Карл Маркс
Капиталот (том 1)

ГЛАВА ТРЕТА

Парите или циркулацијата на стоките


Содржина

1. — Мера на вредноста
2. — Циркулационо средство

a) Метаморфозата на стоката
б) Оптекот на парите
в) Монетата. Знакот на вредноста

3. — Пари

а) Собирање благо
б) Платежно средство
в) Светски пари


1. Мера на вредноста

За попростување насекаде во ова дела ќе го земаме златото како парична стока.

Првата функција на златото се состои во тоа, што му дава на стоковниот свет материјал за изразување на вредноста на стоките, или што ги претставува стоковните вредности како едноимени големини, квалитативно еднакви и квантитативно споредливи. Така тоа функционира како општа мера на вредноста и дури со оваа функција, специфичната еквивалентна стока златото, станува пари.

Стоките не стануваат измерливи низ парите. Напротив. Токму затоа што како вредности сите стоки се опредметен човечки труд, поради што сами па себе се измерливи, тие можат и заеднички да ги мерат своите вредности со иста специфична стока и со тоа да ја претвораат оваа во заедничка мера на своите вредности, или во пари. Парите како мера во вредноста се нужна форма во која се пројавува иманентната мера на вредноста на стоката, на работното време.[50]

Изразот на вредноста од некоја стока во злато – х стока А = у парична стока – е нејзина парична форма или нејзина цена. Сега е достатна и некоја одделна равенка, како 1 тон железо = 2 унци злато, за да се изрази вредноста на железото на општествено признаен начин. Таква равенка веќе не треба понатака да маршира во ред една по друга со равенките на вредностите на другите стоки, зашто како еквивалентна стока златото веќе има карактер на пари. Поради тоа општата релативна форма на стоковните вредности сега пак има вид на нивната првобитна проста или поединечна релативна форма на вредноста. Од друга страна, развиениот релативен израз на вредноста, или бескрајната редица од релативни изрази на вредноста, станува специфична релативна форма на вредноста на паричната стока. Но оваа редица сега е веќе општествено дадена во стоковните цени. Читајте ги во некој ценовник наопаку цените па ќе ја најдете големината на вредноста на парите изразена во сите возможни стоки. Парите, напротив, немаат цена. За да земат учество во оваа единствена релативна форма на вредноста од сите други стоки, парите би морале да се стават во однос спроти сами себе како спроти свој сопствен еквивалент.

Цената или паричната форма на стоките, како нивна форма на вредноста воопшто, е една форма што се разликува од нивната опиплива, реална телесна форма, значи е само идеална или замислена форма. Вредноста на железото, платното, пченицата итн. иако невидлива суштествува во самите тие предмети; таа се изразува во нивната еднаквост со златото, во извесен однос спроти златото што се појавува тукуречи само во нивните глави. Поради тоа чуварот на стоките мора да им го даде на заем својот јазик или да им закачи книжни ливчиња за да му ги соопшти на надворешниот свет нивните цени.[51] Бидејќи изразот на стоковните вредности во злато е идеален, за оваа операција и може да се употреби само замислено или идеално злато. Секој стопан на стоки знае, дека е уште далеку од тоа да ги позлати своите стоки, кога ќе им даде на нивните вредности форма на цени или замислена златна форма, и дека нему не му треба ни грам вистинско злато, за да цени во злато милиони стоковни вредности. Затоа во функцијата мера на вредноста парите служат само како замислени или идеални пари. Оваа околност предизвика најзбркани теории.[52] Иако само замислените пари служат како функција на мера на вредноста, сепак цената наполно зависи од вистинскиот паричен материјал. Вредноста, т.е. количеството труд содржан, на пр., во 1 тон железо, се изразува со една замислено количество парична стока што содржат исто толку труд. Значи, според тоа дали златото, среброто или бакарот служи како мера на вредноста, вредноста на 1 тон железо ќе содржи сосем различни ценовни изрази, или ќе биде претставена во сосем различни количества злато, сребро или бакар.

Според тоа, ако две различни стоки, на пр. златото и среброто, служат едновремено како мера на вредноста, сите стоки имаат два различни ценовни израза, златна цена и сребрена цена, кои мирно одат една крај друга сѐ додека не се измени односот на вредноста на среброто спроти златото, кој на пример е 1:15. Но секоја измена во овој однос на вредноста го нарушува односот меѓу златните и сребрените стоковни цени, и така дава вистински доказ дека вудвојувањето на мерата на вредноста ѝ противречи на нејзината функција.[53]

Сите стоки со определени цени се претставуваат во формата: а стока А = х злато; в стока В = у злато; с стока C = z злато итн. каде што а.в.с. претставуваат определени маси на стоки од видовите А, В, С, а х, у, z, определени маси злато. Со тоа стоковните вредности се претвораат во замислени количества злато од разни големини, значи, и покрај разнообразноста на стоковните тела, тие се претвораат во едноимени големини, во златни големини. Како такви различни количества злато тие меѓусебно се споредуваат и мерат, та се развива техничка нужда да се доведат во однос спроти некое утврдено количество злато како спроти своја единица за мера. Самата оваа единица со натамошната поделба на аликвотни делови се развива во мерка. Пред да станат пари, златото, среброто и бакарот веќе имаат такви мерки во своите метални тежини, така што за единица мерка служи на пр. 1 фунта, која на една страна се дели на унци итн., а на друга се собира во центнер итн.[54] И поради тоа, во секоја метална циркулација затекнатите имиња за мерите на тежините се и првобитни имиња на паричната мерка или мерка на цената.

Како мера на вредноста и како мерка на цената парите вршат две сосем различни функции. Како општествена овоплотување на човечкиот труд тие се мера на вредноста, како утврдена тежина на металите тие се мерка на цената. Како мера на вредноста служат за тоа да ги претворат вредностите од разнообразноста стоки во цени, во замислени количества злато, како мерка на цената тие ги мерат овие количества злато. Со мерата на вредноста се мерат стоките како вредност, мерката на цената напротив ги мери количествата злато со едно количество злато, а не вредноста на едно количество злато со тежината на друга. За мерка на цената мора да се утврди една определена тежина злато како мерна единица. Овдека, како и при определувањето на секоја друга мера за едноимени големини, решавачка важност има постојаноста на односите во мерите. Оттука мерката на цените толку подобро ќе ја исполнува својата функција колку едно исто количество злато понеизменливо ќе служи како мерна единица. Златото само затоа може да служи како мера на вредноста што е и самото производ на трудот, значи една вредност подложена на измени.[55]

Јасно е, пред сѐ, дека каква било измена на вредноста на златото никако не ја отежнува неговата функција како мерка на цената. Колку и да се изменува вредноста на златото, вредноста на различните негови количества секогаш ќе остане во еднаков однос една со друга. Ако падне вредноста на златото за 1.000%, пак како и порано 12 унци злато ќе имаат 12 пати поголема вредност отколку една унца, а кај цената се работи само за заемен однос на различни количества злато. Бидејќи од друга страна, една унца злато не ја менува својата тежина со тоа што нејзината вредност паднала или се качила, исто така не се менува ни тежината на нејзините аликвотни делови, та на тој начин златото секојпат ја врши истата служба како утврдена мерка на цената, како и да се изменува неговата вредност.

Измената во вредноста на златото не му пречи и во неговата функција како мера на вредноста. Таа ги погодува едновремено сите стоки, caeteris paribus [инаку под еднакви услови], таа значи не ги изменува нивните заемни релативни вредности, иако сега сите тие се изразуваат со повисоки или пониски златни цени одошто порано.

Како при изразувањето на вредноста на некоја стока со употребната вредност на некоја друга стока, така и при оценката на стоката во злато само се претпоставува дека во дадено време производството на едно определено количество злато чини едно дадено количество труд. Во однос на движењето на стоковните цени воопшто важи порано изложениот закон на простиот релативен израз на вредноста.

Општо кревање на цените на стоките може да настапи при истата вредност на парите само ако се кренат вредностите на стоките; при истите вредности на стоките, само ако падне вредноста на парите. И обратно. Цените на стоките можат општо да паднат при истата вредност на парите, само ако паднат вредностите на стоките; при истата вредност на стоките, само ако се крене вредноста на парите. Од тоа никако не следува дека кревањето на вредноста на парите повлекува по себе сразмерно паѓање на стоковните цени, а паѓањето на вредноста на парите сразмерно кревање на стоковните цени. Ова важи само за стоките со неизменета вредност. Такви стоки, на пр., на кои вредноста им расте рамномерно и едновремено со вредноста на парите, секогаш задржуваат исти цени. Штом се крева нивната вредност побргу или побавно одошто вредноста на парите, тогаш разликата меѓу нивните вредности и вредностите на парите ќе биде она што ќе го определи паѓањето или кревањето на нивните цени итн.

Да се вратиме сега кон разгледување на формите на цените.

Паричните имиња на металните тежини постепено се одделуваат од нивните првобитни тежински имиња поради разни причини, меѓу кои од решавачко историско значење се: 1) Воведување туѓи пари кај помалку развиени народи, како што, на пр., во стариот Рим златните и сребрените пари првин циркулирале како странска стока. Имињата на овие туѓи пари се разликуваат од домашните имиња за тежините. 2) Со развивањето на богатството поблагородните метали ги истиснуваат помалку благородните метали од нивната функција како пари, среброто го потиснува бакарот, златото – среброто, колку и да ѝ противречи овој ред на секоја поетска хронологија.[56] [1*] Фунта, на пр., била парично име за една вистинска фунта сребро. Но штом златото го истисна среброто како мера на вредноста, истото име ѝ се дава можеби на една 1/15 — итн. од фунта злато, веќе според тоа каков е односот на вредноста меѓу златото и среброто. Сега фунтата како парично име, и фунтата како обично име за златната тежина се разделува.[57] 3) Во текот на вековите кнезовите фалсификувале пари поради што од првобитните тежини на монетата всушност останале само имињата.[58]

Овие историски процеси прават народот да свикне со разделувањето на паричните имиња на металните тежини од нивните обични тежински имиња. Бидејќи паричната мерка, од една страна, е чисто конвенционална, а од друга страна, нејзе ѝ е нужна општа важност, најпосле таа се регулира законски. Еден определен тежински дел од благородниот метал, на пр. 1 унца злато, официјално се разделува на аликвотни делови, и се крштеваат со законски имиња како фунта, талир итн. Ваков аликвотен дел, што важи тогаш како вистинска мерна единица за пари, се дели надолу на други аликвотни делови со законски имиња како шилинг, пени итн.[59] Определените метални тежини и натаму остануваат мерки на металните пари. Тоа што се изменува, е разделувањето и именувањето.

Значи, цените т.е. количествата злато во кои идеално се претвораат стоковните вредности, се изразуваат сега со парични имиња, или со законски утврдени сметковни имиња на паричната мера. Така, место да се каже 1 квартер пченица е еднаков на 1 унца злато, во Англија би се рекло дека е еднаков на 3 фунти стерлинзи, 17 шилинзи и 10,5 пенси. На овој начин, со своите парични имиња, стоките си кажуваат што вредат, а парите важат како сметковни пари секојпат кога треба некој предмет да се фиксира како вредност, поради тоа во парична форма.[60]

Името на некој предмет е сосем одвоен од неговата природа. Јас не знам ништо за некој човек ако знам дека се вика Јаков. Исто така и во паричните имиња фунта, талир, франк, дукат итн. се губи секоја трага од односот на вредноста. Бркотијата на тајната смисла на овие кабалистички знаци толку е поголема, што паричните имиња ја изразуваат вредноста на стоката, а едновремено и аликвотните делови од некоја метална тежина од паричната мерка.[61] А, од друга страна е нужно вредноста, за разлика од разновидните тела на стоковниот свет да се развие натаму до оваа беспоимно материјална, но едновремено и едноставна општествена форма.[62]

Цената е парично име на трудот опредметен во стоката. Поради тоа еквивалентноста на стоката со количеството пари, чие име е нејзината цена, е една тавтологија,[63] како што воопшто релативното изразување на вредноста на една стока секојпат е изразување на еквивалентност од две стоки. Но ако цената како показател на големината на вредноста на стоката е и показател на нејзиниот разменски однос спрема парите, тоа оттука не излегува и обратното, поради тоа што е показател на нејзиниот разменски однос спрема парите, да е нужен показател на големината на нејзината вредност. Да речеме еден квартер пченица и две фунти стерлинзи (околу 1/2 унца злато) претставуваат општествено потребен труд од еднакви големини. 2-те ф. ст. се паричен израз на големината на вредноста на квартерот пченица или неговата цена. Но ако дозволат сега околностите да се крене овој израз на 3 ф. ст., или ако го присилат да падне на 1 ф. ст., тогаш 1 ф. ст. и 3 ф. ст. се премали или преголеми изрази на големината на вредноста на пченицата, но сепак тие се нејзини цени; зашто прво, тие се форми на нејзината вредност — се пари, а второ, се показатели на нејзиниот разменски однос спрема парите. При неизменети услови во производството, или неизменета производна сила на трудот, за препроизводство на еден квартер пченица ќе мора да се потроши исто толку општествено потребно работно време, колку и порано. Оваа околност не зависи нити од волјата на производителот на пченицата, нити од волјата на другите стопани на стоките. Големината на вредноста на стоката, значи, изразува нужен однос на стоката спрема општественото работно време, однос што му припаѓа на самиот процес на нејзиното создавање. Со претворањето на големината на вредноста во цена, овој нужен однос се појавува како разменски однос на некоја стока, спроти паричната стока, што постои надвор од неа. Во овој однос може да се изразува како големината на вредноста на стоката, така и помалкуто или повеќето од таа големина за кое може да се отуѓи стоката под дадени околности. Значи, возможноста за квантитативна инконгруенција [несовпаѓање] меѓу цената и големината на вредноста, или возможноста цената да отстапи од големината на вредноста, лежи во самата ценовна форма. Таа не е недостаток на оваа форма, туку токму обратно, таа ја прави адекватна форма за начинот на производство во кој правилното може да се спроведува само како слеп среден закон на бесправилности. Но формата на цената не само што допушта возможност за квантитативна инконгруенција меѓу големината на вредноста и цената, т.е. меѓу големината на вредноста и нејзиниот сопствен паричен израз, туку може да крие во себеси и една квалитативна противречност, така што цената воопшто престанува да биде израз на вредноста, иако самите пари се само форма на стоковните вредности. Нешта, што сами по себе не се стоки, на пример совеста, честа итн. можат нивните стопани да ги изнесат на пазар за пари, и така тие со својата цена добиваат форма на стока. Оттука една нешто формално може да има цена, а да нема вредноста. Ценовниот израз овдека станува имагинарен, како извесни математички големини. Од друга страна и имагинарната ценовна форма, како на пр. цената на необработената земја, која нема вредност, зашто во неа не е материјализиран никаков човечки труд, може да крие во себеси вистински однос на вредноста или од овој изведен однос.

Како што релативната форма на вредноста воопшто ја изразува вредноста на некоја стока, на пр. од 1 тон железо, така ја изразува неа цената со тоа што определено количество од еквивалентот, на пример, од една унца злато, е непосредно разменлива за железо, но никако не и обратно, дека и железото од своја страна е непосредно разменливо за злато. Така стоката, за да може практично да дејствува како разменска вредност, мора да се ослободи од своето природно тело, мора да се претвори од само замислено во вистинско злато, иако нејзе оваа транс-супстанца ѝ е помачна одошто на хегеловскиот „поим“ да премине од нужност во слобода, или на морскиот рак да ја разбие својата корупка, или на стариот црковен отец Ероним да го слече од себеси стариот Адам.[64] Покрај својот вистински лик, на пр. железо, стоката може да има во цената и идеален лик на вредноста или замислен златен лик, само таа едновремено не може да биде и вистинско железо и вистинско злато. За да му се даде нему цена, достатно е само да се изедначат со него замислени пари. Но за да му служи на својот стопан како општ еквивалент мора да се замени со злато. Кога стопанот на железото, да речеме, би дошол пред стопанот на некои весели стоки и би станал да го упатува на цената на железото како на парична форма, тогаш веселиот трговец со тие весели стоки би му одговорил така, како што на небо св. Петар му одговорил на Данте, кога овој му го изрекол своето верују:

„Assai bene è trascorsa
d’esta moneta già la lega e ’l peso,
ma dimmi se tu l’hai ne la tua borsa.”[3*]

Ценовната форма ја вклучува способноста за отуѓување на стоката за пари, а и нужноста за такво отуѓување. Од друга страна, златото функционира само како идеална мера за вредност само затоа што во процесот на размената веќе се обрнува како парична стока. Оттука зад замислената мера на вредноста ѕирка ѕвекотливото злато.

2. Циркулационо средство

а) Метаморфозата на стоката

Видовме дека процесот на стоковната размена вклучува во себеси противречни односи што заемно се исклучуваат. Развитокот на стоката не ги отстранува овие противречности, туку создава форми, во кои можат да се движат. Тоа е општо метод со кој се решаваат вистинските противречности. Противречност е, на пр. кога едно тело постојано се приближува кон друго и исто така постојано се оддалечува од него. Елипсата е таква форма на движење во која оваа противречност се осуштествува и решава.

До колку процесот на размената ги пренесува стоките од раце, каде што тие не се употребна вредност, во раце каде што тие се употребна вредност, тој е општествено разменување на материјата. Производот од еден полезен начин на труд се заменува со производот од друг. Штом ќе дојде на местото, каде што ќе служи како употребна вредност, стоката излегува од сферата на стоковната размена и влегува во сферата на потрошувачката. Овдека нас нѐ интересира само првата сфера. Според тоа, целиот процес ќе го разгледаме од страна на неговата форма, значи, само измената на формата или метаморфозата на стоката, низ која се извршува општественото разменување на материјата.

Сосем погрешните разбирања за оваа измена на формата, а и да не гледаме на нејасноста на поимот за самата вредност, се должат на околноста што секоја измена во формата на една стока се врши во размената на две стоки, на една проста стока и една парична стока. Кој се запира само на овој материјален момент, на размената на стока за злато, тој го испушта од предвид токму она што треба да го види, имено што станува со формата. Тој испушта од предвид дека златото само како стока уште не е пари, и дека другите стоки низ своите цени се однесуваат спроти златото како спроти свој сопствен паричен лик.

Во процесот на размената отпрво стоките влегуваат непозлатени, невшеќерени, како што ги мајка родила. Тој произведува вудвојување на стоките во стока и пари, надворешна спротивност, во која тие ја изразуваат нивната внатрешна спротивност меѓу употребната вредност и вредноста. Во оваа спротивност стоките како употребни вредности им противстојат на парите како разменска вредност. Од друга страна, на обете страни на спротивноста се стоки, значи единство на употребната вредност и вредноста. Но ова единство на различностите се претставува на секој од обата полови обратно и едновремено со тоа ги претставува нивните взаемни односи. Стоката е реална употребна вредност, а нејзиното вредносно битие се пројавува само идеално во нејзината цена, која ја доведува неа спроти златото што ѝ противстои како реален лик на нејзината вредност. Спротивно, златниот материјал важи само како материјализација на вредноста, како пари. Затоа златото реално е разменска вредност. Неговата употребна вредност се појавува само уште идеално во редица релативни изрази на вредноста, во која тоа се однесува спроти стоките што му противстојат како спроти круг од негови реални употребни ликови. Овие противстојни форми на стоките се вистинските движечки форми во процесот на нивната размена.

Да тргнеме сега по некој стопан на стока на пр. по нашиот стар познаник ткајачот, кон сцената на процесот на размената, кон стоковниот пазар. Неговата стока, 20 аршини платно, има определена цена. Нејзината цена е 2 ф. ст. Тој ја размени за 2 ф. ст. и како човек од стариот крој пак ги разменува двете ф. ст. за една домашна библија со иста цена. Платното што е за него само стока, носител на вредноста, е отуѓен за друга стока, за библијата, но оваа сега патува во домот на ткајачот како употребен предмет каде што ќе ги задоволува потребите за душоспасително чтение. Процесот на размената, значи, се врши во две спротивни метаморфози што заемно се дополнуваат — претворање на стоката во пари и нивното обратно претворање од пари во стока.[65] Моментите на стоковните метаморфози едновремено се зделки на стопанот на стоката — продавање, размена на стоката за пари; купување, размена на парите за стока, и единство на обата акта: продавање заради купување.

Ако погледне сега ткајачот на крајниот резултат од оваа зделка, ќе види дека тој ја има библијата место платното, место неговата првобитна стока една друга со иста вредност, но со инаква полезност. На истиот начин тој си ги присвојува за себеси другите средства за живот и за производство. Од неговата гледна точка целиот процес служи само затоа да се размени производ од свој труд за производ од туѓ труд, да се изврши размена на производи.

Според тоа процесот на размената на стоките се врши во следнава измена на формите:

Стока — Пари — Стока
С — П — С

По својата материјална содржина движењето С — С, размена на стока за стока, е размена на материјата од општествениот труд, а со овој резултат се завршува и самиот процес.

С — П. Првата метаморфоза на стоката или продажбата. Прескокањето на стоковната вредност од стоковното тело во паричното тело е, како што сум назначил на друго место, смртен скок на стоката. Не успее ли, вистина стоката не ќе е излагана, туку нејзиниот стопан. Општествената поделба на трудот го прави неговиот труд исто толку едностран колку што ги прави многустрани неговите потреби. Токму затоа и неговиот производ му служи само како разменска вредност. Но општата општествено признаена еквивалентна форма ја добива тој само во парите, а парите се најдуваат во туѓ џеб. За да се извлечат оттаму, стоката пред сѐ треба да биде употребна вредност за стопанот на парите, и според тоа потрошениот труд за неа мора да биде потрошен во општествено полезна форма или да се потврди како член на општествената поделба на трудот. Но поделбата на трудот е самоникнат организам на производството, чии конци се исткаени и натаму се ткаат зад грбот на производителите на стоките. Може да е стоката производ од некој нов вид труд, предназначен да задоволи некоја новонастаната потреба или пак сака на своја рака допрва да предизвика некоја потреба. Некоја особена работна операција, која вчера уште беше една функција од многуте функции од еден ист стокопроизводител, може денеска да се истргне од таа врска, да се осамостои и поради тоа да го испрати на пазар својот делски производ како самостојна стока. Околностите можат да бидат или да не бидат зрели за овој процес на раставување. Производот денеска задоволува некоја општествена потреба. Утре можеби некој производ од сличен вид делум или сосем ќе го истисне од неговото место. Па дури трудот да е патентиран член на општествената поделба на трудот, каков што е трудот на нашиот ткајач, со таа сѐ уште никако не е загарантирана употребната вредност токму на неговите 20 аршини платно. Ако општествената потреба за платно, а таа има мера како сите други, веќе е заситена од конкурентните ткајачи, производот од нашиот пријател ќе стане прекумерен, излишен, а со тоа и бесполезен. На аризан коњ не му се гледаат забите; но нашиот ткајач не оди на пазар, за да прави подароци. Да претпоставиме дека употребната вредност од неговиот производ се потврди и дека со тоа стоката ги привлече парите. Но сега се праша, колку пари? Одговорот веќе е секако даден во цената на стоката, во показателот на големината на нејзината цена. Нема да се обѕираме на евентуална погрешната, на чиста субјективната сметка на стопанот на стоката — пазарот веднаш објективно ќе ја исправи. Тој требаше на својот производ да потроши само општествено потребно средно работно време. Цената на стоката, значи, е само парично име на опредметеното во неа количество општествен труд. Туку без дозвола на нашиот ткајач и зад неговите плеќи дојдоа во збрка традиционалните услови на платнарското производство. Општественото работно време што беше вчера без сомнение потребно за производство на еден аршин платно, денеска тоа престанува да биде, како што стопанот на парите запалено му докажува на нашиот пријател со цените што ги назначиле неговите конкуренти. За несреќа, на светот има многу ткајачи. Најпосле, да земеме дека секое парче платно на пазарот го содржи во себеси само општествено потребното работно време. Покрај сета тоа вкупниот збир на овие парчиња може да содржи прекумерно потрошено работно време. Ако стомакот на пазарот не може да го апсорбира целото количество платно по нормални цени од 2 шилинга аршинот, тогаш тоа е доказ дека е потрошено во форма на ткаењето на платното преголем дел од целокупното општествено работно време. Дејството е исто и кога би потрошил секој одделен ткајач на неговиот индивидуален производ повеќе работно време одошто е општествено потребно. Овде важи поговорката: „заедно фатен, заедно бесен“. Целото платно на пазар важи само како еден трговски артикал, а секое парче само како аликвотен дел. И навистина, вредноста од секој индивидуален аршин платно е само материјализација на едно исто општествена определено количество еднороден човечки труд.[4*]

Се гледа, стоката ги љуби парите, но „the course оf true love never does run smooth” [Патот на вистинската љубов никогаш не е рамен].[5*] Како што е квалитативниот склоп стихијно случаен, исто е таков и квантитативниот склоп на општествениот производен организам, што ги претставува своите membra disjecta [расфрлени членови][6*] во системот на поделбата на трудот. Оттука нашите стопани на стоки откриваат дека истата поделба на трудот, што нив ги прави независни приватни производители, ги прави и општествениот процес на производството и нивните односи во тој процес независни од самите нив, дека ја дополнува независноста на лицата едно од друго со еден систем од сестрана материјална зависност.

Поделбата на трудот го претвора производот на трудот во стока, а со таа го прави нужно неговото претворање во пари. Едновремено таа го прави случајно и тоа дали ќе успее оваа транс-супстанца [преобразување]. Сепак, овде ќе ја разгледуваме појавата чиста, значи ќе го претпоставиме нејзиниот нормален тек. Ако, меѓутоа, таа воопшто врви, значи ако стоката не е непродажлива, секогаш ќе станува измена на формите, иако супстанцата — големината на вредноста — при ненормални случки во оваа измена на формите може да добие или да изгуби.

На еден стопан на стока златото му ја заменува неговата стока, на друг стоката му го заменува неговото злато. Очевидна е појавата што стоката и парите, 20 аршини платно и 2 ф. ст., одат од рака на рака или од место на место, т.е. нивната размена. Но за што се разменува стоката? За општиот лик на нејзината сопствена вредност. А за што златото? За посебен лик на неговата употребна вредност. Зошто златото истапува спроти платното како пари? Затоа што неговата цена од две фунти стерлинзи или неговото парично име веќе го довело платното во однос спрема златото како пари. Отуѓувањето на првобитната форма на стоката се врши со самото отуѓување на стоката, т.е. во оној момент кога нејзината употребна вредност вистински го привлече златото што беше во нејзината цена само замислено. Според тоа, реализацијата на цената, или на самата идеална форма на вредноста на стоката едновремено е и обратно, реализација само на идеалната употребна вредност на парите, претворањето на стоката во пари, едновремено е и претворање на парите во стока. Едниот процес е двостран процес, од полот на стопанот на стоката е продажба, од спротивниот пол на стопанот на парите е купувачка. Или продажбата е купувачка, С — П е едновремено П — С.[66]

Досега нам не ни е познат никаков друг економски однос меѓу луѓето, освен тој на сопствениците на стоки, однос во кој тие ги присвојуваат производите од туѓиот труд само до колку ги отуѓуваат своите сопствени. Оттука еден стопан на стока може да излезе спроти друг како стопан на пари само затоа, или што производот на неговиот труд од природа има форма на пари, е како паричен материјал, злато итн., или што неговата сопствена стока веќе ја сменила кожата и ја соблекла од себеси нејзината првобитна употребна форма. За да функционира како пари, златото сосем природно, мора да влезе на било која точка во стоковниот пазар. Оваа точка се најдува на изворот од неговото производство, каде што таа како непосреден производ на трудот се разменува за друг производ на трудот од иста вредност. Но од тој момент таа секогаш ги претставува реализираните стоковни цени.[67] Ако ја испуштиме од предвид размената на златото за стока на изворот од неговото производство, тогаш златото во рацете на секој стопан на стоки е изменет облик на неговата отуѓена стока, производ на продажбата, на првата метаморфоза на стоката, С — П.[68] Златото стана идеални пари, или мера на вредноста, затоа што сите стоки во него ја мерат својата вредност и така го направија замислена спротивност на својот употребен лик, лик на својата вредност. Реални пари тоа станува, само затоа што стоките со своето сестрано отуѓување го прават него вистински отуѓена или изменета употребна форма, а со тоа и вистински лик на својата вредност. Во својот вредносен лик стоката ја брише од себеси секоја трага од својата природна употребна вредност и од одделниот полезен труд, благодарение на кој и настанал а за да се завитка во еднообразна општествена материјализација на безразличен човечки труд. На парите не се гледа каков вид стока се претворил во нив. Во својата парична форма секоја стока изгледа како и секоја друга. Оттука парите можат да бидат ѓубре, иако ѓубрето не е пари. Да земеме дека оние два златника, за кои нашиот ткајач ја отуѓува својата стока, се изменет вид на еден квартер пченица. Продажбата на платното, С — П, едновремено е и негова купувачка, П — С. Но, како продажба на платното овој процес започнува едно движење што завршува со неговата спротивност, со купувањето на Библијата; како купување на платното тој завршува едно движење, што започна со негова спротивност, со продажбата на пченицата. С — П (платно — пари), оваа прва фаза на С — П — С (платно — пари — библија) е едновремено П — С (пари — стока) последната фаза од некое друго движење С — П — С (пченица — пари — платно). Првата метаморфоза на некоја стока, нејзиното претворање од стоковна форма во пари, едновремено и секогаш е втората спротивна метаморфоза од некоја друга стока, нејзиното повторно претворање од парична форма во стока.[69]

П — С. Втора или завршна метаморфоза на стоката: купувачка. — Парите се апсолутно отуѓлива стока зашто се изменет лик на сите други стоки или производ на нивното општо отуѓување. Тие ги читаат однаопаку сите цени, та така се огледуваат во сите стоковни тела како во материјал што е поддаден за да ги стори самите нив стока. Цените, вљубените очи, со кои стоките им намигнуваат на парите, едновремено им ја покажуваат и границата на нивната способност да се преобразуваат, имено нивниот сопствен квантитет. Бидејќи стоката исчезнува штом ќе се стори пари, на парите не се гледа како дошле во рацете на својот стопан или што се претворило во нив. Non olet [не смрдат],[7*] дури да се и од не знам какво потекло. И како што од една страна ја претставуваат продадената стока, така од друга страна ги претставуваат стоките што можат да се купат.[70]

П — С, купувачката едновремено е и продажба, С — П; поради тоа последната метаморфоза на некоја стока е едновремено и прва метаморфоза на некоја друга стока. За нашиот ткајач животниот пат на неговата стока свршува со библијата, во неа тој повторно ги претвори 2 ф. ст. Но продавачот на библијата ги обрнува 2 ф. ст. што ги зеде од ткајачот во ракија, П — С, завршната фаза од С — П (платно — пари — библија) едновремено е С — П, првата фаза од С — П — С (библија — пари — ракија). Бидејќи производителот на стока дава само еден едностран производ, тој често продава во големи маси, додека неговите многустрани нужди го присилуваат, реализираната цена или добиената сума пари постојано да ја ситни на многубројни купувачки. Оттука една продажба се слева во многу купувачки на различни стоки. Завршната метаморфоза на некоја стока, на тој начин претставува збир на првите метамарфози од други стоки.

Ако ја разгледаме сега целокупната метаморфоза на некоја стока, на пр. на платното, тогаш пред сѐ ќе видиме дека таа се состои од две противстојни движења што едно со друго се дополнуваат, од С — П и П — С. Овие две противстојни преобразби на стоката се вршат во два противстојни општествени процеса од стопанот на стоките и се одразуваат во два противстојни економски негови карактери.

Како агент на продажбата, тој станува продавач, како агент на купувачката купец. Но како што во секоја преобразба на стоката едновремено постојат обете нејзини форми, стоковната и паричната, само што се на спротивни полови, така и спроти истиот стопан на стоката како спроти продавач, стои некој друг купец, а како спроти купец некој друг продавач. Исто онака како што една иста стока едноподруго врши две обратни преобразби, од стока станува пари, а од пари стока, така и еден ист стопан на стока ја сменува својата ролја како продавач и купец. Значи овие ролји никако немаат постојани карактери, туку во рамките на стоковната циркулација постојано преминуваат од едно на друго лице.

Во својата најпроста форма целокупната метаморфоза на некоја стока претпоставува четири крајности и три personae dramatis [дејствени лица]. Прво спроти стоката стапуваат парите како нејзин вредносен лик, што се од онаа страна, во туѓиот џеб, кои имаат предметно сетилна реалност. Така истапува спроти стопанот на стоката некој стопан на пари. Штом ќе се претвори сега стоката во пари, последниве стануваат нејзина исчезнувачка еквивалентна форма, чија употребна вредност или содржина постои од оваа страна, во други стоковни тела. Парите, како завршна точка од првата преобразба на стоката, едновремено се и излезна точка на втората. Така продавачот од првиот акт станува купец во вториот, во кој спроти него истапува еден трет стопан на стока како продавач.[71]

Обете спротивни фази од движењето на метаморфозата на стоката образуваат еден кружен тек: стоковна форма, лишување од стоковна форма, враќање во стоковна форма. Секако, самата стока овде има противстојни определби. Во излезната точка таа е неупотребна вредност, а во завршната точка употребна вредност за нејзиниот стопан. Така парите отпрво се покажуваат како тврд кристал на вредноста во која се претвора стоката, а после се растопува во нејзината гола еквивалентна форма.

Двете метаморфози, на кружниот тек на една стока, едновремено ги прават обратните делски метаморфози на две други стоки. Истата стока (платното) ја отвора редицата на своите сопствени метаморфози, а ја завршува целокупната метаморфоза на некоја друга стока (пченицата). За време на нејзината прва преобразба, продажбата, ги игра таа обете ролји во својата сопствена личност. Напротив, како златен кожурец во кој таа оди по патот на смртните, едновремено таа ја завршува метаморфозата на некоја трета стока. Значи, кружниот тек што го опишува редицата од метаморфози на секоја стока, нерасплетно се сплеткува во кружните текови на другите стоки. Целокупниот процес се претставува како циркулација на стоките.

Стоковната циркулација не се разликува само формално, туку и битно од непосредната размена на производите. Да се свртиме само со еден поглед на претходното. Ткајачот безусловно го размени своето платно за библијата, сопствената стока за туѓата. Но оваа појава е верна само за него. Продавачот на библијата што повеќе сака топла пијачка од убава облека, и не мисли да ја размени библијата за платното, како што ткајачот и не знае дека за неговото платно се разменила пченицата. Стоката на стопанот А се заменува за стоката на стопанот В, но А и В не си ги разменуваат своите стоки заемно. Вистина може да се случи А и В заемна да си купат еден од друг, но овој особен однос не е никако условен со општиот однос на стоковната циркулација. Гледаме овде, од една страна, како стоковната размена ги разбива индивидуалните и локалните рамки на непосредната размена на производите и како ја развива размената на материјата на човечкиот труд. Од друга страна, се развива цел круг од општествени природни заемни односи, што се најдуваат надвор од контролата на дејствувачките лица. Ткајачот може да го продаде платното само затоа, што селанецот веќе ја продал пченицата; а запалената глава на стопанот на библијата може да ја продаде неа, оти веќе ткајачот го продал платното, а ракиџијата варената водичка само затоа, што некој друг веќе ја продал водичката на вечен живот итн.

Поради тоа процесот на циркулацијата не се свршува, како непосредна размена на производите, со тоа што употребната вредност ги измени своите места или стопани. Парите не исчезнуваат поради тоа што тие најпосле испаѓаат од метаморфозата на некоја стока. Тие секојпат се стајуваат на некое место во циркулацијата напуштено од стоките. На пр. во целокупната метаморфоза на платното: платно — пари — библија, испаѓа од циркулацијата прво платното, парите стапуваат на неговото место, после од циркулацијата испаѓа библијата, парите стапуваат на нејзиното место. Заменувањето на стока со стока едновремно прави паричната стока да се залепи за трети раце.[72] Циркулацијата постојано ги испотува парите.

Ништо не може да биде поглупаво од догмата, дека стоковната циркулација нужно условувала рамнотежа меѓу продажбата и купувачката, дека секоја продажба е купувачка и vice versa [обратно]. Ако се сакало со ова да се каже дека бројот вистински извршени продажби е еднаков со истиот број купувачки, тогаш тоа е само плитка тавтологија. Но, со ова требало да се докаже, дека продавачот си го доведувал на пазар и својот сопствен купец. Продажбата и купувачката се еден идентичен акт, како меѓусебен однос од две полусно противставени лица, стопанот на стоката и стопанот на парите. Како дејство од едно исто лице тие претставуваат два полусно противставени акти. Поради тоа идентичноста на продажбата и купувачката го вклучува во себе тоа дека стоката ќе стане бесполезна, ако, фрлена во алхемичарската реторта на циркулацијата, не излезе од неа како пари, ако не се продаде од стопанот на стоката, значи ако не се купи од стопанот на парите. Натаму, оваа идентичност го содржи тоа дека процесот, кога тој успее, прави една пауза, еден период во животот на стоката, кој може да биде подолг или покус. Бидејќи првата метаморфоза на стоката е едновремено продажба и купувачка, овој дел од процесот е едновремено и самостоен процес. Купувачот има стока, продавачот има пари, т.е. стока, што ја зачувала формата способна за циркулација, било порано или подоцна пак да се појави на пазарот. Никој не може да продаде без некој друг да купи. Но никој не мора веднаш да купи, затоа што сам веќе продал. Циркулацијата ги разбива временските, месните и индивидуалните граници на размената на производите токму со тоа, што непосредната идентичност меѓу давањето во размена на својот сопствен производ на трудот и земањето во замена на туѓ, ја расцепува на два спротивни акта — на продажба и на купувачка. Тоа што процесите, кои самостојно истапуваат еден спроти друг, прават едно внатрешно единство, значи е токму така како да се рече дека нивното внатрешно единство се движи во надворешни спротивности. Кога надворешното осамостојување на внатрешно несамостојните процеси, т.е. процеси што се дополнуваат еден со друг, достигне извесна точка, тогаш единството ќе се постави со сила — со криза. Иманентната спротивност на стоката меѓу употребната вредност и вредноста, меѓу приватниот труд што едновремено мора да се покаже и како непосреден општествен труд, меѓу посебниот конкретен труд, што едновремено важи само како апстрактен општи труд, меѓу персонификацијата на предметите и опредметувањето на лицата — оваа иманентна противречност добива во спротивностите на метаморфозата на стоката развиена форма на нејзиното движење. Поради тоа овие форми ја вклучуваат во себеси можноста, на само можноста за криза. За да се развие оваа можност во реалност, потребен е цел круг односи, што во рамките на простата стоковна циркулација дури уште и не суштествуваат.[73]

Како посредник во циркулацијата на стоките парите добиваат функција на циркулационо средство.

б) Оптекот на парите

Менувањето на формите, во кои се врши разменувањето на материјата на производите на трудот, С — П — С, условува една иста вредност како стока да ја прави излезната точка на процесот и да се врати на истата точка како стока. Поради тоа ова движење на стоката е кружен тек. Од друга страна, истата форма го исклучува кружниот тек на парите. Неговиот резултат е постојано оддалечување на парите од нивната излезна точка, а не враќање кон неа. Сѐ додека продавачот цврсто го држи преобразениот лик на неговата стока, парите, стоката се најдува во стадиумот на првата метаморфоза, или ја изминала само првата половина од нејзината циркулација. Ако се изврши процесот, продажба заради купувачка, докрај, тогаш и парите пак ќе се оддалечат од рацете на нивниот првобитен стопан. Секако, до колку ткајачот откога ја купи библијата, одново продава платно, и парите ќе му се вратат назад во неговите раце. Но со циркулацијата на првите 20 аршини платно тие нема да му се вратат назад, напротив со неа овие се оддалечени од рацете на ткајачот во рацете на продавачот на библијата. Парите ќе му се вратат назад само со обновување или повторување на истиот циркулационен процес за нова стока, и овде ќе заврши со истиот резултат како и таму. Затоа формата на движењето што ја дава непосредно стоковната циркулација на парите е постојано оддалечување од нивната излезна точка, нивниот тек од рацете на еден стопан на стока во рацете на некој друг или нивниот оптек (currency, cours de la monnaie).

Оптекoт на парите ни покажува постојано еднообразно повторување на истиот процес. Стоката постојано стои на страната на продавачот, а парите постојано на страната на купецот, како куповно средство. Тие функционираат како куповно средство со тоа што ја реализираат цената на стоката. Реализирајќи ја неа, тие ја пренесуваат стоката од рацете на продавачот во рацете на купецот, додека едновремено тие се оддалечуваат од рацете на купецот во рацете на продавачот, за да го повторат овој ист процес со некоја друга стока. Дека е замаглена оваа еднострана форма на движењето на парите, произлегува од двојствената форма на движењето на стоката. Самата природа на стоковната циркулација создава противположна појава. Првата метаморфоза на стоката не се гледа само како движење на парите, туку како нејзино сопствено движење, на нејзината втора метаморфоза се гледа како да е само движење на парите. Во нејзината прва половина од циркулацијата стоката го сменува местото со парите. Едновремено со тоа нејзиниот употребен лик излегува од циркулацијата во потрошувачката.[74] На нејзино место застанува нејзиниот вредносен лик или паричната ларва. Втората половина од циркулацијата таа веќе не ја преминува во нејзината сопствена кожа, туку во нејзината златна кожа. Со тоа континуитетот на движењето наполно ѝ припаѓа на страната на парите, и тоа исто движење, што за стоката вклучува два спротивни процеса, како сопствено движење на парите непрекинато содржи еден ист процес, имено нивното изменување на местото секогаш со друга стока. Поради ова изгледа дека резултатот од стоковната циркулација, разменувањето една стока со друга стока, не се создава со измената на нејзините сопствени форми, туку од функцијата на парите како циркулационо средство, кое ги префрла стоките што се сами од себе неподвижни и ги пренесува од раце каде што се неупотребни вредности, во раце каде што се употребни вредности, постојано во спротивен правец од својот сопствен тек. Парите постојано ги оддалечуваат стоките од сферата на циркулацијата, притоа самите постојано застануваат на нивното место во циркулацијата и со тоа се оддалечуваат од својата сопствена излезна точка. Иако движењето на парите е само израз на стоковната циркулација, изгледа обратно, како да е стоковната циркулација само резултат од движењето на парите.[75]

Од друга страна, функцијата на циркулационото средство им иде на парите само затоа што се тие осамостоена вредност на стоката. Поради тоа нивното движење како циркулационо средство вистински е само сопствено движење на нивната стоковна форма. Оттука ова движење мора и сетилно да се огледа во оптекот на парите. Така, на пр., платното отпрво ја преобразува својата стоковна форма во парична форма. Последната крајност од неговата прва метаморфоза С — П, паричната форма, станува тогаш прва крајност од неговата последна метаморфоза П — С, неговото обратно преобразување во библија. Но секоја од двете измени на формите се врши со една размена меѓу стоката и парите, со нивното заемно изменување на местата. Истите парчиња пари идат во рацете на продавачот како отуѓен лик на стоката, а си одат од нив како апсолутно отуѓлив лик на стоката. Тие двапати го сменуваат местото. Првата метаморфоза на платното ги клава овие парчиња пари во џебот на ткајачот, втората пак ги вади надвор. Значи, обете спротивни измени на формата на иста стока се огледуваат во двојното преместување на парите во спротивни правци.

Напротив, ако се извршат само еднострани метаморфози на стоките, само продажби или само купувачки, како што се сака, тогаш и истите пари само еднаш ќе се преместат. Второто нивно преместување постојано се изразува во втора метаморфоза на стоката, нејзиното повторно преобразување од пари во стока. Но честото повторување на преместувањето на истите парчиња пари не се огледува само во редицата метаморфози од една иста стока, туку и во преплетувањето на безбројни метаморфози од стоковниот свет воопшто. Инаку, само по себе се знае дека сево ова важи само за формата од простата стоковна циркулација, за формата што овде ја разгледуваме.

При својот прв чекор во циркулацијата, при првата измена на својата форма, секоја стока отпаднува од циркулацијата во која постојано влегува нова стока. Парите, напротив, како циркулационо средство постојано обитаваат во сферата на циркулацијата и постојано се движат низ неа. Така изникнува прашањето колку пари може оваа сфера постојано да апсорбира.

Во секоја земја и секојдневно се вршат безбројни, едновремени, а затоа и просторно што течат една крај друга метаморфози на стоки, или инаку речено, само продажби на една страна, само купувачки на друга. Во нивните цени стоките се веќе изедначени со определено, замислено количество пари. А бидејќи непосредната форма на циркулацијата што ја разгледуваме овде, постојано телесно ги противставува стоката и парите една спроти друга, едната на полот на продажбата, другата на спротивниот пол на купувачката, масата на циркулационите средства, нужна во процесот на циркулацијата на стоковниот свет веќе е определена со сумата на стоковните цени. Вистина, парите реално ја претставуваат само онаа сума злато што е идеално изразена во сумата на стоковните цени. Оттука еднаквоста на овие суми сама од себе се разбира. Сепак ние знаеме дека, при неизменети вредности на стоките, стоковните цени се изменуваат со вредноста на самото злато (на паричниот материјал), сразмерно се креваат кога таа паѓа, а паѓаат кога таа се крева. Било сумата на стоковните цени вака да се дигне или да падне, масата пари во циркулацијата мора рамномерно да се крева или да паѓа. Секако, измената во масата на циркулационото средство произлегува овде од самите пари, но не од нивната функција како циркулационо средство туку од нивната функција како мера на вредноста. Цените на стоките отпрво се изменуваат во обратна сразмера спроти вредноста на парите, а после масата на циркулационото средство се изменува во вистинска сразмера според цените на стоката. Сосема истиот феномен би станал, кога на пр. не би паднала вредноста на златото, туку кога би го заменило среброто како мера на вредноста, или кога не би се поткренала вредноста на среброто, туку златото би го потиснало од функцијата како мера на вредноста. Во првиот случај во циркулација би требало да има повеќе сребро отколку порано злато, во вториот случај помалку злато отколку порано сребро. Во обата случаја би се изменила вредноста на паричниот материјал, т.е. на онаа стока што функционира како мера на вредноста, а со тоа и ценовниот израз на стоковните вредности, со тоа и масата на парите во циркулација што служи за реализација на овие цени. Видовме дека сферата на циркулацијата има дупка низ која влегува во неа златото (среброто, накратко паричниот материјал) како стока со дадена вредност. Оваа вредност се зема како претпоставка при функцијата на парите како мера на вредноста, значи при определувањето на цената. Ако падне сега, на пр. вредноста на самата мера на вредноста, тоа најпрво ќе се појави во измената на цените на оние стоки што на самите извори на производството на благородните метали непосредно се разменуваат за нив како со стоки. Особено во понеразвиените состојби на буржоаското општество еден голем дел од други стоки ќе се цени за подолго време со застарената вредност, од мерата на вредноста, што веќе сега станала илузорна. Притоа стоките, идејќи во меѓусебен однос на вредноста, една со друга се заразуваат, златните и сребрените цени на стоките малку по малку се изедначуваат во пропорции што се определени со самите нивни вредности, дури најпосле не бидат ценети сите стоковни вредности соодветно на новата вредност на паричниот метал. На овој процес на изедначување му следува постојан пораст на благородните метали што се влеваат во замена за стоките што се разменуваат директно со нив. Поради тоа, во истата мера во која поправеното определување на цените на стоките се поопштува, или во истата мера во која нивните вредности се оценуваат со новата, снижената вредност на металот, а која и натаму ќе се снижува до извесна точка, е веќе дадена и поголемата маса од металот што е нужна за нивното реализирање. Еднострано разгледување на фактите, што настана по откривањата на новите извори на злато и сребро во 17, а особено во 18 век, доведе до погрешен заклучок дека цените на стоките се кренале затоа што повеќе злато и сребро функционира како циркулационо средство. Во натамошното излагање ќе ја претпоставиме вредноста на златото како дадена, како што таа и вистински е во моментот кога се определуваат цените.

Под оваа претпоставка, значи, масата на циркулационото средство е определена со сумата на стоковните цени што треба да се реализираат. Ако претпоставиме сега натаму дека е дадена цената од секој вид стока, тогаш сумата на стоковните цени очевидно ќе зависи од масите стоки што се најдуваат на циркулацијата. Не е нужно многу да се чука главата, за да се сфати дека, ако 1 квартер пченица чини 2 ф. ст., 100 квартери ќе чинат 200, 200 квартери 400 итн. Значи, со масата на пченицата мора да расте масата на парите што при продажбата го заменува со неа местото.

Ако претпоставиме дека масата на стоките е дадена, масата на парите во циркулација ќе се влева или одлева според колебањата на стоковните цени. Таа се крева и паѓа затоа што сумата на цените на стоките расте или паѓа во зависност од измената на нивните цени. Притоа никако не е нyжнo, едновремено да се кренат или паднат цените од сите стоки. Поткревањето на цените на извесен број најважни артикли во еден случај, или паѓањето на нивните цени во друг случај, достатно е за да се кренат или паднат сумите на цените на сите стоки што треба да се реализираат, а се најдуваат во циркулација, значи да се внесат во циркулација повеќе или помалку пари. Било што измената на стоковните цени ја одразува вистинската измена на вредностите или само колебањата на пазарните цени, дејството на масата циркулациони средства си останува иста.

Да земеме даден број продажби или делски метаморфози што се меѓу себе неповрзани, едновремени и затоа одат просторно една крај друга, на пр. 1 квартер пченица, 20 аршини платно, 1 библија, 4 галони ракија. Ако цената на секој артикал е 2 ф. ст., а според тоа целата сума цени што треба да се реализира е 8 ф. ст., тогаш во циркулацијата мора да влезе една парична маса од 8 ф. ст. Напротив, ако истите стоки се членови од редицата метаморфози што нам ни е позната: 1 квартер пченица — 2 ф. ст. — 20 аршини платно — 2 ф. ст. — 1 библија — 2 ф. ст. — 4 галони ракија — 2 ф. ст., тогаш 2 ф. ст. ги ставаат во циркулација со ред сиве овие различни стоки, ги реализираат нивните цени, значи и вкупната сума од 8 ф. ст., за најпосле да се стивнат во рацете на ракиџијата. Овие вршат четири оптеци. Ова повторувано преместување на истите парчиња пари, претставува двојна измена на формата на стоката, нејзиното движење низ 2 спротивни стадиума на циркулацијата и испреплетувањето на метаморфозите од различни стоки.[76] Спротивните фази што се дополнуваат една со друга, и низ кои тече овој процес, просторно не можат да се згодат една крај друга, туку само временски да одат една по друга. Поради тоа нивното траење се мери со временски периоди, или брзината на паричниот оптек се мери со бројот на оптеците од истите парчиња пари во дадено време. Циркулациониот процес од четирите стоки нека потрае на пр. 1 ден. Во тој случај сумата на цените за реализација изнесува: 8 ф. ст., бројот на оптеците на истите парчиња пари во тој ден: 4, а масата на циркулационите пари: 2 ф. ст., или за еден даден период време на циркулациониот процес:

сумата на стоковните цени
_________________________________
број на оптеците на истоимени парчиња пари
=
маса пари што функционира како циркулационо средство.

Овој закон има општа важност. Вистина, циркулациониот процес на некоја земја во еден даден период време опфаќа, од една страна, многу расцепкани, едновремени и што се згодува просторно една крај друга продажби (односно купувачки) или делски метаморфози, во кои истите парчиња пари само еднаш го изменуваат местото или извршуваат само еден оптек, од друга пак страна, циркулациониот процес опфаќа многу повеќе или помалку сложени низи од метаморфози, што делум течат една крај друга, делум една со друга се преплетуваат во кои истите парчиња пари вршат помал или поголем број оптеци. Сепак целокупниот број на оптеците на истоимените парчиња пари што се најдуваат во циркулацијата го даваат средниот број на оптеците од одделното парче пари или средната брзина на паричниот оптек. Паричната маса, што во почетокот на пр. од еднодневен циркулационен процес се фрла во него, природно се определува од сумата на цените на оние стоки што циркулираат едновремено и просторно една крај друга. Но, внатре во процесот, секое парче пари, така да се рече, е одговорно за другите. Ако го забрза својот оптек едното, другото ќе го позабави или сосем ќе излета од сферата на циркулацијата, бидејќи таа може да прими само една маса злато, која, кога ќе се помножи со средниот број на оптеците на нејзиниот одделен елемент, е еднаква на сумата цени што треба да се реализираат. Поради тоа ако расте бројот на оптеците на парчињата пари, ќе се смали нивната маса што циркулира. Ако се смали бројат на нивните оптеци, ќе порасте нивната маса. Поради тоа што при дадената средна брзина на оптеците е дадена и масата што може да функционира како циркулационо средство, тоа може да се фрли во циркулацијата на пр. само едно определено количество банкноти од една фунта, за да се истераат од неа исто толку соверини,[златни фунти] итроштина позната на сите банки.

Како што ни го покажува паричниот оптек воопшто само процесот на циркулацијата на стоките, т.е. нивниот кружен тек низ противположни метаморфози, така и брзината на паричниот оптек ни ја покажува брзината со која стоките ги изменуваат своите форми, континуираното зафаќање на една низа од метаморфози со друга, брзината во измената на материјата, брзото исчезнување на стоките од сферата на циркулацијата и нивното исто толку брзо заменување со нови стоки. Значи, во брзината на паричниот оптек се појавува течното единство на фазите што се и спротивни и се дополнуваат, се пројавува преобразувањето на употребниот лик, во лик на вредноста, и повторното преобразување на вредносниот лик во употребен лик, или обата процеса — продажбата и купувачката. Обратно, во побавниот паричен оптек се појавува раздвојување и противположно осамостојување на овие процеси, застој во измената на формите, а оттука и во измената на материјата. Од каде произлегува овој застој, не се гледа од самата циркулација. Таа само го покажува самиот феномен. Популарното гледиште, што забележува дека парите со нивниот бавен оптек поретко се појавуваат и исчезнуваат од сите точки по периферијата на циркулацијата, сосем природно, го објаснува овој феномен со недостиг на количества на циркулационото средство.[77]

Вкупното количество пари што функционира како циркулационо средство во секој период време, според тоа се определува од една страна со збирот на цените од истите стоки во циркулацијата, а од друга страна со побавниот или побрзиот тек на нивните спротивни циркулациони процеси, од кои зависи каков ќе биде делот од онаа сума цени што може да се реализира со истите парчиња пари. Сумата стоковни цени, пак, зависи исто така од масата како и од цената на секој стоковен вид. Трите фактори: движењето на цените, масата на стоките во циркулацијата, и најпосле брзината на паричниот оптек можат да се изменуваат во различни правци и во различни сразмери, затоа сумата цени што е за реализација, а оттука и масата на циркулационите средства условена од неа, можат да прават, значи, многубројни комбинации. Ние ќе ги изброимe овдека само најважните во историјата на стоковните цени.

При неизменети цени на стоките масата на циркулационото средство може да расте или поради зголемената маса стоки во циркулација или поради смалувањето на брзината на оптекот на парите, или под дејството на обете заедно. Обратно, масата на циркулационите средства може да падне со паѓањето на масата стоки или кога се зголемува брзината на циркулацијата.

При општо кревање на стоковните цени, масата на циркулационото средство може да остане иста, ако масата на стоките во циркулација падне во истата сразмера, во која се креваат нивните цени, или пак ако брзината на паричниот оптек расте исто така бргу како и кревањето на цените додека масата на стоките во циркулацијата останува постојана. Масата на циркулационото средство може да падне или затоа што масата на стоки опаѓа побргу или затоа што брзината на оптекот расте побргу одошто цените.

При општо паѓање на стоковните цени, масата на циркулационото средство може да остане иста, ако расте масата на стоки во иста сразмера, во која им паѓа нивната цена, или ако опаѓа брзината на оптекот на парите во иста сразмера, во која опаѓаат и цените. Масата на циркулационато средство може да нарасте ако масата на стоки расте побргу или брзината на циркулацијата паѓа побргу, одошто паѓаат стоковните цени.

Варијациите од различните фактори можат заемно да се компензираат, така што спроти нивната постојана непостојаност, вкупната сума на стоковните цени за реализација да остане постојана, значи исто и масата пари во циркулација. Затоа, особено ако се разгледува нешто подолг период, ќе видиме во секоја земја едно многу постојано средно ниво на паричната маса во циркулацијата и многу помало отклонување од ова средно ниво отколку што би требало на прв поглед да се очекува, со исклучок на остри пертурбации што настануваат периодично, поради индустриските и трговските кризи, а поретко поради измената во самата вредност на светските пари.

Законот по кој количеството на паричните средства е определено со сумата цени на стоките во циркулацијата и со средната брзина на паричниот оптек[78] може да се изрази така што, при дадена сума на стоковни вредности и при дадена средна брзина на нивните метамарфози, количеството на парите во циркулацијата или паричниот материјал зависи до неговата сопствена вредност. Илузиите според кои, обратно, масата на циркулационите средства ги определува стокавните цени, а масата на паричниот материјал што се најдува во некоја земја, од своја страна ја определува масата на циркулационите средства,[79] почива кај нејзините први застапници во невкусната хипотеза дека стоките влегуваат во процесот на циркулацијата без цени, а парите без вредност, па тогаш така еден аликвотен дел од стоковната каша се разменува за еден аликвотен дел од метална планина.[80]

в) Монетата. Знакот на вредноста

Од функцијата на парите како циркулационо средство произлегува нивниот монетарен лик. Оној дел од тежината на златото што е претставен во цената, или во паричното име на стоките, во циркулацијата мора да застане спроти нив како едноимено парче злато, како монета. Изработката на монетата, како и утврдувањето на мерата на цената ѝ припаѓа на државата. Во различните национални униформи што ги носат златото и среброто како монети, а кои на светскиот пазар пак ги соблекуваат, се пројавува разделбата меѓу внатрешната или националната сфера на стоковната циркулација и нејзината сеопшта сфера на светскиот пазар.

Значи, златната монета и златото во плочи отсекогаш се разликуваат само по фигурата, и златото може постојано да се преобразува од една форма во друга.[81] Но и патот од ковачницата на монетата е едновремено и пат кон казанот за топење. А имено, во оптекот златните монети се лижат, едни повеќе, други помалку. Златното име и златната супстанца, номиналната содржина и реалната содржина почнуваат да се одвојуваат. Истоимени златни монети започнуваат да стануваат нееднаква вредност, бидејќи стануваат различни тежини. Златото како циркулационо средство отстапува до златото како мерка на цената, а со тоа исто така престанува да биде и вистински еквивалент на стоките, чии цени ги реализира. Историјата на овие збрки ја прават средновековната историја на монетата и историјата на новото време сѐ до 18 век. Природната тенденција на циркулациониот процес да го претвори златното битие на монетата во златен привид или монетата во симбол на нејзината официјална метална содржина, е признаена и од самите најмодерни закони што го определуваат степенот на загубата во метал, а да не стане некое парче злато неспособно за циркулација или да не се демонетизира.

Бидејќи самиот паричен оптек ја разделува реалната содржина на монетата од номиналната содржина, нејзиното метално битие од функционалното битие, така тој содржи латентна можност да се заменат металните пари во својата монетарна функција со знаци од друг материјал или со симболи. Ролјата на сребрените и бакарните знаци како заменици на златните монети, историски се објаснува со техничките пречки за ковање на сосем мали тежински делови од златото, односно среброто, и со околноста што пониските метали отпрво служеле за мера на вредноста место благородните, среброто место златото, бакарот место среброто, поради што тие биле во циркулација како пари во моментот кога биле детронирани од поблагородните метали. Тие го заменуваат златото во оние области од стоковната циркулација, каде што монетата најбргу циркулира и затоа најбргу се лиже, т.е. каде што купувачката и продажбата незапирно се обновува во најмали размери. За да се спречи да не се загнездат овие трабанти на местото од самото злато, законски се определуваат сосем ниски сразмери до кои тие мораат да се примаат место злато при исплатата. Природно дека особените кругови низ кои оптекуваат различните видови монети се влеваат еден во друг. Ситните монети се појавуваат заедно со златото за исплатување најмали делови од најситните златни монети; златото постојано влегува во циркулацијата на ситно, но со размената на ситни монети е исто така постојана исфрлувано надвор.[82]

Металната содржина на сребрените и бакарните знаци законот ја определува произволно. Во оптекот тие се излижуваат уште побргу отколку златната монета. Според тоа, нивната функција како монета сосем е независна од нивната тежина, т.е. од секаква вредност. Монетното битие на златото наполно се одделува од супстанцата на неговата вредност. Поради тоа можат на негово место да функционираат како монета и предмети што се релативно без вредност, книжни ливчиња. Во металните парични знаци сѐ уште донекаде е скриен чистиот симболичен карактер. Во книжните пари тоа јасно излегува на видело. Се гледа: ce n’est que le premier pas qui coûte [тежок е само првиот чекор].

Овдека се работи само за државните книжни пари со принуден курс. Тие израстуваат непосредно од металната циркулација. Напротив, кредитните пари претпоставуваат околности какви што нам, од гледиштето на простата стоковна циркулација, уште сосем не ни се познати. Сепак патем ќе забележиме дека природните корени на кредитните пари се најдуваат во функцијата на парите како платежно средство, како што вистинските книжни пари произлегуваат од функцијата на парите како циркулационо средство.[83]

Во процесот на циркулацијата државата уфрлува однадвор книжни парчиња, со напечатени парични имиња, како 1 ф. ст., 5 ф. ст. итн. Сѐ додека се тие вистински во циркулацијата место истоимените суми злато, во нивното движење се огледуваат само законите на самиот паричен оптек. Специфичен закон за оптекот на книжните пари може да произлезе само од односите во кои тие го претставуваат златото. А овој закон просто е во тоа, што издавањето на книжните пари мора да се ограничи на она количество, колку што вистински би морало да циркулира злато (односно сребро), што тие симболички го претставуваат. Вистина, количеството злато, што може да го прими циркулационата сфера, постојана се колеба над или под извесно средно ниво. Сепак, масата на циркулационите средства во дадена земја не слегува пониско од извесен минимум, што се утврдува од опитот. Што оваа минимална маса постојано ги изменува своите составни делови, т,е. постојано се состои од други парчиња злато, природно дека не го изменува нејзиниот обем, и нејзиното постојано движење во циркулационата сфера. Затоа таа може да се замени со книжни симболи. Напротив, ако се исполнат денеска со книжни пари сите циркулациони канали во полна степен на нивната способност за апсорбирање пари, тогаш тие поради колебањето на стоковната циркулација ќе можат утре да бидат преполнети. Се губи секаква мера. Ако ја надминат книгите својата мера, т.е. количеството од истоимени златни монети, што би можеле да бидат во циркулација, тогаш, и да не се обѕираме на опасноста од општо дискредитирање, сепак во рамките на стоковниот свет тие ќе ги претставуваат само она количество злато, што го определуваат иманентните закони на циркулацијата, значи количеството што единствено и може да се претставува. Ако масата книжни парчиња претставува, на пр. 2 унци злато, место 1 унца, тогаш 1 ф. ст. фактички ќе стане парично име да речеме од 1/8 унца место порано од 1/4 унца злато. Дејството е исто како кога би се изменило нешто во функцијата на златото како мера на цената. Поради тоа оние исти вредности што досега се изразуваа со цена од 1 ф. ст. сега ќе се изразуваат со цена од 2 ф. ст.

Книжните пари се знак на златото или знак на парите. Нивниот однос спроти стоковните вредности се состои само во тоа што тие симболично сетилно го претставуваат она исто количество злато во кое стоковните вредности се изразени идеално. Книжните пари се само дотолку знак на вредноста, до колку претставуваат количества злато, кои, како и количествата од сите други стоки. се количества вредности.[84]

Се праша, најпосле, зашто може златото само себе да се замени со голи знаци без вредност? Но тоа, како што видовме, може така да се замени до толку, до колку во својата функција како монета или циркулационо средство, се изолира и стане самостојно. Вистина, осамостојувањето на оваа функција сега не се врши за одделни парчиња злато, иако тоа се појавува во натамошното циркулирање на излижаните парчиња злато. Златните парчиња се само монети или само циркулационо средство токму само додека вистински се најдуваат во оптек. Но што не важи за одделните парчиња злато, важи за минималната маса злато што може да се замени со книжни пари. Таа постојано обитава во циркулационата сфера, непрекинато функционира како циркулационо средство и затоа постои исклучиво како носител на оваа функција. Затоа нејзиното движење претставува непрекинато преминување на противположните процеси од стоковните метаморфози С—П—С еден во друг, во кое спроти стоката се противставува ликот на нејзината вредност, само за да исчезне пак веднаш. Самостојното претставување на разменската вредност на стоката овдека е само преоден момент. Веднаш таа стока ќе биде пак заменета со друга. Затоа во еден процес што постојано ги оддалечува парите од рака на рака, е достатна и само нивната симболична егзистенција. Нивното функционално битие го апсорбира, така да се рече, нивното материјално битие. Иако преоден објективизиран рефлекс на стоковните цени, тие функционираат само уште како знак за самите нив и затоа можат да бидат заменети со знаци.[85] Само што паричниот знак мора да има своја сопствена објективна општествена важност, а книжните симболи ја добиваат со принуден курс. Оваа државна принуда важи само внатре во границите на некоја заедница или во сферата на внатрешната циркулација, но парите токму само во оваа и можат наполно да се растворат во својата функција на циркулационо средство или монета, та поради тоа можат да добијат во книжните пари и чисто функционален начин на егзистенција, надворешно одделен од нивната метална супстанца.

3. Пари

Стоката што функционира како мера на вредноста, па поради тоа, исто така, функционира телесно или преку претставник како циркулационо средство, е пари. Поради тоа златото (одн. среброто) се пари. Златото функционира како пари од една страна таму каде што таа мора да се појави во својата златна (одн. сребрена) телесност, а со тоа како парична стока, значи нити само идеално, како во мерата на вредноста, нити како заменливо со претставник, како во циркулационото средство; од друга страна таму каде што неговата функција било да ја врши сега само во сопствената персона или со претставник, го фиксира како единствен лик на вредноста или единствено адекватно битие на разменската вредност а спроти него сите други стоки само како употребни вредности.

а) Собирање благо

Непрекинатиот кружен тек на две спротивни метаморфози на стоката, или течното сменување на продажбата и купувачката, се пројавува во неуморниот оптек на парите, или во нивната функција како perpetuum mobile [механизам кој дејствува незапирно] на циркулацијата. Парите се имобилизираат или се претвораат, како што вели Боагијбер, од meuble во immeuble [од движечко во недвижечко], од монета во пари, штом ќе се прекине низата од метаморфози, штом продажбата не ќе се дополни со купувачка што ја следи.

Уште со самиот прв развиток на стоковната циркулација, се развива и нужноста и страста да се задржи производот од првата метаморфоза, преобразениот лик на стоката или нејзината златна ларва.[86] Стоката не се продава за да се купи некоја друга стока, туку да се замени стоковната форма со парична форма. Од чисто средство за размена на материјата, оваа измена на формите станува самоцел. Отуѓениот лик на стоката се спречува да функционира како нејзин апсолутно отуѓлив лик или само како парична форма што исчезнува. Парите се скаменуваат во благо, а продавачот на стоката станува собирач на благо.

Токму во зачетоците на стоковната циркулација во благо се претвора само вишокот на употребните вредности. Така златото и среброто сами до себе стануваат општествен израз на изобилство или богатството. Оваа наивна форма на собирање благо се овековечува кај народите, кај кои цврсто затворениот круг на потреби му одговара на традиционалниот начин на производство приспособен за сопствени потреби. Вака е кај Азијците, особено кај Индијците. Вендерлинт, кој вообразува дека масата злато и сребро, што се најдува во некоја земја, ги определува стоковните цени, се праша, зашто е толку евтина индиската стока? И одговара: Затоа што Индијците ги закопуваат парите. Од 1602 до 1734 г., забележува тој, закопале тие 150 милиони ф. ст. сребро, кои првин дојдоа од Америка во Европа.[87] Од 1856 до 1866, значи за 10 години, Англија извезе за Индија и Кина (металот увезен во Кина во поголемиот дел пак оди во Индија) 120 мил. ф. ст. сребро, кое пред тоа беше заменето за австралиско злато.

Колку повеќе се развива производството на стоки, секој стоковен производител мора да се осигури со nervus rerum [нерв на предметите], со општествено признаен залог.[88] Неговите потреби незапирно се обновуваат и му наложуваат незапирно купување туѓи стоки, додека производството и продажбата на неговата сопствена стока, му чинат време и зависат од случајности. За да купи без да продава, тој мора пред тоа да продаде без да купи. Оваа операција изведена, во општ размер, изгледа како самата да си противречи. Меѓутоа, на изворите од нивното производство, благородните метали се разменуваат директно за други стоки. Овде се врши продажба (на страна на стопанот на стоката) без купувачка (на страна на стопанот на среброто и златото).[89] А подоцнежните продажби без купувачки служат само за натамошно распределување на благородните метали меѓу сите стопани на стоки. Така настануваат на сите точки на циркулацијата златни и сребрени блага од најразлични обеми. Со возможноста да се задржи стоката како разменска вредност или разменската вредност како стока, се разбудува страста за злато. Со раширувањето на стоковната циркулација расте моќта на парите, на таа секогаш готова за бој, апсолутно општествена форма на богатството.

„Златото е еден чудесен предмет! Кој го има него е господар на сѐ што сака. Со златото може дури души во рајот да се воведат“. (Колумбо, во писмото од Јамајка 1503 г.)

Бидејќи на парите не се гледа, што се претворило во нив, тоа сешто, било стока или не, се претвора во пари. Сѐ може да се продава, сѐ може да се купува. Циркулацијата станува една голема општествена реторта, во која сешто влегува, за да излезе пак како паричен кристал. На оваа алхемија не ѝ се противставуваат нити светите мошти, а уште помалку други понегруби res sacrosanctae, extra commercium hominum [свети предмети што се надвор од трговијата на луѓето].[90] Како шта во парите исчезнува секаква квалитативна. разлика на стоките, така парите од своја страна, како радикален левелер, ги бришат сите разлики.[91] Но парите и сами се стока, надворешен предмет што може да стане и приватна сопственост на некого. Така општествената моќ станува приватна моќ на приватни лица. Затоа античкото општества ги обвинува парите како монета за поткусурување на својот економски и морален поредок.[92] Модерното општество, кое уште во своето детство за коса го извлекло Плутона [бог на богатството] од земната утроба,[93] го поздравува на златниот грал сјајното овоплотување на неговиот најинтимен животен принцип.

Стоката како употребна вредност задоволува некоја особена потреба и сочинува некој особен елемент од материјалната богатство. Но вредноста на стоката го мери степенот на нејзината привлечна сила за сите елементи на материјалното богатство, според тоа го мери општественото богатство на својот стопан. За варварски примитивниот стопан на стока, дури и за западноевропскиот селанец, вредноста е неразделна од формата на вредноста, затоа зголемувањето на златното и сребреното благо за него е зголемување на вредноста. Секако, вредноста на парите се изменува, било поради тоа што се изменила нивната сопствена вредност, било поради тоа што се изменила вредноста на стоките. Туку ова ништо не пречи, од една страна, 200 унци злато како и понапред да содржат повеќе вредности од 100, 300 повеќе од 200 итн., нити од друга страна металната природна форма од овој предмет да остане општа еквивалентна форма за сите стоки, непосредно општествено овоплотување на целиот човечки труд. Стремежот за собирање благо по природа е безмерен. Квалитативно или по својата форма парите се безгранични, т.е. тие се општ претставник на материјалното богатство, бидејќи можат непосредно да се претвораат во секоја стока, но едновремено секоја парична сума квантитативно е ограничена, а со тоа е куповно средство само со ограничено дејство. Оваа противречност меѓу квантитативната ограниченост и квалитативната безграничност на парите го гони собирачот на благо постојано да се враќа кон Сизифовата работа на акумулацијата. Нему му врви така како на освојувачот на светот, кој со секоја нова земја освојува само нова граница.

За да се задржи златото како пари, а со таа како елемент за собирање благо, мора да се спречи неговото циркулирање или мора да се спречи неговото растворување од куповно средство во средство за уживање. Поради тоа собирачот на благо и му ги жртвува своите телесни наслади на златниот фетиш. Тој сериозно се однесува спрема евангелието на одрекувањето. Од друга страна, тој може да го одземе во пари од циркулацијата само тоа што ѝ дава во стока. Колку повеќе ќе произведува, толку повеќе ќе може да продаде. Поради тоа трудољубивоста, штедењето и скржавоста се неговите главни добрини, многу да продава, малку да купува, тоа е целата негова политичка економија.[94]

Крај непосредната форма на благото врви и неговата естетска форма, посед од златни и сребрени стоки. Овој посед расте со богатството на буржоаското општество. „Soyons riches ou paraissons riches” [да бидеме богати или да се покажеме богати] (Дидро). Така се создава од една страна, се поширок пазар за златото и среброто, независно од нивната парична функција, а од друга страна, се создава еден латентен извор на пари, кај особено тече во периодите на општествени бури.

Собирањето благо исполнува разни функции во економијата на металната циркулација. Првата од сите функции произлегува од условите на оптекот на златната и сребрената монета. Видовме како со постојаните колебања на обемот, цените и брзината на стоковната циркулација, масата пари во оптекот неуморно се прелива или одлива. Значи, таа мора да биде способна да се шири и собира. Де парите мораат да се привлечат како монета, де монетата да се отфрли како пари. За да одговара масата пари што е во оптек вистински на степенот на заситеноста во циркулационата сфера, количеството злато и сребро што се најдува во некоја земја мора да биде поголемо од она што се најдува во функција како монета. Парите го исполнуваат овој услов со својата форма на благо. Резервоарите на благо истовремено служат како одводни и доводни канали за парите во циркулацијата, благодарение на што неговите канали на оптекот не се преполнуваат.[95]

б) Платежно средство

Во досега разгледуваната непосредна форма на стоковната циркулација иста големина на вредноста постоеше секогаш двојствено: на едниот пол како стока, на спротивниот пол како пари. Поради тоа стопаните на стоките стапуваат во контакт еден со друг само како претставници на еквиваленти што ги имаат и двајцата. Но со развитокот на стоковната циркулација се развиваат и односи, врз кои отуѓувањето на стоката временски се разделува од реализацијата на нејзината цена. Ќе биде доста да ги назначиме овде само најпростите од овие односи. За производство на еден вид стока треба подолго време, а за друг вид покусо. Производството на различни стоки е сврзано со разните годишни времиња. Некоја стока се раѓа на својот пазар, друга мора да патува на далечен пазар. Поради тоа некој стопан на стока може да настапи како продавач, пред некој друг што може да настапи како купец. При постојаното повторување на истите трансакции меѓу истите лица, условите на продажбата на стоките се регулираат со условите на нивното производство. Од друга страна, ползувањето на извесен вид стоки, на пр. некоја куќа, се продава за еден определен период време. Употребната вредност на стоката купецот вистински ќе ја добие дури откога ќе истече рокот. Оттука тој купува, пред да ја плати. Еден стопан на стока ја продава наличната стока, друг купува само како претставник на парите, или како претставник на идните пари. Продавачот станува кредитор, купецот должник. Бидејќи овдека се изменува метаморфозата на стоката или развитокот на нејзината форма на вредноста, според тоа и парите добиваат друга функција. Тие стануваат платежно средство.[96]

Карактерот на доверителот или должникот овдека произлегува од простата стоковна циркулација. Измената на нејзината форма му го дава на продавачот и купецот овој нов печат. Значи, пред сѐ, овие ролји што ги играат заемно истите агенти на циркулацијата, се исто така преодни како и ролјите на купците и продавачите. Сепак, спротивноста сега отпрво има помалку благопријатен изглед и е способна за поголема кристализација.[97] Но исти карактери можат да се појават и независно од стоковната циркулација. Класната борба во античкиот свет, на пр., се движеше главно во форма на борба меѓу доверители и должници, и се завршува во Рим со пропаста на плебејскиот должник што се заменува со робот. Во средниот век борбата се заврши со пропаста на феудалниот должник, кој ја изгуби својата политичка моќ со загубата на економската база. Притоа паричната форма — а односот меѓу доверителот и должникот има форма на паричен однос — овде само го одразува антагонизмот на подлабоките економски услови од животот.

Да се вратиме кон сферата на стоковната циркулација. Престана едновременото појавување на еквивалентите, стоката и парите, на обата пола на процесот на продажбата. Сега парите функционираат прво како мера на вредноста при определувањето на цената на стоката. Утврдената со договор цена ја мери обврската на купецот, т.е. паричната сума што ја должи тој за определен рок. Второ, тие функционираат како идеално куповно средство. Иако тие суштествуваат само како ветени пари од купецот, сепак тие прават да помине стоката од едни раце во други раце. Дури кога ќе дојде платежниот рок, платежното средство вистински стапува во циркулација, т.е. преминува од рацете на купецот во рацете на продавачот. Циркулационото средство се претвори во благо, затоа што циркулациониот процес се прекина при првата фаза, т.е. зашто парите, претворениот лик на стоката, се повлекоа од циркулацијата. Платежното средство влегува во циркулацијата, дури откога стоката веќе излегла од неа. Парите веќе не се посредник на процесот. Тие го завршуваат самостојно, како апсолутно битие на разменската вредност или како општа стока. Продавачот ја претвора стоката во пари, за да задоволи со парите некоја потреба, собирачот на благо, за да ја конзервира стоката во парична форма, задолжениот купец, за да може да плати. Ако не плати, ќе му се продаде неговиот имот присилно. Така, сега, по силата на општествената нужност, што произлегува од односите на самиот циркулационен процес, вредносниот лик на стоката, парите, станува самоцел на продажбата.

Купецот ги претвора парите обратно во стока, пред да ја претворил стоката во пари, или ја извршува втората метаморфоза на стоката пред првата. Стоката на продавачот циркулира, ја реализира нејзината цена, по само во една приватноправна титула на пари. Таа се претвора во употребна вредност пред да се претвори во пари. Извршувањето на нејзината прва метаморфоза ќе следува дури отпосле.[98]

Во секој определен период на циркулациониот процес обврзниците на кои им дошол рокот, ја претставуваат сумата цени на оние стоки, чијашто продажба ги предизвикала. Масата пари, потребна за да се реализираат овие суми на цени зависи на прво место од брзината на оптекот на платежните средства. Таа е определена од две околности: од верижењето на односите на доверителите и должниците, така што А добива пари од својот должник В, а натаму овој му го исплатува на својот доверител С итн. — и од должината на времето меѓу различните платежни рокови. Веригата на плаќања што следуваат едно по друго или на првите метаморфози извршени отпосле, од основа се разликува од порано разгледуваното преплетување на метаморфозните низи. Во оптекот на циркулационото средство не е изразена само врската меѓу продавачите и купците. Самата врска настанува дури во оптекот на парите и заедно со него. Напротив, движењето на платежното средство изразува општествена врска, што веќе пред него постои во готов вид.

Едновременоста и напоредноста на продажбите го ограничува надоместувањето на монетарната маса со брзината на оптекот. Напротив, во економијата на платежното средство тие прават нов лост. Со концентрацијата на плаќањата на исто место природно се развиваат особени установи и методи за нивно израмнување. Така, на пр., вирманите во средновековниот Лион. Достатно е должничките барања на А од В, на В од С, на С од А итн. само да се споредат, па до извесен степен заемно да се избришат како позитивни и негативни големини. Така останува да се исплати, по билансирањето, само остатокот од долговите. Колку поголема маса плаќања опфаќа концентрацијата, толку е релативно помал билансот, оттука толку помала е и масата на платежните средства во циркулацијата.

Функцијата на парите како платежно средство содржи во себеси една непосредна противречност. До колку плаќањата се израмнуваат, тие функционираат само идеално како сметковни пари или мера на вредноста. До колку плаќањето вистински се извршува, тие не истапуваат како циркулационо средство, како само преодна форма со чие посредство се врши размената на материјата, туку како индивидуално овоплотување на општествениот труд, како самостојно битие на разменската вредност, како апсолутна стока. Оваа противречност се заострува во оној момент на производни и трговски кризи, што се викаат парична криза.[99] Таа е возможна само таму, каде што веригата на плаќањата што одат еден подруг и искусниот систем на нивните израмнувања наполно се развиени. Со општите нарушувања во овој механизам, од каде било тие да произлегуваат, парите од само идеален лик на сметковни пари ненадејно и непосредно се превртуваат во ѕвекотливи пари. Тогаш тие се незаменливи со профани стоки. Употребната вредност на стоката станува без вредност, а нејзината вредност исчезнува пред нејзината сопствена форма на вредноста. Во просветителската вообразеност предизвикана од пијанството на просперитетот до пред малку буржујот ги објавуваше парите за празна опсесија. Само стоката е пари. Само парите се стока? — ѕуни сега низ светскиот пазар. Како што еленот вишти за пресна вода, така сега вишти неговата душа за парите, за тоа единствено богатство.[100] Во кризата спротивноста меѓу стоката и ликот на нејзината вредност, парите се креваат до апсолутна противречност. Поради тоа овдека е сосем сеедно во која форма се јавуваат парите. Гладот за парите си останува ист, па било да се плаќа во злато или во кредитни пари, на пр. во банкноти.[101]

Ако ја разгледаме сега вкупната сума пари што е во оптек во некој даден период време, ќе се покаже оти таа при дадена брзина на оптекот на циркулационите и платежните средства, ќе биде еднаква на сумата стоковни цени што се за реализација, плус сумата на плаќањата на кои им дошол рокот, минус плаќањата кои заемно се бришат, и најпосле минус бројот на оптеците, во кои исти парчиња пари заемно функционираат де како циркулационо, де како платежно средство. На пр., селанецот го продаде своето жито за 2 ф. ст., што на тој начин служат како циркулационо средство. Сега со нив тој го плаќа долгот на кој му дошол рок, за платното што порано му го дал ткајачот. Истиве овие 2 ф. ст. сега функционираат како платежно средство. Ткајачот сега купува за готово библија — оние пак функционираат како циркулационо средства итн. Поради тоа и кога е дадена самата цена, брзината на паричниот оптек и економијата во плаќањето, сепак паричната маса што во еден период е во оптек, на пр., во еден ден, веќе не се совпаѓа со масата стоки во циркулација. Во оптекот се најдуваат пари што ги претворуваат стоките веќе одамна извлечени од циркулацијата. Оптекуваат стоки на кои паричниот еквивалент ќе им се појави дури во иднина. Од друга страна, плаќањата договорени за некој ден, и плаќањата на кои им паѓа рокот во тој ист ден, се сосем неизмерлива големина.[102]

Кредитните пари произлегуваат непосредно од функцијата на парите како платежно средство, со тоа што самите должнички потврди за продадените стоки пак се во циркулација и ги пренесуваат должничките барања. Од друга страна, со ширењето на кредитот се шири и функцијата на парите како платежно средство. Како такви тие добиваат своја сопствена форма на суштествување, во која тие обитаваат во сферата на крупните трговски трансакции, додека златната и сребрената монета главно е потисната назад во сферата на ситната трговија.[103]

При извесен степен и обем на стоковното производство функцијата на парите како платежно средство почнува да проникнува и надвор од сферата на стоковната циркулација. Тие стануваат општа стока на договорите.[104] Рентите, даноците итн. се претвораат од натурални давачки во парични плаќања. Колку е условено ова претворање од целокупната состојба на процесот на производството, ни докажува на пр. двапати пропаднатиот обид на Римското царство, да се собираат сите давачки во пари. Ужасната беда на францускиот селанец под Луј XIV, која Боагијбер, маршал Вобан и други така речито ја жигосаа, не била предизвикана само од големите даноци, ами исто така и од претворањето на натуралните даноци во парични.[105] Кога, од друга страна, натуралната форма на земјишната рента во Азија, која е едновремено и главен елемент на државниот данок, почива врз производствени односи што се препроизведуваат со неизменливост својствена на природните односи, оваа форма на плаќање од своја страна со обратно дејство ја одржува старата форма на производство. Ова е една од тајните на самоодржувањето на турската империја. Ако надворешната трговија во Јапонија, што ѝ ја наметнува Европа, повлече за себеси претворање на натуралната рента во парична рента,[10*] тогаш ќе пропадне нејзиното примерно земјоделство. Неговите тесни економски услови за суштествување ќе се распаднат.

Во секоја земја се воспоставуваат извесни општи платежни рокови. Тие почиваат, ако не ги земеме предвид другите кружни текови на препроизводството, делум на природните услови од производството што се сврзани со измените на годишните времиња. Исто вака се регулираат и плаќањата што не произлегуваат непосредно од стоковната циркулација, како данокот, рентата итн. Паричката сума, што е потребна во извесни денови во годината да се извршат плаќања расфрлени по целата површина на општеството, предизвикува периодични, но сосем површни пертурбации во економијата на платежните средства.[106] Од законот за брзината на оптекот на платежните средства следува, дека за сите периодични плаќања, мaкap каков им бил изворот, потребната маса на платежни средства стои во директна[11*] сразмера спроти должината на платежните периоди.[107]

Развитокот на парите како платежно средство принудува кон натрупување пари за исплата на должните суми во рокот. Со напредокот на буржоаското општество исчезнува образувањето благо како самостојна форма за збогатување, но напротив тоа расте со оној напредок во форма на резервни фондови од платежни средства.

в) Светски пари

Со излегувањето од внатрешната сфера на циркулацијата, парите пак ги соблекуваат од себеси таму добиените локални форми на мерка на цена, на монета, на ситна монета и на знак на вредноста и се враќаат назад во своите првобитни фарми на табли од благородни метали. Во светската трговија стоките универзално ја развиваат својата вредност. Затоа нивниот самостоен лик на вредноста настапува овде спроти нив како светски пари. Дури на светскиот пазар парите во полна смисла функционираат како стока, чија природна форма е едновремено и непосредна општествена форма за осуштествувањето на човечкиот труд in abstracto. Начинот на нивното суштествување станува адекватен со нивниот поим.

Во сферата на внатрешната циркулација само една стока може да служи како мера на вредноста, а оттука како пари. На светскиот пазар владее двојна мера на вредноста: златото и среброто.[108]

Светските пари функционираат како општа платежно средство, како општо куповно средство и како апсолутна материјализација на богатството воопшто (universal wealth). Преовладува функцијата на платежното средство за израмнување на меѓународниот биланс. Оттука лозунгот на меркантилниот систем — трговски биланс![109] Како интернационално куповно средство златото и среброто во билансот служат тогаш, кога одненадеж ќе се наруши обичната рамнотежа на размената на материјата меѓу разни нации. Најпосле тие служат како апсолутна општествена материјализација на богатството, таму каде што не се работи нити за купување нити за плаќање, но се врши пренос на богатството од една земја на друга, каде што е ова пренесување исклучиво во форма на стоки, било поради конјуктури на стоковниот пазар, било поради самата цел што се сака да се постигне.[110]

Како за својата внатрешна циркулација, така и за циркулацијата на светскиот пазар на секоја земја и е потребен извесен резервен фонд. Според тоа, функцијата на благото произлегува делум од функцијата на парите како внатрешно и платежно циркулационо средство, делум од нивните функции како светски пари.[110а] Во последната ролја тие секогаш мораат да бидат вистинска парична стока, злато и сребро во нивната телесност, поради што Џeмc Стјуарт изрично го карактеризира златото и среброто, за разлика од нивните чисто локални претставници, како money of the world [светски пари].

Движењето на златната и сребрената река е двојствено. Од една страна, таа се разлева од своите извори низ целиот светски пазар, каде што различни национални циркулациони сфери ја прифаќаат во различен обем и ја внесуваат во нивните внатрешни циркулациони канали, за да ги замени излижаните златни и сребрени монети, да даде материјал за луксузна стока и да се скочани во блага.[111] Ова прво движење се овозможува со непосредната размена на националните трудови реализирани во стоките, со трудот реализиран во благородните метали од земјите што произведуваат злато и сребро. Од друга страна, златото и среброто постојано се движат ваму-таму меѓу различните национални циркулациони сфери, движења, што ги следат незапирните осцилации на меничниот курс.[112]

Земјите со развиено буржоаско производство ги ограничуваат благата масовна концентрирани во резервоарите на банките на нужниот минимум за нивната специфична функција.[113] Со извесни исклучоци, очевидната преполнетост на резервоарите на благата над нивното средно ниво, укажува на застој во стоковната циркулација или на прекинат тек на стоковните метаморфози.[114]


Фусноти

[50] Прашањето зошто парите непосредно не го претставуваат работното време, така што на пр. еден книжен паричен знак да претставува x работни часови, просто сосем се сведува на прашањето зошто мораат врз основа на стоковното производство производите на трудот да се претставуваат како стоки, бидејќи претставувањето на стоката го вклучува нејзиното раздвојување на стока и на парична стока. Или зашто приватниот труд не може да се третира како непосреден општествен труд, како негова спротивност. Плиткиот утопизам за некои „работни пари“ врз основа на стоковното производство опширно го разјаснив на друго место. (Каrl Marx: „Zur Kritik etc”., стр. 61 и натаму). Овдека ќе го забележам уште тоа, дека на пр. „трудовите пари“ на Овен се исто толку малку „пари“, нешто како еден театарски билет. Овен има за претпоставка непосреден поопштествен труд, т.е. една форма на производство што му е дијаметрално спротивна на стоковното производство. Потврдата за трудот го потврдува само индивидуалниот дел со кој учествува производителот во општиот труд и неговото индивидуално права на делот од општиот производ определен за потрошувачка. На на Овен ни на ум не му иде да го земе за претпоставка стоковното производство и тогаш да се обиде да ги заобиколи неговите нужни услови со парични итроштини.

[51] Дивјаците или полудивјаците го употребуваат својот јазик поинаку. Капетанот Пари забележува на пр. за жителите од западниот брег на Бафинов залив: „Во овој случај (при размената на производи) ... тие го лизнуваат него (предметот предложен за размена) двапати со јазик; со тоа тие очигледно сметаат оти зделката е свршена на нивно задоволство". Исто така кај источните Ескими разменувачот секогаш го лизнува артикалот при примањето. Ако на Исток следователно, јазикот е орган за присвојување, тогаш не е никакво чудо што на Југ стомакот важи како орган на акумулирана сопственост и што Кафрите го ценат богатството на некој човек според салото на стомакот. Кафритe се навистина итри врагови, зашто додека официјалните британски здравствени извештаи од 1864 се плачеа за недостиг на супстанци што создаваат маснотии, кај еден голем дел од работничката класа, дотогаш во истата година некој си Др. Харвеј, што иако не го пронајде крвотокот, сепак ја направи својата cpeќa со шарлатански рецепти, што ѝ веќаваа на буржоазијата и аристократијата да ја избават од бремето на излишното сало.

[52] Види Каrl Marx: „Zur Kritik etc.”: Theorien von der Masseinheit des Geldes, стр. 53 и потака.

[53] Белешка кон 2. издание. „Таму каде што златото и среброто постојат законски едно крај друго како пари, т.е. како мера на вредноста, постојано се врши залуден обид да се постапува со нив како со една и иста материја. Ако се претпостави дека исто работно време мора неизменливо да се опредметува во исти пропорции сребро и злато, тогаш всушност се претпоставува оти среброто и златото се иста материја и дека една определена маса од помалку вредниот метал – среброто, сочинува една неизменлива дропка од една определена маса злато. Од владеењето на Едуард III до времето на Џорџ II историјата на англиските пари тече низ редица постојани нарушувања произлезени од колизијата меѓу законски утврдениот однос на вредноста на златото и среброто и вистинските колебања на нивните вредности. Де златото се ценеше повисоко, де среброто. Прениско ценетиот метал се извлекуваше од циркулацијата, се претопyваше и се изнесуваше. Тогаш односот на вредноста на обата метала пак законски се изменуваше, но новата номинална вредност, како и старата, за бргу стануваше во ист конфликт со вистинскиот однос на вредностите. – Во нашево време сосем слабиот и преоден пад на вредноста на златото спроти среброто поради индиско-кинеското барање на сребро, ја предизвика истата појава во Франција и тоа во најголеми размери: извозот на сребро и неговото истиснување од циркулацијата од страна на златото. Во годините 1855, 1856, 1857 вишокот на внесеното злато во Франција над изнесеното злато од Франција изнесуваше 41.580.000 ф. стр., додека вишокот извезеното сребро над увезеното сребро изнесуваше 34.704.000 ф. ст. [од 2. до 4. издание: 14.704.000]. Навистина, во земји каде што обата метала законски важат како мера на вредноста, и затоа обата мораат да се примаат во плаќањето, па секој еден може по волја да плаќа во сребро или злато, — металот чија вредност се крева, носи извесна ажија и како секоја друга стока ја мери својата цена во натценетиот метал, додека само последниов служи како мера на вредноста. Целиот историски опит во оваа област се сведува просто на тоа, што таму каде што две стоки ја вршат законски функцијата на мерата на вредноста, фактички секојпат се зацврстува на тоа место само една“. (Каrl Marx: „Zur Kritik etc.”, стр. 52, 53).

[54] Белешка кон второто издание. Таа особеност, што унцата злато во Англија како единица на паричната мерка не е разделена на аликвотни делови, се објаснува со следново: „Нашата монета отпрво беше приспособена само за употребување на среброто, па поради тоа од една унца сребро секојпат може да се исковаат определен соодветен број парчиња пари; но бидејќи златните пари почнаа да се коваат дури подоцна, додека монетарниот систем бил приспособен само за среброто, тоа од една унца злато не може да се исковаат соодветен број монети.“ (MaClaren: „History of the Courrency.“ London 1858, стр. 16).

[55] Белешка кон второто издание. Во англиските творби владее нечуена конфузија за мерата на вредноста (measure of value) и за мерката на цената (standard of value). Функциите, а со тоа и нивните имиња, постојано се мешаат.

[56] Впрочем, и оваа хронологија нема општа историска важност.

[57] Белешка кон второто издание. Така англиската фунта означува помалку од една третина од нејзината првобитна тежина, шкотската фунта пред соединувањето[2*] уште само 1/36, француската ливра, 1/74, шпанската мера вреди помалку од 1/1.000, португалскиот реи, уште многу помала дропка.

[58] Белешка кон второто издание. „Монетите чии имиња се уште само идеални, се најстари монети при сите народи. Секое име некогаш било реално, и токму затоа оти тие биле реални, служеле како сметковни пари“. (Galiani: Della Moneta, cтp. 153).

[59] Белешка кон второто издание. Г. Давид Уркарт забележува во своите „Familiar Words“ како нешто чудовишно (!) оти една фунта (ф. ст.) денес е единица, на англиската парична мерка, што е приближно еднаква на 1/4 унца злато: „Тоа значи да се фалсификува мерата, а да не се воспоставува мерка.“ Во ова „лажно именување“ на златните тежини, тој ја гледа, како и насекаде инаку, фалсификаторската рака на цивилизацијата.

[60] Белешка кон второто издание. „Кога го прашаа Анахарзис зошто им требаат на Елините парите, тој одговори: „за сметање“. (Athenaeus: „Delphosophistai”, кн. IV, 49, св. 2. [стр. 120], изд, Schweighäuser, 1802).

[61] Белешка кон второто издание. „Бидејќи златото [од 2. до 4. издание: парите] како мерка на цената се јавува во истите сметковни имиња како и стоковните цени, така што на пр. една унца злато исто онака како и еден тон железо се изразува во 3 ф. ст. 17 шил. 10,5 пенси, затоа овие нивни сметковни имиња се викаат нивна 'мoнeтарна цена'. Оттука изникна чудната претстава, како божем да се цени златото (односно среброто) во неговиот сопствен материјал, и за разлика од сите други стоки, како тоа да добива од државата утврдена цена. Фиксирањето на сметковните имиња на определени тежини злато погрешно се прима како фиксирање на вредноста на овие тежини.“ Karl Marx: „Zur Kritik etc”., стр. 52).

[62] Спореди со „Theorien von der Masseinheit des Geldes“ во „Zur Kritik der Politischen Oekonomie“, стр. 53 и потака. Фантазиите за повишување или снижување на „монетарната цена“, што се состојат во тоа, да се пренесат законските парични имиња што се законски утврдени тежини злато или сребро од страна на државната власт на поголеми или на помали тежински делови и така, согласно со тоа, од 1/4 унца злато да се исковаат 40 шил. место 20 шил. — овие фантазии, до колку не се невешти финансиски махинации против доверителите на државата и приватните доверители, туку имаат цел да бидат економски „чудотворни лекови“, Пети исцрпно ги третира во „Quantulumcunque concerning money: To the Lord Marquis of Halifax“, 1682, така што веќе и неговите најблиски следбеници сер Дедли Норт и Џон Лок, а за поподоцнежните и да не зборуваме, можеа него само да го вулгаризираат. „Ако богатството на една нација — вели тој меѓу другото — може да се зголеми за десетпати со кралска наредба, тогаш би било неразбирливо зошто нашите влади веќе одамна не издадоа такви наредби“ (во гореспоменатото дело, стр. 36).

[63] „Инаку би требало да признаеме оти еден милион во пари чини повеќе отколку истата вредност во стоки“ (Le Trosne: „De l’Intérêt Social”, стр. 922) значи, дека некоја вредност чини повеќе од вредноста што е еднаква со неа.“

[64] Додека во својата младост Ероним мораше многу да се бори со материјалното месо за да го успокои, како што покажува неговата борба во пустина со прекрасни женски ликови, тогаш во староста тој мораше да се бори со духовното место. „Јас си се замислив на ум — вели на пр. тој — оти сум пред светскиот судија“. „Кој си ти?“ Запраша еден глас. „Јас сум христијанин“. „Ти лажеш“, загрме светскиот судија. „Ти си само цицероновец!“

[65] „Сѐ изникнува... од огинот, рекол Хераклит, а огинот од сешто како што се претвараат стоките во злато, а златото пак во стоки“. (F. Lassalle: „Die Philosophie Herakleitos des Dunkeln“. Berlin 1858, т. I, стр. 222). Ласаловата белешка кон ова место, стр. 224, белешка 3, погрешно ги објаснува парите како прост знак на вредноста.

[66] „Секоја продажба е купувачка“ (Dr. Quesnay: “Dialogues sur le Commerce et les Travaux des Artisans.” Physiocrates ed. Daire I. Partie, Paris, 1846, стр. 170), или како што вели Кенеј во своите „Maximes Generales“: „Продавање е купување“.

[67] „Цената на една стока може да се плати само со цената на друга стока.“ (Mercier de la Rivière: “L’Ordre naturel et essentiel des sociétés politiques. Physiоcrates“, изд. Daire, II дел, стр. 554).

[68] „За да се дојде до сопственост на овие пари, мора пред тоа да се продаде“. Исто, стр. 543.

[69] Исклучок прави, како што забележавме понапред, производителот на злато, односно сребро, кој го разменува својот производ без претходно да го продал.

[70] „Ако парите во нашата рака претставуваат предмети што сакаме да ги купиме, тие едновремено ги претставуваат и предметите што ги продадовме за тие пари.“ (Mercier de la Rivière: “L’Ordre naturel etc.“, стр. 586).

[71] „Значи има четири крајни точки и три контрахента од кои едниот се јавува двапати.“ (Le Trosne: „De l’Intérêt Social”, стр. 908).

[72] Белешка кон второто издание. Иако е оваа појава толку очевидна, сепак таа не се забележува од повеќето политички економисти, а особено од Freihändler vulgaris [вулгарни приврзаници на слободната трговија].

[73] Спореди ги моите забелешки за Џемс Мил: „Zur Kritik etc“. Стр. 74-76. За методот на економистичката апологетика овдека се карактеристични две точки. Прво, идентифицирањето на стоковната циркулација и непосредната размена на производите со просто апстрахирање на нивните разлики. Второ, обидот да се одречат противречностите на капиталистичкиот процес на производството, со што ги сведуваат односите меѓу неговите капиталистички агенти на производството на прости односи, кои произлегуваат од стоковната циркулација. Но стоковното производство и стоковната циркулација се појави што им припаѓаат на најразлични начини на производството, иако и во различен обем и важност. Значи за differentia specifica [карактеристична разлика] на овие начини на производство сѐ уште ништо не се знае, и затоа за неа не може да се суди ако се познаваат само апстрактните категории на стоковната циркулација што им се заеднички. Ни во една наука, освен во политичката економија, не владее такво перчење со елементарни општи места. На пр. Ж. Б. Сеј се истопорува да суди за кризите, поради тоа што знае дека стоката е производ.

[74] Дури ако стоката сѐ пак и пак се препродава, појава што за нас овде сѐ уште не суштествува, сепак со последната крајна продажба таа испаднува од сферата на циркулацијата во сферата на потрошувачката, за да служи овде како средство за живот или како средство за производство.

[75] „Тие (парите) немаат друго движење освен она што го пренесуваат на нив производите.“ (Le Trosne; „De l’Intérêt Social”, стр. 885).

[76] „Само производите ги ставаат нив (парите) во движење и ги присилуваат да циркулираат. Брзината на нивниот оптек ја надоместува нивното количество. Во случај на потреба тие се слизгаат од рака на рака без да се запираат ни за момент“. (Le Trasne, исто, стр. 915, 916).

[77] „Бидејќи парите... се обична мера при купувањето и продавањето, затоа секој што има да продаде нешто, а ако не најде купец, веднаш си мисли дека причината што лежи неговата стока е во недостигот на готови пари во земјата или во околијата, и така сите се плачат на 'недостигот на пари'. А тоа е голема заблуда... Зашто навистина што им е потребно на оние што викаат за зголемување на количеството на парите? ... Закупецот се плаче ... тој мисли оти своите производи би можел да ги продаде по добра цена, ако во земјата има повеќе пари... Според тоа изгледа дека нему како да не му требаат пари, туку добра цена за неговото жито и за добитокот што сака да го продаде, а не може ... Зошто не може да добие добра цена?... 1) Или во земјата има воопшто премногу добиток и жито, така што на пазарот повеќето луѓе имаат потреба да продаваат како и самиот тој, а само малцина да купат, 2) или е запрено редовно отпразнување на пазарот со извозот ..., 3) или потрошувачката опаднува на пр. кога поради осиромашување, населението не троши веќе за своето домаќинство онолку колку понапред. На закупникот, значи, не би му помогнало зголемувањето на количеството на готови пари, туку отcтpанyвaњeтo една од овие три причини што навистина го притиснуваат пазарот. Ha трговецот и на дуќанџијата парите им требаат на ист начин, т.е. ним не им врват артиклите со кои тргуваат, зашто пазарите застанале. Една нација никогаш не напредува побргу отколку тогаш кога богатството врви колку што се може побргу од рака на рака.“ (Sir Dudley North: „Discourses upon Trade”. London, 1691, стр. 11-15 и потака). Сите шарлатански итроштини на Хереншванд се сведуваат на тоа, дека и противречностите што произлегуваат од природата на стоката, а поради што се појавуваат во стоковната циркулација можат да се отстранат со зголемување количеството на циркулационите средства. Освен тоа, од народната илузија, која му го припишува застојот во процесот на производството и на циркулацијата на некој недостиг во циркулационо средство, никако не следува и обратно, зашто вистинскиот недостиг во циркулационо средство, на пp. поради официјални махинации со „regulation of currency” [регулирањето на циркулационото средство] не може, од своја страна, да предизвика застој.

[78] „Суштествува извесна определена мера, определена сразмера пари потребна во националната трговија. Повеќе или помалку од неа би ѝ пречело. Тоа е исто така како што е во некој дуќан нужно определено количество фартинги [ситни пари] за да се разменат сребрени пари или за извршување такви плаќања што не можат да се извршат ни со најситни сребрени пари... И како што сразмерата на фартинзите во трговијата зависи од бројат на купците и од нивните чести купувачки, а главно од вредноста на најситната сребрена монета, така и сразмерата на монетарните пари (злато и сребро) потребни за водење на нашата трговија, зависи од честите акти на размената и од сумата на поединечните плаќања.“ (William Petty: „A Treatise of Taxes and Contributions.“ London 1667, стр. 17.) Теоријата на Хјум ја бранеше против Џ. Стјуарт и другите А. Јунг во својата „Political Arithmetic”. London 1774., каде што има една посебна глава: „Prices depend on quantity of monеу“ [цените зависат од количеството пари], стр. 112 и потака. Во „Zur Kritik etc.“, стр. 149 забележав: „Прашањето за количеството на монетата што е во циркулација тој (A. Смит) молчејќи го отстранува со тоа што сосем погрешно ги третира парите како проста стока“. Ова важи само до колку А. Смит ги разгледува парите ех oficio“ [по службена должност]. Сепак, во некои случаи, на пp. во критиката на понапрежните системи на политичката економија тој правилно вели: „Количеството монетарни пари во секоја земја се употребува според вредноста на стоките што треба да се обрнат од тие пари. Вредноста на стоките што се купуваат и што се продаваат во некоја земја низ една година бараат извесно количество пари за да се пуштат стоките во циркулација и да се разделат меѓу своите вистински потрошувачи, но повеќе пари не можат да се употребат. Каналот на циркулацијата привлекува сума достатна да го исполни него, а повеќе од тоа не прима никогаш.“ („Wealth оf Natians", кн. IV, гл. I. [св. III, стр. 87, 89].) На сличен начин го почнува А. Смит своето дело ех officio. A потоа, во последната книга за изворите на државниот доход, тој, кога говори за А. Фергусон, неговиот учител, ја препроизведува осудата над поделбата на трудот.

[79] „Цените на стоките во секоја нација сигурно ќе се дигнат според зголемувањето на количествата злато и сребро во неа, а пак таму каде што во некоја нација ќе се смали количеството на златото и среброто, цените поради тоа ќе мораат да спаднат, и таа сразмерно со смалувањето на количеството на парите“. („Jacob Vanderlint: “Money answers аll Things“. London 1734, стр. 5.) Кога Вендерлинт ќе се спореди поблиску со Есеите на Хјум не останува кај мене никакво сомнение, оти Хјум го познавал и го исползувал инаку значајното дело на Вендерлинт. Гледиштето, оти масата на циркулационото средство ја определува цената, се најдува и кај Барбона и кај уште многу попонапрежни писатели. „Непреченото тргување — вели Вендерлинт — „не може да донесе никакви неудопства, туку само многу полза... оти ако се смали паричната маса на секоја нација поради трговијата, а токму тоа и се сака да се спречи со заштитните царини и со забраната на увозот, тогаш оние нации каде што паричната маса принадошла, бргу ќе доживеат да скокнат сите цени. Напротив, кај нас цените на мануфактурните производи и на другите стоки набргу ќе паднат толку, што трговскиот биланс пак ќе се сврти во наша полза, и така тој ќе ни ги врати парите.“ (Исто, стр. 44).

[80] Само по себе се разбира дека секој одделен вид стока образува елемент во сумата на цените на сите стоки што се во циркулација. На наполно е непоимно како можат една со друга неизмерливи употребни вредности во својата општа маса да се разменат со масата злато и сребро што се најдува во една земја. Ако го земеме погрешно целиот стоковен свет изразен во една единствена вкупна стока, од која секоја стока е само еден аликвотен дел, тогаш го добиваме овој прекрасен сметковен образец: вкупна стока = х центи злато, стоката А — аликватен дел од вкупната стока = истиот аликвотен дел од х центи злато. Ова чесно го искажува Монтеские: „Кога ќе ја споредиме масата од златото и среброто што се најдува во светов со сумата стоки што суштествува, тогаш е сигурно дека секој одделен производ и секоја одделна стока може да се изедначи со определен дел од другата. Да земеме сега оти на светов суштествува, или оти се продава само еден единствен производ или една единствена стока, и оти е делива како и парите тогаш еден дел од таа стока би му одговарал на еднаков дел од целата маса пари, половината од вкупната стока на половината од сите пари итн. ... Определувањето на стоковните цени во основа секогаш зависи од односот во кој целокупната маса стока се најдува спроти целокупната маса парични знаци.“ (Montesquieu: „Esprit des Lois, Oeuvres”, св. III, стр. 12, 13). За натамошнато развивање на оваа теорија од страна на Рикардо и на неговите ученици, Џемс Мил, Лорд Оверстон итн. спореди „Zur Kritik etc.“ стр. 140-146 и стр. 150 и потака. Џ. Ст. Мил, со нему својствената еклектичка логика, дава да се разбере како да е на истото гледиште со татка си Џ. Мил а едновремено и на противното. Ако се спореди текстот од неговиот компендиум: „Principles of Political Economу” со предговорот (на првото издание), во кај тој сам себеси се прогласува за Адам Смит на денешницата, тогаш не знаеме на што повеќе да се чудиме, дали на наивноста на овој човек или на наивноста на публиката што на збор и на верба го зела него за Адам Смит, притоа тој се однесува спрема последниов нешто како генерал Вилијамс Карс од Карс спрема Херцогот Велингтон. Сите оригинални иследувања на г. Џ. Cт. Мил во областа на политичката економија, кои нити се опширни нити богати по содржина, се најдуваат наредени едноподруго во неговата брошурка излезена во 1844: „Some Unsettled Questions of Political Economy”. Лок директно зборува за врската меѓу безвредноста на златото и среброто и определувањето на нивната вредност со количество. „Бидејќи луѓето се согласиле да му се даде на златото и среброто вообразена вредност... таа внатрешна вредност, што се гледа во овие метали, е само нивното количество.“ („Some Considerations etc.”, 1691, “Works”, изд. 1777, св. II, стр. 15.)

[81] Природно дека е сосем надвор од мојата цел да се третираат детали како што е таксата за ковање монети и слично. Сепак, на романтичниот сикофант Адам Милер, кој се восхитува од „великодушната либералност на англиската влада што кова бесплатно монети“, доста е да му се противстави следниов суд на Сер Дадли Норт: „Среброто и златото, како и секоја друга стока, имаат свои приливи и одливи. Кога ќе стигнат од Шпанија големи количества... нив ги носат во Тауер и ги коваат. Но бргу потоа ќе затреба злато и сребро во плочи за извоз. Но ако сега нема плочи, а сето е исковано, што ќе правиме тогаш? Мора пак да се топи. Стопанот од тоа не трпи никаква загуба, зашто ковањето него ништо не го чини. Но нацијата губи; оти таа ќе мора да плаќа за плетењето слама, што ќе им се даде после на магарињата да ја јадат. Кога би морал трговецот (самиот Норт бил еден од најголемите трговци во времето на Kapлo II) да ја плаќа таксата за ковање, тогаш тој без темелна причина не би го праќал своето сребро во Тауер и кованата монета секогаш би имала поголема вредност отколку среброто во плочи“. (North: „Discources upon Trade“. London 1691, стр. 18.)

[82] „Кога количеството на сребрените монети не би се поткренала никогаш над она што е потребно за ситни плаќања, не би било возможно да се насоберат количества што би втасале за поголеми плаќања... употребата на златото за крупни плаќања нужно доведува и до неговата употреба во трговија на ситно кој има златна монета ќе ги плати во злато и ситните покупки, а со купената стока добива назад и кусур во сребро. На овој начин излишното сребро, што би му останало инаку на врат на малопродавачот, пак се извлекува од неговите раце и ѝ се предава на општата циркулација. Но ако има толку сребро за да можат и ситните плаќања да течат без да се привлече злато, тогаш малопродавачот ќе добива сребро за своите ситни продажби и тоа нужно ќе се натрупа во неговите раце.“ (David Buchanan; “Inquiry into the Taxation and Commercial Policy of Great Britain.” Edinburgh, 1844, стр. 248, 249.)

[83] Мандаринот на финансиите Бан-Мао-Ин си дозволил да му претстави на Синот на Небото еден проект, чиja скриена цел била да ги претвори кинеските државни асигнации во конвертабилни банкноти. Во извештајот на комитетот за асигнатите од април 1854 тој си доби по носот што му се паѓаше. Не е објавено дали тој ја добил и соодветната порција удари со бамбусова трска. „Koмитетот“ — се вели на крајот од извештајот — „внимателно го проучи неговиот проект и најде дека сѐ во него оди во полза на трговците, а не во полза на круната“, („Arbeiten der Kaiserlich Russischen Gesandtschaft zu Peking über China“. Aus dem Russischen von Dr. K. Abel und F. A. Mecklenburg. Erster Band. Berlin 1858, стр. 47 и потака.) За постојаното деметализирање на златната монета поради нејзиниот оптек еден „governor“ на Англиската банка вели, како сведок пред „House of Lords Committee“ (on „bankacts“): „Секоја година станува полесно една нова класа суверени (не политички, туку sovereign како име на фунта стерлинг).[8*] Онаа класа што ја поминува едната година како полнотешка, губи со лижењето достатно за да го сврти следната година тасот од терезијата против себе“. (House of Lords' Committee 1848, број 429.)

[84] Белешка кон второто издание. Колку нејасно се сфаќаат различните функции на парите дури и од најдобрите писатели по прашањето за парите, покажува, на пр., следново место од Фулартон: „До колку се работи само за внатрешната размена сите функции на парите што ги вршат по правило златните и сребрените пари, би можел со ист успех да ги врши и оптекот на неконвертибилните ноти што имаат само вештачка вредност, вредност што почива врз согласност, а која им ја дава законот. Овој факт, според моето мнeние, никој не може да го одрекува. Една вредност од овој вид би можела да ги задоволи сите потреби на една внатрешна вредност па дури би можела да ги преземе и функциите на мерата, на вредноста и цената, caмo кога би се држеле издаваните количества во соодветните години.“ (Fullarton: „Regulation of Currencies“. 2 изд. London 1845, стр. 21.) Значи поради тоа што паричната стока може да се замени во циркулацијата со прости знаци на вредноста, таа била излишна и како мера на вредноста и како мерка на цената!

[85] Oд тоа што златото и среброто како монета, или во исклучивата функција како циркулационо средство, стануваат знаци сами на себе, Никола Барбон го изведува правото на владите „to raise money“ [да ја зголемуваат вредноста на монетата], т.е. да го дадат, на пр. на едно количество сребро, што се вика брош, името на едно поголемо количество сребро, да речеме од талир, и така на доверителите да им вратат грошови место талири. „Парите се лижат и стануваат полесни кога врват низ повеќе раце ... Во трговијата се гледа на името и курсот на парите, а не на тоа колкава е содржината на среброто... Авторитетот на владата е она што ги прави парчињата од металот пари.“ (N. Barbon: „А Discourse concerning coining etc.“, стр. 29, 30, 25.)

[86] „Богатството во пари не е ништо друго освен... богатство во производи претворени во пари.“ (Mercier de la Rivière: „L' Ordre naturel etc.,“ стр. 573.] „Вредност изразена во производи, само што ја изменила формата“. (Исто, стр. 486.)

[87] „Благодарение на вакви постапки, тие им даваат на своите добра и на мануфактурните производи толку ниски цени.“ (Vanderlint: „Money answers etc.“, стр, 95, 96.)

[88] „Парите се злато.“ (John Bellers: “Essays about the Poor, Manufactures, Trade, Plantations, and Immorality,” London 1699, cтp. 13).

[89] Купувачката во категорична смисла на зборот има за претпоставка златото или среброто да се веќе претворен облик на стоката, т.е. производ на продажбата.

[90] Анри II, најхристијанскиот крал на Франција, ги ограбува од манастирите итн. нивните реликвии, за да ги претвори во сребро. Познато е каква ролја изигра во грчката историја rрабежот на благото од делфискиот храм од страна на Фочаните. Познато е оти кај старите народи храмовите му служеа на богот на трговијата како живеалиште. Тие беа „свети банки“. На Феникијците, еден трговски народ раr ехеllеnсе, парите им важеа како отуѓена форма на сите предмети. Поради тоа беше во ред што момите, во празниците на божицата на љубовта, им се давале на странците, а парите добиени како награда за тоа ѝ ги жртвувале на божицата.

[91]

Злато? ... Тој метал блескав, црвен, скап...
Го има доста, та црното бело
и гнасот — личост да го стори тој,
и злото — добро, и старото — младо,
страшливиот го прави храбрец прв,
никаквиот — благороден. О зошто,
о зошто тaкa, богови, да биде!?
Од олтарот го мами жрецот ваш,
перницата на болник му ја трга.[9*]
Да, свети врски сврзува и кине
тој црвен гад; и благослов му дава
на проклетник. Заразата ја слави,
разбојникот го дарува со чест,
му дава чин — та пред него да клечат,
и високо во Сенатот го крева.
На вдовица престарена ѝ води —
младоженци ...
О проклет метал, никавица светска!
(Шекспир: „Тимон Атински“)

[92]

Ништо од она во светот што придобило сила
не е ко златото
лошо. Држави руши тоа,
пусти ги прави, и луѓе од дома в прогонство тера,
невини срца често на зли упатува дела;
луѓето тоа ги учи на разбојничка дрскост
и на лукави мисли и на безбожништво срамно.
(Софокле, „Антигона“)

[93] „Лакомоста за благо се надева да го извади од внатрешноста на земјата и самиот Плутон“. (Athenaeus: „Deipnosophistai“.]

[94] „Да се зголемува колку се може повеќе бројот на продавачите на секоја стока, да се смалува колку што се може повеќе бројот на купците, тоа се основните прашања околу кои се вртат сите мерки на политичката економија“. (Verri: „Meditazioni etc.”, стр. 52.)

[95] „За водење трговија на секоја нација ѝ е потребна определена сума specific money [метални пари] која се колеба. т.е. де е поголема, де е помала во зависност од околностите... Овие колебања, овој прилив и одлив, се погодуваат кон изменетите ситуации, без мешање на политичарите... Обете ведра работат наизменично: кога се малку парите, плочите се коваат во пари; кога се малку плочите, се топат парите.“ (Sir D. North: Discourses upon Trade, стр. 22.) Џон Стјуарт Мил, кој беше долго време службеник во Источноиндиската компанија,[12*] тврди дека во Индија сѐ уште непосредно функционира сребрениот накит како благо. „Сребрените накити се испраќаат во ковницата за пари штом нормата на интересот е висока; штом нормата ќе падне, тие се враќаат оттаму назад.“ Ј. St. Mill: Evidence. Reports on Bankacts 1857, бр. 2984.) Според еден парламентарен документ од 1884 за извоз и увоз на злато и сребро во Индија, во 1863 г. увозот на злато и сребро го надминал извозот за 19.367.764 ф. ст. Во последните 8 години, пред 1864, вишокот на увозот над извозот на благородни метали изнесувал 109.652.917 ф. ст. Во текот на овој век во Индија се исковани многу повеќе од 200.000.000 ф. ст.

[96] Лутер прави разлика меѓу парите како куповно средство и како платежно средство. „Ти ми направи двојна штета, јас овде ни можам да платам, ни таму можам да купам“. (Martin Luther: „An die Pfarrherrn wider den Wucher, zu predigen etc.“ Wittenberg 1540.)

[97] За односите на должниците и доверителите меѓу англиските трговци во почетокот на 18 век: „Овде во Англија меѓу луѓето од трговијата владее таков дух на жестокости каков што не може да се најде во никој друг општествен слој или во никоја друга земја на светов.“ („An Essay on Credit and the Bankrupt Act,” London, 1707, стр. 2.)

[98] Забелешка кон второто издание. Од следниов цитат, извлечен од едно мое дело излезено во 1859, ќе се види зошто јас во текстот не ја земам предвид спротивната форма: „Обратно во процесот П—С парите можат да се отуѓат како вистинско куповно средство, и така да биде реализирана цената на стоката пред да се реализира употребната вредност на парите или пред да се отуѓи стоката. Ова на пр., секој ден се врши во форма на претплатата. Или во формата во која англиската влада го купува афионот од рајата на Индија ... Сепак парите овде дејствуваат само веќе во познатата форма на куповно средство... Се разбира и капиталот се авансира во форма на пари... На оваа гледна точка не влегува во хоризонтот на простата циркулација.“ (Karl Marx: „Zur Кritik et,.“ стр. 119, 120.)

[99] Паричната криза, како што е определена во текстот како особена фаза на секоја општа криза во производството и трговијата, треба добра да се разликува од специјалниот вид криза, која се вика и парична криза, но која може да настапи самостојно, така што таа дејствува само како реакција врз индустријата и трговијата. Тие се оние кризи, чиј центар на движење е паричниот капитал и затоа нивната непосредна област е банката, берзата, финансиите. (Марксова забелешка кон третото издание.)

[100] „Ова ненадејно префрлање од кредитниот систем во монетарниот систем ѝ придава на практичната паника и теоретски страв: и на агентите на циркулацијата им се крева косата пред непроницливата тајна на нивните сопствени односи“. (Karl Marx: „Zur Kritik etc.,“ стр. 126.) „Сиромаштијата е без работа зашто богатите немаат пари за да ѝ дадат работа иако тие, како и понапред, располагаат со истата земја и со истата работна сила потребна за производство на средствата за живот и облекло кои се вистинското богатство на нацијата а не парите.“ [John Bellers: „Proposals for raising a Colledge of Industry”. London 1696, стр. 3).

[101] Еве како ги експлоатираат „amis du commerce“ [пријатели на трговијата] таквите моменти: „При еден случај (1839) некој стар лихварски банкар (од Сити) го откри пред еден свој пријател капакот од пултот на кој седеше во својата приватна канцеларија, му покажа пакет банкноти и му рече со очевиден израз на радост оти тука лежат 600.000 ф. ст. во хартија; тој ги задржува за да предизвика скудноет во пари. По 3-те часот попладне ќе ги фрли на пазарот.“ („The Theory of the Exchanges. The Bank Charter Act of 1844. London 1854, стр. 81.) Полуофицијалниот орган „The Observer“ на 24 април 1864 забележува: „Се шират некои многу чудни гласови за средствата што ги употребиле некои за да предизвикаат скудност во банкноти... Колку и да изгледа сомнително да се претположи дека бил употребен некој таков трик, сепак гласовите за тоа беа толку раширени, што заслужуваат да се спомнат“.

[102] „Сумата на продажбите и договорите, склучени во текот на извесен ден, нема влијание врз количеството пари што тој ден е во оптек; но тие во поголем број случаи ќе си изразат во цел ред различни меници што гласат на сума пари што ќе влезат во циркулација дури во некое подоцно време... Денеска издадените меници и денеска отворените кредити во ништо не мораат да се совпаднат со утрешните или задутрешните, нити во вкупната сума, нити во висината на одделните суми, нити во должината на роковите; напротив на многу денеска издадени меници и одобрени кредити ќе им падне ракот на плаќањето во истиот ден кога и на маса други обврски што настанале порано во најразлични датуми. Често на мениците што имаат рокови од 12, 6, 3 или 1 месец им паѓа плаќањето токму во истиот ден, та така се зголемува масата обврски што треба да се исплатат во истиот ден.“ („The Currency Question Reviewed: a Letter to the Scotch people. By a Banker in England“. Edinburgh 1845, стр. 29, 30 и потака.)

[103] Како пример за тоа колку малку реални пари влегуваат во самите трговски операции, овде следува шемата на една од најголемите лондонски трговски куќи (Morrison, Dillan and Co.) за нејзините годишни парични примања и плаќања. Нејзините трансакции во 1856 г. што опфаќаат многу милиони ф. ст., се сведени на размера од еден милион.

Земања.Давања.
Трговски и банкарски меници со рок£533.596Меници со рок£302.674
Чекови од банкари итн. плаќани при предјавување357.715Чекови на лондонски банкари663.672
Банкноти од земски банки9.627Банкноти од Англиската банка22.743
Банкноти од Англиската банка68.554Злато9.427
Злато28.089Сребро и бакар1.484
Сребро и бакар1.486 
Поштенски парични упатници933 
Вкупна сума £1.000.000Вкупна сума £1.000.000
“Report from the Select Committee on the Bank Acts, July, 1858,” p. lxxi.

[104] „На тој начин карактерот на трговската циркулација се изменил, на место размената на добра за добра или наместо давање и земања, сега се врши продажба и плаќање... сѐ се врши како чисто парични зделки.” [D. Defoe: „An Essay upon Publick Credit“. 3 изд. London. 1710, стр. 8).

[105] „Парите станале џелат за сите предмети“. Финансиското искуство е „реторта во која yжacнo количество од добра и стоки се претвора во пареа за да се добие овој судбоносен екстракт“. „Парите му објавуваат војна на целиoт човечки род“. (Boisguillebert: “Dissertation sur la nature des richesses, de l’argent et des tributs.” изд. Daire, „Economistes financiers“. Paris 1843, св. I, стр. 413, 417, 419.)

[106] „На Духовден 1824“ — раскажува г. Крејт — пред парламентарната последна комисија во 1826 г., „настана една такво огромно барање за банкноти во Единбург, што ние околу 11 часот немавме повеќе на наше располагање ни една единствена банкнота. Hие праќавме со ред во различни банки за да земеме некоја банкнота на заем, но ништо не помогнуваше, и многу трансакции мoжеа да се извршат само со slips of papers [книжни белешки]. Но во 3-тe часот попладне веќе сите банкноти се вратија назад во банката откаде што беа излегле. Само што тие поминаа од едни во други раце. Иако во Шкотска ефективната средна циркулација на банкнотите е помалку од 3 мил. ф. ст., сепак во различни рокови за плаќање во годината секоја банкнота што се најдува во посед на банкарите мора да влезе во дејство, т.е. сенace приближно 7 милиони ф. ст. При овие случаи банкнотите исполнуваат една единствена и специфична функција, а штом тие неа ќе ја извршат, течат назад во банката откаде што излегле.“ (John Fullarton, “Regulation of Currencies.” 2 изд. London 1845, стр. 85, забелешка) За појаснение ќе придадеме дека во Шкотска кога излезе делото на Фулартон, не се издаваа за депозити чекови, туку само банкноти.

[107] На прашањето: „Ако треба во една година да се обрнат 40 милиони, тогаш дали истите 6 милиони (во злато) ќе бидат достапни за сите обрти, што ќе ѝ требаат во тој случај на трговијата“, Пети одговара со своето вообичаено мајсторство: „Јас одговарам: да; оти ако циркулацијата би се вршела во толку кратки рокови, т.е. неделно, како што се врши тоа кај сиромашните занаетчии и наемните работници, за кои е секоја сабота ден на земање и плаќање, тогаш веќе и 40/52 делови од 1 милион би ја задоволиле потребата за готови пари за циркулација од 40 милиони; но ако е циркулацијата тромесечна, како што се плаќаат кај нас закупнините и даноците, тогаш требаат 10 милиони. Но поради тоа, ако земеме дека средниот циркулационен период е меѓу 1 и 13 недели, тогаш мораме да ја изнајдеме средината и да ги cобepeмe 10-те милиони со 40/52 милиони, од што половината изнесува приближно 5,5 милиони, значи оваа сума би била достатна“. (William Petty: “Political Anatomy of Ireland.” изд. London 1671, стр. 13, 14.)

[108] Оттука е и бесмисленоста на секое законодавство што им пропишува на националните банки да го собираат како благо само оној благороден метал што функционира како пари во внатрешноста на земјата. На пр., познати се „милите пречки што си ги создаде Англиската банка сама себеси. За големите историски епохи на измената на вредноста на златото и среброто види Карл Мapкc: „Zur Kritik etc“. стр. 136 и потака. Додаток кон второто издание: Сep Роберт Пил се обиде во своите закони за банките од 1844 да се спомогне во тешкотијата со тоа што ќе ѝ дозволи на Англиската банка да издава банкноти врз сребрени bullion [сребрени плочи], но под тој услов што сребрената резерва никогаш да не биде поголема од една четвртина од златната резерва. Притоа вредноста на среброто е ценета според неговата пазарна цена (во злато) на лондонскиот пазар. Кон 4. издание. Ние пак се најдуваме во една епоха на интензивни релативни измени на вредноста на златото и среброто. Нешто пред 25 години односот на вредноста на златото спрема среброто беше = 15,5:1, сега (1890) тој е приближно = 22:1 и среброто сѐ уште продолжува да паѓа во споредба со златото. Ова е всушност последица од еден преврат во начинот на производството на обата метала. Понапред златото се добиваше готово само со измивање на златоносните алувијални слоеви, производите на распаѓањето на златоносните кварцни карпи. Сега овој метод не е веќе достатен и е турнат на заден план од обработувањето на самите златоносни кварцни жици, како што се работело и порано само како нешто споредно, иако уште на старите (Диодор III, 12-14) им било тоа добро познато. Од друга страна, не само што се откриени во каменитите ридишта на западна Америка грамадни нови резерви сребро, туку и овие, како и мексиканските сребрени рудници, поврзани со железничка линија, даваат возможност да се врши довоз на модерни машинерии и горивен материјал и со тоа да се рашири добивањето сребро во најголема размера со најмали трошоци. Но голема е разликата во начинот како се најдуваат обата метала во жиците на рудата. Златото се најдува најчесто чисто, но затоа растурено во многу мали количества во кварц; затоа целата жица мора да се раздроби и златото да се измива, односно да се вади со жива. На 1.000.000 грама кварц се добива притоа често одвај 1-3, сосем ретко 30—60 грама злато. Среброто излегува ретко чисто, но затоа се најдува во сопствени руди што сразмерно лесно се разделуваат од жицата, што најчесто содржи од 40-90 проценти сребро; или пак се најдува во помали количества во бакарни, оловни и други руди, каде што обработувањето на нив самите веќе се исплатува. Веќе и од ова излегува оти, додека трудот за производството на златото се зголемува побргу отколку што се смалува, дотогаш трудот за производството на среброто значително се смалил, што сосем природно го објаснува падот на вредноста на среброто. Овој пад на вредноста би се изразил во уште поголем пад на цената, кога цената на среброто не би се држела и уште сега високо со вештачки средства. Но сребрените наоѓалишта од Америка се направени пристапни одвај само за еден мал дел, и така сите изгледи се за тоа дека вредноста на среброто уште за долго време ќе паѓа. Затоа мора уште повеќе да придонесе до релативно намалување во употребата на среброто за потребни и луксузни артикли, нeгoвoто заменување со платинирани стоки, со алуминиум итн. Според тоа, може да се процени утопизмот на биметалистичките замисли, оти еден меѓународен присилен курс може пак да го дотера среброто на стариот однос на вредноста од 1:15,5. Побргу е за верување дека среброто и на светскиот пазар ќе го губи сѐ повеќе своето парична својство. — Ф. Е.

[109] Противниците на меркантилниот систем, кои како цел на светската трговија го гледаа израмнувањето на вишоците во трговскиот биланс со злато и сpeбpo, од своја страна, сосем не ја разбирале функцијата на светските пари. Како се огледува погрешното разбирање на законот, што ја регулира масата на циркулационите средства, во погрешното разбирање на интернационалното движење на благородните метали, јас исцрпно го покажав на примерот на Рикардо („Zur Kritik etc.“ стр. 156 и натака). Неговата погрешна догма: „Неблагопријатниот трговски биланс секојпат е само последица од изобилството на циркулациони средства... Причината за извозот на монетата е нејзината евтинија и таа не е последица, туку причина за неблагопријатниот биланс“, та затоа се најдува веќе и кај Барбона: „Израмнувањето на трговскиот биланс, ако воопшто стане, не е причина што се извезуваат парите од некоја земја, туку тоа е последица од разликата во вредноста на благородните метали во разни земји“. (N. Barbon: „A Discourse cancerning coіning etc.“ стр. 59, 60.) Мекелек во „The Literature of Political Economy, a classified Catalogue, London 1845”, го фали Барбона за овие антиципации, но свесно избегнува само и да ги спомене наивните форми во кои уште се јавуваат кај Барбона апсурдните претпоставки на „currency principle”.[13*] Некритичноста дури и нечесноста на овој каталог ја достигнува својата врвна точка во одделите за историјата на теориите за парите, оти Мекелек овдека само мрда со опашката како сикофант на лорд Оверсон (ексбанкар од Лојд), кого тој го вика “facile princeps argentanorum” [вистински крал на банкарите].

[110] На пр. при супсидиите, паричните заеми за водење војна или за да им се овозможи пак на банките исплаќање во метални пари итн. вредноста може да биде нужна само во парична форма.

[110а] Белешка кон второто издание. „Не би можел да посакам поуверлив доказ за тоа колку е способен, во земјите со метална валута, механизмот на установите за собирање на металното благо да одговори на сите барања за покривање на интернационалните обврски без никаква осетна поткрепа на општиот циркулационен фонд, отколку што е леснотијата со која Франција, која штотуку започнала да се поправа од последиците на опустошувачката непријателска инвазија, беше способна да им ја исплати на сојузничките сили воената репарација од 20 милиони ф. ст. во тек на одвај 27 месеци, а притоа и еден поголем дел во метални пари, без да биде паричниот оптек во земјата знатно ограничен или растроен, или пак меничните курсеви „да имаа колебања што би можеле да загрижуваат“. (Fullarton: „Regulation of Currencies, стр. 191.) (Кон четвртото издание. — Еден уште посилен пример имаме во леснотијата со која истата Франција 1871-73 беше во состојба да плати за 30 месеци повеќе од десет пати поголема воена репарација. — која беше исто така повеќе во метални пари. — Ф. Е.)

[111] „Парите се разделуваат меѓу нациите сразмерно според нивните потреби... бидејќи нив секогаш ги привлекуваат производите.“ (Le Trosne: „De l’Intérêt Social”, стр. 916.) „Рудниците што даваат непрекинато злато и сребро лиферуваат достатно за да го добие секоја нација нужното количество (Ј. Vanderlint: „Money answers etc.,“ стр. 40.)

[112] „Меничните курсеви се качуваат и паѓаат секоја недела; некое време стојат високо за некоја нација, а во друго време од истата година стојат исто така високо против неа. (N. Barbon: „A Discourse concerning coining etc.“, стр. 39.)

[113] Овие различни функции можат да дојдат во опасен конфликт штом ќе им се додаде и функцијата на фондот за конвентирање банкноти.

[114] „Количеството пари што го надминува она што е апсолутно неопходно за внатрешната трговија е мртов капитал, и на земјата што го има не ѝ носи никаква печалба; само што се извезува во надворешната трговија и пак се извезува назад. (John Bellers: „Еѕѕауѕ etc.“, стр. 12.) „Што треба да се прави кога имаме премногу монети? Ние можеме монетите што имаат полна тежина да ги стопиме и да ги преработиме во раскошни чинии, садови, во златни и сребрени предмети, или да ги извеземе како стока таму каде што се потребни и каде што ги бараат, или можеме да ги дадеме на заем под интерес таму каде што е висок процентот“. (W. Petty: „Quantulumcunque etc.“, стр. 39.) „Парите се само сало на државното тело, затоа ако го има малку повеќе, телото ќе се држи тешко, како што ќе биде тоа болно ако го има премалку... Како што ја олеснува салото играта на мускулите и им дава храна кога нема средства за живот, како што го пополнува слабините и го украсува телото, така исто и парите ѝ го олеснуваат движењето на државата, донесуваат средства за живот од странство кога во земјата има скудност, ги израмнуваат должните сметки ... ја украсува целоста; на секој начин“, вели на крајот со иронија, „на прво место на оние што имаат пари во изобилство“. (W. Petty: „Political Anatomy of Ireland, стр. 14.)


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Во античката митологија историјата на човештвото е поделена на пет делови. Во златниот век луѓето живееле среќно и безгрижно; земјата била нивна заедничка сопственост и им давала сѐ што им било потребно за живот. Сепак по оваа совршена состојба уследиле во светот сѐ полоши степени, кои се претставени како сребрен, бронзен, херојски и железен век. Последниов век бил означен со мачна работа на неплодна земја; животот бил полн со неправди насилства и убиства. Легендата за петте векови ја внесуваат во своите дела грчкиот епски поет Хезиод и римскиот лиричар Овидиј.

[2*] Унијата меѓу Англија и Шкотска, која е извршена во 1707 г, дефинитивно ја приклучи Шкотска кон Англија. Шкотскиот парламент беше распуштен и беа отстранети сите економски граници меѓу двете земји.

[3*] По тежината и составот парите се добро извесни, но кажи дали ги имаш ти во ќесето.

[4*] Во едно писмо до Н. Ф. Даниелсон, рускиот преведувач на „Капиталот“, од 28 ноември 1878, Маркс предложи да се исправи оваа реченица вака: „И навистина вредноста на секој индивидуален аршин платно е само материјализација на еден дел од општествениот труд што е потрошен на целокупното количество на аршините“. Истата исправка се најдува и во личниот егземплар на Маркса од второто германско издание на првиот том од „Капиталот“, но не со негова рака.

[5*] Шекспир, „Сон во летна ноќ“, 1 чин, 1 сцена.

[6*] „Membra disjecta poetae“ (расфрлени членови од поетот), од Харациевите „Сатири“, книга 1, сатира 4.

[7*] Non olet (Не смрдат) — рекол римскиот цар Веспазијан (69-79) за парите, кога неговиот син му префрлил дека ги обложува со данок нужниците.

[8*] Имало обичај да му се извлече перницата од под главата на човекот кој лежел во смртни маки за полесно да умре.

[9*] Имало обичај да му се извлече перницата од под главата на човекот кој лежел во смртни маки за полесно да умре.

[10*] Во 3. и 4. издание: златна рента

[11*] од 1 до 4. издание: во обратна

[12*] Источноиндиска компанија — англиска трговска компанија која постоела од 1600 до 1858 г. Таа била орудие на грабежната колонијална политика на Англија во Индија, Кина и други азиски земји. Со нејзината помош им успеало на англиските колонизатори постепено да ја освојат Индија. Источноиндиската компанија долго време имала монопол над трговијата во Индија, а иста така ги држела во свои раце најважните управни функции во земјата. Национално-ослободителното движење во Индија (1857-1859) ги присили Англичаните да ја изменат формата на нивното калонијално владеење; Источноиндиската компанија била укината, а Индија прогласена за посед на британската круна.

[13*] Принцип на паричниот оптек — една теорија на парите широко раширена во првата половина од 19 век во Англија, која произлегува од квантната теорија на парите. Претставниците на квантната теорија тврделе дека цените на стоките се определуваат од количеството пари кое се најдува во оптекот. Кон currency (кон циркулационото средство) покрај металните пари тие ги приклучувале и банкнотите. Тие верувале дека ќе постигнат стабилен паричен оптек со полно златно покритие на банкнотите; емисијата требало да се регулира соодветно со увозот и извозот на благородните метали. Обидот на англиската влада да се потпре на оваа теорија (закон за банките од 1844 г), не дал никаков успех и само потврдил дека таа теорија не е научно основана и дека е наполно неупотреблива за практични цели.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива