Ако осетите на човекот, неговите страсти и така натаму не се само антрополошки определби во [потесна][1] смисла туку и вистински онтолошкипотврдувања на сушноста (на природата) и ако тие реално се потврдуваат само со тоа што нивниот предмет постои за нив сетивно, тогаш е сосем разбирливо 1) дека начинот на нивното потврдување ни најмалку не е еден и ист и дека, напротив, различните начини на потврдувањето претставуваат посебност на нивното постоење, на нивниот живот; на каков начин постои предметот за нив, тој и претставува своевидност на секое специфично насладување; 2) таму каде што сетивното потврдување претставува непосредно уништување на предметот во неговата самостојна форма (јадење, пиење, обработка на предметот итн.), тоа и е потврдување на предметот; 3) доколку човекот е човечен, а значи и неговиот осет итн. човечки, доколку потврдувањето на даден предмет од други луѓе е исто така и негово сопствено насладување; 4) само со помошта на развиена индустрија т.е. преку посредството на приватната сопственост онтолошката сушност на човековата страст се остварува како во сета своја целосност (тоталитет) така и во својата хуманост; на таков начин, самата наука за човекот е продукт на практичното самопотврдување на човекот; 5) смислата на приватната сопственост, ако се оддели од својата отуѓеност, е во постоењето на битни предмети за човекот како предмети за насладување така и предмети на дејноста.
Парите што имаат својство сѐ да купуваат да ги присвојуваат сите предмети, претпоставуваат, значи, предмет во највисока смисла. Универзалноста на тоа нивно својство е семоќност на нивната сушност; затоа тие се сметаат за семоќни. Парите се сводник меѓу потребата и предметот меѓу животот и средствата за животот на човекот. Но она што ми го опосредува мојот живот, тоа ми го опосредува и постоењето на друг човек за мене. Тоа означува за мене друг човек:
„Фуј, па раце, нозе и глава
Твои се, се знае, и задник,
Сепак, зарем не се наши,
Земени за наслада пљачки?
Ако купам брзи коњи шест,
Силите нивни се и мои.
Втурнат тогаш имам јас
Дваесет и четири нозе!
Гете „Фауст“ (Зборови на Мефистофел)[2]
Шекспир во „Тимон Атински“
„Злато... Тој метал блескав, црвен, скап...
Го има доста, та црното бело,
И гнасот – личност да го стори тој,
И злото добро, старото – младо,
Страшливецот го прави храбрец прв,
Никаквецот – благороден. О зошто,
О, зошто така, богови, да биде!?
Од олтарот го мами жрецот ваш,
Перницата на болен му ја трга.
Да, свети врски сврзува и кине
Тој црвен гад; и благослов му дава
На проклетник. Заразата ја слави
Разбојникот го дарува со чест
Му дава чин – та пред него да клечат,
И високо во Сенатот го крева.
На вдовица престарена и води –
Младоженци...
О проклет метал никаквица светска![3]
Заводник на народи и луѓе.
И потем понатака:
„Убиец на царот, сладок
Расколник на татко со син,
Скрвнител на ложи прачни,
Јуначен ко Марс, вечно свеж,
Заводник си нежно сакан
Снегот свет на Дијана стопен
Е од твојот блесок, боженство
Наше видно, да зближиш
Можеш предмети несродни,
Мили да станат ги гониш!
Сечии цели на сечии
Јазик и и велиш... Точилен
Камен на срца си им ти!
Замисли луѓето – робје
Твои, в бунт станале сите.
Сотриги со силата своја
Во светот да владеат ѕверој.“[4]
Шекспир прекрасно ја претставува сушноста на парите. За да го разбереме да започнеме првин со толкувањето на фрагментот од Гете.
Она што постои за мене благодарејќи на парите, она што јас можам да го платам, т.е. она што можат да го купат парите, тоа сум самиот јас, поседникот на парите. Колку е голема силата на парите толку е голема и мојата сила. Својствата на парите се мои – на нивниот сопственик – својства и суштински сили. Затоа она што сум јас и што сум во состојба да го сторам ни најмалку не се определува од мојата индивидуалност. Јас сум грд, но јас можам да си купам најубава жена, значи јас не сум грд, бидејќи дејството на грдоста, нејзината одбивачка сила се уништува од парите. Нека сум јас – според својата индивидуалност – куц, но парите ќе ми добават 24 нозе; значи јас не сум куц. Јас сум лош, нечесен, несовесен со дух скуден човек, но парите имаат почит, значи – почитан е и нивниот сопственик. Парите се највисоко добро – значи добар е и нивниот сопственик. Парите освен тоа ме спасуваат мене од мачењето да бидам нечесен – затоа што претходно се смета дека јас сум чесен. Јас сум скуден со ум, но парите – тоа се реалниот ум на сите нешта – па како може да биде тогаш скуден со ум нивниот сопственик? Освен тоа тој може да си купи луѓе со блескав ум, а зарем оној што господствува над луѓе со блескав ум не е поумен од нив? И зарем јас што со помошта на парите сум способен да добијам сè за што копнее душа човечка, зарем јас ги немам сите човечки способности? Значи, зарем моите пари не ја претвораат секоја моја немоќност во нејзината спротивност.
Ако парите се врски што ме сврзуваат мене со човечкиот живот општеството природата и луѓето тогаш зарем не се тие врски на сите врски? Зарем тие не можат да заврзуваат и да скинуваат секакви врски? Не се ли затоа тие исто така и општо средство за разединување? Тие навистина се разменска монета што ги разединува луѓето и вистинско средство што сврзува; тие се [сеопшта][5] хемиска сила на општеството.
Шекспир особено истакнува во парите две нивни својства:
1) Тие се видливо божество, претворање на сите човечки и природни својства во нивната спротивност, општо мешање и изопачување на нештата; тие овозможуваат збратимување на невозможностите
2) Тие се општа проститутка, општ сводник на луѓето и народите.
Мешањето и изопачувањето на сите човечки и природни својства, збратимувањето на невозможностите, таа боженствена сила на парите се наоѓа во нивната сушност, како генеричка сушност на човекот, отуѓена што отуѓува и што се отуѓува. Тие се отуѓената моќ на човештвото.
Она што јас како човек не сум во состојба да го сторам, т.е. што не можат да го обезбедат сите мои индивидуални суштински сили тоа јас можам да го сторам со помош на парите. На тој начин, парите ја претвораат секоја од тие суштински сили во нешто што таа самата по себе не претставува, т.е. во нејзината спротивност.
Кога јас ќе посакам некакво јадење или кога сакам да се користам со поштенската кола со оглед на тоа што не сум достапно силен да го поминам патот пеш, тогаш парите ми ги добавуваат и јадењето и поштенската кола, т.е. тие ги претвораат и преведуваат моите желби од нешто што се наоѓа во замисла, претстава, од нивното замислено претпоставувано посакувано постоење во нивно сетивно, стварно постоење, од претстава во живот од вообразувано во реално битие. Како такво посредување парите се вистински творечка сила.
Побарувачка на едно или друго јадење или на поштенската кола има се разбира и кај оној што нема пари, но таквата побарувачка е нешто што постои само во претстава нешто што не врши никакво дејство врз мене, друг трет, нешто лишено од постоење и коешто значи останува за мене само нешто нестварно, беспредметно. Разликата помеѓу побарувачката што е ефективна заснована врз пари и побарувачката што не е ефективна заснована врз моја потреба, моја страст, моја желба итн. е разлика меѓу битието и мислењето меѓу претставата, што постои само во мене и таква претстава што за мене постои како стварен предмет надвор од мене.
Ако немам пари за патување, тогаш немам ни потреба т.е. вистински остварлива потреба за патување. Ако имам наклоност за студирање но немам за тоа пари, тогаш немам ни наклоност т.е. дејствена, вистинска наклонетост за тоа. Напротив, ако заправо токму немам никаква наклонетост за студирање, но имам желба и пари, тогаш имам за тоа дејствена наклонетост. Парите како општо надворешно средство и способност што не произлегува од човекот како човек и од општеството како општество за да ја претворат претставата во стварност, а стварноста во чиста претстава – исто така ги претвораат вистинските човекови и природни суштински сили во чисто апстрактни претстави и затоа вo несовршенства, во мачителни химери како што тие (парите) од друга страна ги претвораат вистинските несовршенства и химери стварно немоќни што постојат само во неговата замисла суштински сили на индивидот во стварни суштински сили и способности. Веќе според таа определба, парите, значи, се општо изопачување на индивидуалностите што ги претвораат во нивна спротивност, и на кои тие им придаваат својства што им противречат на нивните стварни својства.
Како таква сила што изопачува, парите истапуваат потоа и наспроти индивидот и наспроти општествените и слични врски што претендираат на улогата и значењето на самостојни сушности. Тие ја претвораат верноста во неверност, љубовта во омраза, омразата во љубов, добродетелта во порок, порокот во добродетел, робот во господар, господарот во роб, глупоста во разумност, разумноста во глупост.
Бидејќи парите како постоечки дејствувачки поим за вредноста ги заменуваат и разменуваат сите нешта тогаш тие претставуваат општа замена и размена на сите нешта, т.е. светот изопачен ничкум општа замена и размена на сите природни и човекови својства.
Кој може да купи храброст, тој е храбар, иако е страшливец. Бидејќи парите се разменуваат не само за некакво определено својство, за определено нешто или определени суштински сили на човекот, туку за сиот човечки и природен предметен свет, тогаш од гледна точка на нивниот сопственик тие го разменуваат секое својство и секој предмет за секое друго својство или предмет дури и такви што му противречат на разменувањето. Парите го остваруваат збратимувањето на невозможностите; тие го принудуваат на бакнеж она што му противречи едно на друго.
Претпостави го сега човекот како човек и неговиот однос према светот како човечки однос: во таков случај ти можеш љубовта да ја размениш само за љубов, довербата само за доверба итн. Ако сакаш да се насладуваш на уметноста, тогаш мораш да бидеш уметнички образован човек. Ако сакаш да вршиш влијание врз други луѓе, тогаш мораш да бидеш човек што навистина ги стимулира и движи напред другите луѓе. Секој твој однос спрема човекот и спрема природата мора да биде определена пројава на твојот вистински, индивидуален живот, пројава којашто му одговара на предметот на твојата волја. Ако сакаш без да побудуваш меѓусебно љубов, т.е. ако твојата љубов како љубов не породува заемна љубов, ако ти со својата животна пројава како човек што сака, не стануваш сакан човек, тогаш твојата љубов е бессилна, таа е несреќна.
Забелешки на уредникот на изданието
[1] Тука е зборот нејасен.
[2] Гете „Фауст“, дел I, сцена 4 („Во кабинетот на Фауст“).
[3] Овие стихови се во превод на Блаже Конески.
[4] Шекспир „Тимон Атински“, акт 4, сцена 3.
[5] Тука во ракописот е скинато парче од страницата.