Кога дојде време Ернест и јас да заминеме за Вашингтон, татко ми не дојде со нас. Беше се заљубил во пролетерскиот живот. На нашето бедно соседство гледаше како на голема социолошка лабораторија, и, очигледно; со бескрајно воодушевување беше се зафатил со истражувањето. Беше се спријателил со работниците, и беше близок пријател и со многу семејства. Исто така се занимаваше и со многу споредни работи што му причинуваа задоволство како и научното истражување, зашто тој во нив уживаше и секогаш се враќаше дома преполн со впечатоци, не престанувајќи да зборува за своите доживувања. Беше совршен научник.
Воопшто немаше потреба тој да работи, зашто Ернест успеваше доволно да заработува со преведувањето и да се грижи за нас тројцата. Но татко ми настојуваше и понатаму да го прогонува своето привидение; меѓутоа, судејќи според работата со која се занимаваше татко ми, тоа беше некакво привидение што постојано си ја менуваше формата. Никогаш нема да ја заборавам онаа вечер кога донесе дома цела една спрема што ја носат уличните торбари — врвки за чевли и прерамки, ниту пак оној ден кога отидов до бакалницата на аголот за да направам некои покупки и го затекнав како им продава на муштериите, па и на мене. После тоа и не бев изненадена кога цела една недела работеше како точач во крчмата преку улицата. Работеше како ноќен чувар, разнесуваше компири по улиците, лепеше етикети во еден склад на конзерви, беше момок за сѐ во една фабрика за хартија, носеше вода на една група работници што работеа на една трамвајска пруга, па дури и влезе во Синдикатот на садомијачите токму пред тој да се распадне.
Што се однесува до облекувањето, мислам дека татко ми беше воодушевен од примерот на епископот, зашто и тој носеше евтина работничка кошула преку панталони со тесен ремен околу половината. Сепак, му остана една стара навика: за вечера секогаш да се облече убаво.
Со Ернест бев насекаде среќна, а татковата среќа во нашите променети услови само ја дополнуваше мојата среќа.
„Уште како момче,” велеше татко ми, „бев многу љубопитен. Сакав да знам зошто постојат и како се менуваат нештата. Ете зошто станав физичар. Животот и денеска во мене предизвикува љубопитство како во она време кога бев момче, а она поради кое животот заслужува да се живее е токму тоа љубопитство.”
Понекогаш се осмелуваше да отиде северно од Маркит Стрит, во оној кварт на продавници и театри, и таму да продава весници, да трча наваму-натаму и да свршува разни работи, да ги отвора вратите на кочиите во кои се возеше отмениот свет.
Таму, еден ден, кога ги затвораше вратите на една кочија, го сретна господинот Виксон. Таа вечер, татко му ни го раскажа случајот со огромна радост.
„Виксон ме погледна остро кога по него ја затворив вратата и промрморе, 'Види, види, по ѓаволите!' Токму така рече, 'Види, види по ѓаволите'. Во лицето се вцрве и толку се збуни што дури заборави да ми даде бакшиш. Но мора брзо да се присобра, зашто кочијата не одмина ни петнаесетина метри кога заврте и се врати.
„Слушајте, професоре,” рече, „ова е веќе премногу. Што можам да сторам за вас?”
„Ви ја затворив вратата од кочијата,” му одговорив „Како што е обичај, би можеле да ми дадете бакшиш.”
„По ѓаволите!” фркна. „Мислам на нешто поконкретно.”
„Сигурно тоа го мислеше сериозно — веројатно го гризеше неговата вкостена совест, или така нешто; така за момент, размислував сериозно.
„Лицето му беше претворено во исчекување, кога го почнав својот одговор, но требаше да му го видите кога завршив.
„Би можеле да ми ја вратите куќата!” му реков „и мојот капитал во предилниците на Сиера.”
Татко ми застана.
„А што рече тој на тоа?” прашав живо.
„Па што би можел да рече? Ништо.” Но јас реков, 'Се надевам дека сте среќен?' ме погледна чудно. „Кажете ми, среќен ли сте?” го прашав.
„Му нареди на кочијашот да тргне и си замина со пцости. И не ми даде бакшиш, а уште помалку куќата и капиталот. И така, гледаш, драга моја, кариерата на твојот татко како уличен гамен е полна со разочарувања.”
И така татко ми остана во нашиот стан на Пел Стрит, а Ернест и јас заминавме за Вашингтон. Освен постигнувањето на крајната цел, стариот поредок беше минал, а крајната цел беше поблиску одошто сонував. Спротивно на нашите очекувања, не се испречи никаква пречка што би го оневозможила преземањето на функциите во Конгресот од страната на социјалистичките членови. Сѐ се движеше глатко и му се смеев на Ернест кој на оваа глаткост гледаше како на нешто злокобно.
Своите другари-социјалисти ги затекнавме сигурни во себе и оптимистички настроени во поглед на своите сили и целите што требаа да ги постигнат. Нашите сили беа зголемени со неколкумина припадници на Селанската партија кои беа избрани во Конгресот, а заеднички подготвувавме подробна програма за она што требаше да се стори. Ернест учествуваше верно и несебично во сето тоа, иако одвреме навреме, без некоја посебна причина, не можеше да се воздржи да не рече: „Кога ќе дојде работата до барут, слушајте ми го зборов, хемиските мешавини се подобри од механичките.”
Прво, маките почнаа со припадниците на Селанската партија, во оние држави во кои тие победија на последните избори. Такви држави беа дванаесетина на број, но на избраните припадници на Селанската партија не им беше дозволено да ги преземат функциите. Луѓето кои ги држеа овие функции отпорано, одбиваа да ги отстапат. Многу едноставно: тие префрлуваа дека изборите биле спроведени незаконски и сета ситуација ја сведуваа на чист бирократизам. Припадниците на Селанската партија беа немоќни. Судовите беа последното прибежиште, а тие беа во рацете на нивните непријатели.
Тоа беше оној опасен момент. Ако се разгневат измамените припадници на Селанската партија, сѐ е изгубено. Што сѐ не правевме ние социјалистите за да ги задржиме! Ернест со денови и ноќи око не склопуваше. Големите водачи на Селанската партија ја увидоа опасноста и беа со нас до последниот човек. Но, сето тоа ништо не помогна. Олигархијата бараше насилство и пушти да дејствуваат нејзините агенти-провокатори. Без секаква дискусија агентите-провокатори беа оние кои доведоа до Селанската револуција.
Револуцијата пламна во 12 држави. Фармерите на кои им беше одземена земјата ги зазедоа клучните места во државните влади. Се разбира, ова беше противуставно и Соединетите Држави ја мобилизираа војската на бојното поле. Агентите-провокатори насекаде го подбуцнуваа народот. Овие пратеници на Железната петица се маскираа како занаетчии, фармери, полски работници. Во Секраменто, главниот град на Калифорнија, припадниците на Селанската партија успеаја да одржат ред. Но, тогаш, илјадници тајни агенти јурнаа на овој посветен град. Цели толпи што беа составени само од нив, палеа и пљачкаа згради и фабрики. Ги подбуцнуваа луѓето сѐ додека и тие не им се придружија во пљачкањето. Алкохол се делеше во сиромашните квартови во огромни количества со цел на луѓето да им ги распалат главите. А потоа, кога сѐ беше спремно, на сцената се појави војската на Соединетите Држави што всушност беше војска на Железната петица. По улиците на Секраменто, или по куќите, беа убиени единаесет илјади мажи, жени и деца. Националната влада ја презеде државната влада и така со Калифорнија сѐ беше свршено.
А тоа што се случи со Калифорнија се случуваше насекаде. Секоја држава во која беше победила Селанската партија беше свирепо опустошена и залиена со крв. Прво, неред ќе предизвикаа тајните агенти и Црните стомина, а потоа на дело стапуваше војската. По селата владееше немир и власта на разузданата толпа. Дење и ноќе чадот од запалените фарми, складишта, села, градови, го полнеше небото. Се појави и динамитот. Во воздухот се креваа железнички мостови и тунели, а возовите се уништуваа. Кутрите фармери беа масовно убивани и бесени. Но тие свирепо се одмаздуваа убивајќи многу плутократи и воени офицери. Во срцата на луѓето вриеше крв и одмазда. Редовната војска дивјачки ги убиваше фармерите како да се Индијанци. А имаше и зошто. Две илјади и осумстотини војници беа уништени во страшните верижни динамитски експлозии во Орегон, а слично, во различно време и на различни места беа уништувани цели водови војници. Така, редовната војска се бореше за својот живот како што фармерите се бореа за својот.
Што се однесува до резервната војска стапи во сила законот за резервна војска од 1903 година, па така работниците од една држава беа принудени, под заканата со смртната казна, да ги убиваат своите другари-работници во другите држави. Се разбира, во почетокот, законот за резервна војска не се применуваше така глатко. Многу офицери на резервната војска беа убиени, а многу резервисти беа погубувани според пресудата на прекиот суд. Ернестовото пророштво за судбината на господинот Ковалт и господинот Есмансен се исполни со зачудувачка точност. Обајцата беа земени во резервната војска и обајцата беа распределени да служат во казнетата експедиција што беше испратена од Калифорнија против фармерите во Мисури. Господинот Ковалт и господинот Есмансен одбија да служат. Им се судеше по кратка постапка; им беше пишано прекиот суд да им суди, а војската да ги погуби. Беа стрелани со грбовите свртени накај стрелачкиот одред.
Многу илјади луѓе побегнаа во планините за да ја избегнат службата во резервната војска. Таму тие беа ставени надвор од законот, а кога дојдоа помирни времиња беа казнети како што заслужуваа. Тоа беа сурови казни. Владата издаде соопштение до сите граѓани кои го почитуваат законот да се спуштат од планините во рок од три месеци. Кога измина тој рок, половина милион војници беа пратени насекаде по планинските предели. Немаше истрага ниту судски процеси. Каде и да се сретнеше човек, го убиваа на лице место. Војската оперираше според принципот во планините да не остане ниту еден од оние што беа ставени надвор од законот. Некои групи, држејќи јаки борбени позиции, се бореа храбро, но на крајот секој дезертер од резервната војска таа храброст го чинеше смрт.
Поконкретна лекција на народот му беше отчитана со казната изречена на резервната војска од Канзас. Големата канзаска буна се крена на почетокот на воените операции против припадниците на Селанската партија. Се побунија шест илјади резервисти. Неколку недели тие беа многу немирни и тврдоглави, па поради тоа ги држеа в логор. Но нивната отворена буна, без сомневање, беа ја забрзале агентите-провокатори.
Ноќта, на 22 април, тие се кренаа и ги убија своите офицери, од кои само неколкумина успеаја да побегнат. Ова не влегуваше во планот на Железната петица, зашто агентите-провокатори одлично ја беа свршиле својата работа. Но на Железната петица сѐ ѝ одеше од рака. Беше подготвена за буната, а убивањето на толкумина офицери само го оправда она што следеше потоа. Како маѓепсани, четиринаесет илјади војници ги опколија бунтовниците. Беа фатени во стапица. Несреќните резервисти открија дека митралезите им биле расипани и дека куршумите од заробените магацини не одговараат на нивните пушки. Истакнаа бело знаме како знак дека се предаваат, но на тоа никој не обрна внимание. Ниту еден не преживеа. Беа убиени сите шест илјади. На нив се пукаше оддалеку со гранати и шрапнели, а кога тие онака очајни, јурнаа на одредите што ги беа опколиле, беа покосени со митралези. Разговарав со еден очевидец и тој ми рече дека ниеден од резервистите не можел да им пријде на митралезите поблиску од сто и педесет метри. Земјата била покриена со трупови, а при последниот напад, коњаницата ги испогазила, и со револвери и сабји ги набила ранетите в земја.
Истовремено со уништувањето на припадниците на Селанската партија дојде и до бунт на рударите од рудниците на јаглен. Тоа беше претсмртен обид на организираните работници. Седумстотини и педесет илјади рудари стапија во штрајк. Но тие беа премногу расфрлани по сета земја за да имаат полза од својата сила. Беа поделени според областа на која ѝ припаѓаа, а потоа сосема ги дотепаа. Ова беше првиот голем лов на робови. Покок[85] стекна слава како ловец на робови но и смртна омраза од страна на пролетаријатот. Безбројни атентати беа извршени врз него, а тој, небаре имаше волшебен живот. Инаку, тој беше оној кој го воведе системот на руски паспорт меѓу рударите, па така ниту еден од нив немаше право да патува од еден во друг дел на земјата.
Во меѓувреме социјалистите цврсто се држеа. И додека припадниците на Селанската партија умираа во пламен и крв, а организираните работници беа разбивани, социјалистите чекаа мирно и ја усовршуваа својата тајна организација. Напразно припадниците на Селанската партија ни се обраќаа за помош. Едногласно се сложивме дека секаков бунт од наша страна, практично би значел самоубиство на целата револуција. Железната петица, во почетокот сѐ уште нерешителна како да постапи со сиот пролетаријат, сега виде дека работата е полесна одошто очекуваше, и не би посакала ништо повеќе од тоа уште ние да кренеме бунт. Но ние го избегнувавме тој исход и покрај тоа што и во нашата средина вриеше од агенти-провокатори. Во тие први денови, агентите на Железната петица беа уште некако неспретни во своите методи. Требаше уште многу да научат, а, во меѓувреме, нашите борбени групи ги истребуваа еден по еден. Беше тоа свирепа, крвава задача, но се боревме за своите животи и за револуцијата и непријателот моравме да го победиме со неговото сопствено оружје. Сепак, постапувавме чесно. Ниеден агент на Железната петица не беше погубуван без претходно да му се суди. Можеби грешевме, но и да грешевме, тоа се случуваше ретко. Нашите најхрабри, најборбени и најподготвувани другари заминуваа во борбените групи. Еднаш, по десет години, Ернест пресмета, врз основа на податоците што му ги дадоа водачите на борбените групи, дека просечниот живот на маж или жена откако ќе станеа членови на борбените групи, изнесувал пет години. Нашите другари од борбените групи сите беа херои; а најкарактеристично за нив беше тоа што беа против убивањето. Убиваа против својата сопствена природа но сепак ја сакаа слободата и знаеја дека за Делото никаква жртва не е преголема.[86]
Задачата што си ја поставивме пред себе, беше трикратна. Прво, истребување на тајните агенти на олигархијата од нашите редови, второ, организирање борбени групи, и, надвор од нив, општа тајна организација на револуцијата; и, трето, воведување наши сопствени агенти во секоја пора на олигархијата — во работничките касти, а особено меѓу телеграфистите, секретарите и клерот, во војската, меѓу агентите-провокатори и ловците на робови. Тоа беше бавна и опасна задача, па не ретко нашите напори беа наградувани со скап неуспех.[87]
Железната петица победи во отворената војна, а ние го теравме своето во новата војна, необична, страшна и подземна, што ја отпочнавме ние. Сѐ беше невидливо, непредвидливо, слепите се бореа против слепите, а сепак во сѐ имаше ред, цел и дисциплина. Со своите агенти продревме во сета организација на Железната петица, додека агентите на Железната петица продираа во нашата. Беше тоа мрачна и подмолна војна, преполна со сплетки, заговори, планови и противпланови. А зад сето тоа, секогаш заканувајќи се, демнееше смртта, насилна и страшна. Исчезнуваа мажи и жени, исчезнуваа најблиски и најдраги пријатели. Денеска ги гледавме, утре веќе ги немаше, никогаш повеќе не ги видувавме, а знаевме дека се убиени.
Никаде немаше сигурност и доверба. Можеби човекот, кој крои планови со нас и кого сите го знаеме, е агент на Железната петица. Со своите тајни агенти ја поткопувавме организацијата на Железната петица, а пак Железната петица поткопуваше со своите тајни агенти во својата сопствена организација. А истото се случуваше и во нашата организација. И покрај отсуството на секаква сигурност и доверба, бевме принудени секој свој напор да го засноваме на сигурност и доверба. Честопати бевме измамувани. Луѓето беа малодушни. Железната петица можеше да понуди пари, одмор, радости и задоволство, што стоеја на располагање во прекрасните градови. Ние не можевме да понудиме ништо освен сатисфакција дека му служиш верно на еден благороден идеал. А што се однесува до останатото, за оние кои беа верни, награда беше постојаната опасност, мачењето и смртта.
Како што реков, луѓето беа малодушни, и поради таа нивна малодушност бевме принудени да ги наградиме со само уште една награда што беше во нашите можности. Со смрт. Против нашата волја моравме да ги казнуваме нашите предавници. За секој човек што ќе нѐ предадеше, праќавме од еден до дваесетмина верни одмаздници да го следат. Можеби не успевавме да ги извршиме пресудите против нашите непријатели, како што беа, на пример, приврзаниците на Покок, но единственото нешто во кое не можеше да си дозволиме да не успееме беше казнувањето на нашите сопствени предавници. Нашите дpyгapи, со наша дозвола, се претвораа во предавници за да успеат да дојдат во прекрасните градови и таму да ја извршат пресудата над вистинските предавници. Всушност, се направивме себеси толку ужасни, што стана поопасно да нѐ издаде некој одошто да ни остане верен.
Револуцијата во голема мера прими религиозен карактер. Паѓавме на коленици пред олтарот на револуцијата, олтар што беше олтар на слободата. Тоа беше оној божествен блесок што нѐ проникнуваше. Мажи и жени си ги даваа животите за Делото, а новородените свечено ги врзуваа за него како што некогаш ги врзувавме за службата на бога. Ние го љубевме човештвото.
Забелешки
[85] Алберт Покок, еден друг злогласен штрајкбрехер од поранешните години, кој сѐ до својата смрт ги држеше успешно во потчинетост рударите во рудниците на јаглен. Него го наследи неговиот син Луј Покок; оваа позната династија поробувачи на робови владееше со рудниците на јаглен цели пет генерации. Постариот Покок, познат како Покок I, вака е опишан: „Долга, тесна глава обвиткана со костевливо-сива коса, со испупчени јаготки и развиена долна вилица... со бледо лице, сиви очи без сјај, метален глас и лигаво држење.” Потекнува од сиромашно семејство, а кариерата ја почна како крчмар. Потоа стана приватен детектив на една трамвајска корпорација и постепено прерасна во професионален штрајкбрехер. Покок V, последниот од оваа династија, беше убиен со бомба во една станица за црпење вода, за време на еден мал бунт на рударите на територијата на Индијана. Ова се случи во 2073 година според Христијанското сметање.
[86] Овие борбени групи донекаде беа формирани по примерот на борбената организација на Руската револуција и успеаја да се одржат, и покрај постојаните напори на Железната петица, три века од нејзиното постоење. Составени од мажи и жени понесени од возвишената цел и не плашејќи се да умрат, борбените групи вршеа огромно влијание и ја ублажуваа дивјачката бруталност на владејачката класа. Нивната работа не се ограничуваше само на невидливата војна со тајните агенти на олигархиите. И самите олигарси беа присилени да ги слушаат наредбите на групите, и честопати, кога ќе откажеа послушност, беа казнувани со смрт — истото се случуваше и со потчинетите на олигарсите, со офицерите на војската и водачите на работничките касти. Овие организирани одмаздници изречуваа строги пресуди, но многу повпечатлив беше нивниот ладнокрвен и непристрасен метод. Немаше нагли пресуди. Кога некој човек ќе беше фатен, нему праведно му се судеше и му се даваше можност да се брани. По пoтpeбa, на многумина им се судеше преку застапник, како во случајот на генерал Ламптон. Ова се случи во 2138 година. Веројатно, тој беше најкрвожедниот и најпоганиот од сите платеници кој воопшто ѝ служеле на Железната петица; борбените групи го известија дека тие му суделе, нашле дека е виновен и го осудиле на смрт и тоа по три предупредувања да престане со суровите постапки спрема пролетаријатот. По донесувањето на пресудата, тој се заштитуваше на илјада начини. Минуваа години, а борбените групи се трудеа напразно да ја извршат пресудата. Другар по другар, мажи и жени, не успеваа во своите обиди да го отепаат, а олигархијата, сурово ги погубуваше. Случајот на генерал Ламптон го воведе повторно распнувањето на крст како законски метод на погубување. Но на крајот, осуденикот го пронајде неговиот извршител на казната: една стројна седумнаесетгодишна девојка, Мадлена Прованс, служеше две години во дворецот на генералот како прислужна шивачка. По ужасно и долго мачење, умре во ќелија-самица; но денес таа стои во вечна бронза во Пантеонот на братството, во прекрасниот град Серл.
[87] Ние, кои од сопственото искуство не знаеме ништо за крвопролевањата, не смееме строго да им судиме на хероите на борбените групи. Ги даваа своите животи за човештвото, за нив ниедна жртва не беше преголема, а неумоливата потреба ги присилуваше крваво да се пресметуваат во времето на крвопролевања. Борбените групи беа трн во окото на Железната петица што таа никогаш не можеше да го отстрани. Еверхард беше основоположникот на оваа необична војска, а нејзините дела и успешното одржување во текот на три века, сведочат колку само мудро ја организира и каква цврста основа постави за на неа да градат и следните генерации. Во извесен поглед, и покрај неговите економски и социолошки научни трудови и неговото дело како генерален водач во револуцијата, неговата организација на борбените групи мора да се смета како негово најголемо достигање.