Карл Маркс Фридрих Енгелс

Германска идеологија


I ФОЈЕРБАХ

Спротивноста меѓу материјалистичкото и идеалистичкото гледиште

Како што известуваат германските идеолози, Германија во последниве години доживеала преврат на кој му нема еднаков. Процесот на распаѓањето на Хегеловиот систем, кој започна со Штраус, се пресврте во вриеж во целиот свет и со него беа обземени сите „сили на минатото". Во сеопштиот хаос се создаваа силни држави за веднаш повторно да исчезнат, се појавија миговно херои кои повторно беа фрлени во мракот од посмели и посилни соперници. Беше тоа револуција во споредба со која француската револуција е детска игра, беше тоа светска борба пред која борбата на диадохите 3 се чинеше ништожна. Со нечуена итност едни принципи истиснуваа други, едни херои на мислата соборуваа други, и во текот на три години, од 1842 до 1845, во Германија беше расчистено повеќе отколку пред тоа во текот на три столетја.

И сето тоа, велат, се одиграло во светот на чистата мисла. [Се разбира, профаниот надворешен свет не узна ништо за тоа, бидејќи сиот тој настан што го потресува светот во својата основа се однесуваше само на процесот на распаѓањето на апсолутниот дух.]

Во секој случај, станува збор за еден интересен настан: за процесот на распаѓање на апсолутниот дух. [Чаушот и телалот на погребот, критичарот не смееше да отсуствува, како резидиум на големите ослободителни борби (против Наполеон).] Кога згасна последната искра на животот, различните составни делови на caput mortum (мртва глава, труп. — Прев.) почнаа да се распаѓаат, влегоа во нови соединенија и образуваа нови материи. Индустријалците на филозофијата кои дотогаш живееја од експлоатацијата на апсолутниот дух, се нафрлија сега врз тие нови соединенија. Секој со најголема ревност почна да го крчми делот што му припадна. Ова не можеше да помине без конкуренција. Таа во почетокот имаше мошне солиден, биргерски ред. Но подоцна кога германскиот пазар се презасити, а на светскиот пазар, и покрај сите усилби, стоката немаше побарувачка, целата работа на вообичаен германски начин беше расипана од фабричкото и привидното производство, од влошувањето на квалитетот, од фалсификувањето на суровините, од привидната купувачка, од преправањето на етикетите со употребата на лажни меници и од кредитниот систем лишен од секоја реална основа. Конкуренцијата се преобрази во жестока борба која сега ни ја величат и воздигнуваат како преврат од светскоисториско значење, како фактор на најкрупни резултати и достигања.

За поправилно да се оцени сева оваа филозофска панаѓурска врева која предизвика толку пријатни национални чувства дури и во градите на чесниот германски биргер, за јасно да се претстави ништожноста, провинцијалната [и национална] ограниченост на сево ова младохегеловско движење, а особено да се разоткрие трагикомичниот контраст меѓу вистинските подвизи на овие јунаци и илузијата за тие подвизи, нужно е да фрлиме поглед врз сиов овој спектакл од становиштето кое се наоѓа надвор од Германија. [Ете зошто пред специјалната критика на одделните претставници на ова движење даваме некои општи забелешки < за германската филозофија и сета идеологија >. <  Тие забелешки ќе бидат достатни да го окарактеризираат становиштето на нашата критика во онаа мера во која е тоа нужно за разбирањето и образложувањето на натамошните единечни критики. Ние ги насочуваме тие забелешки токму кон Фојербах бидејќи тој е единствениот кој направи, макар и извесен чекор напред и чии работи можат да се разгледаат de bonne foi (добронамерно. — Прев.)> (во аглестата заграда текстот е прецртан хоризонтално.) кои подобро ќе ги расветлат идеолошките претпоставки заеднички на сите нив.]