 168.)
[11а] „Додека еден човек воопшто не може, десет луѓе мораат да се напрегнуваат да поткренат тежина од една тона, сто луѓе можат тоа да го сторат ако секој фати само со по еден прст“. (John Betters: “Proposals for Raising a Colledge of Industry.” London 1696, стр. 21.)
[12] „Во тоа (кога еден закупник ќе употреби ист број работници на 300 екари наместо да ги употребат нив 10 закупници на по 30 екари) има полза и од големиот број момоци што работат заедно, полза што може да ја оцени само практичар. По себеси се разбира оти 1:4 се однесува како 3:12, но за практиката тоа не важи, зашто во жетвата, како и при многу други работи каде што треба да се брза, работата се свршува подобро и побргу кога се собрани многу работни сили. Така при жетвата 2 возари, 2 товарачи, 2 додавачи, 2 гриблари и неколку на колите или во магазинот изработуваат заедно двапати повеќе отколку што би изработиле истиот број работни сили, кога би бил разделен на разни работни групи (gangs) по разни закупи (farms).” („An Inquiry into the Connexion between the Present Price of Provisions and the Size of Farms.” By a Farmer. London 1773, стр. 7, 8.)
[13] Аристотеловата дефиниција, токму речено, е во тоа што го определува човекот по својата природа како граѓанин. Таа е за класичниот Стар век исто така карактеристична како и дефиницијата на Франклин за векот на јенките што го определува човекот од природа како создавач на орудија.
[14] „Ние освен тоа мораме да споменеме дека делската поделба на трудот може да настапи и таму каде што се сите работници зафатени во една иста работа. На пр. ѕидарите што со додавање од рака на рака ги пренесуваат тулите на високи скелиња сите работат на истата работа, а сепак меѓу нив има извесна поделба на трудот, која се состои во таа што секој од нив ја пренесува тулата само на еден дел од патот и што сите заедно прават да дојде тулата до врвот на скелето многу побргу отколку кога секој од нив сам би ја носел својата тула.“ (F. Skarbek: “Théorie des richesses sociales”, 2 изд. Paris 1840, кн. Х, стр. 97, 98.)
[15] „Ако треба да се изведе некоја сложена работа, тогаш повеќе различни операции мора да се извршат едновремено. Еден врши една, додека друг едновремено врши некоја друга, а сите заедно придонесуваат да се постигне резултатот, кој не би можел да се постигне со усилбите на поединецот. Еден весла, додека друг го управува кормилото, а трет фрла мрежа или бие риба со копје, и така успева риболовот, кој би бил невозможен без заедничкото дејство." (Destutt de Tracy: „Traité de lа Volonté etc“, стр. 78.)
[16] „За нивното“ (на земјоделските работи) „извршување во критичниот момент има огромна важност“. (An Inquiry into the Connection between the present Price etc.,“ стр. 7.) „Во земјоделството нема поважен фактор од факторот време.“ (Liebig: „Über Theorie und Praxis in der Landwirtschaft". [Braunschweig] 1858, стр. 23.)
[17] „Другото зло е она кое тешко би можело да се оценува дека ќе се најде во една земја што изнесува повеќе труд од која било друга земја на светот, со одземка можеби на Кина и Англија, а тоа е невозможноста да се насобере достатно количество работни сили за берба на памук. Тоа има како резултат да остане несобрана голема маса од плодот додека еден друг дел се собира дури откога ќе попадне плодот наземи и така, се разбира, памукот ја губи бојата, а делум и се расипува, та така производителот, поради тоа што навреме оскудевал во работници, мора да се измири со загуба на голем дел од жетвата, која Англија ја чека со толку нестрпливост.“ (Bengal Hurkaru: „Bi-Monthly Overland Summary of News“, 22 јули 1861.)
[18] „Кога ќе се унапреди обработувањето на земјата, тогаш сиот капитал и сиот труд што понапред беше растурен на 500 екари, а можеби и на повеќе, се употребува на 100 екари темелно обработен“. Иако „просторот се смалил во однос на количеството на применетиот капитал и труд, сепак областа на производството се раширува во споредба со онаа област на производството што ја имаше и што ја обработуваше понапред изолираниот, независен производител.“ (R. Jones: “An Essay on the Distribution of Wealth,” „Оn rent.“ London 1831, стр. 191.)
[19] „Силата на поединците е незначителна, но соединувањето на овие поединечни сили создава една вкупна сила што е поголема од собирот на делските сили, така што веќе и самото соединување на силите може да го скуси временското траење на нивниот труд и да ја прошири областа на нивното дејство.“ (G. R. Carli, белешка кон Р. Verri: „Meditazioni sulla Economia Politica“, кн. XV, стр. 196.)
[20] „Профитите ... се единствената цел на производството“. (Ј. Vanderlint: „Money answers etc.,“ 11.)
[21] Весникот на англиските филистри „Spectator“, известува на 3 јуни 1866 по воведувањето на еден вид ортаклак меѓу капиталист и работник во „wirework company of Manchester” [компанија за производство на жица во Манчестер]: прв резултат беше брзото смалување во растурањето материјал, зашто работниците не можеа да увидат зошто би имале тие повеќе да ја растураат својата сопственост отколку другите претприемачи својата; а растурањето на материјалот, покрај надворешните незгоди, е извор за најтешки загуби во фабрикацијата.“ Истиот весник го открива како основен недостаток на Rachdale cooperative experiments.[1*] “They showed that associations of workmen could manage shops, mills, and almost all forms of industry with success, and they immediately improved the condition of the men; but then they did not leave a clear place for masters.” [„Тие покажаа дека работничките асоцијации можат успешно да раководат дуќани, фабрики и скоро сите форми на индустријата, а освен тоа вонредно им ја поправиле положбата на самите тие луѓе, но! но!, тогаш тие не оставиле ниедно видно празно место што да може да го заземе капиталистот.“] Quelle horreur! [каков ужас!]
[21а] Професорот Кернез откако го претстави „superintendence of labour“ [надзорот над трудот] како една од главните карактеристики на робовското производство во јужните држави на Северна Америка, продолжува: „На селскиот сопственик (од север) му припаѓа целиот производ од неговата земја [кај Кернез: производ на неговиот труд], затоа тој не треба да се поттикнува кон труд. Тука надзорот станува наполно излишен“. (Cairnes: „The Slave Power”, стр. 48, 49.)
[22] Сер Џeмc Стјуарт кој воопшто се одликува со јасно согледување на карактеристичните општествени разлики меѓу различните начини на производството забележува: „Со што друго ги уништуваат големите претпријатија во индустријата малите претпријатија (private industry) ако не со таа што се приближуваат кон едноставноста на ропскиот труд?“ („Principles of Political Есоnomy“, London 1767, кн. I, стр. 167, 168.)
[22а] Според тоа, Огист Конт и неговата школа би можеле на ист начин да ја докажуваат вечната нужност од феудалните господари, како што тие тоа го сторија за капиталистичките господари.
[23] R. Jones: „Textbook of Lectures etc.,“ стр. 77, 78. Староасирските, египетските итн. збирки во Лондон и во другите европски престолнини очевидно ни го покажуваат оној кооперативен процес на трудот.
[23а] Linguet во својата „Théorie des Lois Civiles“ можеби има право кога го означува ловот како една од првите форми на кооперацијата, а ловот на луѓе (војната) како една од првите форми на ловот.
[24] Ситното земјоделство и независното занаетчиско производство што делум ја образуваат основата на феудалниот начин на производство, а делум, по неговото распаѓање, се појавуваат покрај капиталистичкото производство, едновремено ја даваа економската основа на класичните заедници во нивното најдобро време, откога се распадна првобитната источна заедничка сопственост, а пред ропството сериозно да го овладее производството.
[25] „Зар соединувањето на умеењето, трудољубивоста и натпреварувањето на мнозина на една иста работа не е метод да се унапреди работата? И зар на Англија би ѝ било возможно на друг начин да ја доведе својата волнарска мануфактура до вакво совршенство?“ (Berkeley: “The Querist”, London, 1750, стр. 56, § 521.
Забелешки на уредникот на изданието
[1*] Кооперативни експерименти во Рочдел — Под влијанието на идеите на социјалистите-утописти, во 1844 г, работниците од Рочдел (место северно од Манчестер) се здружиле во Society of Equitable Pioneers (Здружение на справедливи пионери). Во почетокот тоа било потрошувачка задруга; набргу се проширила и довела до здружени производни организации. Со Рочделските Пионери почнува еден нов период на задружно движење во Англија и во другите земји.