Карл Маркс
Економско-филозофски ракописи

[Приватната сопственост и трудот. Погледите на меркантилистите, физиократите, Адам Смит, Рикардо и неговата школа]


Кон стр. XXXVI. Субјективната сушност на приватната сопственост, приватната сопственост како дејност што постои за себе, како субјект, како личност — тоа е трудот. Сосем разбирливо е, значи, дека само политичката економија што го признала за свој принцип трудот, — Адам Смит, — т.е. што веќе престанала во приватната сопственост да гледа само некаква состојба надвор од човекот, треба да се разгледува како производ на вистинска енергија и стварно движење на приватната сопственост,[*] како производ на современата индустрија; а од друга страна, токму таа ги забрза и ги прослави енергијата и развитокот на таа индустрија и ги претвори во сила на свеста. Ете зошто на оваа просветена политичка економија што ја откри — во рамките на приватната сопственост — субјективната сушност на богатството, приврзаниците на монетарниот и меркантилниот систем, коишто во приватната сопственост гледаа некаква само предметна сушност за човекот, ѝ се чинат како идолопоклоници, фетишисти, католици. Затоа Енгелс беше сосема прав кога Адам Смит го нарече Лутер на политичката економија. Како што Лутер ја призна религијата, верата, за сушност на надворешниот свет и врз таа основа востана против католичкото паганство, како што тој ја укина надворешната религиозност со претворање на религиозноста во внатрешна сушност на човекот, како што тој ги одрече поповите што се наоѓаат надвор од мирјанинот, со тоа што го премести попот во срцето на мирјанинот, така се одречува богатството, што се наоѓа надвор од човекот и е независно од него, — т.е. подложно е на запазување и утврдување само со надворешен начин; со други зборови, се одречува таа негова надворешна, немисловна предметност, доколку приватната сопственост се овоплотува во самиот човек, а самиот човек се признава за нејзина сушност; но токму поради тоа самиот човек се зема од аспектот на приватната сопственост, како што кај Лутер тој се зема од аспектот на религијата. На тој начин, под вид на признавање на човекот, политичката економија, чиј принцип е трудот, се покажува, напротив само како конзеквентно спроведување на негирањето на човекот, доколку самиот човек веќе не се наоѓа во однос на надворешната напрегнатост спрема надворешната сушност на приватната сопственост, туку самиот станал напрегната сушност на приватната сопственост. Она што порано било надворешно[1] спрема човекот, негово реално отуѓување, станало сега само акт на отуѓување, самоотуѓување. Затоа ако погоре споменатата политичка економија почнува со привидот на признавањето на човекот, неговата самостојност, самодејност итн. и, преместувајќи ја приватната сопственост во самата сушност на човекот, не може веќе да се сврзува со локални, национални и слични определби на приватната сопственост како сушност што постои надвор од човекот и, значи, развива космополитска, општа енергија, што ги урнува сите рамки и ги кине сите врски, за да се постави на нивно место како единствена политика, единствена општост, единствена рамка и единствена врска, — тогаш во процесот на понатамошниот развиток, политичката економија мора да го отфрли тоа лицемерство и да истапи во сиот свој цинизам. Таа така и постапува: не обрнувајќи внимание на сите противречности што ги бодат очите, во кои ја заплеткува таа теорија, таа многу поеднострано и затоа поостро и подоследно ја развива поставката за трудот како единствена сушност на богатството, го покажува, спротивно на укажаната првобитна концепција, непријателскиот на човекот карактер на заклучоците што произлегуваат од таа теорија и, најпосле, ѝ нанесува смртен удар на последната индивидуална, природна, од движењето на трудот независна форма на приватната сопственост и извор на богатство — земјишната рента, тој израз на феудалната сопственост што станал веќе сосем политичко-економски и затоа е немоќен да ѝ се спротивставува на политичката економија. (Школата на Рикардо.) Цинизмот на политичката економија расте не само релативно, почнувајќи од Смит преку Сеј кон Рикардо, Мил итн., доколку пред погледот на последниве, оние резултати до кои доведува индустријата истапуваат во поразвиен и попротивречен вид, но и во позитивна смисла тие секогаш, и тоа свесно, одат по патот на отуѓувањето од човекот подалеку, одошто нивните претходници, но сепак само затоа што нивното учење е подоследно и повистинито. Бидејќи тие ја претвораат приватната сопственост во субјект, во нејзината дејствена форма, т.е. го прогласуваат за сушност истовремено и човекот како таков и човекот како некое не-суштество [(Unwesen)], онаа противречност што е во самата стварност, сосем ѝ одговара на онаа противречна сушност што ја признале тие како принцип. Раскинатата стварност на индустријата не само што не го одречува, туку напротив, го потврдува нивниот внатрешно раскинат принцип. Нешто повеќе, нивниот принцип и претставува принцип на таа раскинатост.

Физиократското учење на д-р Кеснеј [Кине] претставува премин од меркантилниот систем кон Адам Смит. Физиократијата непосредно претставува политичко-економско распаѓање на феудалната сопственост, но токму затоа таа исто толку претставува и непосредно политичко-економска преобразба, воспоставување на таа феудална сопственост, и при тоа само нејзиниот јазик станува веќе не феудален, туку политичко-економски. Според учењето на физиократите, сето богатство се состои во земјата и земјоделството (агрикултурата). Земјата уште не е капитал, таа е уште некаква посебна форма на неговото постоење, што има сила и значење во својата природна особеност и како последица на таа нејзина природна особеност. Но сепак земјата е некаков општ природен елемент, додека според учењето на меркантилистите богатството има свое постоење само во благородниот метал. На тој начин кај физиократите предметот на богатството, неговата материја, веднаш достигнува највисока општост во рамките на природата (доколку како дел од природата сѐ уште претставува непосредно предметно богатство). А за човекот земјата постои само благодарејќи на трудот, на земјоделството. Значи, субјективната сушност на богатството веќе се пренесува во трудот. Но заедно со тоа земјоделството се прогласува за единствено продуктивен труд. На тој начин трудот уште не е разбран во неговата општост и апстрактност, тој уште е сврзан за некој посебен елемент на природата како кон своја материја, а затоа и се признава уште само во некаква посебна, од природата определена форма на постоење. Поради тоа тој претставува само некакво определено, посебно отуѓување на човекот, како што и неговиот продукт се смета уште само како некакво определено богатство, што своето потекло го должи во поголема мера на природата, одошто на самиот труд. Тука земјата се признава уште како природно битие, што не зависи од човекот, уште не како капитал, т.е. не како момент на самиот труд. Напротив, поскоро трудот фигурира како нејзин момент. Но бидејќи фетишизмот на поранешното богатство, што постои надворешно само како предмет, е сведено тука до некаков мошне едноставен елемент на природата, а сушноста на богатството веќе е признаена, иако само делумно, на особен начин — во неговото субјективно постоење, тогаш нужниот понатамошен чекор напред се состои во тоа што се признава општата сушност на богатството и што затоа во принцип се издига трудот, во неговата потполна апсолутност, т.е. апстракција. На физиократите им докажуваат дека во економски, т.е. единствено оправдан однос, земјоделството со ништо не се разликува од која било друга гранка на производството и дека, значи, сушноста на богатството не претставува било кој определен труд, не било каква посебна пројава на трудот, сврзана со некаков посебен елемент, туку трудот воопшто.

Прогласувајќи го за сушност на богатството трудот, теоријата на физиократите со самото тоа го одречува посебното, надворешно, само предметно богатство. Но за физиократите трудот е субјективна сушност само на земјишната сопственост (физиократите тргнуваат од оној вид сопственост што е историски владеачки и (општопризнат) и кај нив само земјишниот посед станува отуѓен човек. Физиократите го уништуваат неговиот феудален карактер, прогласувајќи дека сушноста на земјишниот посед се состои во производството (агрикултурата); но тие се однесуваат негативно спрема светот на индустријата и го признаваат феудализмот со тоа што ја прогласуваат агрикултурата за единствено производство.

Сосем е разбирливо дека штом сега предмет на разгледување станува субјективната сушност на индустријата, којашто се конституира во спротивност со земјишниот посед, т.е. што се конституира како индустрија; тогаш оваа сушност ја вклучува во себе таа своја спротивност. Зашто како што индустријата го опфаќа укинатиот земјишен посед, така и субјективната сушност на индустријата ја опфаќа истовремено и субјективната сушност на земјишниот посед.

Како што земјишниот посед претставува прва форма на приватната сопственост, а индустријата првин истапува против неа во историјата само како посебен вид сопственост, или, да се рече подобро, претставува ослободен роб на земјишниот посед, — така тој процес се повторува при обидите на науката да ја сфати субјективната сушност на приватната сопственост, т.е. трудот, и трудот отпрвин истапува само како земјоделски труд, но потем го добива признанието на труд воопшто.

Секое богатство станало индустриско богатство, богатство на трудот, а индустријата не е ништо друго освен довршен труд, а фабричкиот систем е изградена сушност на индустријата, т.е. трудот исто онака како што индустрискиот капитал е довршена објективна форма на приватната сопственост.

Значи, ние гледаме дека дури сега приватната сопственост може да го доврши своето госпотствување над човекот и да стане светско-историска сила во својата најопшта форма.


Забелешка на авторот

[*] Таа политичка економија е изместено во свеста самостојно движење на приватната сопственост, современата индустрија како самостоен субјект.


Забелешка на уредникот на изданието

[1] Sichänßerlichsein — на себе надворешно битие.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива