Среде вчудовиденоста што ја предизвикаа Ернестовите нови факти, тој почна повторно да зборува.
„Многумина од вас вечерва рекоа дека социјализмот е неможен. Тврдевте дека е неможен, а сега дозволете ми да ви докажам дека е неизбежен. Не само што е неизбежно да исчезнете вие, ситните капиталисти, туку неизбежно е да исчезнат и крупните капиталисти и трустовите. Запомнете, струјата на еволуцијата никогаш не тече наназад. Таа тече напред и само напред, тече од конкуренција кон здружување, од мали здруженија кон крупни здруженија, тече напред кон социјализмот; што е најџиновското од сите здруженија.
„Ми велите дека сонувам. Мнoгy добро. Ќе ви ја изложам математиката на мојот сон; и сега, однапред, ве повикувам да ми докажете што е погрешно во мојата математика. Опширно ќе ви ја објаснам неизбежноста од пропаѓањето на капиталистичкиот систем и математички ќе ви докажам зошто мора тој да пропадне. Да почнам, и не префрлајте ми ако во почетокот ви се чини дека зборувам неважни работи.
„Ајде, пред сѐ, да испитаме еден индустриски процес, и секогаш кога ќе речам нешто со што вие не се согласувате ве молам, прекинете ме. Да земеме, на пример, една фабрика за чевли. Оваа фабрика купува кожа и од неа прави чевли. На пример, кожата чини сто долари. Таа минува низ фабриката и излегува во форма на чевли, што чинат, да речеме, двесте долари. Што се случило? Сто долари се додадени кон вредноста на кожата. Како? Ајде да видиме.
„Оваа вредност од сто долари ја додале капиталистот и работникот. Капиталистот ја дал фабриката, машините и ги платил сите трошоци. Работникот го дал трудот. А со заеднички напори на капиталистот и на работникот додадена е вредноста од сто долари. Се согласувате ли сите со ова што го реков досега?”
Седнатите околу масата кимнаа со главите во знак на согласност.
„Откако ги произвеле овие сто долари, работникот и капиталистот пристапуваат кон нивната поделба. Деловите од оваа поделба се изразени во децимални броеви, но за да ни биде позгодно, грубо ќе ги заокружиме. Капиталистот, како свој дел, зема педесет долари, а работникот, во форма на надница, како свој дел добива педесет долари. Нема да навлегуваме во кавгите до кои доаѓа при поделбата.[56] Без оглед на тоа колку тие меѓу себе се карале, поделбата е извршена според овој или оној процент. И обрнете внимание тука на тоа дека она што е вистина за овој поодделен индустриски процес вистина е и за сите индустриски процеси. Така?”
Сите повторно се согласија со Ернест.
„Сега, да претпоставиме дека работникот, кој примил педесет долари, сака да купи чевли. Може да ги купи само ако чинат педесет долари. Јасно, нели?
„Е, сега да преминеме од овој поодделен процес на сиот збир индустриски процеси во Соединетите Држави, во кој се опфатени: самата кожа, суровините, превозот, продажбата, сѐ. Ќе земеме, за да оперираме со цели броеви, дека вкупното производство на богатства во Соединетите Држави изнесува четири милијарди долари годишно. Тогаш, работникот, за овој ист период, добива во форма на надници две милијарди долари. А произведени се четири милијарди долари. Колку од нив може работникот да купи за себе? Две милијарди. Тука, сигурен сум, нема дискусија. Што се однесува до ова, моите проценти се умерени, зашто поради илјадници итрости на капиталистот, работникот не може да купи дури ниту половина од вкупното производство.
„Но да се вратиме на темата. Ќе земеме дека работникот купува стока за две милијарди. Тогаш, јасно е дека работникот може да потроши стока само во вредност од две милијарди. Остануваат да се оправдаат уште две милијарди кои работникот не може ниту да ги купи ниту да ги потроши.”
„Работникот не ги троши дури ниту своите две милијарди,” проговори господинот Ковалт. „Кога би ги трошел, не би имал никаков влог в банка.”
„Работничките влогови во банките се само еден вид резервен фонд што се троши исто толку брзо колку и што се натрупува. Овие влогови се чуваат за старост, болест и несреќни случаи, како и за исплаќање погребнини. Банковиот влог е, едноставно речено, парче сомун оставен настрана денес на полицата, за да се изеде утре. Не, работникот троши сѐ од вкупното производство што со своите надници може да го купи.”
„Две милијарди му остануваат на капиталистот. Откако ги исплатил своите трошоци, го троши ли она што му останало? Потрошува ли капиталистот сѐ од своите две милијарди?”
Ернест застана, а прашањето им го постави директно на неколкумина од присутните. Тие завртеа со главите.
„Не знам,” отворено рече еден од нив.
„Знаете, како не,” продолжи Ернест. „Застанете и размислете за момент. Ако капиталистот го потроши својот дел, вкупната сума капитал не би можела да расте. Би останувала секогаш непроменета. Ако ја погледнете економската историја на Соединетите Држави, ќе видите дека вкупната сума капитал постојано растела. Заради тоа капиталистот не го троши својот дел. Се сеќавате ли кога Англија поседуваше многу од нашите железнички обврзници? Со време, си ги купивме назад тие обврзници. Што значи тоа? Дека обврзниците се купени со оној непотрошен дел на капиталистот. Што значи фактот дека денеска капиталистите на Соединетите Држави поседуваат стотици и стотици милиони долари мексикански, руски, италијански, грчки обврзници? Тоа значи дека тие стотици и стотици милиони се оној дел од делот на капиталистот што не го потрошил тој. И уште повеќе, од самиот почеток на капиталистичкиот систем, капиталистот никогаш не го трошел сиот свој дел.
„Е, сега дојдовме до најважното. Во Соединетите Држави се произведува четири милијарди долари богатство годишно. Работникот за себе купува и троши две милијарди. Капиталистот не ги троши преостанатите две милијарди. Се јавува огромен непотрошен остаток. И што се прави со овој остаток? Што може да се стори со него? Работникот не може да троши ништо, зашто веќе си ги потрошил сите свои надници. Капиталистот нема да го троши овој остаток, зашто веќе, природно, потрошил сѐ што можел. И, така сѐ уште постои остатокот. Што може да се стори со него? Што да се прави со него?”
„Се продава во странство,” доброволно одговори господинот Ковалт.
„Токму така,” се согласи Ернест. „Зашто од овој остаток никнува нашата потреба за туѓиот пазар. Тој мора да се продава во странство. Нема друг начин за да се ослободиме од него. И тој непотрошен вишок, продаден во странство, станува она што ние го нарекуваме поволен трговски биланс. Се согласувате ли сите со она што го реков досега?”
„Губење време е да ни ги разложувате основните трговски поими,” рече господинот Калвин зајадливо.
„Тие ни се на сите јасни.”
„А токму со тие основни поими што така грижливо ви ги разложив, јас ќе ве збунам,” одговори Ернест. „Во тоа е нивната убавина. И ќе ве збунам веднаш со нив. Еве.
„Соединетите Држави се капиталистичка земја која ги развила своите ресурси. Според својот капиталистички систем на индустријата таа има непотрошен вишок од кого мора да се ослободи, и таа тоа го чини продавајќи го во странство.[57] Она што е вистина за Соединетите Држави, вистина е и за секоја друга капиталистичка земја со развиени ресурси. Секоја таква земја има непотрошен вишок. Не заборавајте дека тие веќе тргувале едни со други, а сепак овие вишоци останале. Работникот во сите овие земји веќе ги потрошил своите надници и тој не може да купи ништо од овие вишоци. Капиталистот, во сите овие земји, по својата природа, веќе потрошил сѐ што можел. И сѐ уште остануваат вишоците. Не можат да си ги продаваат едни на други. И како ќе се ослободат од нив?”
„Ќе им ги продадат на земјите со неразвиени ресурси,” продолжи господинот Ковалт.
„Токму така. Гледате, мојот доказ е толку јасен и едноставен што вие во своите глави го развивате наместо мене. А сега следнава работа. Да претпоставиме дека Соединетите Држави го продаваат својот вишок на земја со неразвиени ресурси, како што е, да речеме, Бразил. Запомнете дека овој вишок е над и надвор од трговијата, вишок чии производи за трговија веќе се потрошиле. Што добиваат, значи, за тоа Соединетите Држави од Бразил?“
„Злато,” рече господинот Ковалт.
„Но во светот и нема многу злато,” приговори Ернест.
„Злато во форма на залози, обврзници и така натаму,” се поправи господинот Ковалт.
„Сега погодивте” рече Ернест. „За вишокот што ѝ го даваат на Бразил, Соединетите Држави од неа добиваат залози и обврзници. А што значи тоа? Тоа значи дека Соединетите Држави доаѓаат во ситуација да ги поседуваат железниците, фабриките; рудниците и земјата во Бразил. А што значи тоа; пак, понатаму?”
Господинот Ковалт размислуваше, а потоа заврте со главата.
„Јас ќе ви кажам,” продолжи Ернест. „Тоа значи дека Бразил ги развива своите ресурси. А сега следнава работа. Кога Бразил, во услови на капиталистички систем ќе ги развие своите ресурси, сега нему ќе му се појави непотрошен вишок. Може ли тоа да се ослободи од овој вишок продавајќи му го на Соединетите Држави? Не, зашто и самите Соединети Држави имаат вишок. Може ли Соединетите Држави да постапат како што постапиле претходно — да се ослободат од својот вишок продавајќи му го на Бразил? Не, зашто сега и Бразил има вишок. Што се случува сега? И Соединетите Држави и Бразил мораат да бараат други земји со неразвиени ресурси за да им ги истоварат своите вишоци. Но со самиот процес на истоварување на вишоците, почнуваат да се развиваат ресурсите и на овие земји. Набргу и ним им се појавуваат вишоци и почнуваат да бараат други земји на кои ќе им ги истоварат. Сега, господа, следете ме. Нашава планета има одреден број земји. Што ќе се случи ако секоја земја во светот, од најмалата до најголемата, со вишок во своите раце, застане наспроти секоја друга земја што има исто така свои вишоци?”
Застана и ги погледна слушателите. Беа совршено збунети. На лицата им се читаше и страв. Од апстрактни поими Ернест им долови визија што тие можеа да ја видат јасно. И додека седеа, ја гледаа исплашено.
„Почнавме од основните поими, господине Калвин,” рече Ернест лукаво. „Сега ви го дадов и она што потаму следи. Тоа е многу едноставно. Во тоа е неговата убавина. Сигурно имате спремен одговор. Значи, што ако секоја земја во светот има непотрошен вишок? Каде тогаш ќе биде вашиот капиталистички систем?”
Но господинот Калвин загрижено заврте со главата. Очигледно бараше грешка во Ернестовите докази.
„Ајде заедно да повториме cѐ накусо,” рече Ернест. „Почнавме со еден индустриски процес, фабриката за чевли. Видовме дека поделбата на заедничкиот производ што се врши таму е слична на онаа поделба што се врши во сиот збир на сите индустриски процеси. Видовме дека работникот од тој производ со своите надници може да купи само одредена количина, а дека капиталистот не го троши сиот остаток од тој производ. Видовме дека кога работникот ќе ги потроши докрај своите надници, и кога капиталистот ќе потроши толку колку што сака, сѐ уште останува непотрошен вишок. Исто така се согласивме дека дејството од истоварувањето на овој вишок во друга земја е тоа што таа земја ќе почне да ги развива своите сопствени ресурси и што за кусо време и неа ќе ѝ се појави непотрошен вишок. Го прошируваме овој процес на сите земји на планетава, додека секоја земја не почне секоја година, секој ден, да произведува непотребен вишок, што не ќе може на ниедна друга земја да ѝ го продаде., И сега, повторно ве прашувам: што ќе правиме со тие вишоци?“
Сѐ уште никој не одговори.
„Господине Калвин?” праша Ернест.
„Ме победивте,” призна господинот Калвин.
„Ниту на сон не сум помислил на вакво нешто,” рече господинот Есмансен. „А сепак јасно ми е како бел ден.”
Првпат, воопшто, ја слушнав разложена Марксовата[58] теорија за вишокот на вредноста, а Ернест тоа го стори толку едноставно, што и јас, како и останатите седев збунета и вчудовидена.
„Ќе ви кажам начин како да се ослободите од вишокот,“ рече Ернест. „Фрлете го в море, фрлајте секоја година стотици милиони долари вредност чевли, пченица, облека и сите благодети на трговијата, в море. Не е ли тоа решение?”
„Сигурно дека е,” одговори господинот Калвин: „Но смешно е вие така да зборувате.”
Ернест му се нафрли како молња.
„Посмешно ли е од она што, вие машинокршачите, го застапувате: враќање кон праисконските методи на вашите предци? Што предлагате вие за да се ослободите од вишокот? Вие би го избегнале проблемот на вишокот — на тој начин што не би произведувале вишок. А како предлагате да се избегне произведувањето вишок? Со враќање кон примитивниот начин на производство, што е толку несреден и неорганизиран, неразумен, толку бесполезен и скап, со кој навистина би било неможно да се произведе вишок.”
Господинот Калвин подголтна. Беше погоден право в срце. Подголтна повторно и се накашла.
„Имате право,” рече. „Сосема ме убедивте. Тоа е смешно. Но ние мораме да сториме нешто. Тоа е прашање на живот и смрт за нас, припадниците на средната класа. Одбиваме да пропаднеме. Избравме да сме смешни и да се вратиме на тие навистина груби и бесполезни методи на нашите предци. Ќе ја вратиме индустријата на степенот од пред трустовите. Ќе ги искршиме машините. А што ќе сторите вие?”
„Но вие не можете да ги искршите машините,” одговори Ернест. „Не можете да ја натерате струјата на еволуцијата да тече наназад. Наспроти вас се две големи сили, а секоја од нив е помоќна од сите вас, припадниците на средната класа. Крупните капиталисти, трустовите, накусо речено, нема да ви дозволат да се вратите. Тие не сакаат машините да се уништат. А поголема сила од трустовите, и помоќна, се работниците. Тие нема да ви дозволат да ги уништите машините. Прашањето за владеење со светот, заедно со машините, лежи меѓу трустовите и работниците. Тоа е борбената линија. Ниедна страна не сака машините да се уништат. Но секоја страна сака да ги поседува машините. Во оваа битка нема место за средната класа. Таа е џуџе меѓу два џина. Зар не гледате, вие, бедна средна класо, дека сте фатени меѓу горниот и долниот воденичен камен, и дека токму сега, почнува дробењето.
„Неизбежниот пад на капиталистичкиот систем ви го прикажав математички. Кога секоја земја стои со вишок в раце што не може да го потроши ниту да го продаде, капиталистичкиот систем ќе се урне под страшната конструкција на печалби што самиот си ја изградил. И тој ден нема да има уништување на машините. Битката тогаш ќе се води за тоа кој да ги поседува машините. Ако победат работниците, ќе ви биде лесно. Така Соединетите Држави како и сиот свет, ќе влезат во нова и огромна ера. Машините нема повеќе да го здробуваат животот туку ќе го направат поубав, посреќен и поблагороден. Вие, од срушената средна класа, заедно со работниците (а тогаш ќе постои само работничка класа), значи, заедно со сите останати работници, ќе учествувате во справедливата поделба на производите на прекрасните машини. А ние, сите ние, ќе создаваме нови и уште попрекрасни машини. И тогаш нема да има никаков непотрошен вишок, зашто нема да има никакви печалби.”
„Но, да претпоставиме дека во таа битка за сопственост над машините и над светот, ќе победат трустовите. Што тогаш?” праша господинот Ковалт.
„Тогаш,” одговори Ернест, „вас работниците и сите нас ќе нѐ здроби Железната петица на деспотизмот најсуров и најстрашен од сите други деспотизми што ги оцрниле страниците на човековата историја. Железна петица[59] — израз што ќе му прилега добро на тој деспотизам.
Настана долга пауза, и сите крај масата размислуваа длабоко и на начин на кој не беа навикнати да размислуваат дотогаш.
„На вашиот социјализам е сон,” рече господинот Калвин и повтори, „сон.”
„Тогаш, ќе ви покажам нешто што не е сон,” одговори Ернест. „А тоа нешто ќе го наречам олигархија. Вие го нарекувате плутократија. Всушност и вие и ние мислиме на истото: на крупните капиталисти или на трустовите. Да видиме каде лежи денес силата. А за да го видиме тоа, да го поделиме општеството на класи.
„Постојат три големи класи во општеството. Прва е плутократијата, што ја сочинуваат богати банкари, железнички магнати, директори на корпорации и трустови магнати. Втора е средната, вашата класа, господо, што ја сочинуваат фармери, трговци, ситни фабриканти и луѓе со различни професии. А трета и последна доаѓа мојата класа, пролетаријатот, што ја сочинуваат надничарите.[60]
Не можете да не признаете дека сопственоста над богатството денес претставува суштествена сила во Соединетите Држави. А како господарат овие три класи со богатството? Плутократијата поседува шеесет и седум милијарди богатство. Од вкупниот број вработени во Соединетите Држави, само девет десетини од еден процент се припадници на плутократијата, а сепак плутократијата поседува седумдесет проценти од вкупното богатство. Средната класа поседува дваесет и четири милијарди. Дваесет и девет проценти од вработените се припадници на средната класа, а поседуваат дваесет и пет проценти од вкупното богатство. Останува уште пролетаријатот. Тој поседува четири милијарди. Од сите вработени, седумдесет проценти доаѓаат од пролетаријатот, а пролетаријатот поседува четири проценти од вкупното богатство. Каде лежи силата господо?”
„Од вашите бројки произлегуаа дека ние, од средната класа, сме помоќни од работничката класа,” забележа господинот Есмансен.
„Наречувајќи нѐ нас слаби, вие не станувате посилни пред моќта на плутократијата,” одговори Ернест. „И уште нешто, сѐ уште не сум завршил со вас. Постои поголема сила од богатството, а поголема е зашто не може да се одземе. Нашата сила, силата на пролетаријатот е во нашите мускули, во нашите раце да гласаме, во нашите прсти да ги повлекуваме чкрапалата на пушките. Оваа сила, не можете да ни ја одземете. Тоа е исконска сила, сила сродна на животот, сила посилна од богатството, сила што богатството не може да ја одземе.
„А вашата сила е сила што може да се оддели од вас. Таа може да ви се одземе. Токму сега плутократијата ви ја одзема. На крајот, сета ќе ви ја одземе. И тогаш, ќе престанете да постоите како средна класа. Ќе слезете кај нас. Ќе станете пролетаријат. А убавината ќе биде во тоа што ќе ни ја зголемите нашата сила. Ќе ве поздравиме како браќа и ќе се бориме заедно, рамо до рамо, за Делото на човештвото.
„Гледате, работничката класа нема ништо конкретно што може да ѝ се одземе. Нејзиниот дел во богатството на земјата се состои од облека, покуќнина, и овде-онде, во многу ретки случаи, од дом за кој не влегла во долгови. Но вие го имате конкретното богатство, дваесет и четири милијарди и плутократијата ќе ви го одземе. Се разбира, постои голема веројатност него прво да ви го одземе пролетаријатот. Не гледате ли во каква состојба сте, господа? Средната класа е јагненце што се тетерави меѓу лав и тигар. Ако не го зграпчи едниот, ќе го зграпчи другиот. А ако плутократијата ве зграпчува, само е прашање на време кога пролетаријатот ќе ја зграпчи плутократијата.
„Дури ниту вашето сегашно богатство не е вистинска мерка за вашата сила. Силата на вашето богатство во моментов е само празна лупешка. Оттука и вашиот изнемоштен боен крик: ‘Да се вратиме на методите на нашите предци!’ Вие сте свесни за вашата немоќ. Вие знаете дека вашата сила е само празна лупешка. И јас ќе ви ја покажам нејзината празнина.
„Каква моќ имаат фармерите? Преку педесет проценти се робови поради фактот што се обични закупници или обврзници. И сите се робови поради фактот што трустовите веќе ги поседуваат или ги контролираат (што е едно и исто, само поблаго речено) — ги поседуваат и контролираат сите средства за трговија со житото, како што се силосите, железниците, лифтовите и парабродските линии. И, нешто повеќе, трустовите ги контролираат пазарите. Во сето ова фармерите се немоќни. А што се однесува до нивната политичка и управувачка моќ, тоа ќе ви го објаснам подоцна, кога ќе зборувам за политичката и управувачката моќ на сета средна класа.
„Од ден на ден, трустовите ги исцедуваат фармерите како што го исцедувале господинот Калвин и останатите трговци со млеко. И од ден на ден тие и трговците ги исцедуваат на истиот начин. Се сеќавате ли како тутуновиот труст за шест месеци упропасти преку четиристотини продавници за цигари, само во Њујорк? Каде се некогашните сопственици на јаглените наоѓалишта? Знаете, и без да ви кажувам, дека денеска железничкиот труст ги поседува или контролира сите наоѓалишта на антрацит и битумен. Зар трустот Стандард Оил не поседува дваесетина океански линии? И зар не го контролира и бакарот, а да не зборуваме за тоа дека држи и еден топилнички труст како мало, споредно претпријатие. Десет илјади градови во Соединетите Држави се осветлени вечерва од компаниите што ги поседува или ги контролира Стандард Оил, а во исто толку градови сиот електричен транспорт — градскиот, оној во предградијата и меѓуградскиот — е во рацете на Стандард Оил. Ситните капиталисти, кои биле во овие илјадници претпријатија, ги снема. Вие го знаете тоа. Така и вас ќе ве снема.
„Ситниот фабрикант е како фармерот, а ситните фабриканти и фармерите се доведени, во секој поглед, во феудална положба. Оттука, луѓето денес со различни професии и уметниците се робови во сѐ освен во поглед на своето име, а политичарите — платени приврзаници. Зошто, вие, господине Калвин, работите дење и ноќе за да ги организирате фармерите, заедно со останатите припадници на средната класа, во нова политичка партија? Зашто политичарите од старите партии не сакаат да имаат ништо заедничко со вашите атавистички идеи, а не сакаат зашто, како што ви реков, тие се платени приврзаници, вазали на плутократијата.
„Луѓето со различни професии и уметниците ги нареков робови. Па што се друго? Сите тие, професорите, проповедниците, уредниците ги држат своите работни места служејќи ѝ на плутократијата, а нивната служба се состои во ширењето само на такви идеи што се или безопасни или што ѝ одговараат на плутократијата. Штом шират идеи со кои ѝ се закануваат на плутократијата, тие ги губат своите работни места, при што, ако не се обезбедиле за црните денови, се спуштаат сред пролетаријатот и, или пропаѓаат, или стануваат агитатори на работничката класа. И не заборавете дека печатот, проповедилницата и универзитетот го формираат јавното мислење и одредуваат како ќе мисли нацијата. А што се однесува до уметниците, тие се само сводници на простачкиот, за нијанса помалку од простачки, вкус на плутократијата.
„Но, на крајот на краиштата, богатството само по себе не е вистинска моќ; тоа е само средство да се дојде до моќ, а моќта, тоа е владеењето. Кој ја контролира владата денес? Пролетаријатот со своите дваесет милиони вработени? Дури и вам тоа ви е смешно. Или средната класа со своите осум милиони вработени? Не повеќе одошто пролетаријатот. Тогаш кој? Плутократијата со својата бедна четвртина милион вработени. Но оваа четвртина милион не ја контролира владата, иако ѝ служи верно. Мозокот на плутократијата е оној што ја контролира владата, а тој мозок го сочинуваат седум[61] мали и моќни групи луѓе. И не заборавете дека овие групи, всушност, денеска дејствуваат како една.
„Дозволете ми да ви ја покажам моќта само на едната од овие групи, железничката. Кај неа се вработени четириесет илјади адвокати за да ги поразуваат луѓето по судовите. Таа им издава илјадници бесплатни карти на судиите, на банкарите, на уредниците, на министрите, на универзитетските професори, на членовите на државните законодавни тела и на Конгресот. Таа во главниот град на секоја држава, како и во националниот главен град, држи раскошни лобија,[62] и во сите помали и поголеми градови на земјата вработува огромна армија дрвени адвокати и ситни политичари чија работа е да присуствуваат и да ги свикуваат собраниските седници, да влијаат и да ги поткупуваат судиите, и на секој начин да им служат на нејзините интереси.[63]
„Господа, јас само накусо ви ја опишав моќта на едната од седумте групи што го сочинуваат мозокот на плутократијата.[64] Со вашите дваесет и четири илјади богатство не добивате ниту дваесет и пет проценти право на учество во владата. Вашето богатство е празна лупешка, а наскоро дури и таа празна лупешка ќе ви ја одземат. Денеска, сета моќ и власт е во рацете на плутократијата. Таа денеска ги пишува законите, гo поседува и Сенатот и законодавните тела. И не само тоа, зад законот мора да постои сила што ќе го извршува. Денеска плутократијата го пишува законот, а за да го спроведе, на располагање ѝ стои полицијата, војската, морнарицата и на крајот, резервната војска, а тоа сте вие, јас и сите ние.”
По ова имаше мала дискусија, и вечерата набргу заврши. Сите беа молчаливи и потиштени, и, при заминувањето, се поздравуваа тивко. Се чинеше како да се беа исплашиле од визијата на иднината што ја видоа вечерта.
„Ситуацијата е навистина сериозна”, му рече господинот Калвин на Ернест. „Имам малку да ви забележам за начинот на кој ни го претставивте сето тоа. Само, не се согласувам со вас во врска со судбината на средната класа. Ние ќе преживееме и ќе ги отфрлиме трустовите.”
„И ќе се вратиме на методите на своите татковци.” заврши Ернест наместо него.
„Токму така,” одговори сериозно господинот Калвин. „Знам дека тоа значи еден вид кршење на машините, нешто што е смешно. Но, тогаш, се чини дека и животот е смешен денеска поради махинациите на плутократијата. Како и да е, нашиот вид кршење на машините е беден, практичен и лажен, што не е случај и со вашиот сон. Вашиот социјалистички сон е... па, само сон. Ние не можеме да тргнеме по вас.”
„Јас само сакам, луѓе, малку да ја познавате еволуцијата и социологијата;” рече Ернест замислено и тажно додека се ракуваше. „Тоа би ни заштедило многу труд и мака.”
Забелешки
[56] Тука Еверхард јасно ги изнесува причините за сите работнички немири од тоа време. При поделбата на заедничкиот производ, капиталистот сакаше да добие што е можно повеќе, а така и работникот. Кавгата околу поделбата беше непомирлива. Сѐ додека постоеше капиталистичкиот систем на производство, работникот и капиталистот не престануваа да се расправаат околу поделбата на заедничкиот производ. Нам тоа ни е смешно, но не смееме да заборавиме дека сме седум векови понапред од оние кои живееле во тоа време.
[57] Неколку години пред ова, Теодор Рузвелт, претседател на САД, ја даде следнава изјава; „Потребно е полиберална и пообемна заемност при купувањето и продавањето на добрата, за да може вишокот од производите на САД задолжително да се пласираат во странство”. „Се разбира, овој вишок од производите што го споменува тој е всушност заработувачката на капиталистичкиот систем што ги минува границите на потрошувачката моќ на капиталистите. Во тоа време, сенаторот Марк Хана рече: „Производството на добра во САД годишно е поголема од потрошувачката за една третина”. И сенаторот Ченси Дипју рече: „Американскиот народ годишно произведува две милијарди повеќе одошто троши”.
[58] Карл Маркс — голем духовен херој на социјализмот; германски Евреин од деветнаесеттиот век. Современик на Џон Стјуарт Мил. Ни се чини неверојатно што цели генерации светски признати мислители и научници го исмејувале од објавувањето на неговите откритија на полето на економијата. Поради своите откритија тој и беше протеран од татковината и умре во прогонство, во Англија.
[59] Најрано позната употреба на овој збор за означување на олигархијата.
[60] Оваа општествена поделба на Еверхард е во согласност со онаа на Лисјен Сејниел, еден од статистичарските стручњаци од тоа време. Тој, според пописот на населението во САД од 1900 година, вака го пресметал бројот на членовите на овие класи според нивните професии: плутократи: 250.251; средна класа: 8.429.845; пролетаријат: 20.393.137.
[61] Уште во 1907 година се сметаше дека со земјата владеат единаесет групи, но овој број се смали со слевањето на пет железнички групи во едно врховно здружение на сите железници. Овие пет групи, вака здружени, заедно со своите финансиски и политички сојузници, беа: 1. Џемс Ј. Хил, со својата контрола на северозапад; 2. пенсилванската железничка група, финансискиот директор Шиф, со големите банкарски фирми во Филаделфија и Њујорк; 3. Хариман, со советникот Фрик и политичкиот советник Одел, контролирајќи ги централните континентални, југозападни и транспортните линии на јужниот тихоокеански брег; 4. железничката интересна група на семејството Гаулд; 5. Мор, Рејд и Лидс, познати како „Групата на Рок-Ајленд”. Овие моќни олигарси никнаа од судирот на конкуренцијата и појдоа по неизбежниот пат на здружувањето.
[62] Лоби — посебна институција за подмитување, заплашување и корумпирање на законодавците, за кои се претпоставувало дека ги застапуваат интересите на народот.
[63] Десет години пред овој говор на Еверхард, Њујоршката трговска комора објави извештај од кој го цитираме следново: „Железниците апсолутно го контролираат законодавството во повеќето федерални држави на унијата; тие ги поставуваат и ги симнуваат сенаторите, пратениците, гувернерите во САД и практично ја диктираат политиката на владата на САД.”
[64] Рокфелер почна како пролетер а со добро економизирање и спретност успеа да го создаде првиот совршен труст, Стандард Оил. Мораме да ги изнесеме следниве страници од историјата на она време за да покажеме како потребата за плacиpaњe на вишоците на Стандард Оил ги уништи ситните капиталисти и го забрза падот на капиталистичкиот систем. Дејвид Греам Филипс беше радикален писател од она време. Овој негов цитат е земен од еден број на „Сатерди Ивнинг Пост”, од 4 октомври 1902 година. Ова е единствен примерок од оваа публикација што е зачуван до денеска; па сепак, според неговиот изглед и содржината, може да се заклучи дека таа беше една од популарните периодични публикации со голем тираж. Еве го цитатот: „Еден истакнат стручњак, пред десет години, приходот на Рокфелер го проценил на триесет милиони долари годишно. Тој ја достигна границата на рентабилната инвестиција на заработувачката во петролејската индустрија. Така, значи, тие огромни суми готова пара — повеќе од два милиона долари месечно — му паѓаа само на Џон Девисон Рокфелер. Проблемот како повторно да се инвестира оваа сума пapи стануваше сѐ посериозен и просто се претвори во кошмар. Приходите од петролејот сѐ повеќе растеа, а бројот на здравите инвестиции беше ограничен, дури поограничен од денеска. И така Рокфелерови, не од некоја посебна желба за поголема печалба, почнаа да се разгрануваат и на други полиња. На тоа биле присилени поради новиот прилив на богатство што овој монополски магнет незапирливо го привлекуваше. Формираа штаб за истражување и барање на можности за инвестирање. Велат дека шефот на овој штаб има годишна плата од сто дваесет и пет илјади долари.
Првото очигледно скршнување на Рокфелерови и нивниот интерес за друга област беше железничкиот сообраќај. Во 1895 година тие контролираа една петина од железничката мрежа во државата. А што поседуваат или контролираат денеска? Ја имаат власта над сите големи железници на Њyjopк, на север, исток, запад, освен над една во која учествуваат само со неколку милиони. Тие учествуваат и во повеќето големи железници што поаѓаат од Чикаго. Доминираат во неколку системи што се протегаат до Тихиот Океан, она што господин Морган го прави така моќен, се нивните гласови, иако може да се рече дека ним повеќе им е потребен неговиот мозок одошто нему нивните гласови — засега, а оваа комбинација главно ја сочинува „заедницата на интереси”.
Но caмo железниците не можеа доволно брзо да го апсорбираат ова изобилно злато. Набргу, дотогашните два и пoл милиони долари месечно на Џон Д. Рокфелер се зголемија на четири, пет, шест милиони долари месечно, седумдесет и пет милиони долари годишно. Петролејот за осветлување сиот се претвораше во печалба. Повторното инвестирање на приходот придонесе за создавање многу милиони годишно.
Рокфелерови навлегоа и во индустријата на плин и во електро-производството кога овие гранки се развија толку за да можат да обезбедуваат сигурна инвестиција. И сега, голем дел од американскиот народ мopa да почне да ги збогатува Рокфелерови секоја вечер, штом ќе зајде сонцето, употребувајќи било какво средство за осветлување. Рокфелерови ги зедоа во свои раце и земјишните хипотеки. Се раскажува дека Џон Рокфелер, само што не се расплакал кога поволните услови пред неколку години им овозможиле на фармерите да се ослободат од хипотеките, зашто осум милиони долари за кои мислеле дека убаво ги сместиле, обезбедувајќи добар интерес за низа години, одеднаш повторно се најдоа на неговиот праг, врескајќи и барајќи нов дом. Овој неочекуван додаток кон неговите грижи како да најде место за потомството на својот петролеј, и за потомството на потомството, беше премногу за спокојството на човек со слаб стомак...
Рокфелерови се заинтересираа и за рудниците — на железо, јаглен, бакар и олово; за другите индустриски компании; за трамвајскиот сообраќај; за националните, државните и покраинските заеми; за бродарството и телеграфијата; за недвижните имоти; за облакодерите, становите, хотелите и деловните згради; за осигурителните заводи; за банките. Буквално, не постоеше индустриска гранка во која не дејствуваа нивните милиони.
Рокфелеровата банка — Националната градска банка — е сама по себе најголемата банка во САД. Од неа се поголеми само англиската и француската банка. Дневните депозити изнесуваат просечно повеќе од сто милиони долари; таа раководи со безроковните заеми во Вол Стрит и со берзата на акции. Но таа не е сама; таа е главата на еден цел синџир Рокфелерови банки, синџир од четиринаесет банки и трустовски компании во Њyjopк и банки со голема сила и влијание во секој голем паричен центар во земјата.
Џон Рокфелер поседува акции на Стандард Оил во вредност од четири до пет милиони според пазарниот курс. Има околу сто милиони долари во Челичниот труст и речиси исто толку само во еден единствен железнички систем, половина од таа сума во друг систем, и така натаму, и така натаму, додека човека не го заболи главата од пресметување. Неговиот приход од минатата година изнесуваше околу сто милиони долари. — Прашање е дали приходите на сите Ротшилди заедно изнесуваат повеќе. А приходот му се зголемува со џиновски чекори.