Џек Лондон
Железната петица

Глава I

Мојот орел


Тивкиот летен ветер ги поднишува џиновските дрвја, а Дивиот Поток жуберка нежно прелевајќи ги камењата обраснати во мов. Пеперутките леткаат на топлото coнцe, a отсекаде допира приспивното брмчење на пчелите. Толку е мирно и тивко, а јас седам тука и размислувам, и вознемирена сум. Овој мир ме вознемирува. Мир, чиниш, невистински. Сиот свет е мирен, но тоа е мир пpeд бура. Ги напрегам ушите и сите мои сетила да ја потчујам барем бypaтa што се заканува да се крене секој миг. Ox, caмо да не бувне прерано! Само да не бувне прерано![1]

А не е ни чудо што сум вознемирена. Мислам, мислам и не можам да престанам да мислам. Долго време сум ja чувствувала сета тегобност на животот и ceгa овој мир ме притиска и не можам a да не мислам на лудиот водовртеж на смрт и уништување што мора да избувне наскоро. Го слушам крикот на погодените; го гледам, како што го гледав и во минатото,[2] сето сакатење и обезличување на кревките и убави тела, и душите искорнати од гордите тела и фрлени кон бога. Така ние, кутрите човечки суштества, ги постигнуваме своите цели, борејќи се да донесеме вечен мир и среќа на земјата преку колежи и разурнувања.

А освен тоа јас сум и осамена. Кога не мислам на она што ќе дојде, мислам на она што било и што го нема повеќе — на мојот Орел кој со неуморни крилја удира по празниот простор, вивнувајќи се кон она што беше отсекогаш негово сонце — огнениот идеал на човековата слобода. Не можам да седам со скрстени раце и да го чекам големиот настан што е негово дело, иако тој не е тука да го види. Тој на тоа дело му ги посвети сите свои зрели години, за него го даде и својот живот. Тоа е негова рачна творба. Тој го создаде тоа.[3]

И така, еве, во ова немирно време исполнето со исчекување, јас ќе пишувам за својот сопруг. Од сите живи луѓе само јас можам да го осветлам неговиот карактер, а толку благороден карактер не може никогаш да се воспее докрај. Тој беше голема душа, и кога мојата љубов станува несебична, чувствувам голема тага што тој не е тука да ги види утрешните мугри. Не е можно да не успееме. Тој го градеше тоа премногу цврсто и сигурно. Тешко на Железната петица! Човештвото што стенка под неа, наскоро ќе ја оттурне. Кога повикот ќе одекне, ќе се кренат милиони работници од сиот свет. За слично нешто историјата не знае. Постигната е солидарност меѓу работниците, а за првпат ќе избувне меѓународна револуција, широка колку сиот свет.[4]

Ете, сета сум исполнета со она што се заканува да дојде секој момент. Тоа го преживував потполно, и дење и ноќе, со години и сега е веќе постојано во моите мисли. Затоа, кога мислам на својот сопруг, не можам а да не мислам и на тоа. Тој беше душата на тоа, па како можам да ги разделам тие две работи во своите мисли?

Како што веќе реков, само јас можам да го осветлам неговиот карактер. Добро е познато дека тој многу работеше и страдаше за слободата. Колку работеше и колку страдаше, само јас знам, зашто со него ги минав сите овие тешки дваесет години, и ја познавам неговата стрпливост, неговите неуморни напори, неговата бескрајна преданост на Делото за кое го положи својот живот само пред два месеца.

Ќе се обидам да пишувам едноставно и да раскажам како Еверхард влезе во мојот живот — како првпат го сретнав, како се издигаше тој додека и јас не станав дел од него и како предизвика огромни промени во мојот живот. На тој начин вие ќе можете да гледате во него со моите очи, да го запознаете како што го запознав и јас — во сѐ освен во работите што се само моја тајна и моја сладост за да ги раскажам.

Првпат го сретнав во февруари 1912 година кога дојде како гостин на вечерата што ја приреди татко ми[5] во нашата куќа во Беркли. Не можам да речам дека првите впечатоци што ми ги остави беа позитивни. Беше еден од многумината поканети на вечерата, а во салонот каде што бевме собрани и ги чекавме да дојдат сите, тој прилично отскокнуваше со својата појава. Беше тоа една „проповедничка вечер”, како што ја нарече татко ми меѓу нас, и на Ернест навистина не му беше местото меѓу свештениците.

На прво место, костумот не му стоеше добро. Носеше некој конфекциски костум, од темен штоф, но тој воопшто не му беше по мерка. Таа вечер, како и секогаш, набиените мускули мy се познаваа преку штофот, а палтото на грбот (caмo какви плеќи имаше!) претставуваше вистински лавиринт од стутканици. Вратот му беше боксерски,[6] дебел и јак. Значи тоа беше, си помислив социјалниот филозоф, бивш налбат, кој го беше открил татко ми. И тој навистина личеше на налбат, со тие набрекнати мускули и co врат како на бик. Веднаш го одредив — беше тоа некаков вид чудовиште, си помислив, некој Слеп Том[7] на работничката класа.

А пак кога се ракуваше со мене, цврсто ми ја стегна раката и co своите црни очи ме погледна смело — дури и премногу смело, cи помислив. Бев, знаете, творба на средината и во тоа време имав големи класни предрасуди. Таква смелост кај човек од мојата класа би била речиси непростлива. Се сеќавам, бев принудена да го спуштам погледот и просто ми oлecнa кога го оставив и појдов да се поздравам со епископот Морхаус — човек кого го ценев, благ и сериозен, на средни години, по изглед и добрина сличен на Христос и научник.

Но таа смелост што јас ја сфатив како дрскост беше битна нишка во природата на Ернест Еверхард. Беше едноставен, непосреден, не се плашеше од ништо и не сакаше да си го губи времето на конвенционални пресилености. „Ти ми се допадна,” ми објасни многу подоцна, „и зошто не би го гледал она што ми се допаѓа?” Реков дека тој не се плашеше од ништо. Беше аристократ по природа — наспроти фактот што се наоѓаше во таборот на не-аристократи. Беше натчовек, бестија со руси коси, онаква каква што ја беше опишал Ниче,[8] а кон сето тоа — и запален демократ.

Зафатена со пресретнувањето на другите гости, а и поради неповолниот впечаток, јас coceмa го заборавив филозофот на работничката класа, иако го забележав еднаш или двапати во текот на вечерата — особено светулкањето во очите додека ги слушаше говорите, ту на еден ту на друг свештеник. Расположен е, си помислив, и речиси мy простив за костумот. Но времето си минуваше, а и вечерата; тој не отвори ниеднаш уста за да каже нешто; свештениците без престанок говореа за работничката класа и за нејзиниот однос cпpeмa црквата како и за тоа што направила црквата и што прави сѐ уште за работничката класа. Забележав дека татко ми се лутеше што Ернест не зборува. Во еден момент татко ми ја искористи тишината и го замоли да каже нешто. Тој caмo ги крена рамениците и со едно „Немам што да кажам” продолжи да јаде солени бадеми.

Но татко ми не дозволи да го одбијат. По извесно време рече:

„Меѓу нас, тука, се наоѓа припадник на работничката класа. Сигурен сум дека тој може да ни ги прикаже работите од еден нов аспект, интересен и освежувачки. Мислам на господинот Еверхард.”

Другите се заинтересираа љубезно и навалија на Ернест да ги изложи своите погледи. Нивниот став спрема него беше широко толерантен и љубезен, просто снисходлив. Видов дека Ернест го забележа тоа, дури и се радуваше. Полека кружеше со погледот, а во очите му видов блескот на смеа.

„Не сум вешт во обноските на теолошките дискусии,” почна тој, а потоа подзастана, скромно и нерешително.

„Продолжете,” навалуваа другите, а д-р Хемерфилд рече: „Ние немаме ништо против вистината што ја кажува било кој. Ако е искрена,” се поправи тој.

„Па значи вие ја одделувате искреноста од вистината?” живо се насмеа Ернест.

Д-р Хемерфилд воздивна и успеа да одговори: „И најдобриот меѓу нас може да згреши, момче, и најдобриот.”

Држењето на Ернест се промени моментално. Стана друг човек.

„Тогаш, добро,” одговори тој „дозволете ми уште на самиот почеток да ви кажам дека сите вие грешите. Вие не знаете ништо и уште помалку од ништо за работничката класа. Вашата социологија е порочна и безвредна колку што е и вашиот начин на размислување.”

Не беше многу важно што зборуваше, туку како зборуваше. Се стресов од првиот звук на неговиот глас. Гласот му беше смел како и погледот. Затреперив небаре чув противен звук на труба. И сите крај масата се стресоа, живнаа од едноличноста и дремливоста.

„Што е тоа толку порочно и безвредно во нашиот начин на размислување, момче?” праша д-р Хемерфилд, а во неговиот глас и во начинот на кој тој проговори веќе имаше нешто непријатно.

„Вие сте метафизичари. Со метафизиката вие можете да докажете сѐ, а кога е така, тогаш и секој метафизичар, на свое сопствено задоволство, може да докаже дека ниеден друг метафизичар нема право. Вие сте анархисти во царството на мислите. И чукнати творци на светов. Секој од вас живее во свет што си го создал самиот од своите фантазии и желби. Вие не го познавате реалниот свет и за вашето размислување нема место во тој реален свет, освен како феномен на ментално скршнување.”

„Знаете ли на што ме потсетивте додека седев крај масата и слушав како зборувате и само зборувате? Ме потсетивте на средновековните схоластичари кои сериозно и учено расправале за многу интересното прашање, имено, колку ангели би можеле да танцуваат на врвот на една игла. Слушајте, мои драги господа, од интелектуалниот живот на дваесеттиот век вие сте исто толку далеку колку и некој индијански надрилекар кој пред десет илјади години баел по предисториските шуми.”

Додека Ернест зборуваше, изгледаше како да го беше зафатила прекрасна страст; образите му гореа, очите му поигруваа и светкаа, а брадата и вилиците му оддаваа агресивност. Но тоа беше само негов стил што ги возбудуваше луѓето секогаш. Начинот на кој тој напаѓаше, небаре со чекан здробуваше, секогаш ги фрлаше луѓето во самозаборав. Тие и сега се самозабораваа. Епископот се навали нанапред и слушаше внимателно. На лицето на д-р Хемерфилд се читаше гнев и лутина. И другите беа разгневени, а некои пак се насмевнуваа надмоќно небаре сето тоа само ги забавуваше. Што се однесува до мене, сето тоа ми изгледаше многу пријатно. Фрлив поглед накај татко ми и се исплашив да не би да се раскикоти поради дејството на оваа бомба од човек што поради негова вина падна меѓу нас.

„Се изразувате мошне неодредено,” го прекина д-р Хемерфилд. „Бидете прецизен и кажете ни што мислите кога не наречувате метафизичари?”

„Ве наречувам метафизичари зашто расудувате метафизички”, продолжи Ернест. „Вашиот начин на размислување е спротивен на научниот. Вашите заклучоци немаат вредност. Можете да докажете сѐ и ништо, а ниту двајца од вас не можат во ништо да се согласат. Секој од вас се вовлекува во сопствената свест за да се објасни себеси и светот. А да се објасни свест со свест тоа е исто како да се поткреваш на потпетиците на своите сопствени чевли.”

„Не разбирам,” рече епископот Морхаус. „Мене ми се чини дека сите нешта на духот се метафизички. Најегзактната и најубедливата од сите науки, математиката, е чиста метафизика. Секој одделен мисловен процес кај човек кој расудува научно е метафизички. Сигурно, ќе се согласите со мене?”

„Како што и самиот рековте, вие не разбирате,” одговори Ернест. „Метафизичарот расудува дедуктивно поаѓајќи од својата сопствена субјективност. Научникот расудува индуктивно поаѓајќи од фактите на искуството. Метафизичарот расудува поаѓајќи од теоријата кон фактите, а научникот — од фактите кон теоријата. Метафизичарот го објаснува светот преку себе, а научникот - себеси преку светот.”

„Фала му на господа што не сме научници,” промрморе д-р Хемерфилд самозадоволно.

„Па, што сте тогаш?” праша Ернест.

„Филозофи.”

„Значи, така,” се насмеа Ернест. „Ја оставивте реалната и цврста земја, па сега летате на зборовите како на летачки машини. Ве молам, вратете се на земјата и кажете ми што точно подразбирате под филозофија.”

„Филозофијата е...,” д-р Хемерфилд подзастана прочистувајќи си го грлото, „... нешто што не може никому да му се објасни сеопфатно, освен на луѓе, кои по дух и по темперамент се филозофи. Ограничениот научник воврен постојано со носот во епрувета не може да ја разбере филозофијата.”

Ернест не обрна внимание на овој удар. Негов стил беше секогаш да мy врати на противникот, а тоа го стори и сега, зборувајќи со љубезен израз на лицето и со љубезен тон.

„Тогаш, вие несомнено ќе ја разберете мојата дефиниција за филозофијата. Но пред да го сторам тоа, ве повикувам да укажете на нејзините недостатоци или да останете нем метафизичар. Филозофијата е само најширока од сите науки. Нејзиниот метод на расудување е ист како и на секоја друга наука и како на сите други науки. А со помошта на тој ист метод на расудување, индуктивниот, таа ги спојува сите поединечни науки во една голема наука. Како што вели Спенсер, податоците на секоја поединечна наука се делумно унифицирано знаење. Филозофијата го обединува знаењето за кое придонеле сите науки. Филозофијата е наука на науките, главната наука, ако сакате. Како ви се допаѓа мојава дефиниција?”

„Секоја чест, секоја чест,” одвај промрморе д-р Хемерфилд.

Но Ернест беше безмилосен.

„Запомнете,” ги предупреди, „мојата дефиниција е кобна за метафизиката. Ако сега не укажете на нејзините недостатоци, после ве лишувам од правото да изнесувате метафизички аргументи. Низ животот морате да врвите барајќи ги тие недостатоци и метафизички да молчите додека не ги пронајдете.”

Ернест причека. Тишината беше мачна. Д-р Хемерфилд чувствуваше тегобност. Беше и збунет. Нападот на Ернест, небаре со тежок чекан, го растрои. Не беше навикнат на едноставниот и непосреден начин на дискутирање. Кружеше со погледот околу масата барајќи помош, но никој не одговори наместо него. Го забележав татко ми како се клешти, криејќи се со салветата.

„Постои и друг начин да се дисквалификуваат метафизичарите,“ рече Ернест откако дочека поразот на д-р Хемерфилд да биде целосен. „Нека им се суди според делата. Што сториле тие за човештвото освен што испреле воздушести претстави и што си вообразувале дека нивните сенки се божества? Признавам, тие придонеле да се забавува човештвото, но каква опиплива добрина сториле за него? Филозофирале, ако ме извините што го злоупотребувам тој збор, за срцето како седиште на емоциите, a научниците го формулирале крвотокот. Рецитирале за гладот и за чумата како за божји казни, а научниците граделе амбари и спроведувале канализација по градовите. Создавале богови според своите ликови и желби, а научниците граделе патишта и мостови. Ја опишувале земјата како средиште на светот; а научниците ја откривале Америка и го истражувале просторот за да ги проучат ѕвездите и нивните закони. Накусо, метафизичарите не сториле ништо за човештвото, апсолутно ништо. Науката напредувала чекор по чекор и ги истиснувала нив. Co иста брзина со која научно утврдените факти ги соборија нивните субјективни објаснувања на нештата, тие смислија нови субјективни објаснувања на нештата, вклучувајќи ги и објаснувањата на најновите утврдени факти. И така тие, во тоа и не се сомневам, ќе продолжат докрај. Господа, метафизичарот е надрилекар. Разликата помеѓу вас и Ескимот, кој создава бог облекувајќи го во крзно и хранејќи го со китова маст, е само разлика во неколку илјади години утврдени факти. Тоа е сѐ.”

„Сепак, Аристотеловата филозофија владеела во Европа дванаесет векови,” надуено изјави д-р Белингфорд. „А Аристотел бил метафизичар.”

Д-р Белингфорд со погледот мина по мacaтa: неговите зборови беа наградени со кимање на главите и насмевки во знак на одобрување.

„Вашиот пример е најнесреќно избран,”, одговори Ернест. „Вие се повикувате на еден многу мрачен период во човековата историја. Всушност, ние тој период и го наречуваме Мрачно доба. Период во кој метафизичарите ја силувале науката, период во кој физиката се претворила во барање на каменот на мудроста, период во кој хемијата се претворила во алхемија, а астрономијата — во астрологија. Бедна доминација на Аристотеловата филозофија!“

Д-р Белингфорд изгледаше некако смрачен, но наеднаш се разведри и рече:

„Ја примаме оваа страшна слика што ja нацртавте, но сепак на метафизиката морате да ѝ ја признаете онаа внатрешна моќ со која таа го извлече човештвото од тој мрачен период во светлината на наредните столетија.”

„Метафизиката немала никаква врска со тоа,” одговори Ернест.

„Што?” викна д-р Хемерфилд. „Зар размислувањата и спекулациите не доведоа до патувања, а патувањата до откритија?”

„Ах, драги мој господине,” се насмеа Ернест, „мислев дека го изгубивте правото на глас. Вие сѐ уште не сте ја нашле грешката во мојата дефиниција за филозофијата. Сега сте на стаклени нозе. Но тоа е стилот на метафизичарот и јас ви проштевам. Не, повторувам, метафизиката немала никаква врска со тоа. Лебот, свилите и скапоценото камење, доларите и центите, и патем, затворањето на сувоземните трговски патишта за Индија — тоа биле причините за патувањата и откритијата. Со падот на Цариград, во 1453 година, Турците им го затвориле патот на караваните за Индија. Европските трговци морале да пронајдат друг пат. Тоа е првобитната причина за патувањата и за откритијата. Колумбо пловеше за да пронајде нов пат за Индија. Така стои во сите учебници по историја. Патем се дознале нови факти за природата, големината и формата на земјата, а Птоломеевиот систем почнал да гасне.”

Д-р Хемерфилд фркна.

„Не се согласувате со мене?” праша Ернест. „Тогаш, во што немам право?”

„Можам само да го потврдам својот став,” зајадливо одговори д-р Хемерфилд. „Тоа е премногу долга приказна за да започнам сега да ја раскажувам.”

„Ниедна приказна не е премногу долга за еден научник,” рече Ернест љубезно. „Затоа научникот стасува секаде. Затоа стасaл и до Америка.”

Нема да ја опишувам целата вечер, иако ми причинува радост да си припомнувам на секој момент, на секоја подробност од тие први часови кога го запознав Ернест Еверхард.

Беснееше величествена битка, а свештениците се вцрвуваа и возбудуваа особено во моментите кога Ернест ги нарекуваше романтични филозофи, илузионисти и слично. И постојано ги враќаше на факти. „Факт, човеку, несоборлив факт!” ќе извикнеше победнички кога некого од нив ќе го доведеше до пораз. Беше преполн со факти. Им ставаше сопки со факти, ги напаѓаше од заседа со факти, ги бомбардираше со цели батерии факти.

„Се чини дека го обожавате богот на фактите?” го задеваше д-р Хемерфилд.

„Нема господ, туку факт, а господин Еверхард е негов пророк,” објасни д-р Белингфорд.

Ернест го прими тоа насмевнувајќи се, без да се противстави.

„Јас сум како оној човек од Тексас,” рече тој. А кога присутните го замолија да им го објасни тоа, тој продолжи: „Знаете, човекот од Мисури секогаш вели: дај да видам; човекот од Тексас вели: дај да фатам. По тоа се гледа дека тој не е метафизичар.”

Во еден друг момент, кога Ернест тукушто рече дека метафизичките филозофи не можат никогаш да ја издржат пробата на вистината; д-р Хемерфилд праша наеднаш:

„А што е тоа проба на вистината, момче? Ќе бидете ли љубезен да ни го објасните она што толку долгу ги збунувало и главите помудри од вашата?”

„Секако,” одговори Ернест. Неговата самоувереност ги лутеше. „Тие мудри глави силно ги збунувала вистината зашто ја барале в облаци. Да чекореле по цврстата земја, лесно би ја нашле — да, би сфатиле дека, всушност, тие самите ја пробале вистината со секое практично дело и мисла во својот живот.”

„Пробата, пробата”, нестрпливо повторуваше д-р Хемерфилд. „Без воведи. Дајте ни го она што толку долго го баравме — пробата на вистината. Дајте ни го и ние ќе бидеме како богови.”

Во неговите зборови и во држењето имаше извесна неучтивост и потсмевлив скептицизам што им годеше потајно на повеќемина крај масата, иако пак се чинеше дека го загрижува епископот Морхаус.

„Д-р Јордан[9] го изложи тоа прилично јасно,” рече Ернест. „Неговата проба на вистината е: дали таа дејствува? Дали би си го дале и животот за неа?”

„Пих!” се потсмевна д-р Хемерфилд. „Вие го превидовте епископот Беркли.[10] Нему никој не му приговорил никогаш.”

„Најблагодарниот од сите метафизичари,” се насмеа Ернест. „Но избравте лош пример. Како што потврди и самиот Беркли, неговата метафизика не дејствувала.”

Д-р Хемерфилд се налути, вистински се налути. Изгледаше како да го фатил Ернеста во кражба или во лага.

„Момче,” викна тој гласно, „таа ваша изјава вреди исто толку колку и сето она што го рековте вечерва. Тоа е ниско и непроверено тврдење.”

„Сосема ме сотревте,” кротко промрмори Ернест. „Само не знам што е она што ме сотре. Морате да ми го дадете да го фатам, докторе.”

„Ќе ви го дадам, ќе ви го дадам,” избувна д-р Хемерфилд. „Од каде знаете дека епископот Беркли докажал дека неговата метафизика не дејствува? Немате докази. Таа отсекогаш дејствувала.”

„Како доказ дека Берклиевата метафизика не дејствувала го сметам тоа што...” — Ернест мирно запре за момент, „Беркли излегувал секогаш низ врата наместо низ ѕид. Тоа што сиот свој живот го поминал на насушен леб и печено мeco. Што се бричел со брич што функционирал затоа што со него ги отстранувал влакната од лицето.”

„Но тоа се конкретни нешта!” викна д-р Хемерфилд. „Метафизиката е нешто духовно.”

„И дејствува — во духот?” тивко праша Ернест. Д-р Хемерфилд кимна со главата.

„Па дури и множество ангели можат да танцуваат на врвот на иглата — во духот,” замислено продолжи Ернест. „И богот што е облечен во крзно и се храни со китова маст може да постои и да дејствува — во духот. Претпоставувам, докторе, вие живеете во духот?”

„Мојот дух е мое царство,” гласеше одговорот.

„Тоа вие само со други зборови велите дека живеете в облаци. Не, сигурен сум дека се враќате на земјата кога е време за јадење или кога има земјотрес. Или, кажете ми, докторе, зар не се плашите за време на земјотрес некоја нематеријална тула да не го погоди вашето нематеријално тело?“

Наеднаш, сосема несвесно, д-р Хемерфилд ја крена раката накај главата каде, под косата, се криеше лузна. Се случи Ернест не сакајќи да нагази на згоден пример. За време на големиот земјотрес,[11] д-р Хемерфилд замалку ќе го отепал оџак што се срушил. Сите гласно се насмеаја.

„Значи?” праша Ернест кога веселото расположение стивна. „Барам противдокази.” И во тишината повторно праша: „Значи?” Потоа додаде: „Сепак добро, но аргументите ви се слаби.”

Д-р Хемерфилд беше за момент победен, а битката беснееше и понатаму во сите правци. Точка по точка, Ернест ги предизвикуваше свештениците. Кога тие ќе тврдеа дека ја познаваат работничката класа, тој ќе им ги кажеше основните вистини за неа што тие не ги знаеја, а потем ќе ги повикаше да ги негираат тие вистини. Им даваше факти, секогаш факти, ги запираше нивните прошетки во облаците и ги враќаше на цврстата земја и на нејзините факти.

Колку убаво се сеќавам на таа сцена. Како сега да го слушам, со оној воинствен тон во гласот како ги камшикува со факти, а секој факт како удар од камшик што пече ли пече. И беше безмилосен. Ниту примаше, ниту даваше милост.[12] Никогаш нема да ја заборавам острата критика што им ја упати на крајот:

„Вечерва повеќепати покажавте, признавајќи отворено и кажувајќи невистини, дека не ја познавате работничката класа. Но вие не сте виновни за тоа. Па како воопшто можете да ја познавате работничката класа? Вие не живеете во исто место со работничката класа. Вие со капиталистичката класа сте едно стадо и живеете на друго место. А зошто да не? Капиталистичката класа е онаа која ве плаќа, која ве храни, која ви ги покрива плеќите со овие алишта во кои сте вечерва, а како надомест на тоа, вие на своите работодавци им проповедате срамна метафизика што ним особено им одговара; таа срамна метафизика им одговара зашто не го загрозува постоечкиот поредок.”

Присутните се раздвижија во знак на негодување.

„О, јас не ја оспорувам вашата искреност,” продолжи Ернест. „Вие сте искрени. Го проповедувате она во кое верувате. Во тоа е вашата сила и вредност — за капиталистичката класа. Но ако својата вера ја измените во нешто што го загрозува постоечкиот поредок, вашата проповед би била неприфатлива за вашите работодавци и вие би биле отпуштени од работа. Секој час ве отпуштаат.[13] Не сум ли во право?”

Овојпат немаше негодување. Седеа немо, молчаливо признавајќи, освен д-р Хемерфилд кој рече:

„Кога мислат погрешно, тогаш од нив се бара да ја напуштат работата.”

„Што, инаку, значи: кога нивното мислење е неприфатливо,” одговори Ернест, а потоа продолжи: „И затоа ви велам, продолжете да проповедате така и да си го заработувате лебот, но живи господ, оставете ја работничката класа намира. Вие му припаѓате на непријателскиот табор. Немате ништо заедничко со работничката класа. Рацете ви се меки зашто други работат за вас. Стомаците ви се заоблени од многу јадење.” (При овие зборови, д-р Белингфорд се сепна, а погледите на сите се вперија во неговиот огромен мев. Се зборуваше дека одамна не си ги видел стопалата.) „А главите ви се полни со доктрини што се потпорен столб на постоечкиот поредок. Вие сте платеници (признавам, искрени платеници) какви што биле и војниците на швајцарската гарда.[14] Бидете му верни на својот леб и на својата плата; со своите проповеди, заштитувајте ги интересите на своите работодавци, но не спуштајте се кај работничката класа и не служете ѝ како лажни водачи. Не можете чесно да им служите на два табopa. Работничката класа постоеше без вас. Таа, верувајте ми, и ќе продолжи да постои без вас. И нешто повеќе, на работничката класа ѝ е подобро без вас, одошто со вас.”


Забелешки

[1] Втората револуција беше, главно, дело на Ернест Еверхард, иако, се разбира, тој соработуваше и со европските водачи. Апсењето и тајното погубување на Еверхард беше голем настан во пролетта 1923 година. Сепак, револуцијата ја беше подготвил така темелно, што неговите другари-заговорници можеа да ги изведат неговите планови без многу збрки и одлагања. По неговата смрт, неговата сопруга замина да живее во колибата Вејк Робин, во Сономските Планини во Калифорнија.

[2] Без сомнение, мисли на Чикашката комуна.

[3] Секоја чест на Ејвис Еверхард, но мора да се истакне дека Ернест Еверхард беше само од многумината способни водачи кои ја испланираа Втората револуција. И ние, денес, кога фрламе поглед назад на вековите, мораме да речеме со сигурност дека Втората револуција нема да завршеше помалку трагично дури и ако тој беше жив.

[4] Втората револуција беше, навистина, меѓународна. Таа беше грандиозен план — премногу грандиозен за да го смисли генијот само на еден човек. Работниците во сите олигархии во светот беа подготвени да се кренат на дадениот знак. Германија, Италија, Франција и цела Австралија беа работнички земји — социјалистички земји. Тие беа спремни да ѝ помогнат на револуцијата. Тие го сторија тоа храбро. Затоа, кога беше задушена Втората револуција, обединетите олигархии на светот ги задушија и нив, заменувајќи ги социјалистичките влади со олигархиски.

[5] Џон Канингем, таткото на Ејвис Еверхард, беше професор на државниот универзитет во Беркли, Калифорнија. По професија беше физичар, но вршеше и многу оригинални истражувања, поради што особено се истакнуваше и како научник. Негов главен придонес за науката беа неговите студии за електронот, како и неговото монументално дело „Идентификација на материјата и енергијата” во кое, надминувајќи секакво извитоперување на аргументите, и за вечни времиња, утвpди дека крајната единица на материјата и крајната единица на енергијата се идентични. Оваа идеја беше изнесена и порано, од страна на сер Оливер Лоџ и други научници од новото поле на радиоактивноста, но таа не беше демонстрирана.

[6] Во тоа време постоеше обичај мажите да се натпреваруваат за пари. Се бореа со раце. Кога едниот ќе се онесвестеше, или, пак, ќе умреше, парите ги земаше оној што ќе ја преживееше борбата.

[7] Црнец, слеп, кој во втората половина на деветнаесеттиот век беше во центарот на вниманието на светот.

[8] Фридрих Ниче, луд филозоф на деветнаесеттиот век кој ги сфати распрснатите зраци светлина на вистината, но кој сѐ до крајот на својот живот талкаше по големиот круг на човековата мисла додека не заталка во лудило.

[9] Познат педагог од крајот на деветнаесеттиот век и почетокот на дваесеттиот век; и претседател на универзитетот Стенфорд, задужбина од она време.

[10] Идеалист-монист кој долго ги збунуваше филозофите негирајќи го постоењето на материјата, но чии мудри аргументи беа конечно побиени кога новите емпириски научни факти беа филозофски докажани.

[11] Големиот земјотрес во 1906 година што го разурна Сан Франциско.

[12] Овие зборови се однесуваат на еден обичај од она време: кога на борбите на живот и смрт, победениот ќе го фрлеше оружјето, на победникот му остануваше слободно да избере дали да го убие или поштеди победениот.

[13] Во тоа време многу свештеници беа отпуштени од работа зашто проповедаа неприфатлива доктрина, особено кога нивните проповеди беа обоени со социјализам.

[14] Наемни чувари-туѓинци во дворецот на Луј XVI, крал на Франција кому народот му ја отсече главата.