Џек Лондон
Железната петица

Глава XII

Епископот


По моето венчавање, случајно се сретнав со епископот Морхаус. Но морам да ви раскажам сѐ по ред, како што се одвиваа настаните. По смелиот говор на состанокот на здружението ИПХ епископот, онака благороден по душа, попушти пред пријателскиот притисок што се вршеше врз него и замина на одмор. Но кога се врати, беше уште повеќе решен да ја проповеда пораката на Црквата. Дури и неговите верници се вчудовидија кога ја чуја неговата прва проповед сосема слична на онаа што ја изнесе на состанокот. Повторно рече, опширно и со тажни детали, дека Мамон го заменил Христа.

Сакале или не, резултатот од ова беше тој што беше пратен во приватен санаториум за душевни болести, а во весниците се појави трогателен напис за неговиот душевен слом и светоста на неговиот карактер. Во санаториумот го чуваа затворен. Бев да го посетам неколку пати, но не ме пуштија кај него. Страшно бев потресена од трагедијата на овој здрав, нормален, свесен човек, кого го здроби бруталната волја на општеството. Зашто епископот беше здрав, и чист и благороден. Како што рече Ернест, единствениот негов недостаток беа неговите неточни сфаќања на биологијата и социологијата, и заради тие неточни сфаќања не пошол по вистинскиот пат да ги исправува работите.

Она што нѐ ужасуваше, беше епископовата беспомошност. Ако продолжуваше да се застапува за вистината каква што ја гледаше тој, беше осуден на лудница. И не можеше да стори ништо. Ниту неговите пари, ниту неговата општествена положба, ниту неговата култура, ништо не можеше да го спаси. Неговите идеи беа опасни за општеството, а општеството не можеше да сфати дека такви опасни идеи можат да се родат во главата на еден здрав човек. И мене ми се чинеше дека таков беше ставот на општеството кон него.

Но, епископот покрај сета своја благородност и чистота на духот, поседуваше и извесно лукавство. Јасно ја насетуваше опасноста што му се закануваше. Сфати дека самиот се беше фатил во пајажината, и сега се обидуваше да избега. Лишен од помошта на своите пријатели, помош каква што можеше да му ја пружи татко ми, Ернест или јас, сега беше оставен да се бори сам. Во онаа насила наметната самотија во санаториумот, тој почна да закрепнува. Повторно оздраве. Неговите очи престанаа да гледаат визии, а мозокот му се прочисти од вообразувањето дека должност на општеството е да ги храни божјите јагниња.

Како што реков, здравјето му се подобри, сосема му се подобри, а весниците и верниците со радост го поздравуваа неговото враќање. Еднаш отидов во неговата црква. Проповедаше исто онака како што проповедаше долго пред неговите очи да почнат да гледаат визии. Бев разочарана, потресена. Зар општеството го доведе до таму, нему да му се потчинува? Беше ли кукавица? Зар со тепање му се заканувале за сега сѐ да негира? Или напорот беше толку голем за него што тој кротко му се предал на богот на воспоставениот поредок?

Го посетив во неговиот убав дом. Беше тажно променет. Беше некако ослабен, а на лицето имаше брчки што никогаш порано не бев му ги видела. Моето доаѓање очигледно го обеспокои. Додека разговаравме, нервозно го чепкаше ракавот, а погледот му беше немирен: туку му леташе лево-десно и насекаде, избегнувајќи да се сретне со мојот. Се чинеше како да беше преоптоварен со мисли, правеше необични паузи во текот на разговорот, нагло ја менуваше темата на разговор и, воопшто, зборуваше неврзано што сосема ме збунуваше. Зар можеше ова да е оној решителен, сталожен, човек со лика на Христос, кого што го познавав, со оние негови чисти и бистри очи и поглед цврст, непоколеблив како неговата душа? Беа го измалтретирале и заплашиле до тој степен што беше доведен до потполна потчинетост. А толку многу благородство имаше во неговиот дух! Но не и доволно моќ за да се соочи со организираната глутница волци на општеството.

Се чувствував тажна; неискажливо тажна. Тој зборуваше нејасно и толку се плашеше од тоа што би можела јас да речам, што чувствував дека немам срце да го распрашувам. Зборуваше некако отсутно за својата болест, а потоа без врска зборуваше за црквата, за тоа дека купиле нови оргули, и за незначајни милосрдни потфати, а кога си заминував, толку очигледно му олесни што, да не ми беше срцето полно со солзи, сигурно ќе се насмеев.

Кутриот мал херој! Само да знаев! Се бореше како џин, а јас тоа не го ни насетував. Сам, сосема сам, среде милиони свои познајници, ја водеше својата битка. Раскинат од ужасот што го опфаќаше при помислата да биде тргнат во лудница, а верен на вистината и правдата, тој цврсто се држеше за нив, но беше толку осамен што не се осмелуваше дури ни мене да ми верува. Беше го научил добро својот урок — премногу добро.

Но набргу разбрав. Еден ден епископот исчезна. Никому не кажа дека ќе замине, а бидејќи и по многу денови не се појави луѓето почнаа да шепотат дека во момент на неприсебност, извршил самоубиство. Овие гласови сосем стивнаа кога се дозна дека си го продал сиот свој имот — и големата куќа во градот, и вилата во Менло Парк, и сликите, и збирките па дури и семејната библиотека. Беше очигледно дека скришум раскренал и расчистил сѐ, пред да исчезне.

Ова се случуваше во времето кога и нас нѐ снајде несреќа; и сѐ додека добро не се сместивме во малиот нов дом, немавме можност навистина да се распрашаме и да се позамислиме за епископовите постапки. А потоа, наеднаш, сѐ се разјасни. Рано, една вечер, така кон квечерум, стигнав до месарницата да купам малку кременадли за да му спремам вечера на Ернест.

Токму во моментот кога излегував од месарницата, од бакалницата на аголот, веднаш до месарницата, излезе еден човек. Имав чудно чувство дека го познавам и повторно погледнав. Но човекот се сврте и брзо одмина. Имаше нешто во падот на неговите рамена и во оној раб сребрено-бела коса меѓу јаката од палтото и меката шапка што предизвика во мене нејасни спомени. Наместо да ја минам улицата, побрзав по него. Го забрзав чекорот, обидувајќи се да се оттргнам од мислите што без да сакам ми се натрупуваа во главата. Не, неможно. Не може да биде — не во овие излитени панталони, предолги и излижани на краевите.

Застанав, се насмеав во себе, и речиси се откажав од трката. Не, оние добро познати рамена и онаа сребрено бела коса не ми избледуваа од глава! И повторно побрзав. Koга го одминав, го погледнав остро, а потоа нагло се свртев и се соочив со — епископот.

Застана исто така нагло, сиот задишан. Големата книжна кеса што ја држеше во десната рака, падна на тротоарот. Таа се скина, а околу моите и неговите нозе попаѓаа и се истркалаа цела река компири. Ме гледаше изненадено и исплашено, а потоа како да премале: рамената уморно му се спуштија и длабоко воздивна.

Му подадов рака. Се поздрави со мене но раката, почувствував, му беше влажна и студена. Збунето се накашла, а челото забележав почна да му го облева пот. Беше очигледно дека е многу исплашен.

„Компирите,” промрморе, „тие се скапоцени.”

Ги собравме и пак ги ставивме во искинатата кеса, што сега внимателно ја носеше в раце. Се обидов да му кажам дека ми е мило што го сретнав, дека мора веднаш да дојде со мене дома.

„Татко ми многу ќе се израдува,” реков. „Живеам, еве, неколку чекори погоре.”

„Не можам,” рече. „Мора да си одам. Збогум.” Исплашено погледна околу себе, како да страхуваше некој да не го пронајде и беше готов да си појде.

„Кажете ми каде живеете, па ќе дојдам подоцна,” рече кога виде дека одам во чекор со него, цврсто решена да не го испуштам сега кога го пронајдов.

„Не,” му одговорив решително. „Мора да дојдете сега.”

Погледна во компирите што му се беа истуриле во едната рака, а потоа во пакетчињата што ги носеше во другата рака.

„Навистина, неможно ми е,” рече. „Простете ми што сум неучтив. Но само кога би знаеле.”

Се чинеше како да ќе се струполи, но веќе во следниот момент си дојде на себеси.

„Освен тоа и оваа храна,” продолжи тој. „Тажен случај. Страшен. Тоа е една старица. Морам веднаш да ѝ ја однесам хранава. Одвај ја чека. Морам веднаш да си одам. Разбирате. А потоа ќе се вратам. Ви ветувам.”

„Да дојдам со вас,” доброволно му се понудив. „Далеку ли е?”

Повторно воздивна длабоко и се предаде.

„Само два блока,” рече „да побрзаме”.

Под водството на еписколот го запознав малку и своето соседство. И не сонував дека во него владее таква беда и сиромаштија. Се разбира, тоа беше така зашто не се бавев со милосрдни акции. Се убедив дека Ернест имаше право кога се потсмеваше на милосрдните акции, велејќи дека тие се како ставање облоги на чир. Да се отстрани чирот, тоа беше лекот според него; дај им ги на работниците нивните производи; дајте им пензија како на ислужени војници на сите оние кои чесно остареле 'рмбајќи, и тогаш нема да има потреба од милосрдни акции. Убедена во ова, заедно работевме на подготовките на револуцијата, но не си ја трошев енергијата на ублажување на општествените зла што постојано произлегуваа од неправедниот систем.

Влегов по епископот во едно сопче, два и пол со три метри, во станот во задниот дел од една куќа, и таму најдовме една стара Германка; епископот ми рече, шеесет и четиригодишна. Се изненади кога ме виде, но љубезно кимна со главата во знак на поздрав и продолжи да ги крпи машките панталони што ѝ лежеа в скутот. Покрај неа, на подот имаше цел куп панталони. Епископот виде дека нема ниту јаглен ниту дрва за потпалување и излезе да купи.

Зедов еден чифт панталони за да видам што им прави:

„Шecт центи, госпоѓо,“ рече таа, благо кимнувајќи со главата, а потоа продолжи да крпи. Крпеше бавно, но воопшто не престануваше да крпи. Се чинеше како сета да беше претворена во глаголот „крпи”.

„За сета таа работа?” прашав. „Толку ве плаќаат? Колку време ви треба за оваа работа?”

„Да,” ми одговори „толку ми плаќаат. Шecт центи за чифт крпени пантaлони. А за секој чифт ми требаат два часа.”

„Но, шефот тоа не го знае,” додаде брзо, покажувајќи страв да не би да го вовлече шефот во неволја. „Бавно работам, имам реума во рацете. Девојките paбoтат многу побргу. Ним им треба половина од времето што го трошам јас. Шефот е добар. Ми дозволува да работам дома, зашто сум стара, а од бучавата на машината ме боли глава. Да не беше неговата добрина, ќе умрев од глад.

„Да, оние што работат во работилниците, добиваат по осум центи. Но што да се прави? Нема доволно работа за младите. Старите немаат изгледи да ја добијат. Честопати сѐ што добивам е еден чифт панталони. Понекогаш, еве како денеска, ми дадоа до вечер да закрпам осум чифта.”

Ја прашав по колку часови работи, а таа ми рече дека тоа зависи од годишното време.

„Лете, кога побарувачката е голема, работам од пет наутро до девет навечер. Но зиме, е премногу студено. Рацете се долго вкочанети. Тогаш морам да работам и до подоцна — некогаш и до полноќ.

„Да, ова беше лошо лето. Тешки времиња. Мора господ да е лут. Ова е прва работа што шефот ми ја даде да ја завршам за една недела. Навикната сум на таа работа. Крпев целиот свој живот, во старата татковина и тука, во Сан Франциско. Триесет и три години.

„Ако човек е сигурен дека може да ја плати киријата, тогаш е сѐ в ред. Газдата е многу љубезен, но киријата мора да му се плаќа. Така е и право. За оваа соба ми зема само три долари. Тоа е евтино. Но не е лесно да се наоѓаат цели три долари секој месец.“

Престана да зборува и, кимајќи со главата, продолжи да крпи.

„Вие веројатно морате да внимавате како ќе ја потрошите својата заработувачка,” реков.

Таа кимна со главата решително.

„Откако ќе ја платам киријата, и не е толку страшно. Се разбира, не можам да купам месо. А нема и млеко за кафето. Но секогаш јадам еднаш дневно, а честопати и двапати.”

Последните зборови ги изговори со гордост. Во нив се чувствуваше успех. Но додека крпеше онака молчешкум, забележав тага во нејзините пријатни очи и премаленост на усните. Погледот ѝ стана отсутен. Брзо ги избриша солзите, зашто тие ѝ го заматуваа видот, па не можеше да крпи.

„Не, гладот не е она од што човек го боли срцето,” објасни. „Човек се навикнува на гладот. Но она за што плачам, тоа е моето дете. Машината ја уби. Навистина, многу работеше, но не можам да сфатам. Беше силна. И млада — одвај четириесет, а работеше само триесет години. Започна млада, навистина, но мажот ми умре. Експлодира казанот долу во фабриката. И што требаше да правиме? Имаше десет години, но беше многу силна. Машината ја уби. Да, ја уби. Ја уби, а таа беше најбрзата работничка во работилницата. Мислев на тоа често и знам. Ете зошто не можам да работам во работилницата. Главата ме боли од машината. Секогаш ја слушам како ми вели: ‘Јас ја убив, јас ја убив’. И тоа ми го вели по цел ден. Тогаш мислам на ќерка ми и не сум во состојба да работам.”

Старите очи повторно ѝ се навлажнија и мораше да ги избрише пред да продолжи да крпи.

Слушав како епископот, подзастанувајќи, се качуваше по скалите и потоа ја отвори вратата. Каква глетка беше тоа! На плеќите носеше половина вреќа јаглен, а најодозгора, дрва за потпалка. Лицето му се беше исцрнело од јагленовата прашина, а од големиот напор потта му течеше во бразди. Го спушти товарот во аголот крај печката, а потоа си го избриша лицето со грубо свилено шамиче. Одвај им верував на своите очи. Епископот, црн како носач на јаглен, во евтина работничка кошула (едно копче ѝ фалеше под грлото) и во прекупанталони! Токму тоа беше најчудното од сѐ — тие прекупанталони, излижани на краевите, истегнати дури до петиците, а околу половината тесен, кожен ремен каков што носат работниците.

Иако на епископот му беше топло, потечените раце на кутрата старица веќе почнуваа да ѝ се грчат од студ. Пред да си појдеме, епископот ја запали печката, а јас ги излупив компирите и ставив да се варат. Дознав, со време, дека имаше уште многу случаи слични на нејзиниот, па дури и полоши, скриени некаде во чудовишната длабочина на становите во моето соседство.

Се вративме кај нас дома. Ернест беше вознемирен поради моето отсуство. Откако мина првото изненадување и поздравувањето, епископот се навали во фотелјата; ги испружи нозете, онака во оние прекупанталони, и вистински здивна, чувствувајќи се удобно. Ни рече дека ние сме први од неговите стари пријатели кои ги сретнал откако исчезнал; мора да се чувствувал страшно осамен во текот на тие неколку недели што следеле. Ни раскажуваше многу, иако повеќе ни зборуваше за радоста што ја испитувал исполнувајќи ја божјата заповед.

„Зашто сега,” рече тој, „навистина ги хранам неговите јагниња. А научив нешто важно: 'Рани душа да те слуша'. Неговите јагниња мора да се нахранат со леб, путер, компири и месо; после тоа и само после тоа, нивните духови се подготвени да примаат попречистена храна.”

Слатко ја изеде вечерата што ја зготвив. Никогаш порано, кога доаѓаше кај нас на вечера, немал таков апетит. Зборувавме за тоа и тој рече дека никогаш во својот живот не се чувствувал толку здрав како сега.

„Сега постојано одам пеш,” рече, а образите му се заруменија при помислата на она време кога се возеше во кочија, небаре тоа беше грев што не се признава така лесно.

„Затоа сега сум поздрав,” додаде брзо. „И сум многу среќен — навистина, најсреќен. Конечно сум благословен.”

Па сепак, на лицето му се читаше постојана болка, болката за светот што го прибираше кај себе. Го гледаше животот, онаков суров, а тој живот беше толку поразличен од оној што го беше научил од книгите во својата библиотека.

„А за сето тоа, вие сте виновен, момче”, му се обрати непосредно на Ернест.

Ернест се збуни и се почувствува незгодно.

„Јас, јас, ве предупредив,” пропелтечи тој.

„Но погрешно ме разбравте,” му одговори епископот. „Јас тоа ви го велам не зашто ве прекорувам, туку треба вам да ви заблагодарам што ми го покажавте патот. Од теориите за животот ме поведовте кон самиот живот. Ги тргнавте веловите од општествените промени. Бевте светлина во мојата темнина но сега, и јас ја гледам светлината. И среќен, сум, само...,” болно подзастана, а во очите му прелета страв. „Само прогонувањето. Па никому не сум му сторил зло, зошто не ме остават на мир? Но, ете, така мора да биде. Тоа е суштината на прогонувањето. Не би се противел кога месово би ми го сечеле на парчиња, или би ме палеле на клада, или кога би ме распнале со главата надолу. Она што ме плаши е лудницата. Помислете само! Јас во лудница! Одвратно! Во санаториумот видов неколку случаи. Ненормални суштества! Крвта ми се смрзнува само кога ќе помислам на тоа. И до крајот на животот да сум затворен таму, среде оние разврескани лудаци! Не! Не! Само тоа не! Само тоа не!”

Беше тажно. Рацете му се тресеа. Целото тело му трепереше и му се грчеше пред сликата што ја беше насликал. Следниот момент се смири.

„Простете”, рече едноставно. „Тоа се моите бедни нерви. А ако божјото дело води таму, нека биде така. Кој сум јас да се поплакувам?“

Додека го гледав, чувствував дека сакам да викнам: „Голем епископе! О, јунаку! Божји јунаку!”

Вечерата минуваше и ние дознавме уште многу работи од него.

„Си ја продадов куќата — или подобро да речам, куќите,” рече тој, „и сѐ друго што имав. Знаев дека сето тоа мора и да го сторам кришум, зошто инаку тие сѐ ќе ми земеа. А тоа ќе беше страшно. Овие денови честопати се чудам колку многу компири, или леб, или месо, или јаглен или дрва за потпалка можат да се купат со две или три илјади долари”. Се сврте кон Ернест. „Имате право, момче, работникот е ужасно ниско платен. Никогаш не сум работел во својот живот освен што красноречиво им се обраќав на фрисеите — мислејќи дека ја проповедам божјата порака — а сепак имав половина до милион долари. Никогаш не знаев што значи половина милион долари сѐ додека не сфатив колку компири, леб, и месо може да се купи со него. А тогаш сфатив и нешто повеќе. Сфатив дека сите тие компири, и тој леб и месо се мои, а јас не сум работел за да ги создадам. Тогаш ми стана јасно дека некој друг работел, ги создал, а потоа му ги одзеле. И кога се спуштив меѓу сиромашните, ги пронајдов оние на кои сето тоа им било одземано, и кои гладуваа и живееја во беда токму затоа што им било одземано тоа”.

Го вративме на неговата приказна.

„Парите? Ги вложив во разни банки под разни имиња. Никогаш не можат да ми ги одземат, зашто никогаш не можат да ги пронајдат. А тие пари навистина чинат. Со нив може да се купи толку многу храна. Никогаш порано не знаев за што служат парите.”

„Би сакал да имам малку пари за пропаганда,” рече Ернест желно. „Тоа толку би ни користело.”

„Мислите?” праша епископот. „Не верувам многу во политиката, всушност, се плашам дека не ја разбирам политиката.” Ернест беше многу тактичен за таквите работи. Не сакаше да го повтори она што го изнесе пред малку, иако многу добро знаеше во колку тешка положба се наоѓаше социјалистичката партија како резултат на немањето пари.

„Спијам во евтини соби под кирија,” продолжи епископот. „Но, се плашам и никогаш не останувам долго на едно место. Исто така, зедов под кирија две соби во работнички куќи што се наоѓаат во различни квартови во градов. Знам дека е тоа големо расипништво, но неопходно е. Тоа го надоместувам со тоа што делумно сам си готвам, или понекогаш се хранам во евтини кафеани. И пронајдов нешто. Тамалито[72] е многу добра особено ноќе, кога ќе застуди. Само многу е скапо. Но пронајдов кафеана каде може да добијам три за десет долари. Не е добро како во другите кафеани, но многу добро загрева.

„И така, на крај, благодарејќи ви вам, момче, си ја најдов својата работа во светот. Тоа е божјото дело.” Ме погледна трепкајќи со очите. „Ме фативте како ги хранам неговите јагниња, нели? Се разбира вие сите ќе ми ја чувате тајната.”

Зборуваше прилично безгрижно, но зад сиот тој говор се криеше вистински страв. Ни вети дека повторно ќе нѐ посети. Но една недела подоцна, во весниците прочитавме тажна вест: Епископот Морхаус го затвориле в лудница, но дека сѐ уште постои надеж да излезе. Напразно се обидувавме да го видиме, да го поставиме неговиот случај на повторно разгледување или испитување. Ниту пак можевме нешто да дознаеме за него освен изјави што постојано се повторуваа, дека постои малку надеж да оздравее.

„Христос му рекол на она момче да продаде сѐ што има,” рече Ернест горко. „Епископот ја послушал Христовата заповед и го затворија в лудница. Времињата се изменија од Христовите денови. Денес богаташот што дава сѐ што има на сиромавите, е луд. Нема што понатаму да се зборува. Општеството рекло сѐ што треба.”


Забелешки

[72] Некакво мексиканско јадење што одвреме навреме се споменува во литературата од тоа време. Се претпоставува дека било приготвувано со силни запршки. Рецепта нема.