Карл Маркс
Економско-филозофски ракописи

[Отуѓениот труд]


Ние тргнавме од претпоставките на политичката економија. Ние го примивме нејзиниот јазик и нејзините закони. Ние ја претпоставивме како даденост приватната сопственост, одделувањето на трудот, капиталот и земјата еден од друг, а исто така и на надницата, профитот и земјишната рента; понатаму, поделбата на трудот, конкуренцијата, поимот за разменска вредност итн... Врз основа на самата политичка економија, користејќи се со нејзините сопствени зборови, ние покажавме дека работникот се сведува на степен на стока, при тоа најбедна, дека бедата на работникот се наоѓа во обратен однос спрема моќта и големината на неговото производство, дека неминовен резултат на конкуренцијата претставува акумулацијата на капиталот во рацете на малцина и дека, на крајот на краиштата, исчезнува разликата меѓу капиталистот и земјишниот рентиер, меѓу земјоделецот и индустрискиот работник и сето општество бездруго се распаѓа на две класи — сопственици и од сопственост лишени работници.

Политичката економија тргнува од фактот на приватната сопственост. Таа не ни ја објаснува. Материјалниот процес, што во стварност го прави приватната сопственост, таа го опфаќа во општи апстрактни формули, што потоа за неа добиваат значење на закони. Тие закони таа не ги разбира, т.е. не покажува како тие произлегуваат од самата сушност на приватната сопственост. Политичката економија не ни дава одговор за разбирањето на основата и причините за одделувањето на трудот од капиталот и капиталот од земјата. Така на пример, кога таа го определува односот меѓу надницата и профитот од капиталот, тогаш последна причина за неа е интересот на капиталистите; со други зборови, таа го претпоставува како даденост она што треба да го изведе како резултат на анализа. Исто така наceкaдe се јавува конкуренцијата. Објаснение за неа се бара во надворешни околности; при тоа политичката економија не ни вели ништо за тоа во колкава мера тие надворешни, навидум случајни околности претставуваат само израз на некој нужен развиток. Ние видовме дека самата размена се претставува од неа како случаен факт. Единствените тркала што ги става во движење политичкиот економист претставуваат користољубивоста и војната меѓу користољубивите — конкуренцијата.

Токму поради тоа што политичката економија не ја сфаќа меѓусебната поврзаност на движењето, изучувано од неа, било можно учењето за конкуренцијата да се противпоставува на учењето за монополот, учењето за слободата на занаетите — на учењето за корпорацијата, учењето за поделбата на земјишните поседи — на учењето за крупниот земјишен посед, бидејќи конкуренцијата, слободата на занаетите, поделбата на земјишните поседи се замислувале и се претставувале само како случајни, намерни, насилни, а не како нужни, неизбежни природни последици на монополот, корпорацијата и феудалната сопственост.

Значи, нам ни претстои сега да ја разбереме суштинската поврзаност меѓу приватната сопственост, користољубивоста, одделеноста на трудот, капиталот и земјишната сопственост едни од други, меѓу размената и конкуренцијата, меѓу вредноста на човекот и неговото обезвредување, меѓу монополот и конкуренцијата итн., меѓу сето тоа оттуѓување и паричниот систем.

Ние нема да го следиме примерот на политичкиот економист којшто, сакајќи да објасни нешто, се пренесува во од него измислена првобитна состојба. Таква првобитна состојба ништо не објаснува. Опирајќи се врз првобитната состојба, политичкиот економист само го префрла прашањето во сива маглива далечина. Тој го претпоставува во форма на факт, настан, она што треба да го дедуцира, а токму — нужниот однос меѓу две нешта, на пример меѓу поделбата на трудот и размената. На тој начин теологот го објаснува потеклото на злото со првичниот грев, т.е. тој го претпоставува како факт, историски настан, она што треба да го објасни.

Ние тргнуваме од современ политичко-економски факт:

Работникот станува толку посиромашен колку повеќе богатства произведува, колку повеќе расте моќта и размерите на неговото производство. Работникот станува толку поевтина стока колку повеќе стоки создава. Во директна пропорција со порастот на вредноста на предметниот свет расте обезвредувањето на човечкиот свет. Трудот не произведува само стоки: тој се произведува самиот себе и работникот како стока, при тоа во истата онаа пропорција во која тој произведува воопшто стоки.

Тој факт го изразува само следново: предметот произведуван од трудот, неговиот производ, му противстои на трудот како некое туѓо суштество, како сила што не зависи од производителот. Продуктот на трудот е труд фиксиран на некој производ, опредметен во него, тоа е опредметување на трудот. Остварувањето на трудот е негово опредметување. Во условите што се претпоставени од политичката економија, ова остварување на трудот, ова негово претворање во стварност, истапува како исклучување на работникот од стварноста, опредметувањето истапува како загуба на предметот и заробување од предметот, присвојувањето на предметот како оттуѓување, како самооттуѓување (аlѕ Entfremdung, als Enttäusserung).

Претворањето на трудот во стварност истапува како исклучување од стварноста, во толкав степен што работникот се исклучува од стварноста сѐ до смрт од глад. Опредметувањето истапува како загуба на предметот во толкав степен, што на работникот му се одземаат најнужните предмети, не само предмети за живот, туку и за работа. Па и самата работа станува таков предмет што може тој да го усвои само со најголемо напрегање на своите сили и со најнередовни прекини. Присвојувањето на предметот истапува како оттуѓување до толкав степен, што колку повеќе предмети произведува работникот толку помал број тој може да присвои и толку посилно тој потпаѓа под власта на својот производ, капиталот.

Сите тие последици веќе се содржани во определбата дека работникот се однесува спрема производот на својот труд како спрема туѓ предмет. Бидејќи при таква претпоставка е јасно: колку повеќе работникот се исцрпува на работа толку помоќен станува за него туѓиот предметен свет, создаван од него самиот против самиот себе, толку победен станува самиот тој, неговиот внатрешен свет, толку помалу имот му припаѓа. Исто така стои работата и во религијата. Колку повеќе вложува човек во бога толку помалку останува во самиот него. Работникот го вложува во предметот својот живот, но отсега тој живот не му припаѓа веќе нему, туку на предметот. На тој начин колку е поголема таа негова дејност толку побеспредметен е работникот. Што е внесено во производот на неговиот труд, тоа веќе го нема кај самиот него. Затоа колку е поголем тој производ толку е помал самиот тој. Самооттуѓувањето на работникот во неговиот производ го има не само тоа значење дека неговиот труд станува предмет, добива надворешно постоење, туку уште и тоа значење, дека неговиот труд постои надвор од него, независно од него, како нешто туѓо за него и дека тој труд станува наспроти него самостојна сила; дека животот, што му го дал тој на предметот, истапува против него како непријателски и туѓ.

Да го разгледаме сега поподробно опредметувањето, производството на продукт од работникот; и во тоа опредметување оттуѓувањето, загубата на предметот, т.е. од работникот произведениот производ.

Работникот не може ништо да создаде без природата, без надворешниот сетивен свет. Тоа е оној материјал со кој се остварува неговиот труд, во кој се одвива неговата трудова дејност, од кој и со помошта на кој трудот ги произведува своите производи.

Но како што природата му дава на трудот средства за живот, во таа смисла што без предметите на кои се применува трудот е невозможен живот на трудот, така, од друга страна, природата дава средства за живот и во потесна смисла, т.е. средства за физичката егзистенција на самиот работник.

На тој начин, колку повеќе работникот со помош на својот труд го освојува надворешниот свет, сетивната природа, во толку поголема мерка тој се лишува себе од средствата за живот во двојна смисла: прво сетивниот надворешен свет сѐ повеќе и повеќе престанува да биде таков предмет што неотуѓиво би му припаѓал на трудот, престанува да биде животно средство на неговиот труд; второ, тој надворешен свет во сѐ поголема мера престанува да дава за него средства за живот во непосредна смисла — средства за физичката егзистенција на работникот.

Значи, работникот станува роб на својот предмет во двојна смисла: прво, тој добива предмет за трудот, т.е. работа, и второ, тој добива средства за издржување. Само тој предмет му дава можност да постои прво, како работник и второ, како физички субјект. Врв на тоа ропство е во тоа што тој веќе само во својство на работник може да егзистира како физички субјект и дека тој претставува работник веќе само во својство на физички субјект.

(Според законите на политичката економија, самооттуѓувањето на работникот во неговиот предмет се изразува во тоа што колку повеќе произведува работникот толку помалку тој може да троши; колку повеќе вредности создава толку повеќе самиот тој се обезвредува и се лишува од достоинство; колку повеќе е оформен неговиот производ толку повеќе е понагрден работникот; колку е покултурен предметот создаден од него, толку повеќе самиот тој прилега на варварин; колку е помоќен трудот толку е понемоќен работникот; колку повеќе има дух работата вршена од него, на толку поголемо умствено опустошување и толку поголемо поробување од природата се подлага самиот работник).

Политичката економија го премолчува отуѓувањето на трудот во самата негова сушност со тоа што не го подлага на разгледување непосредниот однос меѓу работникот (трудот) и произведуваниот од него производ. Се разбира, трудот произведува прекрасни работи за богатите, но тој произведува осиромашување на работникот. Тој создава дворци, но исто така и ќумези за работниците. Тој создава убавини, но исто така го осакатува работникот. Тој го заменува рачниот труд со машина, но при тоа отфрла дел од работниците назад кон варварски труд, а друг дел од работниците ги претвора во машини. Тој произведува ум, но исто така и слабоумност, кретенизам како судба за работниците.

Непосредниот однос на трудот спрема неговите производи е однос на работникот спрема предметите на неговото производство. Односот на имашливиот спрема предметите на производството и кон самото производство е само последица на тој прв однос и го потврдува него. Оваа друга страна на прашањето подоцна ќе ја разгледаме.

Значи, кога прашуваме каква е сушноста на односите на трудот, тогаш прашуваме за односот на работникот спрема производството.

Досега го разгледувавме отуѓувањето, самоотуѓувањето на работникот само од една страна, а токму од страна на неговиот однос спрема производите на својот труд. Но отуѓувањето се пројавува не само во крајниот резултат, туку и во самиот акт на производството, во самата производствена дејност. Би можел ли работникот да му противстои на продуктот од својата дејност како на нешто туѓо, кога тој не би се самоотуѓувал од себе во самиот акт на производство? Па продуктот е само резиме на дејноста, производството. Значи, ако производот на трудот е самоотуѓување, тогаш и самото производство мора да биде дејствено самоотуѓување, самоотуѓување на дејноста, дејност на самоотуѓувањето. Во отуѓувањето на предметите на трудот се резимира отуѓувањето, самоотуѓувањето на дејноста на трудот.

Во што се состои самоотуѓувањето на трудот?

Прво, во тоа што трудот е за работникот нешто надворешно, што не припаѓа на неговата сушност; во тоа што во својот труд не се потврдува себе, туку се одречува, не се чувствува себе среќен туку несреќен, не ја развива слободно своја физичка и духовна енергија, туку ја измачува својата физичка природа и го упропастува својот дух. Затоа работникот се чувствува добро само надвор од трудот, а во процесот на трудот се чувствува откинат од самиот себе. Нему му е добро тогаш кога не работи; а кога работи, му е лошо. Поради тоа неговиот труд не е доброволен, туку изнуден; тоа е принуден труд. Тоа не е задоволување на потребата за труд, туку само средство за задоволување на други потреби, а не потреба од труд. Отуѓеноста на трудот јасно се покажува во тоа дека штом само престанува физичката или инаква принуденост за трудот, од трудот бегаат како од чума. Надворешниот труд, трудот во процесот на кој човекот се отуѓува себеси — е принесување себеси како жртва, самоизмачување. И најпосле, надворешниот карактер на трудот се пројавува за работникот во тоа што тој труд не му припаѓа нему, туку на друг, и самиот тој во процесот на трудот не си припаѓа себе си, туку на друг. Како што во религијата самодејноста на човечката фантазија, човечкиот мозок и човечкото срце дејствува врз индивидот независно од самиот него, т.е. во својство на некаква туѓа дејност, божествена или ѓаволска, така и дејноста на работникот не е негова самодејност. Таа му припаѓа на друг, таа е за работникот загуба на самиот себе.

Во резултат се добива таква положба што човекот (работникот) се чувствува слободно дејствен само при исполнувањето на своите животни функции — при јадење, пиење, во полов акт, во најдобар случај уште кога е во своето живеалиште, при украсувањето итн. — а во своите човечки функции тој се чувствува само како животно. Тоа што му е својствено на животното станува судба на човекот, а човечкото се претвора во она што му е својствено на животното.

Вистина, јадењето, пиењето, половиот акт итн. исто така се вистински човечки функции. Но, во апстракција, што ги откинува од кругот на другата човечка дејност и што ги претвора во последни и единствени крајни цели, тие носат животински карактер.

Актот на отуѓувањето на практичната човечка дејност, трудот, го разгледавме од две страни. Прво, односот на работникот спрема производот на трудот, како спрема предмет што му е туѓ и што госпотствува над него. Тој однос е наедно однос кон сетивниот надворешен свет спрема предметите на природата, како спрема свет што му е туѓ и непријателски спротивставен. Второ, односот на трудот спрема актот на производството во самиот процес на трудот. Тој однос е однос на работникот спрема сопствената дејност, како спрема нешто туѓо, што не му припаѓа нему. Дејноста истапува тука како страдање, силата — како немоќност, оплодувањето — како скопење, сопствената физичка и духовна енергија на работникот, неговиот личен живот (зашто што е тоа животот ако не е дејност?) — како дејност свртена против самиот него, од него независна, дејност што не му припаѓа нему. Тоа е самоотуѓување, додека погоре стануваше збор за отуѓувањето на предметот.

Сега ни претстои врз основа на двете дадени определби на отуѓениот труд да ја изведеме и третата негова определба.

Човекот е генеричко суштество не само во таа смисла што и практично и теоретски тој го прави свој предмет родот, како својот сопствен, така и родот на останатите нешта, но и во оваа смисла — а тоа е само друг израз за истото тоа — што тој се однесува спрема самиот себе како спрема присутен жив род, се однесува спрема самиот себе како спрема универзално и затоа слободно суштество.

Генеричкиот живот како кај човекот така и кај животното физички се состои во тоа што човекот (како и животното) живее од неорганска природа, и колку е поуниверзален човекот во споредба со животното, толку е поуниверзална сферата на неорганската природа од која тој живее. Како што во теоретски однос растенијата, животните, камењата, воздухот, светлоста итн. претставуваат дел од човечката свест, делум во својство на објекти на природните науки, делум во својство на објекти на уметноста, се јавуваат како негова духовна неорганска природа, духовна храна, што тој првин треба да ја приготви за да може да ја обиде и свари, — така и во практичен однос тие претставуваат дел од човечкиот живот и човечката дејност. Физички човекот живее само од тие продукти на природата, биле тие во форма на храна, огрев, живеалиште итн. Практично универзалноста на човекот се пројавува токму во таа универзалност, којашто ја претвора сета природа во негово неорганско тело, доколку таа служи, прво, како непосредно средство за животот на човекот, а второ, како материјал, предмет и орудие на неговата животна дејност. Природата е неорганско тело на човекот, а имено — природа, во онолкава мера во колкава што самата не е човечко тело. Човекот живее од природата. Тоа значи дека природата е негово тело, со кое тој мора да остане во процес на постојано општување, за да не умре. Тоа дека физичкиот и духовниот живот на човекот е нераскинливо сврзан со природата не означува нешто друго, туку дека природата е нераскинливо поврзана со самата себе, зашто човекот е дел од природата.

Отуѓениот труд на човекот, отуѓувајќи ги од него 1) природата, 2) самиот него, неговата сопствена дејствена функција, неговата животна дејност, со самото тоа го отуѓува од него родот: тој го претвора за човекот генеричкиот живот во средство за одржување на индивидуалниот живот. Прво, тој го отуѓува генеричкиот живот и индивидуалниот живот, а второ, го прави индивидуалниот живот, земен во неговата апстрактна форма, цел на генеричкиот живот, исто така во неговата апстрактна и отуѓена форма.

Работата е во тоа, што, прво, самиот труд, самата животна дејност, самиот производствен живот се покажува за човекот само како средство за задоволување на една негова потреба, потребата за одржување на физичката егзистенција. А производствениот живот и е генерички живот. Тоа е живот, што породува живот. Во карактерот на животната дејност е содржан сиот карактер на дадениот вид, неговиот генерички карактер, а слободната свесна дејност токму и претставува генерички карактер на човекот. Самиот живот се покажува само како средство за живот.

Животното е непосредно идентично со својата животна дејност. Тоа не се разликува од својата животна дејност. Тоа е таа животна дејност. А човекот ја прави самата своја животна дејност предмет на својата волја и својата свест. Неговата животна дејност е свесна. Тоа не е таква определеност со која тој непосредно се слева воедно. Свесната животна дејност непосредно го разликува човекот од животинската животна дејност. Токму поради тоа тој е генеричко суштество. Или, може да се рече уште и вака: тој е свесно суштество, т.е. неговиот сопствен живот за него претставува предмет токму само поради тоа што тој е генеричко суштество. Само затоа неговата дејност е слободна дејност. Отуѓениот труд го пресвртува тој однос на тој начин што човекот, токму затоа што е свесно суштество, ја претвора својата животна дејност, својата сушност само во средство за одржување на својата егзистенција.

Практичното создавање на предметниот свет, преработката на неорганската природа е самопотврдување на човекот како свесно генеричко суштество, т.е. такво суштество што се однесува спрема родот како спрема своја сопствена сушност, или спрема самото себе како спрема генеричко суштество. Вистина, животното исто така произведува. Тоа си прави седало или врталиште, како што го прават тоа пчелата, дабарот, мравката итн. Но животното го произведува само она од што има непосредна потреба тоа самото или неговото младенче; тоа произведува еднострано, додека човекот произведува универзално; тоа произведува само под присилата на непосредната физичка потреба, додека човекот произведува сам, слободен од физичка потреба, и во вистинска смисла на зборот само тогаш и произведува кога е слободен од неа; животното се произведува само самото себе, додека човекот ја репродукува сета природа; продуктот на животното на непосреден начин е сврзан со неговиот физички организам, додека човекот слободно му противстои на својот производ. Животното го вообличува материјалот според мерката и потребите на оној вид на кој му припаѓа, додека човекот умее да произведува според мерката на секој вид и знае насекаде да му даде на предметот соодветна мерка; затоа човекот го вообличува материјалот и според законите за убавото.

Токму затоа во преработката на предметниот свет човекот за првпат навистина се потврдува себе како генеричко суштество. Тоа производство е неговиот дејствен генерички живот. Благодарејќи на тоа производство природата се покажува како негово (на човекот) дело и негова стварност. Затоа предметот на трудот е опредметување на родовскиот (генеричкиот) живот на човекот: човекот се удвојува себе не само интелектуално, како што е тоа случај во свеста, туку и реално, дејствено, и се соѕира самиот себе во светот што го создал сам. Затоа отуѓениот труд, одземајќи го од човекот предметот на неговото производство, му го одзема со самото тоа и неговиот генерички живот, неговата вистинска родовска предметност, а онаа предност што ја има човекот пред животните се претвора за него во нешто негативно, бидејќи на човекот му го одземаат неговото неорганско тело, природата.

На сличен начин отуѓениот труд, сведувајќи ја самодејноста, слободната дејност на степен на просто средство, со самото тоа го претвора родовскиот (генеричкиот) живот на човекот во средство за одржување на неговата физичка егзистенција.

Свеста што му е својствена на човекот за неговата генеричка сушност се изменува, значи, поради отуѓувањето така, што генеричкиот живот станува за него средство.

На тој начин отуѓувањето на трудот доведува до следниве резултати:

3) Генеричката сушност на човекот — како природата така и неговата духовна генеричка сопственост — се претвораат во нему туѓа сушност, во средство за одржување на неговата индивидуална егзистенција. Отуѓениот труд го отуѓува од човекот неговото сопствено тело, како и природата надвор од него, како и неговата духовна сушност, неговата човечка сушност.

4) Непосредна последица од тоа што е човекот отуѓен од производот на својот труд, од својата животна дејност, од својата генеричка сушност, претставува отуѓување на човекот од човекот. Кога човекот си противстои самиот себеси, тогаш нему му противстои друг човек. Истото она што може да се рече за односот на човекот спрема својот труд, спрема производот на својот труд и спрема самиот себе, може да се рече и за односот на човекот спрема друг човек, а исто така и спрема трудот и предметот на трудот на друг човек.

Воопшто поставката за тоа дека од човекот е отуѓена неговата генеричка сушност значи дека еден човек е отуѓен од друг и секој од нив е отуѓен од човечката сушност.

Отуѓувањето на човекот, воопшто секој однос во кој човекот се наоѓа спрема самиот себе, се реализира, се пројавува само во односите на човекот спрема другите луѓе.

Значи, во условите на отуѓениот труд секој човек го разгледува друг, раководејќи се од сразмерата и односот во кој се наоѓа тој самиот како работник.

Ние тргнавме од политичко-економскиот факт, од отуѓувањето на работникот и неговото производство. Ние го формулиравме поимот на тој факт: отуѓениот, самоотуѓениот труд. Ние го анализиравме тој поим. Ние, значи, анализиравме само еден политичко-економски факт.

Сега да погледнеме како тој поим за отуѓениот, самоотуѓениот труд е изразен и претставен во реалната стварност.

Ако производот на трудот мене ми е туѓ, ако тој ми противстои како туѓа сила, во тој случај кому му припаѓа тој?

Ако мојата сопствена дејност не ми припаѓа мене, туку е туѓа изнудена дејност, тогаш кому му припаѓа таа?

На некое друго суштество, а не мене.

Какво суштество е тоа?

Боговите? Навистина, во прво време главната производствена дејност, на пример градењето на храмови итн. во Египет, Индија, Мексико, се одвивале во служба на боговите, како што и самиот производ им припаѓал на боговите. Сепак никогаш боговите не биле сами господари на трудот. Не била господар ни природата. Па каква противречност би претставувала таква положба при која колку повеќе човекот благодарејќи на својот труд ја потчинува природата и колку повеќе чудата на боговите стануваат излишни, благодарејќи на чудата на индустријата, толку повеќе човекот да биде должен за волја на тие сили да се откажува од радоста што му ја доставува производството и од насладувањето со производот!

Туѓото суштество, на кое му припаѓа трудот и производот на трудот, суштеството во чија служба се наоѓа трудот и за насладувањето на кое се создава производот на трудот, такво суштество може да биде само самиот човек.

Ако производот на трудот не му припаѓа на работникот, ако тој му противстои како туѓа сила, тогаш е тоа можно само како резултат на тоа што производот му припаѓа на друг човек, што не е работник. Ако дејноста на работникот за него самиот претставува мачење, тогаш на кој друг треба таа да му достави наслада и животна радост. Не боговите и не природата, туку само самиот човек може да биде таа туѓа сила што госпотствува над човекот.

Треба уште да се има во предвид погоре изнесената поставка за тоа дека односот на човекот спрема самиот себе станува за него предметен, вистински, само преку неговиот однос спрема друг човек. Значи, ако човекот се однесува спрема производот на својот труд, спрема својот опредметен труд, како спрема предмет што му е туѓ, непријателски, моќен, што не зависи од него, тогаш тој се однесува спрема него така, што стопанот на тој предмет претставува друг, туѓ, непријателски, моќен, од него независен човек. Ако тој се однесува спрема својата сопствена дејност како спрема неслободна дејност, тогаш тој се однесува спрема неа како спрема дејност што му служи на друг човек, што му е потчинета, подложена на неговата принуда и јарем.

Секое самоотуѓување на човекот од себе и од природата се пројавува во тој однос спрема други, од него различни луѓе, во кој тој се поставува самиот себе и природата. Ете зошто религиозното самоотуѓување тука неминовно се пројавува во односот на мирјанинот спрема свештеникот, или — бидејќи тука се работи за интелектуален свет — исто така спрема некој посредник итн. Во практичниот реален свет самоотуѓувањето може да се пројавува само преку практичниот реален однос спрема други луѓе. Тоа средство, со чија помош станува отуѓувањето, самото е практично средство. На тој начин преку отуѓувањето на трудот човекот го породува не само својот однос спрема предметот и актот на производството како спрема туѓи и нему непријателски сили, — тој исто така го породува и односот во кој другите луѓе се наоѓаат спрема неговото производство и неговиот производ, а подеднакво и оној однос во кој самиот тој се наоѓа спрема тие други луѓе. Како што тој ја претвора својата сопствена производствена дејност во свое исклучување од стварноста, во казна на себе, а својот сопствен производ го губи, станува производ што не му припаѓа нему, така тој ја породува власта на оној што не произведува — над производството и над продуктот. Отуѓувајќи ја од себе својата сопствена дејност, тој му овозможува на туѓ човек присвојување на дејност што не му припаѓа.

Досега ние го разгледувавме тој однос само од страна на работникот; подоцна ќе го разгледаме него и од страна на не-работникот.

Значи, преку отуѓениот, самоотуѓениот труд, работникот породува однос спрема тој труд, на човек што му е туѓ на трудот и што стои надвор од трудот. Односот на работникот спрема трудот го породува односот спрема истиот труд од капиталистот, или како и да го викаат господарот на трудот. Значи, приватната сопственост е производ, резултат, нужна последица на отуѓениот труд, надворешниот однос на работникот спрема природата и спрема самиот себе.

На тој начин поимот приватна сопственост се добива преку анализата на поимот за самоотуѓен труд, т.е. за самоотуѓениот човек, отуѓениот труд, отуѓениот живот, отуѓениот човек.

Вистина, поимот самоотуѓен труд (самоотуѓен живот) ние го добивме тргнувајќи од политичката економија како резултат на движењето на приватната сопственост. Но анализата на тој поим покажува дека, иако приватната сопственост истапува како основа и причина за самоотуѓениот труд, во стварност таа, напротив, се покажува како негова последица, слично на тоа како што боговите отпрвин не претставуваат причина, туку последица од заблудата на човечкиот разум. Подоцна тој однос се претвора во однос на меѓусебно дејство.

Дури во последниот, кулминационен стадиум од развитокот на приватната сопственост одново се покажува таа нејзина тајна: приватната сопственост, се покажува, од една страна, како производ на самоотуѓениот труд, а од друга страна, како средство за неговото самоотуѓување, реализација на тоа самоотуѓување.

Изнесените поставки веднаш ги осветлуваат различните досега нерешени колизии.

1) Политичката економија тргнува од трудот како од вистинска душа на производството и сепак таа не му дава ништо на трудот, а на приватната сопственост ѝ дава сѐ. Прудон направи од таа противречност заклучоци во полза на трудот, против приватната сопственост. Но ние гледаме дека таа привидна противречност е противречност на отуѓениот труд со самиот себе и дека политичката економија ги формулирала само законите на отуѓениот труд.

Затоа ние исто така гледаме дека надницата е идентична со приватната сопственост, бидејќи системот на надницата, каде што производот, предметот на трудот го плаќа самиот труд, е само неминовна последица од отуѓувањето на трудот: во надницата и самиот труд истапува не како самоцел, туку како слуга на заработката. Подоцна ние поподробно ќе се запреме на ова, а сега да направиме уште неколку заклучоци.

Насилното повишување на надницата (без и да се зборува за сите други тешкотии, и за тоа дека таквото повишување како аномалија би можело да се запази исто така само насилно) не би било, како што произлегува тоа од погоре изнесеното, ништо повеќе освен подобро плаќање на робот и не би го извојувало за работникот, ни за трудот нивното човечко определување и достоинство.

Дури и еднаквоста на надницата, што ја бара Прудон, би го имала само тој резултат, што би го претворила односот на денешниот работник спрема неговиот труд во однос на сите луѓе спрема трудот. Во тој случај општеството се замислува како апстрактен капиталист.

Надницата е непосредна последица на отуѓениот труд, а отуѓениот труд е непосредна причина на приватната сопственост. Затоа со паѓањето на едната страна паѓа бездруго и другата.

2) Од односот на отуѓениот труд спрема приватната сопственост произлегува понатаму дека еманципацијата на општеството од приватната сопственост итн., од ропството, се изразува во политичка форма на еманципација на работниците, при што тука не се работи само за нивната еманципација, бидејќи нивната еманципација содржи во себе општочовечка еманципација; затоа што сето ропство на човекот се содржи во односот на работникот спрема производството и сите ропски односи се само модификации и последици на тој однос.

Како што од поимот за отуѓениот, самоотуѓениот труд, ние преку анализа добивме поим за приватната сопственост, така е можно со помош на тие два фактора да се развијат сите политичко-економски категории, при што во секоја од тие категории, на пример во трговијата, конкуренцијата, капиталот, парите, ние ќе најдеме само еден или друг определен и развиен израз на тие првични основи.

Сепак пред да бидат разгледани тие категории, ние ќе се обидеме да решиме уште две задачи.

1) Да се определи општата сушност на приватната сопственост, како резултат на отуѓениот труд, во нејзиниот однос спрема вистински човечката и социјалната сопственост.

2) Ние го примивме како факт отуѓувањето на трудот, неговото самоотуѓување, и тој факт го подложивме на анализа. Прашањето е сега како дошол човекот до отуѓувањето на својот труд? Како е засновано тоа отуѓување во сушноста на човечкиот развиток? За решавањето за таа задача ние веќе сме добиле многу доколку прашањето за потеклото на приватната сопственост го сведеме на прашањето за односот на отуѓениот труд спрема текот на развитокот на човештвото. Зашто, кога се зборува за приватната сопственост, тогаш се мисли дека станува збор за нешто што е надвор од човекот. А кога се зборува за трудот, тогаш се работи непосредно за самиот човек. Таквото ново поставување на прашањето веќе го содржи неговото решение.

Кон пунктот 1: Општа сушност на приватната сопственост и нејзиниот однос спрема вистински човечката сопственост.

Отуѓениот труд се распадна кај нас на два составни дела, што меѓусебно се условуваат еден со друг, или претставуваат само различни изрази на еден и ист однос: присвојувањето, усвојувањето, истапува како отуѓување, како самоотуѓување, а отуѓувањето истапува како присвојување, како вистинско здобивање со права на граѓанство.

Ние ја разгледавме едната страна, отуѓениот труд во неговиот однос спрема самиот работник, т.е. однос на отуѓениот труд спрема самиот себе. Како производ иди нужен резултат на тој однос ние го најдовме односот на сопственоста на не-работникот спрема работникот и спрема трудот. Приватната сопственост, како материјален, резимиран израз на отуѓениот труд ги опфаќа обата тие односи: односот на работникот спрема трудот, спрема производот на својот труд и спрема не-работникот и односот на не-работникот спрема работникот и спрема производот на неговиот труд.

Видовме дека тоа присвојување на работникот, што преку трудот ја присвојува природата, се покажа како отуѓување, самодејноста — како дејност за некој друг и како божем дејност на некој друг, животниот процес се покажува како жртвување на животот, производството на предметот — како загуба на предметот што преминува во туѓа сопственост, кај туѓ човек. Сега да го разгледаме односот на тој човек, туѓ на трудот и работникот, спрема работникот, спрема трудот и спрема предметот на трудот.

Пред сѐ е неопходно да се забележи дека сѐ што фигурира кај работникот како дејност на отуѓување, самоотуѓување, кај не-работникот истапува како состојба на отуѓување, отуѓеност.

Второ, реалниот практичен однос на работникот во процесот на производството и неговиот однос спрема производот (како душевна состојба) кај не-работникот, што му противстои, истапува како теоретски однос.

Трето, не-работникот го прави против работникот сето она што работникот го прави против самиот себе, но тој не-работник не го прави против самиот себе она што го прави против работникот.

Да ги разгледаме поподробно тие три односи.[1]


Забелешки на уредникот на изданието

[1] Тука се прекинува текстот од првиот ракопис, останат незавршен.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива