Се разбира, Ернест беше избран во Конгресот во текот на големата социјалистичка лавина, во есента во 1912 година. Еден значаен фактор што придонесе за порастот на гласовите на социјалистите, беше поразот на Херс.[73] За плутократијата тоа беше лесна задача. Издавањето различни весници, го чинеше Херс осумнаесет милиони долари, а оваа сума па и повеќе, ја добиваше назад од средната класа на која ѝ наплатуваше за разни огласи. Изворот на неговата финансиска моќ беше потполно во средната класа. Трустовите не објавуваа огласи.[74] А за да се уништи Херс, сѐ што беше потребно да му се одземе, беа огласите.
Сѐ уште не беше истребена целата средна класа. Остана нејзиниот цврст костур; но тој немаше никаква моќ. Ситните фабриканти и ситните деловни луѓе, кои сепак преживеаја, беа препуштени на милост и немилост на плутократијата. Немаа повеќе ни економска ни политичка моќ. Кога нареди плутократијата, тие ги повлекоа своите огласи од Херсовите весници.
Херс храбро се бореше. Своите весници ги издаваше со загуба од милион и половина долари секој месец. Продолжи да издава огласи бесплатно. Плутократијата повторно донесе наредба и ситните деловни луѓе и фабриканти го преплавија со забелешки дека мора да престане да ги издава нивните стари огласи. Херс остануваше на своето. Му беа упатувани наредби. Тој и понатаму остануваше на своето. Беше осуден на шест месеци затвор за непочитување на судот и неизвршување на наредбите, а во меѓувреме банкротира поради безбројните молби за отштета. Немаше повеќе никакви изгледи да се извлече. Плутократијата му ја изрече пресудата. Судовите беа во рацете на плутократијата и требаше да ја извршат пресудата. А со Херс беше срушена и Демократската партија што неодамна ја беше зграпчила во свои раце.
Со пропаста на Херс и Демократската партија, на неговите следбеници им преостануваа само две можности: едната водеше во Социјалистичката партија, а другата во Републиканската. И тогаш, ние социјалистите, го обравме плодот на Херсовото лажно социјалистичко проповедување, зашто голем број од неговите следбеници минаа кај нас.
Експропријацијата на земјата на фармерите, што се спроведуваше во тоа време, исто така ќе го зголемеше бројот на нашите гласови ако не беше оној краток и безуспешен бунт на Селанската партија. Ернест и социјалистичките водачи жестоко се бореа да ги придобијат фармерите, но уништувањето на социјалистичкиот печат и на издавачките куќи претставуваше преголема пречка, а усната пропаганда сѐ уште не беше усовршена. И така, дојде до тоа политичари како господинот Калвин, кои и самите пред експропријацијата биле фармери, да ги придобијат фармерите, а нивната политичка сила да ја фрлат во бесполезна борба.
„Кутрите фармери”, се насмеа бесно еднаш Ернест. „Трустовите прават со нив што сакаат.”
А таква беше вистинската ситуација. Седумте големи трустови, работејќи заедно, ги соединија своите огромни вишоци и образуваа фармерски труст. Железниците преку контролирањето на даноците, а банкарите и берзанските шпекулатни преку контролирањето на цените, одамна ги беа вовлекле фармерите во долгови. Од таа причина банкарите и сите трустови одамна им зајмуваа на фармерите огромни суми пари. Фармерите се фатија во мрежата. Сѐ што остануваше, беше уште да се извлече мрежата. Фармерскиот труст презеде тој тоа да го стори.
Тешките времиња во 1912 година веќе предизвикаа страшен пад на цените на земјоделските пазари. Цените сега намерно беа толку многу ниски, што тоа ги водеше фармерите кон неминовно банкротство, а железниците со своите изнудувачки даноци сосем го скршиле 'рбетот на земјоделската камила. Така, фармерите беа принудени да земаат на заем сѐ повеќе и повеќе пари, а пак, од друга страна, им беше забрането да ги враќаат старите заеми. А потоа дојде до големата пропаст на хипотеките и до принудно натрупување на обврзниците. Фармерите едноставно му ја предадоа земјата на фармерскиот труст. Тие немаа друга можност. А откако ја продадоа земјата, отидоа да работат за фармерскиот труст, станувајќи раководители, фабрички директори, работоводители или обични работници. Работеа за надница. Станаа чифчии, едноставно, робови врзани за надницата како единствен извор на живеачка. Не можеа да ги остават своите газди, зашто нивните газди ја претставуваа плутократијата. Не можеа да заминат ниту во градовите, зашто таму, исто така, владееше плутократијата. Имаа само една можност — да ја остават земјата и да станат скитници и да умираат од глад. Па дури и во тоа беа спречувани, зашто беа донесени строги закони против скитништвото при што се применуваа остри мерки.
Се разбира овде-онде одделни фармери, па дури и цели фармерски заедници ја избегнаа експропријацијата благодарејќи на исклучителни околности. Но тие беа само исклучоци што не се сметаа. Но како и да е, веќе следната година и нив ги собраа.[75]
Така се одвиваа работите во есента, 1912-та година. Социјалистичките водачи, со исклучок на Ернест, дојдоа до заклучок дека на капитализмот му дошол крајот. Тешките времиња, а како резултат на тоа, огромната војска невработени, пропаѓањето на фармерите и на средната класа, како и одлучниот пораз што го претрпеа синдикатите, — вдолж целата борбена линија — сето тоа навистина и со право ги увери социјалистите дека на капитализмот му дошол крајот и дека сега дошло време да ја повикаат на мегдан плутократијата.
Ех, колку само ја потценивме силата на непријателот! Социјалистите ја објавуваа насекаде својата скора победа на изборите, изнесувајќи ја ситуацијата онаква каква што всушност беше. Плутократијата го прифати предизвикот. Плутократијата беше таа што, проценувајќи и одмерувајќи, нѐ порази разединувајќи ги нашите сили. Плутократијата беше таа што преку своите тајни агенти пушти глас дека социјализмот е богохулен и атеистички. Плутократијата беше таа што ги повлече црквите, а посебно католичката, во своите редови и така ни одзеде дел од работничките гласови. И пак плутократијата беше таа што, се разбира преку своите тајни агенти, што ја поддржуваше Селанската партија па дури и ја прошири во редовите на средната класа што изумираше.
И, сепак социјалистичката лавина се стркала. Но наместо целосна победа што би ни ги обезбедиле главните извршни должности и мнозинството во сите законодавни тела, ние се најдовме во малцинство. Вистина, од нашите редови беа избрани педесет членови на Конгресот, но кога пролетта во 1913 година ги зазедоа своите места, сфатија дека се без никаква моќ. Сепак имаа повеќе среќа одошто припадниците на Селанската партија, кои добија извесен број места во државните влади, но им беше забрането да ги заземат. Тогашните службеници одбија да се повлечат од своите места, а судовите беа во рацете на олигархијата. Но, пребрзав во изнесувањето на настаните. Имам уште да раскажувам за немирните времиња, во зимата 1912-та.
Тешките услови во земјата предизвикаа огромно опаѓање на потрошувачката. Работниците, онака без работа, немаа надници со кои би купувале. Како резултат на тоа, во рацете на плутократијата се собра вишок повеќе од кога и да е. Овој вишок мораше да се извезува, а за плановите на олигархијата беа потребни пари. Жестоко борејќи се својот вишок да го пласира на светскиот пазар, плутократијата се судри со Германија. Обично, економските судири доведуваат до војна, па и овој судир не беше исклучок. Се подготвуваше и големата германска сила, се подготвуваа и Соединетите Држави.
Натежнаа темни и злокобни воени облаци. Сцената беше подготвена за светска катастрофа, зашто насекаде во светот владееја тешки времиња, работнички немири, средни класи што пропаѓаа, војска невработени, судири на економските интереси на светскиот пазар, и мрморење и татнеж околу социјалистичката револуција.[76] Олигархијата бараше војна со Германија. А ја бараше од повеќе причини. Од хаосот на настаните што би го предизвикала една ваква војна, од повторното мешање на меѓународните карти, од склучувањето нови договори, и од образувањето нови сојузи олигархијата можеше многу да спечали. Понатаму, во војната би се потрошиле многу национални вишоци, војските невработени што им се закануваат на сите земји би се редуцирале, а олигархијата би имала време да здивне и да ги усоврши и изведе своите планови. Една таква војна навистина би ја поставила олигархијата во водечка позиција на светскиот пазар. Исто така, една таква војна би создала постојана војска што никогаш не би морала да се распушта, а во главите на луѓето паролата „Америка против Германија” би се заменила со „Социјализмот против олигархијата.”
И, навистина, војната би ги сторила сите овие работи да не беа социјалистите. Во нашиот мал четворособен стан, на Пел Стрит, се одржа таен состанок на западните социјалистички водачи. Прво се расправаше за ставот што требаше да го заземат социјалистите. Не ни беше првпат да креваме глас против војната,[77] но првпат тоа беше на тој начин сторено во Соединетите Држави. По нашиот таен состанок, се поврзавме со меѓународната организација и набргу нашите шифрирани пораки појдоа наваму-натаму преку Атланскиот Океан, меѓу нас и меѓународното надлештво.
Германските социјалисти беа спремни да соработуваат со нас. Ги имаше преку пет милиони, од кои многумина служеа во постојаната војска и уште беа во пријателски односи со синдикатите. Во обете земји социјалистите смело се изјаснуваа против војната и се закануваа со општ штрајк. А во меѓувреме се подготвуваа за општиот штрајк. Освен тоа, револуционерните партии во сите земји јавно го поддржуваа принципот на социјалистите дека меѓународниот мир мора да се сочува во секој случај, па дури и по цена на бунт и револуција во својата земја.
Општиот штрајк беше единствената голема победа што ја извојувавме ние, американските социјалисти. На четврти декември, американскиот амбасадор беше повлечен од германската престолнина. Таа ноќ германската флота го нападна Хонолулу, потопи три американски крстосувачи и еден царински чамец, и го бомбардираше градот. Следниот ден Германија и Соединетите Држави си објавија војна една на друга, а по еден час социјалистите во обете земји прогласија општ штрајк.
Германскиот цар за првпат се соочи со луѓето што го раздвижуваа неговото царство. Во сегашната ситуација ново беше тоа што нивниот бунт беше пасивен. Тие не се бореа. Тие не правеа ништо. А со тоа што не правеа ништо, му ги врзаа рацете на својот цар. Тој не посакуваше ништо повеќе од тоа да ги пушти од синџири своите воени пци против побунетиот пролетаријат. Но не успеа. Не можеше да ја мобилизира војската за војна, и ниту пак можеше да ги казни своите тврдоглави поданици. Ниту едно тркало не се вртеше во неговото царство. Ниту еден воз не патуваше; ниту една телеграфска порака не се пренесуваше зашто телеграфските и железничките работници престанаа да работат заедно со останатото население.
А како што беше во Германија, така беше и во Соединетите Држави. Најпосле, организираните работници го научија својот урок. Решително победени на своето поле, тие го напуштија и преминаа на политичкото поле на социјалистите, зашто општиот штрајк беше политички штрајк. Освен тоа, организираните работници беа претепани до таа мера што им беше сеедно. Тие му пристапија на општиот штрајк од чист очај. Милиони работници ги фрлија алатите и ги напуштија работните места. Особено паѓаа в очи работниците од машинската индустрија. Главите сѐ уште им крвавеја, нивната организација беше очевидно уништена, но тие, сепак, излегоа заедно со своите сојузници — работниците од металската индустрија.
Престанаа да работат дури и обичните работници и сите неорганизирани работници. Штрајкот врза сѐ така, што никој не можеше да работи. Освен тоа жените се покажаа како најсилните придвижувачи на штрајкот. Застанаа лице в лице со војната. Не сакаа нивните мажи да заминуваат и да загинуваат. Исто така, идејата за општиот штрајк влијаеше и на расположението на луѓето. Таа ја погоди нивната смисла за хумор. Идејата беше заразна. Ги зафати и децата по сите училишта, па кога учителите доаѓаа на час, мораа да се враќаат дома, зашто училниците беа празни. Општиот штрајк личеше на голема народна веселба. И идејата за солидарноста на работниците, вака осведочена, повикуваше на имагинацијата на сите. И на крајот, оваа огромна веселба не беше опасна. Како може некој да биде казнет кога се виновни сите?
Соединетите Држави беа парализирани. Никој не знаеше што се случува. Немаше весници, писма, пошта. Секоја општина беше изолирана до таа мера, небаре од останатиот свет ја делеше исконска пустина од десет илјади милји. Се чинеше како целиот свет да престанал да постои. Ваквата состојба на работите траеше една недела.
Ние, во Сан Франциско, дури не знаевме што се случува од другата страна на заливот во Оукленд или Беркли. Влијанието врз чувствителноста на луѓето беше натприродно, депресивно. Се чинеше како да умрело нешто големо, како да престанал пулсот на земјата. Навистина, како да беше умрела нацијата. Немаше татнење на колите по улиците, немаше завивање на фабричките сирени, немаше брмчење на електриката во воздухот, немаше сообраќај на трамваите, немаше извици на продавачите на весниците — ништо, освен луѓе кои минуваа ретко како скришни сеништа, потиштени и сторени нереални од онаа тишина.
И за времето на таа еднонеделна тишина, на олигархијата ѝ беше отчитан урокот. И таа добро го научи. Општиот штрајк беше предупредување. Тој не смееше никогаш повеќе да се повтори, за што, впрочем, ќе се погрижи олигархијата.
На крајот на неделата, како што беше договорено, телеграфските работници во Германија и Соединетите Држави се вратија на своите работни места. Преку нив социјалистичките водачи на двете земји им поднесоа ултиматум нa своите владејачки класи: или војната да се прекине, или општиот штрајк ќе продолжи. До спогодба дојде брзо. Беше објавен прекин на војната, а народот од двете земји се врати на своите работни места.
Оваа обнова на мирот доведе до сојузништво помеѓу Германија и Соединетите Држави. Всушност, ова беше сојузништво помеѓу царот и олигархијата, склучено со цел да се „пречека” заедничкиот непријател — револуционерниот пролетаријат на двете земји. Ова беше она сојузништво што олигархијата го раскина предавнички кога германските социјалисти се кренаа и го симнаа царот. А точно на таа карта играше олигархијата — да го уништи својот најголем соперник на светскиот пазар. Без својот цар, Германија не ќе има вишок за продавање во странство. Бидејќи по природа социјалистичка држава, Германија ќе троши сѐ што ќе произведе. Се разбира, таа ќе тргува со странство со извесна стока што ќе ја произведе за да добие стока што самата не ја произведува, но тоа е нешто сосема различно од непотрошениот вишок.
„Се обложувам дека олигархијата наоѓа оправдување за својата постапка,” рече Ернест кога се дозна за предавството на олигархијата спрема германскиот цар. „Како и обично, олигархијата ќе верува дека постапила исправно.”
И навистина, оваа своја постапка, олигархијата ја бранеше пред јавноста со изјавата дека таа тоа го сторила заради американскиот народ за чии, пак, интереси таа се грижи. Својот омразен соперник го исфрли од светскиот пазар и ни овозможи на тој пазар да го пласираме својот вишок.
„А најстрашното во сето ова е тоа што сме толку немоќни, па дозволуваме со нашите интереси навистина да управуваат такви идиоти,” прокоментира Ернест. „Ни овозможија да продаваме повеќе во странство, а тоа значи дека ќе мораме да трошиме помалку дома.”
Забелешки
[73] Вилијам Рандолф Херс — млад милионер од Калифорнија кој стана најмоќниот сопственик на весници во земјата. Неговите весници се печатеа во сите големи градови, и беа наменети за средната класа што изумираше постепено и за пролетаријатот. Неговите следбеници беа толку многубројни што тој успеа во свои раце да ја земе празната лупешка на старата Демократска партија. Имаше аномален став, проповедувајќи јалов социјализам комбиниран со неодреден ситнобуржоаски капитализам. Сето тоа беше лук и вода, а самиот тој немаше никакви изгледи да успее, иако кратко време беше сериозна опасност за плутократите.
[74] Цената на огласите во тоа несредено време беше необично висока. Се натпреваруваа само ситните капиталисти па заради тоа и даваа огласи. Бидејќи таму каде што постоеја трустови немаше конкуренција, не постоеше ниту потреба од огласи.
[75] Пропаѓањето на римските слободни селани не одеше ни од далеку толку брзо како пропаѓањето на американските фармери и ситните капиталисти. Во дваесеттиот век постоеше брзина, додека во стариот Рим таа практично не постоеше. Многу фармери, присилени од некаква луда желба за земја, и спремни да покажат какви ѕверови може да станат, се обидоа да ја избегнат експропријацијата повлекувајќи се сосема од пазарот. Ниту продаваа нешто, ниту пак нешто купуваа. Меѓу нив почна да се развива примитивна трампа. Нивните маки и тегоби беа ужасни, но тие беа упорни. Всушност, сето ова се разви во движење. Начинот на кој ги победија нив беше единствен и едноставен. Плутократијата, со оглед на фактот што во свои раце ја имаше власта, им ги покачи даноците. Тоа беше нивната слаба точка. Ниту купуваа, ниту продаваа, немаа пари, па на крајот земјата ја продаваа за да ги платат даноците.
[76] Ова мрморење и татнежот се слушаше долго време. Уште во 1906 година лордот Авербери, Англичанец, го изјави следново во Горниот дом: „Немирот во Европа, ширењето на социјализмот, злокобното кревање на анархизмот, се само предупредување на владите и владејачките класи дека условите на работничката класа во Европа стануваат неподносливи, и дека, ако сакаме да избегнеме револуција, мора да се преземат мерки за зголемување на платите, за скратување на работното време и за снижување на цените на животните потреби.” „Волт Стрит Џернал,” весник на берзанските шпекуланти, коментирајќи го говорот на лордот Авербери, рече: „Овие зборови ги изговори еден аристократ и член на најконзервативното тело во Европа. Дотолку неговите зборови добиваат поголема важност. Во нив има добра политичка економија, повеќе одошто во повеќето учебници. Овие зборови предупредуваат. Внимавајте, господо, членови на военото и поморското министерство!”
Во исто време, Сидни Брукс, во Америка, во Харперовиот неделник пишуваше: „Нема да чуете во Вашингтон да се спомнуваат социјалисти. А и зошто би чуле? Политичарите се луѓе кои секогаш последни гледаат што се случува пред нивниот нос. Тие ќе ми се насмеат кога ќе проречам, и тоа ќе проречам со најголема сигурност, дека социјалистите на следните претседателски избори ќе добијат повеќе од милион гласови.”
[77] На самиот почеток на дваесеттиот век, меѓународната организација на социјалистите конечно ја формулираа својата долгорочна политика околу војната. Накусо, нивната теорија гласеше: „Зошто работниците од една земја би се бореле против работниците од друга земја, а во полза на своите господари — капиталистите?
На 21 мај 1905 година, кога се закануваше војна меѓу Австрија и Италија, социјалистите на Италија, Австрија и Унгарија одржаа состанок во Трст и се заканија со општ штрајк доколку биде објавена војна. Ова се повтори и следната година кога Мароканската криза се закануваше да ги вовлече во војна Франција, Германија и Англија.