Карл Маркс
Економско-филозофски ракописи

[Спротивноста меѓу капиталот и трудот. Земјопоседот и капиталот]


[...] претставува камата од неговиот капитал.[1] На тој начин во лицето на работникот субјективно постои тоа дека капиталот е човек што сосем се изгубил; како што во лицето на капиталот објективно постои тоа дека трудот е човек што се изгубил самиот себе. Но работникот ја има несреќата да биде жив капитал, што има потреби, што во тој момент кога не работи, ја губи својата камата, а со самото тоа и својата егзистенција. Во својство на капитал вредноста на работникот расте во зависност од побарувачката и понудата, па и физички неговото постоење, неговиот живот, се разгледувале и се разгледуваат како понуда на стока, како што тоа станува со секоја друга стока. Работникот произведува капитал, капиталот произведува работник, значи работникот се произведува самиот себе, и производ на сето тоа движење претставува човекот како работник, како стока. Човекот е веќе само работник и во својство на работник тој има само онакви човечки својства што му се потребни на туѓиот на него капитал. А бидејќи капиталот и работникот се еден на друг туѓи, и затоа се наоѓаат во рамнодушни, надворешни и случајни меѓусебни односи; тогаш таа отуѓеност бездруго истапува и реално. Затоа, штом само му дојде на ум на капиталот — поради нужност или произволно — да престане да постои за работникот, самиот работник престанува да постои за себе: тој нема работа, а поради тоа нема ни надница, и бидејќи тој не постои како човек туку како работник, тој тогаш спокојно може да биде закопан, да се остави да умре од глад итн. Работникот само тогаш постои како работник кога претставува за себе капитал, и тој само тогаш претставува капитал кога за него постои некој капитал. Постоењето на капиталот е негово постоење, негов живот, како што капиталот ја определува содржината на неговиот живот на начин што му е сосем рамнодушен. Затоа политичката економија не знае за безработен работник, не знае за човек на трудот, доколку тој се наоѓа надвор од сферата на работни односи. Никаквецот, измамникот, питачот, безработниот, работниот човек што умира од глад, бедниот и деликвентниот работен човек сѐ се тоа ликови што не постојат за политичката економија, а само за други очи, за очите на лекарот, судијата, гробарот, надгледникот на питачите итн.; тоа се сеништа надвор од сферата на политичката економија. Ете зошто потребите на работникот се претвораат за неа само во потреба да се издржува тој во работното време, и при тоа само дотолку, доколку е тоа неопходно за да не изумре работничкиот род. Поради тоа надницата има сосема иста смисла како и издржувањето, одржувањето на кој било друг производен инструмент, како потрошувачка на капиталот воопшто, што е неопходна за репродукцијата на капиталот заедно со каматата, или како маслото за подмачкување, употребувано за тркалата за да ги одржат во движење. Ете зашто надницата спаѓа во бројот на нужните трошоци на капиталот и капиталистот и не смее да излегува од рамките на таа нужност. Затоа беше сосем конзеквентна постапката на англиските фабриканти, коишто до донесувањето на новиот закон за бедните, воведен во 1834 год., ги одбиваа од надницата на работникот оние општествени добротворни средства, милостињата, што работникот ги добиваше за сметка на данокот во полза на бедните, и ги сметаа како составен дел на надницата.

Производството не го произведува човекот само како стока, само како човек-стока, човек со определба на стока, тоа го произведува, според таа определба, како суштество што е и духовно и физички обесчовечено. Аморалност, изродување, затапување и на работници и на капиталисти. — Продуктот на тоа производство е стока што има свест и самостојна дејност ... човек-стока ... Голем чекор напред од страна на Рикардо, Мил итн. во споредба со Смит и Сеј се состои во тоа што тие го прогласија за безразлично и дури штетно прашањето за постоењето на човекот — за поголемата или помалата човечка продуктивност на таа стока. Од таа гледна точка вистинската цел на производството не претставува тоа колку работници издржува еден капитал, а тоа — колкц камата тој донесува, — сумата на годишните заштеди. Исто така голем и конзеквентен чекор напред од страна на поновата англиска политичка економија беше тоа што таа — која го прогласи трудот за единствен принцип на политичката економија — заедно со тоа со потполна јасност ја откри обратната пропорционалност меѓу надницата и каматата од капиталот, покажувајќи дека капиталистот по општо правило може да го зголеми својот доход само преку снижувањето на надницата, и обратно. Според таа најнова англиска политичка економија, не измамата на потрошувачот, туку меѓусебниот стремеж на капиталистот и работникот да откинат еден од друг е нормален меѓусебен однос.

Односот на приватната сопственост го содржи во себе во скриен вид односот на приватната сопственост како труд и нејзиниот однос како капитал, а исто така меѓусебниот однос и на едното и на другото. Од друга страна — производство на човечката дејност како труд, т.е. дејност сосем туѓа себеси, сосем туѓа на човекот и природата, и затоа сосем туѓа на свеста и пројавувањето на животот, апстрактно постоење на човекот, исклучиво само како човек на трудот, што поради тоа секојдневно може да биде кутнат од своето исполнето ништо во апсолутно ништо, во своето општествено и затоа стварно небитие. Од друга страна, производството на предметот на човечката дејност како капитал, каде што е избришана секоја природна и општествена определеност на предметот, и каде што приватната сопственост ги загубила своите природни и општествени својства (значи, ги загубила сите политички и социјални илузии и не е преплеткана со никакви барем навидум човечки односи); еден и ист капитал во најразновидни форми на природно и општествено постоење останува еден и ист, сосем рамнодушен спрема својата стварна содржина. Таа спротивност меѓу трудот и капиталот, доведена до крајност, неизбежно станува врвна точка, врвен степен и гибел на сиот однос на приватната сопственост.

Затоа пак е заслуга на поновата англиска политичка економија дека таа ја определи земјишната рента како разлика меѓу каматата за најлошо обработуваната и најдобрата земја; таа ги урна романтичните фантазии на земјишниот сопственик — неговата замислена социјална важност и божемната идентичност на неговите интереси со интересите на општеството, како што тоа го утврди, следувајќи ги физиократите, уште Адам Смит; со самото тоа поновата англиска политичка економија го антиципира и го подготви она реално движење што ќе го претвори земјопоседникот во најобичен, прозаичен капиталист, во резултат на тоа ќе ја упрости и изостри спротивноста меѓу капиталот и трудот, и со тоа ќе го забрза нејзиното уништување. Земјата како земја, земјишната рента како земјишна рента со самото тоа ја загубија својата сословијска разлика и се претворија во безгласни, или, подобро речено; такви што зборуваат само со јазикот на парите, капитал и парична камата.

Разликата меѓу капиталот и земјата, меѓу профитот и земјишната рента, меѓу нив и надницата, меѓу индустријата и земјоделството, меѓу неподвижната и подвижната приватна сопственост е разлика сѐ уште историска; а не што е содржана во самата сушност на нештата. Таа разлика претставува еден фиксиран момент од формирањето и појавата на спротивноста меѓу капиталот и трудот. Во индустријата итн., наспроти неподвижната земјишна сопственост, се изразени само нејзиниот начин на настанување, и спротивноста во однос на земјоделството во која се развивала индустријата. Како посебен вид на трудот, како разлика суштествена, важна, што го опфаќа сиот живот, таа разлика постои само дотогаш додека индустријата (градскиот живот) се формира наспротив земјишниот посед (феудален благороднички живот) и го носи уште во самата себе феудалниот карактер на својот антипод во форма на мопол, цех, гилда, корпорација итн; во рамките на тие определби трудот уште има навидум општествено значење, значење на стварна заедница [Gemeinwesen]; тој уште не стасал до рамнодушен однос спрема својата содржина и до потполна изделеност, т.е. до апстракција од секое друго битие, а значи и до капиталот што добил слобода на дејство.

Но неизбежен понатамошен стадиум од развитокот на трудот е индустријата што добила слобода на дејство и што како таква самостојно се конституирала и капиталот што добил слобода на дејство. Моќта на индустријата на нејзе спротивниот земјишен посед се покажува уште веднаш во појавувањето на агрикултурата како вистински индустриска дејност, додека порано земјопоседникот му ја препушташе главната работа на земјиштето и на робот на тоа земјиште, со помош на кој земјата се обработуваше. Со претворањето на робот во слободен работник, т.е. во наемен работник, земјопоседникот, по суштина, се претвори во индустријалец — капиталист, и таа преобразба отпрвин станува преку посредна алка — арендаторот (закупецот). Но арендаторот е претставник на земјопоседникот, негова откриена тајна; само благодарејќи на арендаторот земјишниот сопственик има политичко-економско постоење, постои како приватен сопственик; бидејќи земјишната рента од неговата земја се добива само благодарејќи на конкуренцијата на арендаторите. На тој начин во лицето на арендаторот земјопоседникот всушност веќе се претворил во обичен капиталист. И тоа претворање исто така мора да стане и во стварноста: капиталистот што се занимава со земјоделство, т.е. арендаторот мора да стане земјопоседник, или обратно. Индустриските махинации на арендаторот се индустриски махинации на земјопоседникот, затоа што постоењето на првиот го условува постоењето на вториот.

Но ете тие наспомнуваат за своето спротивно поникнување, за своето потекло, и тогаш се добива тоа што земјопоседпикот гледа во капиталистот свој вчерашен роб што се вообразил, што добил слобода на дејство и се обогатил и во него гледа закана од негова страна на себе, како капиталист, а капиталистот гледа во земјопоседникот безделен, суров и саможивен вчерашен сењор; тој знае дека земјопоседникот му нанесува нему, како капиталист, загуба, иако ѝ го должи на индустријата сето свое сегашно општествено значење, својот имот и своето насладување; капиталистот гледа во земјопоседот нешто директно спротивно на слободната индустрија и слободниот капитал што не зависи од каква било природна определба. Таа полемика меѓу капиталот и земјопоседот во голем степен има жесток карактер, и обете страни зборуваат една на друга вистина. Треба само да се прочитаат нападите од неподвижната сопственост врз подвижната и обратно, за да се добие нагледна претстава за гнасноста како на едната така и на другата. Земјопоседникот се перчи со благородничкото потекло на својата сопственост, со своето феудално минато, своите поетични сеќавања, својата егзалтираност, своето политичко значење итн., а кога тој зборува со јазикот на политичката економија, тогаш вели: продуктивно е само земјоделството. Напоредно со тоа тој го претставува својот противник како итер никаквец, лукав и лаком посредник — никаквец, продажен саможивник; наклонет кон бунт, бесчувствен и бездушен, туѓ на општествениот дух, што слободно тргува со интересите на општеството шпекулант, лихвар, сводник, подлизурко, слуга, лажго, паричен измамник, без чест и образ, што ја породува, крми и потспатнува конкуренцијата и значи пауперизмот и злосторството, што предизвикува распаѓање на сите социјални врски; нечесен, беспринципиелен, лишен од поезија, без супстанција, без било што, што нема ништо во душата (в. меѓу другите физиократи Бергас, кого уште Камил Демулен го бичува во својот журнал „Revolution de France et de Brabant“, в. Фон Финке, Ланцицоле, Халер, Лео, Козегартен,[*] а исто така Сисмонди).

Подвижната сопственост, од своја страна, се перчи со чудесата на индустријата и движењето, таа е чедо на најновото време и законородено дете; таа искажува сожалување за својот противник како за глупак што не ја разбира својата сушност (и тоа е сосем точно), што моралниот капитал и слободниот труд сака да го замени со грубо неморално насилство и крепосништво. Таа го прикажува како Дон Кихот што под маската на отвореност, чесност, служење на општествениот интерес, постојаност, крие неспособност за движење, саможивска лакомост за наслади, себичност, ограниченост на интереси, злонамерност; таа го прогласува за лукав монополист; неговите спомени, неговата поезија, неговата егзалтираност, таа ја заглушува со историско и саркастично набројување на гнасности, суровости, растурништво, проституција, нечесност, анархија, бунтови, чии што одгледувалишта беа романтичните дворци.

Таа, вели, извојувала политичка слобода на народот, таа ги скршила оковите на граѓанското општество, ги поврзала наедно световите, создала човекољубива трговија, чист морал, галантно образование; наместо грубите потреби породила кај народот цивилизирани потреби и дала средства за нивното задоволување, додека земјопоседникот, тој безделник и само што пречи на работата лихвар на жито, ги поскапува за народот најнеопходните средства за живот, принудувајќи го со самото тоа капиталистот да ја зголемува надницата, без можност за зголемување на производната сила; а со самото тоа земјопоседникот пречи за порастот на годишниот доход на нацијата, пречи за акумулација на капиталите и, значи, ја намалува можноста на народот да му се даде работа, а на земјата богатство; во крајна сметка земјопоседникот сосем ја уништува таа можност, ги доведува работите до општа пропаст и лихварски ги искористува сите користи на современата цивилизација, без да прави за неа ништо, и дури без да се откаже од своите феудални предрасуди. И најпосле, нека погледне тој само на својот арендатор — тој, за кого земјоделството и самата земја постојат само како нему подарен извор на пари, — и нека каже не претставува ли тој само навидум јуначен, со фантазии исполнет, итер никаквец, што во длабочината на својата душа и во стварноста уште мошне одамна ѝ припаѓа на слободната индустрија и милата трговија, колку и да се спротивставува тој на тоа и колку и да брбори за историски сеќавања, морални и политички цели. Сето она што навистина го наведува во своја корист е вистинито само за земјоделецот (капиталистот и надничарот), а земјопоседникот пак им е поскоро непријател; тој докажува, значи, против самиот себе. Без капиталот, укажуваат претставниците на последниов, — земјишниот посед е мртва, безвредна материја. Културната победа на капиталот се состои, велат, токму во тоа што тој наместо нешто мртво го открил и го создал човечкиот труд како извор на богатство (Види: Пол Луј Курје, Сен Симон, Ганил, Рикардо, Мил, Мак-Кулох, Дестит де Траси и Мишел Шевалие).

Од стварниот тек на развитокот (тука да се дополни) нужно произлегува победата на капиталистот, т.е. високоразвиената приватна сопственост над неразвиената, половична приватна сопственост, т.е. над земјопоседникот, како што веќе и воопшто движењето мора да ја победи неподвижноста, отворената, за себе свесна подлост — подлоста скришна и несвесна, стрвноста за печалба — лакомоста за насладување, отворено незадржливото, смасното саможивство на просветеноста — локалното, претпазливо, простичко, мрзеливо и фантастично саможивство на суеверието, парите — другите форми на приватната сопственост.

Оние држави што ја насетиле опасноста од развиената слободна индустрија, довршениот чист морал и довршената човекољубива трговија, се обидуваат — но сосем попусто — да ја задржат капитализацијата на земјишниот посед.

Земјишниот посед, за разлика од капиталот, е таква приватна сопственост, таков капитал што е уште обременет од локални и политички предрасуди, таков капитал што уште не си дошол сосем на самиот себе од својата поврзаност со околниот свет, уште недовршен капитал. Во процесот на својот светски развиток тој мора да го достигне својот апстрактен, т.е. чист израз.

Односот на приватната сопственост е трудот; капиталот и нивниот меѓусебен однос.

Движењето што мораат да го направат членовите на тој однос е следново:

[Прво] — непосредно или опосредувано единство на обата.

Отпрвин капиталот и трудот уште обединети; потоа тие, иако се одделени и отуѓени, но меѓусобно се издигаат и се стимулираат еден со друг како позитивни услови.

[Второ] — спротивноста на обата во однос на еден спрема друг: тие се исклучуваат еден со друг; работникот го гледа во капиталистот (и обратно) своето сопствено непостоење; секој од нив се труди да го одземе неговото постоење.

[Трето] — спротивност на секој спроти самиот себе. Капитал = на натрупаниот труд = трудот. Како таков, тој се распаѓа на самиот себе и на своите камати, а последниве од своја страна се распаѓаат на камати и профит. Полно жртвување на капиталистот. Тој преминува во работничката класа, како што работникот — сепак само во вид на исклучок — станува капиталист. Трудот како момент на капиталот, како негови трошоци. Значи, надницата е жртва принесувана од капиталот.

Трудот се распаѓа на самиот себе и надницата. Самиот работник е капитал, стока.

Меѓусебна непријателска спротивност.[2]


Забелешка на авторот

[*] Потпирајќи се на Г. Н. Лео, надуениот старохегелијански теолог Функе раскажува со солзи во очите како при укинувањето на крепосништвото еден роб се откажал да престане да биде благородничка сопственост. B. ги исто така „Патриотските фантазии“ на Јустус Мезер, што се одликуваат со тоа што ни за миг не излегуваат од рамките на ограничениот малограѓански „домашен, старински“, обичен хоризонт на обичниот филистер и не помалку претставуваат чиста фантазија. Таа противречност и ги направи толку привлечни за германската нарав.


Забелешка на уредникот на изданието

[1] Со овие зборови започнува XL страница од вториот ракопис на Маркс. Почетокот на реченицата е непознат, бидејќи првите 39 страници од вториот ракопис се загубени.

[2] Тука завршува вториот ракопис.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива