Содржина
1. — Двојно потекло на мануфактурата
2. — Делскиот работник и неговото орудие
3. — Обете основни форми на мануфактурата — хетерогена мануфактура и органска мануфактура
4. — Поделба на трудот во рамките на мануфактурата и поделбата на трудот во рамките на општеството
5. — Капиталистичкиот карактер на мануфактурата
Кооперацијата што почива врз поделбата на трудот го создава својот класичен облик во мануфактурата. Како карактеристична форма на капиталистичкиот процес на производството, таа преовладува за време на вистинскиот мануфактурен период, што приближно трае од средината на 16 век до кон последната третина на осумнаесеттиот.
Мануфактурата настанува на два начина.
Во првиот случај во една работилница, под команда на еден ист капиталист се соединуваат работниците од разнообразни, самостојни занаети, низ чин раце мора да помине некој производ сѐ додека тој не биде сосем готов. На пр.: кочијата беше вкупен производ од трудот на еден голем број независни занаетчии: колар, седлар, шивач, бравар, сарач, стругар, бојаџија, лакер, позлатувач итн. Коларската мануфактура ги обединува сиве овие занаетчии во една работилница, каде што работат тие едновремено подавајќи го производот од рака на рака. Вистина, една кола не може да биде позлатена пред да биде направена. Но, ако се прават едновремено многу коли, тогаш може еден дел постојано да се позлатува, додека еден друг дел врви низ некоја понапрежна фаза на процесот на производството. Досега ние сѐ уште стоиме на почвата од простата кооперација која го заварува готов нејзиниот материјал од луѓе и предмети. Притоа мошне бргу настапува една битна измена. Шивачот, браварот, сарачот, итн. што се зафатени само со правење на колата, малку по малку, ја изгубуваат навиката и способноста да го работат својот стар занает во полна ширина. Од друга страна, нивната поедностранета дејност добива сега најцелесообразна форма за стеснетата сфера на дејноста. Коларската мануфактура отпрво се јави како една комбинација од самостојни занаети. Постепено таа станува поделба на производството на коли и на неговите различни посебни операции, од кои секоја една се кристализира во исклучива функција на еден работник, а нивната целокупност ја исполнува сојузот на овие делски работници. Исто така и шајачната мануфактура и цел ред други мануфактури станале од комбинација на различни занаети под команда на еден ист капиталист.[26]
Но мануфактурата произлегува и по спротивен пат. Еден ист капиталист зема на работа едновремено во иста работилница многу занаетчии, што вршат една иста или еднородна работа, на пр.: прават книга, букви или игли. Тоа е кооперација во најпростата форма: Секој од овие занаетчии (можеби со еден или двајца помошници) ја подготвува целата стока, значи и врши едноподруго различни операции потребни за нејзината изработка. Тој и натака работи по својот стар занаетчиски начин. Но притоа надворешните околности бргу причинуваат да биде инаку исползувана концентрацијата на работниците во еден ист простор и истовременоста на нивните работи. На пр.: во еден определен временски рок треба да се достави една поголемо количество готова стока. Затоа трудот се поделува. Место да се остави еден ист занаетчија да врши временски едноподруго различни операции, тие една од друга се разделуваат, се изолираат, се стоваат просторно една крај друга, секоја од нив му се доверува на еден друг занаетчија и сите заедно едновремено ги вршат кооперираните работници. Оваа случајна расподелба се повторува, ги покажува своите особени предности и малку по малку се окостува во систематска поделба на трудот. Од индивидуалниот производ на еден самостоен занаетчија, што прави многу нешта, стоката се претвора во општествен производ на еден сојуз од занаетчии, од кои секој од нив постојано врши само една иста делска операција. Истите операции што се слеваа кај германскиот еснафски мајстор на книжното производство една во друга како сукцесивни операции, во холандската книжна мануфактура тие стануваат самостојни одделни операции што течат една крај друга, што ги вршат многу кооперирани работници. Еснафскиот иглар од Нирнберг го претставува основниот елемент на англиската мануфактура за игли. Но додека секој еден иглар извршува една редица можеби од 20 операции што течат едноподруго, овдека 20 иглари еден крај друг набргу вршат секој само по една од 20-те операции, а овие како резултат на опитот уште понатака се разделуваат, се изолираат и се осамостојуваат како исклучиви функции на одделни работници.
Значи, начинот на изникнувањето на мануфактурата, нејзиното изобразување од занаетот е двородно. Од една страна таа произлегува од комбинацијата на разнородни, самостојни занаети, што ја губат својата самостојност и стануваат до таква мера еднострани, што во процесот на производството на една иста стока тие прават уште само делски операции што се дополнуваат една со друга. Од друга страна, таа произлегува од кооперацијата на еднородни занаетчии што го раставуваат истиот индивидуален занает на неговите различни посебни операции и ги изолираат и осамостојуваат до таков степен, што секоја од нив станува исклучива функција на еден посебен работник. Според тоа, мануфактурата од една страна воведува во некој процес на производството поделба на трудот или уште повеќе ја развива, а од друга страна, ги комбинира разделените занаети. Но каква сакало да биде нејзината посебна излезна точка во овој или оној случај, нејзиниот завршен лик останува ист — еден производен механизам чии органи се луѓето.
За правилно разбирање на поделбата на трудот во мануфактурата битно е да се имаат на ум следниве точки: Пред сѐ, анализата на производството во неговата посебна фаза овде наполно се совоаѓа со раставувањето на некоја занаетчиска дејност на нејзините различни делски операции. Била таа сложена или проста, операцијата си останува занаетчиска и затоа е зависна од силата, умеењето, брзината и сигурноста на одделниот работник, од неговиот опит да ракува со неговиот инструмент. Занаетот останува основа. Оваа тесна техничка основа исклучува вистинска научна анализа над процесот на производството, идејќи секој делски процес низ кој поминува производот мора да биде изводлив како делски занаетчиски труд. Токму поради тоа што така занаетчиското умеење останува основа на процесот на производството, секој работник се приспособува исклучиво кон една делска функција и неговата работна сила се претвора во доживотен орган на оваа делска функција. Најпосле оваа поделба на трудот е еден посебен вид кооперација, а понекои нејзини предности не произлегуваат од оваа особена форма, туку од општата сушност на кооперацијата.
Ако влеземе поодблиску во подробностите, тогаш пред сѐ станува јасно дека работникот, што врши низ целиот живот една иста проста операција, целото свое тело го претвора во нејзин автоматски едностран орган и следствено нему му треба помалку време отколку на занаетчијата, што изведува едноподруго цела редица операции. Но комбинираниот вкупен работник, што го образува живиот организам на мануфактурата, се состои исклучиво само од такви еднострани делски работници. Поради тоа, во споредба со самостојниот занает, за помалку време се произведува повеќе или се зголемува производната сила на трудот.[27] Исто така и методот на делскиот труд се усовршува поради што тој станува самостојна исклучива функција на едно лице. Постојаното повторување на една иста ограничена операција и концентрацијата на вниманието врз оваа ограничена операција учат преку опит да се постигне саканиот полезен ефект со најмал издаток на сила. Но бидејќи секогаш различни работнички генерации едновремено живеат заедно и заедно работат во иста мануфактура, така здобиените технички искуства се утврдуваат, собираат и пренесуваат.[28]
Мануфактурата вистински од делските работници произведува виртуозност, со тоа што таа внатре во работилницата ја репродуцира и тера до крајност спонтаната поделба на занаетите што ги заварила таа во општеството. Од друга страна, нејзиното претворање на делскиот труд во животна професија на еден човек му одговара на стремежот од понапрежните општества да ги направат занаетите наследни, да си скаменат во касти, или да ги окостат во еснафи, во случај кога определените историски услови ќе создадат променливост на индивидуата што му противречи на кастинството. Кастите и еснафите произлегуваат од истиот природен закон што го регулира развивањето на растенијата и животните во видови и подвидови, само што на еден извесен степен во развитокот наследноста на кастите или исклучивоста на еснафите се декретира како општествен закон.[29] „Муслинот од Дака по својата тенкост, катуните и другите материи од Кормондел по својата убавина и трајност на боите никогаш не се надминати. И сепак тие се произведуваат без капитал, без машинерија, без поделба на трудот или со какво било друго средство, што ѝ дава на фабрикацијата во Европа толку многу предности. Ткајачот е една изолирана индивидуа што ја подготвува ткаенината по порачка на некој клиент и со еден разбој од најпроста конструкција, што напати се состои од грубо склопени дрвени пречки. Тој дури нема никакво кросно за намотување на основата, затоа разбојот мора да остане испружен во целата негова должина и станува толку бесформен и широк, што за него нема место во колибата на производителот, кој поради тоа мора да ја врши својата работа на отворен простор, при што ја прекинува со секоја измена на времето.“[30] Само специјалното умеење насобрано од поколение на поколение и наследувано од татка на син му ја дава на Индиецот, како и на пајакот, оваа виртуозност. И сепак еден таков индиски ткајач врши мошне посложен труд во споредба со повеќето мануфактурни работници.
Еден занаетчија, што изведува едноподруго различни делски процеси во производството на некоја изработка, мора да го сменува де местото, де инструментот. Преминувањето од една операција кон друга го прекинува текот на неговиот труд и образува донекаде поpи во неговиот работен ден. Овие пори се стеснуваат штом тој цел ден непрекинато врши една иста операција, или тие исчезнуваат во онаа мера, во која се смалува изменувањето на неговата операција. Зголемената производност овде се должи или на зголеменото трошење работна сила во еден даден период време, значи на зголемениот интензитет на трудот или на некое опаѓање во непроизводното трошење на работната сила. Имено, вишокот од потрошената сила што го бара секој премин од мирување во движење, се надоместува со подолго траење на трудот од еднаш веќе постигнатата нормална брзина. Од друга страна, континуитетот на еднообразната работа ја разбива напрегнатоста и полетот на животниот дух, кој во измената на самата дејност го најдува својот одмор и својот чар.
Производноста на трудот не зависи само од виртуозноста на работникот, туку и од совршеноста за неговите орудија. Орудија од еден ист род, како инструменти за сечење, дупчење, толчење, удирање итн. се употребуваат во различни процеси на трудот, а во ист процес на трудот ист инструмент служи за различни операции. Сепак, штом ќе се разделат една од друга различните операции на еден процес на трудот и штом секоја делска операција во рацете на делскиот работник ја доби колку што се може најсовршената, и со тоа исклучивата форма, станува нужна измената на орудијата што понапред служеле за различни цели. Во каков правец ќе се изменува формата на орудијата е определено од опитот со посебни тешкотии што произлегуваат од употребата на орудијата со неизменети форми. Мануфактурата ја карактеризира диференцирањето на работните инструменти, со што инструментите од еден ист род придобиваат посебни цврсти форми за секоја посебна полезна примена, и нивното специјализирање, со што секој таков посебен инструмент дејствува во неговиот полн обем само во рацете на специфичниот делски работник. Само во Бирмингам се произведуваат нешто околу 5 разновидни чекани, од кои не само што секој еден служи за некој специјален процес на производството, туку често извесен број видови од нив служат само за различни операции на еден ист процес. Мануфактурата ги упростува, ги подобрува и ги умножува видовите на орудијата на трудот нагодувајќи ги за исклучивите посебни функции на делските работници.[31] Со тоа таа едновремено создава еден од материјалните услови за машинеријата, што се состои од комбинација на прости инструменти.
Делскиот работник и неговиот инструмент ги образуваат простите елементи на мануфактурата. Да се обрнеме сега кон неа како кон целост.
По својот внатрешен состав мануфактурата има две основни форми, кои понекогаш иако се преплетуваат, сепак сочинуваат два битно различни вида, кои имено подоцна, при претворањето на мануфактурата во крупна машинска индустрија, играат сосем различни ролји. Овој двојствен карактер произлегува од природата на самата изработка. Таа се добива или со самото механичко соединување на самостојни делски производи, или нејзината готова форма се должи на еден редослед од сврзани меѓу себе процеси и манипулации.
Така на пр.: една локомотива се состои од 5.000 и повеќе самостојни делови. Сепак таа не може да служи како пример на првиот вид од вистинската мануфактура бидејќи таа е творба на крупната индустрија. Но добар пример е часовникот, што го зема и Вилхелм Пети за илустрација на мануфактурната поделба на трудот. Од индивидуален производ на еден нирнбершки занаетчија часовникот се претвори во општествен производ на безброј делски работници, како што се: изработувач на суровини, изработувач на пружини, на цифрарник, на спирални пружини, изработувач на лежишта, камен за анкер, обработувач на стрелки, изработувач на лежишта, позлатувач, со многу подразделби како на пр.: изработувач на тркалца (месингани и челични пак разделени), изработувач на запчести оски, на тркалца за стрелките, acheveur de pignon што ги прицврстува тркалцата на запчестите оски, што полира фасети итн., приготвувач на врвови од оски, planteur de finissage што наместува различни тркалца и запчаници во механизмот, finisseur de bariller што всекува запци на тркалцето, што ги дотерува дупките по големина, што го кали регулаторот и затворачот, приготвувач на запирач, кај цилиндерскиот запирач пак приготвувачот на цилиндри, на подвижни тркалца нишала, ракети (механизам со кај се регулира часовникот), planieur d'echappement (што го наместува правиот запирач), repasseur de barіilet (што сосем го приготвува лежиштето за пружини и регулатори) гладач на челик, на тркалца, на винтови, цртач на цифри, приготвувач на цифрарник (што го топи емајлот на бакарот), fabricant de pendants (што ја прави сама алката за капаците), finisseur de sharniére (што го наместува месинганото клинче во ментешето итн.), faiseur de secret (што прави пружина што го отфрла капакот), graveur (гpaвер), cireleur (ковач) polisseur de boîte (гладач на капаци) итн. итн. и најпосле repasseur што го составува целиот часовник и го лиферува готов да работи. Само малку делови од часовникот врват низ различни раце, и сиве овие membra disjecta [расфрлени членови] се собираат дури во рацете, кои најпосле ги сврзуваат овие членови во едно механичко цело. Овој чисто надворешен однос на готовиот производ спрема неговите разновидни елементи овдека, како и при сличните изработки ја остава на случајот комбинацијата на делските работници во една иста работилница. Одделните работи можат да се вршат дури и како независни занаети, како што е во кантоните Рат и Нојшател, додека пак во Женева постојат големи часовникарски мануфактури, т.е. во кои е заведена непосредна кооперација од делски работници под команда на еден капитал. Но и во последниов случај ретко ќе се приготвуваат во самата мануфактура и цифрарници, пружини и кутии. Комбинираното мануфактурно претпријатие овде е профитоносно само под изнимни околности, бидејќи е најголема конкуренцијата меѓу работниците што сакаат да работат дома, бидејќи расцепканоста на производството на една маса хетерогени процеси не допушта некоја поголема примена на заеднички средства на трудот, а капиталистот при растурената фабрикација се ослободува од издатоци за работни згради итн.[32] Сепак положбата на овие делски работници, што работат дома, но за некој капиталист (фабрикант établisseur) сосем се разликува од положбата на самостојниот занаетчија, што работи за своите сопствени клиенти.[33]
Вториот вид мануфактура, нејзината совршена форма, произведува изработки што врват низ сврзани фази на развитокот, низ ред сукцесивни процеси, како на пример што врви жицата во мануфактурата за шијачки игли низ рацете на 72 и дури 92 специфични делски работници.
До колку таквата мануфактура ги комбинира дотогаш растурените занаети, таа ја смалува просторната разделеност меѓу посебните производствени фази на изработката. Се скусува времето на нејзиниот премин од едниот стадиум во другиот, а така исто и трудот што ги врши овие премини.[34] Вака се добива, во споредба со занаетот, поголема производна сила, а оваа добивка вистина произлегува од општиот кооперативен карактер на мануфактурата. Од друга страна, принципот на поделбата на трудот, својствен на мануфактурата, условува едно изолирање на различните фази на производството, што стануваат самостојни една спроти друга исто така како многу занаетчиски делски работи. Воспоставувањето и одржувањето на врските меѓу изолираните функции создава нужда за постојано пренесување на изработката од рака на рака и од еден процес во друг. Од гледиштето на крупната индустрија ова пренесување се покажува како една внатрешна ограниченост карактеристична за мануфактурата, скапо е, а произлегува од самиот принцип на мануфактурата.[35]
Ако разгледуваме едно определена количество суровини, на пр. крпи во книжната мануфактура или жици во иглената мануфактура, тогаш ќе се покаже дека таа врви низ рацете на различни делски работници низ ред последователни фази на производството дури не го добие својот конечен облик. Напротив, ако ја разгледуваме работилницата како еден вкупен механизам, тогаш ќе се покаже дека суровината едновремено се најдува наеднаш во сите нејзини фази на производството. Вкупниот работник, комбиниран од делските работници, со едниот дел од своите многу раце вооружени со инструменти ја трга жицата, додека тој едновремено со други раце и орудија ја исправа, со други ја сече, ја остри итн. Различните сукцесивни процеси што се вршат временски едноподруго се претвораат во процеси што се вршат просторно еден крај друг. Затоа за истиот период време се лиферуваат повеќе готови стоки.[36] Вистина, оваа едновременост произлегува од општата кооперативна форма на вкупниот процес, но мануфактурата не само што ги заварува условите за кооперацијата, туку таа делум нив ги создава само со разлагањето на занаетчиската дејност. Од друга страна, таа ја постигнува оваа општествена организација на процесот на трудот само со приковувањето на еден ист работник за ист детаљ.
Бидејќи делскиот производ на секој делски работник е едновремено само еден посебен степен во развитокот на една иста изработка, еден работник му доставува на друг или една група работници ги доставува на друга нивните суровини. Резултатот на трудот на едниот е излезна точка за трудот на другиот. Затоа едниот работник овде непосредно му дава работа на другиот. Потребното работно време за да се постигне саканиот полезен ефект во секој одделен процес се утврдува со опит, а целокупниот механизам на мануфактурата почива врз претпоставката во дадено работно време да се постигнува еден даден резултат. Само под оваа претпоставка можат различните процеси на трудот што се дополнуваат еден со друг да течат без прекин, едновремено и просторно еден крај друг. Јасно е дека оваа непосредна зависност на работите една од друга, а со тоа и на работниците, го присилува секој поединец, да го потроши за својата функција само потребното време, а така се постигнува еден сосем друг континуитет, еднообразност, правилност, ред,[37] а особено и поголема интензивност на трудот, отколку во независниот занает или во самата проста кооперација. Тоа што на една стока се троши само работното време општествено потребно за нејзината изработка се јавува при стоковното производство воопшто, како надворешен принуден натисок на конкуренцијата, бидејќи, површно речено, секој одделен производител мора да ја продава стоката по нејзината пазарна цена. Напротив, во мануфактурата подготвувањето на дадено количество производ во дадено работно време станува технички закон на самиот процес на производството.[38]
Но различните операции сакаат нееднаква временска должина и поради тоа во еднакви временски периоди доставуваат нееднакви количества делски производи. Па ако се сака еден ист работник да извршува секој ден една иста операција, тогаш мора за различни операции да се земат сразмерна различен релативен број работници, на пр. во мануфактурата за печатарски букви на еден гладач идат 4 ливци и 2 откршувачи, каде што за еден час ливецот излива 2.000 букви, откршувачот откршува 4.000, а гладачот обелува 8.000. Овде принципот на кооперацијата се враќа назад во својата најпроста форма, т.е. едновремено земање на работа на мнозина што вршат еднородна работа, само сега како израз на еден органски однос. Мануфактурната поделба на трудот значи не само што ги попростува и умножува квалитативно различните органи на општествениот вкупен работник, туку создава и утврден математички однос за квантитативниот обем на овие органи, т.е. за релативниот број на работниците или за релативната големина на работните групи во секоја специјална функција. Заедно со квалитативното расчленување таа го развива правилото на квантитетната норма и пропорционалноста на општествениот процес на трудот.
Штом ќе се утврди со опит најточниот сразмерен број меѓу различните групи делски работници за некоја определена размера на производството, тогаш оваа размера може да се прошири само ако се помножи бројот на работниците од секоја посебна група со еден ист број.[39] На ова може да се дададе, дека иста индивидуа може да изведе извесни работи исто така добро при поголема како и при помала размера на производството, на пр. трудот на вишиот надзор, транспортот на одделните производи од една фаза на производството во друга итн. Осамостојувањето на овие функции, или нивното пренесување на специјални работници станува, според тоа, вносно дури со зголемувањето на бројот на работниците на работа, само што ова зголемување мора пропорционално да ги зафати сите групи.
Одделната група, составена од еден број работници, што вршат една иста делска функција, се состои од еднородни елементи и образува посебен орган на вкупниот механизам. Сепак, во некои мануфактури самата група е расчленето работно тело, додека вкупниот механизам се образува со повторување или со умножување на овие производни елементарни организми. Да ја земеме на пр. мануфактурата на стаклени шишиња. Таа се раставува на три битно различни фази. Прво подготвителната фаза, како подготвување на стаклената композиција, мешавина од песок, вар итн. и топење на оваа композиција во течна стаклена маса.[40] Во оваа прва фаза се на работа различни делски работници како и во завршната фаза, оддалечувањето на шишињата од печката за сушење, нивното сортирање и пакување итн. Меѓу обете фази стои вистинската стакларска работа или изработката на течната стаклена маса. На еден ист отвор од една стаклена печка работи една група што се вика во Англија „hole“ (дупка) и што се состои од еден bottle maker или finisher, еден blower, еден gutherer, еден puter up, или whetter off и еден taker in [изработувач на шишињa, наместувач, дувач, собирач; што реди на куп, точар, што го носи дуваното стакло на ладење]. Овие петмина делски работници образуваат исто толку посебни органи на едно единствено работно тело, што може да дејствува само како единство, значи само како непосредна кооперација од петтемина. Ако му нема само еден член на петчленото тело, тогаш тоа е парализирано. На истата стаклена печка има неколку отвори, во Англија на пр. 4—6, при секој отвор има земјена тава со течно стакло, а на секоја од овие работи по една група од пет работници од истата петчлена форма. Составот на секоја одделна група почива овде непосредно врз поделбата на трудот, додека врската меѓу различните еднородни групи е проста кооперација, која едно од средствата за производство, овде стакларската печка, употребува поекономично со заедничко трошење. Таква стакларска печка со своите 4—6 групи образува стакларска работилница, а една стакларска мануфактура опфаќа поголем број стакларски работилници, заедно со инсталациите и работниците за подготвителнитe и завршните фази на производството.
Мануфактурата најпосле, како што таа делум произлегува од комбинацијата на различни занаети, може да се развие во комбинација на различни мануфактури. Така, на пр., големите англиски работилници за стакло сами ги фабрикуваат и своите земјени тави за топење, бидејќи од нивниот квалитет битно зависи успехот или неуспехот на производот. Мануфактурата на едно средство за производство овде е сврзана со мануфактурата на самиот производ. И обратно, мануфактурата на производот може да биде сврзана со мануфактурите во кои самиот тој пак служи како суровина или со чии производи подоцна се сврзува. Така на пр., најдуваме да се комбинира мануфактурата на биљурни стакла со гладарницата на стаклото и со топилницата на месинг, последнава служи за металните направи на разновидни стакларски артикли. Во овој случај различните мануфактури што се сврзани една со друга образуваат повеќе или помалку просторно одвоени одделенија на една вкупна мануфактура, а едновремено се еден од друг независни процеси на производството, секој со своја сопствена поделба на трудот. И покрај некои предности што ги дава комбинираната мануфактура, таа, додека е на сопствена основа, не дава вистинско механичко единство. Ова единство никнува дури при нејзиното претворање во машинско производство.
Мануфактурниот период, кој набргу го прави како свој свесен принцип смалувањето на работното време потребно за производството на стоки[41] спорадично ја развива и употребата на машини, особено за извесни прости подготвителни процеси, што треба да се изведуваат во поголеми маси и со голема примена на сила. Така, на пр. во книжните мануфактури мелењето на парталите набргу фатило да се врши во мелници за книга, а во металургијата дробењето на рудата со таканаречените рударски мелници.[42] Елементарната форма за секоја машинерија ја даде римската империја со воденицата.[43] Занаетчискиот период ни ги остави големите изнајдоци: компасот, барутот, печатот и автоматскиот часовник. Сепак машинеријата главно ја игра онаа второстепена ролја што ѝ ја придава Адам Смит покрај поделбата на трудот.[44] Спорадичната употреба на машинеријата стана мошне важна во 17 век, бидејќи таа им даде на големите математичари од она време практична опирна точка и поттик за создавањето на модерната механика.
Како специфична машинерија на мануфактурниот период си останува самиот вкупен работник составен од многу делски работници. Различните операции што ги врши наизменично производителот на некоја стока и што се сплеткуваат во едно цело во процесот на неговиот труд, бараат од него разнолични способности. Во еден случај мора тој да развива повеќе сила, во друг повеќе фат, во трет повеќе внимание итн., а една иста индивидуа не ги има сиве овие особености во еднаква мера. По раздвојувањето, осамостојувањето и изолирањето на различните операции, и работниците се делат, се класифицираат и се групираат според нивните претежни својства. Ако природните својства ја образуваат основата врз каја се накалемува поделбата на трудот, тогаш мануфактурата, воведена еднаш, ги развива производните сили што по својата природа се погодни само за еднострана посебна функција. Вкупниот работник сега ги има сите производни особености во еднаков висок степен на виртуозност а едновремено ги троши најекономично, бидејќи тој сите свои органи, индивидуализирани во посебни работници и работнички групи, ги применува исклучиво за нивните специфични функции.[45] Едностраноста и самата несовршеност на делскиот работник станува негова совршеност како член на вкупниот работник.[46] Навиката кон една еднострана функција го претвора во нејзин орган што дејствува со природна сигурност, додека поврзаноста на целокупниот механизам ги присилува да дејствува со регуларноста на дел од некоја машина.[47]
Бидејќи различните функции на целокупниот работник се попрости или посложени, пониски или повисоки, и неговите органи, индивидуалните работни сили бараат мошне различни степени на образованост и според тоа имаат мошне различна вредност. Значи, мануфактурата развива една хиерархија од работни сили на која ѝ одговара една скала од работнички наемнини. Ако се навикне од една страна, индивидуалниот работник за една еднострана функција и ако се приврзе за неа доживотно, тогаш и сосем различните операции на трудот се приспособуваат кон оваа хиерархија на природни и придобиени способности.[48] Меѓутоа секој процес на производството условува извесни прости операции за кои е способен секој човек таков каков што си е. Сега и овие операции ја прекинуваат својата лабава врска со посодржајните моменти на дејноста и се вкостуваат во исклучиви функции.
Затоа мануфактурата создава во секој занает, што го зафаќа таа, една класа таканаречени невешти работници, какви што занаетчиското производство строго исклучуваше. Штом ја разви за сметка на целата работна способност сосем едностраната специјалност до виртуозност, таа почнува веќе и од недостатокот на секаков развиток да прави специјалност. Покрај хиерархиската поделба на степени иде простата поделба на работниците во квалифицирани и неквалифицирани. Трошоците за изучување кај последниве сосем отпаѓаат, а за првите тие се смалуваат во споредба со занаетчиите, поради упростената функција. Во обата случаја паѓа вредноста на работната сила.[49] Одземки стануваат само до колку раздвојувањето на процесот на трудот создава нови сврзани функции, какви што во занаетчиското производство немало никако или барем немало во истиот обем. Релативното обезвредување на работната сила, што произлегува од отпаѓањето или смалувањето на трошоците за изучувањето, непосредно носи повисоко оплодување на капиталот, бидејќи сето она што го скусува потребното време за производство на работната сила ја раширува областа на вишокот на трудот.
Ние отпрво го разгледуваме потеклото на мануфактурата, после нејзините прости елементи, делскиот работник и неговото орудие, најпосле нејзиниот целокупен механизам. Сега ние ќе го зафатиме накусо односот меѓу мануфактурната поделба на трудот и општествената поделба на трудот, што ја сочинува општата основа на секое стоковно производство.
Ако го имаме предвид само самиот труд, тогаш раздвојувањето на општественото производство на негови големи родови како земјоделство, индустрија итн. може да се обележи како општа (im allgemeinen) поделба на трудот, раставувањето на овие производни родови на видови и подвидови како посебна (im Besonderen) поделба на трудот, а поделбата на трудот во рамките на една работилница како поединечна (im einzelnen) поделба на трудот.[50]
Поделбата на трудот во рамките на општеството и соодветното ограничување на индивидуите на посебни сфери од професии се развива, како и поделбата на трудот во рамките на мануфактурата, од спротивни излезни точки. Во рамките на една фамилија,[50a] а со натамошниот развиток во рамките на едно племе произлегува природна поделба на трудот од разликите на полот и возраста, таа почива значи врз чисто физиолошка основа, и таа материјално се шири со раширувањето на заедницата со порастот на населението, а особено со конфликтот меѓу различни племиња и со подјармувањето на едно племе од друго. Од друга страна, како што забележав понапред, размената на производите изникнува на точките каде што идат во контакт различни фамилии, племиња, заедници, бидејќи во почетокот на културата не истапуваат самостојно еден спроти друг приватни лица, туку фамилии, племиња итн. Различни заедници најдуваат во нивната природна околина различни средства за производство и различни средства за живот. Затоа се разликуваат по начинот на производство, по начинот на живеење и по производите. Ете, оваа природно изникната различност е таа што при допирот меѓу заедниците предизвикува размена на производите, а со тоа и постепено претворање на овие производи во стоки. Размената не создава различност меѓу сферите на производството, туку овие различни сфери ги доведува во однос и така ги претвора во повеќе или помалку една од друга зависни гранки на едно целокупно општествено производство. Овдека изникнува општествената поделба на трудот преку размената на првобитно различни но една од друга независни сфери на производството. Таму, каде што излезната точка е физиолошката поделба на трудот, посебните органи на едно непосредно сврзано цело се раставуваат еден од друг, се разлагаат, — при кое главниот поттик за овој процес на разложување го дава размената на стоките со туѓите заедници — и овие органи се осамостојуваат до таа точка, до каде што се запазува врската меѓу различните трудови преку размената на производите како стоки. Во едниот случај тоа е губење на самостојноста за оние што порано биле самостојни, во другиот случај осамостојување на оние што биле порано несамостојни.
Основа на секоја развиена поделба на трудот до која се дошло со размена на стоките е раздвојувањето на градот и селото.[51] Може да се каже, дека целата економска историја на општеството се сведува на движењето на оваа спротивност, на која сепак ние овде нема потака да се задржуваме.
Како што материјалната претпоставка за поделбата на трудот во рамките на мануфактурата е извесен број од едновремено употребени работници, така материјалната претпоставка за поделбата на трудот во рамките на општеството е големината на населението и неговата густина, кои овде ја заместуваат збиеноста на луѓето во една иста работилница.[52] Сепак, оваа густина е нешто релативно. Една земја релативно ретко населена со развиени средства за сообраќај има погусто население отколку една земја повеќе населена со неразвиени сообраќајни средства; и во оваа смисла на пр. северните држави на Американската Унија се погусто населени од Индија.[53]
Бидејќи стоковното производство и стоковната циркулација се општа претпоставка за капиталистичкиот начин на производство, мануфактурната поделба на трудот сака поделбата на трудот во рамките на општеството веќе да е развиена до извесна степен на зрелост. И обратно, мануфактурната поделба на трудот, од своја страна, со реакција ја развива и помножува оваа општествена поделба на трудот. Со диференцијацијата на инструментите на трудот се диференцираат повеќе или помалку и производните гранки што ги произведуваат овие инструменти.[54] Ако зафати мануфактурното производство некој занает што досега бил сврзан со другите занаети како главен или страничен и ако го практикуваат истите производители, тогаш веднаш се врши раздвојување и заемно осамостојување. Ако зафати мануфактурата некој посебен степен на производството на некоја стока, тогаш различните степени на нејзиното производство се претвораат во различни независни занаети. Веќе беше покажано дека можат и самите делски работи да добијат самостојност како одделни занаети таму, каде што изработката е само механички составено цело од одделни производи. За да се изврши целосна поделба на трудот во рамките на некоја мануфактура, истата производна гранка се расцепува на различни, делум сосема нови мануфактури, а според различноста на нејзините суровини или според различните форми што може да ги добие една иста суровина. Така веќе во првата половина на 18 век само во Франција се ткаеле над 100 различни видови копринени материи, а во Авињон на пр., било закон да можел „секој ученик да се посвети секогаш само на еден вид фабрикација и не смеел едновремено да го изучува изработувањето повеќе видови ткаенини“. Територијалната поделба на трудот, што ги приковува посебните гранки на производството врз определени области на некоја земја, добива нов поттик со мануфактурното производство што ги експлоатира сите посебности.[55] Проширувањето на светскиот пазар и колонијалниот систем што припаѓаат во кругот на општите услови за суштествување на мануфактурата, му доставуваат на мануфактурниот период богат материјал за поделба на трудот во рамките на општеството. Овдека не му е местото да се завлегува подлабоко во докажување, дека таа покрај економската ги зафаќа сите други сфери на општеството и насекаде удира темел за создавање професионализам, специјализираност и распарчување на човекот, поради што уште А. Фергусон, — учител на А. Смит, извика: „Ние сме нација од хелоти и меѓу нас нема слободни“.[56]
И покрај многубројните аналогии и врски меѓу поделбата на трудот во рамките на општеството и поделбата во рамките на една работилница, сепак обете се разликуваат не само по степен туку и по сушност. Неоспорно е дека аналогијата најупадливо се јавува таму каде што внатрешната врска ги испреплетува различните гранки на производството. Така, на пр., одгледувачот на добиток произведува сурови кожи, табакот ги претвора суровите кожи во готови кожи, чевларот кожата во чизми. Секој произведува овде еден степен во производот, а последната готова форма е комбинираниот производ на нивните посебни видови труд. Овде треба да се придадат различните гранки на трудот што им даваат средства за производство на сточарот, табакот, чевларот. Сега некој би можел заедно со А. Смит да вообрази дека оваа општествена поделба на трудот се разликува од мануфактурната само субјективно, имено за набљудателот што може овдека во мануфактурата различните одделни видови труд со еден поглед да ги види просторно заедно, додека таму во општественото производство сврзаноста му се замрачува поради нивната растуреност на големи површини и поради големиот број луѓе што работат во секоја посебна гранка.[57] Но, што ја воспоставува овде поврзаноста меѓу независните трудови на сточарот, табакот и чевларот? Тоа што соодветните нивни производи суштествуваат како стоки. А што ја карактеризира, напротив, мануфактурната поделба на трудот? Тоа што делскиот работник не произведува стоки.[58] Дури заедничкиот производ на делските работници се претвора во стока.[58a] Поделбата на трудот во рамките на општеството се извршува со купувачка и продажба на производите од различните гранки на трудот, а врската на делските трудови во мануфактурата се извршува со продажбата на различни работни сили на еден ист капиталист, кој ги употребува како комбинирана работна сила. Мануфактурната поделба на трудот има за претпоставка концентрација на средствата за производство во рацете на еден капиталист, а општествената поделба на трудот има за претпоставка растуреност на средствата за производство меѓу многу еден од друг независни производители на стоки. Додека во мануфактурата железниот закон на сразмерниот број или на пропорционалноста ги распоредува определените маси работници меѓу определени функции, а пак случајот и произволот ја тераат својата разновидна игра во распределувањето на стоковните производители и на нивните средства за производство меѓу различните општествени гранки на трудот. Вистина, различните сфери на производството постојано се стремат да се доведат во рамнотежа со тоа што, од една страна, секој производител на стоки мора да произведува некоја употребна вредност, значи мора да задоволи една определена општествена потреба, само што обемот на овие потреби е различен по квантитет, а една внатрешна врска на различните маси на потреби ги сврзува нив во еден природен систем; од друга страна, со тоа што законот на вредноста на стоките определува колку може општеството од неговата целокупно расположиво работно време да потроши за производството на секој посебен вид стока. Само што оваа постојана тенденција на различните сфери на производството да се доведат во рамнотежа дејствува само како реакција на постојаното нарушување на оваа рамнотежа. Правилото што при поделбата на трудот во рамките на работилницата се спроведува а priori [однапред] и плански, при поделбата на трудот во рамките на општеството дејствува само а posteriori [отпосле] како внатрешна, нема природна нужност што ја надвладува безредната самоволност на производителите на стоки и се запазува само во измените на барометарот на пазарните цени. Мануфактурната поделба на трудот претпоставува безусловен авторитет на капиталистот над луѓето што се само членови на вкупниот механизам што му припаѓа нему; општествената поделба на трудот ги става еден спроти друг самостојните производители на стоки, кои не признаваат никаков друг авторитет освен авторитетот на конкуренцијата, освен принудата што ја врши над нив притисокот над нивните заемни интереси, онака како што во царството на животните bellum omnium contra omnes [борбата на сите против сите] повеќе или помалку ги содржи условите за суштествувањето на сите видови. Поради тоа истата буржоаска свест што мануфактурната поделба на трудот, доживотното прикрепување на работникот кон една одделна операција и безусловното потчинување на одделниот работник под капиталот ги слави како една организација на трудот што ја обвинува неговата производна сила, исто така таа гласно ја обвинува секоја свесна општествена контрола и регулирање на општествениот процес на производството како посегање на неприкосновеното право на сопственоста, на слободата и на самоопределувачката „генијалност“ на индивидуалниот капиталист. Мошне е карактеристично што највоодушевените апологети на фабричкиот систем не знаат нешто посилно да кажат против секоја општа организација на општествениот труд, одошто дека таа би го претворила целото општество во една фабрика.
Ако во општеството на капиталистичкиот начин на производство една со друга се условуваат, анархијата на општествената и деспотизмот на мануфактурната поделба на трудот, тогаш напротив, понапрежните општествени форми во кои природно се развила специјализацијата на занаетите, после се кристализирала и најпосле законски се утврдила, даваат од една страна слика на планска и авторитетна организација на поделбата на општествениот труд, додека, од друга страна, таа сосем ја исклучува поделбата на трудот во рамките на работилницата, или ја развива само во мала мера, или само спорадична и случајна.[59]
Така, на пр., оние престари, мали индиски општини, што делум уште суштествуваат, почиваат врз заедничката сопственост на земјата, врз непосредната поврзаност меѓу земјоделството и занаетот и врз една цврста поделба на трудот, што при основањето нови заедници служи како даден план и шема. Тие сочинуваат производствено цело што само себе се задоволува и чија производствена област се движи од 100 до неколку илјади екари. Главната маса производи се произведува за непосредните потреби на самата општина, а не како стока, поради што и самото производство е независно од поделбата на трудот во целото индиско општество што настанува од размената на стоките. Само вишокот на производите се претвора во стока, притоа делум пак дури во рацете на државата на која од памтивека ѝ дотекува едно определено количество како натурална рента. Различните делови во Индија имаат различни форми на заедницата. Во најпростата форма општината ја обработува земјата заеднички и ги разделува своите производи меѓу нејзините членови, додека со предење, ткаење итн. се занимава секоја фамилија како со домашен спореден занает. Покрај овие маси зафатени со еднородна работа ги најдуваме и „главниот жител“, судијата, полицаецот и собирачот на данок во една лице; сметководителот, што води сметка за земјоделството и катастрира и регистрира сѐ што се однесува на тоа; еден трет чиновник што ги гони престапниците, што ги чува туѓите патници и што ги води од едно до друго село; граничарот, што ги чува границите од општината спроти соседни општини; надзорникот на водата што ја дели водата од заедничките водни резервоари за земјоделски цели; браманот што врши функции од религиозниот култ; учителот што ги учи општинските деца да пишуваат и читаат на песок; календарскиот браман што како астролог го кажува времето за сеење, за жетва и кога е добро и кога е лошо време за секоја посебна земјоделска работа; еден ковач и еден дрводелец што ги изработуваат и поправуваат сите земјоделски орудија; грнчарот што ги прави сите садови за селото; берберот, перачот за чистење на алиштата, куменџијата, овде-онде поетот што во некои општини го заменува куменџијата, а во други учителот. Оваа дузина лица се издржуваат на сметка на целата општина. Ако нарасте населението, тогаш се населува на необработена земја една нова општина според образецот на старата. Механизмот на општината покажува планска поделба на трудот, но неговата мануфактурна поделба е невозможна, зашто пазарот за ковачот, дрводелецот итн. останува неизменет, и во најдобар случај, според разликата во големината на селото наместо еден ковач, грнчар итн. се најдуваат два или три.[60] Законот, што ја регулира поделбата на трудот во општината, дејствува овде со ненарушлив авторитет на некој природен закон, додека секој еден посебен занаетчија како ковачот итн. ги врши сите операции што припаѓаат кон неговата професија на традиционален начин, но самостојно и без да признава некој каков-годе авторитет во неговата работилница. Простиот производен организам на овие заедници што сами себе се задоволуваат, што постојано се препроизведуваат во иста форма и кои, ако случајно се разрушат, пак се изградуваат на истото место и под истото име,[61] ни даваат клуч за решавање на тајната за неизменливоста на азиските општества, што е во така остар контраст со постајаното разрушување и одново образување на азиските држави и со непрекинатото изменување на династиите. Структурата на основните економски елементи на општеството останува негибната од бурите на политичките облачни региони.
Еснафските закони, како што веќе спомнавме, со строгото ограничување на бројот на помошниците што смееше да ги земе на работа одделниот мајстор, планомерно го спречуваа неговото претворање во капиталист. Исто така, тој можеше да зема на работа помошници само исклучиво во занаетот во кој самиот тој бил мајстор. Еснафот ревносно се чуваше од секое посегање од страна на трговскиот капитал — единствената слободна форма на капиталот, што стоела против него. Трговецот можел да ги купува сите стоки, само не можел да го купува трудот како стока. Него го трпеле само како агент на занаетчиските производи. Ако предизвикаат надворешните околности една натамошна поделба на трудот, тогаш постојаните еснафи се расцепуваат на подвидови или покрај старите основуваат нови еснафи, но сепак без да соединуваат различни занаети во една работилница. Поради тоа еснафската организација ја исклучувала мануфактурната поделба на трудот, макар колку многу да спаѓало нејзиното раздвојување, изолирање и развивање на занаетите во материјалните услови за егзистенцијата на мануфактурниот период. Со еден збор, работникот и неговите средства за производство се сврзани едно со друго, како полжавот со неговата куќичка, та така ја немаше првата основа за мануфактурата, — осамостојувањето на средствата за производство како капитал спроти работникот.
Додека поделбата на трудот на некое општество како цело, произлегува ли таа или не произлегува од размената на стоките, им припаѓа на најразлични општествено-економски формации, мануфактурната поделба на трудот е една сосем специфично создание на капиталистичкиот начин на производство.
Поголем број работници под команда на еден ист капиталист е природна излезна точка како за кооперацијата воопшто, така и за мануфактурата. Обратно, мануфактурната поделба на трудот го прави зголемувањето на бројот на употребените работници техничка нужда. Сега минимумот работници што мора секој одделен капиталист да го употребува ја пропишува постојната поделба на трудот. Од друга страна, предностите на натамошната поделба на трудот се условени со натамошно зголемување на бројот на работниците, само што ова може да се изведе со зголемувањето на сите различни производни групи во определена сразмера. Тука заедно со променливиот мора да расте исто така и постојаниот составен дел на капиталот, т.е. покрај обемот на заедничките услови за производство, како зградите, печките итн. имено и суровините и тоа растат дури многу побргу од бројот на работниците. Масата суровини, потрошена во даденo време од даденото количество труд, се зголемува во иста сразмера како и производната сила на трудот поради неговата поделба. Растењето на минималниот обем на капиталот во рацете на одделниот капиталист или сѐ поголемото претворање на општествените средства за живот и на средствата за производство во капитал, значи, е еден закон што произлегува од техничкиот карактер на мануфактурата.[62]
Како во простата кооперација, така и во мануфактурата, работното тело што функционира е една форма на суштествување на капиталот. Општествениот производствен механизам што е составен од многу индивидуални делски работници му припаѓа на капиталистот. Поради тоа производната сила што произлегува од комбинацијата на разни видови труд се јавува како производна сила на капиталот. Вистинската мануфактура не само што го потчинува порано самостојниот работник под командата и дисциплината на капиталот, туку на тоа одозгора создава и една хиерархиска скала меѓу самите работници. Додека простата кооперација главно го остава неизменет начинот на работа на одделниот работник, мануфактурата него го револуционира од основа и ја зесега индивидуалната работна сила во самиот нејзин корен. Таа го осакатува и го претвора работникот во кретен, кога му го забрзува развитокот на неговото детално умеење како во топла леа со тоа што му потиснува еден свет од производни нагони и дарби како што во државите на Ла Плата се коле цело животно за да се добие неговата кожа или неговата лој. Посебниот делски труд не само што се расподелува меѓу различни индивидуи, туку и самата индивидуа се разделува, се претвора во автоматско орудие на некоја делска работа,[63] и така на дело се реализира невкусната прикаска од Мененија Агрипа,[1*] која човекот го претставува само како дел од неговото сопствено тело.[64] Ако отпрво работникот му ја продаваше својата работна сила на капиталот, бидејќи тој немаше материјални средства за производството на некоја стока, сега самата негова индивидуална работна сила му откажува нему служба штом таа не му се продаде на капиталот. Таа функционира само уште во една поврзаност, што суштествува дури откога ќе се продаде, во работилницата на капиталистот. Онеспособен во неговото природно својство да направи нешто што било самостојно, мануфактурниот работник ја развива производната дејност само уште како придодаток кон работилницата на капиталистот.[65] Како што на челото на одбраниот народ стоеше напишано дека тој е сопственост на Јехова, така и поделбата на трудот му удира печат на мануфактурниот работник, го запечатува него како сопственост на капиталот.
Знаењето, предвидливоста и волјата што ги развива самостојниот селанец или занаетчија макар и во мала мера, како што ја изведува и дивјакот целата воена итрина како лично искуство, сега се бараат уште само за работилницата во цело. Духовните потенции на производството ги рашируваат своите размери на една страна, бидејќи тие на многу страни исчезнуваат. Тоа што го губат делските работници, се концентрира спроти нив во капиталот.[66] Мануфактурната поделба на трудот доведува до тоа, да им противстојат на работниците духовните потенции на материјалниот процес на производството како туѓа сопственост и како сила која господари над нив. Овој процес на раздвојување почнува во простата кооперација, каде што капиталистот спроти одделните работници ги претставува единството и волјата на општественото работно тело. Тој потака се развива во мануфактурата, го осакатува работникот во делски работник. Тој се завршува во крупната индустрија, која ја одделува науката од трудот како самостојна потенција на производството и ја натерува во служба на капиталот.[67]
Во мануфактурата, збогатувањето на целокупниот работник, а со тоа и на капиталот со општествена производна сила, е условено од осиромашувањето на работниците во индивидуални производни сили.
„Незнаењето е мајка на индустријата како и на суеверноста. Силата на размислувањето и силата на вообразувањето се подлежни на заблуди, но навиката да се движи ногата или раката не зависи ни од едното ни од другото. Значи, мануфактурите најмногу успеваат таму, каде што се најмногу лишени од дух, така што работилницата може да се смета како една машина чии делови се луѓето.“[68]
Вистина, во средината на 18 век некои мануфактури за извесни прости операции претпочитале да употребуваат полуидиоти, само што тоа било фабричка тајна.[69]
„Духот на големото мнозинство луѓе“, вели А. Смит, „нужно се развива од нивните секојдневни работи и во нив. Еден човек што го троши целиот свој живот во извршување мал број прости операции... нема можност да го изострува својот разум... Тој општо станува така тап и е неук колку што е тоа возможно за едно човечко суштество“.
Откако ја опиша тапоста на делскиот работник, А. Смит продолжува:
„Еднообразноста на неговиот неподвижен живот природно ја упропастува и смелоста на неговиот дух... Таа му ја разорува дури и енергијата на неговото тело и него го онеспособува да ја употребува својата сила со замав и продолжително, освен во делските операции на кои е наместен. Така опитноста на неговата специјална работа изгледа дека е добиена на сметка на неговите интелектуални, социјални и војнички квалитети. Но во секое индустриско и цивилизирано општество работната сиромаштија (the labouring poor) т.е. големата маса од народот нужно мора да допадне токму во таква состојба.“[70]
За да се спречи целосно дегенерирање на народните маси што произлегува од поделбата на трудот, А. Смит препорачува [да се воведе] народно просветување од страна на државата, иако во претпазливи, хомеопатски дози. Доследно полемизира против тоа неговиот француски преведувач и коментатор Г. Гарние, кој под првото француско царство природно се испупи во сенатор. Народното просветување, според него, им противречи на основните закони на поделбата на трудот и со неа би се „уништил целиот наш општествен систем“.
„Како и сите други поделби на трудот“, вели тој, „така и поделбата меѓу физичкиот труд и умствениот труд[71] станува поизразита и порешителна во оваа мера во која општеството (тој правилно го употребува овој израз за капиталот, земјопоседот и нивната држава) станува побогато. Оваа поделба на трудот, како и сите други, е резултат од минатите прогреси и причина за идните прогреси... Смее ли тогаш владата да дејствува против оваа поделба на трудот и да ја запре неа во нејзиниот природен ôд? Смее ли таа да троши еден дел од државните приходи за обид да ги спречи и измеша двете класи на трудот што се стремат кон својата поделба и раздвојување?“[72]
Извесна духовна и телесна запеченост е нераздвојна дури од општата поделба на трудот во општеството. Но бидејќи мануфактурниот период го тера многу подалеку ова општествено расцепување на гранките на трудот, а од друга страна дури со својата сопствена поделба ја напаѓа индивидуата во нејзиниот животен корен, мануфактурниот период прв дава материјал и поттик на индустриската патологија.[73]
„Да се израсподели еден човек значи тој да се погуби, ако тој ја заслужил смртната казна, а потајно да се убие, ако не ја заслужил. Израсподелбата на трудот е потајно убиство на еден народ.“[74]
Кооперацијата што почива врз поделбата на трудот, или мануфактурата, во својот почеток е самоникнато создание. Штом таа ќе добие извесна тврдост и широчина на егзистенцијата, таа станува свесна, планска и систематска форма на капиталистичкиот начин на производство. Историјата на вистинската мануфактура покажува како карактеристичната за неа поделба на трудот добива целесообразни форми, отпрвин врз основа на опитот, а зад грбот на дејствувачките лица, но тогаш, исто како еснафските занаети, се стреми еднаш најдената форма традиционално да ја зацврсти и во одделни случаи да ја задржи со векови. Ако се измени оваа форма, тогаш, со исклучок на споредните работи, тоа станува секогаш само поради некоја револуција во орудијата на трудот. Модерната мануфактура — јас не зборувам овде за крупната индустрија што почива врз машинерија — или ги најдува, како на пр. мануфактурата на алишта, во градовите каде што таа изникнува, веќе готови своите disјecta membra poetae и ѝ останува само да ги собере овие расфрлени членови; или пак принципот на поделбата отворено бие в очи кога различните операции на занаетчиското производство (на пр. во книгоподврзачкиот занает) просто им се предаваат исклучиво на посебни работници. Во такви случаи не е потребен опит ни од една недела за да се изнајде колку раце се потребни сразмерно за секоја функција.[75]
Мануфактурната поделба на трудот, со расчленувањето на занаетчиската дејност, со специјализацијата на орудијата на трудот, со создавањето на делски работници, со нивната групација и комбинација во еден целокупен механизам создава квалитативно расчленување и квантитативна пропорционалност на општествениот процес на производството, значи една определена организација на општествениот труд, а едновремено со тоа развива една нова, општествена производна сила на трудот. Како специфична капиталистичка форма на општествениот процес на производството — а на најдената основа, таа и не можела инаку да се развие освен во капиталистичка форма — таа е само еден особен метод да се произведува релативен вишок на вредноста или да се зголеми самооплодувањето на капиталот на сметка на работниците — а што се вика општествено богатство „Wealth of Natіons” итн. Таа не само што ја развива општествената производна сила на трудот за капиталистите, наместо за работниците, туку ја развива со осакатувањето на индивидуалниот работник. Таа создава нови услови за господство на капиталот над трудот. Додека таа пoради таа се покажува од една страна како историски напредок и нужен момент на развитокот во процесот на економското изградување на општеството, од друга пак страна, се покажува како средство за цивилизирана и рафинирана експлоатација.
Политичката економија, која се појавува како посебна наука дури во мануфактурниот период, ја разгледува општествената поделба на трудот[76] воопшто само од гледна точка на мануфактурната поделба на трудот, како средство со истото количества труд да се произведат повеќе стоки, со тоа да се поевтинат стоките и позабрза акумулацијата на капиталот. Во најостра спротивност спроти ова нагласување на квантитетот и на разменската вредност, писателите на класичниот стар век се држат исклучиво за квалитетот и употребната вредност.[77] Поради раздвојувањето на општествените производни гранки, стоките се изработуваат подобро, различните нагони и дарби на луѓето си одбираат соодветни сфери за дејство,[78] а без ограничување не може никаде ништо позначајно да се изврши.[79] Значи поделбата на трудот го подобрува производот и производителот. Ако писателите на класичниот стар век понекогаш и го споменат порастот на масата производи, тогаш тоа го прават само во однос на поголемото изобилство на употребна вредност. Ни слог не ѝ се посветува на разменската вредност, на поевтинувањето на стоките. Оваа гледна точка на употребната вредност господари како кај Платона[80] кој ја разгледува поделбата на трудот како основа за општественото развивање на сталежите, така и кај Ксенофона,[81] кој со својот карактеристичен буржоаски инстинкт веќе се приближува кон поделбата на трудот во рамките на една работилница. Платоновата Република,[2*] до колку во неа поделбата на трудот се развива како принцип за државното устројство, значи само атинско идеализирање на египетското кастинство, како што Египет значи и за други негови современици, на пр. за Изократ,[82] како за индустриска земја, а ова значење тој го задржува дури и за Грците од времето на римската империја.[83]
Во времето на вистинскиот мануфактурен период т.е. во периодот во кој мануфактурата е владеачка форма на капиталистичкиот начин на производство, полното изведување на нејзините сопствени тенденции се удира на многу и разни пречки. Иако таа, како што видовме, покрај хиерархиското расчленување на работниците создава и едно просто раздвојување меѓу квалификувани и неквалификувани работници, бројот на последниве останува мошне ограничен, поради претежното влијание на првите. Иако таа посебните операции ги нагодува кон различните степени на зрелост, сила и развиток на живите работни органи, та поради тоа се стреми кон производно експлоатирање жени и деца, сепак оваа тенденција општо бидува разбивана од навиките и од отпорот на возрасните машки работници. Иако разлагањето на занаетчиската дејност ги снижува трошоците за образование, а со таа и вредноста на работникот, сепак за потешките делски работи е нужно подолго време за изучување, а и таму каде што е тоа излишно, пак ревносно го чуваат работниците. Ние гледаме дека на пр. во Англија laws of apprenticeship [закони за чираците] со нивниот седумгодишен рок за учење беа во полна сила до крајот на мануфактурниот период, и дури крупната индустрија ги уништи. Бидејќи занаетчиската вештина останува основа на мануфактурата и бидејќи целокупниот нејзин механизам што функционира нема некој објективен скелет независен од самите работници, капиталот мора постојано да се бори со непослушноста на работниците.
„Слабоста на човечката природа“, извикува нашиот пријател Јур „е така голема, што работникот колку е поискусен, толку е посвоеволен и потешко е да се работи со него и според тоа толку потешка пакост му нанесува на целокупниот механизам со својата тврдоглава ќуд.“[84]
Затоа во време на целиот мануфактурен период не престануваат жалбите за отсуство на дисциплина кај работниците.[85] И дури да немаме никакви индикации од страна на писателите од она време, тоа само простите факти, што од почетокот на 16 век па до епохата на крупната индустрија не му успеало на капиталот да го завладее целото работно време со кое располагале мануфактурните работници, тоа што мануфактурите се кратковечни и заедно со уселувањето и иселувањето на работниците го напуштаат своето седиште во една земја и се наместуваат во друга. Ете, самите овие факти говорат подобро од цели библиотеки. „Вака или инаку, ред мора да се заведе“ извикува во 1770 повеќе пати цитираниот писател на „Еѕѕау on Trade and Commerce”. Ред! се слуша 66 години подоцна од устата на Д-р Андреј Јур. „Ред“ немаше во мануфактурата што почива на „схоластичката догма на поделбата на трудот“, и „Аркрајт создаде ред“.
Едновремено мануфактурата не можеше да го зафати општественото производство во неговиот цел обем, нити да го преобрази од неговиот темел. Таа го достигна својот врв како економско вешто дело на широката основа на градското занаетчиство и селската домашна индустрија. Нејзината сопствена тесна техничка база на извесен степен во својот развиток дојде во противречност со потребите за производство што ги создаде самата таа.
Едно од нејзините најсовршени созданија беше работилницата за производство на самите орудија на трудот, а особена комплицираните механички апарати што веќе биле во употреба.
„Една таква работилница“, вели Јур, „дава да се види поделбата на трудот во нејзините разни степени. Сврделот, длетото, стругарското тезге имале секој свој сопствен работник, хиерархиски расчленети според степенот на нивното умеење.“
Овој производ на мануфактурната поделба на трудот од своја страна произведува машини. Овие ја укинуваат занаетчиската дејност како принцип што го регулира општественото производство. Така од една страна е расчистен патот на техничката основа за доживотното приврзување на работникот за една одделна функција. Од друга страна паѓаат границите што му го наметнуваше истиот принцип на господството на капиталот.
Фусноти
[26] За да покажеме еден помодерен пример за овој начин на образување мануфактура, ние го наведуваме следниов цитат. Копринените предачници и ткајачници во Лион и Ниме „сосем се патријархални. Во нив работат многу жени и деца, но без претеран труд и без штета за нивното здравје; претпријатијата ги остоваат работниците во нивните прекрасни долини на Дрома, Вара, Изера и Вокливо, каде што одгледуваат буби за коприна и ги точат кожурците, тоа производство никогаш не станува вистинско фабричко претпријатие. Кога доволно се набљудува ... принципот на поделбата на трудот овдека покажува еден специјален карактер. Има многу мотачки, предачи на копринен конец, бојаџии, навивачки на основата и најпосле и ткајачи; но тие не се соединети во иста работилница и не зависат од еден ист капиталист. Сите тие се самостојни.“ (A. Blanqui: „Cours d’Economie Іndustrielle“. Recueilli par А. Blaise. Paris, 1838-39, стр. 79.) Откако го напиша ова Бланки, различните независни работници делум веќе беа соединети во фабрики. (Кон четвртото издание. — А откога Маркс го напиша горново, во овие фабрики завладеа механичкиот разбој и бргу го истисна рачниот разбој. Копринената индустрија во Крефелд исто така би знаела да пораскаже што за тоа. — Ф. Е.)
[27] „Колку ќе се изврши поголема поделба на трудот во некоја сложена мануфактура и колку ќе се расподели трудот на разни одделни работници, толку ќе биде подобра и побрза изработката, а помала загубата во време и труд.“ („The advantages оf the East India Trade. London 1720, стр. 71.)
[28] „Трудот што оди лесно е само пpeнecено умеење“. (Th. Hodgskin: „Popular Political Economy“. [London 1827, стр. 48.)
[29] „И вештините... во Египет постигнаа голем степен на совршенство. Зашто само во оваа земја занаетчиите сосем не смеат да зафаќаат во работите на некоја друга граѓанска класа, туку мораат да ја вршат само професијата што им припаѓа законски по наследство... Кај другите народи ние гледаме дека занаетчиите го растураат своето внимание на премногу предмети ... Тие де се обидуваат со земјоделство, де се впуштаат во трговија, да се зафаќаат едновремено со две или три вештини. Во слободните држави тие обично трчаат по народните собранија ... Во Египет. напротив, секој занаетчија тешко се накажува, ако се меша во државни работи или ако се занимава едновремено со повеќе вештини. Така ништо не може да ја спречи нивната професионална работливост... Освен тоа, иако тие имаат од нивните предедовци многу правила, тие ревносно се грижат да изнајдат уште нови подобрувања.“ (Диодор Сицилијанецот: „Историска библиотека“, кн. I, гл. 74, [стр. 117, 118])
[30] „Historical and descriptive Account of British India etc. Ву Hugh Murray, Јаmеѕ Wilson etc.“ Edinburgh 1832, кн. II, стр. 449 [450]. Индискиот разбој е висок, т.е. основата се затегнува вертикално.
[31] Дарвин во своето епохално дело за „Потеклото на видовите“, а во однос на природните органи на растенијата и животните, забележува: „Сѐ додека еден ист орган извршувал различни работи, може да се најде причина за неговата изменливост во тоа што природниот подбор со помалку загриженост го одржува или го потиснува секое мало отклонување од формата, отколку кога би бил истиот орган определен само за една особена цел. Така и ножевите што се определени за сечење секакви работи можат главно да бидат со прилично еднаква форма, додека едно орудие определено само за една употреба мора да има инаква форма за секоја друга употреба.“
[32] Женева во 1854 год. Произведе 80.000 часовници, што сѐ уште не е ни една петина од производството на часовниците во кантонот Нојшател. Самиот Шо-де-Фон, кој може да се смета како една единствена мануфактура на часовници, доставува годишно двапати повеќе отколку Женева. Од 1850-61 Женева достави 720.000 часовници. Види: „Report fгоm Geneva on the Watch Trade“ во „Reports by H. M.’s Secretaries of Embassy and Legation on the Manufactures, Commerce etc.“ No. 6, 1863. Ако несврзаноста на процесите, на кои се распаднува производството на изработките кои само се составуваат, само по себе мошне го отежнува претворањето на таква мануфактура во машинско производство на крупната индустрија, кај часовникот притоа идат уште две други пречки; дробноста и деликатноста на неговите елементи и неговиот луксузен карактер, а оттука и неговите разновидности. Така, на пр., во најдобрите лондонски фирми преку целата година одвај ако се изработи една дузина часовници што би биле слични еден со друг. Фабриката за часовници Вашерон и Константен, која применува со успех машинерија, дава најмногу само 3-4 различни видови по големина и форма.
[33] Во производството на часовници тој класичен пример од хетерогена мануфактура може сосем точно да се проучува по горе споменатото диференцирање и специјализирање на инструментите за работа што произлегуваат од разлагањето на занаетчиската дејност.
[34] „Каде што се луѓето заедно во таква близина, трудот за пренесувањето мора да биде помал.“ („The Advantages of the East India Trade.“ London 1720, стр. 106).
[35] „Раздвојувањето на разните степени на производството низ кои врви производот на мануфактурата, а што е последица од примената на рачниот труд, вонредно ги зголемува трошоците на производството, загубата произлегува главно од самата оддалеченост на едниот процес на производството од другиот.“ („The Industry of Nations“. London 1855. Дел II, стр. 200.)
[36] „Таа (поделбата на трудот) создава исто и економија во времето, зашто го раставува трудот на разни операции, што можат сите да се вршат едновремено ... Тоа што се вршат едновремено сите различни процеси од трудот, што одделниот човек би морал да ги врши еден по друг, овозможува да се изработи големо количество на пр. игли за истото време за кое инаку би била само пресечена или само изгладена една игла.“ (Dugald Stewart: „Works etc.,“ кн. III, 1855, Lectures on Political Economy, стр. 319.)
[37] „Колку е поголема разновидноста меѓу работниците во некоја мануфактура ... толку се поголеми редот и правилноста на секоја работа, толку помалку време и труд ќе се губи на неа.“ („The Advantages of the East India Trade“, стр. 68.)
[38] Меѓутоа, во многу гранки, мануфактурното претпријатие го постигнува овој резултат само неполно, зашто мануфактурата не е во состојба да ги кoнтpoлира со сигурност општите хемиски и физички услови на производството.
[39] „Кога опитот, веќе според особената природа на производот на секоја мануфактура, ќе го покаже и најпогодниот начин за разделување на производството во делски операции како и потребниот број работници, тогаш сите претпријатија, што не го употребуваат овој број работници кој ѝ одговара точно на оваа сразмера, ќе произведуваат со поголеми трошоци... Ова е една од причините за колосалното раширување на индустриските претпријатија.“ (Ch. Babbage. „On the Economy of Machinery“, London 1832, гл. ХXI, стр. 172.)
[40] Во Англија печката за топење е одделена од печката за преработување стакло; во Белгија на пр. истата печка служи за обата процеса.
[41] Ова може да се види, меѓу другите, и од работите на овие автори: W. Petty, John Bellers, Andrew Yarranton, “The Advantages of the East India Trade,” и J. Vanderlint.
[42] Во Франција уште кон крајот на 16 век се употребувале за толчење и измивање на рудата, аванот и решетото.
[43] Целата историја на развитокот на машинеријата може да се следи во историјата на мелницата за жито. Фабриката во Англија сѐ уште се вика mill [мелница]. Во германските технолошки творби од првата деценија на 19 век сѐ уште може да се најде изразот Mühle [мелница] не само за секоја машинерија движена од природните сили, туку дури и за секоја мануфактура што применува машински апарати.
[44] Како што ќе се види поблиску во четвртата книга од оваа творба, А. Смит нема поставено ни еден нов принцип за поделбата на трудот. Но тоа што го окарактерисува него како политички економист што го обопштил мануфактурниот период е акцентот што го положува тој врз поделбата на трудот. Подредената ролја што ѝ ја дава тој на машинеријата ја предизвика во почетокот на крупната индустрија полемиката на Лодердел, а во една понатака развиена епоха полемиката на Јyp. А. Смит, освен тоа, го меша и диференцирањето на инструментите, при што самите делски работници од мануфактурата биле мошне дејни, со изнајдувањето на машината. Тие што играле некоја ролја при пpoнајдувањето на машината не се мануфактурните работници, туку научниците, занаетчиите, дури и селаните (Бриндли) итн.
[45] „Со тоа што се разделува изработката на повеќе различни операции, од кои секоја сака различен степен на сила и умеење, сопственикот на мануфактурата може да се снабди за секоја операција со точно соодветно количество сила и умеење. Но напротив, кога би требало целата работа да ја изврши еден работник, тогаш една иста индивидуа би морала да има достатно умеење за најделикатните операции и достатна сила за најтешките.“ (Ch. Babbage: „On the Economy of Machinery“. London 1832, гл. XVIII.)
[46] „На пр., еднострана развиеност на мускулите, искривеност на коските итн.
[47] Г. В. Маршал, главен управник на една стакларска мануфактура, сосем точно одговара на прашањето од членот на иследната комисија, имено, на кој начин се одржува работливоста меѓу младите лица земени на работа: „Својата работа тие и не можат да ја пренебрегнуваат, штом еднаш почнале, тие мораат да продолжат; тие се тогаш само делови од една машина.“ (СЕС, IV, 1865, стр. 247).
[48] Др. Јур во својата апотеоза на крупната индустрија поостро го чувствува специфичниот карактер на мануфактурата отколку понапрежните економисти, што немаа полемички интерес како него, та дури и од своите современици, на пр. од Бебиџ, кој вистина како математичар и механичар го надминува него, но сепак крупната индустрија ја разгледува, токму речено, од гледна точка на мануфактурата. Јур забележува: „Приспособувањето на работникот кон секоја одделна операција ја прави сушноста на поделбата на трудот“. Од друга страна, тој ја означува оваа поделба како „приспособување на работите кон различните индивидуални способности.“ И најпосле го карактеризира целиот мануфактурен систем како „еден систем од градација според степенот на искуството“, како „една поделба на трудот според различните степени на искуството“ итн, (Ure: „Philosophy of Manufacturеѕ”, стр. 19-22 и натаму.)
[49] „Бидејќи на секој занаетчија... му било овозможено да се усоврши со практика во една специјална операција, тој станал и поевтин работник“. (Ure: „Philosophy of Manufactures“, стр. 19.)
[50] „Поделбата на трудот почнува од раздвојувањето на најразличните професии и оди натаму сѐ до онаа поделба, каде што изготвувањето во еден ист производ се разделува на повеќе работници, како при мануфактурата.“ (Storch: „Cours d'Economie Politique.“ Париското издание, кн. I, стр. 173.) „Кај народите што постигнале извесен степен на цивилизација ние најдуваме три вида поделба на трудот: првата, што ја викаме поделба на трудот општо, води кон поделбата на производителите на земјоделци, индустријалци и трговци, трите главни гранки на националното производство; втората, што би можела да се нарече специјална поделба на трудот, е раздвојувањето на секој род производство на видови... третата, што треба да се означи како поделба на работните операции или поделба на трудот во вистинската смисла на зборот, е таа што се јавува во рамките на одделните занаети и професии... а е раширена во повеќето мануфактури и работилници“. (Skarbek: „Théories des Richesses sociales“. Paris 1840, 2 изд. кн. I, стр. 84, 85.)
[50a] Белешка кон 3 издание. — Подоцнежните основни студии за првобитната состојба на човештвото го доведоа авторот до резултат дека првобитно фамилијата не се развила во племе, туку обратно, племето е првобитната природно произлезена форма на човечкото општество засновано врз крвно сродство, така што многу различните форми на фамилијата се развиле дури подоцна откога почнале да се раскинуваат племенските врски. Ф. Е.
[51] Сер Џемс Стјуарт ја има најдобро разработено оваа точка. Колку малку е познато денеска неговото дело, излезено 10 години пред „Wealth of Nations“ се гледа, меѓу другото, и од тоа што поклониците на Малтус не го знаат дури ни тоа дека Малтус во првото издание на неговото дело за „законот на населението“, ако го оставиме настрана чисто декламаторскиот дел, го има препишано скоро само од Стјуарта, покрај нешто од поповите Волес и Таунзенд.
[52] „Потребна е определена густина на населението за да можат да се развијат социјални односи, како и да се создаде таква комбинација на силите со кои се зголемува производноста на трудот.“ (James Mill: „Elements of Political Economy”, London 1821, стр. 50.) „Колку повеќе расте бројот на работниците, толку е поголема производната силa на општеството, сразмерно на тој пораст, а помножено со успехот на поделбата на трудот.“ (Th. Hodgskin: „Popular Political Economy", стр. 125, 126.)
[53] Поради големото барање памук од 1861 е проширено производството на памук во некои инаку многу населени околии на источна Индија за сметка на производството на ориз. Поради тоа во многу места настана глад, бидејќи поради недостиг на комуникациони средства, а оттука и поради недостиг на физичко единство, недостигот на ориз во една околија не можеше да се изедначи со довоз од други околии.
[54] Така во Холандија веќе во 17 век фабрикацијата на совалките стана посебна индустриска гранка.
[55] „Зар мануфактурата на волна во Англија не е подразделена на разни делови или гранки што се врзани за определени места, каде што единствено и главно се произведуваат видови од таа гранка: тенки ткаеници во Сомерсетшир, груби во Јоркшир, двојна ширина во Ексетер, креп во Норвич, полуволнени материи во Кендал, ќебиња во Хвитнеј итн.“ (Berkeley: „The Querist“, 1750 § 520.)
[56] А. Ferguson: „History of Civil Society”. Edinburgh 1767. дел IV, оддел II, стр. 285.
[57] Во вистинските мануфактури, вели тој, поделбата на трудот изгледа поголема, оти „оние што работат во различни гранки на трудот често можат да бидат собрани во иста работилница и сите можат да бидат опфатени со еден поглед од некој надгледувач. А напротив, во оние крупни мануфактури (!), што треба да ги задоволат битните потреби на големи народни маси, секоја одделна гранка на трудот зема на работа толкав број работници, што е невозможно да се соберат во иста работилничка зграда... таа поделба ни оддалеку не е така очевидна.“ (А. Smith: „Wealth of Nations”, кн. I, гл. 1.) Прославениот пасус во истата глава што почнува со зборовите: „Погледајте го имотот на најпростиот занаетчија или надничар во некоја цивилизирана и напредна земја“ итн., а потоа понатака опишува на каков начин безбројни различни занаети си содејствуваат еден со друг за задоволување на потребите на еден обичен работник што е речиси од збор до збор препишано од забелешката на Б. де Мандвила кон неговото „Fable of the Bees, or Private Vices, Publick Benefits“. (Прво издание без забелешки 1703, со забелешки 1714.)
[58] „И така нема повеќе ништо што би можело да го означиме како природна наемнина за трудот на поединците. Секој работник произведува само еден дел од целото, а бидејќи секој дел само по себе е без вредност и полезност, затоа нема ништо за што би можел работникот да рече: Ова е производ од мојот труд, ова можам да го задржам за себе!“ („Labour Defended against the Claims of Capital“, London 1825, стр. 25.) Писателот на ова одлично дело е понапред цитираниот Th. Hodgskin.
[58a] Белешка кон второто издание. Оваа разлика меѓу општествената и мануфактурната поделба на трудот јенките [Американците] правилно ја имаат илустрирано. Еден од новите даноци измислени за време на граѓанската војна во Вашингтон беше акцизот од 6% на „сите индустриски производи“. Прашање: Што е индустриски производ? Одговор на законодавецот: Некој предмет е производ, „штом е тој направен“ (when it is made), а тој е направен кога е готов за продажба. Сега еден пример од многуте такви. Мануфактурите во Њујорк и Филаделфија понапред „правеа“ чадори со сѐ што им принадлежи. Но бидејќи е чадорот една mixtum compasitum [соединување] од сосем различни составни делови, последниве малку по малку станаа изработка на различни независни една од друга производни гранки и водени во разни места. Нивните делски производи влегуваа сега во мануфактурата на чадори како самостојни стоки, која уште само ги составува во една цело. Јенките ги крстија артиклите од овој род „assembled article“ [собрани артикли], а тоа име тие особено го заслужија како собирни точки на данок. Така чадорот прво „собираше“ 6% акциз врз цената на секој негов елемент, па после пак 6% врз неговата вкупна цена.
[59] „Може ... да се земе како општо правило дека, колку помал авторитет ја управува поделбата на трудот во општеството, толку е повеќе развиена поделбата на трудот во самата работилница, толку повеќе му е таа потчинета на авторитетот на еден човек. Според тоа, авторитетот во работилницата и авторитетот во општеството стојат еден спроти друг, во однос на поделбата на трудот, во обратна сразмера.“ (Karl Marx: „Misère de la Philosophie”. Paris 1847, стр. 130, 131.)
[60] Lieut.-Col. Mark Wilks: “Historical Sketches of the South of India.” London 1810-17 кн. 1, стр. 118-20. Добар преглед на различните форми на индиската заедница може да се најде во George Campbell “Modern India.” London 1852.
[61] „Во овие прости форми ... живееле домородците од памтивек. Границите на селата само ретко се менувани! иако војните, гладот и епидемиите често ги оштетувале, та дури и ги уништувале селата, сепак нивното име, границите, интересите та дури и фамилиите се одржувале низ многу генерации. Жителите не водат грижа за пропаѓањето и разделбата на кралствата; сѐ додека селото останува неподелено нив им е сѐ едно на која власт ќе бидат препуштени, или на кој владетел ќе му припаднат. Економијата во внатрешноста на селото не се изменува.“ (Th. Stamford Raffles, late Lieut. Gov. of Java: „The History of Java”. London 1817, кн. II, стр. 285.)
[62] „Не е дастатно капиталот“ (би требало да се каже средствата за живот и производство), „потребен за подразделувањето на занаетот веќе да се најдува во општеството; потребно е освен тоа тој да биде акумулиран во доста големи маси во рацете на претприемачите, за да ги оспособи за работа во поголемa мера ... Колку поголема станува поделбата, толку еден ист број работници земени постојано на работа бараат сѐ поголем капитал во алат и суровини, итн.“ (Storch: „Cours d'Economie Politique.“ Париското издание, кн. I, стр. 250, 251.) „Концентрацијата на орудијата за производство и поделбата на трудот се исто така неразделни една од друга, како што се во областа на политиката неразделни централизацијата на општествената власт и поделбата на приватните интереси“. (К. Marx: „Misère de la Philosophie”, стр. 134.)
[63] Дугалд Стјуарт мануфактурните работници ги вика „живи автомати употребувани во одделните работни операции“. („Works etc.“, кн. III, Lectures оn Political Economy, стр. 318.)
[64] Кај коралите секоја индивидуа претставува всушност стомак за целата група. Но таа ѝ доставува на групата прехранбени материи, наместо да ѝ зема како римските патриции.
[65] „Работникот, кој го владее својот занает во целиот обем, може да оди насекаде да работи на својот занает и да најде за себеси издршка; оној другиот пак (мануфактурниот работник) е само придодаток, и ако го разделат од неговите браќа по род, тогаш не е повеќе ни употреблив ни независен, и затоа е присилен да му се покорува на секој услов што ќе најдат за удобно да му го предложат“. (Storch: „Cours d'Economie Politique.“ Изд. Petersbourg 1815, кн. I, стр. 204.)
[66] А. Ferguson: „History of Civil Society”, стр. 281.: „Првиот го добил она што го изгубил вториот“.
[67] „Човекот од науката и производниот работник се разделени далеку еден од друг, и науката наместо да ја зголемува во рацете на работникот неговата сопствена производна сила за самиот него, таа речиси насекаде се поставила против него ... Знаењето станува инструмент способен да се оддели од трудот и да истапи против него. (W. Thompson: „An Inquiry into the Principles of the Distribution of Wealth.“ London 1824, стр. 274.)
[68] А. Ferguson: „History of Civil Society", стр. 280.
[69] J. D. Tuckett: “A History of the Past and Present State of the Labouring Population.” London 1846, кн. I, стр. 148.
[70] А. Smith: „Wealth of Nations,“ кн. V, гл. I чл. II. Како ученик на Фергусон, што ги разбрал пакосните последици од поделбата на трудот, А. Смит во оваа точка беше сосем начисто. Во уводот од неговото дело, каде што тој ех prоfesso [по професија] ја фали поделбата на трудот, тој само патем ја означува неа како извор на општествената нееднаквост. Дури во петтата книга за државните даноци тој го репродуцира Фергусона. Во „Misère de la Philosophie” јас го изнесов нужното за историската врска меѓу Фергусон, А. Смит, Лемонтеј и Сеј во нивната критика на поделбата на трудот и таму за првпат ја претставив мануфактурната поделба на трудот како специфична форма на капиталистичкиот начин на производство. (Стр. 122 и натаму.)
[71] Фергусон веќе во „History of Civil Society”, дел IV, оддел. I, стр. 281, вели: „Дури и мислењето може да стане во овој век на поделбата на трудот посебна професија.“
[72] G. Garnier, том V од неговиот превод стр. 4-5.
[73] Ramazzini, професор по практична медицина во Падова, го објави во 1713 своето дело: „De morbis artificum,” преведено на француски во 1781, повторно печатено во 1841 во “Encyclopédie des Sciences Médicales. 7 Discours: Auteurs Classiques.” Природно што периодот на крупната индустрија мошне го зголеми неговиот каталог на работнички болести. Види ја меѓу другите “Hygiène physique et morale de l’ouvrier dans les grandes villes en général et dans la ville de Lyon en particulier. Par le Dr. A. L. Fonteret, Paris, 1858,” and “Die Krankheiten, welche verschiednen Ständen, Altern und Geschlechtern eigenthümlich sind. 6 Vols. Ulm, 1860.” Во 1854 год. Society Of Arts наименувало една иследна комисија за индустриска патологија. Списокот на документите собрани од оваа комисија се најдува во каталогот “Twickenham Economic Museum.” Мошне се важни официјалните „Reports on Public Health.” Види и Eduard Reich, M. D. “Ueber die Entartung des Menschen,” Erlangen, 1868.
[74] D. Urquhart: “Familiar Words.” London 1855, стр. 119. — За поделбата на трудот Хегел имаше сосем еретички погледи. „Под образовани луѓе најнапред треба да се разберат оние што можат да направат сѐ што другите прават“, вели тој во својата „Филозофија на правото“.
[75] Наивната вера во изнајдувачкиот гениј, што го покажува поединечниот капиталист во поделбата на трудот, се најдува уште само кај германските професори, како што е на пр. г. Рошер, кој му посветува на капиталистот „diverse Arbeitslöhne“ [различни наемнини] од благодарност затоа што од јупитерската глава на последниов искокнува готова поделба на трудот. Поголемата или помалата примена на поделбата на трудот зависи од длабочината на ќесето, а не од величината на генијот.
[76] Старите писатели како Пети, како анонимниот писател на „Advantages of the East India Trade“ и други, повеќе го проѕреле капиталистичкиот карактер на мануфактурната поделба на трудот отколку А. Смит.
[77] Исклучок меѓу модерните прават неколку писатели од 18 век, кои во поглед на поделбата на трудот само ги повторуваат старите писатели: такви се Бекарија и Џемс Харис. Така Бекарија пишува: „Сопствениот опит му покажува секому дека оној што го управува своето умеење (своите раце) и својот разум постојано кон истиот вид и кон истиот производ, произведува полесно, пообилно и подобро отколку кога секој би морал да произведува сѐ што му треба... На тој начин, во интерес на општото и индивидуалното тие се делат на различни класи и слоеви.“ (Cesare Beccaria: “Elementi di Economia Pubblica”, изд. Custodi, Parte Moderna, кн. XI, стр. 28.) Џемс Харис подоцна гроф од Мамсбери, прочуен со „Diaries“ [дневниците] за неговото престојување во Петербург, самиот тој во една белешка кон неговиот „Dialogue concerning Happiness“, London 1741, подоцна одново отпечатено во „Three Treatises etc.,“ 3 изд., London 1772 вели: „Сите докази (што имено тргнуваат од „поделбата на професиите“) за тоа дека општеството е нешто природно се земени од вториот дел на Платоновата република.“
[78] Така на пр. во Одисејата, песна 14, стих 228 „Оти овего го трга срце за овој, а онего за оној труд ... и Архилох во Секстус Емпирика секој го развеселува своето срце на друга работа.“
[79] “Poll hpistaio erga, cacwς d hpistano panta.” [„тој знаеше многу работи, но сите ги знаеше лошо“] — Атињанинот, како производител на стоки, го чувствуваше своето предимство над Спартанецот, зашто последниов можеше да располага во војна само со луѓе, но не можеше да располага со пари, како што Тукидид го пушта Перикла да каже во говорот во кој тој ги потспотнува атињаните кон Пелопонеска војна: “swmasi te etoimoteroi oi autonrgoi twn anthrwpwn h crhmasi polemein” (Оние што произведуваат за своја сопствена потреба побргу го даваат во војната своето тело отколку парите“) (Тукидид: „Историјата на Пелопонеската војна“, кн. І. оддел 141.) Сепак нивни идеал и во материјалното производство си остана autarceia [автархија], која е спротивна на поделбата на трудот, зашто при последнава се обезбедува благосостојба (to eu), а при првата и самостојност“ (to autaresς). Притоа треба да се има на ум оти времето кога се турнаа 30-те тирани сѐ уште немаше ни 5.000 атињани без земјиштен посед.
[80] Поделбата на трудот во рамките на заедницата ја изведува Платон од многубројноста на потребите и од едностраноста на дарбите на индивидуите. Основна гледна точка кај него е таа, дека работникот мора да се управува според работата, а не работата според работникот, што би било неизбежно ако тој врши едновремено неколку професии, значи ако едната или другата ја врши како странична. „Она што треба да се изработи нема обичај да го чека слободното време од оној што треба да го направи; напротив работникот е должен да се фати за работа, а не само меѓу другото“. — „Сигурно“. — „Така сѐ ќе се произведува поизобилно, поубаво и со помалку ако секој работи само едно, соодветно на својата дарба и време, непопречуван од други работи“. („Respubliса“, кн. II. гл. 12.) Слично е и кај Тукидида: „Историја на Пелопонеската војна“, кн. I, оддел 142: „Поморството е вештина како и секоја друга и не може тоа да се врши од случај, како странично занимање, туку дури не смее да се врши покрај него друго странично занимање“. Ако мора работата — вели Платон — да го чека работникот, тогаш ќе се пропушта критичната точка на производството и изработката ќе пропадне, “ergou cairon diollutai” [пропаѓа времето кога е за работа]. Истата Платонова идеја се најдува пак во протестот на англиските сопственици на белилници против параграфот на Фабричкиот акт, кој утврдува еден определен час за јадење за сите работници. Нивната работа не може да се управува според работниците, зашто „од разните работи — варење, перење, белење, чукање, пресување, бојадисување ниедна не може да се прекине во определен момент без опасност по квалитет ... Присилното воведување ист час за јадење за сите работници може евентуално да ги изложи скапоцените парчиња на опасност да се израсипат поради нецелосна изработка“. Le platonisme où va-t-il se nicher! [каде сѐ не ќе дојде платонизмот!]
[81] Ксенофон прикажува оти да се јаде на трпезата од персискиот крал не било само голема чест, ами овие јадења биле и многу повкусни од другите. „А тоа не е ни чудно, бидејќи како што се другите вештини во големите градови особено усовршени, така и кралските јадења се приготвуваат сосем особено. Зашто во малите гратчиња ист човек прави кревет, врата, плуг, маса; често тој покрај тоа прави и куќи, и тој е задоволен дури и ако најде достатно клиенти за да може да се издржи. Чисто е невозможно еден човек што се занимава со толку различни работи сите да ги направи добро. Но во големите градови, каде што секој поединец најдува многу купци, доста е и еден занает за да го исхрани својот мајстор. Често дури затоа не е потребен ни цел занает, туку еден прави машки чевли, друг женски. Овде-онде еден живее само од шиење, друг од кроење чевли, еден само ги крои алиштата, друг само ги составува парчињата заедно. Сега е нужно извршителот на најпростиот труд да го направи него безусловно и најдобро. Исто е така и со готварската вештина“. (Xenophon: „Cyrоpaedia”, кн. VIII, гл. 2.) Овде се утврдуваат исклучиво добрите квалитети на употребните вредности, иако веќе Ксенофон знаеше оти размерата на поделбата на трудот зависи од обемот на пазарот.
[82] „Тој (Бузирис) ги раздели сите на посебни касти ... Заповеда едни исти луѓе секогаш да ги работат истите работи, оти тој знаеше дека штом ги менуваат своите занимања, не стануваат темелни во ни една работа; но оние што остануваат постојано при истите занимања секое го доведуваат до совршенство. И навистина ние гледаме дека тие во поглед на вештината и занаетот далеку ги надминаа своите соперници далеку повеќе отколку што го надминува еден мајстор необучениот работник, а во поглед на уредувањето на кралската власт и другиот државен строј се така совршени што и најславните филозофи, кои говорат за тоа, го фалат државниот строј во Египет над секој друг.“ (Изократ: „Бузирис“, гл. 8.)
[83] Спор. Диодор Сицилијанец.
[84] „Philosophy of Manufacture“, стр. 20.
[85] Што е речено во текстот важи повеќе за Англија отколку за Франција, и повеќе за Франција отколку за Холандија.
Забелешки на уредникот на изданието
[1*] Во 494 г. п.н.е. дошло до судир меѓу римските патриции и плебејци. Според преданието, патрициот Мененија Агрипа успеал да ги смири плебејците со тоа што им раскажал една парабола за деловите од човечкото тело. Слично како плебејците се побуниле органите на телото и не сакале да му даваат храна на стомакот. Мененија Агрипа го споредил римското општество со живиот организам, чии раце би биле плебејците кои го хранат стомакот на тој организам, т.е. патрициите. Кога би се одвоиле рацете од стомакот би дошло до смрт на организмот; според тоа одбивањето на плебејците да ја вршат својата должност би довело до пропаст на римската држава.
[2*] Платоновата република е идеалниот тип на една робовладетелска држава како што е дадена во делото на старогрчкиот филозоф Платон „Државата“. Основниот принцип на оваа држава би требало да биде строгата поделба на трудот меѓу слоевите од слободните граѓани. На филозофите им се доделени управните функции, кастата војници, која е ослободена од секакви обврски во труд, требало да ги брани животите и сопственоста на граѓаните, додека селаните, занаетчиите и трговците требало исклучително да произведуваат материјални добра.