Не може да се рече дека ракописот на Еверхард е некој важен историски документ. За историчарот тој е полн со грешки — не во фактите, туку во толкувањето. Кога ќе се погледне наназад преку седумте векови што поминаа откако Ејвис Еверхард го заврши својот ракопис, сите настани и нивната смисла, што биле заплеткани и нејасни за неа, нам ни стануваат јасни. Нејзе ѝ недостасуваше перспектива. Беше премногу блиску дo настаните за кои пишyваше. Уште повеќе, таа беше слеана во тие настани.
Сепак, како личен документ, ракописот на Еверхард е од непроценлива вредност. Тука повторно се јавува погрешната перспектива и изопачувањето што се должи на предрасудата на љубовта. Навистина, со насмевка ѝ проштеваме на Ејвис Еверхард за херојските редови во кои таа го изгради ликот на својот сопруг. Ние денеска знаеме дека тој не бил толку величествен и дека во настаните на своето време не се истакнал толку колку што нѐ тера ракописот да веруваме во тоа.
Знаеме дека Ернест Еверхард бил исклучително силен човек, но не толку колку што мислеше неговата сопруга. Сепак, тој беше caмo еден од огромниот број херои во светот кои ѝ ги посветија своите животи на револуцијата. Мора да се признае дека тој стори необично многу, особено во својата разработка и во толкувањето на филозофијата на работничката класа. „Пролетерска наука” и „пролетерска филозофија” — тоа беа неговите изрази за оваа филозофија. Тука тој ја покажа ограниченоста на својот дух — недостаток, меѓутоа, карактеристичен за тоа време што и никој не можеше да го избегне.
Но, да се вратиме на ракописот. Неговата посебна вредност лежи во тоа што тој го развива во нас чувството за оние страшни времиња. Никаде не наоѓаме толку жив приказ на психологијата на луѓето кои живееле во она немирно време меѓу 1912 и 1932 година — нивните недостатоци и незнаење, нивните сомневања, страхувања и погрешни сфаќања, нивните етички заблуди, нивните жестоки страсти, нивната несфатлива гадост и себичност. Тоа се работи што ние тешко можеме да ги сфатиме во денешново просветено време. Историјата ни кажува дека тие работи постоеле, а биологијата и психологијата ни кажуваат зошто постоеле; но историјата, биологијата и психологијата не ги оживуваат тие работи. Ги примаме како факти, без сочувство и без разбирање.
Меѓутоа, кога грижливо го читаме ракописот на Еверхард, почнуваме да сочувствуваме. Влегуваме во душите на актерите на таа дамнешна светска драма и додека читаме, го преживуваме она што го преживувале тие. Не само што ја разбираме љубовта на Ејвис Еверхард кон нејзиниот херој — сопругот, туку го чувствуваме, како што го чувствувал и тој, во оние први денови, нејасното и ужасно појавување на олигархијата. Чувствуваме како Железната петица (добар израз!) се спушта и го здробува човештвото.
Патем забележуваме дека тој историски израз, Железна петица, потекнува од Ернест Еверхард. Ова е, можеме да речеме, едно од спорните прашања што го разјаснува овој новопронајден документ. Пред тоа, најрано познатата употреба на овој израз се наоѓаше во брошурата „Вие, робови” од Џорџ Милфорд, објавена во декември 1912 година. Овој Џорџ Милфорд бил некој непознат агитатор за кој не се знае ништо освен еден дополнителен податок што се добива од ракописот за тоа дека тој бил стрелан за време на Чикашката комуна. Очигледно тој го чул Ернест Еверхард како го употребува овој израз во еден јавен говор, најверојатно во есента 1912 година, кога се кандидирал за пратеник во Конгресот. Од ракописот дознаваме дека Еверхард го употребил овој израз на една приватна вечера, во пролетта 1912 година. Ова е, без дискусија, првата позната околност во која олигархијата е наречена така.
За историчарите и филозофите појавата на олигархијата засекогаш ќе остане причина за скриено чудење. Другите големи историски настани имаат свое место во социјалната еволуција. Тие беа неизбежни. Нивното доаѓање можеше да се претскаже со истата онаа сигурност со која денеска астрономите ги претскажуваат последиците од движењата на ѕвездите. Без овие други историски настани, социјалната еволуција не би можела да се изведе. Примитивниот комунизам, стоковното ропство, робовското ропство и надничарското ропство беа неопходни степени во еволуцијата на општеството. Но смешно е да се тврди дека и Железната петица беше неопходен степен. Напротив, денеска таа се смета како чекор настрана, или чекор наназад кон општествените тирании што го претворија некогашниот свет во пекол, но што беа исто толку потребни колку што беше непотребна Железната петица.
Колку и да беше феудализмот мрачен, тој беше неизбежен. Што друго освен феудализмот можеше да следи по падот на големата централизирана управна машина позната како Римска империја? Со Железната петица, меѓутоа, тоа не беше така. Во редовниот тек на социјалната еволуција за неа немаше место: не беше ниту потребна, ниту неизбежна. Таа засекогаш ќе остане да биде голема историска реткост — ќуд, фантазија, сениште, нешто неочекувано, нешто несонувано; таа треба да им послужи на оние денешни непромислени политички теоретичари кои со сигурност зборуваат за социјалните процеси.
Социолозите од она време, капитализмот го сметаа за кулминација на буржоаското владеење, за зрел плод на буржоаската револуција. А денеска, ние само можеме да го поздравиме таквото сфаќање. По капитализмот ќе дојде социјализмот — така сметаа дури и интелектуалните и антагонистичките великани како Херберт Спенсер. Од гнилежот на себичниот капитализам, тврдеа, ќе никне цветот на вековите — човечкото братство. Наместо тоа, на наше вчудовидување и на сите оние кои живееја во тоа време, од капитализмот, зрел до гниење, никна оној чудовишен подник, олигархијата.
Социјалистичкото движење во почетокот на дваесеттиот век премногу доцна го насети доаѓањето на олигархијата. Поточно, кога се насети нејзиното доаѓање, таа веќе беше тука — факт потврден со крв, вчудовидувачка и ужасна реалност. Па дури ниту тогаш, како што тоа добро се гледа од ракописот на Еверхард, не се веруваше дека Железната петица ќе се одржи долго. Револуционерите мислеа дека соборувањето на Железната петица е прашање само на неколку куси години. Тие, вистина, сфатија дека селанската буна беше непланирана, и дека првата револуција порани; но не сфатија дека на втората револуција, планирана и созреана, ѝ беше судено да биде исто толку бесполезна и уште пострашно казнета.
Очигледно е дека Ејвис Еверхард го заврши својот ракопис во текот на последните денови на подготовките за втората револуција; оттука и фактот дека никаде во ракописот не се спомнува катастрофалниот исход на втората револуција. Сосем е јасно дека таа имала намера ракописот да го печати веднаш по соборувањето на Железната петица, така што нејзиниот сопруг, кој штотуку умре, да добие признание за сѐ што постигнал изложувајќи се на големи опасности. А тогаш, дојде до страшното задушување на втората револуција и веројатно таа, во моментот на опасност, пред да побегне или пред да ја фатат платениците, го скрила ракописот во шупливиот даб кај колибата Вејк Робин.
За Ејвис Еверхард нема друг запис. Без сомневање, платениците ја погубиле, а Железната петица, како што е познато, не бележеше такви погубувања. А таа дури и тогаш кога го криеше ракописот и кога се подготвуваше за бегство, и не претчувствуваше колку страшно беше скршена втората револуција. Таа не претчувствуваше ниту дека искривоколчената и заплеткана еволуција во наредните три векови ќе доведе и до трета, четврта и многу револуции, сите задушени во мориња крв, пpeд светското работничко движење да дојде до своите права. A уште помалку претчувствуваше дека прилогот на нејзината љубов кон Ернест Еверхард ќе лежи неначнат цели седум долги векови, во срцето на стариот даб кај колибата Вејк Робин.
Антон Мередит
Ардис,
27 ноември 419 година, човеково братство.