Џек Лондон
Железната петица

Глава V

Желници за ука


Ернест нѐ посетуваше често. Не само заради татко ми или пак заради вечерите што минуваа во полемики. Веќе во тоа време си ласкав дека, на некој начин, јас сум причината за неговите посети, а не мина долго кога се убедив во точноста на оваа моја претпоставка. Зашто никогаш не постоел љубовник како Ернест Еверхард! Неговиот поглед и стегањето на раката станаа уште поцврсти и посигурни, ако тоа беше воопшто можно, а прашањето, што уште од почетокот му се читаше во неговите очи, сега стана само позаповедничко.

Впечатокот што ми го остави Ернест кога го видов првпат, не беше позитивен. Потоа почувствував дека тој ме привлекува. Следеше мојата одбивност спрема него — тогаш кога онака дивјачки ме нападна мене и мојата класа. Потоа, откако се убедив дека тој не ја потценуваше мојата класа и дека сите груби и жестоки работи што ги кажа за неа се оправдани, почнав сѐ повеќе да го чувствувам близок. Тој стана мој пророк и мудрец. За мене, тој ја симна маската од лицето на општеството и ми ги покажа светулките на стварноста што беа исто толку непријатни и несомнено вистинити.

Како што веќе реков, немаше љубовник како него. Невозможно е девојка од дваесет и четири години која живее во еден универзитетски град да нема никакво љубовно искуство. Ми се додворувале голобради студенти, професори со побелени коси, атлети и фудбалски делии. Но никој не ми се додворуваше како Ернест. Ме прегрнуваше пред да сум свесна за тоа. Неговите усни ќе се најдеа на моите пред да успеам да се побунам или да му се опрам. Пред неговата ревност, вообичаеното моминско достоинство беше смешно. Ме крена како величествен и несопирлив виор. Тој не ме побара за жена. Ме прегрна, ме бакна и, здраво за готово, сметаше дека ние треба да се венчаме. Немаше никаков разговор околу тоа. Единствениот разговор — а тоа беше подоцна — се водеше околу времето на нашето венчавање.

Тоа беше нешто единствено, ново за мене. Невистинито. Па сепак, според Ернестовата проба на вистината, тоа дејствуваше. Му го доверив својот живот. Доверување што значеше среќа за мене. Но и покрај тоа, во текот на првите денови на нашата љубов, честопати ме опфаќаше страв од иднината кога ќе помислев на жестокоста и на наглоста на неговото додворување. Но таквите страхувања беа неосновани. Ниедна жена никогаш не била благословена со поблагороден и понежен сопруг. Оваа негова благородност и жестокост беа чудна мешавина, слична на онаа мешавина на неспретност и непринуденост во неговото држење. Таа незначителна неспретност! Никогаш не успеа да ја совлада и таа беше нешто толку прекрасно. Неговото држење во нашиот приемен салон ме потсеќаше на држењето на внимателниот бик во продавницата за порцелански предмети.[36]

Во тоа време исчезна моето последно сомневање во потполноста на мојата љубов спрема него (потсвесно сомневање, се разбира). Тоа беше во клубот „Желници за ука”, една прекрасна бојна ноќ, кога Ернест смело ги потегна за брадите газдите во нивното сопствено дувло. Во тоа време овој клуб беше најодбраниот клуб на брегот на Тихиот Океан. Го имаше основано госпоѓицата Брентвуд, баснословно богата стара мома и за неа тој клуб значеше и сопруг, и семејство, и играчка. Негови членови беа најбогатите луѓе во општеството, духовно најсилните од богатите и, се разбира, и понекој научник, за клубот да има извесна интелектуална боја.

Клубот немаше свои простории. Тој не беше од тој тип клубови. Еднаш месечно неговите членови се собираа во некоја приватна куќа за да чујат по некое предавање. Предавачите обично, иако не секогаш, беа платени. На пример, ако некој хемичар во Њујорк дошол до некакво ново откритие, да речеме во областа на радиумот, нему му се плаќаа сите патни трошоци преку континентот, а за времето што ќе го изгубеше, добиваше голем бакшиш. Taкa се постапуваше и со поларните истражувачи кога ќе се вратеа оттаму, или со писателите и уметниците кои имале успех во последно време. На нечленовите на клубот пристапот им беше забранет, а политиката на клубот беше да се забранува објавувањето во печатот на било која од нивните дискусии. Така и големи државници — а такви прилики имаше често — можеа да зборуваат отворено што мислат.

Отворам пред себе едно стуткано писмо што Ернест ми го напиша пред дваесет години и од него ги препишувам овие редови:

„Татко ти е член на филоматскиот клуб, па така и ти ќе можеш да дојдеш. Затоа дојди следниот вторник навечер. Ти ветувам дека ќе си поминеш како никогаш во својот живот. Ти не успеа да го растресеш она газдинското во оние со кои се сретна неодамна. Ако дојдеш, јас ќе го сторам тоа наместо тебе. Ќе ги натерам да завиваат како волци. Ти го испитуваше само нивниот морал. А кога се испитува нивниот морал, тие само стануваат уште посамозадоволни и посупериорни. Но јас ќе ги удрам по џебот. Тоа ќе ги растресе до корен нивните примитивни природи. Ако можеш да дојдеш, ќе видиш пештерски луѓе во вечерна тоалета, како 'ржат и штракаат со забите околу една коска. Ти ветувам извонредно мјаукање, а така ќе ја осознаеш природата на ѕверот.

„Ме поканија за да ме распарчат. Тоа е идеја на госпоѓицата Брентвуд. Тоа таа неспретно ми го навести кога ме покани. Таа и порано им приредувала такви забави. Уживаат кога ќе им паднат во канџите такви, полни со доверба и благородни реформатори. Госпоѓицата Брентвуд мисли дека сум кроток како маченце, а добродушен и будалест како крава. Не порекнувам дека јас, всушност, помогнав да стекне таков впечаток за мене. Во почетокот беше многу претпазлива, додека не увиде дека сум безопасен. Ќе добијам убав бакшиш — двесте и педесет долари — како што и заслужува човек кој, иако радикал, некогаш се кандидирал за гувернер. Исто така, таа вечер ќе бидам во фрак. Тоа е задолжително. Никогаш во својот живот не сум се облекол така. Претпоставувам дека ќе морам однекаде да позајмам фрак. Но, би сторил и повеќе, само и само да добијам шанса да влезам во клубот.”

Од сите куќи, членовите на клубот избраа таа вечер да се соберат во куќата на Пертонвејтови. Во големиот приемен салон беа донесени повеќе столови, а сѐ на сѐ мораше да има околу двесте желници за ука кои испоседнаа за да го чујат Ернест. Тие беа во вистинската смисла на зборот господари на општеството. Се забавував пресметувајќи си го во себе сето нивно богатство, а тоа изнесуваше стотици милиони. А сопствениците на тие милиони не беа од оние богаташи-безделници. Тие беа деловни луѓе кои активно учествуваа во индустрискиот и во политичкиот живот.

Сите седевме кога госпоѓицата Брентвуд го воведе Ернест. Веднаш се упатија накај горниот крај на салонот од каде што тој требаше да зборува. Беше облечен во фрак и изгледаше величествено со оние широки плеќи и со кралевската глава. И онаа одвај забележителна и непогрешлива доза на неспретност во неговите движења. Речиси помислив дека би можела да го сакам само заради таа негова неспретност. И додека го гледав, чувствував дека сум неизмерно радосна. Повторно го почувствував пулсот на неговата дланка врз мојата, допирот на неговите усни. Почувствував таква гордост што ми доаѓаше да станам и пред сите да викнам: „Тој е мој!” Ме држеше во своите раце и јас, само јас, му го исполнував духот до тој степен што му ги истиснував сите неброени и величествени мисли.

Во горниот крај на салонот, госпоѓицата Брентвуд му го претставуваше Ернест на адвокатот Ван Џилберт и веднаш знаев дека овој вториов ќе претседава таа вечер. Господин Ван Џилберт беше познат корпорациски адвокат. Освен тоа, беше фантастично богат. Најмалата награда што доаѓаше предвид за него беше сто илјади долари. Беше газда на законот. Со законот си поигруваше како со марионета. Го моделираше, небаре беше од глина, го превртуваше, сукаше, прередуваше небаре беше кинеска загадочна играчка и го оформуваше како што сакаше тој. По својата појава и по говорот беше старомоден, но по фантазијата, знаењето и по досетливоста беше млад како најнова законска одредба. Првпат се прочу когa го собори Шедвеловиот тестамент.[37] Наградата што ја доби за тоа единствено дело беше петстотини илјади долари. Оттогаш почна да се издига со брзина на ракета. Честопати го нарекуваа најголемиот адвокат во земјата — се разбира, корпорациски адвокат, а ако би се избирале тројца најголеми адвокати во Соединетите Држави, сигурно не би отпаднал од изборот.

Тој стана и со неколку добро избрани фрази во кои се чувствуваше придушена иронија, почна да го претставува Ернест. При претставувањето, господин Џилберт одвај забележително се шегуваше на сметка на овој социјален реформатор и припадник на работничката класа, а слушателите се насмевнуваа. Тоа ме налути и јас го погледнав Ернест. Тоа уште повеќе ме налути. Не се чинеше дека се навредува од овие вешто смислени омаловажувања. Што беше уште полошо, се чинеше дека воопшто не беше свесен за нив. Седеше таму отмено, тапо и дремливо. Навистина, изгледаше како некаков глупак. И за момент низ глава ми прелета мислата: Што ако се беше преплашил од сиот овој импозантен собир на моќ и мозоци? Потоа се насмевнав. Тој не можеше да ме прелаже. Но ги прелажуваше другите токму онака како што ја беше прелажал госпоѓицата Брентвуд. Седеше на една столица сосема напред и туку се свртуваше ту накај еден, ту накај друг од своите колеги, насмевнувајќи се и одобрувајќи ги забелешките.

Адвокатот Ван Џилберт заврши, а Ернест стана и почна да зборува. Почна тивко, подзастанувајќи и скромно, со израз на очигледна збунетост. Зборуваше за своето потекло од работничко семејство, за тегобноста и бедата на својата средина, каде што и телото и душата еднакво се измачуваат, ги опиша своите амбиции и идеали, и своите претстави за рајот во кој живеат луѓето од повисоките класи:

„Над мене, знаев, постои несебичен дух, чиста и благородна мисла, длабок интелектуален живот. Сето ова го знаев зашто ги читав романите од серијата ‘Сисајд Лајбрери’,[38] во кои сите мажи и жени, со исклучок на никаквеците и авантуристите, се исполнети со убави мисли, говорат со убав јазик и прават славни дела. Накусо, како што верував во постоењето на изгревот на сонцето, така верував дека над мене е сето она што е убаво и благородно, и мило, сето она што на животот му дава пристојност и достоинственост, сето она што го чини животот достоен да се живее и што го наградува човека за сиот негов труд и беда.”

Потоа продолжи опишувајќи го својот живот по фабриките, изучувањето на налбатскиот занает и средбата со социјалистите. Меѓу нив, рече, наишол на остри умови и блескави духови, апостоли на еванѓелието кои биле отфрлени зашто нивното христијанство било прешироко за друштвото на мамоновите обожаватели и за професорите кои ги беше здробило тркалото на универзитетската потчинетост пред владејачката класа. Социјалистите беа револуционери, рече, кои се бореа да го срушат денешното неразумно општество и од тој материјал да изградат разумно општество на иднината. И уште многу нешто рече за кое ќе ми треба многу време за да го напишам, но никогаш нема да заборавам како го опиша животот меѓу револуционерите. Исчезна секакво подзастанување во неговото зборување. Гласот му стана силен и сигурен, а му се разгоруваше како што се разгоруваше и самиот тој и како што му се разгоруваа мислите што се сипеа од него. Тој рече:

„Меѓу револуционерите исто така открив и огнена верба во човековиот страстен идеализам во сладоста да се биде несебичен, во одрекувањето и мачеништвото — сите величествени и, достојни да бидат воспеани, својства на духот. Тука животот беше чист, благороден, живот што течеше. Доаѓав во допир со големи умови кои телото и духот го издигаа над доларот и на кои одвај чујниот плач на изгладнетото дете во сиромашниот кварт им значеше многу повеќе одошто сиот сјај и церемонијалноста на трговската експанзија и светската империја. Насекаде околу мене владееше благородство на целите, хероизмот на напорите и сите мои денови и ноќи беа исполнети со топлината на сонцето и со светлината на ѕвездитe, со оган и со роса, а пред моите очи стоеше вечно горејќи и блескајќи Светиот пехар, сопствениот Христов пехар, човекот низ кој тече топла крв, страдалник и маченик, но кој на крајот ќе биде избавен и спасен.”

Како што порано го видов преобразен, така и ceгa стоеше пред мене преобразен. Лицето мy светеше од она божественото во него, а уште повеќе му сјаеја очите сред блескотот што се чинеше дека го обвиткува како плашт. Но другите не го гледаа тој блескот, а јас заклучив дека солзите радосници и солзите на љубов беа виновни што ми се матеше погледот. Во секој случај, господин Виксон седеше зад мене, трогнат од нешто зашто го слушнав како гласно се потсмевна: „Утопист!”[39]

Ернест продолжи да раскажува за својот подем во општеството, што на крајот го довел во допир со повисоките класи, застанувајки рамо до рамо со луѓе на високи општествени положби. Потоа дошло до разочарување, а ова разочарување го раскажа со зборови што не им ласкаа многу на неговите слушатели. Бил разочаран од обичноста на тие луѓе. Животот се покажал не толку убав и не толку блажен. Бил вчудовиден од себичноста на која наишол, а она што го изненадило уште повеќе било потполното отсуство на интелектуален живот. Сѐ уште свеж од престојот меѓу револуционерите, бил потресен од духовната сиромаштија на владејачката класа. А потоа се уверил дека и покрај нивните грандиозни цркви и добро платени проповедници, господарите, мажи и жени се прости материјалисти. Вистина е дека брбореле за некакви слатки мали идеали, за некаков сладок, драг морал, но и покрај сето нивно брборење, животот што го живеат тие е, пред сѐ, материјалистички. И тие беа без вистински морал — на пример, без оној морал што го проповедал Христос, но кој повеќе не се проповеда.

„Сретнав луѓе”, рече тој, „кои во своите антимилитаристички говори се повикуваа на богот на мирот, а истовремено им даваа пушки на своите платеници да пукаат на штрајкувачите во нивните сопствени фабрики. Среќавав луѓе, кои, онака, без врска, се бунтуваа против бруталноста на платеното борење, а кои, во исто време учествуваа во фалсификувањето храна од која секоја година умираа повеќе деца одошто убил крвавиот Ирод.

„Еден господин, отмен и со аристократски црти, беше божем директор и маша во рацете на корпорациите што ги пљачкаа кришум вдовиците и сираците. Друг еден господин, колекционер на луксузни изданија и заштитник на книжевноста, го подмитуваше шефот на општинскиот апарат, човек со голем подбрадок и смуртен поглед. Трет, пак, еден уредник, кој издаваше огласи за патентирани лекови, ме нарече подол демагог зашто сум се осмелил во неговиот весник да ја отпечатам вистината за патентираните лекови.[40] Четвртиот човек, кој зборуваше трезвено и сериозно за убавините на идеализмот и божјата добрина, тукушто ги изневери своите ортаци во еден деловен потфат. Еден пак друг човек, столб на црквата и голем добротвор на странските мисии, ги тераше девојките, вработени во неговата продавница, да работат и по десет часови за плата од која одвај можеа да се прехранат и на тој начин непосредно ја поттикнуваше проституцијата. Шести човек, кој ги дотираше универзитетските фотелји и подигнуваше грандиозни капели, за долари и центи лажно се заколнуваше по судовите. Еден железнички магнат го прекрши својот збор и како господин и како христијанин кришум одобрувајќи попуст, и тоа не еднаш. Еден сенатор, пак, беше маша, и роб, и марионета на еден суров, необразован шеф на политичкиот апарат,[41] и овој сенатор, и оној гувернер, и оној врховен судија и сите тројца користеа бесплатен железнички превоз; а оној влијателен капиталист раководеше со сиот политички апарат и со шефот на тој политички апарат, и со железниците што ги издаваа бесплатните карти.

И така се случи, наместо во рајот, да се најдам во бесплодната пустина на комерцијализмот. Открив само глупавост, освен во деловните потфати. Не сретнав чист човек, човек благороден, полн со живот, но сретнав многумина полни со гнилеж. Она што го открив беше монструозната себичност и свирепости, грубиот, алчниот, вештиот и практичниот материјализам.”

Ернест им кажа уште многу работи за нив самите како и за своето разочарување. Интелектуално тие му биле досадни; морално и духовно му се смачувало од нив; и така сиот радосен им се вратил на своите револуционери, кои беа и чисти, и благородни, и полни со живот и со сето она што не беа капиталистите.

„А сега”, рече тој, „дозволете ми да ви кажам нешто и за револуцијата.”

Но, прво, морам да ви кажам дека неговата остра критика воопшто не ги трогна. Погледнав околу себе по нивните лица и видов дека останале самозадоволни супериорни кон она за кое тој ги обвинуваше. И се сетив што ми рече тој: дека нив не може да ги потресе никакво обвинение за нивниот морал. Меѓутоа забележав дека смелоста на неговиот јазик влијаеше на госпоѓицата Брентвуд. Изгледаше загрижена и исплашена.

Ернест почна да ја опишува армијата револуционери, а кога почна да зборува за нивната бројна сила (за гласовите што ги добиваа во разни земји), присутните почнаа да се вознемируваат. На лицата им се читаше загриженост, а усните почнаа да им се стегаат. На крајот, тие беа предизвикани на двобој. Ернест ја опиша меѓународната организација на социјалистите што ги обединува милион и половината социјалисти во Соединетите Држави со дваест и три и половината социјалисти во останатиот дел на светот”.

„Една таква силна армија револуционери,“ рече тој, „од дваесет и пет милиони е нешто што ги тера владејачките класи да подзастанат и да се позамислат. Воинствениот повик на оваа армија е: Нема милост! Ние сакаме сѐ што поседувате вие. Со ништо нема да се задоволиме, освен со она што го поседувате вие. Ги сакаме во своите раце уздите на власта и на судбината на човештвото. Еве ги нашите раце. Тоа се силни раце. Ќе ви ги одземеме владите, палатите и сето ваше крваво удопство и во тој ден ќе морате да работите за својот леб исто ако што работи селанецот в поле или оној изгладнет и спечен чиновник во вашите метрополи. Еве ги нашите paцe. Тоа се силни раце!“

И додека го зборуваше тоа, ги пружи од своите прекрасни рамена двете раце, две наблатски раце, што фаќаат по воздухот како орловски канџи. Онака како што стоеше таму, изгледаше како дух на трудот што дошол на власт, со рацете подадени за да ги раскине и за да ги здроби своите слушатели. Забележав кај нив одвај видливо потреперување пред оваа слика на револуцијата. Вистината, можна и заканувачка. Поточно, затреперија жените, а на лицата им се читаше страв. Мажите не. Тие беа активни богаташи, а не безделници, и беа борци. Тивок, грлен татнеж се крена, се рашири за момент низ воздухот, а потоа престана. Овој татнеж беше предвесник на она 'ржење што го слушав многупати таа вечер — 'ржење како знак на она животинското во човекот, најсериозната од сите негови исконски страсти. А тие не беа свесни дека го испуштаат тој звук. Тоа беше 'ржење на цела глутница, 'ржење што излегуваше од нивните усти без да се свесни тие за тоа. И во тој момент, кога ја видов суровоста на нивните лица, сфатив дека тие не ќе дозволат така лесно да им се истргне од рацете власта над светот.

Ернест продолжи да ги напаѓа. Зборуваше за постоењето на милион и половина револуционери во Соединетите Држави обвинувајќи ја капиталистичката класа дека лошо го управувала општеството. Накусо ги опиша економските услови на пештерскиот човек и на денешните примитивни народи, укажувајќи на фактот дека тие немале ниту алати ниту машини; туку само природна способност да произведуваат сила. Потоа даде приказ на развојот на машините и на општествената организација истакнувајќи дека продуктивната моќ на денешниот цивилизиран човек е илјадапати поголема од онаа на првобитниот.

„Петмина,” рече тој, „може да произведат леб за илјада луѓе. Еден човек може да произведе памучна ткаенинa за двесте и педесет луѓе, волнена за триста, и чизми и чевли за илјада. Од ова би заклучил дека во услови на вешто управување со општеството, современиот цивилизиран човек би требало да живее и многу подобро одошто пештерскиот човек. Но дали е така? Да видиме. Во Соединетите Држави денеска петнаесет милиони луѓе живеат во беда;[42] а под беда се подразбираат таквите услови за живот во кои, како резултат на недостиг на храна и пристојно прибежиште, не може да се одржува дури ни нормалната работна способност. Во Соединетите Држави денеска, и покрај сето наше таканаречено трудово законодавство, има три милиони деца-работници.[43] За дванаесет години нивниот број станал двапати поголем. А патем сакам да ве прашам, вас управувачите со општеството, зошто не ги објавивте резултатите од пописот од 1910-та? И ќе одговорам наместо вас: се плашевте. Бројките на сиромаштијата ќе ја забрзаа револуцијата што се подготвува дури сега.

„Но да се вратам на своето обвинение: Ако продуктивната моќ е илјадапати поголема од онаа на пештерскиот човек зашто тогаш денес во Соединетите Држави има петнаесет милиони луѓе беа пристојно прибежиште и пристојна храна? Зошто тогаш денес во Соединетите Држави има три милиони деца работници? Ова е вистинско обвинување. Капиталистичката класа лошо управувала. Пред фактот дека современиот човек живее помизерно од пештерскиот човек и покрај тоа што неговата продуктивна моќ е илјадапати поголема од онаа на пештерскиот човек, единствен можен заклучок е дека капиталистичката класа лошо управувала, дека вие, господа мои сте управувале лошо злосторнички и себично. И на оваа ставка од моето обвинување вие не можете вечерва да ми одговорите, очи в очи, како што не може да му одговори целата ваша класа на оној милион и половина револуционери во Соединетите Држави. Не можете да ми одговорите. И уште повеќе, се осмелувам сега да ви кажам дека и кога ќе завршам, вие нема да одговорите. По ова прашање јазикот ќе ви се врзе, иако зборувате прилично опширно за други работи.

„Вашето управување не успеа. Цивилизацијата ја претворивте во кланица. Бевте слепи и алчни. Станувавте бесрамно (како што и денеска станувате) во нашите законодавни собранија и изјавувате дека не може да се профитира без детскиот и бебешкиот труд. Не мора мене да ми верувате. Сето ова се наоѓа во записниците против вас. Својата совест ја приспивавте брборејќи ѝ слатки идеали и драги морални начела. Сте се здебелиле од власта и богатството, пијани сте од успехот, а вашата надеж дека ќе нѐ победите е исто толкава колку и надежта на трутовите, начичкани околу кошниците со мед, кога пчелите-работнички јурнуваат кон нив за да му стават крај на нивното живеење во изобилство. Вашето управување со општеството не успеа и тоа управување ќе ви се одземе. Тоа е револуцијата, господа мои. Запрете ја, ако можете.”

Гласот на Ернест уште извесно време одѕвонуваше низ салонот. Потоа се крена оној грлен татнеж што веќе го бев чула, а дванаесетина станаа на нозе бучно барајќи збор од адвокатот Ван Џилберт. Забележав како рамената на госпоѓицата Брентвуд грчовито ѝ се креваа и спуштаа, и за момент се налутив, зашто помислив дека му се смее на Ернеста. И, тогаш сфатив дека тоа не беше смеа, туку напад на хистерија. Беше стаписана од она што го сторила внесувајќи борина во своето светилиште — клубот на филоматите.

Адвокатот Ван Џилберт не ги забележуваше оние дванаесетина, со лица искривени од гнев, како се борат да добијат дозвола за збор. И самиот во лицето беше искривен од гнев. Скокна на нозе, мавтајќи со рацете и за момент беше во состојба да испушта само некакви неартикулисани звукови. А потоа од неговата уста потече цел говор. Но тоа не беше говор на еден адвокат кој чинеше сто илјади долари, ниту пак тоа беше старомоден говор.

„Заблуда до заблуда!” вика тој. „Никогаш во својот живот не сум чул да се кажат толку многу заблуди за ден единствен час. А, освен тоа, момче, мора да ви кажам вие не рековте ништо ново. Сето тоа сум го чул во гимназијата уште пред да се родите. Жан Жак Русо ја изнел вашата социјалистичка теорија речиси пред два века. Враќање кон природата! Навистина! Пресврт! Нашата биологија ни ја покажува сета бесмислица на таа теорија. Вистина е кога луѓето велат: варди се од оној што знае малку, а вие тоа вечерва го потврдивте со вашите луди теории. Заблуда до заблуда! Никогаш во животот не ми се згадило од толкав куп заблуди. Вашите незрели заклучоци и детински расудувања не заслужуваат толку внимание!”

Пукна презриво со прстите и се спреми да седне. Жените одвај чујно извикуваа во знак на одобрување, а мажите потврдуваа со зарипнати гласови. Што се однесува до оние дванаесетмина бучно бараа збор, половина од нив почнаа уште веднаш да зборуваат. Настана неред и врева што не можеше да се опише. Во пространиот салон на гостите Пергонвејт никогаш не беше видена таква глетка. Ова, значи, беа ладнокрвните индустриски водичи и господари на општеството, овие дивјаци во вечерна тоалета што 'ржеа и завиваа. И, навистина, Ернест ги растресе кога посегна по нивните џебови со рацете што пред нивните очи се чинеа како рацете на оној милион и половина револуционери.

Но Ернест воопшто не ја губеше главата во таквите моменти. Пред адвокатот Ван Џилберт да успее да седне, Ернест беше на нозе и јурна напред.

„Еден по еден,” им згрме.

Гласот му излезе од неговите широки гради и ја надвладеа човечката бура. Со сета сила на својата личност тој заповеда тишина.

„Еден по еден,” повтори благо. „Дозволете да му одговорам на адвокатот Ван Џилберт. Дури потоа можете да навалите на мене, но запомнете, еден по еден. Никакво групно истапување. Ова не е фудбалско игралиште.”

„Што се однесува до вас,” продолжи свртувајќи се накај господинот Ван Џилберт, „не одговоривте на ништо што реков. Вие изнесовте само неколку гневни и догматски тврдења за моите духовни способности. Тоа може да ви послужи во вашите деловни потфати, но со мене не може така да се зборува. Не сум работник кој, со капата в раце, ве моли да му ја зголемите дневницата или да го заштитите од машината на која што работи. Кога имате работа со мене, не можете да зборувате догматски за вистината. Завардете си го тоа кога ќе имате работа со вашите најмени робови. Tиe нема да се осмелат да ви се спротивстават зашто им го држите лебот.

„А колку за она враќање кон природата за кое рековте дека сте учеле во гимназијата уште пред јас да се родам, дозволете ми да ви укажам на тоа дека уште веднаш е јасно дека со тој период не сте можеле да научите ништо. Социјализмот има врска со првобитната природна состојба исто толку колку и диференцијалната равенка со часот по веронаука. Реков дека вашата класа е глупава кога не се во прашање нејзините деловни потфати. Вие, господине, прекрасно го илустрирате тоа мое тврдење.”

Ова ужасно шибање по адвокатот на госпоѓицата Брентвуд кој чинеше сто илјади долари беше премногу за нејзините нерви. Нејзината хистерија се засили жестоко и, за да ѝ помогнат, ја изнесоа од салонот, сета смеејќи се и плачејќи. Тоа беше добро, зашто потоа дојде до полошо.

„Не морате да им верувате на моите зборови”, продолжи Ернест откако заврши паузата. „Вашите сопствени авторитети едногласно ќе докажат дека сте глупави. Вашите сопствени набавувачи на знаење ќе ви кажат дека не сте во право. Одете кај својот најпонизен ситен асистент по социологија и прашајте го во што е разликата меѓу теоријата на Русо за враќањето кон природата и теоријата на социјализмот; прашајте ги и вашите најголеми ортодоксни буржоаски политички економисти и социолози; побарајте одговор на тоа прашање низ страниците на секој учебник по тој предмет што стои врз полиците на библиотеките што ги финансирате вие — и од секаде ќе добиете одговор дека меѓу враќањето кон природата и социјализмот нема ништо заедничко. Од друга страна, пак, едногласниот потврден одговор ќе гласи дека враќањето кон природата и социјализмот се дијаметрално спротивни. Како што ви реков, не морате да им верувате на моите зборови. Вашата глупавост е запишана онаму, во книгите, во вашите сопствени книги што никогаш не сте ги читале. А што се однесува до вашата глупавост, вие сте пример за својата класа.

„Вие го знаете законот и деловните потфати, господине Ван Џилберт. Вие знаете како да им служите на корпорациите и да ги зголемувате дивидендите искривувајќи го законот. Многу добро. Останете на тоа. Вие сте многу влијателна личност! Вие сте многу добар адвокат, но сте слаб историчар, не знаете ништо од социологија, а во биологијата сте му современик на Плини”.

При овие зборови адвокатот Ван Џилберт сиот се свитка во фотелјата. Во салонот владееше совршена тишина. Сите седеа небаре маѓосани; парализирани, би рекла. Таквото постапување со големиот адвокат Ван Џилберт беше нечуено, ни насон видено, неможно, неверојатно — големиот адвокат пред кого судиите трепереа, кога ќе станеше да зборува во судницата. Но Ернест беше секогаш безмилосен спрема својот непријател.

„Ова, се разбира, не е никаков прекор упатен кон вас”, рече Ернест. „Секој нека си го гледа занаетот. Вие само гледајте си го својот занает, а јас ќе си го гледам мојот. Вие сте специјалист. Кога ќе дојде до тоа кој колку го знае законот, или како најдобро да се изигра законот, или како да се направи нов закон во полза на лоповските корпорации, јас сум сосема под вас. Но кога е во прашање социологијата — мојот занает — е тогаш, вие сте под мене. Запомнете го тоа. Запомнете, исто така, дека законот е нешто што трае само еден ден и дека вие сте способен не повеќе од еден ден. Затоа и вашите догматски тврдења и нагли заклучоци за историските и социолошките појави не заслужуваат да си го трошите здивот за нив”.

Ернест застана за момент и го посматраше замислено, забележувајќи го неговото смуртено и искривено од гнев лице, неговите забревтани гради, неговата згрчена снага и неговите нежни, бели раце што постојано нервозно ги стегаше и ги отпушташе.

„Но, се чини, имате доволно здив да го трошите и јас ќе ви дадам шанса да го потрошите. Ја обвинив вашата класа. Покажете ми дека моето обвинение е погрешно. Ви укажав на бедата на современиот човек — три милиони деца-робови во Соединетите Држави, без чиј труд печалбата би била неможна, и петнаесет милиони ненајадени, необлечени луѓе начичкани по лоши станови. Ви укажав дека продуктивната моќ на современиот човек, благодарејќи на општествената организација и примената на машината, е илјадапати поголема од онаа на пештерскиот човек. И изјавив дека од овие два факта единствен можен заклучок е тој дека капиталистичката класа лошо управувала. Ова беше моето обвинение и јас на крајот ве повикав да ми одговорите. Не, сторив и нешто повеќе. Прореков дека нема да ми одговорите. Останува вашиот здив да го здроби моето пророштво. Мојот говор го нарековте заблуда. Покажете, господине Ван Џилберт, во што е заблудата. Одговорете на обвинението што го покренавме јас и моите милион и половина другари против вашата класа“.

Адвокатот Ван Џилберт coceмa заборави дека претседава и дека од учтивост треба да им даде збор на другите вреваџии. Скокна на нозе, расфрлувајќи се со рацете, оставајќи го по ѓаволите и своето говорништво и самоконтролата, и наизменично почна да го навредува Ернест ту за неговата младост, ту за неговата демагогија, дивјачки напаѓајќи ја работничката класа, и укажувајќи на нејзината неспособност и ништожност.

„Никогаш не сум видел адвокат кого е толку тешко да го натерам да не се оддалечува од темата,” го почна Ернест својот одговор на Ван Џилбертовата тирада. Мојата младост нема никаква врска со она што го изложив. Ниту пак ништожноста на работничката класа. Ја обвинив капиталистичката класа за нејзиното лошо управување со општеството. А вие не ми одговоривте. Не се ни обидовте да ми одговорите. Зошто? Заради тоа што немате одговор? Вие сте бранител на сета оваа публика. Сите овде, освен јас, нетрпеливо ве гледаат во усните за да го чујат вашиот одговор. Чекаат на вашиот одговор зашто тие самите немаат одговор. Што се однесува до мене, како што веќе реков, знам дека не само што не сте во состојба да ми одговорите, туку вие дури не ќе се обидете да ми одговорите.”

„Ова е веќе неподносливо!” извика адвокатот Ван Џилберт. „Ова е навреда!”

„Неподносливо е тоа што вие не ми одговарате,” одговори Ернест сериозно. „Никој не може да биде интелектуално навреден. Навредата, по своја природа, е нешто емоционално. Дојдете си на себеси. Дајте ми интелектуален одговор на моето интелектуално обвинение дека капиталистичката класа лошо управувала со општеството.”

Адвокатот Ван Џилберт и понатаму молчеше со смуртен и супериорен израз на лицето каков што се појавува на лицето на човек кој не би спорел со никаквец.

„Не паѓајте со духот”, му рече Ернест. „Тешете се со фактот дека ниту еден припадник на вашата класа воопшто не одговорил на ова обвинение”. — Се сврте накај другите кои жедуваа да проговорат. „А сега, искористете ја шансата. Распалете, но не заборавајте дека тука ве повикувам да ми одговорите на она на што адвокатот Ван Џилберт не успеа да ми одговори.”

Едноставно, не е можно да напишам што беше сѐ речено во таа дискусија. Никогаш порано не сум сфатила колку многу зборови можат да бидат изречени во текот на три часа. Во секој случај, беше величествено. Колку повеќе Ернестовите противници се возбудуваа, толку повеќе тој намерно ги возбудуваше. Енциклопедиски владееше со знаење, и туку ќе ги прободеше со зборови и реченици, небаре со меч. Ги набројуваше главните точки во нивната нелогичност. Ова беше погрешен силогизам, оној заклучок немаше никаква врска со премисата, а пак таа премиса беше лажна зашто во себе лукаво го криеше заклучокот што се обидуваа тие да го докажат. Ова беше грешка, она беше само претпоставка, а пак следното беше тврдење спротивно на утврдената вистина отпечатена во сите учебници.

И така тоа одеше. Одвреме навреме мечот ќе го заменеше со ластегарка и туку силно ќе удреше лево десно по нивните идеи. И секогаш бараше факти, а одбиваше да дискутира за теории. А фактите за нив значеа само пораз. Кога тие ја напаѓаа работничката класа, тој секогаш им одговараше: „Лонецот му велел на котелот дека е црн; тоа не е одговор на обвинението дека лицето ви е валкано”. И сите постојано ги прашуваше: „Зошто на обвинението не одговорите дека вашата класа лошо управуваше? Зборувате за други работи и за работи што се однесуваат на други работи, но не одговоривте. Дали зашто немате одговор?“

На крајот на дискусијата зборуваше господин Виксон. Единствено тој беше ладнокрвен и Ернест кон него се однесуваше со почит каква што не им оддаваше на другите.

„Нема потреба од никаков одговор”, рече господин Виксон бавно промислувајќи. „Ја следев сета дискусија со вчудовиденост и одвратност. Се грозам од вас, господа, припадници на мојата класа. Се однесувате. како будалести ученичиња, наметнувајќи во дискусијата морал и громогласни зборови на обичен политичар: вие сте надмудрени и поразени. Бевте многу расприкажани, а се што кажавте беше само брмчење. Брмчевте како комарци околу мечка. Господа, онаму е мечката” покажа накај Ернест, „а вашето брмчење само му ги заскокотка ушите.”

„Верувајте ми положбата е сериозна. Таа мечка вечерва ги пружи шепите за да нѐ здроби. Тој рече дека има милион и половина револуционери во Соединетите Држави. Тоа е факт. Тој рече дека нивна намера е да ни ги преземат палатите и нашето пурпурно удопство. Тоа е исто така факт. Промена, голема промена се спрема во општеството; но, можеби, тоа нема да биде промената што ја очекува мечката. Мечката рече дека ќе нѐ здроби. А што ако ја здробиме ние мечката?”

Во салонот се крена оној грлен татнеж, а луѓето си кимаа еден на друг, во знак на одобрување и сигурност. На лицата им се читаше цврст израз. Да, без сомневање тие беа борци.

„Но, мечката нема да ја здробиме со брмчење”, продолжи господин Виксон студено и смирено. „Ние ќе ја ловиме мечката. Нема да ѝ одговориме со зборови. Нашиот одговор ќе биде сиот од олово. Ние сме на власт. Тоа никој нема да го порекне. Со помош на таа власт, ние ќе останеме на власт”.

Ненадејно се сврте накај Ернест. Моментот беше драматичен.

„Ова е значи, нашиот одговор. Немаме зборови за да ги трошиме за вас. Кога ќе посегнете со тие ваши силни раце, со кои толку многу се фалите, по нашите палати и нашето пурпурно удопство, ќе ви покажеме што значи сила. Нашиот одговор ќе биде во фучењето на гранатите и шрапнелите и во клокотењето на митралезите.[44] Вас револуционерите ќе ве здробиме под нашите нозе, ќе ви газиме по лицата. Светот е наш, ние сме негови господари, и тој ќе остане наш. А што се однесува до војската работници, таа живеела в кал уште во почетокот на историјата, а јас историјата ја читам правилно. И во кал таа ќе остане сѐ додека имаме сила и јас, и моите и оние што ќе дојдат по нас. Тоа е вистинскиот збор. Тој е кралот на зборовите: Сила. Не Бог, не Мамон, туку Сила. Изговарајте го тој збор додека не почне да ве скокотка јазикот: сила, сила...”

„Го добив одговорот”, рече тивко Ернест. „Тоа е единствениот можен одговор. Сила. Тоа е она за кое проповедавме ние, од работничката класа. Знаеме, знаеме, зашто горко сме искусиле дека вас не може да ве трогне никакво барање на право, барање на правда, на човечност. Срцата ви се тврди како петиците со кои газите по лицата на сиромашните. Така и ние проповедаме: Сила и моќ. Со Силата на нашите гласови на денот на изборите ние ќе ви ја одземеме вашата власт...”

„Што ако добиете мнозинство на изборите, потполно мнозинство на гласови?” го прекина господин Виксон со ова прашање. „Да претпоставиме дека ние ќе одбиеме да ви ја предадеме власта што ќе ја добиете вие од гласачките кутии?”

„И на тоа мислевме”. Му одговори Ернест. „И ние ќе ви одговориме со олово. Зборот ‘сила’ го прогласивте за крал на зборовите. Многу добро. Тој тоа и ќе биде. А оној ден кога ќе ја однесеме победата во гласачките кутии, а вие ќе одбиете да ни ја предадете власта што ќе ја добиеме по мирен и законски пат, и кога ќе нѐ прашате што ќе правиме тој ден, ви велам, ќе ви одговориме; нашиот одговор ќе биде во фучењето на гранатите и шрапнелите и во клокотењето на митралезите”.

„Не може да ни избегате. Вистина е дека историјата сте ја читале правилно. Вистина е дека работникот живее во кaлта уште од почетокот на историјата. И исто толку е вистина дека сѐ додека сте на власт вие и вашите и оние што ќе дојдат, по вас работникот ќе остане да живее во калта. Се согласувам со вас. Се согласувам со сѐ што рековте. Силата ќе биде врховниот судија, како што била секогаш. Тоа е борба на класите. Токму онака како што вашата класа го собори старото феудално благородништво, така и мојата класа, работничката, ќе ја собори вашата. Ако ја читате вашата биологија и вашата социологија правилно како што ја читате и вашата историја, ќе видите дека крајот што јас ви го опишав е неизбежен. Не е важно дали тоа ќе се случи по една, десет или илјада години — вашата класа ќе биде соборена. И тоа ќе биде сторено со помош на сила. Ние, од работничката класа тој збор го учевме, го учевме додека умот не ни се заврте. „Сила”! Збор — крал на зборовите!”

И така заврши таа вечер со желниците за ука.


Забелешки

[36] Во она време сѐ уште постоеше обичај дневните соби да се полнат со разни ситници. Луѓето сѐ уште не го беа откриле едноставниот начин на живеење. Таквите соби беа вистински мyзеи, кои, за да се одржуваат чисти, бараа бескраен труд. Во домаќинствата владееше демонот на правот. Постоеја илјадници средства за чистење прав, но самo неколку навистина го отстрануваа.

[37] Соборувањето на тестаментите беше карактеристика на тоа време. Со натрупувањето на огромните богатства, проблемот на располагањето со овие богатства по смртта најмногу ги загрижуваше богаташите. Составувањето и соборувањето тестаменти беа два процеса што се надополнуваа еден со друг, како што е тоа случај со правењето оружје. Беа повикувани најлукавите адвокати за да состават тестаменти што не ќе можат да се соборат. Но овие тестаменти беа секогаш соборувани и најчесто токму од оние исти адвокати кои ги беа составиле. Сепак во редовите на богатата класа се одржуваше заблудата да се состави тестамент што не ќе може да се собори и така, низ генерации, клиентите и адвокатите се стремеа да ја остварат оваа илузија. Беше тоа стремеж сличен на оној на средновековните алхемичари да го пронајдат Каменот на мудроста.

[38] Необична и чудна литература што служеше да створи сосема погрешна претстава кај работничката класа за природата на безработната класа.

[39] Луѓето од она време беа робови на зборовите. Понизноста на нивното робување е несфатливо за нас. Во зборовите постоеше магија посилна од онаа на волшебникот. Нивните умови беа толку замаглени и во таков хаос што еден единствен збор можеше да ги сруши сите заклучоци што почиваа на сериозни истражувања и размислувања во текот на цел еден живот. Таков збор беше и придавката „утописки”. Доволно беше само да се изговори, па да падне секаков план на економско подобрување или обнова, колку и да бил разумно смислен. Огромен дел од населението просто беше доведуван до лудило со изразите како што се „чесен долар” и „полно грне вечера”. Ковањето такви изрази се сметаше како генијално дело.

[40] Патентираните лекови беа патентирани лаги што, како и магиите и индулгенциите од Средниот век, ги мамеле луѓето. Единствена разлика беше во тоа што патентираните лекови беа поштетни и поскапи.

[41] Дури и во 1912 година, oгpoмни маси лyѓе упорно веруваа дека тие владеат со земјата со пoмoш на своите гласачки топчиња. Всушност со земјата владееја таканаречените политички машини. Во почетокот шефовите на машините им наплатуваа на крупните капиталисти изнудувачки даноци за законодавство, но набргу големите капиталисти сфатија дека поевтино им е самите да се сопственици на политичките машини, а шефовите на машините да ги најмyваат.

[42] Во 1906 година Роберт Хантер во книгата „Сиромаштија” истакна дека во тоа време во САД десет милиони луѓе живееле во сиромаштија.

[43] При пописот на населението во САД, во 1900 година (тоа е последниот попис чии резултати биле објавени), бројот на децата работници изнесувал 1.752.187.

[44] За да го покажеме тогашниот начин на размислување, ја наведуваме следнава дефиниција од „Циничниот речник” (1906 г.) напишан од некој Амброз Бирс, познат и признат мизантроп од она време: „Картеч, именка. Аргумент што иднината го подготвува како одговор на барањата на американскиот социјализам.”