Со пропаѓањето на селанските држави, исчезнаа и припадниците на Селанската партија. Ним им се судеше за велепредавство, а на нивните места дојдоа луѓе на Железната петица. Социјалистите беа во жално малцинство и знаеја дека крајот им беше близу. Конгресот и Сенатот беа празни илузии, лакрдии. За јавните прашања, се расправаше сериозно и се пресудуваше според старите форми, а всушност, сѐ што се правеше, беше според наредбите на олигархијата да им се удри печат на законска процедура.
Ернест беше во разгорот на битката кога дојде крајот. Беше тоа за време на дискусијата околу законот за помош на невработените. Тешките времиња на претходната година ја фрлија во глад огромната маса пролетаријат, а постојаните далекусежни нереди само ја дотолчуваа. Милиони луѓе гладуваа, додека олигарсите и нивните приврзаници уживаа во изобилството што им го нудеа вишоците.[88] Овие несреќници ги нарекувавме луѓе од бездната,[89] а за да се смали нивното страдање, социјалистите го воведоа законот за невработените. Но тоа не ѝ беше по волја на Железната петица. Таа се подготвуваше на свој начин да ги вработи овие милиони, но тоа не беше нашиот начин, па така таа издаде наредба нашиот закон да не биде изгласан. Ернест и неговите другари знаеја дека нивните напори се бесполезни, но беа сити од сета таа неизвесност. Сакаа да се случи нешто. Ништо не постигнуваа, најмногу на што се надеваа беше да ѝ стават крај на оваа законодавна лакрдија во која глумеа и против својата волја. Не знаеја каков ќе биде крајот, но никогаш не очекуваа да биде онаков каков што беше.
Тој ден седев во галеријата. Сите знаевме дека наскоро ќе се случи нешто ужасно. Се чувствуваше тоа во воздухот, а можеше да се види и по вооружените војници наредени во ходниците и по офицерите групирани на влезовите на самиот Конгрес. Олигархијата беше спремна да удри. Зборуваше Ернест. Тој ги опишуваше страдањата на невработените како да сакаше на некој начин да ги трогне срцата и совеста на присутните; но републиканците и демократите само му се потсмеваа и го боцкаа, а во салата завладеа бучава и неред. Ернест нагло го промени држењето.
„Не знам што би можел да речам, а тоа да влијае врз вас,” рече тој. „Вие немате души на кои може да се влијае. Ви сте безрбетни, млитави созданија. Фалбаџиски се наречувате републиканци и демократи. Не постои Републиканска партија. Не постои Демократска партија. Во Конгресов нема ниту републиканци ниту демократи. Вие сте подлизурковии и ласкавци, созданија на плутократијата. Зборувате опширно и досадно, употребувајќи излитени фрази за вашата љубов кон слободата, а всушност постојано ја носите Црвената ливреја на Железната петица.”
На овие зборови во салата одекнаа извици „Ред! Ред!” што го заглушија неговиот глас, а тој стоеше со презрителен израз на лицето додека вревата не стивна малку. Замавна со раката покажувајќи на сите нив, па свртувајќи се кон своите другари, рече:
„Слушајте како рикаат добро нахранетите ѕверови.”
Повторно завладеа урнебес. Претседателот удри по масата за да воспостави ред и со очекување догледна накај офицерите кои стоеја пред влезовите на салата. Се слушнаа извици „Бунт!”, а еден крупен дебел член на Конгресот од Њујорк почна да му вика на Ернест „Анархист!” Не беше пријатно да се види Ернест. Секој борбен нерв му потреперуваше, а во лицето личеше на животно спремно за борба, а сепак беше ладнокрвен и присебен.
„Запомнете,” рече надвикувајќи ја вревата, „онака како што сега вие му пружате милост на пролетаријатот, некој ден тој ист пролетаријат ќе ви пружа милост вам.”
Извиците „Бунт!” и „Анархист!” се слушнаа уште погласно.
„Знам дека не ќе гласате за овој закон,” продолжи Ернест. „Газдите ви наредија да гласате против него. А сепак ме наречувате анархист. Вие, кои ја уништивте власта на народот и кои бесрамно парадирате пред светот со вашиот црвен срам, вие ме наречувате анархист. Не верувам во пеколен оган ниту во пеколни маки, но во вакви моменти жалам што не верувам. Не, во вакви моменти речиси и верувам. Сигурно, мора да постои пекол, зашто не постои друго место каде би можело заслужено да бидете казнети за своите злосторства. Сѐ додека постоите вие, во вселенава мора да постои и пеколен оган.”
На влезовите дојде до раздвижување. Ернест, претседателот и сите членови на Конгресот се свртеа за да видат што се случува.
„Зошто не ги повикате внатре своите војници, господине претседателе, и не им наредите да си ја извршат својата должност,” праша Ернест. „Треба брзо да го извршат вашиот план.”
„Други планови се во тек,” беше одговорот. „Затоа се присутни војниците.”
„Нашите планови, претпоставувам,” се потсмевна Ернест. „Убиство од зад грб, или нешто слично”.
При зборот убиство повторно се крена врева. Ернест не можеше да ја надвика вревата, но остана стоејќи да чека присутните да замолчат. А потоа се случи она. Од своето место во галеријата не можев да видам ништо освен блескотот на експлозијата. Нејзиниот тресок ме заглуши и го видов Ернест како се тетерави и паѓа во густиот облак од чад, а војниците јурнаа меѓу редовите. Неговите другари беа на нозе, подвиени од гнев, спремни на секакво насилство. Но Ернест за момент се подисправи, замавна со рацете за тишина.
„Ова е заговор”, ги предупреди своите другари. „Не правете ништо, зашто инаку готови сме.”
Потоа полека падна, а војниците го фатија. Следниот момент војниците ги чистеа галериите и јас повеќе ништо не видов.
Иако ми беше сопруг, не ми дозволија да му пријдам. Кога кажав која сум, веднаш ме уапсија. Во исто време, беа уапсени сите социјалисти — членови на Конгресот, вклучувајќи го и несреќниот Симпсон кој лежеше во својот хотел болен од тифусна треска.
Им се судеше брзо и кратко. Луѓето беа однапред осудени. Чудо што и Ернест не го погубија. Тоа беше грешка на олигархијата, грешка што скапо ја чинеше. Но олигархијата во тие денови беше премногу самоуверена. Беше пијана од успехот, и не ни сонуваше дека оваа мала чета херои има толкава сила да ги разниша нејзините темели. Утре кога ќе избувне големата револуција и кога сиот свет ќе одекнува од тешките чекори на милионите, олигархијата ќе сфати, но премногу доцна, колку моќна станала таа група херои.[90]
Со оглед на тоа дека сум револуционер, една од внатрешните револуционерни редови која ги знаеше сите надежи, страхувања и тајни планови на револуционерите согласна сум да одговорам, како што многу малку тоа го можат, на обвинението дека револуционерите беа виновни за експлодирањето на бомбата во Конгресот. И можам отворено да кажам, без секакво ограничување и сомневање, дека социјалистите во Конгресот и надвор од него не ги беа вмешале прстите во тој случај. Кој ја фрли бомбата не знаеме. Но во една работа сме сосема сигурни, а тоа е дека ние не ја фрливме.
Од друга страна постојат докази што покажуваат дека за тој чин е одговорна Железната петица. Се разбира, ние не можеме да го докажеме тоа. Нашиот заклучок се засновува само врз претпоставки. Но постојат и такви факти што ние точно ги знаеме. Претседателот на Конгресот бил известен од страна на агентите на тајната полиција на владата дека социјалистите, членови на Конгресот, се подготвуваат да прибегнат кон терористичка тактика и дека тие го одредиле и денот кога ќе ја спроведат таа своја тактика. Toј ден беше токму денот на експлозијата. Поради тоа, околу зградата на американскиот конгрес беше однапред собрана војската. Со оглед на тоа дека ние не знаевме ништо за бомбата, со оглед на тоа дека всушност дојде др експлозија на бомба и со оглед на тоа дека властите однапред беа подготвени за експлозијата, единствен правилен заклучок е дека Железната петица всушност знаела за тоа. Освен тоа ние ја обвинуваме Железната петица за злосторството и за тоа дека таа го планирала и извршила тоа злосторство, со цел вината да ни ја префрли нам и така да нѐ доведе до пропаст.
Предупредувањето од претседателот се расчу и стаса до сите ливреисани луѓе на Конгресот. Додека зборуваше Ернест, тие знаеја дека ќе се случи некаков насилнички чии. Но да не им сториме неправда, зашто тие искрено веруваа дека тој чин ќе биде извршен од страна на социјалистите. За време на судењето, сѐ уште така искрено верувајќи неколкумина од нив сведочеа дека го виделе Ернест како се подготвува да ја фрли бомбата, но дека таа експлодирала прерано. Се разбира тие не виделе ништо. Во својот трескавичен страв тие мислеа дека виделе и тоа беше cѐ.
На судењето Ернест рече: „Логично ли е, ако сум имал намера да фрлам бомба, дека би ја избрал онаква слаба, мала жапка, каква што беше фрлена? Во неа немаше доволно барут. Се крена многу чад, но не повреди никого освен мене. Таа експлодира точно крај моите нозе, па сепак не ме уби. Верувајте ми, кога ќе дојде до тоа јас да фрлам бомби, тоа ќе бидат бомби што ќе причинат големи штети. Во моите бомби ќе има и нешто друго освен чад”.
Како одговор на тоа, обвинението тврдеше дека слабоста на бомбата била грешка на социјалистите, како што и нејзината прерана експлозија, предизвикана од тоа што Ернест ги изгубил нервите и таа му се испуштила од раце, е исто така грешка. А за да го поткрепат ова свое тврдење, повеќето од членови на Конгресот сведочеа дека го виделе Ернест како неспретно ракува со бомбата, а потоа му се испуштила од раце.
Што се однесува до нас, никој не знаеше како беше фрлена бомбата. Ернест ми рече дека во дел од секундата пред таа да експлодира, слушнал и видел како таа удрила крај неговите нозе. Ова го изјави на судењето, но никој не му веруваше. Впрочем, сета работа народски речено, ни беше „наместена”! Железната петица беше решила да нѐ уништи и во тоа не можеше никој да ја спречи.
Поговорката вели: „На лагата нозете и се куси.“ Почнав да се сомневам во оваа поговорка. Изминаа деветнаесет години, и покрај нашите неуморни напори, ние не успеавме да го откриеме човекот кој, всушност, ја фрли бомбата. Несомнено тој беше агент на Железната петица, но успеал да не биде откриен. Никогаш не дознавме нешто што би ни го открил неговиот идентитет. И сега, по толку години, не останува ништо друго освен случајот да си го заземе своето место меѓу неоткриените тајни на историјата.[91]
Забелешки
[88] Истите услови владееја и во деветнаесеттиот век, за времето на британската влада во Индија. Милиони домородци умираа од глад додека нивните владетели им ги пљачкаа плодовите на нивниот труд, трошејќи ги на величествени паради и шарени лудории. Во ова просветено време, присилени сме да црвенееме поради делата на нашите предци. Имаме само една филозофска утеха. Мораме да го сфатиме капиталистичкиот стадиум во социјалната еволуција како, приближно, поранешното мајмунско време. Човекот мораше да мине низ овие фази на својот подем од калта на неразвиениот органски живот. Неизбежно беше да се залепи многу мил и кал за човекот, а тој не така лесно можеше да се исчисти од нив.
[89] Луѓето од бездната — овој израз го смисли генијалниот Х.Џ. Велс при крајот на деветнаесеттиот век. Велс беше социолог-пророк, здрав, нормален и човечен. Од неговите дела зачувани се многу извадоци, додека двете негови најголеми дела „Предвидувања” и „Постанокот на човештвото” сосема се зачувани. Велс дојде на идеја за градењето на чудесните градови (иако во своите написи ги наречуваше „градови на задоволството”), уште пред олигарсите и пред Еверхард.
[90] Ејвис Еверхард со сигурност сметаше дека нејзината приказна ќе се чита во нејзино време, па така не кажува како се завршило судењето за велепредавство. Во овој ракопис има и многу други слични пропусти што на некој начин збунуваат. Им се судеше на педесет и двајца социјалисти —конгресмени и сите беа прогласени за виновни. За чудо, ниту еден не беше осуден на смрт. Еверхард и единаесет други, меѓу кои беа Теодор Донелсон и Метју Кент, беа осудени на доживотна робија. Останатите четириесетмина беа осудени од триесет до четириесет и пет години затвор, а Артур Симпсон, за кој во ракописот се вели дека за време на експлозиите лежел болен од тифус, беше осуден само на петнаесет години затвор. Познато е дека умрел од глад во келија-самица, а суровото постапување со него се објаснува на тој начин што тој беше бескомпромисен, упорен кој ги мразеше жестоко и без такт сите луѓе кои му служеа на деспотизмот. Умре во Хавана, на Куба, каде што беа уште тројца негови другари. Четириесет и двајцата социјалисти — конгресмени беа затворени по воените тврдини и затвори распрснати по сета земја. Така, Дибоа и Вудс лежеа во Порторико, додека Еверхард и Мериведер беа сместени во Алкатаз, остров во заливот Сан Франциско, што одамна служи како воен затвор.
[91] Ејвис Еверхард би морала да живее уште многу години да би го доживеала разјаснувањето на оваа тајна. Пред помалку од сто години, и малку повеќе од шестотини години по нејзината смрт, во тајните архиви на Ватикан беше пронајдена Первезовата исповед. Можеби е добро да се каже нешто за овој мрачен документ, што, главно, е интересен само за историчарите.
Первез беше Американец со француско потекло, а во 1913 година лежеше во њујоршкиот градски затвор очекувајќи да му се суди за убиство. Од неговата исповед дознаваме дека тој не бил злосторник: бил само пргав, енергичен и чувствителен. Во еден луд настап на љубомора тој ја убил жена си — чин многу обичен за тоа време. Первез го беше обзел страв од смртта и тоа е сѐ за што опширна раскажува во својата исповед. За да се спаси од смртта, тој бил спремен да стори сѐ, а полициските агенти го подготвија убедувајќи го дека во никој случај не би можел да ја избегне пресудата за убиство од прв степен. Во она време, убиството од прв степен се сметаше за тешко злосторство. Виновниот маж или жена се поставуваа на специјално конструирана столица на смртта, и под надзор на искусен лекар, се пушташе струја што ги убиваше. Ова се нарекуваше електрокуција и беше многу популарна во она време. Дури подоцна е воведена анестезијата како начин на принудна смрт.
Овој човек, добар по срце, но со жестока анималност на површината на својата природа, лежеше в затвор и очекуваше ништо помалку туку смрт, а агентите на Железната петица го наговорија да фрли бомба во Претставничкиот дом. Во својата исповед тој јасно изјавува дека бил известен дека бомбата е слаба и дека нема никој да загине. Ова сосема се сложува со фактот дека бомбата била навистина слаба, зашто таа не го уби дури ниту Еверхарда паѓајќи токму крај неговите нозе.
Первез беше скриен во една галерија што беше затворена божем поради ремонт. Требаше да го избере моментот кога ќе ја фрли бомбата и наивно изјавува дека толку се заинтересирал за Еверхардовиот говор и онаа сеопшта врева, што речиси заборавил на својата задача.
За своето дело не само што беше ослободен, туку му беше дадена и доживотна рента. Но на оваа рента не ѝ се радуваше долго. Во 1914 година, доби реуматизам на срцето и живееше уште само три дена. Тогаш прати човек да му доведе католички поп, отец Петар Дарбем, и му се исповеда. Неговата исповед на попот му се чинеше толку важна што тој побара од Первез да ја напише и да се заколне во неа. Што потоа се случи, можеме сами да заклучиме. Документот беше веројатно толку важен што стигна дури до Рим. Морал да има силно влијание, зашто долго време беше забрануван. Со векови светот не знаеше ништо за неговото постоење. Дури во минатиот век, брилијантниот италијански научник Лорбија сосема случајно наиде на него во Ватикан.
Денес нема сомнение дека Железната петица беше одговорна за бомбата што експлодираше во Претставничкиот дом, во 1913 година. Дури и Первезовата исповед да не излезеше на видело, пак немаше да има оправдано сомнение, зашто тој настан што прати педесет и двајца конгресмени в затвор, целосно се совпаѓа со безброј други такви дела вршени од страна на олигарсите, а пред нив, од страна на капиталистите.
Класичен пример на жестоко и сурово судско убиство е убиството на невините и таканаречени Хејмаркет анархисти од Чикаго, во последната деценија на деветнаесеттиот век. Во иста категорија спаѓа и намерното запалување и уништување на капиталистичката сопственост од страна на самите капиталисти. За таквите уништувања честопати беа казнувани невини луѓе.
Во работничките нереди во првата деценија на дваесеттиот век, помеѓу капиталистите и 3ападната федерација на рударите беше применета слична ако не и покрвава тактика. Капиталистичките агенти си ја кренаа во воздух железничката станица во Инденпендес. Загинаа тринаесет луѓе, а многу повеќе беа ранети. Тогаш, капиталистите, имајќи го под своја контрола законодавниот и судски апарат на државата Колорадо, ги обвинија рударите за тоа злосторство и речиси ги осудија. Ромен, една од машите во сета оваа афера, исто како и Первез лежеше во затвор, во една друга држава, во Канзас, очекувајќи судење, кога му се приближија капиталистичките агенти. Но, за разлика од Первез, Роменовата исповед беше уште во негово време објавена.
Потоа, во овој ист период, постои и случајот на Мојер и Хејвуд, двајца силни, бестрашни работнички водачи. Едниот беше претседател, а другиот — секретар на Западната федерација на рударите. Бившиот гувернер на Ајдахо беше мистериозно убиен. Социјалистите и рударите отворено ги обвинуваа за ова убиство сопствениците на рудниците. Па сепак, газејќи го сојузниот и државниот устав, и по пат на заговор од страна на гувернерите на Ајдахо и Колорадо, Мојер и Хејвуд беа киднапирани, фрлени в затвор и обвинети за убиство. Еуген Дебс, водач на американските социјалисти, по повод овој настан рече: „Работничките водачи што не можат да се поткупат или заплашат, мора да се убијат од заседа. Единственото злосторство на Мојер и Хејвуд беше тоа што ѝ беа непоколебливо верни на работничката класа. Капиталистите ни ја опљачкаа земјата, ни ја искривоколчија нашата политика, ни го извалкаа нашето судство; и со тешки чизми нѐ изгазија, а сега се подготвуваат да ги убијат оние кои нe сакаат понизно да им се предадат на нивната брутална власт. Гувернерите на Колорадо и Ајдахо само ги извршуваат наредбите на своите газди, плутократите. Работниците против плутократите — тоа е единствениот исход. Ако плутократите го зададат првиот жесток удар, ние ќе го зададеме последниот.”